Божјата љубов кон човекот

Сподели го ова:

И природата и откровението ни сведочат за Божјата љубов. Нашиот небесен Отец е извор на животот, на мудроста и радоста. Погледнете ги само чудесата и убавините на природата! Мислете на нивната прекрасна прилагоденост кон потребите и среќата, не само на човекот, туку и на сите живи созданија! Сончевата светлина и дождот кои ја оживуваат и ја освежуваат Земјата, ритчињата, морињата и рамнините – сето тоа ни зборува за љубовта на Творецот. Бог е Оној, кој ги задоволува секојдневните потреби на сите Свои созданија. Според прекрасните зборови на псалмистот:

Очите на сите се свртени кон Тебе,

Ти им даваш храна во право време.

Ти ја отвораш Твојата рака,

и наситуваш желбата на сè живо”. {ПХ 9.2}

Псалм 145:15,16

Бог го создал човекот совршено свет и среќен. A прекрасната Земја, кога излегла од рацете на Творецот, не покажувала ниту трага на распаѓање или сенка на проклетство. Престапот на Божјиот закон – законот на љубовта – било тоа што донело несреќа и смрт. Па сепак, и покрај страдањата предизвикани со гревот, се открива Божјата љубов. Напишано е дека Бог ја проколнал Земјата заради човекот (Создавање 3:17). Трњето и чичката – тешкотиите и искушенијата што го исполнуваат неговиот живот со напори и грижи, се одредени заради негово добро, како дел на воспитувањето неопходно во Божјиот план за неговото издигнување од пропаста и деградацијата што ги донел гревот. Иако грешен, светот не е исполнет само со тага и беда. И самата природа ни упатува пораки на надеж и утеха. На чичката може да се најде цвеќе, а трњето се прекриени со рози. {ПХ 9.3}

„Бог е љубов“ – е запишано на секоја пупка што цути, на секоја тревка. Прекрасните птици, кои го исполнуваат воздухот со звуците на своите весели песни, цвеќињата со нежни бои, што со своето совршенство го исполнуваат воздухот со мирис, величествени шумски дрвја, богато разлистени и зелени – сето тоа сведочи за нежната татковска грижа на нашиот Бог и за Неговата желба Своите деца да ги направи среќни. {ПХ 10.1}

Божјото слово го открива Неговиот карактер. Самиот Тој ја објавил Својата неограничена љубов и милосрдие. Кога Мојсеј се молел: „Покажи ми ја својата слава“, Господ му одговорил: „Ќе ја покажам пред тебе сета Моја слава“ (Излез 33:18,19). Ова е Негова слава. Господ поминал пред Мојсеја и објавил: „Господ, Господ, Бог милостив, жалостив, долготрпелив и обилен со добрина и вистина, кој покажува милост кон илјадници, простува беззаконија, неправди и гревови“ (Излез 34:6,7). Тој е „спор на гнев и богат со милосрдие“, „Тој ужива да искажува милост“ (Јона 4:2; Михеј 7:18). {ПХ 10.2}

Бог ги поврзал нашите срца со Себе со безброј знаци и на небото и на Земјата. Тој се труди да ни се открие Себеси преку чудесата на природата, преку најдлабоките и најнежни земни врски  што може да ги запознае човечкото срце. Но сето тоа само непотполно ни ја открива Неговата љубов. Иако ни се дадени сите тие докази, непријателот на доброто во толкава мера го заслепил умот на луѓето што тие на Бога гледале со страв, замислувајќи го како суров и неумолив. Сатаната ги навел луѓето Бога да го замислуваат како суштество, чијашто основна особина е крута праведност – како суров судија, неумолив и строг доверител. Тој Творецот го претставувал како суштество кое со сомничаво око ги набљудува луѓето за да ги пронајде нивните заблуди и грешки и да ги излее врз нив Своите судови. За да ја отстрани оваа темна сенка, Исус дошол да живее меѓу луѓето, откривајќи му ја на светот бескрајната Божја љубов. {ПХ 10.3}

Божјиот Син дошол од небото да го открие Отецот. „Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот – Тој Го објави“ (Јован 1:18). „Никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие“ (Матеј 11:27). Кога еден од учениците побарал: „Покажи ни го Отецот“, Исус одговорил: „Толку време сум со вас, и зар не си Ме познал, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот, па како ти велиш: ,Покажи ни Го Отецот?“ (Јован 14:8,9). {ПХ 11.1}

Опишувајќи ја Својата земна мисија, Исус рекол: „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза. Ме прати да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените“ (Лука 4:18). Тоа било Негово дело. Тој помина правејќи добро и исцелувајќи ги сите што беа надвладеани од сатаната. Имало цели села во кои не се слушнал извик на болка од ниедна куќа, бидејќи Тој поминал низ нив и ги излекувал сите болни. Неговото дело било доказ за Неговото божествено помазание. Во секое дело на Неговиот живот се откривале љубов, милосрдие и сомилост; Неговото срце било полно со нежно сочувство кон човечките синови. Тој ја зел човечката природа за да може да ги сфати потребите на човекот. Најсиромашните и најпонижените не се плашеле да му пристапат. Дури и малечките деца ја чувствувале Неговата привлечност. Тие сакале да се качуваат на Неговите колена и да го гледаат Неговото замислено лице, добродушно и полно со љубов. {ПХ 11.2}

Исус не се притеснувал да ја каже вистината, но тоа секогаш го правел со љубов. Во своето однесување со луѓето бил мошне тактичен и им укажувал промислено и љубезно внимание. Тој никогаш не бил груб, никогаш не изговорил непотребно некој остар збор, никогаш не ù нанел непотребна болка на чувствителната душа. Не ги осудувал човечките слабости. Ја зборувал вистината, но секогаш со љубов. Ги осудувал лицемерството, неверувањето и беззаконието; но во Неговиот глас се чувствувала болка, додека ги изговарал своите остри прекори. Плачел над Ерусалим, градот што го сакаше, кој одбил да го прими Него – Патот, Вистината и Животот. Тие го отфрлиле Него, Спасителот, но Тој им приоѓал со нежност полна со сожалување. Животот му бил исполнет со самооткажување и со внимателна грижа за другите. Секоја душа била драгоцена во Неговите очи. Иако секогаш внимавал на своето божествено достоинство, со најнежно внимание се наведнувал над секој припадник на Божјото семејство. Во секој човек гледал падната душа заради чие што спасение дошол. {ПХ 12.1}

Таков карактер открил Христос во својот живот. Беше тоа Божји карактер. Од срцето на Отецот потекле реки на божествено сожалување, кои се манифестирале во Христа и се излеале врз човечките синови. Исус, нежниот, сочувствителен Спасител, беше Бог кој се „јави во тело“ (1. Тимотеј 3:16). {ПХ 12.2}

За да нè спаси, Исус и живеел, и страдал и умрел. Станал „Човек на болката“ за ние да можеме да бидеме дел од вечната радост. Бог му дозволил на Својот сакан Син, полн со благодат и вистина, да дојде од свет со неопислива слава, во свет извалкан и расипан со грев, затемнет со сенката на смртта и проклетството. Му дозволил да ги остави прегратките на Неговата љубов, да се откаже од обожавањето на ангелите, за да претрпи срам, навреди, понижувања, омраза и смрт. „Казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавмее“ (Исаија 53:5). Гледајте го во пустината, во Гетсиманија, на крстот! Неизвалканиот Божји Син го зел на себе товарот на гревот. Тој, кој бил едно со Бога, ја почувствувал на својата душа ужасната одвоеност помеѓу Бога и човекот предизвикана од гревот. Тоа предизвикало од Неговите усни да се оттргне очајниот извик: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави?“ (Матеј 27:46). Товарот на гревот, свеста за неговата ужасна тежина, за одвојувањето на душата од Бога – сето тоа го скршило срцето на Божјиот Син. {ПХ 13.1}

Но, оваа голема жртва не била принесена за да се разбуди во срцето на Отецот љубов кон човекот или пак желба да го спаси. Не, не! „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син”. (Јован 3:16). Отецот нè сака, но не заради таа голема жртва на помирување, туку Тој се погрижил за жртвата на помирување, затоа што нè љуби. Христос бил посредник преку кого Тој ја излеал својата бескрајна љубов кон паднатиот свет. „Зашто Бог беше во Христа, и светот го помири со себе“ (2. Коринтјаните 5:19). Бог страдал со Својот Син. Во агонијата во Гетсиманија, смртта на Голгота, срцето на бесконечната Љубов ја платило цената за нашето откупување. {ПХ 13.2}

Исус рекол: „Затоа Ме љуби Отецот, зашто Јас животот Свој си го полагам за да го примам пак“ (Јован 10:17). Тоа значи: „Мојот Отец толку ве сакаше, што дури и Мене уште повеќе ме засака, затоа што го дадов Својот живот за да ве откупам. Му станав мил на Мојот Отец станувајќи ваш Заменик и ваша Гаранција, положувајќи го Мојот живот, преземајќи ги вашите долгови, вашите престапи; Јас сум љубен од Својот Отец; затоа што со Мојата жртва Бог може да биде праведен, а сепак да го оправда оној што верува во Исуса!“ {ПХ 14.1}

Никој, освен Божјиот Син, не би можел да нè откупи; бидејќи Отецот можел да го објави само Оној, кој бил во Неговите прегратки. Божјата љубов можел да ја објави само Оној, кој ги запознал нејзините длабочини и висини. Само бесконечната жртва принесена од Христа во корист на паднатиот човек можела да ја изрази љубовта на Отецот кон изгубеното човештво. {ПХ 14.2}

„Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син”. Тој не го дал само за да живее меѓу луѓето, да ги носи нивните гревови и да умре како жртва за нив. Тој му го подарил на грешниот род. Христос морал да се поистовети со интересите и со потребите на човештвото. Тој, кој бил едно со Бога, се поврзал со човечките синови со врски што никогаш нема да се прекинат. „Исус не се срамува да ги нарече браќа“ (Евреите 2:11); Тој е наша Жртва, наш Застапник, наш Брат, кој и пред престолот на Отецот го носи нашиот лик и кој во текот на бесконечната вечност ќе остане соединет со родот што го откупил – Син човечки. А сето тоа е сторено за човекот да може да се подигне од пропаста и деградацијата предизвикани со гревот, за да може да ја одразува Божјата љубов и да учествува во радоста што ја донесува светоста. {ПХ 14.3}

Цената платена за нашиот откуп, бескрајната жртва што ја принесол нашиот небесен Отец, давајќи го Својот Син да умре за нас, сето тоа би требало да нè вдахне со возвишени мисли за она што би можеле да станеме во Христа. Гледајќи ја височината, длабочината и широчината на љубовта на Отецот кон родот што умира, вдахновениот апостол Јован бил исполнет со обожавање и со стравопочит; и не наоѓајќи згодни зборови да ја изрази големината и нежноста на таа љубов, го повикал светот да ја набљудува: „Гледајте колку голема љубов ни дал Отецот – да бидеме наречени чеда Божји”. (1. Јованово 3:1). Каква вредност му дава тоа на човекот! Преку престапот, човечките синови станале поданици на сатаната. Со вера во Христовата жртва на помирување, Адамовите синови можат да станат синови Божји. Земајќи ја човечката природа, Христос го воздигнал човештвото. Паднатите луѓе, поврзани со Христа, добиле можност навистина да станат достојни за името „синови Божји“. {ПХ 15.1}

Таквата љубов е неспоредлива. Деца на небесниот Цар! Драгоцено ветување! Тема за најдлабоко размислување! Неспоредлива Божја љубов кон светот што не го љубел! Оваа мисла има моќ да ја скроти душата и умот да го наведе на покорност на Божјата волја. Колку повеќе го проучуваме божествениот карактер во светлината на крстот, толку повеќе гледаме милост, нежност и простување, поврзани со непристрасност и правда; сè појасни ни стануваат безбројните докази за неограничената љубов и нежната милост, кои го надминуваат сочувството на мајката кон своето заскитано дете. {ПХ 15.2}

Сподели го ова:

Слични објави