Посветување

Сподели го ова:

Бог ветил: „Ќе ме барате, и ќе ме најдете, кога ќе ме побарате со сето свое срце“ (Еремија 29:13). {ПХ 43.1}

Целото срце мора да му го предадеме на Бога, инаку никогаш не би можеле да се промениме и повторно да му станеме слични Нему. По својата природа ние сме далеку од Бога. Светиот Дух ја опишува нашата состојба со зборовите: „Мртви во престапи и гревови“; „сета глава е болна и сето срце изнемоштено“; „од петиците до главата никаде здраво место”. Ние сме заробени во мрежата на сатаната, кој „нè улови живи по своја волја“ (Ефесјаните 2:1; Исаија 1:5,6; 2.Тимотеј 2:26). Бог сака да нè излекува, да нè ослободи. Но, бидејќи тоа бара целосна промена, обновување на целата наша природа, ние во целост мора да му се предадеме Нему. {ПХ 43.2}

Борбата против самиот себе е најголемата борба што кога и да е се водела. Откажувањето од самиот себе, комплетното прифаќање на Божјата волја, не оди без борба; но душата мора да му се покори на Бога пред да може да се препороди и да стане света. {ПХ 43.3}

Божјото владеење не е втемелено, како што тоа би сакал да го прикаже сатаната, на слепо покорување, на неразумно ограничување. Тоа повикува на разумот и совеста. „Ајде дојдете да резонираме заедно“, (Исаија 1:18) е повикот на Творецот кон суштествата што ги создал. Бог не влијае насилно врз волјата на своите суштества. Тој не може да ги прифати изразите на почитување кои не се поттикнати доброволно и свесно. Изнудената потчинетост би го спречила вистинскиот развој на умот или карактерот; би направила од човекот најобичен автомат. Тоа не е целта на Творецот. Тој сака човекот, врвното дело на Неговата творечка сила, да го достигне највисокиот степен на развој. Тој пред нас ја поставува височината на благословот до кој сака да нè воздигне преку Својата благодат. Тој нè повикува да му се предадеме, за да може да ја оствари Својата волја во нас. Нам ни е оставено да решиме дали сакаме да бидеме ослободени од ропството на гревот, за да ја уживаме возвишената слобода на Божјите синови. {ПХ 43.4}

Давајќи му се себеси на Бога, ние безусловно мораме да го отфрлиме сето она што би можело да нè одвои од Него. Затоа Спасителот вели: „Така, секој од вас кој нема да се откаже од сè што има, не може да биде Мој ученик”. (Лука 14:33). Мораме да се откажеме од сето она што би можело нашето срце да го одврати од Бога. Мамонот е идол на мнозина. Љубовта кон парите, желбата за богатство, е златен синџир што ги врзува за сатаната. Други обожуваат углед и световна чест. Животот исполнет со себично безделничење и не- оптоварен со одговорности е идол на трети. Но овие ропски окови мораат да се раскинат. Не можеме половично да му припаѓаме на Господа, а половично на светот. Ние не сме Божји деца ако не сме тоа во целост. {ПХ 44.1}

Има и такви кои тврдат дека му служат на Бога, иако сакаат сами во својата моќ да го држат Божјиот закон, да изградат праведен карактер, и да обезбедат спасение. Нивните срца не се поттикнати од длабокото разбирање на Христовата љубов, туку обврските на христијанскиот живот ги исполнуваат како услови што Бог им ги по- ставил за да го придобијат Небото. Таквата религија е без никаква вредност. Кога Христос живее во срцето, душата ќе биде така исполнета со Неговата љубов, толку радосна во заедницата со Него, што ќе се соедини со Него; и гледајќи го Него, ќе заборави на себе. Љубовта кон Христа ќе биде извор на дејствување. Оние што ја чувствуваат силата на Божјата љубов, не прашуваат како со помалку труд би можеле да се задоволат Божјите барања; тие не ги бараат најниските мерила, туку ним им е цел да бидат во совршена складност со волјата на својот Откупител. Со искрен копнеж тие жртвуваат сè и покажуваат интерес што е складен со вредноста на целта кон која тежнеат. Признавањето на Христа без таква длабока љубов е празно прикажување, сув формализам, тежок јарем. {ПХ 44.2}

Мислите ли дека да му се предаде сè на Христа е премногу голема жртва? Прашајте се самите себеси: „Што дал Христос за мене?“ Божјиот Син дал сè – животот, љубовта и трпението – за да нè откупи нас. Можеме ли ние, иако недостојни за толку голема љубов да го изоставиме Него од своето срце? Во текот на целиот наш живот, секој миг, ние сме учествувале во благословите на Неговата благодат, и токму тоа е причината што не можеме во целост да ја сфатиме длабочината на незнаењето и бедата од кои нè спасил. Можеме ли да го гледаме Него, прободен заради нашите гревови, и повторно да сакаме да постапуваме спротивставувајќи се на сета Негова љубов и жртва? Гледајќи го бескрајното понижување на Господа на славата, дали ќе приговараме што во животот ќе можеме да влеземе само преку борба и самопонижување? {ПХ 45.1}

Многу горделиви срца прашуваат: „Зошто морам да се покајам и да се понижам пред да бидам уверен дека Бог ме прифатил?“ Ви обрнувам внимание на Христа. Тој беше безгрешен, и, не само тоа, Тој беше Кнез на Небото, но, поради човекот, поради човечкиот род, стана грев. „Беше вброен меѓу злосторниците, за да ги понесе на себе гревовите на мнозина и да се заземе за злосторниците“ (Исаија 53:12). {ПХ 45.2}

А од што се откажуваме ние кога ќе дадеме сè? Од осквернетото со грев срце, за Христос да го очисти, да го испере со Својата крв и да го спаси со Својата ненадмината љубов. Но сепак луѓето мислат дека е тешко да се откажеме од сè! Се срамам да слушам кога се зборува за тоа, се срамам да пишувам за тоа. {ПХ 46.1}

Бог не бара да се откажеме од нешто што би можеле за свое добро да го задржиме. Во сè што прави Тој пред очите го има доброто на Своите деца. Кога барем сите оние што не го избрале Христа би можеле да сфатат дека Тој им нуди нешто многу подобро од она што самите го посакуваат. Човекот си нанесува најголема штета и неправда самиот на себе кога мисли или работи спротивно на Божјата волја. Нема вистинска радост на патот кој го забранил Оној кој знае што е најдобро и кој им пожелува добро на Своите созданија. Патот на престапот е пат на беда и пропаст. {ПХ 46.2}

Во заблуда сме ако мислиме дека Бог радо ги гледа страдањата на Своите деца. Целото Небо е заинтересирано за човековата среќа. Нашиот небесен Отец на ниедно Свое суштество не му ја ускратува радоста. Божјите прописи бараат од нас да не им попуштаме на оние желби кои би предизвикале страдање и разочарување, кои би ни ја затвориле вратата на среќата и Небото. Откупителот на светот ги прифаќа луѓето онакви какви што се, со сите нивни недостатоци, мани и слабости, и Тој не само што ќе ги исчисти од гревот и ќе ги откупи со Својата крв, туку и ќе ги задоволи најдлабоките копнежи на сите оние кои го примаат Неговиот јарем и го носат Неговото бреме. Негова намера е да им дарува мир и одмор на сите оние кои доаѓаат кај Него по лебот на животот. Тој бара од нас да ги исполнуваме само оние должности, кои нашите чекори ќе ги одведат до врвот на блаженството, до кое непослушните нема никогаш да допрат. Вистински, радосен живот на душата е во неа да се всели Христос, надежта на славата. {ПХ 46.3}

Мнозина прашуваат: „Како можам себеси да му се предадам на Бога?“ Вие сакате да му се предадете Нему, но ви недостасува морална сила, му робувате на сомневањето и сте спречени од навиките на своето грешно живеење. Вашите ветувања и вашите решенија се слични на јажиња од песок. Не сте способни да управувате со своите мисли, своите мотиви, своите чувства. Свесноста дека сте ги прекршиле своите ветувања и изневериле своите дадени зборови, ја ослабува вашата доверба во сопствената чесност и ве наведува на помислата дека Бог не може да ве прими; меѓутоа нема потреба да очајувате. Вам ви е неопходно да разберете каква е вистинската сила на волјата. Тоа е сила што владее во човековата природа, способност на одлучување или одбирање. Сè зависи од правилната употреба на волјата. Бог му дал на човекот власт да одбере и до него стои да се послужи со неа. Вие не можете да го измените своето срце, вие не можете сами од себе на Бога да му ги посветите чувствата на своето срце; но можете да одлучите да Му служите. Можете да Му ја предадете својата волја; тогаш Тој ќе дејствува во вас да сакате и да го правите она што Нему му е угодно. Така целата ваша природа ќе биде ставена под власт на Христовиот Дух; Тој ќе биде средиште на сите ваши чувства, вашите мисли ќе бидат во хармонија со Него. {ПХ 47.1}

Стремежите за добрина и светост сами по себе се добри; но ако застанеме само на нив, нема да бидат од никаква корист. Мнозина ќе бидат изгубени иако сакаат и копнеат да бидат христијани. Тие не успеале својата волја да му ја покорат на Бога. Затоа сега и не решаваат да бидат христијани. {ПХ 47.2}

Ако правилно се служите со својата волја, може да се случи целосна промена во вашиот живот. Ако својата волја му ја потчините на Христа, ќе се соедините со силата која е над сите поглаварства и власти. Ќе имате сила одозгора да останете постојани и така со постојано покорување на Бога ќе бидете оспособени да живеете нов живот, живот на вера. {ПХ 48.1}

Сподели го ова:

Слични објави