Предимство да се молиме

Сподели го ова:

Бог ни зборува преку природата и откровението, со Своето провидение и влијанието на Својот Дух. Но сето тоа не е доволно; неопходно е ние пред Него да го отвориме и своето срце. За духовно да живееме и да имаме духовна сила, мораме да одржуваме вистинска врска со нашиот небесен Отец. Нашите мисли можат да се занимаваат со Него; можеме да размислуваме за Неговите дела, доказите на Неговата милост, Неговите благослови, но сето тоа сè уште не е во потполна смисла на зборот, одржување на врска со Него. За да стапиме во врска со Бога, мора да посакаме да Му раскажеме нешто од нашиот вистински живот. {ПХ 93.1}

Молитвата е отворање на срцето пред Бога како на пријател. Не затоа што би било неопходно да Му откриеме што сме, туку да се оспособиме себеси да Го примиме. Молитвата не Го симнува Бога кај нас, туку нас нè воздигнува кај Него. {ПХ 93.2}

Во текот на својот престој на Земјата, Исус ги учел Своите ученици како да се молат. Тој ги упатувал сите свои секојдневни потреби да му ги изнесат на Бога, сите свои грижи да му ги предадат Нему. Ветувањето што им го дал дека ќе им бидат вослишени нивните молитви, ни го дал и нам. {ПХ 93.3}

И самиот Исус, додека живеел меѓу луѓето, често одел на молитва. Нашиот Спасител се изедначил со нас во нашите потреби и слабости и така станал понизен и сесрден молител, кој од Својот Отец барал нова сила за да може да тргне понатаму, оспособен и за должноста и за искушението. Тој е наш пример во сè. Тој ни е брат во нашите слабости „искушан во сè како и ние“; но, како безгрешен, Неговата природа се гнасела од гревот; Тој претрпел душевни борби и страдања во светот полн со грев. Како човек, молитвата ја сметал како своја потреба и предност. Тој во разговор со Својот Отец наоѓал утеха и радост. Значи ако Спасителот на луѓето, Божјиот Син, чувствувал потреба за молитва, колку повеќе слабите и грешни смртници би морале да бидат свесни за неопходноста од сесрдна, постојана молитва! {ПХ 93.4}

Нашиот небесен Татко чека да го излее врз нас изобилството на Свои благослови. Наша предност е што можеме обилно да пиеме од изворот на бескрајната љубов. Зарем не е тогаш чудно што толку малку се молиме? Бог е подготвен и желен да ја чуе искрената молитва на своето најскромно дете, но сепак е очигледно дека ние се притеснуваме да Му ги изнесеме нашите потреби. Што можат да мислат небесните ангели за бедните беспомошни човечки суштества кои се соочуваат со искушенија, за суштествата кон кои Божјото срце чувствува безгранична љубов и е готово да им подари повеќе отколку што би можеле да побараат или замислат, а кои толку малку се молат и имаат толку малку вера! На ангелите им е мило да се поклонуваат пред Бога; тие сакаат да бидат блиску до Него. Тие разговорот со Бога го сметаат за најголема радост; но сепак синовите на оваа Земја, на кои толку многу им треба помош, која само Бог може да им ја даде, како да се задоволни што одат без светлината на Неговиот Дух, без придружба на Неговото присуство. {ПХ 94.1}

Темнината на злото ги обвиткува оние кои ја занемаруваат молитвата. Непријателот со шепот ги искушува на грев, само затоа што не се служат со предноста што Бог им ја дал со востановувањето на молитвата. Зошто Божјите синови и ќерки би се двоумеле да се молат, кога молитвата е клуч во рацете на верата кој ги отвора небесните ризници во кои се чуваат неограничени резерви на Семоќниот? Ако секогаш будно не се молиме и вредно чуваме, ќе се изложиме на опасноста да станеме немарни и да скршнеме од вистинскиот пат. Противникот секогаш се труди да ни го попречи патот кон престолот на милоста, за да ние преку сесрдна молитва и вера не придобиеме благодат и сила, за да му се спротивставиме на искушението. {ПХ 94.2}

Постојат одредени услови кои мора да ги исполниме, ако сакаме Бог да ги чуе и вослиши нашите молитви. Еден од првите е да станеме свесни дека ни е потребна Неговата помош. Тој ветил: „Јас ќе излеам вода на жедниот и потоци врз сувата земја“ (Исаија 44:3). Оние што се гладни и жедни за праведност, што копнеат за Бога, можат да бидат сигурни дека ќе се наситат. Срцето мора да се отвори за влијанието на Духот, бидејќи поинаку не може да го прими Божјиот благослов. {ПХ 95.1}

Нашата голема потреба сама по себе е доказ, кој најречито зборува во наша полза. Меѓутоа ние мораме да бараме од Господа да ни го исполни тоа. Тој вели: „Барајте и ќе ви се даде“, (Матеј 7:7) и „Кој не го поштеди Својот Син, туку го предаде за сите нас, тогаш како со Него да не ни подари сè?“ (Римјаните 8:32). {ПХ 95.2}

Ако негуваме беззаконие во своето срце, доколку цврсто се држиме до било кој познат грев, Господ нема да не услиши; но молитвата на потиштениот покајник секогаш ќе биде прифатена. Кога ќе ги исправиме сите зла за кои сме свесни, тогаш можеме да бидеме убедени дека Бог ќе одговори на нашите молби. Нашите сопствени заслуги никогаш нема да нè препорачаат на Божјата наклоност; ние ќе се спасиме со Христовата достојност, ќе се исчистиме со Неговата крв; но сепак и самите мораме нешто да придонесеме, мораме да ги исполниме условите за да бидеме прифатени. {ПХ 95.3}

Друг елемент на успешна молитва е верата. „Оној што сака да дојде кај Бога, мора да верува дека постои Бог и дека ги наградува оние што го бараат“ (Евреите 11:6). Исус им рекол на своите ученици: „Сè што барате во својата молитва верувајте дека ќе примите и ќе ви биде“ (Марко 11:24). Дали го држиме за збор? {ПХ 96.1}

Ветувањето е широко и неограничено, и верен е Оној што го дал. Кога не го добиваме токму она што сме го барале, во времето во коешто сме молеле, и понатаму мораме да веруваме дека Господ нè чул и дека ќе одговори на нашите молитви. Ние сме толку подложни на заблуди и толку кусогледи што понекогаш го бараме и она што не би ни било на благослов, па така нашиот небесен Татко во Својата љубов ни одговара на молитвата, давајќи ни го она што ќе ни послужи за добро – она што и ние самите би го посакале кога нашиот поглед би бил божествено осветлен и кога би можеле реалноста да ја видиме онаква каква што е. Кога изгледа дека молитвите не ни се примени, мораме да се држиме за ветувањето; бидејќи времето за исполнување сигурно ќе дојде и ние ќе го примиме благословот што ни е најпотребен, но да се бара молитвата секогаш да биде услишена онака како што сме сакале и секогаш да го добиеме она што сме го барале, е вистинска дрскост. Бог е премногу мудар за да биде излажан и премногу добар за да им ускрати какво и да е добро на оние кои живеат праведно! И затоа без страв потпрете се на Него, дури и тогаш кога одговорот на вашите молитви нема да го добиете веднаш! Потпрете се на Неговото сигурно ветување: „Барајте и ќе ви се даде“ (Матеј 7:7). {ПХ 96.2}

Ако се поведеме по нашите сомневања и стравувања, ако се обидуваме да го разрешиме сето она што ни е нејасно, додека сè уште немаме вера, нашата несигурност само ќе се продлабочи и ќе се зголеми. Но ако дојдеме кај Бога, чувствувајќи се беспомошни и зависни, какви што и навистина сме, и со вера, понизно и со доверба, ги изнесеме своите потреби пред Оној што знае сè, пред чијшто поглед не е скриено ништо на светот, Кој управува со сè со Својата волја и Своето слово, Тој ќе може и ќе сака да го прими нашиот повик и ќе стори од нашите срца да засветли светлина. Искрената молитва нè доведува во врска со умот на Бесконечниот. Можеби во тој миг нема да имаме никаков сигурен доказ дека лицето на нашиот Откупител се надвило над нас полно со сомилост и љубов; но сепак е така. Можеби нема да го почувствуваме Неговиот видлив допир, но Неговата рака е над нас со многу љубов и нежно сожалување. {ПХ 96.3}

Кога доаѓаме да бараме милост и благослов од Бога, нашите срца треба да бидат вдахновени со дух на љубов и простување. Како можеме да се молиме: „Прости ни ги нашите долгови како и ние што им простуваме на нашите должници“ (Матеј 6:12), ако едновремено не сме готови да им простуваме на другите! Ако очекуваме Бог да ги чуе нашите молитви, мораме да им простуваме на другите на ист начин и со иста мера, како што очекуваме да ни биде простено нам. {ПХ 97.1}

Истрајноста во молитвата спаѓа во условите за вослишување. Ние мораме постојано да се молиме, ако сакаме да растеме во верата и искуството. Ние треба да бидеме „упорни во молитва“ и „постојани во молитва, бдеејќи во неа со благодарност“ (Римјаните 12:12; Колосјаните 4:2). Петар ги предупредува верниците да бидат „мудри и трезни во молитвите“ (1. Петрово 4:7). Павле упатувал: „Во сите молитви и молби, со благодарност изнесувајте ги пред Бога вашите барања“ (Филипјаните 4:6). Јуда кажува: „А вие, љубезни… молете се на Бога со Светиот Дух и самите одржете се во Божјата љубов“ (Јуда 20,21). Постојаната молитва е непрекината заедница на душата со Бога, така што животот од Бога тече во нашиот живот, а од нашиот живот тече чистота и светост назад кон Бога. {ПХ 97.2}

Ревноста во молитвата е неопходна; на ништо не смеете да му дозволите да ù пречи на вашата молитва. Вложете го секој напор да ја одржите врската помеѓу Исус и својата душа. Искористете ја секоја можност да одите на местата определени за молитва. Оние, кои навистина се трудат да ја одржуваат врската со Бога, ќе се видат на молитвените собири, верни во извршувањето на својата должност, искрени и желни да ги пожнеат сите благослови кои можат да се стекнат. Тие ќе ја искористат секоја можност да се изложат себеси на зраците на светлината од Небото. {ПХ 98.1}

Треба да се молиме во семејниот круг; но над сè не смееме да ја занемариме молитвата насамо; бидејќи на неа почива нашиот живот. Ние не можеме да напредуваме ако ја запоставуваме молитвата. Семејната или јавната молитва сама по себе не е доволна. Нека во самотија, душата се отвори пред испитувачкото Божјо око. Тајната молитва треба да ја чуе само Бог, кој ги слуша молитвите. Ниедно љубопитно уво не треба да ја слушне содржината на таквите молитви. Во тајната молитва човек е слободен од влијанието на околината; слободен од вознемирување. Смирено, но сепак сесрдно, душата го бара Бога. Пријатно и трајно ќе биде влијанието кое струи од Оној, кој го гледа она што е тајно, чие уво е отворено да ја чуе молитвата што излегува од срцето. Со смирена и едноставна вера човекот ја одржува врската со Бога и ги собира зраците на божествената светлина за да се засили и да се одржи во судирот со сатаната. Бог е наш тврд град. {ПХ 98.2}

Молете се насамо; и додека се занимавате со својата секојдневна работа, нека вашето срце често се крева кон Бога. Така Енох одеше со Бога. Овие тајни молитви, како скапоцен мирис се издигнуваат кон престолот на благодатта. Сатаната не може да го совлада оној, кој е така утврден во Бога. {ПХ 98.3}

Нема такво време и место кое не е прикладно за молитва. Не постои ништо што би можело да нè спречи да го подигнеме своето срце во духот на искрената молитва. Среде мноштвото на улица, окупирани со работните обврски, ние можеме да му упатиме молитва на Бога и да побараме божествено водство, како што го сторил тоа Немија додека го изнесувал своето барање пред царот Артаксеркс. Место за разговор може да се најде каде и да се наоѓаме. Вратата на нашите срца мора секогаш да биде отворена, постојано треба да се повикува Христос да дојде во нас како небесен гостин. {ПХ 99.1}

Иако околу нас може да владее заразена, расипана атмосфера, ние не мораме да ги вдишуваме нејзините лоши испарувања, туку можеме да живееме во чистата атмосфера на Небото. Можеме да им го затвориме секој пристап на нечистите мечти и несвети мисли, ако искрено со молитва ја издигнеме нашата душа во Божјата близина. Оние кои го отвориле своето срце за да примат поддршка и благослов од Бога, ќе одат во посвета атмосфера од оваа на земјата и ќе одржуваат постојана врска со Небото. {ПХ 99.2}

Нам ни се потребни појасни поими за Исус и поцелосни разбирања на вредностите на вечната стварност. Убавината на светоста треба да го исполни срцето на Божјите деца; а за да може тоа да се постигне, треба да бараме Бог да ни ги открие небесните нешта. {ПХ 99.3}

Нашата душа нека се отвори и нека се издигне, за Бог да може да ни помогне да ја вдишуваме небесната атмосфера. Ние мораме да се држиме блиску до Бога, за да може во секое неочекувано искушение нашите мисли да се свртат кон Него, исто така природно, како што цветот се свртува кон Сонцето. {ПХ 99.4}

Изнесете му ги на Бога своите потреби, радости, таги, грижи и стравови. Вие не можете да го преоптоварите; не можете да го изморите. Оној, којшто ги избројал влакната на вашата глава не е рамнодушен кон потребите на своите деца. „Господ е многумилостив и сочувствителен“ (Јаков 5:11). Неговото срце е полно со љубов и трогнато е од нашите жалости дури и кога само зборуваме за нив. Изнесете Му го сето она што го збунува вашиот ум. На Оној, кој во својата рака ги држи сите светови и управува со сите работи во вселената, не Му е ништо премногу тешко за да го носи. Сè што на кој и да било начин се однесува на нашиот мир, колку и да е безначајно, Тој го забележува. Нема ниедно поглавје во нашето искуство, кое за Него би било премногу мрачно да го чита; нема проблем, кој за Него би бил премногу тежок за да го реши. Нема несреќа што би го снашла најмалечкото Негово дете, нема грижа што би ја мачела душата, нема радост што би развеселила, нема искрена молитва што би излетала од усните, а нашиот небесен Отец да не види и веднаш да не се заинтересира. „Тој ги исцелува оние со скршени срца и ги лекува нивните рани“ (Псалм 147:3). Односот меѓу Бога и секоја душа е толку личен и целосен, како да нема ниту една друга душа на Земјата да го дели со неа Неговото грижливо внимание, ниту една друга душа за која би го дал Својот сакан Син. {ПХ 100.1}

Исус рекол: „Во тој ден ќе молите во Мое име, и не ви велам дека Јас ќе го молам Отецот за вас, зашто самиот Отец ве љуби вас”. „Јас вас ве избрав… да ви даде Отецот сè што ќе замолите во мое име“ (Јован 16:26,27; 15:16). Меѓутоа, да се молиме во Исусово име значи многу повеќе отколку да го споменеме Неговото име на почетокот и на крајот од молитвата. Тоа значи да се молиме според Исусовиот ум и дух, верувајќи им на Неговите ветувања, потпирајќи се на Неговата благодат и творејќи ги Неговите дела. {ПХ 100.2}

Бог од никого не бара да стане испосник (пустиник) или калуѓер, да се повлече од светот за да се посвети на делата на богослужбата. Нашиот живот мора да биде сличен на Христовиот живот – меѓу планините и мноштвото. Оној што не прави ништо друго освен што се моли, набргу ќе престане да се моли или пак неговите молитви ќе се претворат во навика. Кога луѓето ќе се повлечат од општествениот живот, кога ќе се повлечат од подрачјето на својата христијанска должност и носењето на крстот, кога ќе престанат сериозно да работат за својот Учител, кој сериозно работеше за нив, нема за што повеќе да се молат, немаат веќе поттик за молитва. Нивните молитви стануваат лични и себични. Тие веќе не можат да се молат за потребите на човештвото или за изградбата на Христовото царство, ниту пак да бараат сила за работа. {ПХ 101.1}

Ние губиме кога го занемаруваме предимството на меѓусебното дружење, јакнењето и храбрењето во служењето на Бога. Тогаш вистините на Неговото слово ја губат својата јасност и важност за нас. Нашите срца не се повеќе просветлени, ниту поттикнати со нивното посветувачко влијание и ние духовно слабееме. Во нашето дружење како христијани многу губиме поради недостигот од меѓусебно сочувство. Оној што се затвора сам во себе, не го зазема местото што Бог му го одредил. Правилното негување на друштвените елементи во нашата природа со цело срце нè приближува кон ближните и ни помага да се развиеме и да се засилиме во служењето на Бога. {ПХ 101.2}

Кога христијаните меѓусебно би се дружеле, кога меѓусебно би разговарале за Божјата љубов и скапоцените вистини на откупувањето, нивните срца би биле освежени и тие меѓусебно би се поткрепувале. Ние секој ден би морале подобро да го запознаеме својот небесен Отец, да стекнуваме нови искуства со Неговата благодат; и кога би го правеле тоа, нашите срца би се загреале и охрабриле. Кога повеќе би мислеле и разговарале за Исуса, а помалку за себе, би биле многу почесто во Неговото присуство. {ПХ 101.3}

Кога би мислеле на Бога само онолку често колку што имаме докази дека Тој се грижи за нас, тогаш Тој би бил секогаш во нашите мисли и ние би уживале зборувајќи за Него и славејќи Го. Ние зборуваме за поминливите работи, затоа што се интересираме за нив. Ние зборуваме за нашите пријатели, затоа што ги сакаме; нашите радости и нашите таги се поврзани со нив. Сепак, ние имаме многу причини повеќе да го љубиме Бога отколку нашите земни пријатели; би требало да ни биде најприродно Него да го ставиме на прво место во своите мисли, да зборуваме за Неговата добрина, да кажуваме за Неговата сила. Богатите дарови со кои нè опсипал, не ни биле дадени со намера толку да го обземат нашето внимание и нашата љубов, за да немаме со што да му возвратиме на Бога; тие би требало постојано да нè потсетуваат на Него и да нè поврзуваат со врска на љубов и благодарност со нашиот небесен Добродетел. Ние живееме премногу блиску до земните низини. Да ги подигнеме своите очи кон отворената врата на небесното Светилиште во кое светлината на Божјата слава го осветлува лицето на Христа, кој „може да ги спаси комплетно оние што преку Него доаѓаат кај Бога“ (Евреите 7:25). {ПХ 102.1}

Би требало повеќе да го славиме Бога „за Неговата добрина и за Неговите прекрасни дела кон синовите човечки“ (Псалм 107:8). Нашата побожност не смее да се изразува само преку барањето и примањето. Ние не треба секогаш да мислиме на нашите потреби, а никогаш на благословите што ги примаме. Ние воопшто не се молиме премногу, туку премногу сме штедливи во благодарењето. Ние постојано примаме Божја милост, а сепак, колку малку благодариме, колку малку го фалиме Бога за сето она што го сторил за нас! {ПХ 102.2}

Во старо време Господ им наредил на Израелците, кога ќе се соберат на богослужение: „Јадете таму во присуство на својот Господ Бог, и веселете се вие и вашите семејства со она што ќе го остварите со свои раце, и со она со што ќе ве благослови вашиот Бог“ (Второзаконие  12:7). Она што е сторено за Божја слава треба да биде сторено со веселост, со песни на пофалба и благодарења, а не жалосно и намуртено. {ПХ 103.1}

Нашиот Бог е милостив, нежен Отец. Богослужението не би смеело да се смета за некаква жалосна, здодевна церемонија. За нас би требало да биде уживање да му оддадеме слава на Бога и да учествуваме во Неговото дело. Бог, кој на своите деца им осигурил толку големо спасение, не би сакал тие да се однесуваат така, како Тој да е некој строг, дребничав надзорник. Тој е нивни најдобар пријател; и кога ќе се соберат на богослужение, Тој сака да биде со нив, да ги благословува и теши, исполнувајќи ги нивните срца со радост и љубов. Господ сака неговите деца да најдат утеха во богослужението, а работата за Него да им донесе повеќе задоволство отколку тешкотии. Тој сака оние што доаѓаат на богослужение да понесат со себе драгоцени мисли за Неговата грижа и љубов, да можат да бидат полни со радост во текот на сите секојдневни животни работи, така што да имаат сила да постапуваат верно и чесно во сè. {ПХ 103.2}

Ние мораме да се собираме околу крстот. Христос, и тоа распнат, треба да биде предмет на нашите размислувања, разговори и нашите најрадосни чувства. Треба да го паметиме секој благослов што сме го примиле од Бога, и кога ќе ја сфатиме големината на Неговата љубов, би требало доброволно сè да ù довериме на раката, која за нас била прикована на крст. {ПХ 103.3}

Душата може да се приближи до Небото на крилјата на славопоите. Бога го слават со песна и со музика во небесните дворови и додека ја изразуваме нашата благодарност, ние го усогласуваме нашето богослужение со богослужението на небесните чети. „Мене ме почитува оној, кој принесува жртва благодарница!“ (Псалм 50:23). Да дојдеме радосно и со стравопочит пред нашиот Творец, со „благодарници и глас на пофална песна“ (Исаија 51:3). {ПХ 104.1}

Сподели го ова:

Слични објави