На грешникот му е потребен Христос
Човекот првобитно бил надарен со благородни способности и добро урамнотежен ум. Тој бил совршен во своето битие и во хармонија со Бога. Неговите мисли биле чисти, неговите цели свети. Но, непослушноста ги изопачила неговите способности и наместо љубовта, се појавила себичност. Престапот во толкава мера ја ослабел неговата природа, што со своја сила воопшто не можел повеќе да ù се спротивстави на силата на злото. Станал роб на сатаната и засекогаш би останал таков кога самиот Бог не би се вмешал. Искушувачот имал намера да го осуети божествениот план во создавањето на човекот и Земјата да ја исполни со тага и очај. Сите тие зла сакал да ги претстави како последица на Божјото дело во создавањето на човекот. {ПХ 17.1}
Во својата безгрешна состојба, човекот одржувал радосна врска со Оној „во Кого се скриени сите сокровишта на мудроста и знаењето“ (Колосјаните 2:3). Но, по сторениот грев, светоста не му причинувала повеќе радост, и тој се обидел да се скрие од Божјото присуство. Непрепороденото срце и сега се наоѓа во таква состојба. Тоа не е во хармонија со Бога, ниту пак наоѓа радост во заедницата со Него. Грешникот не би можел да биде среќен во Божјо присуство; нему друштвото на светите суштества би му било непријатно. И кога би му било дозволено да дојде на Небо, тоа не би му пружило никаква радост. Духот на несебичната љубов што владее таму – секое срце соединето со срцето на бескрајната Љубов – не би нашол одглас во неговата душа. Неговите мисли, неговите интереси, неговите побуди, би биле во расчекор со она што ги раздвижува безгрешните небесни жители. Тој би бил нескладна нота во небесната мелодија. За него небото би било место на мачење; тој би копнеел да се сокрие од Оној кој е светлина и центар на радоста на небото. Бог не одлучил самоволно да ги исклучи грешните од небото; тие сами се исклучуваат со својата непогодност за небесната заедница. Божјата слава за нив би била оган, кој спалува. Тие би го поздравиле уништувањето, само да се скријат од лицето на Оној Кој умрел за да ги откупи. {ПХ 17.2}
Ние не можеме сами да се избавиме од понорот на гревот во кој сме паднале. Нашите срца се зли и ние не можеме да ги промениме. „Кој ќе извлече чисто од нечисто? Никој!“ „Зашто копнежот на телото е непријателство против Бога, тој не му се подредува на законот Божји затоа што не може“ (Јов 14:4; Римјаните 8:7). Образованието, културата, користењето на волјата, човечките напори, сето тоа има своја сфера на делување, но тука тие се беспомошни. Можеби со тоа може да се постигне надворешна коректност во однесувањето, но не може да се промени срцето; не можат да се исчистат изворите на животот. Мора да постои сила која делува одвнатре, нов живот одозгора, за да може човекот да се промени, да го остави гревот и да стане свет. Таа сила е Христос. Само Неговата благодат може да ги оживее замрените способности на душата и да ја привлече кон Бога, кон светоста. {ПХ 18.1}
Спасителот рекол: „Ако некој не се роди одозгора“, ако не прими ново срце, нови желби, нови намери и побуди што водат во нов живот, „не може да го види царството Божјо“ (Јован 3:3). Идејата дека е доволно да се развива само доброто што по природа постои кај човекот, е опасна измама. „Телесниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух: за него тоа е безумство; и не може да го разбере, зашто тоа треба со помошта на Духот да се испита”. „Не чуди се што ти реков: вие треба да се родите одозгора“ (1. Коринтјаните 2:14; Јован 3:7). За Христа е напишано: „Во Него беше Животот и Животот им беше светлина на луѓето,“ – единственото „име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме“ (Јован 1:4; Дела 4:12). {ПХ 18.2}
Не е доволно да се почувствува Божјата благост, да се види добронамерноста и татковската нежност на Неговиот карактер. Не е доволно да се препознае мудроста и праведноста на Неговиот закон, да се разбере дека е втемелен врз вечното начело на љубовта. Апостол Павле сето тоа го видел кога извикал: „Се согласувам со Законот дека е добар!“ „Законот е свет, и заповедта света, справедлива и добра!“ Но, исполнет со горчината на своите душевни маки и со очај, додава: „А јас, пак, сум телесен, продаден на гревот како роб!“ (Римјаните 7:16,12,14). Тој копнеел за чистота, праведност, кои не можел да ги постигне со своја сила, и извикнува: „Колку несреќен човек сум јас! Кој ќе ме избави од ова тело на смртта?“ (Стих 24). Истиот извик им се истргнувал од обремените срца во сите земји и во сите векови. За сите, постои само еден одговор: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“ (Јован 1:29). {ПХ 19.1}
Божјиот Дух се обидувал оваа вистина симболички да ја прикаже на многу начини и да им ја објасни на душите што копнеат да се ослободат од товарот на вината. Кога бегал од домот на својот татко, откако згрешил, измамувајќи го Исава, Јаков бил оптоварен со чувство на вина. Осамен и во прогонство, одделен од сето она што животот му го правело драг, неговата душа најмногу од сè ја мачела мислата и стравот дека неговиот грев го одвоил од Бога, дека бил отавен од Небото. Обземен со жалост, легнал на голата земја да се одмори, опкружен со осамени ридови и со ѕвездено небо над себе. Додека спиел, чудна светлина продрела во неговиот сон; од полјанката на која лежел, нејасни контури на бескрајна скала како да се издигала сè до небесната врата, полна со Божји ангели кои се качуваат и слегуваат, додека од славните височини одекнува божествениот глас објавувајќи вест на утеха и надеж. На тој начин Јаков го запознал Оној што ќе ја задоволи потребата и копнежот на неговата душа – Спасителот. Исполнет со радост и благодарност, го гледал покажаниот пат на кој тој, како грешник, можел да ја обнови заедницата со Бога. Таинствената скала од неговиот сон го претставувала Исуса, единствениот посредник помеѓу Бога и човекот. {ПХ 19.2}
Тоа бил истиот симбол на кој се повикал Христос во разговорот со Натанаил кога рекол: „Ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки“ (Јован 1:51). Одметнувајќи се, човекот се одвоил од Бога; Земјата била отсечена од Небото. Преку бездната што ги разделувала, не можело да има заедница. Но преку Христа, Земјата повторно е поврзана со Небото. Со Своите заслуги Христос ја премостил бездната што ја направил гревот, така што ангелите – служители можат да одржуваат врска со луѓето. Христос го поврзал грешниот човек во својата слабост и беспомошност, со Изворот на бескрајната сила. {ПХ 20.1}
Но залудни се сите човечки соништа за напредок, залудни се сите напори човештвото да се издигне, ако се занемарува единствениот Извор на надеж и помош за паднатиот род. „Секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јаков 1:17) доаѓа од Бога. Без Него нема вистинско совршенство на карактерот. А единствен пат кон Бога е Христос. Тој вели: „Јас сум Патот, Вистината и Животот; никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене“ (Јован 14:6). {ПХ 21.1}
Божјото срце копнее по Неговите деца на земјата со љубов, која е посилна од смртта. Давајќи го Својот Син, во тој еден дар Тој ни го подарил целото Небо. Животот на Спасителот, Неговата смрт и посредувањето, службата на ангелите, заземањето на Духот, делувањето на Отецот над и преку сите, постојаниот интерес на небесните суштества – сето тоа е ставено во служба за откуп на човекот. {ПХ 21.2}
О, да размислуваме за чудесната жртва што била принесена за нас! Да се обидеме да ги цениме трудот и енергијата што ги вложува Небото за повторно да ги здобие загубените и да ги врати во домот на Отецот. Никогаш не би можеле да се употребат посилни поттици и посилни средства; извонредната награда за оној што прави добро, радостите на Небото, друштвото на ангелите, заедницата и љубовта на Бога и Неговиот Син, усовршување и развивањето на сите наши способности во текот на вечните времиња – зар тоа не се доволно силни поттици и охрабрувања да нè натераат нашите срца да ги предадеме во доброволна служба на нашиот Творец и Откупител? {ПХ 21.3}
А од друга страна, Божјото слово нù ја изнесува осудата што ја изрекол Бог против гревот, неизбежната казна, деградацијата на нашиот карактер и конечното уништување како предупредување да не му служиме на сатаната. {ПХ 21.4}
Зарем нема да ја цениме Божјата милост? Што повеќе би можел да направи? Ајде да воспоставиме правилен однос со Оној кој нè љубел со чудесна љубов. Да се послужиме со средствата што ни ги ставил на располагање за да можеме да се преобразиме во Неговиот лик, повторно да воспоставиме заедница со ангелите-служители, да ја обновиме хармонијата и заедницата со Отецот и со Синот. {ПХ 22.1}