5. ГОСПОДОВА МОЛИТВА

Сподели го ова:

„Туку молете се вака”

(Матеј 6:9).

 

Нашиот Спасител двапати ја објавил Господовата молитва: првиот пат на мноштвото во Беседата на гората, и повторно, неколку месеци подоцна, само на учениците. Учениците за кратко време биле одвоени од својот Господ и кога се вратиле го нашле како задлабочен општи со Бога. Меѓутоа, како да не го забележувал нивното присуство, Тој гласно продолжил да се моли. Лицето на Спасителот зрачело со небесен сјај. Изгледало како да се наоѓа во самата присутност на Невидливиот, а од Неговите зборови избивала жива сила како кај оној кој разговара со Бога. (MГ 102.1)

Додека го слушале, срцата на учениците биле длабоко трогнати. Тие забележале дека Тој често поминува долги часови во самотија разговарајќи со својот Отец. Деновите му минувале во служба за мноштвото кое се туркало околу Него и во разоткривање на лажното мудрувања на рабините, и оваа непрекината работа често толку го исцрпувала така што Неговата мајка, браќата, па дури и самите ученици се плашеле дека тоа ќе го чини живот. Но, кога се враќал после часовите поминати во молитва, со кои го завршувал напорниот ден, на Неговото лице забележувале израз на спокојство; а Тој зрачел со свежина. После часовите поминати со Бога, Тој повторно секое утро излегувал да им донесе небесна светлина на луѓето. Учениците сфатиле дека постои врска помеѓу часовите поминати во молитва и силата на Неговите зборови и дела. Сега, додека ја слушале Неговата молитва, срцата им биле исполнети со стравопочит и понизност. Кога ја завршил молитвата, тие извикале, свесни за својата голема потреба: „Господи, научи нè да се молиме” (Лука 11:1). (MГ 102.2)

Исус не им дал нов облик на молитва. Тој само им го повторил она што пред тоа ги учел, како да сакал да каже: Вие треба да го разберете она што веќе ви го дадов. Тоа има длабоко значење кое сѐ уште не сте го разбрале. (MГ 103.1)

Меѓутоа, Спасителот не нѐ ограничува да ги употребуваме само овие зборови. Познавајќи ја потребата на човештвото, Тој го изнесува својот пример на молитва, зборови толку едноставни што може да ги прифати мало дете, а сепак толку сеопфатни што нивното значење не можат целосно да го сфатат ниту најголемите умови. Спасителот нѐ учи да дојдеме кај Бога со својот дар на благодарност, да ги изнесеме своите потреби, да ги исповедаме своите гревови и да ја побараме Неговата милост во согласност со Неговото ветување. (MГ 103.2)

 

 

 

 

 

 

„Кога се молите, говорете: Оче наш”

(Лука 11:2).

 

Исус нè учи Неговиот Отец да го нарекуваме наш Отец. Не се срамува да нѐ нарече браќа (Евреите 2:11). Срцето на Спасителот толку е подготвено и желно да ни посака добредојде како членови на Божјото семејство, така што во првите зборови кои ќе ги користиме кога му пристапуваме на Бога, Тој става доказ за нашето сродство со Бога: „Оче наш”. (MГ 103.3)

Ова е објавување на онаа прекрасна вистина, толку полна со охрабрување и утеха, дека Бог нè сака како што го сака својот Син. Тоа е она што Исус го кажал и во својата последна молитва за своите ученици: „И нив си ги возљубил, како Мене што Ме возљуби” (Јован 17:23). (MГ 104.1)

Светот кој сатаната го сметал за свој и со кој владеел како суров тиранин, Божјиот Син со едно големо достигнување го опкружил со Својата љубов и повторно го поврзал со престолот на Јехова. Херувимите, серафимите и безбројното мноштво на сите безгрешни светови, пееле химни во слава на Бога и Јагнето, кога оваа победа била осигурена. Се радувале бидејќи е пронајден патот за спасението на паднатиот род и затоа што земјата ќе биде откупена од проклетствата на гревот. Колку повеќе треба да се радуваат оние кои се предмет на оваа чудесна љубов! (MГ 104.2)

Како тогаш можеме барем за миг да се посомневаме, да бидеме во неизвесност и да се чувствуваме како сирачиња? Заради оние кои го престапиле законот Исус ја зел човечката природа и станал сличен на нас за да можеме да имаме вечен мир и сигурност. Ние имаме Застапник на небото и оној што ќе го прими како личен Спасител, нема да биде оставен сам како сираче да го носи товарот на своите гревови. (MГ 104.3)

„Возљубени, сега сме чеда Божји..”. „А ако сме, пак, чеда, ние сме и наследници: наследници на Бога и сонаследници Христови, но само ако со Него страдаме, та со Него и да се прославиме”. „Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, зашто ќе го видиме каков што е” (1. Јованово 3:2; Римјаните 8:17). (MГ 104.4)

Првиот чекор во пристапување на Бога, се состои во тоа да ја запознаеме и да и веруваме на „љубовта, која Бог ја има кон нас” (1. Јованово 4:16), бидејќи привлечната сила на Неговата љубов нè наведува да дојдеме кај Него. (MГ 104.5)

Прифаќањето на Божјата љубов доведува до отфрлање на себичноста. Нарекувајќи го Бога наш Отец, ние признаваме дека сите Негови деца се наши браќа. Сите ние сме дел на големото ткиво на човештвото. Сите сме членови на едно семејство. Во своите молитви треба освен за себе да се молиме и за своите ближни. Никој не се моли правилно ако бара благослов само за себе. (MГ 105.1)

Исус вели дека бесконечниот Бог ни го дава тоа предимство да му се приближиме нарекувајќи го Отец. Потрудете се да сфатите што сѐ е опфатено со тоа. Ниеден земен родител никогаш толку сериозно не се залагал за своето заталкано дете како што Оној, кој ве создал, се залага за грешникот. Ниедна човечка љубов не упатувала толку нежни повици на непокајаниот. Бог се наоѓа во секој дом. Тој го слуша секој изговорен збор, ја слуша секоја упатена молитва, ја чувствува тагата и разочарувањето на секоја душа, и гледа како се однесуваме кон таткото, мајката, сестрата, пријателот или соседот. Тој ни помага во нашите неволји. Неговата љубов, милост и благост постојано се излеваат за да ги задоволат нашите потреби. (MГ 105.2)

Но, ако Бога го нарекувате свој Отец, вие со тоа признавате дека сте Негови деца кои секогаш ќе ги води Неговата мудрост, и кои мораат да му бидат послушни во сѐ, знаејќи дека Неговата љубов е непроменлива. Во животот ќе се управувате според Неговите планови. Како на Божји деца Неговата чест, Неговиот карактер, Неговото семејство и Неговото дело ќе ви бидат поважни од сѐ. Ќе наоѓате радост да го признаете и да го почитувате сродството со Отецот и со секој член на Неговото семејство. Ќе се радувате да направите нешто што придонесува за Негова слава и за благосостојба на вашите ближни, па колку и да е тоа скромно. (MГ 105.3)

„Кој си на небесата”. Оној кого, според Христовата заповед, треба да го сметаме за свој Отец се наоѓа „на небесата” и „врши сè што сака”. Под Негова заштита можеме сигурно да почиваме и да кажеме: „Кога страв ќе ме спопадне, во Тебе се надевам, Севишен” (Псалм 115:3; 56:3). (MГ 106.1)

 

 

 

„Да се свети името Твое”

(Матеј 6:9).

 

Да се свети името Господово, значи со стравопочит да се изговораат зборовите кои се однесуваат на Севишниот. „Свето е и страшно името Негово” (Псалм 111:9). Никогаш ниту на било кој начин не смееме лекомислено да ги изговараме титулите и името на божеството. Кога се молиме ние влегуваме во салата за прием кај Севишниот, а пред Него треба да излеземе со света стравопочит. Ангелите ги засолнуваат своите лица во Негово присуство. Херувимите и блескавите и свети серафими приоѓаат на Неговиот престол со свечена почит. А со каква стравопочит ние, како смртни и грешни суштества, треба да излеземе пред Господа, нашиот Создател! (MГ 106.2)

Но, да се свети името Господово значи многу повеќе од ова. Ние можеме, како Евреите во Христовите денови, да покажуваме најголемо почитување кон Бога, а сепак постојано да го обесчестуваме Неговото име. Името Господово е: „…Господ, Бог човекољубив и милостив, долготрпелив, многумилостив и верен! Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови” (Излез 34:5-7). За Христовата црква е запишано: „Ќе се вика: Господ правда наша” (Еремија 33:16). Ова име го добива секој Христов следбеник. Тоа е наследството на Божјото дете. Семејството се нарекува по Отецот. Пророкот Еремија, во времето на најголемото страдање и неволја на Израел, се молел: „Името Твое се призива од нас. Не оставај нè” (Еремија 14:9). (MГ 106.3)

Ова име го слават сите небесни ангели и сите жители на безгрешните светови. Кога се молите: „Да се свети името твое”, вие тогаш барате тоа да се прославува во овој свет и во вас. Бог пред луѓето и пред ангелите ве признал за свои деца, затоа молете се да не го обесветите „вашето добро име, со кое сте се нарекле” (Јаков 2:7). Бог ве праќа во светот како свои претставници. Во секоја постапка во животот вие треба да го откривате Божјото име. Оваа молба бара од вас да го поседувате Неговиот карактер. Вие не можете да го светите Неговото име, не можете да го претставувате пред светот сѐ додека со својот живот и карактер не го прикажете самиот живот и карактер Божји. Ова можете да го направите само преку прифаќање на Христовата милост и праведност. (MГ 107.1)

 

 

 

„Да дојде царството Твое”

(Матеј 6:10).

 

Бог е наш Отец кој нè сака и се грижи за нас како за свои деца. Тој е исто така и големиот Цар на вселената. Интересите на Неговото царство се и наши интереси и затоа сме должни да работиме на негова изградба. (MГ 107.2) 

Христовите ученици очекувале скоро доаѓање на царството на Неговата слава, но изговарајќи ја оваа молитва, Исус ги поучил дека царството тогаш нема да биде воспоставено. Тие треба да се молат за доаѓањето на царството, но како за настан што и припаѓа на иднината. Меѓутоа, во оваа молба се криело и ветување. Иако не можеле да го видат доаѓањето на тоа царство за време на својот живот, фактот дека Исус им наложил за него да се молат, претставува доказ дека тоа, кога Бог ќе одреди, сигурно ќе дојде. (MГ 107.3)

Царството на Божјата милост веќе се воспоставува со самото тоа што од ден во ден срцата исполнети со грев и бунт постепено се потчинуваат на врховната власт на Неговата љубов. Но, целосното воспоставување на царството на Неговата слава ќе се оствари дури со повторното Христово доаѓање на овој свет. „А царството и власта и царското величие по целиот поднебесен свод ќе му се даде на народот од светиите на Севишниот” (Даниел 7:27). Тие ќе го наследат царството подготвено за нив „од создавањето на светот” (Матеј 25:34). А Христос ќе ја прими својата голема моќ и ќе царува. (MГ 108.1)

Небесните врата повторно ќе се подигнат и нашиот Спасител ќе дојде со илјади пати по десет илјади и илјада илјади свети, како Цар над царевите и Господар над Господарите. Господ Емануел „ќе биде Цар над сета земја. Во оној ден Господ ќе биде единствен и Неговото име единствено”. Шаторот Божји ќе биде „меѓу луѓето, и Тој ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив – нивниот Бог” (Захарија 14:9; Откровение 21:3). (MГ 108.2)

Но пред тоа доаѓање, Исус рекол: „И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет” (Матеј 24:14). Неговото царство нема да дојде сѐ додека добрата вест за Неговата милост не се разнесе по сите краишта на земјата. Според тоа, ако му се предадеме на Бога и ако придобиеме други души за Него, ние всушност го забрзуваме доаѓањето на Неговото царство. Единствено оние кои се посветуваат на Неговата служба за да им ги отворат очите на слепите, да ги обраќаат луѓето „од темнината во светлина и од власта на сатаната кон Бога, па преку верата во Мене да примат простување на гревовите и наследство меѓу осветените” (Дела 26:18) велат: „Еве ме мене, испрати ме мене” (Исаија 6:8) – единствено тие искрено се молат: „Да дојде царството Твое”. (MГ 108.3)

 

„Да биде волјата Твоја, како на небото,
така и на земјата”

(Матеј 6:10).

 

Божјата волја е изразена во прописите на Неговиот свет Закон, а начелата Законот се небесни начела. Небесните ангели не постигнуваат никаков повисок степен на знаење од познавањето на Божјата волја, а исполнувањето на Неговата волја е највозвишената служба на која можат да ги посветат своите способности. (MГ 109.1)

Но, на небото, службата не се врши за да го задоволи Законот. Кога сатаната се побунил против Законот на Јехова, мислата дека постои Закон за ангелите била ненадејно соочување со фактот за кој дотогаш не размислувале. Ангелите својата служба не ја извршуваат како слуги, туку како синови. Помеѓу нив и нивниот Создател постои совршено единство. Послушноста за нив не претставува никаков товар. Љубовта кон Бога ја прави нивната служба радосна. Така и во секоја душа во која престојува Христос, надеж на славата, повторно одѕвонуваат Неговите зборови: „Со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; Твојот Закон е во срцето мое” (Псалм 40:8). (MГ 109.2)

Молбата: „Да биде волјата Твоја, како на земјата, така и на небото”, претставува молба власта на злото на оваа земја да се заврши, гревот засекогаш да се уништи и да се воспостави царството на праведноста. Тогаш на земјата, како и на небото, ќе биде исполнета секоја Божја „желба за добрина” (2. Солунјаните 1:11). (MГ 110.1)

 

„Лебот наш насушен дај ни го денес”

(Матеј 6:11).

 

Првата половина од молитвата на која Христос нѐ научил се однесува на Божјото име, царството и волјата – да се почитува Неговото име, да се воспостави Неговото царство и да се изврши Неговата волја. Ако службата на Бога веќе ви станала поважна од сè, можете со доверба да побарате Бог да ги задоволи и вашите лични потреби. Ако сте се одрекле од себе и ако сте се предале на Христа, станувате членови на Божјото семејство и ви стои на располагање сè што се наоѓа во домот на Отецот. Сите Божји ризници ви стојат на располагање, и во овој и во идниот свет. Службата на ангелите, дарот на Неговиот Дух, трудот на Неговите слуги, сѐ ви е на располагање. Светот со сето она што е во него е ваш, сè дотогаш додека може да ви послужи на добро. Па дури и непријателството на злите ќе се претвори на благослов усовршувајќи ве за небото. Ако сте „Христови”, тогаш „сè е ваше” (1. Коринтјаните 3:23,21). (MГ 110.2)

Меѓутоа, вие сте слични на дете на кое сѐ уште не му е дозволено да управува со своето наследство. Бог сѐ уште не ви го доверил вашиот скапоцен имот за да не ве измами сатаната со своите итри вештини, како што тоа го направил со првиот пар во Едем. Христос го чува за вас, за да биде безбеден, надвор од дофатот на крадецот. И вие, како дете, ќе добивате секој ден онолку колку што ви е потребно за тој ден. Секој ден треба да се молите: „Лебот наш насушен дај ни го денес”. Немојте да бидете обесхрабрени ако немате доволно за утре бидејќи го имате Неговото сигурно ветување: „Верувај во Господ и прави добро, за да живееш на земјата и да уживаш во спокојство” (Псалм 37:3). Давид вели: „Бев млад, и остарев, но не видов оставен праведен човек ниту децата негови леб да просат” (Псалм 37:25). Бог кој ги пратил гавраните да го хранат Илија кај потокот Хорат, нема да заобиколи ниедно од своите верни, самопожртвувани деца. За оној кој оди во правда, стои напишано: „Ќе му се даде леб; водата негова нема да пресуши”. „Во зло време нема да бидат посрамени и во деновите на глад ќе бидат сити”. „Оној, Кој не го поштеди ни Својот сопствен Син, туку го предаде за нас сите, зарем нема да ни подари со Него сè?” (Исаија 33:16; Псалм 37:19; Римјаните 8:32). Оној кој ги олеснувал грижите и товарот на својата мајка вдовица и ѝ помагал да ги задоволи потребите на домот во Назарет, сочувствува со секоја мајка во нејзината борба да им обезбеди храна на своите деца. Оној кој се сожалил над мноштвото затоа што биле „збунети и расеани”, и сега има сожалување за сиромашните кои страдаат. Неговата рака е испружена кон нив да ги благослови; и во молитвата која им ја објавил на своите ученици, Тој нè учи да се сетиме на сиромасите. (MГ 110.3)  

Кога се молиме: „Лебот наш насушен дај ни го денес”, ние при тоа бараме и за другите, како и за себе. Ние признаваме дека она што Бог ни го подарил, не ни припаѓа само нам. Бог ни ги доверил своите добра за да ги нахраниме гладните. „Во Својата добрина, Боже, Ти се погрижи и за сиромасите” (Псалм 68:10). Тој вели: „Кога даваш ручек или вечера, не кани ги пријателите свои, ниту браќата свои, ни роднините свои, ниту богатите соседи… Но, кога даваш гозба, повикај ги сиромасите, куците, слепите. И ќе бидеш блажен, зашто тие немаат со што да ти возвратат, и затоа ќе ти биде возвратено при воскресението на праведните” (Лука 14:12-14). (MГ 111.1)

„А Бог може изобилно да ве дарува со секаков дар, секогаш да имате доволно за сè, да бидете од сè срце дарежливи во секое добро дело”. „Кој така скржаво сее, така скржаво ќе жнее; а кој богато сее, богато и ќе жнее” (2. Коринтјаните 9:8,6). (MГ 112.1)

Молитвата за секојдневниот леб не се однесува само на храната која треба да го одржи телото, туку и на духовниот леб кој ја храни душата за вечниот живот. Исус ни заповеда: „Работете не за храна што се расипува, туку за храна што останува за вечен живот” (Јован 6:27). Тој вели: „Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно” (Јован 6:51). Нашиот Спасител е лебот на животот и посматрајќи ја Неговата љубов, примајќи ја во душата, ние се храниме со лебот кој слегол од небото. (MГ 112.2) 

Ние го примаме Христа преку Неговата Реч, а Светиот Дух е даден Божјата Реч да ја направи разбирлива и да ги всади нејзините вистини во нашите срца. Додека ја читаме секојдневно Неговата Реч, мораме да се молиме Бог да ни го прати Својот Дух да ни ги открие вистините кои на нашата душа ќе и подарат сила потребна за тој ден. (MГ 112.3)

Учејќи нѐ секој ден да го бараме она што ни е потребно – и земните и духовните благослови – Бог го има на ум нашето добро. Тој сака да ја увидиме својата зависност од Неговата постојана грижа, бидејќи настојува да нè доведе во заедница со Себе. Во таа заедница со Христа, преку молитва и проучување на големите и скапоцени вистини на Неговата Реч ќе бидеме, како гладните и жедни души, нахранети и освежени од изворот на животот. (MГ 113.1)

„И прости ни ги нашите гревови, зашто и ние
самите му ги проштеваме на секој
наш должник”

(Лука 11:4).

 

Исус нѐ учи дека ние од Бога можеме да добиеме проштевање само под услов ако и ние им простиме на другите. Љубовта Божја нè привлекува кон Него и кога таа љубов ќе го допре нашето срце во него мора да се  разбуди љубов кон нашите браќа. (MГ 113.2)

Кога ја изговорил Господовата молитва Исус додал: „Бидејќи, ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен. Ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите” (Матеј 6:14,15). Оној кој не е подготвен да прости, го затвара единствениот канал низ кој и самиот може од Бога да добие милост. Никогаш не смееме да помислиме дека имаме право да им го ускратиме простувањето на оние кои нè навредиле, затоа што не ни ја признале својата вина. Без сомнеж, нивна должност е да ги понизат своите срца во покајание и признавање, но ние мораме да покажеме сожалив дух кон оние кои ни згрешиле, без оглед дали ги признале своите грешки или не. Колку и болно да нè раниле, не смееме да тагуваме и да се сожалуваме себеси поради навредите кои ни се нанесени. Како што очекуваме Бог да ни ги прости нашите навреди кои сме му ги нанеле, и ние мораме да им простиме на сите оние кои ни нанеле некое зло. (MГ 113.3)

Но, простувањето има многу пошироко значење отколку што мнозина мислат. Кога Бог дава ветување и вели дека „простува многу”, Тој додава, сметајќи дека смислата на тоа ветување ја надминува моќта на нашето сфаќање: „Моите мисли не се ваши мисли, ниту вашите патишта се Мои патишта, вели Господ. Но, како што е небото повисоко од земјата, така се и Моите патишта повисоки од вашите патишта, и мислите Мои повисоко од вашите мисли” (Исаија 55:8,9). Простувањето кое Бог го дава не е само судски акт кој нѐ ослободува од осудата. Тоа не е само простување на гревот, туку и ослободување од гревот. Тоа е излив на спасоносната љубов која го преобразува срцето. Давид имал јасно сфаќање за простувањето кога се молел: „Создај чисто срце во мене, Боже, и нов и прав дух стави во мене” (Псалм 51:10). И повторно вели: „Колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечува Тој од нас нашите престапи” (Псалм 103:12). (MГ 114.1)

Бог во Христа се дал себеси за нашите гревови. Тој претрпел свирепа смрт на крстот, место нас го носел товарот на вината „праведник за неправедните” за да ни ја открие својата љубов и да нè привлече кон себе. Тој вели: „Бидете еден спрема друг добри и милосрдни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христос” (Ефесјаните 4:32). Нека Христос, божествениот Живот, престојува во вас и преку вас да ја открие небесната љубов која ќе им влее надеж на оние кои ја изгубиле и ќе им донесе небесен мир на срцата ранети од гревот. Кога доаѓаме кај Бога, веќе на самиот праг ни се поставува услов, примајќи ја Неговата милост, мораме да се согласиме да ја покажеме Неговата милост кон другите. (MГ 114.2)

За да можеме да ја примиме и на другите да им ја пружиме љубовта Божја која простува, многу е важно да ја познаваме и да веруваме во „љубовта, која Бог ја има кон нас” (1. Јованово 4:16). Сатаната на сите можни начини настојува да нè измами за да не онеспособи да ја сфатиме таа љубов. Тој нè наведува на помислата дека нашите грешки и престапи се толку сериозни што Господ нема да одговори на нашите молитви, дека нема да нè благослови и да нè спаси. Ние во себе не можеме да видиме ништо освен слабост, ништо што би нè препорачало на Бога, а сатаната ни вели дека сите наши настојувања се бескорисни и дека не сме во состојба да ги исправиме маните во нашиот карактер. Кога ќе се обидеме да дојдеме кај Бога, непријателот ќе шепне: Нема никаква полза да се молиш, зарем не се сеќаваш дека си  го направил она зло дело? Зарем не си му згрешил на Бога и си работел против сопствената совест? Но ние со право можеме да му одговориме на непријателот: „Крвта на Исус Христос, Неговиот Син, нè очистува од секаков грев” (1. Јованово 1:7). Кога ќе почувствуваме дека сме грешни и не можеме да се молиме, токму тоа е момент за молитва. Кога сме можеби засрамени во чувството на сопствената ништожност, сепак мораме да се молиме и да веруваме. „Верен е тој збор и достоен е сосема да се прифати: Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, меѓу кои сум прв јас” (1. Тимотеј 1:15). Простувањето и помирувањето со Бога не ни доаѓаат како награда за нашите дела, тоа не се дава за заслугата на грешните луѓе, туку тоа е дар кој се темели на Христовата беспрекорна праведност. (MГ 115.1)

Ние не треба да се обидуваме да ја намалиме нашата вина барајќи некаков изговор за гревот. Ние мораме да ја прифатиме Божјата проценка за гревот, а таа е навистина тешка. Единствено Голгота може да ни ја открие страшната грозотија на гревот. Кога би морале сами да ја носиме сопствената вина, тоа ќе нè уништи. Меѓутоа, Безгрешниот го зазеде нашето место, иако недолжен, Тој ги понесе нашите неправди. „Ако ги исповедаме гревовите свои”, Бог е „верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда” (1. Јованово 1:9). Каква величествена вистина! Праведен  на сопствениот Закон, а сепак ги оправдува сите оние што веруваат во Исуса. „Кој Бог е како Тебе, за да ги простува беззаконијата, да мине преку престапите на остатокот од Своето наследство? Тој вечно не се гневи, зашто Тој со радост се смилува” (Михеј 7:18). (MГ 116.1)

 

„И не воведувај нè во искушение,

но избави нè од лукавиот”

(Матеј 6:13).

Искушение е мамење на грев и тоа не потекнува од Бога, туку од сатаната или од злото кое се крие во нашето сопствено срце. „Бидејќи Бог со зло не се искушува, и Тој никого не искушува” (Јаков 1:13). (MГ 116.2)

Сатаната се труди да нè наведе на искушение за да го открие пред луѓето и ангелите злото кое се наоѓа во нашиот карактер, и да може да полага право на нас како на Своја сопственост. Во симболичното пророштво на Захарија сатаната е прикажан како стои од десната страна на ангелот Господов и го обвинува Првосвештеникот Исус облечен во нечиста облека, попречувајќи го на тој начин делото кое ангелот сакал да го стори за него. Ова е приказ на однесувањето на сатаната кон секоја душа која Исус сака да ја привлече кон Себе. Сатаната нè наведува на грев, а потоа пред целата вселена нè обвинува дека не сме достојни на Божјата љубов. „И му рече Господ на сатаната: ‘Господ да те укори сатано, Господ да те укори, Оној Кој го избра Ерусалим. Зар не е Тој гламја истргната од оган?’” А Исус вели: „Ете, ја отфрлив од тебе вината твоја и те облекувам во свечена облека” (Захарија 3:2,4). (MГ 116.3)

Во својата голема љубов Бог копнее во нас да ги развие скапоцените доблести на својот Дух. Тој дозволува да се судриме со препреките, прогонствата и тешкотиите; не како со проклетство, туку како најголем благослов во животот. Секое совладано искушение, секоја неволја која храбро ќе ја пребродиме, ни пружа ново искуство и нѐ унапредува во делото на градење на карактерот. Душата која благодарение на божествената сила му се спротивставува на искушението, на светот и на небесните битија му ја открива делотворноста на Христовата милост. (MГ 117.1)

Иако не смееме да бидеме обесхрабрени од неволјите, колку и да се горчливи, мораме да се молиме Бог да не дозволи да западнеме во околности во кои би нѐ воделе желбите на нашето зло срце. Кога ја упатуваме молитвата која ни ја објавил Христос, ние се потчинуваме на Божјото водство и го молиме Тој да нè води по сигурен пат. Ние не можеме искрено да ја изговараме оваа молитва, а истовремено да одлучиме да одиме по патот кој сами сме го одбрале. Треба да чекаме Неговата рака да нѐ води; треба да го слушаме Неговиот глас кој говори: „Ете го патот, врвете по него” (Исаија 30:21). (MГ 117.2)

Опасно е за нас ако застанеме да размислуваме за предностите што ќе ги стекнеме ако ги прифатиме предлозите на сатаната. Гревот донесува срамота и пропаст за секоја душа која му попушта; но има нешто во неговата природа што заслепува и измамува и така нè намамува со ласкави понуди. Ако се осмелиме да стапнеме на тлото на сатаната, не ни е ветена заштита од неговата сила. Што се однесува до нас, треба да го затвориме секој пристап преку кој искушувачот би можел да допре до нас. (MГ 118.1)

Молитвата: „И не воведувај нè во искушение” сама по себе е едно ветување. Ако му се предадете на Бога, Тој ве уверува дека „нема да допушти да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да издржите” (1. Коринтјаните 10:13). (MГ 118.2)

Единствена заштита против злото е Христос да престојува во срцето преку верата во Неговата праведност. Искушението има моќ над нас само затоа што себичноста постои во нашето срце. Но, кога ќе ја согледаме големата Божја љубов, себичноста ни изгледа толку одвратна и гадна така што во нас се појавува желба да ја исфрлиме од душата. И додека Светиот Дух го воздигнува Христа, нашите срца стануваат благи и покорни. искушението ја губи својата моќ, а Христовата милост го преобразува карактерот. (MГ 118.3)

Христос никогаш нема да ја напушти душата за која умрел. Човекот може да го остави Него и да му подлегне на искушението, но Христос никогаш не може да се сврти од оној кој го откупил со сопствениот живот. Кога нашиот духовен вид би бил поизострен, би ги виделе душите наведнати под товарот на тешкотиите, обземени со тага, оптоварени како кола полна со снопје како обесхрабрени ја бараат смртта. Би ги виделе ангелите како брзо летаат да им помогнат на оние кои се во искушение и кои стојат на самиот раб на пропаста. Небесните ангели ги потиснуваат војските на злото кои ги опкружуваат овие души, и им помагаат своите стапала да ги стават на сигурен темел. Битките кои се водат помеѓу овие две војски се вистински како и оние кои се водат меѓу војските на овој свет, и од исходот на овој духовен судир зависи вечната судбина. (MГ 118.4)

И за нас важат зборовите упатени на Петар: „Ете, сатаната посака да ве сее како пченица; но Јас се молев за тебе за да не се изгуби твојата вера” (Лука 22:31,32). Фала му на Бога, ние не сме оставени сами. Оној кој „толку го возљуби светот, што го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот” (Јован 3:16), нема да нè напушти во борбата со непријателот на Бога и на луѓето. „Еве, ви давам власт“, кажува Тој, „да газите на змии и скорпии, и власт над секоја непријателска сила; и ништо нема да ви наштети” (Лука 10:19). (MГ 119.1)

Бидете секогаш во заедница со живиот Христос, и Тој цврсто ќе ве држи за рака и никогаш нема да ја испушти. Запознајте ја љубовта која Бог ја има кон нас, верувајте во неа и ќе бидете безбедни; таа љубов е неосвоива за сите сатански напади и измами. „Името на Господ е цврста кула: ако во неа побегне праведник, безбеден е” (Изреки 18:10). (MГ 119.2)

 

 

 

„Зашто Твое е царството, и силата, и славата”

(Матеј 6:13).

Последната реченица на Господовата молитва, како и првата, укажуваат на нашиот Отец како Оној кој е над секоја сила и власт и на секое име кое може да се наведе. Спасителот ги видел годините што се простирале пред Неговите ученици, но не како што тие мечтаеле, осветлени со сончева светлина на просперитет и почести во светот, туку замрачени со бури на човечка омраза и сатански гнев. Среде националните несогласувања и пропасти, учениците на секој чекор ќе бидат опкружени со опасности, а срцата често ќе им бидат исполнети со страв. Тие ќе мора да го видат разурнувањето на Ерусалим, величествениот храм срамнет со земјата, богослужбата во него засекогаш прекината, а израелскиот народ расеан по сите земји како останки од брод на пусто крајбрежје. Исус рекол: „Ќе слушате за војни и повици на војни”. „Зашто ќе се крене народ против народ, и царство против царство, и на разни места ќе има глад, помор и потреси; а сето тоа е почеток на страдањата” (Матеј 24:6-8). Сепак, Христовите следбеници не смееле да се плашат дека нивната надеж е изгубена и дека Бог ја заборавил земјата. Силата и славата му припаѓаат на Оној чиишто возвишени намери незапирливо се движат кон свое остварување. Во молитвата со која се опфатени нивните секојдневни потреби, Христовите ученици биле упатени да гледаат горе, над сите сили и власти на злото, кон Господа, нивниот Бог, чие царство „владее со сè”, и кој е нивен Отец и вечен пријател. (MГ 120.1)

Уништувањето на Ерусалим претставувало симбол на конечното уништување што ќе го снајде светот. Пророштвата кои само делумно се исполниле при разорувањето на Ерусалим, многу понепосредно се однесуваат на последните денови. Ние сега стоиме на прагот на големи и свечени настани. Пред нас е криза каква што светот никогаш не видел. Но нам, како и на првите ученици, милно ни звучат зборовите на цврстото ветување дека Божјото царство „владее со сè”. Редоследот на претстојните настани е во рацете на нашиот Создател. Величеството на небото управува со судбината на сите народи и се грижи за потребите на својата црква. Секому, кој ќе стане средство во исполнувањето на Неговите планови, божествениот Учител му го кажува истото што му го рекол на Кир: „Јас те наоружив, иако не Ме познаваше” (Исаија 45:5). (MГ 120.2)

Во визијата на пророкот Езекиел една рака се појавила под крилата на херувимите. Ова треба да ги поучи Божјите слуги дека успех може да им донесе само божествената сила. Оние кои Бог ги употребува како свои весници, не треба да мислат дека Неговото дело зависи од нив. На смртниците не им е препуштено да го носат товарот на таквата одговорност. Оној кој не дреме, и кој постојано работи на остварување на своите планови, самиот се грижи за напредокот на своето дело. Тој ќе ги спречи намерите на злите луѓе и ќе внесе забуна во плановите на оние кои направиле заговор против Неговиот народ. Оној кој е Цар, Господ над војските, кој седи меѓу херувимите и среде сите немири и судири во светот, и понатаму ги чува своите деца. Оној кој владее на небесата, е наш Спасител. Тој го проценува секое искушение, Тој ја надгледува вжештената печка низ која мора да помине секоја душа. Кога ќе се рушат тврдините на владетелите, кога стрелите на гневот ќе го прободуваат срцето на неговите непријатели, Неговиот народ ќе биде безбеден во Неговите раце. (MГ 121.1)

„Твое е, Господи, и величието, и силата, и славата, и победата, и блесокот; и сè, што е на небото и на земјата… во Твојата рака е и силата и цврстината, и во Твоја власт е да издигнеш и да зацврстиш сè” (1. Летописи 29:11,12). (MГ 122.1)

Сподели го ова:

Слични објави