8 Лутер пред државниот собор

Сподели го ова:

На престолот во Германија стапил нов цар, Карло V, а пратениците на Рим побрзале да му честитаат на владетелот и да го наговорат својата власт да ја употреби против реформацијата. Од друга страна, саксонскиот изборен кнез, на кого Карло во голема мера му бил должен за неговата круна, го молел да не презема ништо против Лутер, додека не го сослуша. Така царот се нашол во многу непријатна и збунувачка позиција. Папистите не очекувале ништо помалку од царски едикт со кој Лутер би бил осуден на смрт. Изборниот кнез решително изјавил дека „ниту неговото царско величество, ниту било која друга личност не докажал дека Лутеровите списи биле побиени”, па затоа тој побарал „на доктор Мартин Лутер да му се предаде гарантно писмо како би можел лично да се појави пред судот, составен од учени, побожни и непристрасни судии” (D’Aubigne, b. 6, ch. 11). {ГБ 145.1}

Вниманието на сите партии сега било насочено кон собранието на германските државници, свикано во Вормс, набргу по стапувањето на Карло V на престолот. На тој национален собор требало да се претресат важни политички и други прашања од општ интерес. За првпат германските кнезови требало да се сретнат со својот млад владетел на советодавното собрание. Од сите страни на државата дошле црковни и државни великодостојници. Световни господари со благородно потекло, силни и љубоморни на своите наследни права; црковни поглавари свесни за нивната супериорна положба и моќта; дворските витези со својата вооружена придружба и амбасадори од странски и далечни земји – сите се собрале во Вормс. Сепак, на ова огромно собрание најголем интерес предизвикал случајот на саксонскиот реформатор. {ГБ 145.2}

Карло претходно му заповедал на изборниот кнез да го доведе Лутера со него на државниот собор, ветувајќи му заштита и можност слободно да расправа за спорните прашања со компетентни и за тоа надлежни лица. Лутер со нетрпение очекувал да се појави пред царот. Во тоа време неговото здравје многу се влошило, но сепак му напишал на изборниот кнез: „Ако не можам здрав да дојдам во Вормс, сепак ќе бидам пренесен таму онаков каков што сум, па макар и болен. Бидејќи ако царот таму ме повикал не смеам да се сомневам дека ме повикал самиот Бог. Ако сакаат да употребат сила, што е многу веројатно (зашто не ме викаат да бидат поучени), морам да го предадам делото во Божји раце. Уште живее и владее Оној кој ги сочувал трите момчиња во огнената печка. Ако Тој не ме спаси, мојот живот не вреди многу. Мораме да спречиме евангелието да не биде изложено на презир од грешниците и да бидеме готови и својата крв да ја пролееме за него, за тие да не триумфираат. Не е мое да одлучам дали мојот живот или мојата смрт најмногу ќе придонесат за спасението на сите… Од мене можете да очекувате сѐ… само не бегство и откажување. Не можам да бегам, а уште помалку да се откажам” (Исто, b. 7, ch. 1). {ГБ 146.1}

Кога во Вормс била објавена веста дека Лутер ќе дојде пред соборот, настанала општа возбуда. Алеандер, папскиот пратеник, на кого Лутеровиот случај му бил специјално доверен, бил вознемирен и бесен. Тој видел дека последиците ќе бидат кобни за папството. Да се води истрага за случај за кој папата веќе изрекол пресуда, би значело да се презре авторитетот на папата. Освен тоа, тој се плашел дека силните и моќни аргументи на овој човек би можеле да ги одвратат многуте кнезови од папството. Затоа, најенергично вложил кај Карло V приговор против Лутеровото доаѓање во Вормс. Отприлика во тоа време била објавена и булата за Лутеровото исклучување од црквата. Овој настан и начинот на пратениковото прикажување на работите го натерале царот да попушти. Тој му напишал на изборниот кнез дека ако Лутер не се откаже, мора да остане во Витенберг. {ГБ 146.2}

Незадоволен со оваа победа, Алеандер со сите сили и лукавства кои му стоеле на располагање работел на тоа Лутер да биде осуден. Со извонредна упорност, достојна за некоја подобра цел, го претставил ова прашање за да го сврти вниманието на кнезовите, прелатите и другите членови на соборот, обвинувајќи го реформаторот за „бунт, непочитување, безбожност и богохулство”. Но жестокоста и страста што ги покажал легатот јасно зборувале за духот со кој бил воден. „Тој се раководи со омраза и освета”, забележале сите присутни, „а не со ревност и побожност” (Исто, b. 7, ch. 1). Повеќето од присутните на соборот, повеќе од кога и да е порано, биле наклонети Лутеровото дело да го оценат поволно. {ГБ 147.1}

Алеандер со двојна ревност инсистирал царот да ги изврши папските едикти. Но, според германските закони, ова не можело да се направи без согласност на кнезовите; и конечно под притисок на наметливоста на легатот, Карло му наредил својата работа да ја изнесе пред државниот собор. „Тоа за папскиот пратеник бил исклучителен ден. Соборот бил голем, но случајот бил уште поголем. Алеандер го бранел Рим… „мајката и господарката на сите цркви”. Тој требал да ја одбрани врховната власт на Петар пред собраните кнезови на христијанскиот свет. „Тој имал дар на речитост, кој бил во сообразност со големината на моментот. Божјото провидение дозволило Рим, пред да биде осуден, да го изнесе својот предмет пред највисокиот суд, преку устата на својот најспособен говорник” (Wlie, b. 6, ch. 4). Симпатизерите на реформаторот со одреден страв гледале каков ќе биде ефектот од говорот на Алеандер. Изборниот саксонски кнез не бил присутен, но по негов налог стигнале некои од неговите советници да направат прибелешки од неговиот говор. {ГБ 147.2}

Алеандер ги употребил сите сили на својата ученост и речитост за да ја побие вистината. Вина по вина тој фрлал врз Лутера, прикажувајќи го како непријател на црквата и државата, на живите и мртвите, на свештенството и лаиците, на концилите и на одделни христијани. „Во Лутеровите списи има толку заблуди”, изјавил тој, „поради кои би можеле да се спалат сто илјади еретици!” {ГБ 148.1}

Во заклучокот настојувал и приврзаниците на реформацијата да ги прикаже како оние што заслужуваат презир. „Кои се сите тие Лутерани? Толпа дрски учители, корумпирани свештеници, развратни монаси, непознати адвокати и пропаднати благородници, заедно со простиот народ што тие го завеле и изопачиле. Колку е понадмоќна во однос на нив католичката партија според бројот, способноста и силата. Едногласната одлука на ова славно собрание ќе ги просветли простите, ќе ги предупреди неразумните, ќе ги зацврсти колебливите и ќе ги засили слабите” (D’Aubigne, b. 7, ch. 3). {ГБ 148.2}

Со такво оружје биле напаѓани бранителите на вистината во сите времиња. Истите аргументи сѐ уште се изнесуваат против сите што се осмелуваат да ги проповедаат јасните учења на Божјото слово, наспроти вкоренетите заблуди. „Кои се тие проповедници на новите учења?”, извикуваат оние кои ја сакаат популарната религија. „Тие се необразовани, малубројни и од посиромашните класи. Сепак, тие тврдат дека ја имаат вистината и дека се Божји избран народ. Тие се неуки и измамени. Колку е голема супериорноста на нашата црква во бројноста и влијанието! Колкав е бројот на учените и големите луѓе во нашите редови! Колку сме ние посилни во секој поглед!” Ова се аргументи кои секако имаат влијание врз светот; но ниту денеска не се пологични отколку во деновите на реформаторот. {ГБ 148.3}

Реформацијата, како што многумина претпоставуваат, не завршила со Лутер. Таа треба да продолжи сѐ до крајот на историјата на светот. Лутер имал задача да ја шири светлината која Бог му ја дал; но сепак, тој не ја примил целата светлина што требала да му се даде на светот. Од тоа време до денес, од страниците на Библијата зрачи нова светлина, и нови вистини постојано се откривале. {ГБ 148.4}

Говорот на легатот оставил длабок впечаток врз соборот. Лутер не бил присутен, со јасните и убедливи вистини на Божјото слово да го победи папскиот бранител. Никој не се ни обидел да го заштити реформаторот од напади. Се чинело дека секој е подготвен не само да го осуди учењето на реформаторот, туку и целосно да се искорени како ерес. Рим ја искористил можноста да се заштити себеси. Сѐ што можело да се каже во негова одбрана, било кажано. Но оваа очигледна победа била знак на пораз. Меѓу нив морало да дојде до отворена борба, во која требало да се открие очигледната разлика помеѓу вистината и заблудата. Никогаш од тој ден, Рим не стоел толку сигурно како дотогаш. {ГБ 149.1}

Иако повеќето од членовите на соборот биле подготвени да го предадат Лутера на одмаздата на Рим, многумина од нив го виделе и осудувале злото што владеело во црквата и сакале да ги отстранат злоупотребите кои германскиот народ морал да ги поднесува како последица на лакомоста и алчноста на свештениците. Легатот папското владеење го претставил во најповолна светлина. Тогаш Господ покренал еден член на соборот да даде вистинска оценка за влијанието на папската тиранија. Со благородна решителност, на тоа кнежевско собрание, станал саксонскиот кнез Георг и со неверојатна точност ги изнел измамите и гадотиите на папството и укажал на нивните страшни последици. На крајот рекол: {ГБ 149.2}

„Ова се некои од злоупотребите кои сведочат против Рим. Тие го отфрлиле секое чувство на срам, а имаат само една цел: пари, пари, пари… така што токму проповедниците чија должност е да ја проповедаат вистината, не кажуваат ништо друго освен лаги, и таквите не само што се толерираат, туку се наградуваат, бидејќи колку се поголеми нивните лаги, толку е поголема нивната добивка. Од тој загаден извор течат валкани води. Развратот ѝ подава рака на лакомоста и алчноста… За жал, ова срамно однесување на свештенството претставува причина за соблазни која толку кутри души турка во вечна пропаст. Мора да дојде до една сеопфатна реформа” (Исто, b. 7, ch. 4). {ГБ 149.3}

Ниту самиот Лутер не би можел да изнесе посилни и поочигледни обвинувања против папските злоупотреби, а фактот дека говорникот бил решителен непријател на реформаторот, на неговите зборови им дал уште поголема важност. {ГБ 150.1}

Кога очите на присутните на овој собор би биле отворени, тие во својата средина би ги виделе Божјите ангели како во темнината на заблудата внесуваат светлосни зраци и ги отвораат умовите и срцата за прифаќање на вистината. Дури и врз непријателите на реформацијата влијаела силата на божествената вистина и на тој начин бил подготвуван патот за големото дело што требало да се изврши. Мартин Лутер не бил присутен, но на соборот се слушнал гласот на Оној кој бил поголем од него. {ГБ 150.2}

Соборот веднаш избрал комисија за да состави список за сите облици на папските угнетувања, кои толку тешко го притискале германскиот народ. Овој список содржел сто и една спецификација и бил доставен до царот со барање веднаш да преземе итни мерки за отстранување на овие злоупотреби. „Каква огромна загуба на христијански души”, истакнале подносителите на молбата, „се случуваат толку многу разбојништва и изнудувања, затоа што ги дозволува духовната глава на христијанството. Наша должност е да ја спречиме пропаста и обесчестувањето на нашиот народ. Поради оваа причина ние понизно, но најрешително бараме од вас да наредите итна општа реформа и да ја спроведете” (Исто, b. 7, ch. 4). {ГБ 150.3}

Соборот сега побарал реформаторот да излезе пред нив. И покрај молбите, протестите и заканите на Алеандер, царот најпосле се согласил, и Лутер бил повикан да се појави пред соборот. Со поканата му е предадено и писмо со кое му се гарантира безбедно враќање. Повикот во Витенберг му го однел еден гласник кој бил задолжен да го доведе во Вормс. {ГБ 150.4}

Пријателите на Лутер се исплашиле и растажиле. Познавајќи ги предрасудите и непријателството кон реформаторот, тие се плашеле дека дури ниту гарантното писмо нема да биде почитувано и го молеле да не се излага на опасност. Тој им одговорил: „Папистите не сакаат да дојдам во Вормс, тие сакаат само да ме осудат и убијат. Сето ова не е важно. Не молете се за мене, туку за Божјото слово… Христос ќе ми го даде Својот Дух за да ги победам овие слуги на лагата. Дури сум жив ќе ги презирам и со својата смрт ќе ги победам. Тие ќе се занимаваат во Вормс како да ме присилат да се откажам, а еве како ќе гласи моето откажување: Јас порано кажав дека папата е Христов намесник, а сега тврдам дека е непријател на нашиот Господ и апостол на ѓаволот” (Исто, b. 7, ch. 6). {ГБ 150.5}

На овој опасен пат Лутер не тргнал сам. Покрај царскиот гласник, било решено да го придружуваат и тројца негови сигурни пријатели. Меланхтон искрено сакал да им се придружи. Неговото срце било врзано за Лутер и копнеел да го следи, ако е потребно, и во затвор или до смрт. Но, неговите молби биле одбиени. Ако Лутер загине, надежите на реформацијата морале да се насочат кон овој млад соработник. Разделувајќи се од Меланхтон, реформаторот рекол: „Ако не се вратам, и моите непријатели ме убијат, тогаш продолжи да проповедаш и биди цврст во вистината… Работи место мене. Ако преживееш, мојата смрт нема да има толку големи последици” (Исто, b. 7, ch. 7). Студентите и граѓаните што се собрале да го испратат Лутера биле длабоко трогнати. Мнозина чии срца биле допрени од евангелието, се поздравиле со него плачејќи. Така реформаторот и неговите придружници тргнале кон Витенберг. {ГБ 151.1}

На патот, патниците забележале дека народот е потиштен поради лошите претчувства. Во некои градови не им биле укажувани никакви почести. Кога еднаш застанале да преноќат, еден пријателски расположен свештеник го изразил својот страв за Лутера покажувајќи му го портретот на еден италијански реформатор кој претрпел мачеништво. Следниот ден дознале дека во Вормс биле осудени Лутеровите списи. Царските гласници насекаде го објавиле овој декрет и ги повикувале луѓето сите списи на реформаторот да ги предадат на локалните власти. Лутеровиот придружник, кој бил загрижен за неговата безбедност на соборот, и кој претпоставувал дека тој можеби нема да се осмели да оди понатаму, го прашал дали сака да го продолжи патувањето. Лутер одговорил: „Иако моето исклучување ќе биде разгласено во сите градови, јас сум подготвен да одам понатаму” (Исто, b. 7, ch. 7). {ГБ 151.2}

Во Ерфурт, Лутер бил дочекан со почести. Опкружен од воодушевената толпа, тој полека се движел низ улиците кои често пати ги поминувал со својата питачка торба. Ја посетил својата манастирска ќелија и се сетил на сите страдања, на сите внатрешни борби низ кои морал да помине, за да ја прими светлината која сега ја осветлувала цела Германија. Го молеле упорно да одржи една проповед. Навистина, тоа му било забрането, но царскиот пратеник му дозволил и монахот, кој некогаш бил слуга во овој манастир, сега се качил на проповедалната. {ГБ 152.1}

Пред преполнетото собрание проповедал за Христовите зборови: „Мир вам!“ „Сите филозофи, доктори, писатели, се труделе да ги научат луѓето како можат да добијат вечен живот, но не успеале. Јас сега ќе ви го кажам тоа: … Бог воскреснал од мртвите еден човек, Господ Исус Христос, за да ја уништи смртта, да го искорени гревот и да ги затвори портите на пеколот. Тоа е делото на спасението… Христос победил! Тоа е радосна вест; и ние се спасуваме со Неговите заслуги, а не со нашите дела… Нашиот Господ Исус Христос рекол: „Мир вам! Видете ги моите раце“, тоа значи: Гледај о човеку, Јас, само Јас сум Оној кој го зеде твојот грев, и те откупив; и сега имај мир, вели Господ”. {ГБ 152.2}

Тој понатаму рекол дека вистинската вера мора да се манифестира во праведен живот. „Бидејќи Господ нè спаси, мораме да се стремиме нашите дела да Му бидат по волја. Дали си богат? Тогаш со своето богатство помогни им на сиромашните. Дали си сиромав? Тогаш твојата служба нека биде прифатлива за богатите. Ако се трудиш само за себе, тогаш службата што мислиш дека ја вршиш за Бога всушност е лага” (Исто, b. 7, ch. 7). {ГБ 152.3}

Луѓето како маѓепсани ги слушале неговите зборови. На овие гладни души им бил делен лебот на животот. Христос пред нив бил издигнат над папите, легатите, царевите и кралевите. Лутер со ништо не укажувал на опасноста која му се заканувала. Не сакал тој да стане предмет на нивното размислување или сочувствување. Гледајќи на Христа, заборавил на себе. Стоел во сенката на Страдалникот од Голгота, настојувајќи само Исуса да го прикаже како Спасител на грешниците. {ГБ 152.4}

Продолжувајќи го својот пат, реформаторот насекаде наидувал на голем интерес. Насекаде љубопитното мноштво се собирало околу него, а пријателските гласови го предупредувале за намерите на римокатолиците. „Ќе те спалат” зборувале некои, „вашето тело ќе го претворат во пепел, како што направиле со Јан Хус”. Лутер одговорил: „Дури и ако запалиле оган што ќе се издига од Витенберг до Вормс кон небото, јас сепак ќе одам во името на Господ; ќе излезам пред нив; ќе влезам во челуста на ова чудовиште и ќе му ги скршам забите, сведочејќи за Исуса Христа” (Исто, b. 7, ch. 7). {ГБ 153.1}

Веста за неговото приближување кон Вормс предизвикала голема возбуда. Неговите пријатели се плашеле за неговата безбедност, а неговите непријатели се плашеле за успехот на нивната кауза. Многумина сериозно настојувале да го одвратат да не влезе во градот. На иницијатива на папистите, тој бил повикан да се засолни во замокот кај некој пријателски витез каде, како што рекле, сите потешкотии можат да се решат спогодбено. Пријателите, опишувајќи ги опасностите кои му се заканувале, се обиделе да го исплашат. Но, сите нивни напори биле залудни. Лутер непоколебливо им одговорил: „Кога во Вормс би имало толку ѓаволи колку што има ќерамиди на покривите, сепак би влегол во него” (Исто, b. 7, ch. 7). {ГБ 153.2}

По пристигнувањето во Вормс, огромна толпа се упатила кон градската врата за да го пречека. Таков поздрав не бил забележан ниту кога доаѓал самиот цар. Возбудата била голема. Одеднаш, среде толпата, еден продорен глас тажно запеал една погребна песна за да го потсети Лутера на судбината што го чека. „Бог ќе биде моја одбрана”, рекол тој слегувајќи од колата. {ГБ 153.3}

Папистите не верувале дека Лутер навистина ќе се осмели да се појави во Вормс, а неговото доаѓање ги исполнило со ужасен страв. Царот веднаш ги повикал своите советници да направат план за понатамошно дејствување. Еден од бискупите, тврд папист, рекол: „Ние долго го разгледувавме ова прашање. Сепак, вашето Кралско Величество треба веќе еднаш да се ослободи од тој човек. Нели Сигисмунд дозволи Јан Хус да изгори! Ние не сме обврзани ниту да му дадеме ниту да го почитуваме гарантното писмо на еретикот”. „Не”, рекол царот, „мораме да го одржиме ветувањето” (Исто, b. 7, ch. 8). Затоа било решено реформаторот да се сослуша. {ГБ 153.4}

Целиот град сакал да го види овој необичен човек, и наскоро бројни посетители ја исполниле куќата каде што се наоѓал. Лутер штотуку закрепнувал од својата неодамнешна болест; бил исцрпен од двонеделното патување; морал да се подготви за своето утрешно свечено излегување пред соборот, и тој, несомнено, имал потреба од одмор и мир. Но, желбата да го видат била толку голема што околу него се тискале благородници, кнезови, свештеници и граѓани, така што за одмор му останале само неколку часа. Меѓу нив се наоѓале и благородниците, кои, гледајќи ги злоупотребите на црквата, смело барале од царот итни реформи и кои, според Лутер „беа ослободени со моето евангелие” (Martyn, page 393). Дошле и пријателите и непријателите да го видат храбриот монах, а тој сите ги примил со непоколеблив мир, одговарајќи на нивните прашања со достоинство и мудрост. Неговото однесување било цврсто и храбро. Неговото бледо и истоштено лице со очигледни траги од неодамнешната болест и замор, зрачело со љубезност, па дури и радост. Свеченоста и длабоката искреност на неговите зборови му давале сила на која и неговите непријатели не можеле да и одолеат. И пријателите и непријателите биле восхитени. Некои биле уверени дека бил обдарен со божествена сила, а други, како и фарисеите кои го обвинувале Христа, рекле: „Ѓавол е во него”. {ГБ 154.1}

Наредниот ден Лутер бил повикан да излезе пред соборот. Еден царски службеник бил одреден да го доведе во салата за сослушување; но само со големи тешкотии можел да се пробие до зградата. Сите улици биле преполни со луѓе, желни да го видат монахот кој се осмелил да се спротивстави на авторитетот на папата. {ГБ 154.2}

Пред да се појави пред своите судии, еден стар војсководач, херој од многу битки, му рекол: „Беден монаху, беден монаху! Ти, кој си толку скромен, сега одиш да направиш нешто што ниту јас, ниту многу други војсководачи не сме направиле дури ни во најкрвавите судири. Ако твојата работа е праведна и ако си сигурен во тоа, оди во Божјо име и не плаши се од ништо. Бог нема да те остави” (D’Aubigne, b. 7, ch. 8). {ГБ 154.3}

Најпосле Лутер стоел пред државниот собор. Царот седел на престолот, опкружен со највлијателните личности на царството. Никогаш човек не се појавил пред повеличествен собор пред кој Мартин Лутер требало да одговара за својата вера. „Дури и самото негово присуство, само по себе, веќе претставувало симбол на сјајна победа над папството. Тој човек веќе бил осуден од папата, а сега стоел пред трибуналот кој со самата оваа постапка се издигнал над папата. Папата го прогласил за проклет, го исклучил од секое човечко општество, а сега тој најучтиво е повикан и примен пред највеличествениот собор на светот. Папата го осудил на доживотно молчење, а тој сега требало да зборува пред илјадници внимателни слушатели кои дошле од најоддалечените краеви на христијанскиот свет. На тој начин благодарение на Лутеровото посредување дошло до огромна пресвртница. Рим веќе почнал да слегува од својот престол, а гласот на еден монах била причината за ова понижување“ (Исто, b. 7, ch. 8). {ГБ 155.1}

Во присуство на тоа моќно и влијателно собрание, реформаторот, со скромно потекло, како да бил збунет и уплашен. Некои кнезови, гледајќи ја неговата возбуда, му пријдоа и еден од нив шепотеше: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат”. Другиот рекол: „И ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене… Духот на вашиот Отец ќе говори во вас”. Така големите луѓе од овој свет ги употребиле Христовите зборови да го охрабрат Неговиот слуга во часот на искушението. {ГБ 155.2}

Лутер бил доведен до едно место непосредно пред царскиот престол. Длабока тишина завладеала во преполнетата сала. Тогаш станал еден царски службеник и покажувајќи ја збирката на Лутеровите списи, побарал од реформаторот да одговори на две прашања: Дали признава дека тоа се негови списи, и дали има намера да се откаже од ставовите содржани во нив. Откако биле прочитани насловите на книгите, Лутер одговорил дека, во врска со првото прашање, признава дека книгите се негови. „Што се однесува до второто прашање”, рекол тој, „бидејќи тоа е прашање на верата и спасението на душата и бидејќи се однесува на Божјото слово, кое е најдрагоценото богатство на небото и на земјата, би постапил непромислено ако одговорам без размислување. Би можел да тврдам помалку отколку што дозволуваат околностите или повеќе отколку што тоа го бара вистината и на тој начин би згрешил против овие Христови зборови: „А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен” (Матеј 10:33). „Затоа понизно го молам вашето царско величество да ми даде да размислам за да можам да одговорам а да не згрешам против Божјото слово” (D’Aubigne, b. 7, ch. 8). {ГБ 155.3}

Лутер постапил мудро кога му се обратил на царот со такво барање. Таквата постапка го уверила соборот дека тој не се раководи од страст ниту со моментални побуди. Таквата смиреност и самоконтрола, која не се очекувала од човек кој се покажал толку храбар и бескомпромисен, ја зацврстиле неговата сила и му овозможиле подоцна да одговори внимателно, решително, мудро и достоинствено, со што ги разочарал своите противници и ја укорил нивната дрскост и гордост. {ГБ 156.1}

Следниот ден требало да се појави пред соборот и да го даде својот конечен одговор. Гледајќи ги силите што се здружиле против вистината, Лутер за миг паднал во малодушност. Неговата вера се поколебала; го обзел страв и трепет и чувствувал ужас. Тој јасно ги видел сè поголемите опасности; се чинело дека неговите непријатели веќе триумфирале и дека ќе преовладаат силите на темнината. Густи облаци се собрале околу него и се чинело дека ќе го одделат од Бога. Копнеел да добие уверување дека Господ над војските ќе биде со него. Во душевен страв се фрлил со лицето на земја, и од неговото скршено срце потекле лелеци што само Бог можел целосно да ги разбере. {ГБ 156.2}

„О, семожен и вечен Боже”, се молел тој, „колку е страшен овој свет! Погледни како ја отвора својата челуст за да ме проголта, а јас толку малку имам доверба во Тебе… Ако морам да се потпрам само на моќта на овој свет, тогаш сѐ е загубено. Мојот последен час дошол, мојата пресудата е изговорена… О, Боже, помогни ми против сета мудрост на овој свет. Направи го тоа… Ти сам… зашто ова не е мое дело, туку Твое. Јас лично овде немам што да правам, ниту со овие големи луѓе да се расправам. Но ова дело е Твое… а тоа е праведно и вечно. О, Господе, помогни ми! Верен и непроменлив Боже, јас не се потпирам ниту на еден човек… Сѐ што е човечко се покажало како несигурно; сѐ што доаѓа од човекот пропаѓа… Ти ме избра за ова дело… Остани со мене поради името на Твојот љубен Син, Исус Христос, кој е моја одбрана, мој штит и моја силна тврдина” (Исто, b. 7, ch. 8). {ГБ 156.3}

Во мудроста на Своето провидение Бог допуштил Лутер да сфати каква опасност му се заканува, за да не се потпре на сопствената сила и одненадеж да се доведе во опасност. Но, ужасот што го обзел не бил последица на стравот од страдања, маки или смрт која изгледала дека е неизбежна. Всушност дошло до вистинска криза, а тој се почувствувал недоволно силен за да се соочи со неа. Лутер се плашел дека поради својата слабост делото и вистината ќе претрпат загуби. Тој се борел со Бога не поради својата лична безбедност, туку заради триумфот на евангелието. Го доживеал истиот душевен страв и истата внатрешна борба како и Јаков кога онаа ноќ сам се молел на потокот Јавок и кога го добил името Израел. Како и Израел и тој одолеал   во   борбата   со   Бога. Во својата крајна беспомошност, се фатил со вера цврсто за Христа, моќниот Ослободител. И тогаш бил охрабрен со уверување дека пред државниот собор нема да излезе сам. Мирот се вратил во неговата душа и тој бил радосен што му било дозволено да го издигне Божјото слово пред владетелите на народите. {ГБ 157.1}

Со цврста вера во Бога, Лутер се подготвувал за претстојната борба. Направил план за својот одговор, прегледал одделни места од своите списи, и пронашол од Библијата згодни докази во прилог на своите тврдења. Тогаш ставајќи ја левата рака на Светата книга, која била отворена пред него, ја подигнал десната рака кон небото и ветил „дека ќе остане верен на евангелието и слободно ќе ја исповеда својата вера, па дури и ако мора да го запечати своето сведоштво со својата крв” (Исто, b. 7, ch. 8). {ГБ 157.2}

Кога повторно се појавил пред соборот, неговото лице не покажувало ниту трага од страв или збунетост. Мирен и спокоен, а сепак возвишен во својата благородност и храброст, стоел како Божји сведок пред големците на оваа земја. Царскиот службеник побарал од него да ја слушне неговата одлука: дали е готов да се откаже од своето учење. Лутер одговорил со пригушен и смирен тон, без возбуда или страст. Неговото држење било воздржано и учтиво, но сепак покажувало цврста верба и радост која го изненадила соборот. {ГБ 158.1}

„Пресветли царе, славни кнезови, милостиви господа”, рекол Лутер, „доаѓам пред вас денес во согласност со вчерашниот налог, и со Божја милост го поздравувам вашето царско величество милостиво да ја сослуша одбраната на делото, за кое сум сигурен дека е праведно и вистинито. Ако поради незнаење, го прекршам дворскиот протокол и дворските прописи, ве молам да ми простите, зашто не сум израснал во кралска палата, туку во самотијата на манастирот” (Исто, b. 7, ch. 8). {ГБ 158.2}

Поминувајќи потоа на самиот предмет, тој изјавил дека сите неговите објавени дела немаат ист карактер. Во некои расправа за верата и за добрите дела, па дури и неговите непријатели ги прогласиле не само за безопасни туку за корисни. Да се откаже од нив би значело да се осуди вистината која сите ја признаваат. Другите книги се состојат од списи кои ја откриваат расипаноста и злоупотребата на папството. Да се откаже од овие дела, би значело да се зајакне римската тиранија и ширум да се отвори вратата за бројни и страшни беззаконија. Во третиот вид на своите книги тој напаѓал поединци кои ги бранеле постоечките зла. Во врска со овие свои списи, тој отворено признал дека честопати бил поостар отколку што прилега. Не тврди дека е без грешки, но дури и од овие книги не може да се откаже, бидејќи тоа ќе им даде нова сила на противниците на вистината, и тие ќе го искористат тоа да го угнетуваат Божјиот народ со уште поголема свирепост. {ГБ 158.3}

„Сепак, јас сум само човек, а не Бог”, – продолжил тој; „Затоа ќе се бранам како што се бранел Христос: „Ако реков нешто лошо, докажи го лошото…” (Јован 18:23). „Поради Божјата милост, те повикувам, пресветли царе, и вас, славни кнезови, и сите високи личности, да ми докажете од списите на пророците и апостолите дека сум во заблуда. Штом ќе ме убедите во тоа, ќе се откажам од сите заблуди и ќе бидам првиот што ќе ги соберам моите книги и ќе ги фрлам во оган”. {ГБ 159.1}

„Тоа што го кажав сега, се надевам јасно покажува дека внимателно сум ги разгледал и сум ги измерил опасностите на кои се изложувам; но далеку од тоа дека сум обесхрабрен, туку напротив се радувам што гледам дека поради евангелието и денес, токму како и во минатото, доаѓа до судири и раздори. Тоа е карактеристично, тоа е судбината на Божјото слово. Исус Христос кажал: „Не дојдов да донесам мир, туку меч“ (Матеј 10:34). Бог е величествен и страшен во Своите совети; бидете внимателни во обидот да ставите крај на неслогата да не станете гонители на светото Божјо слово, и да не навлечете врз себе страшна поплава на непремостливи опасности, сегашни неволји и вечна смрт… Би можел да наведам многу примери од Божјото слово. Би можел да зборувам за фараонот, за вавилонските и израелските цареви, чиишто напори никогаш повеќе не придонеле за сопствената пропаст, отколку тогаш кога се обидувале да ја зајакнат својата власт со совети кои навидум изгледале крајно мудри и разумни. Бог е Оној кој преместува планини, а тие тоа не го знаат“ (Јов 9:5) (Исто, b. 7, ch. 8). {ГБ 159.2}

Лутер зборувал на германски; од него сега било побарано да ги повтори истите зборови на латински. Иако исцрпен од претходниот напор, тој ја прифатил молбата и го повторил својот говор со иста јасност и енергија. Тоа било направено по Божјо провидение. Умот на мнозина кнезови бил толку заслепен од заблудите и празноверието, што при првиот говор не можеле да ја сфатат логиката на Лутеровите докази, но повторувањето им овозможило јасно да ги согледаат изнесените точки. {ГБ 159.3}

Оние, кои своите очи упорно ги затворале пред светлината и одлучиле да не дозволат да бидат убедени во вистината, биле разгневени поради моќта на Лутеровите зборови. Кога Лутер престанал да зборува, говорникот на државниот собор налутено рекол: „Не одговоривте на поставеното прашање… Од вас се бара да дадете јасен и прецизен одговор… Дали се откажувате или не?” {ГБ 160.1}

Реформаторот одговорил: „Бидејќи вашето царско височество и кнезовите бараат јасен, едноставен и прецизен одговор, јас ќе го дадам, а тоа е: Не можам својата вера да му ја потчинам ниту на папата, ниту на соборот, бидејќи е јасно како ден дека тие честопати грешеле и противречеле едни на други. Значи, ако не ме убедат со сведоштвото на Библијата, или со јасни образложувања, ако не ме убедат со цитатите кои ги наведов, и ако на тој начин не ја потчинат мојата совест на Божјото слово, јас не можам и не сакам да се откажам, зашто христијанинот се изложува на опасност, ако зборува против својата совест. Овде стојам, и не можам поинаку! Бог нека ми помогне. Амин!” (Исто, b. 7, ch. 8). {ГБ 160.2}

Така овој честит човек стоел на сигурниот темел на Божјото слово. Небесна светлина го осветлувала неговото лице. Додека зборувал против силите на заблудата и бестрашно сведочел во прилог на возвишената вера која го победува светот, сите јасно ја виделе големината и чистотата на неговиот карактер, и мирот и радоста на неговото срце. {ГБ 160.3}

За миг целиот собор занемел од изненадување. При својот прв одговор Лутер зборувал тивко, со стравопочит и речиси покорно. Папистите тоа го протолкувале дека неговата храброст е разнишана. Неговата молба да му се дозволи да размисли ја сметале како предзнак за негово откажување. Самиот Карло, набљудувајќи го истоштеното и наведнатото тело на монахот, неговата едноставна облека и скромноста на неговиот настап, рекол: „Овој монах никогаш нема да направи еретик од мене”. Но, Лутеровата храброст и решителноста која сега ја покажал, како и силата и јасноста на неговите докази предизвикала чудење и восхит кај сите присутни. Царот восхитен извикал: „Колку бестрашно зборува овој монах и со каква непоколеблива храброст!” Многу германски кнезови со гордост гледале на својот сонародник, радувајќи се на неговиот успех. {ГБ 160.4}

Приврзаниците на Рим биле поразени, нивното дело се појавило во многу неповолна светлина. Тие се обиделе да ја задржат својата моќ, не со докази од Библијата, туку со прибегнување кон закани, со тие вообичаени аргументи на Рим. Говорникот на државниот собор рекол: „Ако не се откажеш, тогаш царот и државните достоинственици ќе се консултираат што треба да преземат против непоправливиот еретик”. {ГБ 161.1}

Лутеровите пријатели, кои со голема радост ја слушале неговата благородна одбрана, затрепериле на овие зборови, но реформаторот мирно одговорил: „Бог нека ми биде помошник, зашто не можам да се откажам од ништо“ (Исто, b. 7, ch. 8). {ГБ 161.2}

Му било наредено да го напушти соборот додека кнезовите заседавале. Се чинело дека настапил решавачкиот момент. Лутеровото непоколебливо одбивање да се потчини би можело да има големо влијание врз историјата на црквата во текот на вековите. Затоа било решено да му се даде уште една можност да се откаже. Последен пат бил повикан пред соборот. Повторно му било поставено прашањето дали ќе се откаже од своите учења. „Немам друг одговор”, рекол тој, „освен оној кој веќе го дадов”. Било јасно дека ниту со ветувања ниту со закани не можат да го принудат да ги исполни барањата на Рим. {ГБ 161.3}

Папските следбеници биле крајно вознемирени од фактот што еден обичен монах ја презира нивната власт пред која трепереле кралеви и благородници; копнееле тој да го почувствува нивниот гнев и да го мачат до смрт. Но Лутер, свесен за опасноста, на сите им зборувал со христијанско достоинство и смиреност. Неговите зборови биле ослободени од гордост, страст или извртување. Тој целосно заборавил на себе и на големите луѓе што го опкружувале, чувствувајќи единствено дека се наоѓа во присуство на Оној кој неспоредливо е повозвишен од папите, кардиналите, кралевите и царевите. Преку Лутеровото сведоштво зборувал самиот Христос, и тоа толку силно и возвишено што на моменти и пријателите и непријателите почувствувале страхопочит и восхит. Божјиот Дух, присутен на овој собор, дејствувал врз срцата на водечките луѓе во царството. Некои кнезови храбро ја признале праведноста на Лутеровото дело. Многумина биле убедени во вистината, но кај нив впечатоците не биле трајни и наскоро се вратиле на своите поранешни ставови. Имало и такви кои во моментот не го покажувале своето осведочување, но кои откако сами го проучиле Писмото, станале бестрашни поддржувачи на реформацијата. {ГБ 161.4}

Изборниот кнез Фридрих бил мошне загрижен кога Лутер дошол пред државниот собор и со длабока возбуда го слушал неговиот говор. Со гордост и радост ја посматрал неговата храброст, решителност и воздржаност, и решил уште порешително да застане во негова одбрана. Споредувајќи ги соперничките страни во овој спор, видел дека мудроста на папите, кралевите и прелатите се покажала ништожна пред силата на вистината. Папството претрпело пораз чиишто последици ќе се почувствуваат меѓу сите народи и во сите векови. {ГБ 162.1}

Кога легатот видел каков впечаток бил предизвикан од говорот на Лутер, се исплашил како никогаш досега за сигурноста на римската власт и решил да ги употреби сите средства што му стоеле на располагање да го уништи реформаторот. Со сета своја елоквентност и дипломатска вештина, со која исклучително се истакнувал, се обидел да му прикаже на младиот цар колку лудо и опасно би било ако пријателството и моќта на римската столица би ги жртвувал за делото на еден незначаен монах. {ГБ 162.2}

Неговите зборови не биле без ефект. Само еден ден по одговорот на Лутер, Карло изјавил пред државниот собор дека тој ќе ја продолжи политиката на своите предци, и дека ќе ја поддржува и брани католичката вера. Бидејќи Лутер одбил да се откаже од своите заблуди, против него и против неговото еретичко учење треба да се применат најстроги мерки. „Еден монах, заведен со својата лудост, станал против верата на целиот христијански свет. За да ја спречам таквата безбожност, јас ќе ги жртвувам моите кралства, моите богатства, моите пријатели, моето тело, мојата душа и мојот живот. Подготвен сум августинецот Лутер да го пратам дома и да оневозможам во народот да создава каков било неред; потоа, против него и неговите тврдоглави поддржувачи ќе започнам најодлучна борба. Ќе ги избркам од црквата, од општеството, ќе се борам против нив со сите средства, додека не ги уништам. Ги повикувам сите претставници на моите земји да се однесуваат како верни христијани” (Исто, b. 7, ch. 8). Сепак, царот изјавил дека гарантното писмо што му било дадено на Лутер мора да се почитува и пред да може да се поведе постапка против него, мора да биде дозволено безбедно да се врати дома. {ГБ 162.3}

Меѓу членовите на соборот се појавиле две спротивставени мислења. Пратениците и папските претставници повторно побарале да не се почитува гарантното писмо дадено на реформаторот. „Рајна мора да ја прими неговата пепел – велеле тие – како и Хусовата пред еден век” (Исто, b. 7, ch. 8). Но, германските кнезови, иако и самите биле приврзаници на папството и отворени непријатели на Лутер, се изјасниле против таквото кршење на дадениот збор, како дамка по честа на нацијата. Укажувајќи на страшните несреќи што следеле по смртта на Хус, изјавиле дека не се осмелуваат врз Германија и својот млад цар да навлечат такви ужасни зла. {ГБ 163.1}

Самиот Карло, во одговорот на подлиот предлог, рекол: „Ако честа и верноста би биле протерани од целиот свет, тие би требало да најдат засолниште барем во срцата на кнезовите” (Исто, b. 7, ch. 9). Но неумоливите и најогорчените непријатели на Лутер вршеле притисок врз царот да постапи со реформаторот како што Сигисмунд постапил со Хус – да го препушти на милост на црквата. Но, сеќавајќи се на сцената кога Хус на јавниот собор ги покажал окованите раце и јавно го потсетил царот на газењето на дадениот збор, Карло V изјавил: „Не би сакал да црвенеам како Сигисмунд!” (Lenfant, vol. 1, p. 422). {ГБ 163.2}

Сепак, Карло намерно ги отфрлил вистините што Лутер ги проповедал. „Цврсто решив да одам по стапките на моите предци” пишувал царот (D’Aubigne, b. 7, ch. 9). Одлучил да не свртува од патеката на обичаите, па дури ни кога е во прашање правдата и вистината. Сакал како и неговите татковци да го поддржи папството со сите негови свирепости и изопачености. Така тој решил слепо да го следи примерот на татковците, одбивајќи да прифати нова светлина, освен онаа што ја примиле неговите татковци, или да изврши каква било должност што тие не ја извршиле. {ГБ 163.3}

И денес постојат многу луѓе кои упорно се држат до обичаите и традициите на нивните татковци. Кога Бог им праќа дополнителна светлина, тие одбиваат да ја прифатат бидејќи не ја прифатиле нивните татковци, затоа што не им била позната. Но, ние сме во различна позиција од нашите предци, а со тоа имаме и други одговорности, поради тоа ниту нашите должности и одговорности не се исти, и не можат да бидат исти. Бог нема да нè пофали ако, во настојувањето да утврдиме што ни е должност, наместо да го истражуваме словото на вистината, го следиме примерот на нашите татковци. Нашата одговорност е поголема од онаа на нашите предци. Ние сме одговорни за светлината и знаењето што тие ја примиле и нам ни ја предале во наследство, но и за дополнителната светлина, која сега допира до нас од Божјото слово. {ГБ 164.1}

Христос рекол за неверните Евреи: „Да не бев дошол и да не им бев зборувал, грев немаше да имаат. Но сега тие немаат изговор за својот грев” (Јован 15:22). Истата божествена сила преку Лутер им зборувала и на царот и на германските кнезови. И кога светлината на вистината на Божјото слово ги осветлила насобраните, Божјиот Дух за последен пат се борел со повеќето на тој собор. Како што Пилат, пред многу векови, дозволил гордоста и желбата за слава да го затворат неговото срце за зборовите на Спасителот на светот, како што нерешителниот Феликс треперејќи го молел гласникот на вистината: „Сега оди си, а кога ќе најдам време, ќе те повикам” (Дела 24:25); како што горделивиот Агрипа признал: „Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин” (Дела 26:28), а сепак не ја прифатиле пораката испратена од небото – исто така и Карло V, решил да ја отфрли светлината на вистината во името на светските почести. {ГБ 164.2}

Гласовите за плановите направени против Лутера бргу се ширеле и во градот предизвикале голема возбуда. Реформаторот стекнал многу пријатели кои, познавајќи ја свирепоста на Рим кон сите оние кои се осмелувале да ја откријат неговата расипаност, решиле да го спасат. Стотина благородници свечено се заколнале дека ќе го заштитат. Мнозина царската одлука ја жигосале како знак на слабост на царската власт и на нејзино потчинување на Рим. На вратите на домовите и на јавните згради се појавиле плакати; некои го бранеле Лутера, а други го осудувале. На еден од нив биле напишани зборовите на мудрецот: „Тешко тебе, земјо, кога царот твој е дете!” (Проповедник 10:16). Општото воодушевување низ цела Германија, го убедиле царот и државниот собор дека и најмала неправда сторена против Лутера ќе го загрози не само мирот во царството, туку и сигурноста на самиот престол. {ГБ 164.3}

Фридрих Саксонски се држел многу претпазливо, тој внимателно ги криел своите вистински чувства кон реформаторот, но истовремено го чувал и неуморно бдеел над него, следејќи го секој негов чекор и на неговите непријатели. Но, мнозина не се обидувале да ја сокријат својата наклоност кон Лутера. Го посетувале кнезови, грофови, барони и други угледни личности од световниот и духовниот сталеж. „Малечката соба на реформаторот”, пишувал Спалатин, „не можеше да ги прими сите кои доаѓале” (Martyn, vol. 1, p. 404). Луѓето гледале во него како да е повеќе од човек. Дури и оние, кои не ги делеле неговите ставови, не можеле а да не се восхитуваат на неговата возвишена честитост, која го гонела побргу да се изложи на смртна опасност, отколку да работи против својата совест. {ГБ 165.1}

Биле вложени сериозни напори да се добие согласност од Лутер за да направи компромис со Рим. Благородниците и кнезовите го предупредиле дека ако тврдоглаво остане на своето мислење, наспроти мислењето на црквата и соборот, набргу ќе биде протеран од царството и оставен без заштита. На овој апел Лутер одговорил: „Христовото евангелие не може да се проповеда без противење… Зошто стравот и заканите да ме одвојат од Бога и од Неговото божествено слово кое единствено е вистина? Не; попрво би го жртвувал моето тело, мојата крв и мојот живот” (D’Aubigne, b. 7, ch. 10). {ГБ 165.2}

Повторно било побарано да ја прифати пресудата на царот, па нема од што да се плаши. „Се согласувам“ одговорил тој, „со сето свое срце, дека царот, кнезовите, па дури и најскромниот христијанин треба да ги испитаат и да ги оценат моите книги, но само под услов да го земат Божјото слово за нивен стандард. Луѓето се должни да го слушаат само него. Немојте да вршите насилство врз мојата совест која се потчинува само на Библијата” (Исто, b. 7, ch. 10). {ГБ 166.1}

При вториот обид да го наговорат, тој рекол: „Се согласувам да се откажам од моето гарантно писмо и да го предадам мојот живот и мојата личност во рацете на царот, но од Божјото слово не се откажувам никогаш!” (Исто, b. 7, ch. 10). Тој изразил подготвеност да се покори на одлуката на еден општ собор, но под услов тоа да биде во согласност со Библијата. „Во однос на Божјото слово и верата”, додал тој, „секој христијанин може да суди за овие работи исто толку добро како и папата, па макар овој да има поддршка од милиони собори” (Martyn, vol. 1, p. 410). Најпосле и пријателите и непријателите се увериле дека секој понатамошен обид за помирување е бескорисен. {ГБ 166.2}

Кога реформаторот би попуштил само во една единствена точка, сатаната и неговите соработници би ја однеле победата. Но, неговата непоколебливост и постојаност претставувале средство за ослободување на црквата и почеток на нова и подобра ера во историјата на христијанството. Влијанието на овој човек кој се осмелил за религиозните прашања да мисли и постапува самостојно, извршило влијание врз црквата и светот, не само во неговото време, туку се проширило и на сите идни генерации. Неговата решителност и верност ќе ги крепи сите, до крајот на времето, кои треба да поминат низ слично искуство. Божјата моќ и големина биле издигнати над човечките одлуки, над силната моќ на сатаната. {ГБ 166.3}

Набргу по ова Лутер добил наредба од царот да се врати дома. Лутер знаел дека по ова известување набргу ќе следи и негова осуда. Над неговата патека се надвиле заканувачки облаци, сепак кога го напуштал Вормс, срцето му било полно со радост и со благодарност. „Самиот ѓавол“, рекол тој, „ја чуваше папската тврдина”, „но Христос во неа направи голема пукнатина, и сатаната беше принуден да признае дека Господ е посилен од него” (D’Aubigne, b. 7, ch. 11). {ГБ 166.4}

По своето заминување, сѐ уште со желба неговата цврстина да не биде погрешно протолкувана како бунт, Лутер му напишал на царот: „Бог, кој ги испитува срцата, ми е сведок дека сум готов да се потчинам на вашето царско величество во чест или во срам, во животот или во смртта, во сѐ освен кога е во прашање Божјото слово, преку кое човекот живее. Во сите овоземни и деловни прашања, мојата лојалност останува непоколеблива, без оглед на тоа дали добивам или губам, зашто тоа нема никакво влијание врз спасението. Но, кога во прашање се вечните интереси, Бог не сака човек да се потчинува на човек. Зошто таквото потчинување во духовните работи во суштина претставува обожавање, а тоа му припаѓа само на Создателот” (Исто, b. 7, ch. 11). {ГБ 167.1}

На враќање од Вормс, Лутер бил пречекан со уште поголемо одушевување, отколку при заминувањето. Духовните великодостојници го поздравувале исклучениот монах, а граѓанските власти му укажувале почит на човекот кој од самиот цар бил прогласен за виновен. Тој бил повикан да проповеда, но и покрај царската забрана, уште еднаш стапнал на проповедалната. „Јас никогаш не сум ветил дека Божјото слово ќе го оковам во синџири“, рекол тој, „ниту пак тоа некогаш ќе го направам” (Martyn, vol. 1, p. 420). {ГБ 167.2}

Откако го напуштил Вормс, папистите успеале да го наговорат царот да издаде едикт против него. Во тој едикт Лутер бил прогласен како „сатана преправен во човек, облечен во монашка облека” (D’Auigne, b. 7, ch. 11). Било наредено веднаш штом ќе истече важноста на неговото гарантно писмо, против него да се преземат мерки да се спречи неговата работа. На сите им било забрането да го засолнат, да му даваат храна или пијалак, да му помагаат или да го поддржат. Каде и да се наоѓа можел да се уапси и да се предаде на властите. Неговите приврзаници, исто така, требале да се уапсат, а нивниот имот да биде конфискуван. Неговите списи треба да се уништат, и конечно, сите што ќе се осмелат да постапат спротивно на овој декрет да се казнат на ист начин. Набргу по неговото заминување, Саксонскиот изборен кнез и кнезовите кои биле наклонети кон Лутер го напуштиле Вормс, а државниот собор го одобрил декретот на царот. Приврзаниците на Рим триумфирале. Тие сметале дека судбината на реформацијата е запечатена. {ГБ 167.3}

Во овој час на опасност, Бог за Својот слуга предвидел начин за бегство. Едно будно око го следело движењето на Лутер и едно верно и благородно срце донело решение да го спаси. Било јасно дека Рим ќе биде задоволен само со смртта на реформаторот. Само со криење можел да биде сочуван од челустата на лавот. Бог на Фридрих саксонски му дал мудрост да направи план за спасување на реформаторот. Во соработка со вистинските пријатели, бил спроведен планот на изборниот кнез и Лутер навистина бил сокриен и од пријателите и од непријателите. Враќајќи се дома, тој ненадејно бил фатен, одвоен од својата придружба и преку шумата итно одведен до замокот Вартбург, осамена планинска тврдина, подигната на врвот на еден рид. Неговото грабнување и криење било толку таинствено, што дури ни Фридрих долго време не знаел каде бил одведен. Ова незнаење не било случајно, зашто сѐ додека изборниот кнез не знаел ништо за Лутеровото засолниште не можел ништо и да открие. Тој знаел дека реформаторот бил безбеден, и со тоа сознание бил задоволен. {ГБ 168.1}

Пролетта, летото и есента поминаа; дошла зимата, а Лутер сѐ уште бил заточеник. Алеандер и неговите следбеници триумфирале, мислејќи дека светлината на евангелието наскоро целосно ќе згасне. Но, спротивно од нивните очекувања, реформаторот ја полнел својата светилка од ризницата на вистината, со цел нејзиното светло да заблеска со уште поголем сјај. {ГБ 168.2}

Во пријателската сигурност во Вартбург, Лутер поминал некое време одмарајќи се од возбудувањата и горките борби. Но, тој не можел да најде трајно задоволство во тишината и одморот. Навикнат на активен живот и тешки борби, тој тешко ја поднесувал неактивноста. Во тие денови на осаменост, тој не можел да престане да размислува за состојбата на црквата и во очај извикал: „Леле! Зар во овие последни денови на Божјиот гнев, нема никој кој би застанал како ѕид пред Господа и да го спаси Израел!” (Исто, b. 9, ch. 2). Размислувал за себе и се плашел дека поради повлекувањето од борбата ќе биде обвинет за кукавичлук. Се прекорувал себеси за безделничење и угодување на самиот себеси, а во исто време секојдневно правел повеќе отколку што би можело да се очекува од еден човек. Неговото перо никогаш не мирувало. Додека неговите непријатели си ласкале себеси дека го замолкнале, се збуниле и непријатно изненадиле од очевидните докази за неговата постојана активност. Голем број на трактати, што излегле од неговото перо, кружеле по цела Германија. Освен тоа, на своите сонародници им направил многу голема услуга преведувајќи го Новиот завет на германски јазик. Од својот карпест Патмос, речиси цела година, тој продолжил да го проповеда евангелието осудувајќи ги гревовите и заблудите на своето време. {ГБ 168.3}

Бог го повлекол Својот слуга од јавниот живот не само за да го заштити од гневот на неговите непријатели и да му овозможи еден мирен период за други важни работи, туку тоа го сторил од уште поважни причини. Во самотијата и тишината на планинското засолниште, Лутер бил лишен од секаква земна потпора и човечко ласкање. На тој начин бил сочуван од гордоста и самодовербата што често се предизвикани од успехот. Преку страдања и понижувања тој повторно се подготвувал со сигурност да зачекори на вртоглавите височини на кои одненадеж бил издигнат. {ГБ 169.1}

Кога луѓето се радуваат на слободата што ја донесува вистината, тие се наклонети да ги слават оние кои Бог ги употребил како орудија за да ги скрши синџирите на заблудата и суеверието. Сатаната се обидува човечките мисли и чувства да ги одврати од Бога и да ги насочи кон човечки орудија и посредници; на тој начин ги наведува да го почитуваат орудието, а да ја занемарат Раката што управува со сите настани на провидението. Често, религиозните водачи, кои на ваков начин се фалени и славени, престануваат да ја чувствуваат својата зависност од Бога и стануваат премногу самоуверени. Како резултат на тоа, тие настојуваат да завладеат со умот и со совеста на луѓето кои се склони нив да ги гледаат како водачи, наместо да гледаат на Божјото слово. Делото на реформата често било спречувано поради ваквиот дух на нејзините приврзаници. Бог сакал делото на реформацијата да го сочува токму од оваа опасност. Тој сакал тоа дело да не носи човечки, туку Божји печат. Луѓето почнале да гледаат на Лутера како на толкувач на вистината, затоа тој бил отстранет со цел сите погледи да бидат насочени кон вечниот Автор на вистината. {ГБ 169.2}

Сподели го ова:

Similar Posts