5. ПРИЛЕГА НА СИНАПОВО ЗРНО

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Матеј 13:31,32; Марко 4:30-32; Лука 13:18,19)

Среде мноштвото што ги слушало Христовите учења имало и многу фарисеи. Тие со презир забележувале како малкумина од Неговите слушатели го признавале за Месија. Се прашувале меѓу себе како може Тој едноставен учител да го издигне Израел на ниво на доминантна нација во светот. Без богатство, моќ или чест, како може Тој да го воспостави новото царство? Христос ги прочитал нивните мисли, па им одговорил: {ХП 76.1}

„Со што да го споредиме царството Божјо или со каква парабола да го прикажеме?“ Земните власти никако не можеле да му послужат како споредба. Ниту едно граѓанско општество не можело да му биде симбол. Затоа им рекол: „Тоа е како синапово зрно“ рекол Тој, „кое, кога се сее в земја, е помало од сите земни семиња;а кога ќе се посее, израснува и станува поголемо од сите грмушки, и пушта големи гранки, така што под неговата сенка можат да се засолнуваат птиците небески”. {ХП 76.2}

Никулецот кој се наоѓа во семето расте и се развива според  законот на животот што Бог го всадил во него. Неговиот развој не зависи од каква било човечка сила. Така е и со Христовото царство. Тоа е ново создание. Неговите начела на развој се спротивни на начелата според кои се управуваат царствата на овој свет. Земните власти се одржуваат со помош на физичка сила; тие го одржуваат своето владеење со војна. Меѓутоа, основачот на ова ново царство е Кнезот на мирот. Светиот Дух световните царства ги претставува со симболи на сурови грабливи ѕверови; но Христос е „Јагне Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе“ (Јован 1:29). Во Неговиот план на владеење нема место за брутална сила за присилување на совеста. Евреите очекувале Божјото царство да се воспостави на ист начин како и световните царства. За да ја промовираат правдата, тие прибегнувале кон надворешни мерки. Тие ковале методи и планови. Меѓутоа, Христос во срцата на луѓето всадува начело. Всадувајќи ја вистината и правдата, Тој ги искоренува заблудата и гревот. {ХП 77.1}

Додека Исус ја изнесувал оваа парабола, надалеку и близу можела да се види билката синап како се издигнува над тревата и житото и како нејзината крошна нежно се ниша на ветрето. Птиците летале од гранка на гранка и пееле среде лиснатото зеленило. А сепак, семето од кое израснала таа голема билка спаѓа меѓу најмалите семиња. Тоа најпрво би пуштило нежен изданок, полн со животна сила, кој бујно би растел сè додека не би ја постигнал својата сегашна висина. Така и Христовото царство во својот почеток изгледало скромно и безначајно. Во споредба со земните царства, тоа било најмало од сите. За световните управители Христовото тврдење дека е цар било смешно. Па сепак, со силата што ја добиле од Бога Неговите следбеници на ова царство му давале божествен живот, и тоа бргу растело и неговото влијание било силно. Кога Христос ја изговорил оваа парабола, имало само неколку галилејски селани кои го претставувале новото царство. Нивното сиромаштво и нивната малобројност луѓето одново и одново ги наведувале како причина зошто не треба да им се приклучат на тие едноставни рибари кои го следеле Исуса. Но синаповото семе требало да расте и да ги шири своите гранки по целиот свет. Додека земните царства, чијашто слава во тоа време ги исполнувала човечките срца, поминале и исчезнале, Христовото царство сè уште стои како моќна и далекусежна сила. {ХП 77.2}

Така и делото на божествената милост во срцето е незначителна во својот почеток. Ќе се изговори збор, душата ќе ја осветли светлосен зрак, ќе се почувствува влијание што е почеток на нов живот, и кој може да ги измери резултатите! {ХП 78.1}

Растот на Христовото царство не е прикажан само со параболата за синаповото семе, туку во секоја фаза од неговиот раст се повторува искуството прикажано во параболата. За Својата црква во секоја генерација, Бог има посебна вистина и посебно дело. Вистината што е скриена од световните мудреци и умните, им се открива на оние што се скромни и понизни како деца. Таа повикува на жртва, зашто мора да води свои битки и да постигнува свои победи. На почетокот нејзините застапници биле малобројни. Големите луѓе на овој свет и црквата, која се прилагодила на светот, ги презирале и ги прогонувале. Погледнете како Јован Крстител, Христовиот претходник, стои сам да ја прекори гордоста и формализмот на еврејскиот народ. Погледнете ги првите носители на евангелието во Европа. Колку нејасна, колку безнадежна изгледала мисијата на Павле и Сила, двајца шаторџии, кога заедно со своите придружници од Троада заминале со брод во Филипи. Погледнете го „старецот Павле“ во окови, како го проповеда Христа во престолнината на римскиот Цезар. Погледнете ги малите заедници на робови и селани во судир со незнабоштвото на империјалниот Рим. Погледнете како Мартин Лутер и се спротивставува на моќната црква која претставува ремек дело на светската мудрост. Погледнете како цврсто се држи за Божјата реч наспроти императорот и папата и како изјавува: „Овде стојам и не можам поинаку! Бог нека ми биде на помош!“ Погледнете како Џон Весли го проповеда Христа и Неговата праведност среде формализам, сензуализам и неверство. Погледнете на младиот човек кој сочувствува со страдањата на незнабожечкиот свет и бара можност да им ја однесе Христовата порака на љубовта. Слушнете го одговорот на клериците: „Седи, млад човеку! Ако Бог сака да ги преобрати незнабошците, тоа ќе го стори без твоја или моја помош!“ {ХП 78.2}

Големите верски водачи во оваа генерација упатуваат пофалби и им градат споменици на оние што го засадиле семето на вистината пред многу векови. Но мнозина од нив скршнуваат од нивното дело и со свои нозе ги газат изданките што израснале од тоа семе. Се повторува стариот крик: „Ние знаеме дека со Мојсеј говорел Бог; а Овој (Христос во ликот на гласникот што го праќа) не знаеме од каде е“ (Јован 9:29). Како и во претходните векови, посебните вистини за ова време се наоѓаат не кај црковните авторитети, туку кај мажите и жените кои не се чувствуваат ниту премногу учени или премногу мудри да веруваат во Божјата реч. {ХП 79.1}

„Гледате, браќа, какви сте вие, повиканите: не мнозина сте мудри по тело, не мнозина силни, не мнозина благородни;но Бог го избра она што е безумно за овој свет за да ги посрами мудрите; Бог го избра она што е слабо во светот за да ги посрами силните; Бог ги избра и неугледните и презрените на овој свет, и оние што не значат ништо, за да ги уништи оние што значат нешто“ (1. Коринтјаните 1:26-28). „Та верата ваша да не почива на човечката мудрост, туку на силата Божја“ (1. Коринтјаните 2:5). {ХП 79.2} И во оваа последна генерација параболата за синаповото семе ќе го достигне своето симболично и триумфално исполнување. Малото семе ќе стане дрво. Последната порака на предупредување и милост ќе му се објави „на секое племе и колено, јазик и народ“ (Откровение 14:6-14), „за да избере од нив народ за Неговото име“ (Дела 15:14). И земјата „светна од неговиот болскот“ (Откровение 18:1). {ХП 79.3}

Сподели го ова:

Слични објави