6. НЕ ОСУДУВАЈ, ТУКУ ПОПРАВАЈ

Сподели го ова:

„Не судете, за да не бидете судени”

(Матеј 7:1).

 

Напорите спасението да го заработат со сопствените дела неизбежно ги наведува луѓето да ги натрупуваат човечките забрани како бариера против гревот. Согледувајќи дека не се во состојба да го држат Законот, тие се трудат да измислат свои правила и прописи за да се присилат на послушност. Сето ова ги свртува нивните мисли од Бога кон себе. Неговата љубов умира во срцето, а со неа исчезнува и љубовта кон ближните. Системот на човечки измислици, со сите свои многубројни барања, ги наведува своите застапници да ги осудат сите оние кои не ги исполнуваат пропишаните човечки стандарди. Атмосферата на себичност и тесен критицизам ги гуши благородните и возвишени чувства и ги претвора луѓето во себични судии и ситни шпиони. (MГ 123.1)

Фарисеите припаѓале на таквите луѓе. Од богослужбата не се враќале со понизност и чувство на сопствена слабост, ниту пак биле благодарни за големите предности што Бог им ги дал. Се враќале исполнети со горд дух, а предмет на нивните разговори биле „јас”, моите чувства, моето знаење, моите патишта. Нивните достигнувања станале критериум според кој ги суделе другите. Облечени во облека на сопственото достоинство, седнувале на на судскиот стол да критикуваат и осудуваат. (MГ 123.2)

Повеќето луѓе биле исполнети со истиот дух и се мешала во слободата на совеста осудувајќи се меѓусебно и за она што се однесувало единствено помеѓу таа душа и Бога. Укажувајќи токму на таквиот дух и на таквите постапки, Исус рекол: „Не судете, за да не ви се суди”. А тоа значи, не земајте се себеси како критериум. Немој своите мислења, своите погледи на должноста, своите толкувања на Светото Писмо да им ги наметнувате на другите како правило и во своето срце да ги осудувате ако тие не можат да го достигнат вашиот идеал. Немојте да ги критикувате другите, сомневајќи се во нивните мотиви и не донесувајте пресуда над нив. (MГ 123.3)

„Затоа, пак, не судете ништо предвреме, додека не дојде Господ, Кој ќе го изнесе на видело сокриеното во мракот и ќе ги објави намерите на срцата” (1. Коринтјаните 4:5). Ние не можеме да ги читаме срцата. Бидејќи и самите сме несовршени, не сме во состојба да им судиме на другите. Смртните луѓе можат да судат единствено врз основа на надворешноста. Само на Оној, кој ги познава тајните мотиви на делата, и секогаш постапува нежно и сожаливо, дадено му е право да одлучува за случајот на секоја душа. (MГ 124.1)

„И така, немаш изговор, о човеку, кој и да си ти, зашто со каков суд судиш друг, со таков се осудуваш сам, бидејќи ти, кој судиш, го правиш истото” (Римјаните 2:1). Така оние кои ги осудуваат или ги критикуваат другите, самите се прогласуваат за виновни, бидејќи и самите го прават истото. Осудувајќи ги другите си изрекуваат пресуда себеси, а Бог изјавува дека таа пресуда е праведна. Тој ја прифаќа нивната сопствена пресуда против себе. (MГ 124.2)

Со овие несмасни нозе, кои се сѐ уште во калта,

Ние одиме кинејќи го цвеќето без крај;

Со овие груби, добронамерни раце,

Ние ги кинеме жиците на срцето на пријателот. (MГ 124.3)

 

 

 

 

„Зашто ја гледаш раската во
окото на твојот брат?”

(Матеј 7:3).

 

Дури и со реченицата: „Ти, кој судиш, го правиш истото”, не може да се изрази сета големина на гревот на оној човек што се осмелил да го критикува и осудува својот брат. Исус рекол: „Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а гредата во своето око не ја чувствуваш?” (Матеј 7:3). (MГ 125.1)

Неговите зборови го прикажуваат оној кој е брз да ги забележи маните кај другите. Кога мисли дека во нечиј карактер или во животот открил некаква мана, таквиот со претерана ревност се обидува да ја обелодени; но Исус изјавува дека таквата карактерна особина која се појавува во оваа нималку христијанска постапка, во споредба со грешката која се критикува, е исто што и гредата во споредба со раската. На таквиот му недостасува дух на трпеливост и љубов што го наведува наместо раска да гледа греда. Оние кои никогаш не искусиле понизност која се стекнува со целосна преданост на Христа, не можат да го откријат благотворното влијание на љубовта на Спасителот. Тие погрешно го прикажуваат нежниот и љубезен дух на Евангелието и ги рануваат скапоцените души за кои Христос умрел. Според сликата која нашиот Спасител ја употребил, човекот кој негува дух на осуда, е виновен за поголем грев од оној што е обвинет од негова страна, бидејќи не само што го прави истиот грев, туку кон него ја додава и својата вообразеност и духот на груба критика. (MГ 125.2)

Христос е единствено вистинско мерило на карактерот, а оној кој самиот себеси се истакнува како мерило за другите, се става себеси на Христовото место. Бидејќи Отецот „целиот суд му го предаде на Синот” (Јован 5:22). Секој кој си дозволува себеси да суди за мотивите на другите, повторно го присвојува за себе правото кое му припаѓа на Божјиот Син. Тие самонаречени судии и критичари се ставаат на страната на антихристот, на оној „кој се противи и се превознесува над сè што се нарекува Бог или светост, за да седне како бог во Божјиот храм, претставувајќи се себе самиот како Бог“ (2. Солунјаните 2:4). (MГ 125.3)

Гревот кој со себе повлекува најстрашни последици, е ладниот, критички и непомирлив дух кој бил обележје на фарисејството. Кога религиозното искуство е лишено од љубов, Исус не е таму; светлината на Неговото присуство не е таму. Тој недостаток не може да го надомести никаква жива активност, ниту пак некаква ревност без Христовиот дух. Некој може да поседува особена остроумност да ги забележи и открие маните на другите, но на секој оној кој во себе негува таков дух, Исус му вели: „Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на твојот брат” (Матеј 7:5). Оној кој прави зло, најбрз е да осомничи за зло. Осудувајќи друг, тој се обидува да го скрие или да го оправда злото во сопственото срце. Луѓето преку гревот го запознале злото; штом првите луѓе згрешиле, почнале да се обвинуваат еден со друг, а тоа човечката природа секогаш ќе го прави кога со неа не управува Христовата милост. (MГ 126.1)

Кога луѓето го негуваат овој дух на осуда, тие нема да се задоволат само со тоа што ќе укажат на она што кај својот брат го сметаат за погрешно. Ако со благи средства не успеат да придобијат да го прави она што по нивно мислење треба да го прави, тие прибегнуваат кон присила. Колку е тоа во нивна моќ, тие ќе ги принудуваат другите да се усогласат со нивните идеи за тоа што е исправно. Тоа го правеле Евреите во Христовите денови, а тоа го правела и црквата секогаш кога ќе ја изгубела Христовата милост. Сфаќајќи дека ја изгубила силата на љубовта, таа посегала по моќната рака на државната власт со сила да ги спроведе своите догми и да ги оствари своите декрети. Овде лежи тајната на сите религиозни закони што некогаш биле донесени, но и тајната на сите прогонства почнувајќи од времето на Авел па сè до нашето време. (MГ 126.2)

Христос не принудува, туку ги привлекува луѓето кон себе. Единствената принуда што Тој ја користи е принуда на љубовта. Штом црквата ќе почне да бара поддршка од световната власт, тогаш е очигледно дека ја изгубила Христовата сила, принуда на божествената љубов. (MГ 127.1)

Проблемот е во поединечните верници на црквата, и токму тука мора да почне лекувањето. Исус му налага на обвинителот најпрвин да ја извади гредата од своето око, да се ослободи од критизерскиот дух, да го признае и да го остави својот грев, па дури тогаш да се обиде да ги исправа другите. „Зашто, нема добро дрво што дава лош плод, ниту лошо дрво, што дава добар плод” (Лука 6:43). Духот на осуда што го носите во себе претставува зол плод и покажува дека и дрвото е зло. Залудно е да се надевате во сопствената правда. Вам ви е потребна промена на срцето. Мора да го стекнете ова искуство пред да бидете способни да ги исправате другите, „зашто устата го зборува она што излегува од преполнетото срце” (Матеј 12:34). (MГ 127.2)

Кога во животот на една душа ќе настапи криза, а вие се обидете да и помогнете со совет или опомена, вашите зборови ќе имаат влијание на добро само ако со сопствениот пример и однесување покажете дека и вие самите тоа сте го стекнале со својот пример и дух. Вие мора да бидете добри за да можете да правите добро. Не можете да имате влијание кое ќе ги преобрази другите, сè додека вашето сопствено срце, благодарение на Христовата милост, нè стане понизно, благородно и нежно. Кога оваа промена ќе се случи во вас, ќе ви биде исто така природно да живеете на благослов на другите како што грмушката на розата го шири својот мирис а виновата лоза ги раѓа своите румени гроздови. (MГ 127.3)

Ако Христос е во вас „надеж на славата”, вие нема да имате склоност да демнете над другите за да ги обелодените нивните погрешки. Наместо желбата да осудувате и обвинувате, ваша цел ќе биде да помогнете, да благословувате и спасувате. Во постапките со оние кои грешат ќе внимавате на налогот: Пазете „и вие да не бидете искушани” (Галатјаните 6:1). Сетете се колку пати и вие сте заталкале и колку било тешко да се најде вистинскиот пат кога веќе еднаш сте го напуштиле. Нема својот брат да го туркате во уште поголема темнина, туку со срце полно со сожалување ќе му зборувате за опасностите кои му се закануваат. (MГ 128.1)

Кој често го насочува својот поглед кон крстот на Голгота, имајќи на ум дека неговите гревови го одвеле таму Спасителот, никогаш нема да се обидува да го преценува степенот на својата вина во споредба со вината на другите. Тој нема да се качува на судскиот стол обвинувајќи ги другите. Кај оние што одат во сенката на крстот на Голгота, нема да има критичарски дух или само возвишување. (MГ 128.2)

Само кога ќе почувствувате дека сте во состојба да го жртвувате сопственото достоинство, па дури и да го положите својот живот за да го спасите заблудениот брат, дури тогаш сте ја исфрлиле гредата од сопственото око и така сте се оспособиле да му помогнете на својот брат. Тогаш можете да му пристапите и да го допрете неговото срце. Никој никогаш не бил вратен од погрешниот пат со осуда и прекор, но мнозина на тој начин биле оттурнати од Христа и наведени засекогаш да ги затворат своите срца и покрај сите убедувања. Нежниот дух, благородното привлечно однесување, можат да го спасат заблудениот и да покријат „мноштво гревови”. Откривањето на Христа во вашиот карактер ќе може да ги преобрази сите оние со кои доаѓате во контакт. Нека Христос секојдневно се манифестира во вас, и Тој преку вас ќе ја открие творечката сила на Неговите зборови – нежно, убедливо, но моќно влијание кое ќе ги преобрази душите во убавината на Господа, нашиот Бог. (MГ 128.3)

 

„Светото не давајте им го на кучињата”

(Матеј 7:6).

 

Христос овде мисли на онаа класа луѓе кои не сакаат да се ослободат од ропството на гревот. Поради уживање во она што е расипано и гнасно нивната природа толку деградирала така што се држат до злото и не сакаат да се одделат од него. Христовите слуги не треба да дозволат да бидат попречени од оние кои од Евангелието прават само предмет на расправија и потсмев. (MГ 129.1)

Спасителот, меѓутоа, никогаш не заобиколил ниедна душа, без оглед колку таа потонала во грев, која сакала да ги прими скапоцените небесни вистини. За цариниците и блудниците Неговите зборови претставувале почеток на нов живот. Марија Магдалена, од која Тој истерал седум ѓаволи, била последна на Неговиот гроб и прва која Тој ја поздравил во утринските часови на Неговото воскресение. Савле од Тарс, еден од најогорчените противници на Евангелието, станал Павле, верен Христов слуга. Можеби под изгледот на омраза и презир, па дури и злочин и изопаченост, се крие душа која Христовата милост ќе ја спаси да блеска како скапоцен камен во круната на Спасителот. (MГ 129.2)

 

„Посакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете;

 чукајте и ќе ви се отвори”

(Матеј 7:7).

 

За да не даде никаква причина за неверување, погрешно сфаќање и погрешно толкување на Неговите зборови, Господ ова ветување го повторува три пати. Тој сака оние кои го бараат семоќниот Бог да веруваат во Него. Затоа додава: „Зашто секој што моли, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука ќе му се отвори” (Матеј 7:8). (MГ 130.1)

Господ не поставил никакви услови, освен да бидете гладни за Неговата милост, да барате Негов совет и да копнеете по Неговата љубов. „Посакајте”. Сакањето покажува дека сте свесни за својата потреба и ако барате со вера, ќе примите. Господ го дал својот збор, а тој не може да изневери. Ако му пријдете со вистинско каење, не треба да мислите дека сте дрски ако молите за она што Господ го ветил. Кога барате благослови кои ви се потребни за усовршување на својот карактер според Христовото подобие, Господ ве уверува дека вашата молба е во склад со ветувањето и дека ќе се исполни. Тоа што чувствувате и знаете дека сте грешни, е доволна причина да го молите за милост и сочувство. Услов да можете да дојдете кај Бога, не е да бидете свети, туку да сакате  Тој да ве очисти од секој грев и да ве измие од секое беззаконие. Нашата голема потреба, нашата состојба на целосна беспомошност, која Бога и Неговата спасоносна сила ги прави толку неопходни, и сега и секогаш ни дава право да се молиме. (MГ 130.2)

„Барајте”. Немојте да го сакате само Неговиот благослов туку и Него самиот. „Зближи се со Него – и ќе бидеш спокоен” (Јов 22:21). Барајте и ќе најдете. Бог копнее по вас, па и самата ваша желба да дојдете кај Него, всушност е само последица на привлечната сила на Неговиот Дух. Потчинете и се на таа привлечна сила. Христос се залага за искушаните, заблудените и маловерните. Тој сака да ги воздигне и да ги доведе во заедница со себе. „Ако го бараш, ќе го најдеш” (1. Летописи 28:9). (MГ 131.1)

„Чукајте”. Ние доаѓаме кај Бога со специјален повик и Тој нѐ чека да ни посака добредојде во својата сала за прием. Првите ученици кои оделе по Исуса, не можел да ги задоволи краткиот попатен разговор со Него и затоа му се обратиле со зборовите: „Рави … каде живееш? … Тие отидоа и видоа каде живее и останаа тој ден кај Него” (Јован 1:38,39). Така и ние можеме да бидеме примени во најблиска интимност и заедница со Бога. „Кој живее под закрилата на Севишниот, тој престојува во домот на небесниот Бог” (Псалм 91:1). Нека оние кои копнеат по Божји благослов чукнат и почекаат пред вратата на милоста велејќи со цврсто убедување: Ти Господи рече: „Зашто секој што моли, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука ќе му се отвори” (Матеј 7:8). (MГ 131.2)

Исус погледнал на оние кои се собрале да ги слушаат Неговите зборови и од сè срце посакал тоа големо мноштво да ја сфати Божјата милост и добрина. За да посликовито им ја објасни нивната потреба како и Божјата подготвеност да ја задоволи, им укажал на гладно дете кое од своите земни родители бара леб. „Има ли меѓу вас човек, кој, ако му посака неговиот син леб, ќе му даде камен?” Повикувајќи се на нежната, природна љубов на родителите кон детето, Тој продолжува: „И така, ако вие кои сте лоши, умеете да им давате на своите чеда добри дарови, колку ли повеќе вашиот Отец небесен ќе им даде добра на оние што му бараат?” (Матеј 7:9,11). Ниеден човек со татковско срце нема да се сврти од својот син кој е гладен и бара леб. Зарем можат да помислат дека некој татко е во состојба да се шегува со своето дете, да го мами давајќи му празна надеж само за да го разочара? Зарем може прво да му вети дека ќе му даде добра, здрава храна, а потоа да му даде камен? Треба ли да го срамиме Бога претпоставувајќи дека Тој нема да одговори на повикот на своите деца? (MГ 131.3) 

„Па така, значи, ако вие, кои сте лоши, умеете да им давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние што му бараат?” (Лука 11:13). Светиот Дух, Христовиот претставник, е најголемиот од сите дарови. Сите добри дарови се содржани во овој. Самиот Спасител не може да ни даде ништо поголемо, ништо подобро. Кога срдечно се молиме на Господа да ни се смилува во неволја, и да нè води со својот Свет Дух, Тој никогаш нема да ја одбие нашата молитва. Може дури и да се случи родителите да заборават на своето гладно дете, но нашиот Бог нема никогаш да го одбие молењето на срцето кое е во неволја и копнее по Него. Со колкава прекрасна нежност Тој ја опишал својата љубов. Тоа е всушност пораката на Татковото срце за оние кои во мрачните денови мислат дека Бог е рамнодушен кон нив. „А Сион велеше: ‘Ме остави Господ, мојот Бог ме заборави!’ Може ли жена да го заборави породот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го заборавила, Јас тебе нема да те заборавам. Ете, на Своите дланки сум те врежал” (Исаија 49:14-16). (MГ 132.1)

Секое ветување во Божјата реч може да биде тема за молитва, бидејќи секоја Божја реч е сигурен залог. Секој благослов кој ни е потребен, наша предност е што можеме да го бараме преку Исуса. Со детска едноставност можеме да го изнесеме на Господа точно она што ни е потребно. Можеме да му ги изнесеме своите земни потреби, молејќи го за леб и облека, но исто така можеме да се молиме и за лебот на животот и облеката на Христовата праведност. Вашиот небесен Отец знае дека сето тоа ви треба и Тој ве повикува да го барате тоа од Него. Сѐ се прима во Христово име. Бог ќе му оддаде чест на тоа име и ќе ги задоволи вашите потреби од богатството на својата дарежливост. (MГ 133.1)

Но, немојте да заборавите кога му приоѓате на Бога како на Отец, да признаете дека сте Негови деца. Немојте да имате само доверба во Неговата добрина, туку во сѐ потчинувајте се на Неговата волја, знаејќи дека Неговата љубов е непроменлива. Вие се согласувате да ја работите Неговата работа. На оние на кои им заповедал најпрвин да го бараат царството Божјо и Неговата правда, Исус им дал и ветување: „Барајте и ќе добиете” (Јован 16:24). (MГ 133.2)

Скапоцените дарови на Оној, кој ја има сета власт на небото и на земјата, подготвени се за Божјите деца. До нив можеме да дојдеме само благодарение на скапоцената жртва и крвта на Спасителот. Дарови кои ќе ги задоволат најдлабоките желби на срцето, трајни како и вечноста, можат да ги примат и уживаат сите оние кои излегуваат пред Бога како мали деца. Прифатете ги Божјите ветувања како свои, изнесете ги пред Исуса како зборови кои Тој ги изговорил, и ќе примите радост во полна мера. (MГ 133.3)

„Сè она што сакате да ви прават луѓето,

правете им го и вие”

(Матеј 7:12).

 

После уверувањето во Божјата љубов кон нас, Исус налага да се љубиме еден со друг, во едно сеопфатно начело кое ги опфаќа сите односи на човечкото дружење. (MГ 134.1)

Евреите мислеле само на она што треба да примат. Основна грижа им била да си обезбедат власт, почит и служба која, според нивно мислење, им припаѓала. Но Христос нѐ учи да не се грижиме за тоа колку треба да примиме, туку колку можеме да дадеме? Критериумот на нашата обврска кон другите се наоѓа токму во она што сметаме дека е нивна обврска кон нас. (MГ 134.2)

Во општењето со другите, ставете се на нивно место. Настојувајте да ги сфатите нивните чувства, нивните тешкотии, нивните разочарувања, нивните радости и нивната тага. Изедначете се со нив, а потоа постапувајте со нив онака како што самите би сакале тие да постапуваат со вас, кога вие би биле на нивно место. Ова е вистинското правило за чесноста. Тоа е уште еден израз на законот: „Љуби го ближниот свој како самиот себе”. А тоа е суштината на учењето на сите пророци. Тоа е небесно начело и тоа ќе се развие во сите оние кои ќе бидат подготвени за небесна света заедница. (MГ 134.3)

Златното правило е темелот на вистинската љубезност, а најверно е прикажано во Исусовиот живот и карактер. О, со какви благи и прекрасни зраци блескаше секојдневниот живот на нашиот Спасител! Каква само пријатност се ширеше од Негово присуство! Истиот дух ќе се покаже и кај Неговите деца. Оние во кои престојува Исус, ќе бидат опкружени со божествена атмосфера. Нивните бели облеки на чистота ќе мирисаат со мирисот од Господовата градина. Нивните лица ќе ја одразуваат Неговата светлина, осветлувајќи ја патеката на несигурните и уморни нозе. (MГ 135.1)

Ниеден човек кој има вистинска претстава за тоа што претставува совршен карактер, нема да пропушти да го покаже Христовото сочувство и нежност. Милоста со своето влијание го омекнува срцето, ги облагородува и чисти чувствата, дарувајќи ни небесна префинетост и чувство за пристојност. (MГ 135.2)

Меѓутоа, ова златно правило има и подлабоко значење. Секој кој е поставен за  управител на оваа многукратна Божја милост, е повикан на душите кои се во темнина и незнаење да им го објави она што, кога би се наоѓал на нивно место, би сакал тие да му го објават нему. Апостол Павле рекол: „Должник сум кон Елините и варварите, кон мудрите и кон неразумните” (Римјаните 1:14). Сето она што сте го осознале за Божјата љубов, од сѐ што сте примиле од богатите дарови на Неговата милост, повеќе од најнеуките и најдеградираните души на земјата, вие сте должни на тие души да им ги пренесете овие дарови. (MГ 135.3)

Тоа се однесува исто така и на даровите и благословите во овој живот. Сѐ што поседувате повеќе од своите ближни ве обврзува да им дадете толку колку тие имаат помалку од вас. Ако имаме богатство или удобност во животот, тогаш имате и најсвечена обврска да се погрижиме за болните кои страдаат, вдовиците и сирачињата, исто онака како што би сакале и тие да се грижат за нас кога и ние би се нашле во нивна положба. (MГ 136.1)

Ова златно правило ја содржи онаа иста вистина која се споменува уште на едно место во Беседата на гората: „Со каква мера мерите, така и ќе ви се мери”. Она што им го правиме на другите, било да е добро или зло, сигурно ќе ни се врати било како благослов или како проклетство. Што и да дадеме, повторно ќе го добиеме. Земните благослови кои им ги даваме на другите можат да бидат, и честопати се враќаат на ист начин. Она што го даваме, токму кога ни е најпотребно, честопати ни се враќа четирикратно во царска монета. Но, и покрај ова, сите дарови се враќаат, дури и во овој живот, со обилно изливање на Божјата љубов, која е збир на сета небесна слава и сите небесни богатства. Но и направеното зло исто така се враќа. Секој кој си дозволил да обвинува и обесхрабрува, ќе мора и самиот во својот сопствен живот да помине по истиот пат по кој морале да поминат и другите поради него, ќе го почувствува она што тие го претрпеле бидејќи немал сочувство ниту пак љубов кон нив. (MГ 136.2)

Така го одредила ова љубовта која Бог ја има кон нас. Бог сака да ја замразиме суровоста на нашето срце, да го отвориме и да го пуштиме Исуса да се настани во него. И така, злото, ќе се претвори во добро, а она што изгледа како проклетство станува благослов. (MГ 136.3)

Критериумот на ова златно правило е критериум на христијанството, а сè што е помалку од тоа претставува измама. Религијата која ги наведува луѓето толку малку да ги ценат човечките суштества – а Христос толку ги ценел што го дал и животот за нив – и да бидеме немарни кон човечките потреби, страдања или права, таквата религија е лажна. Ако не одговориме на повикот на сиромашните, болните и грешните, тоа е доказ дека сме го издале Христа. Христијанството во светот има толку малку сила затоа што луѓето само го носат Христовото име, додека во животот се одрекуваат од Неговиот карактер. Поради тоа и се хули на името Божјо. (MГ 136.4)

За верниците на апостолската црква, во оние прекрасни дни кога ги осветлувала славата на воскреснатиот Христос, стои напишано дека: „Никој ништо од својот имот не го нарекуваше свое”. „Не постоеше ниеден меѓу нив што имаше потреба за нешто”. „Апостолите, пак, со голема сила сведочеа за воскресението на Господ Исус Христос; и имаше голема благодат над сите нив”. „И секој ден еднодушно престојуваа во храмот и, прекршувајќи леб по куќите, се хранеа со радост и со чисто срце”. „А Господ секој ден ги придодаваше спасените кон нивното мноштво” (Дела 4:32,34,33; 2:46,47). (MГ 137.1)

Пребарајте го и небото и земјата, и нема да најдете посилно откривање на вистината од ова, а тоа се гледа во делата на милосрдието кон оние на кои им е потребно нашето соучество и нашата помош. Тоа е онаа вистина каква што е во Исуса. Кога оние кои го носат Христовото име ќе го спроведат на дело начелото на ова златно правило, истата сила која го пратила делото на Евангелието во времето на апостолите ќе се открие и сега. (MГ 137.2)

 

 

 

„А тесни се вратите и тесен е патот што
водат кон животот”

(Матеј 7:14).

 

Во времето на Христа, жителите на Палестина живееле во утврдени градови кои најчесто се наоѓале на ридови или гори. До портите, кои се затворале при залезот на сонцето, се доаѓало по стрмни, карпести патишта, и патникот кој во приквечерината се враќал дома, честопати морал да побрза и со голема брзина да се искачи по тешката стрмнина, за да стигне до портата пред да се стемни. Кој ќе задоцни, останувал надвор од ѕидините. (MГ 138.1)

Тесниот, стрмен пат, кој води до домот и одморот, му послужил на Исуса сликовито да го прикаже патот на еден христијанин. Патеката на која ви укажав е тесна, рекол Тој; тешко е да се влезе на нејзината врата бидејќи златното правило го исклучува секое самољубие и гордост. Иако постои и поширок пат, но тој завршува со пропаст. Ако сакате да го изберете патот на духовниот живот, морате постојано да се искачувате бидејќи тоа е пат кој води горе. Морате да одите со малцинството, бидејќи мнозинството ќе ја одбере патеката која води надолу. (MГ 138.2)

По патот кој води во смрт, може да оди секој припадник на човечки род со сите свои световности, со сета своја себичност, со сета своја горделивост, нечесност и морална расипаност. Таму има место за сите човечки мислења и учења, доволно простор секој да ги следи своите склоности, да го прави сето она што му го налага неговото самољубие. За да тргне по патот кој води во пропаст, човек не мора да го бара патот бидејќи вратата е широка и патот е широк, па ногата природно свртува на патеката која завршува со смрт. (MГ 138.3)

Но „тесна е вратата и тесен е патот што води кон живот”. Ако се држите до било кој грев, ќе откриете дека патот е премногу тесен за да се упатите по него. Вашите сопствени патишта, вашата сопствена волја, вашите зли навики и постапки, мора да престанат ако сакате да се одржите на Господовиот пат. Кој сака да му служи на Христа, не може да се управува според сфаќањата на овој свет, или да им удоволува на светските критериуми. Патеката кон небото е премногу тесна за угледните и богатите парадно да се возат, премногу тесна за себичните амбиции, премногу стрмна и нерамна по неа да се искачуваат оние кои сакаат удобност. Христовиот дел бил напорна работа, трпение, самопожртвуваност, понижување, сиромаштија, противење од страна на грешниците, а тоа мора да биде и наш дел ако некогаш сакаме да влеземе во Божјиот рај. (MГ 138.4)  

Сепак од ова не смееме да заклучиме дека патеката која води горе е мачна, а она која води долу лесна. Долж целиот пат кој води кон смртта, има болки и страдања, има тага и разочарување, опомени човек да не продолжува понатаму. Бог во својата љубов широката патека ја направил мачна за да непослушните и невнимателните сами увидат дека одат кон пропаст. Вистина е дека сатаната настојува неговата патека да изгледа попривлечна, но сето тоа е само измама; на патот на злото има горко каење, грижа на совеста и грижа која нагризува. Можеме да помислиме дека е пријатно да и се удоволи на гордоста и несветото честољубие, но крајот на тоа е болката и страдањето. Себичните планови можат да дадат ласкави ветувања и да одржуваат надеж за уживање, но на крајот ќе сфатиме дека среќата ни е затруена а животот ни станал горчлив поради надежта која била насочена кон сопственото „јас”. Вратата на патот кој води долу можат да бидат закитени со цвеќе, но на патеката има трње. Светлината на надежта која блеска од влезот, исчезнува во темнината на очајот и душата која чекори по оваа патека запаѓа во сенката на бескрајната ноќ. (MГ 139.1)

„Патот на беззакониците, води во пропаст”, но патиштата на мудроста се „пријатни патишта, и сите патеки нејзини се спокојни” (Изреки 13:15; 3:17). Секое дело на послушност на Христа, секое дело на самоодрекување поради Него, секоја неволја храбро поднесена, секоја победа над искушението, сето тоа се чекори на патот кон славата и конечната победа. Ако го земеме Христа за свој водач, Тој сигурно ќе нè води. Тогаш ниту најголемиот грешник не мора да заскита, ниедна растреперена душа која бара помош не мора да го промаши патот осветлен со чиста и света светлина. Иако патеката е толку тесна, толку света што на неа не може да се трпи гревот, сепак пристапот кон неа им е обезбеден на сите, така што ниту еден кој се сомнева и се плаши не треба да каже: „Бог не се грижи за мене”. (MГ 140.1)

Патот може да биде нерамен, и искачувањето стрмно, може да има бездни и од левата и од десната страна; можеби на својот пат ќе мораме да поднесеме тешки напори; кога ќе се умориме и сакаме да се одмориме, можеби ќе мораме со напор да одиме понатаму; можеби ќе мораме да се бориме и кога ќе изгубиме сила,  а кога ќе бидеме обесхрабрени, мораме сѐ уште да се надеваме; но со Христа, како наш Водич, сепак конечно ќе стигнеме до саканото пристаниште. Самиот Христос пред нас поминал по тој нерамен пат и ја израмнил патеката за нашите нозе. (MГ 140.2)

Долж целиот тој стрмен пат кој води во живот вечен, се наоѓаат извори на радост за освежување на уморните. Оние кои одат по патиштата на мудроста се радуваат дури и во неволја, оти Оној кого нивната душа го љуби, иако невидлив, оди покрај нив. При секој чекор нагоре тие сѐ повеќе го чувствуваат допирот на Неговата рака, при секој чекор нивната патека ја осветлуваат сè посветлите зраци на славата на Невидливиот и нивните песни на благодарност се слушаат сè погоре придружувајќи и се на песната на ангелите пред Божјиот престол. „Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сè повеќе и повеќе, дури не настане ден” (Изреки 4:18). (MГ 140.3)

 

„Потрудете се да влезете низ тесната врата”

(Лука 13:24).

 

Задоцнетиот патник, брзајќи да стигне до градската порта пред залезот на сонцето, не смеел да свртува од патот поради никакви попатни привлечности. Сите негови мисли биле насочени само кон една цел, да влезе низ портата. Исто таква истрајност во постигнувањето на целта, вели Исус, се бара и во христијанскиот живот. Ви ја открив славата на карактерот, која претставува слава на Моето царство. Таа не ви ветува некоја земна власт, а сепак е вредна за вашите најсрдечни желби и напори. Јас не ве повикав да се борите за некоја врховна власт на некое големо светско царство, но немојте поради тоа да заклучите дека нема да има битки во кои ќе се борите и победи кои ќе морате да ги извојувате. Ве повикувам со сите сили да се трудите и борите за да влезете во Моето духовно царство. (MГ 141.1)

Христијанскиот живот е борба и напредување. Но победата, која треба да се извојува, не се постигнува со човечка сила. Местото на борбата е нашето срце. Битката во која треба да се бориме – најголемата битка што некогаш човекот ја водел – е покорувањето на Божјата волја, потчинување на срцето на врховната власт на љубовта. Старата природа, „телото и крвта”, не може да го наследи царството Божјо. Наследените склоности и поранешни навики, мораат да се напуштат. (MГ 141.2)

Оној кој ќе реши да влезе во духовното царство набргу ќе сфати дека сите сили и страсти на неговата непрепородена природа, потпомогнати со силите на царството на темнината, се вперени против него. Себичноста и горделивоста ќе се спротивстават на сето она што укажува на нивната грешност. Ние не можеме сами по себе да ги победиме злите желби и навики кои се борат за превласт, ниту пак сме во состојба да го совладаме моќниот непријател кој нè држи во ропство. Единствено Бог може да ни осигура победа. Тој сака ние да владееме со себе, со својата волја и со своите патишта. Но, Тој не може да делува во нас без нашата согласност и соработка. Божјиот Дух делува преку способностите и силите што му се дадени на човекот. Ние треба да соработуваме со Бога со сите свои способности. (MГ 141.3)

Победата не може да се постигне без срдечна молитва, без постојано потчинување на нашето „јас”. Никој не смее нашата волја да ја принудува на соработка со божествените орудија, туку таа мора доброволно да се потчини. Духот Божји би можел да делува на вас со стократно поголем интензитет, но тоа нема да ве направи христијани, достојни поданици на небото, а тврдината на сатаната на тој начин не би била разурната. Волјата мора да се стави на страна на Божјата волја. Вие не сте во состојба сами од себе да ги потчините вашите цели, желби и склоности на Божјата волја. Но, ако „сте спремни да бидете подготвени”, Бог ќе го оствари тоа дело за вас, рушејќи ја „секоја горделивост, што се крева против познанието за Бога”, заробувајќи го „секој ум за да му биде покорен на Христос” (2. Коринтјаните 10:5). Тогаш ќе го градиш своето спасение со страв и трепет „зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја” (Филипјаните 2:12,13). (MГ 142.1)

Многумина се привлечени од Христовата убавина и небесна слава, но сепак се тргаат назад кога ќе ги дознаат условите под кои сето тоа може да стане нивно. На широкиот пат има многу такви кои не се задоволни од патеката по која одат. Тие копнеат да се ослободат од ропството на гревот и настојуваат со сопствена сила да се спротивстават на своите грешни навики. Тие фрлаат поглед на тесниот пат и тесната врата, но себичните задоволства, љубовта кон светот, горделивоста и несветото честољубие подигнуваат пречка помеѓу нив и Спасителот. Одрекувањето од сопствената волја и омилените нешта кои сами ги избрале или по кои уште копнеат, сето тоа бара жртва пред застануваат, се двоумат, и се враќаат назад. „Мнозина ќе сакат да влезат и не ќе можат” (Лука 13:24). Тие го сакаат доброто, прават напори да го добијат; но тие не го избрале, бидејќи не решиле цврсто да го постигнат по секоја цена. (MГ 143.1)

Ако сакаме да победиме, наша единствена надеж е да ја соединиме својата волја со Божјата волја и да работиме во соработка со Него, од час во час и од ден во ден. Не можеме да останеме такви какви што сме, а сепак да влеземе во царството Божјо. Ако пак некогаш достигнеме светост, тоа ќе биде само затоа што сме се откажале од себе и сме го примиле Христовиот ум. Гордоста и самоувереноста мораат да се распнат. Дали сакаме да ја платиме цената која се бара од нас? Дали сме подготвени својата волја целосно да ја усогласиме со волјата Божја? Сè додека тоа сами не го посакаме, Божјата милост која преобразува нема да се покаже во нас. (MГ 143.2)

Војната која треба да ја водиме е „добрата борба на верата”. „Затоа се трудам“, рекол апостол Павле, „и се борам. Зашто Неговата сила со голема моќ дејствува во мене” (Колосјаните 1:29). (MГ 143.3)

Јаков, во големата криза на својот живот, се повлекол на молитва. Бил исполнет само со една мисла – да измоли преобразување на карактерот. Додека ги изнесувал своите потреби пред Бога, некој непријател, како што претпоставувал, ставил рака врз него и тој цела ноќ се борел за својот живот. Но копнежот на неговата душа не се променил иако бил изложен на животна опасност. Кога силата веќе му била при крај, ангелот ја употребил својата божествената моќ и на Неговиот допир Јаков го препознал Оној со кого се борел. Ранет и беспомошен, паднал врз градите на Спасителот и се молел за благослов. Не сакал да замине неуслишен ниту пак престанал со своето упорно барање, и Христос ја исполнил молбата на оваа беспомошна, покајничка душа, токму како што ветил: „Ако пребегне кон заштитата Моја и склучи мир со Мене. Тогаш нека склучи мир со Мене” (Исаија 27:5). Јаков решително се молел: „Не те пуштам додека не ме благословиш” (Создавање 32:26). Оној кој се борел со патријархот, бил вдахновен од страна на овој дух на истрајност. Тој му ја дал победата, и му го сменил името од Јаков во Израел, велејќи: „Зашто се бореше со Бога, и со луѓето и ги победи” (Создавање 32:28). Она што Јаков залудно настојувал да го направи со сопствена сила, го стекнал благодарение на самопредавањето и цврстата вера. „И ова е победата што го победи светот – верата наша” (1. Јованово 5:4). (MГ 144.1)

„Пазете се од лажните пророци”

(Матеј 7:15).

 

Ќе се појават и лажни учители кои ќе настојуваат да ве одвратат од тесниот пат и тесната врата. Чувајте се од нив, оти иако се облекуваат во јагнешка кожа, одвнатре се грабливи волци. Исус дава еден знак врз основа на кој може да се направи разлика помеѓу лажните и вистинските учители. „По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка?”  (Матеј 7:16). (MГ 145.1)

Нам не ни е наложено да ги мериме според нивните слаткоречиви говори и фалбаџиски изјави. Нив треба да ги мериме според речта Божја. „Допрашајте се до законот и откровението! Ако некои речат дека не е така, тогаш за нив нема светлина”. „Немој, синко, да слушаш совети што те отстрануваат од зборовите на разумни” (Исаија 8:20; Изреки 19:27). Каква вест донесуваат овие учители? Дали таа вест ве наведува да го почитувате Бога и да се плашите? Дали ве упатува дека љубовта што ја имате кон Него да ја посведочите со држењето на Неговите заповеди? Ако луѓето не ја согледуваат важноста на моралниот Закон, ако лесно се однесуваат кон божествените одредби, ако престапуваат само една од Неговите најмали заповеди и така ги учат луѓето, ќе бидат ништожни во очите на небото, а ние можеме да бидеме сигурни дека нивните зборови немаат основа. Тие само го продолжуваат истото дело кое го започнал кнезот на темнината, Божјиот непријател. (MГ 145.2)

Сите оние кои го исповедаат Неговото име и го носат Неговиот знак не се вистински христијани. Мнозина кои учеле во Мое име, вели Исус, на крајот ќе се најдат лесни. „Мнозина ќе Ми речат во оној ден ‘Господи, Господи, нели во Твое име пророкувавме? И зар во Твое име демони не изгонувавме? И нели во Твое име многу чуда правевме?‘ И тогаш Јас ќе им кажам: ,Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела” (Матеј 7:22,23). (MГ 145.3)

Има луѓе кои веруваат дека се во право, и кога грешат. Додека Христа го признаваат за свој Господар и во Негово име, според сопствена изјава, прават големи дела, тие всушност се слуги на неправдата. „И тие ќе доаѓаат кај тебе како на собрание народно и Мојот народ ќе седи пред лицето твое и ќе ги слуша зборовите твои, но нема да ги извршува; зашто тие од тоа во устата своја си прават шеги, а срцето нивно се управува по нивната лакомост”. Оној кој ја објавува Божјата реч за нив е  како „пејач со пријатен глас и кој убаво свири: тие ги слушаат твоите зборови, но не ги исполнуваат” (Езекиел 33:31,32). (MГ 146.1)

Самото тврдење дека сме Христови ученици нема никаква вредност. Верата во Христа, која ја спасува душата, не е таква каква што мнозина ја прикажуваат. „Верувајте, верувајте“ велат тие, „а законот не треба да го држите”. Но верата која не нè упатува на послушност всушност е само дрскост. Апостол Јован вели: „Кој вели: ‘го познав’, а заповедите Негови не ги чува, тој е лажливец и во него нема вистина” (1. Јованово 2:4). Никој нека не мисли дека некое посебно провидение или чудесни појави треба да бидат доказ за веродостојноста на нивната работа или идеите кои ги застапуваат. Кога некој со потценување говори за Божјата Реч, а своите впечатоци, чувства и искуства ги става над божествените мерила, ние тогаш можеме да бидеме сигурни дека во него нема светлина. (MГ 146.2)

Послушноста е доказ дека сме Христови ученици. Држењето на заповедите говори за искреноста што ја исповедаме. Ако учењето кое го прифаќаме го уништува гревот во срцето, ја чисти душата од нечистотиите и раѓа родови на светост, тогаш можеме да знаеме дека тоа е Божја вистина. Кога во нашиот живот се открива добродушност, љубезност, нежност и сочувство, кога нашето срце се исполнува со радост затоа што правиме добро, кога го воздигаме Христа, а не себе – тогаш можеме да бидеме сигурни дека нашата вера е вистинска. „По тоа знаеме дека сме го познале, кога ги чуваме Неговите заповеди“ (1. Јованово 2:3). (MГ 146.3)

„Но таа не падна, зашто беше изградена на камен”

(Матеј 7:25).

 

Христовите зборови длабоко ги погодиле присутните. Ги привлекувала божествената убавина на начелото на вистината, а Христовите свечени опомени допирале до нив како глас на Бога кој ги испитува срцата. Неговите зборови удриле во самиот корен на нивните поранешни мислења и ставови. Потчинувањето на Неговото учење би значело целосна измена во нивниот вообичаен начин на мислење и постапување. Тоа би ги довело во судир со нивните верски учители бидејќи би предизвикало рушење на цели зданија кои рабините со векови ги подигале. Затоа, иако и Христовите зборови го придобиле срцето на народот, само малку од нив биле подготвени тие зборови да ги прифатат како патоказ во животот. (MГ 147.1)

Исус својата Беседа на гората ја завршил со една слика, која многу впечатливо укажува на важноста на спроведувањето на Неговите зборови во дело. Во мноштвото кое се туркало околу Спасителот имало мнозина кои целиот свој живот го поминале во близината на Галилејското езеро. Додека седеле на падините на гората слушајќи ги Христовите зборови, можеле да ги видат долините и котлините низ кои планинските потоци го наоѓале патот до морето. Во лето обично овие потоци сосем исчезнувале оставајќи зад себе само суво и прашливо корито. Но кога зимските бури, проследени со пороен дожд, беснееле над бреговите, реките се претвораат во диви разбеснети порои кои понекогаш ги поплавувале долините и во својот незапирлив тек уривале сè пред себе. Водата ги однесувала колибите кои селаните ги подигнале во зелената рамнина, навидум вон опасноста. Но, високо по ридовите имало куќи изградени на карпите. Во некои краеви куќите биле изградени од камен и многу од нив веќе со илјадници години успешно им давале  отпор на бурите. Овие куќи биле изградени со напорна работа и со многу тешкотии. Не било лесно да им се пријде и нивната положба изгледала помалку привлечна од оние на полјаните. Меѓутоа, тие биле утврдени на камења така што ветровите, водите и бурите залудно се обидувале да ги срушат. (MГ 147.2)

Оној кој ќе ги прими овие Мои зборови и кој на тој темел ќе го изградува својот живот и карактер, сличен е, им рекол Исус, на градителите на овие куќи на каменот. Многу векови порано пророкот Исаија напишал: „А словото на нашиот Бог останува вечно” (Исаија 40:8); а Петар многу подоцна, после Беседата на гората, цитирајќи ги овие зборови на пророкот Исаија, додал: „А тоа слово е Евангелието што ви беше објавено” (1. Петрово 1:25). Божјата Реч е единственото нешто што останува во овој свет. Таа е сигурен темел. „Небото и земјата ќе минат“, рекол Исус, „но зборовите Мои нема да минат” (Матеј 24:35). (MГ 148.1)

Големите начела на Законот, големите начела на самата Божја природа изнесени се со зборови кои Христос ги изговорил на гората. И оној што ѕида на нив, ѕида на Христа, Карпата на сите векови. Примајќи ја Речта, ние го примаме Христа. Само оние кои така ги примаат Неговите зборови, ѕидаат на Него. „Зашто никој не може да постави друга основа, освен положената, а таа е Исус Христос” (1. Коринтјаните 3:11). „Зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме” (Дела 4:12). Христос, Речта, објавата на Бога – израз на Неговиот карактер, Неговиот Закон, Неговата љубов и Неговиот живот – е единствениот темел на кој може да се изгради цврст карактер. (MГ 148.2)

Ние ѕидаме на Христа, слушајќи ја Неговата реч. Не е праведен оној кој само и се радува на правдата, туку оној кој ја врши. Светоста не е некој занес, таа е последица на целосното предавање на Бога, таа е исполнување на волјата на нашиот небесен Отец. Кога синовите Израелови се залогориле на границата на ветената земја, не им било доволно само да го запознаат Ханан или само да пеат песни за него. Да го правеле само тоа тие никогаш не би ги добиле во посед лозјата и маслиновите дрвја во таа прекрасна земја. Таа можела да стане нивна сопственост дури тогаш кога ќе ја освојат, кога ќе ги прифатат условите, кога ќе покажат жива вера во Бога, кога ќе сфатат дека Божјите ветувања  се однесуваат на нив и кога ќе ги послушаат Неговите наредби. (MГ 149.1)

Религијата се состои од исполнување на Христовите зборови, но не затоа за да ја стекнеме Божјата наклоност, туку затоа што, иако незаслужено, сме го примиле дарот на Неговата љубов. Христос не го заснова спасението на човекот само на неговите тврдења дека верува, туку на верата која се покажува во праведни дела. Од Христовите следбеници се очекува да чинат, а не само да зборуваат. Карактерот се изградува токму низ делата. „Сите оние што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји” (Римјаните 8:14). Синови Божји се оние кои Духот ги води, а не оние чии срца се моментно допрени со Духот, не оние кои од време на време се потчинуваат на Неговата сила. (MГ 149.2)

Можеби сакате да станете Христови следбеници, но не знаете како да почнете? Можеби сте во темнина и не знаете како да ја најдете светлината? Следете ја светлината што ја имате. Одлучете во срцето да послушате онолку колку што знаете од Божјата Реч. Божјата сила и самиот Негов живот се наоѓаат во Неговата Реч. Ако со вера ја примате Речта, таа ќе ви даде сила да ја послушате. Ако не ја запоставите светлината која веќе ја имате, ќе добиете уште поголема светлина. Ѕидајте на речта Божја, и вашиот карактер ќе биде изграден според ликот на Христовиот карактер. (MГ 150.1)

Христос, вистинскиот темел, е жив камен; Неговиот живот им се дава на сите кои ѕидаат на Него. „Вие кои како живи камења сте вградени во духовен дом” (1. Петрово 2:5). „Врз Кого целата зграда, стројно зглобена, прераснува во свет храм на Господ” (Ефесјаните 2:21). Камењата стануваат едно со темелот, оти ист живот проникнува во сѐ. Ваквата градба не може да ја сруши никаква бура зашто: (MГ 150.2)

„Оние што живеат во Бога,

сè ќе пребродат со Него” (MГ 150.3)

Но, секоја градба подигната на друг темел, а не на Божјата Реч, ќе падне. Оној кој гради, слично на Евреите во деновите на Христа, на темелот на човечките идеи и мислења, на форми и обреди кои луѓето ги измислиле, или на било какви дела кои може да ги направи независно од Христовата милост, ја подига структурата на својот карактер на непостојан песок. Бесните бури на искушенијата ќе го однесат песочниот темел и од неговата куќа ќе останат само урнатини на брегот на времето. (MГ 150.4)

„Затоа вака вели Господ Бог… ќе ја поставам правдата за мерило и справедливоста за терезија; врнежи од град ќе го уништат засолништето на лагата, и води ќе го потопат местото на заклонот” (Исаија 28:16,17). (MГ 151.1)

Но, денес, милоста сѐ уште се залага за грешникот. „Кажи им, жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја посакувам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив. Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта; зошто да умирате вие, доме Израелов?” (Езекиел 33:11). Гласот кој денес ги повикува непокајаните е гласот на Оној кој некогаш со болка во срцето извикал при погледот на саканиот град: „Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и ги каменуваш оние што ти се пратеници твои. Колкупати сакав да ги соберам чедата твои како што квачка ги собира пилињата свои под крилја, но не сакавте. И ете, домот ваш ќе ви биде напуштен” (Лука 13:34,35). Во Ерусалим, Исус го гледал симболот на светот кој ќе ја презре и ќе ја отфрли Неговата милост. Тој плачеше, о тврдо срце, за тебе! Дури и тогаш кога Исус пролеваше солзи на Маслинската гора, Ерусалим можеше да се покае и да ја избегне својата судбина. Небескиот Дар за миг застанал во надеж дека Ерусалим сепак ќе го прими. Така исто, о, срце, со глас полн со љубов Христос и сега ти говори: „Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене” (Откровение 3:20). „Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението” (2. Коринтјаните 6:2). (MГ 151.2)

Вие кои своите надежи ги полагате сами на себе, ѕидате на песок. Меѓутоа, сѐ уште не е доцна да ја избегнете пропаста која ви се заканува. Пред да дојде бура, бегајте кон сигурен темел. „Затоа вака вели Господ Бог: ‘Ете, Јас полагам во основата на Сион камен, камен испитан, аголен, скапоцен, темелен: кој верува во него, нема да се посрами.’” „Кон Мене обратете се, и ќе бидете спасени, сите краишта земни, зашто Јас сум Бог и нема друг”. „Не плаши се, зашто Јас сум со тебе; не вознемирувај се, зашто Јас сум Бог твој; Јас ќе те закрепам и ќе ти помогнам, ќе те поддржам со Мојата победоносна десница”. „Нема да бидете посрамени и осрамотени во векови” (Исаија 28:16; 45:22; 41:10; 45:17). (MГ 152.1)

Сподели го ова:

Слични објави