Познавање на Бога
Многубројни се начините на коишто Бог ни се објавува и преку кои нè доведува во врска со Себе. Природата постојано им се обраќа на нашите сетила. Искреното срце ќе биде трогнато со Божјата љубов и слава, кои се откриваат во делата на Неговите раце. Чувствителното уво ги слуша и ги разбира пораките што Бог ги упатува преку природата. Зелените полиња, величествените дрвја, пупките и цветовите, облакот кој поминува, дождот кој паѓа, потокот кој жубори, убавините на небото, сето тоа му говори на нашето срце и нè повикува да се запознаеме со Оној, кој сето тоа го создал. {ПХ 85.1}
Нашиот Спасител за своите скапоцени поуки земал примери од природата. Дрвјата, птиците, цвеќето во долините, ритчињата, езерата, прекрасното небо, како и настаните и околностите од секојдневниот живот – сето тоа било поврзано со зборовите на вистината со цел почесто да се сеќаваме на Неговите поуки, дури и среде наметливите грижи со кои е исполнет човековиот мачен живот. {ПХ 85.2}
Бог би сакал Неговите деца да се восхитуваат на Неговите дела, да уживаат во едноставната, тивка убавина, со која го украсил нашиот земен дом. Бог е љубител на убавината, но повеќе од секоја надворешна привлечност Тој ја сака убавината на карактерот; Тој би сакал да негуваме невиност и едноставност – тивките доблести на цвеќето. {ПХ 85.3}
Само кога би сакале да слушаме, Божјите творечки дела би ни пружиле скапоцени поуки за послушност и доверба. Од ѕвездите, кои по своите невидливи патеки низ просторот од век во век патуваат во одреден правец, па сè до најмалите атоми – сè во природата се покорува на волјата на својот Творец. А Бог се грижи за сè и одржува сè што создал. Оној кој во својата рака ги држи безбројните светови во бескрајниот простор, истовремено се грижи и за потребите на малото сиво врапче, кое безгрижно ја пее својата едноставна песна. Небесниот Отец нежно бдее над сите – над луѓето кои заминуваат на својата секојдневна тешка работа и над оние што се молат; над оние кои навечер одат на починка и над оние кои наутро стануваат; над богатиот кој се гости во својата палата и над сиромавиот кој ги собира своите деца околу скромната трпеза. Нема пролеана солза којашто Бог не ја видел. Нема насмевка која Тој не ја забележал. {ПХ 85.4}
О, кога би можеле целосно да веруваме во тоа, би се ослободиле од сите непотребни грижи! Нашиот живот не би бил толку полн со разочарувања каков што е сега; бидејќи сите свои грижи и мали и големи, би му ги предале во рацете на Бога, кого не го збунува нивното мноштво, ниту пак го оптоварува нивната тежина. Тогаш ние би уживале душевен мир што мнозина веќе долго не го почувствувале. {ПХ 86.1}
Додека вашите сетила уживаат во привлечната убавина на Земјата, мислете на светот кој ќе дојде, светот кој никогаш не ќе ја запознае злокобната пламеница на гревот и смртта, во кој лицето на природата нема да биде покриено со сенката на проклетството. Обидете се да го замислете домот на спасените, но имајте на ум дека тој ќе биде многу пославен од сè што би можело да го наслика дури и најразиграната мечта. Во разновидните Божји дарови во природата го гледаме најслабиот отсјај на Неговата слава. Напишано е: „Што окото не виде, и увото не чу, и во срцето на човекот не дојде, тоа Бог им го приготви на оние што го љубат“ (1. Коринтјаните 2:9). {ПХ 86.2}
Поетот и природонаучникот би можеле многу да раскажуваат за природата, но христијанинот е оној, кој со најголема почит ужива во убавината на Земјата, бидејќи го препознава делото на рацете на својот Отец, ја гледа Неговата љубов во цветот, во грмушката и во дрвото. Никој не може наполно да го цени значењето на брегот и долината, на реката и езерото, ако не ги гледа како израз на Божјата љубов кон човекот. {ПХ 87.1}
Бог ни говори преку делата на своето провидение и преку влијанието на Својот Дух врз нашите срца. Од состојбите и околностите, од промените што секојдневно се случуваат околу нас, можеме да извлечеме скапоцени поуки, ако нашето срце е отворено да ги сфати. Псалмистот, следејќи ги делата на Божјото провидение, вели: „Земјата е полна со Господова добрина“ (Псалм 33:5). „Кој е мудар нека го запамети ова и нека ја увиди љубовната Господова добрина“ (Псалм 107:43). {ПХ 87.2}
Бог ни говори во Своето слово. Во него го имаме најјасното откривање на Неговиот карактер, Неговото однесување кон луѓето, и големото дело на откуп. Во него пред нас протекува историјата на патријарсите и пророците и другите свети луѓе од дамнина. Тоа биле луѓе „подложни на слабости како и ние“ (Јаков 5:17). Ние ги гледаме како се борат со истото обесхpaбрување што нè обзема и нас, како паѓаат во искушенија како и ние што паѓаме, и како сепак храбро стануваат и победуваат со Божјата благодат: и гледајќи, стекнуваат храброст во своето тежнеење за праведноста. И додека читаме за скапоцените искуства што им биле дадени, за виделината и љубовта и благословот во кој можеле да уживаат, за делото кое го направиле преку благодатта што им била дадена, духот што ги вдахнувал нив и во нашите срца разгорува пламен на свет натпревар, копнеж да бидеме слични со нив во карактерот – како и тие, да одиме со Бога. {ПХ 87.3}
Исус за старозаветните списи рекол – а колку повеќе тоа се однесува за новозаветните – „и тие сведочат за Мене“ (Јован 5:39), за Откупителот, за Оној кој е центар на сите надежи за вечен живот! Да, целата Библија говори за Христа. Од првиот извештај за создавањето – „и ништо, што настанало, не настанало без неа“ (Јован 1:3) – сè до завршното ветување: „И еве ќе дојдам скоро“ (Откровение 22:12), ние читаме за Неговите дела и го слушаме Неговиот глас. Ако сакате да се запознаете со Спасителот, проучувајте го Светото Писмо. {ПХ 88.1}
Наполнете го сето свое срце со Божјите зборови. Тие се жива вода, која ја гасне вашата горлива жед. Тие се жив леб од Небото. Исус објавува: „Ако не го јадете телото на Синот човечки и ако не ја пиете Неговата крв, нема да имате живот во себе!“ А потоа сам објаснува: „Зборовите што ви ги реков Јас се дух и живот“ (Јован 6:53,63). Нашето тело е изградено од она што го јадеме и пиеме, и како што тоа е во телесниот живот, така е и во духовниот; она за што размислуваме, вдахнува расположение и сила на нашата духовна природа. {ПХ 88.2}
Откупувањето е тема во која ангелите би сакале да ѕирнат; со неа ќе се занимаваат и за неа ќе пеат откупените во текот на бескрајните векови на вечноста. Зарем тоа не е и сега вредно за внимателно размислување и проучување? Бескрајното Исусово милосрдие и Неговата бескрајна љубов, жртвата која Тој ја даде за нас – сето тоа нè повикува на најсериозно и најсвечено размислување. Треба да размислуваме за мисијата на Оној, кој дојде да го спаси Својот народ од неговите гревови. И додека така ги разгледуваме небесните теми, нашата вера и љубов ќе стануваат сè посилни, а нашите мотиви сè поугодни за Бога, бидејќи во нив ќе има сè повеќе вера и љубов. Тие ќе бидат разумни и огнени. Нашата доверба во Исуса ќе биде поцврста и секој ден ќе стекнуваме живи искуства со Неговата сила, дека може да ги спаси целосно оние што доаѓаат преку Него кај Бога. {ПХ 88.3}
Додека размислуваме за совршенството на Спасителот, ќе посакаме целосно да се преобразиме, во нас да се обнови Неговиот безгрешен лик. Ние ќе бидеме гладни и жедни да станеме слични на Оној што го обожуваме. Колку нашите мисли сè повеќе се занимаваат со Христа, толку повеќе за Него ќе им зборуваме на другите и поцелосно ќе му Го претставуваме на светот. {ПХ 89.1}
Библијата не е пишувана само за образованите; туку напротив, таа им била наменета на обичните луѓе. Големите вистини, неопходни за спасението, се откриени во неа јасно како ден; и никој нема да згреши ниту пак да скршне од патот освен оние кои го следат своето лично мислење наместо јасно откриената Божја волја. {ПХ 89.2}
Ние не смееме да се поведуваме по тврдењата на кој и да е човек во врска со она што го учи Писмото, туку мораме самите за себе да ги проучуваме Божјите зборови. Ако им дозволиме на другите да мислат наместо нас, ќе ја осакатиме својата сила и ќе ги ограничиме своите способности. Благородните сили на умот можат да закржлават, ако не ги развиваме со размислување за темите што се вредни да се занимаваме со нив, па така можеме да ја загубиме способноста за разбирање на длабокото значење на Божјите зборови. Умот ќе се развива, ако го ангажираме со проучување на меѓусебната поврзаност на библиските теми, со споредување на еден библиски текст со друг, една духовна вистина со друга. {ПХ 89.3}
За јакнење на умот ништо друго не е покорисно од проучувањето на Писмото. Ниедна друга книга нема толкава сила да ги воздигне мислите, да ги оживее способностите, како Библијата со своите длабоки, благородни вистини. Кога Божјото слово би го проучувале онака како што би требало, луѓето би се одликувале со ширина на умот, благородност на карактерот, цврстина на намерите, какви што денес ретко се среќаваат. {ПХ 90.1}
Меѓутоа, малку полза може да се извлече од брзото читање на Писмото. Некој може да ја прочита целата Библија, а пак да пропушти да ја види нејзината убавина или да го сфати нејзиното длабоко и скриено значење. Многу е покорисно да се проучува еден дел сè додека неговото значење не стане целосно јасно, а неговиот однос кон планот на спасението очигледен, отколку да се читаат бројни поглавја без некоја одредена намера и без стекнување на полезни поуки. Библијата нека биде со вас. Кога ќе ви се укаже можност, читајте ја; врежувајте ги текстовите во своето помнење. Дури и кога одите по улица, можете да издвоите некој стих и да го читате, да размислувате за него и така да го врежете во меморијата. {ПХ 90.2}
Ние не можеме да стекнеме мудрост без сериозно, внимателно проучување и молитва. Некои делови на Писмото навистина се многу јасни, така што никој не може погрешно да ги сфати; но има и такви чиешто значење не лежи на површината, не се гледа на прв поглед. Треба да се споредува еден библиски текст со друг. Мора грижливо да се проучува, со молитва и размислување. И таквото проучување ќе биде богато наградено. Како што рударот ги открива жилите на скапоцената руда скриена под земјината површина, така и оној, кој трпеливо го проучува Божјото слово, како да бара закопано богатство, ќе ја најде вистината со најголема вредност која била скриена од погледот на немарливиот барател. Вдахновените зборови, ако сериозно се прифатат во срцето, ќе станат слични на потоците кои течат од изворот на животот. {ПХ 90.3}
Библијата никогаш не смееме да ја проучуваме без молитва. Пред да ги отвориме нејзините страници треба да бараме просветлување од Светиот Дух, и тоа ќе ни биде дадено. Кога Натанаил дошол кај Исуса, Спасителот извикнал: „Еве вистински Израелец во кого нема лукавство!“ Натанаил рекол: „Како ме познаваш?“ Исус одговорил: „Пред да те повика Филип те видов кога беше под смоквата“ (Јован 1:47,48). Исус и нас ќе нè види на тајните места на молитва ако бараме од Него видело да можеме да знаеме што е вистина. Ангелите од светот на светлината ќе бидат со оние, кои во понизност бараат Бог да им го покаже патот. {ПХ 91.1}
Светиот Дух го воздигнува и прославува Спасителот. Негова должност е да ни го претстави Христа, чистотата на Неговата праведност и големото спасение што го имаме во Него. Исус вели: „Тој ќе земе од Моето и тоа ќе ви го објави вам“ (Јован 16:14). Духот на вистината е единствен успешен учител на божествената вистина. Колку Бог го вреднува човечкиот род кога го дал својот Син да умре за него и го определил својот Дух да биде учител и постојан водач на луѓето. {ПХ 91.2}