1. „БОГ СО НАС”

Сподели го ова:

„И ќе го наречат Емануел,… Бог со нас”. „Светлината на познавањето на Божјата слава“ се видела „на лицето на Исуса Христа”. Од вечни времиња Господ Исус Христос бил едно со Таткото; Тој бил „Божји лик,“ лик на Неговата големина и величество, „одблесок на Неговата слава”. Тој дошол за да ја покаже на нашиот свет таа слава. Дошол на оваа, од грев замрачена Земја, за да ја открие Светлината на Божјата љубов да биде „Бог со нас”. Затоа за Него е пророкувано: „И ќе го наречат Емануел”. {КВ 19.1}

Доаѓајќи да живее меѓу нас, Христос дошол да го открие Бога и на луѓето и на ангелите. Тој бил Божјата Реч Божја мисла што можела да се чуе. Во молитвата за Своите ученици, Тој рекол: „Им го објавив Твоето име“ „милостив и полн со благодат, долготрпелив, богат со добрина и вистина“ „за љубовта со која Ме љубеше Мене, да биде во нив, а и Јас да бидам во нив”. Но, тоа откровение не било дадено само за Неговите деца родени на оваа Земја. Нашиот мал свет е учебник на вселената. Прекрасната Божја цел на милоста, тајната на откупителната љубов тоа е тема во која „ангелите посакуваат да проникнат“ и која ќе биде нивна тема за проучување низ бескрајните векови. Суштествата кои ќе бидат откупени и суштествата кои никогаш не паднале, во Христовиот крст ќе ја најдат својата наука и својата песна. Ќе се види дека славата што блеска од Исусовото лице е слава на самопожртвувана љубов. Во светлината од Голгота, ќе се види дека законот на самооткажувачката љубов е закон на животот за Земјата и Небото, дека љубовта „која не го бара своето“, извира од Божјото срце и дека во Оној, Кој бил кроток и понизен се манифестирал карактерот на Оној, Кој престојува во светлината, на која ниту еден човек не може да и се приближи. {КВ 19.2}

На почетокот, Бог се открил во сите дела на создавањето. Христос бил Тој, Кој ги распрострел небесата и ги поставил темелите на Земјата. Неговата рака ги поставила световите да лебдат во просторот и му дала форма и облик на секој цвет во полето. „Тој ги утврдуваше планините со Својата сила”. „Негово е морето и Тој го создал”. (Псалм 65:6; 95:5) Тој ја исполнил земјата со убавина и воздухот со песна. Врз сите нешта на земјата, во воздухот и на небото, Тој ја напишал пораката за љубовта на Таткото. {КВ 20.1}

Гревот го нарушил Божјото совршено дело, но сѐ уште може да се забележи она што е напишано на почетокот. Дури и денес, сѐ што е создадено ја објавува славата на Неговата совршеност. Не постои ништо освен себичното човечко срце кое живее само за себе. Нема птица што лета низ воздухот, ниту животно што се движи по земјата, да не му служи на некој друг живот. Нема лист во шумата или тревка, а да нема своја намена. Секое дрво, грмушка и лист излеваат животна состојка без која ниту човекот, ниту животното не би можеле да живеат, а за возврат и човекот и животното му служат на животот на дрвото, на грмушката и на листот. Цвеќињата даваат убава миризба и ја откриваат својата убавина како благослов на овој свет. Сонцето ја лее својата светлина за да развесели илјадници светови. Океанот, иако извор на сите наши извори и кладенци ги прима реките од сите земји, но тој зема за да даде. Маглите што излегуваат од неговите пазуви, паѓаат како дождови за да ја натопат земјата, со цел таа да расцвета и да донесе плод. {КВ 20.2}

Небесните ангели наоѓаат своја радост во давањето љубов и во неуморното бдеење над душите кои паднале и кои се грешни. Небесните суштества се трудат да ги придобијат срцата на луѓето; на овој мрачен свет тие донесуваат светлина од Небесните дворови. Со својата блага и трпелива служба, тие делуваат на човечкиот дух, за да ги доведат загубените во заедница со Христа, Кој им е многу поблизу, отколку што самите можат да си претпостават. {КВ 21.1}

Меѓутоа, ако го свртиме погледот од сите помали откровенија, ќе го видиме Бога во Исуса. Посматрајќи го Исуса, гледаме дека славата на нашиот Бог се состои во давањето. „Јас не правам ништо сам од Себе,“ рекол Христос, „Мене ме прати живиот Татко и Јас живеам преку Таткото”. „Јас не ја барам Мојата слава, туку славата на Оној што ме прати”. (Јован 8:28; 6:57; 8:50; 7:18) Во овие зборови е прикажано големото начело, кое е закон на животот за вселената. Христос сѐ добил од Бога, но Тој земал за да дава. Така, во небесните дворови, во Неговата служба за сите создадени суштества, животот на Таткото се излева преку саканиот Син врз сите, а потоа истиот, како плима на љубовта, се враќа преку Синот во пофалба и радосна служба кон големиот Извор на сѐ. И така, преку Христа се затвора кругот на добродетелството, претставувајќи го карактерот на големиот Дарител – законот на животот. {КВ 21.2}

Тој закон бил прекршен на небото. Потеклото на гревот лежи во себичноста. Луцифер, херувимот засолнувач, посакал да биде прв на небото. Тој настојувал да завладее со небесните суштества, да ги одвои од нивниот Творец и нивното поклонение да го придобие за себе. Затоа лажно го прикажал Бога, припишувајќи му желба за самовозвишување. Своите зли карактеристики настојувал да му ги припише на Творецот, Кој е полн со љубов. Така ги измамил ангелите. Така ги измамил и луѓето. Ги навел да се сомневаат во Божјата Реч, да немаат доверба во Неговата добрина. Бидејќи Бог е Бог на правдата и на силното величество, сатаната ги навел луѓето да Го сметаат за строг и немилосрден. Така ги навел луѓето да му се придружат во бунтот против Бога и над светот, се спуштила ноќ на проклетство. {КВ 21.3}

Земјата била обвиена со темнина, бидејќи Бог бил погрешно сфатен. За да се растераат мрачните сенки, за светот да може да се врати кај Бога, сатанската измамничка сила морала да биде скршена. Тоа не можело да се направи насилно. Применувањето сила е во спротивност со начелата на Божјото владеење. Бог посакува служење, кое е поттикнато од љубов; љубовта не може да се изнуди; не може да се придобие преку сила или авторитет. Љубовта може да се разбуди само преку љубов. Да се познава Бог, значи да се љуби Бог. Неговиот карактер мора да се истакне како спротивност на карактерот на сатаната. Ова дело може да го оствари само едно Суштество во целата вселена. Само Оној, Кој ја познава длабочината и широчината на Божјата љубов, може да го објави истото. Над мрачната ноќ на овој свет мора да блесне Сонцето на праведноста со „исцелување во Неговите крилја”. (Малахија 4:2) {КВ 22.1}

Планот за нашето спасение не е донесен дополнително, не е формулиран по Адамовиот пад во грев. Тој бил „откровение на тајната за која се молчеше од вечни времиња”. (Римјаните 16:25) Тој е откровение на начелата, кои од вечните векови претставувале темел на Божјиот престол. Бог и Христос уште на почетокот знаеле за отпадништвото на сатаната и за човековиот пад предизвикан со делувањето на измамната сила на отпадникот. Бог не замислил гревот да постои, но предвреме видел дека тој ќе се појави и преземал мерки за соочување со таа ужасна појава. Неговата љубов кон светот била толку голема, што се заветувал да го даде Својот Единороден Син „за ниту еден кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот”. (Јован 3:16) {КВ 22.2}

Луцифер рекол: „Јас ќе го воздигнам својот престол над ѕвездите Божји… јас ќе бидам сличен на Севишниот”. (Исаија 14:13,14) Меѓутоа, Христос „Кој, иако беше во Божјо обличје, Сепак не држеше многу до тоа што е еднаков со Бога, туку Себеси се понизи, земајќи обличје на слуга и станувајќи сличен на луѓето”. (Филипјаните 2:6,7) {КВ 22.3}

Тоа била доброволна жртва. Исус можел да остане покрај Таткото. Тој можел да остане во славата на Небото и да го задржи почитувањето на ангелите. Меѓутоа, Тој повеќе сакал да го врати жезолот во рацете на Својот Татко и да се симне од престолот на вселената, за да им донесе светлина на оние кои се во темнина и живот на оние што гинат. {КВ 22.4}

Пред речиси две илјада години, од Божјиот престол на Небото се слушнал Глас со таинствено значење: „Еве Доаѓам”. „Не сакаше ни жртви ни дарови, но ми приготви тело… Еве Доаѓам за мене е напишано во книгата да ја вршам Твојата волја Боже”. (Евреите 10:5-7) Со овие зборови е објавено исполнувањето на целта, која била скриена од вечни времиња. Христос бил подготвен да го посети нашиот свет и да се отелотвори. Тој вели: „Ти ми приготви тело”. Доколку се појавил во славата што ја имал при Таткото уште пред создавањето на светот, ние не би можеле да ја издржиме Светлината на Неговото присуство. Манифестирањето на Неговата слава било придушено, за да можеме ние да ја посматраме и да не бидеме уништени. Неговото Божество било обвиткано со она што е човечко невидливата слава била обвиткана со видлив човечки облик. {КВ 23.1}

Таа голема цел била навестена во слики и симболи. Грмушката што горела, во која Христос му се јавил на Мојсеј, го откривала Бога. Симболот, избран за да го прикаже Божеството бил една ниска грмушка, која навидум немала никаква привлечност. Таа била како храм за Бесконечниот. Милостивиот Бог ја криел Својата слава во најпонизниот симбол, за да може Мојсеј да го гледа и да остане жив. Така, со помош на столбот од облак дење и со столбот од оган навечер, Бог одржувал врска со Израел, откривајќи им ја на луѓето Својата волја и давајќи им ја Својата милост. Божјата слава била прикриена, а Неговото величество завиткано во превез, за да можат да го видат слабите човечки очи. Така Христос требало да дојде во „нашето понижено тело“ (Филипјаните 3:21), „станувајќи сличен на луѓето”. Во очите на светот Тој не поседувал никаква убавина поради која тие би Го посакале; Сепак, Тој бил отелотворен Бог, Светлината на Небото и на Земјата. Неговата слава била обвиена со превез. Неговата големина и величество биле скриени, за да може да им се приближи на тажните луѓе, изложени на искушение. {КВ 23.2}

Бог му заповедал на Мојсеј за Израел: „Нека ми направат светилиште за да можам да престојувам меѓу нив“ (Излез 25:8), и Тој престојувал во светилиштето, среде Својот народ. Во текот на нивното заморно талкање низ пустината, Симболот на Неговото присуство бил со нив. Така и Христос поставил Свој шатор покрај шаторот на луѓето, за да може да престојува меѓу нас и за да не запознае со Својот божествен карактер и живот. „Речта стана тело и се всели меѓу нас. И ние ја видовме Неговата слава славата што ја има како единороден од Таткото, полн со благодат и вистина. (Јован 1:14) {КВ 23.3}

Откако Исус дошол да престојува меѓу нас, ние знаеме дека Бог е запознаен со нашите неволји и дека Тој сочувствува со нас во нашите жалости. Секој Адамов син и ќерка можат да увидат дека нашиот Творец е пријател на грешниците. Зашто во секое учење за Божјата благодат, во секое ветување на радост, секој акт на љубов, во секоја божествена привлечност што се манифестирала во животот на Спасителот на Земјата, ние гледаме дека „Бог е со нас”. {КВ 24.1}

Сатаната го прикажува Божјиот закон на љубов, како закон на себичност. Тој вели дека е невозможно да ги исполнуваме прописите на тој закон. За падот на нашите прародители и за сите страдања, кои произлегле од тоа, тој го обвинува нашиот Творец, наведувајќи ги луѓето да го сметаат Бога како творец на гревот, страдањето и смртта. Исус имал задача да ја разоткрие таа измама. Како еден од нас, Тој требало да покаже пример на послушност. Заради тоа, ја зел на Себе нашата природа и поминал низ нашите искуства. „Затоа во сѐ требаше да биде сличен на Своите браќа”. (Евреите 2:17) Доколку би требало да поднесеме нешто што Исус не го поднел, врз основа на тоа, сатаната би кажал дека Божјата сила за нас би била недоволна. Затоа Исус бил „во сѐ искушан како нас”. (Евреите 4:15) Тој ги поднел сите проби на кои ние сме изложени. Во Своја корист, Тој не употребил никаква сила што не ни е дарежливо понудена и нам. Како човек, Тој бил изложен на искушение и го совладал со силата што му ја дал Бог. Тој вели: „Наоѓам задоволство да ја творам Твојата волја Боже и Твојот закон ми е во срцето”. (Псалм 40:8) Правејќи добри дела и исцелувајќи ги оние кои биле погодени од сатаната, Тој јасно им го покажал на луѓето карактерот на Божјиот закон и природата на Својата служба. Неговиот живот сведочи за тоа дека е можно и ние да бидеме послушни на Божјиот закон. {КВ 24.2}

Со Својата човечка природа Христос го допрел човештвото со Своето божество Тој се држел за Божјиот престол. Како Син Човечки, Тој ни пружил пример на послушност како Божји Син, Тој ни дава сила да бидеме послушни. Христос бил Тој, Кој од грмушката на планината Хорив му проговорил на Мојсеј велејќи: „ЈАС СУМ ОНОЈ ШТО Е… Вака ќе им кажеш на синовите Израелеви: ЈАС СУМ ме прати кај вас’”. (Излез 3:14) Тоа било гаранција за избавувањето на Израел. Кога дошол „во човечко обличје“, Тој се претставил како ЈАС СУМ. Детето од Витлеем, кроткиот и понизен Спасител е Бог, Кој се „јави во тело”. (1. Тимотеј 3:16) А нам Тој ни вели: „ЈАС СУМ Добриот Пастир”. „ЈАС СУМ Живиот Леб”. „ЈАС СУМ Патот, Вистината и Животот”. „Ми се даде секоја власт на Небото и на Земјата”. (Јован 10:11; 6:51; 14:6; Матеј 28:18) „ЈАС СУМ“ уверување за секое ветување. „ЈАС СУМ“, не плашете се. „Бог со нас“ е гаранција за нашето ослободување од грев, гаранција дека ќе имаме сила да бидеме послушни на законите на Небото. {КВ 24.3}

Понизувајќи се Себеси, со цел да земе на Себе човечка природа, Христос открил карактер, кој бил потполно спротивен на сатанскиот карактер. Меѓутоа, Тој се спуштил уште пониско на патот на понизноста. „И откако се најде во лик на човек, Тој се понизи Самиот Себе и стана послушен до смрт, дури и до смрт на крст”. (Филипјаните 2:8) Како првосвештеникот, кој ја соблекувал прекрасната првосвештеничка облека и ја вршел службата во бела платнена облека како обичен свештеник, така и Христос земал облик на слуга и принел жртва – Самиот свештеник, Самиот жртва. „Тој беше ранет за нашите престапи, биен за нашите беззаконија; беше казнет заради нашиот мир”. (Исаија 53:5) {КВ 25.1}

Кон Христа се постапувало онака, како што ние заслужуваме да се постапува кон нас, за со нас да се постапува онака, како што заслужува Тој. Тој бил осуден заради нашите гревови во кои немал никаков удел, за ние да се оправдаме со Неговата праведност, во која не сме имале никаков удел. Се согласил на смрт, која ни припаѓала нам, за ние да примиме живот што бил Негов. „Со Неговите рани ние се исцеливме”. {КВ 25.2}

Преку Својот живот и Својата смрт, Христос постигнал дури и повеќе од избавување од пропаста што ја донел гревот. Целта на сатаната била засекогаш да го одвои човекот од Бога. Меѓутоа, во Христа сме се соединиле со Бога многу поцврсто, отколку никогаш да не сме паднале. Земајќи ја на Себе нашата природа, Спасителот се врзал со човештвото со врска, која никогаш повеќе нема да се раскине. Тој е поврзан со нас засекогаш. „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син”. (Јован 3:1б) Тој Го дал не само да ги понесе нашите гревови и да умре како наша жртва; Тој му Го подарил на паднатиот род. За да не увери за Неговите непроменливи мисли за мир кон нас, Бог го дал Својот Единороден Син да стане член на човечкото семејство, засекогаш да ја задржи Својата човечка природа. Тоа е гаранција дека Бог ќе го одржи Својот збор. „Ни се роди дете, добивме син; и власта ќе биде на Неговите рамења”. Бог ја усвоил човечката природа во личноста на Својот Син и ја пренел во највисокото небо. „Синот Човечки“ е оној што го дели престолот на вселената. „Синот Човечки“ е Тој, чиешто име ќе биде: „Прекрасен, Советник, силен Бог, вечен Татко, Кнез на Мирот”. (Исаија 9:6) ЈАС СУМ е посредник помеѓу Бога и човештвото, Кој со Својата рака ги држи двете страни. Оној, Кој е „свет, добронамерен, неосквернет, одвоен од грешниците,“ не се срами да не нарече браќа. (Евреите 7:26; 2:11) Во Христа се поврзани земното и небесното семејство. Христос прославениот е наш брат. Небото е отелотворено во човештвото, а човештвото е во прегратка на бескрајната Љубов. {КВ 25.3}

Бог вели за Својот народ: „Тие ќе бидат како камења во круна, подигнати како бајрак во Неговата земја. Зашто колку е голема Неговата добрина, и колку е голема Неговата убавина!“ (Захарија 9:16,17) Издигнувањето на спасените ќе биде вечно сведоштво за Божјата милост. „Во вековите што следат,“ Тој ќе го „покаже изобилното богатство на Својата милост, според Својата добрина кон нас, преку Исуса Христа”. „Да им се… објави на поглаварствата и на властите на Небото… многу различната Божја премудрост, според вечната одлука што ја оствари во нашиот Господ Исус Христос”. (Ефесјаните 2:7; 3:10,11) {КВ 26.1}

Преку Христовото дело на откупување е оправдана Божјата власт. Семоќниот е прикажан како Бог на љубовта. Сатанските обвинувања се побиени, а неговиот карактер откриен. Бунт веќе никогаш повторно не може да се подигне. Гревот веќе никогаш нема да се појави во вселената. Низ вечните времиња сите ќе бидат заштитени од отпадништво. Со самопожртвуваноста на љубовта, жителите на Небото и на Земјата се поврзани со нераскинливи врски со својот Творец. {КВ 26.2} Делото на спасение ќе биде довршено. На местото, каде што гревот изобилувал, Божјата милост ќе изобилува многу повеќе. Самата Земја, местото за кое сатаната тврди дека е негово, нема само да биде само откупена, туку и возвишена. Нашиот мал свет, кој поради проклетството на гревот претставува единствена темна дамка во Неговото величествено дело на создавање, ќе биде издигнат над сите останати светови во Божјата вселена. Овде, каде што Божјиот Син престојувал во облик на човек, каде што Царот на славата живеел, страдал и умрел овде, каде што Тој ќе создаде сѐ наново, ќе биде Божјиот шатор со луѓето, „и Тој ќе живее со нив, и тие ќе бидат Негов народ и Сам Бог ќе биде со нив и ќе биде нивен Бог”. И низ бескрајните векови, додека спасените живеат во светлината на Господа, тие ќе Го фалат за Неговиот неискажлив Дар за Емануел „Бог со нас”. {КВ 26.3}

Сподели го ова:

Слични објави