Што да правиме со сомневањето?

Сподели го ова:

Мнозина, особено оние кои се млади во христијанскиот живот, често ги вознемирува она што ги тера на сомневање. Во Библијата постојат бројни текстови кои тие не можат да ги објаснат, или пак да ги разберат, и сатаната ги користи да ја поколеба нивната вера во Писмото како Божјо откровение. Тие прашуваат: „Како да го запознаам вистинскиот пат? Ако Библијата е навистина Божјо слово, како можам да се ослободам од таквите сомневања и недоумици?“ {ПХ 105.1}

Бог никогаш не бара да веруваме ако не ни пружи доволно докази на кои можеме да ја втемелиме нашата вера. Неговото постоење, Неговиот карактер, вистинитоста на Неговите зборови, сето тоа е поврзано со доказите коишто му се обраќаат на нашиот разум; а такви докази има многу. Сепак, Бог не ја отстранил можноста за сомневање. Нашата вера мора да почива на личната осведоченост, а не на набројување на доказите. Оние што сакаат да се сомневаат ќе имаат можност, додека пак оние кои навистина копнеат да ја запознаат вистината, ќе најдат изобилство од докази на кои можат да ја потпрат својата вера. {ПХ 105.2}

За ограничениот ум е невозможно во целост да го разбере карактерот и делата на Бесконечниот. И на најизострениот интелект, најобразованиот ум, светото Суштество секогаш ќе мора да остане обвиткано со превез на таинственост. „Можеш ли ти да проникнеш во тајните Божји, или да го доловиш совршенството на Сèможниот? Тоа е повисоко од небото, што ќе сториш? Подлабоко е од гробот, како ќе го познаеш?“ (Јов 11:7,8). {ПХ 105.3}

Апостол Павле извикува: „О длабино на богатството, на премудроста и на разумот Божји! Колку се недоловливи Неговите судови и неистражливи Неговите патишта!“ (Римјаните 11:33). Иако „околу Него е облак и мрак, темел на Неговиот престол се правичноста и судот“ (Псалм 97:2). Ние сме во состојба да го сфатиме Неговото по- стапување со нас, и побудите што го поттикнуваат, само толку колку да можеме да ја разбереме безграничноста на Неговата љубов и милост што се соединети со бесконечна сила. Од Неговите намери можеме да разбереме онолку колку што е добро за нас да знаеме; а за она што е повеќе од тоа мораме да се потпреме на семоќната рака, на срцето полно со љубов. {ПХ 106.1}

Божјото слово, како и карактерот на нејзиниот божествен Автор, изнесува тајни коишто ограничените суштества никогаш нема да можат во целост да ги разберат. Појавата на гревот во светот, отелотворувањето на Христа, новораѓањето, воскресението и бројни други теми со кои се занимава Библијата, се премногу длабоки тајни за човечкиот ум да си ги објасни или пак сосема да ги разбере. Меѓутоа немаме причина да се сомневаме во Божјото слово само затоа што не можеме да ги разбереме тајните на божественото провидение. И во светот на природата постојано сме опкружени со тајни, кои не можеме да ги спознаеме. И најскромните форми на живот се проблем, кој ни најмудрите филозофи не се во состојба да ги објаснат. На сите страни наидуваме на чуда кои ја надминуваат нашата моќ на разбирање. Смееме ли тогаш да бидеме изненадени што и во духовниот свет има тајни што не можеме да ги откриеме? Тешкотиите се единствено во слабоста и ограниченоста на човечкиот ум. Бог во Своето писмо ни дал доволно докази за божествениот карактер на светите списи, и ние не смееме да се сомневаме во Неговото слово, затоа што не можеме да ги разбереме сите тајни на Неговото провидение. {ПХ 106.2}

Апостол Петар вели дека во Писмото постојат „некои работи тешки за разбирање, кои ненаучените и неутврдените ги извртуваат…на своја пропаст“ (2. Петрово 3:16). Тешките места во писмото неверниците ги изнесувале како доказ против Библијата, но, далеку од тоа, тие силно потврдуваат дека Библијата е божествено вдахновена. Кога Библијата би давала само извештаи за Бога, кои би можеле лесно да ги сфатиме, кога Неговата големина и величество би можеле да го разберат ограничените умови, тогаш таа не би го носела непогрешливиот печат на Божјиот авторитет. Токму големината и таинственоста на темите за кои се зборува треба да нè вдахнат со вера во Библијата како Божјо слово. {ПХ 107.1}

Библијата ја открива вистината со таква едноставност и толку совршено ја прилагодува на потребите и тежнеењата на човечкото срце, што ги воодушевува и најобразованите умови и истовремено ги оспособува скромните и необразовани да го запознаат патот на спасението. Сепак, тие едноставно искажани вистини го насочуваат умот на толку возвишени и далекусежни теми, и толку бескрајно се над моќта на човечкото разбирање, што можеме да ги прифатиме само затоа што Бог ги објавил. И планот на спасението ни е откриен, така што секој може да ги види чекорите на покајание кои треба да ги направи кон Бога, чекори на вера кон Гос- под Исус Христос, за да се спаси онака како што Бог определил; сепак под тие вистини, кои на око така лесно се разбираат, лежат тајни кои ја сокриваат Божјата слава – тајни кои ја надминуваат моќта на умот кој ги проучува, а искрениот барател на вистината го вдахновуваат со стравопочит и вера. Колку повеќе ја проучуваме Библијата, се продлабочува убедувањето дека таа е слово на живиот Бог и човечкиот разум му се поклонува на величеството на божественото откровение. {ПХ 107.2}

Да признаеме дека не можеме потполно да ги сфатиме големите вистини на Библијата, значи само да се согласиме со фактот дека ограничениот ум е неспособен да го сфати неограниченото; дека човекот со своето ограничено знаење не може да ги разбере намерите на Сeзнaјниот. {ПХ 108.1}

Затоа што не можат да проникнат во сите негови тајни, сомнежливите и неверниците го отфрлаат Божјото слово; а ни сите оние кои велат дека ù веруваат на Библијата не се ослободени од опасноста на ова поле. Апостолот вели: „Внимавајте, браќа, случајно да не се најде во некого од вас расипано, неверно срце, така што да отпадне од живиот Бог“ (Евреите 3:12). Правилно е длабоко да ги истражуваме библиските учења и да ги испитуваме „Божјите длабочини“ (1. Коринтјаните 2:10) онолку колку што се откриени во Библијата. Иако „она што е тајно му припаѓа на нашиот Господ Бог“, она што е откриено е „наше и на нашите синови“ (Второзаконие 29:29). Меѓутоа сатаната настојува да ги изопачи истражувачките способности на човечкиот ум. Во текот на проучувањето на библиските вистини до израз доаѓа еден вид своевидна гордост, бидејќи луѓето стануваат нестрпливи и се чувствуваат поразени ако секој текст на Писмото не можат да си го објаснат на свое задоволство. Мислат дека премногу би ги понижило признавањето дека не се способни да проникнат во Божјото слово. Не се подготвени трпеливо да го чекаат Бога да најде за добро да им ја открие вистината. Мислат дека нивната човечка мудрост е доволна без ничија помош да го сфатат Писмото, а откако во тоа нема да успеат, тие всушност ù го порекнуваат на Библијата нејзиниот авторитет. Вистина е дека бројни теории и доктрини, за кои се смета дека произлегуваат од Библијата, немаат никаков темел во нејзиното учење и суштински се спротивставуваат на целиот глас на Вдахновението. Сето тоа во многу умови предизвикало сомневање и збунетост. Меѓутоа за тоа не треба да го обвинуваме Божјото слово, туку човековото извртување на Писмото. {ПХ 108.2}

Кога на создадените суштества би им било овозможено совршено да го разберат Бога и Неговите дела, тие, постигнувајќи ја таа цел, би ја загубиле секоја можност и понатаму да ја откриваат вистината, да растат во познавањето, и понатаму да го развиваат умот и срцето. Бог повеќе не би бил највисок; а човекот би престанал да напредува. Да му заблагодариме на Бога што не е така! Бог е навистина бескраен: во Него е „сето богатство на премудроста и разумот“ (Колосјаните 2:3). Луѓето би можеле цела вечност секогаш да проучуваат, постојано да учат, но сепак никогаш да не ги исцрпат ризниците на Божјата мудрост, Неговата добрина и сила. {ПХ 109.1}

Бог сака Неговиот народ веќе во овој живот постојано и сè подобро да се запознава со вистините на Неговото слово. Постои само еден начин да се стекне ова знаење. Божјото слово може да го разбереме единствено кога ќе нè просветли оној ист Дух, преку кој тоа било дадено. „Така, никој не ги знае Божјите тајни, освен Божјиот Дух; зашто Духот испитува сè, и длабините Божји“ (1. Коринтјаните 2:11,10). Спасителот на Своите следбеници им ветил: „А кога ќе дојде Тој, Духот на вистината, ќе ве упати на секоја вистина…зашто ќе земе од Моето и тоа ќе ви го објави вам“ (Јован 16:13,14). {ПХ 109.2}

Божја намера е човекот да ги развива своите способности и моќта на расудување; а проучувањето на Библијата го јакне и облагородува умот подобро од кое и да е друго проучување. Меѓутоа, мораме да се чуваме од обожување на разумот бидејќи тој е подложен на слабостите и недостатоците на човечкиот род. Ако не сакаме Писмото да ни биде неразбирливо, најјасните вистини несфатливи, мораме да бидеме едноставни и да имаме вера на малечко дете, да бидеме готови да учиме и топло да се молиме за помош на Светиот Дух. Свеста за Божјата сила и мудрост и нашата неспособност да ја сфатиме Неговата големина треба да нè вдахне со понизност, и Неговото слово треба да го отвораме како да стапуваме во Негова близина со светa стравопочит. Кога ќе ја отвориме Библијата, нашиот разум мора да го признае авторитетот, кој е поголем од неговиот, и срцето и умот мора да се поклонат пред големиот „СУМ“. {ПХ 109.3}

Многу текстови ни изгледаат тешки и нејасни, но Бог ќе ги на- прави јасни и разбирливи за оние, кои на овој начин се трудат да ги разберат. Меѓутоа, без водството на Светиот Дух, секогаш ќе бидеме склони да ги извртуваме Писмата или погрешно да ги толкуваме. Често самото читање на Библијата не носи никаква полза, напротив нанесува вистинска штета. Кога Божјото слово се отвора без почит и молитва; кога мислите и чувствата не му се посветени на Бога, или не се во склад со Неговата волја, умот е замрачен со сомневање; и во текот на самото проучување на Библијата јакне неверството. Непријателот го презема управувањето со мислите и предлага толкувања кои не се правилни. Кога луѓето не се трудат со збор и со дело да бидат во согласност со Бога, тогаш без оглед на степенот на своето образование – тие се склони кон погрешно толкување на Писмата и затоа не можеме да имаме доверба во нивните толкувања. Оние кои ги истражуваат Писмата за да најдат противречности, немаат духовна проникливост. Таквото искривено гледање ќе ги наведе да пронајдат причина за сомневање и неверство, дури и во она што е сосема јасно и едноставно. {ПХ 110.1}

Иако тие можеби го прикриваат тоа, во поголем број случаи вистинската причина за сомневање и неверување е љубовта кон гревот. Учењата и ограничувањата што ги содржи Божјото слово не се добредојдени за горделивото срце кое го сака гревот, а оние кои не се подготвени да ги послушаат нејзините барања, готови се да се посомневаат во нејзиниот авторитет. За да ја доловиме вистината, мораме да имаме искрена желба да ја запознаеме и готовност во срцето да ја послушаме. Сите оние кои со таков дух пристапуваат кон проучување на Библијата, ќе најдат изобилство докази дека таа е Божјо слово и ќе ги разберат нејзините вистини, кои ќе ги сторат мудри за спасение. {ПХ 111.1}

Христос рекол: „Кој сака да ја твори Неговата волја, ќе разбере дали оваа наука е од Бога“ (Јован 7:17). Наместо да приговарате и да се сомневате во она што не го разбирате, послушајте го виделото што веќе ве осветлува, и ќе добиете поголема светлина. Со Христова благодат извршете ја секоја должност којашто досега ви е јасно покажана, па ќе добиете способност да ги разберете и извршите и оние кои сè уште не ви се јасни. {ПХ 111.2}

Постои доказ што им е достапен на сите – и на најобразованите и на најнеучените – доказот на искуството. Бог нè повикува сами за себе да ја провериме вистинитоста на Неговото слово, веродостојноста на Неговите ветувања. Тој ни заповеда: „Вкусете и видете колку е добар Господ“ (Псалм 34:8). Наместо да се потпираме на нечии зборови, треба сами да испитуваме. Тој објавува: „Барајте и ќе примите“ (Јован 16:24). Неговите ветувања ќе се исполнат. Тие никогаш не изневериле и никогаш не можат да изневерат! И додека му се приближуваме на Исуса и се радуваме во изобилство на Неговата љубов, сомневањето и мракот ќе исчезнат во светлината на Неговото присуство. {ПХ 111.3}

Апостол Павле вели дека Бог „нè избави од власта на темнината и нè премести во царството на Својот сакан Син“ (Колосјаните 1:13). А секој што преминал од смртта во живот е способен да „потврди дека Бог е вистинит“ (Јован 3:33). Таквиот може да посведочи: „Ми беше потребна помош и ја најдов во Исуса. Секоја моја потреба беше задоволена, заситен гладот на мојата душа, и Библијата сега ми е откровение на Исуса Христа. Прашувате зошто верувам во Исуса? – Затоа што Тој ми е божествен Спасител! Зошто ù верувам на Библијата? – Затоа што се уверив дека тоа е глас со кој Бог ù зборува на мојата душа!“ Ние самите себеси можеме да си посведочиме дека Библијата е вистинита, дека Христос е Божји Син. Ние знаеме дека не се поведуваме по лукаво измислени бајки. {ПХ 112.1}

Петар ги предупредува своите браќа да „напредуваат во благодатта и во познавањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос“ (2. Петрово 3:18). Кога Божјиот народ ќе расте во благодатта, сè појасно ќе го разбира Божјото слово. Тој ќе пронаоѓа нова светлина и нова убавина во неговите свети вистини. Тоа се покажало и во текот на историјата на Црквата во сите векови, и така и ќе продолжи до самиот крај. „А патот праведнички е како светло видело, кое сè повеќе свети, додека не настапи полниот ден“ (Изреки 4:18). {ПХ 112.2}

Со вера ние можеме да гледаме во вечноста и да се држиме за Божјото ветување дека човечкиот разум ќе се развие, човечките способности ќе се соединат со божествените, а секоја душевна сила ќе дојде во директен допир со Изворот на светлината. Ние можеме да се радуваме, затоа што сè што нè збунувало во Божјото провидение, тогаш ќе биде разјаснето, дека сè што ни било тешко сфатливо, ќе добие свое објаснување; и таму каде што со нашиот ограничен ум сме наидувале само на збрки и изјаловени намери, ќе видиме најсовршена и најубава хармонија. „Сега гледаме како на огледало, нејасно, а тогаш лице в лице. Сега сфаќам делумно, а тогаш ќе сфатам потполно, како и самиот што сум наполно познат“ (1. Коринтјаните 13:12). {ПХ 112.3}

Сподели го ова:

Similar Posts