Покајание
Како може човекот да биде прав пред Бога? Како може грешникот да стане праведен? Само Христос може да нè доведе во хармонија со Бога, во хармонија со светоста; но како да дојдеме кај Христа? Мнозина го поставуваат истото прашање што го поставило мноштвото на денот на Педесетница, кога, осведочено за својата грешност, извикало: „Што да правиме?“ Првите зборови во одговорот на Петар биле: „Покајте се!“ (Дела 2:37,38). Кратко потоа, во една друга прилика, рекол: „Покајте се,… и обратете се за да се исчистите од своите гревови!“ (Дела 3:19). {ПХ 23.1}
Во покајанието е вклучена жалост поради гревот и одвојување од него. Ние нема да го отфрлиме гревот ако не ја увидиме неговата расипаност; сè додека нашето срце не се откаже од него, нема да има никаква вистинска промена во нашиот живот. {ПХ 23.2}
Мнозина не успеваат да ја сфатат вистинската природа на покајанието. Тие жалат затоа што грешеле и дури привидно се менуваат само затоа што се плашат дека ќе мора да трпат поради своите лоши дела. Но тоа не е покајание во библиска смисла на зборот. Тие се жалат на страдањата наместо на гревот. Таква била болката на Исав кога сфатил дека засекогаш го загубил првенството. Валам, уплашен од ангелот кој стоел на неговиот пат со извлечен меч, ја признал својата вина за да не го загуби животот; но тука немало вистинско каење поради гревот, немало промена на намерите, не се јавила одвратност кон злото. Откако го предал својот Господ, Јуда Искариот извикнал: „Јас згрешив што предадов невина крв!“ (Матеј 27:4). {ПХ 23.3}
Ова признание се оттргнало од неговата грешна душа под неподнослив притисок на свеста за вината и во страшно очекување на осудата. Последиците што му се заканувале го исполниле со ужас, но во неговата душа немало длабока жалост што го кине срцето, не жалел што го предал неизвалканиот Божји Син и што се откажал од Светецот Израилев. Додека ги поднесувал Божјите казни, фараонот го признавал својот грев за да го избегне натамошното казнување, но продолжувал да му пркоси на Небото штом казните биле запрени. Сите овие оплакувале заради последиците на гревот, но не ги обземала жалост поради самиот грев. {ПХ 24.1}
Но кога срцето ќе му се предаде на влијанието на Божјиот Дух, совеста се буди и грешникот разузнава по нешто од длабината и светоста на Божјиот свет закон кој е темел на Неговото владеење и на небото и на земјата. „Светлината што го осветлува секој човек кој доаѓа на светот“, (Јован 1:9) ги расветлува тајните одаи на душата и скриените дела на темнината излегуваат на виделина. Умот и срцето се осведочуваат. Грешникот станува свесен за Божјата праведност, и чувствува ужас да се појави под товарот на својата вина и расипаност, пред Оној кој ги испитува срцата. Тој ја гледа Божјата љубов, убавината на светоста, радоста на чистотата; копнее да биде исчистен и достоен за врска со Небото. {ПХ 24.2}
Давидовата молитва по паѓањето, покажува како изгледа вистинската жалост поради гревот. Неговото покајание било искрено и длабоко. Во молитвата не вложувал напор да ја намали својата вина; не изразувал желба да ја избегне казната што му се заканувала. Давид ја увидел големината на својот престап; сфатил дека ја извалкал душата; се гнасел од својот грев. Не се молел само за простување, туку за очистување на срцето. Копнеел за радоста на светоста – за обновување на хармонијата и заедницата со Бога. Вака проговорила неговата душа: {ПХ 24.3}
„Блажен е оној чие безаконие е простено,
и чиј грев е покриен.
Блазе на човекот на кого Господ
не му го припишува гревот,
и во чиј дух нема измама“ {ПХ 25.1}
(Псалм 32:1.2).
„Смилуј ми се, Боже,
според Твоето милосрдие,
и според големите помилувања Твои
избриши ги моите беззаконија…
Зашто ги признавам моите престапи,
и мојот грев е секогаш пред мене…
Пороси ме со исоп и ќе бидам чист;
измиј ме и ќе бидам побел од снегот…
Создај ми Боже, чисто срце,
и вистинскиот дух обнови го во мене.
Не ме отфрлај од Твоето лице,
и Својот Свет Дух не одземај го од мене.
Врати ми ја радоста на Своето спасение,
и зацврсти ме со слободен дух…
Ослободи ме од пролеаната крв, О Боже,
Спасителе мој,
и тогаш мојот јазик гласно ќе ја слави
Твојата праведност“ {ПХ 25.2}
(Псалм 51:1-14).
Покајанието, како што е ова, ги надминува нашите сили и ние не можеме да го постигнеме, туку можеме да го добиеме само од Христа, кој се издигнал во височините и им дал дарови на луѓето. {ПХ 25.3}
Токму овде мнозина грешат и затоа не ја добиваат помошта што сака да им ја даде Христос. Тие мислат дека не можат да му пристапат на Христа ако прво не се покајат и дека покајанието ги приготвува за простување на нивните гревови. Вистина е дека покајанието му претходи на простувањето на гревовите, бидејќи само скршеното и понизно срце чувствува потреба за Спасителот. Но мора ли грешникот да чека да се покае па дури тогаш да може да дојде кај Исуса? Треба ли покајанието да се подигнува како пречка меѓу грешникот и Спасителот? {ПХ 26.1}
Библијата не кажува дека грешникот мора да се покае пред да го послуша Христовиот повик: „Дојдете кај Мене сите кои сте уморни и натоварени и Јас ќе ви дадам одмор“ (Матеј 11:28). Силата што доаѓа од Христа води кон вистинско покајание. Петар им го објаснил ова на Израелците кога рекол: „Него го возвиши Бог со својата десница за Поглавар и Спасител, да му даде на Израел покајание и простување на гревовите“ (Дела 5:31). Ние не можеме да се покаеме без Христовиот Дух, кој ја буди нашата совест, како што не можеме да добиеме ниту простување без Христа. {ПХ 26.2}
Христос е извор на секоја добра побуда. Само Тој може да всади во срцето непријателство кон гревот. Секоја желба за вистината и за чистота, секое осведочување за нашата сопствена грешност е доказ дека Неговиот Дух делува на нашите срца. {ПХ 26.3}
Исус рекол: „А Јас, кога ќе бидам подигнат од земјата, ќе ги при- влечам сите кон себе“ (Јован 12:32). Христос мора да му се открие на грешникот како Спасител, кој умира за гревовите на светот; и додека го гледаме Божјото Јагне на крстот на Голгота, на нашиот ум почнува да му се открива тајната на откупувањето и Божјата добрина почнува да нè води на покајание. Умирајќи за грешниците, Христос покажал несфатлива љубов; и додека грешникот ја согледува таа љубов, истата го омекнува неговото срце, влијае врз умот и душата ја прави понизна. {ПХ 26.4}
Вистина е дека понекогаш луѓето се засрамуваат од своите грешни патишта и отфрлаат некои свои лоши навики и пред да станат свесни дека се привлечени кон Христа. Но кога и да се обидуваат да се поправат, со искрена желба да прават добро, Христовата сила е таа која ги привлекува. Врз душата делува влијание за кое не се ни свесни, совеста се буди и во животот настанува видлива промена. И кога Христос ќе ги привлече да го гледаат Неговиот крст, да го набљудуваат Оној кого го приковале нивните гревови, тогаш заповедите се впишуваат во нивната совест. Им се открива сета злоба на нивниот живот, гревот што длабоко се вкоренил во нивната душа. Почнуваат да сфаќаат по нешто од Христовата праведност и извикнуваат: „Тогаш што е гревот за да биде потребна таква жртва за откуп на неговите робови? Зар навистина била потребна сета таа љубов, сето тоа страдање, сето тоа понижување за ние да не загинеме туку да имаме живот вечен?“ {ПХ 27.1}
Грешникот може да ù се спротивстави на таа љубов, може да одбие да биде привлечен кон Христа; но ако не се спротивставува, Исус ќе го привлече; познавањето на планот на спасението ќе го доведе до подножјето на крстот, полн со покајание поради своите гревови што ги предизвикале страдањата на Божјиот мил Син. {ПХ 27.2}
Истиот божествен ум, кој делува во природата, им се обраќа и на срцата на луѓето, будејќи во нив неискажан копнеж за она што го немаат. Она што е во светот не може да го задоволи нивниот копнеж. Божјиот Дух ги преколнува да се стремат кон она што единствено може да им даде мир и одмор – кон Христовата благодат и радоста на светоста. Служејќи се со видливи и со невидливи влијанија, нашиот Спасител е постојано на дело со цел умот на луѓето да го одврати од грешните уживања што не ситат и да го насочи кон неизмерните благослови што можат да ги добијат во Него. На сите тие души, што напразно се обидуваат да пијат од издупчените извори на овој свет, им е упатена божествената порака: „Кој е жеден нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум“ (Откровение 22:17). {ПХ 28.1}
Ти, кој во срцето копнееш за нешто подобро од она што може да ти го пружи овој свет, препознај го тој копнеж како Божја порака упатена на твојата душа! Моли го да ти даде покајание, да ти го открие Христа со сета Негова неизмерна љубов, со Неговата совршена чистота! Во животот на Спасителот, начелата на Божјиот закон, љубовта кон Бога и кон ближните, биле совршено објаснети со пример. Доброчинство, несебична љубов – било животот на Неговата душа. И дури кога ќе го гледаме Него, кога светлината од нашиот Спасител ќе нè осветли и нас, тогаш ја гледаме грешноста на нашите сопствени срца. {ПХ 28.2}
Ние можеме да си ласкаме себеси, како што го правел тоа Никодим, дека животот ни е праведен, моралниот лик беспрекорен, и да мислиме дека не мораме да ги понизиме срцата пред Бога како обични грешници, но, кога Христовата светлина ќе ги осветли нашите души, ќе видиме колку сме нечисти, ќе сфатиме дека нашите побуди се себични, дека непријателството кон Бога го извалкало секое наше дело. Тогаш ќе сфатиме дека нашата праведност е како нечиста облека и дека само Христовата крв може да нè очисти од нечистотијата на гревот и да го обнови нашето срце според Неговиот лик. {ПХ 28.3}
Само еден зрак на Божјата слава, една искра на Христовата чистота, кога ќе проникне во душата, со болна јасност ја открива секоја грозна дамка и ја обелоденува деформираноста и недостатоците на човечкиот карактер. Тој зрак, таа искра, ги прави видливи непосветените желби, неверноста на срцето и нечистотијата на усните. На грешникот неговите вероломни обиди Божјиот закон да го прогласи за неважен му се покажуваат во вистинска светлина и неговиот дух е погоден и потиштен под проникливото делување на Божјиот Дух. Тој се гнаси самиот од себе гледајќи го чистиот, неизвалкан Христов карактер. {ПХ 29.1}
Кога пророкот Даниел ја видел славата што го опкружувала од небесниот весник што му бил пратен, го обзело чувство на сопствената слабост и несовршенство. Опишувајќи го делувањето на таа прекрасна сцена, тој вели: „И не остана сила во мене, затоа што убавината ми се нагрди, и немав сила“ (Даниел 10:8). Душата, трогната на ваков начин, ќе ја замрази својата себичност, ќе се гнаси од своето самољубие, и под влијание на Христовата праведност, ќе се стреми кон чистота на срцето, што е во согласност со Божјиот закон и со Христовиот карактер. {ПХ 29.2}
Павле кажува дека „според правдата законска“ – ако се има предвид само формалното исполнување на прописите – тој бил „без мана“ (Филипјаните 3:6); но кога го запознал духовниот карактер на законот, сфатил дека е грешник. Според словото на законот, онака како што го применуваат луѓето во животот, Павле се воздржувал од гревот; но кога ја запознал длабината на светите правила на законот и се видел себеси онака, како што го гледа Бог, во понизност се поклонил и ја признал својата вина. Тој вели: „А јас некогаш живеев без законот, а кога дојде заповедта, тогаш гревот оживеа, а јас умрев“ (Римјаните 7:9,10). Кога ја сфатил духовната природа на законот, гревот се појавил во сета своја одвратност и неговата горделивост исчезнала. {ПХ 29.3}
Бог не ги смета сите гревови подеднакво големи; според Негова оценка, исто како и според оценката на човекот, постојат степени на вина; но, колку и безначајно може да изгледа ова или она злодело во човечките очи, ниту еден грев не е малечок пред Бога. Човечките судови се пристрасни, несовршени; но Бог ги оценува сите нешта онака како што тие навистина се. Пијаницата го презираат и велат дека неговиот грев го исклучува од небото; додека горделивоста, себичноста и зависта премногу често поминуваат без укор. Меѓутоа, тие гревови посебно му се одвратни на Бога, затоа што ù се противат на добрината на Неговиот карактер, на атмосферата на несебичната љубов што владее во безгрешната вселена. Оној што паѓа во тежок грев, може да го почувствува својот срам и беда и да почувствува потреба од Христовата благодат; но горделивоста не чувствува никаква потреба и со тоа срцето се затвора за Христа и за бескрајните благослови што Тој дошол да ги донесе. {ПХ 30.1}
Кутриот цариник кој се молел: „Боже, биди милостив спрема мене грешникот“ (Лука 18:13), себеси се сметал за мошне расипан човек, а и другите го гледале со исти очи; но тој ја почувствувал својата потреба и со својот товар на вината и срамот дошол пред Бога барајќи милост од Него. Тој го отворил срцето пред милосливото влијание на Божјиот Дух да го ослободи од силата на гревот. Фаленичката самоуверена молитва на фарисејот покажала дека неговото срце е затворено за влијанието на Светиот Дух. Оддалечувајќи се од Бога, тој и не ја чувствувал својата извалканост која била наполно спротивна на совршенството на божествената светост. Не чувствувал никаква потреба и ништо и не примил. {ПХ 30.2}
Кога ќе ја увидите својата грешност, не чекајте да се поправите. Колку има такви кои мислат дека не се доволно добри да дојдат кај Христа! Очекувате ли да се поправите со свои сопствени напори? „Може ли Етиопјанецот да ја промени својата кожа или рисот шарките? Можете ли вие да правите добро кога сте научиле да правите зло?“ (Еремија 13:23). Нам може да ни помогне само Бог. Ние не треба да чекаме поцврсто осведочување, подобри прилики, посвет карактер. Ние сами не можеме ништо да сториме. Мораме да дојдеме кај Христа токму онакви какви што сме. {ПХ 31.1}
Но никој нека не се лаже мислејќи дека Бог, во својата голема љубов и милост, сепак ќе ги спаси дури и оние кои ја одбиле Неговата благодат. Неизмерната тежина на гревот може да се процени единствено во светлината на крстот. Кога луѓето тврдат дека Бог е премногу добар за да го отфрли грешникот, укажете им на Голгота. Токму затоа што немало друг начин човекот да се спаси, што без оваа жртва човечкиот род не би можел да се избави од срамната сила на гревот и повторно да воспостави заедница со светите суштества – што не му било можно повторно да земе удел во духовниот живот – токму затоа Христос ја презел на Себе вината на непослушните и трпел наместо грешниците. Љубовта, страдањето и смртта на Божјиот Син – сето тоа сведочи за ужасната големина на гревот и објавува дека нема ослободување од неговата моќ ниту надеж во подобар живот, освен во покорувањето на душата на Христа. {ПХ 31.2}
Непокајаните понекогаш се изговараат споредувајќи се со оние што мислат дека се христијани: „И јас сум исто толку добар колку и тие. Тие во однесувањето не покажуваат ни малку повеќе самооткажување, трезвеност или внимателност во своето однесување од мене. И ним им се мили уживањата и попуштањето кон гревот како и мене!“ И така слабостите на другите тие ги користат како изговор за своето сопствено занемарување на должностите. Но гревовите и маните на другите никого не го оправдуваат, зашто Господ не ни ги дал грешните луѓе за пример. За пример ни е даден неизвалканиот Божји Син и токму тие кои се жалат на неправилниот живот на привидните христијани, би требало да живеат подобар живот и да покажат поблагороден пример. Ако нивните сфаќања за она што мора да го прави христијанинот се толку возвишени, нели тогаш и нивниот грев е сразмерно поголем? Тие знаат што е право, а сепак одбиваат да го прават. {ПХ 32.1}
Чувајте се од одложување. Не ја одложувајте одлуката да ги отфрлите своите гревови и со Исусова помош да го исчистите срцето. Илјадници и илјадници токму овде згрешиле и биле загубени за сета вечност. Не сакам да се задржам многу во расправа за краткоста и несигурноста на животот; но страшна опасност – опасност што не е доволно разбрана – се крие во колебањето да му се покориме на преколнувачкиот глас на Божјиот Свет Дух и да останеме во гревот, зашто колебањето токму тоа значи. На гревот, колку и да го сметаме за мал, можеме да му попуштиме само со ризик да бидеме загубени за сета вечност. Она што нема да го совладаме ние, ќе нè совлада нас и ќе предизвика наша пропаст. {ПХ 32.2}
Адам и Ева самите себеси се увериле дека толку незначителното дело, како што е јадењето од забранетиот плод, не може да има толку страшни последици како што рекол Бог. Но тоа незначително дело било престап на Божјиот непроменлив свет закон, што го одвоило човекот од Бога и ги урнало браните за смрт и неискажани страдања да го преплават нашиот свет. Од столетие во столетие од нашата земја постојано се издигнувале извици на болки и сите созданија заеднички воздивнувале и болно страдале од последиците на човечката непослушност. И самото Небо го чувствувало влијанието на неговиот бунт против Бога. Голгота стои како споменик на прекрасната жртва, која била потребна за да се покрие престапот на божествениот Закон. Гревот не треба да го сметаме за нешто незначително. {ПХ 33.1}
Секој престап, секое занемарување или отфрлање на Христовата благодат, остава свои последици врз нас; тоа го стврднува срцето, ја ослабнува волјата, го отапува умот и не само што нè прави помалку готови, туку и помалку способни да ги послушаме нежните повици на Божјиот Свет Дух. {ПХ 33.2}
Мнозина ја умируваат разбудената совест со мислата дека можат да се вратат од својот лош пат секогаш кога ќе посакаат; дека можат да си играат со повиците на милоста, а сепак да останат трајно чувствителни кон нивното влијание. Иако му пркоселе на Духот на благодатта, иако своето влијание го ставиле во служба на сатаната, тие мислат дека сепак ќе можат да ја променат насоката на животот во мигот кога ќе настапи страшната криза. Но тоа не е така лесно да се стори. Искуствата и воспитувањето во текот на целиот живот толку темелно го формирале карактерот, што тогаш само ретки посакуваат да бидат слични на Исуса. {ПХ 33.3}
Дури и само една мана во карактерот, само една грешна желба, ако упорно се негува, на крајот ќе го поништи сето влијание на евангелието. Секое попуштање на гревот ја засилува одбивноста на душата кон Бога. Човекот, кој е упорен во своето неверство, кој е тапо рамнодушен кон божествената вистина, само го жнее она што самиот го посеал. Во целата Библија нема пострашно предупредување против играњето со злото од зборовите на мудриот човек дека грешникот „ќе го држат јажињата на неговите гревови“ (Изреки 5:22). {ПХ 34.1}
Христос е подготвен да нè ослободи од гревот, но на тоа не нè присилува; и ако нашата волја со постојаното престапување е наполно потчинета на злото и ако ние не сакаме да се ослободиме, ако не сакаме да ја прифатиме Неговата благодат, тогаш што би можел Тој уште да стори? Ние самите себеси сме се упропастиле со нашето намерно отфрлање на Неговата љубов. „Еве, сега е благопријатното време, еве, сега е денот на спасението. Денес ако го чуете Неговиот глас, немојте да ги стврднувате своите срца”. (2. Коринтјаните 6:2; Евреите 3:7,8). {ПХ 34.2}
„Човекот гледа на надворешноста, а Господ гледа на срцето“ (1. Самоилова 16:7) – на човечкото срце, исполнето со противречни чувства на радост и тага, на немирното самоволно срце во кое има толку нечистотии и измами. Тој ги знае неговите побуди, неговите вистински намери и цели. Појдете кај Него со својата извалкана душа, онаква каква што е. Како и псалмистот, отворете ги сите нејзини катчиња за окото кое гледа сè и извикнете: „Испитај ме, Боже, и запознај го моето срце; испитај ме и запознај ги моите помисли: погледај да не одам на гибелен пат, и води ме по вечниот пат“ (Псалм 139:23;24). {ПХ 34.3}
Мнозина прифаќаат само интелектуална религија, само форма на побожноста што не бара чистење на срцето. Вашата молитва нека биде: „Создај ми, Боже чисто срце, и вистинскиот дух обнови го во мене“ (Псалм 51:10). Бидете чесни кон својата душа. Бидете исто толку сериозни, исто толку истрајни, како да е во прашање вашиот поминлив живот. Тоа е прашање што мора да се реши меѓу Бога и вашата душа, да се реши за вечноста. Ако немате ништо друго освен лажна надеж, се движите кон сигурна пропаст. {ПХ 35.1}
Проучувајте го Божјото слово со молитва. Тоа слово, во Божјиот закон и во Христовиот живот, ви ги изнесува големите начела на светоста без кои „никој нема да го види Господа“ (Евреите 12:14). Тоа осведочува за гревот; тоа јасно го открива патот на спасението. Послушајте го како Божји глас што ù зборува на вашата душа. {ПХ 35.2}
Кога ќе ја увидите сета стравотија на гревот, кога ќе ја сфатите својата вистинска состојба, немојте да очајувате. Христос дошол ток- му затоа да ги спаси грешниците. Не е наше да го помириме Бога со себе, туку – о чудесна љубов! – сам Бог во Христа го помири „светот со Себе“ (2. Коринтјаните 5:19). Тој со својата нежна љубов ги повикува кај себе срцата на своите заскитани деца. Ниту еден земен родител не би можел да биде толку стрплив кон маните и грешките на своите деца како што е Бог, кон оние што сака да ги спаси. Никој не би можел посесрдно да го повикува престапникот. Ниедни човечки усни никогаш не му се обраќале понежно на заскитаниот, отколку Неговите. Сите Негови ветувања, сите Негови предупредувања, се само воздишки на неискажлива љубов. {ПХ 35.3}
Кога сатаната доаѓа да ви зборува дека сте голем грешник, погледнете кон својот Откупител и зборувајте за Неговите заслуги. Гледањето кон Неговата светлина ќе ви помогне. Признајте го својот грев, но кажете му на непријателот дека „Исус Христос дојде на светот да ги спаси грешниците“ (1. Тимотеј 1:15) и дека и вие можете да бидете спасени со Неговата ненадмината љубов. Исус на Симона му поставил прашање за двајца должници. Едниот му должел на господарот мал износ, а другиот му бил должен многу голема сума, но тој им простил на двајцата. Христос го прашал Симона кој должник ќе го сака повеќе својот господар. Симон одговорил: „Оној кому повеќе му простил“ (Лука 7:43). Ние сме биле големи грешници, но Христос умрел за да може да ни биде простено. Било доволно да му ги изнесе на својот Отец заслугите на својата жртва во наша корист. Оние на кои најмногу им простил, ќе го љубат најмногу и ќе стојат најблизу до Неговиот престол да го слават заради Неговата голема љубов
и неизмерна жртва. Токму тогаш, кога најпотполно ќе ја сфатиме Божјата љубов, најдобро ја увидуваме и злобата на гревот. Кога ќе ја видиме должината на веригата што ни е подадена, кога донекаде ќе ја сфатиме големината на жртвата што Христос ја сторил заради нас, тогаш нежноста и понизноста ќе го омекнат и нашето срце. {ПХ 35.4}