Растење во Христа

Сподели го ова:

Промената на срцето со која стануваме Божји деца, во Библијата се нарекува раѓање. На друго место е споредена со ’ртење на добро семе што го посеал домаќинот. Според истата слика, оние кои тукушто му се обратиле на Христа, треба „како новородени деца“ да „израснат до висината на растот“ на мажите и жените во Исуса Христа. (1. Петрово 2:2; Ефесјаните 4:15). Или пак слично на доброто семе што е посеано во полето, треба да израснат и да донесат род. Исаија вели дека тие треба „да се наречат дрвја на праведноста, насад Господов, на слава Негова“ (Исаија 61:3). И така од животот на природата се земени слики што ни помагаат да ги разбереме таинствените вистини на духовниот живот. {ПХ 67.1}

Сета човечка мудрост и знаење не можат да вдахнат живот ни во најмалиот предмет во природата. Само со животот кој самиот Бог го вдахнал, можат да живеат и растенијата и животните. Исто така само со животот од Бога се зачнува духовниот живот во човечкото срце. Ако човекот не е „роден одозгора“ (Јован 3:3), не може да земе учество во животот што Христос со своето доаѓање сакал да ни го даде. {ПХ 67.2}

Како што е со животот така е и со растењето. Бог е оној што прави пупката да расцвета и цветот да донесе род. Со Неговата сила семето се развива и „најпрво развива стебленце, потоа клас и на крај полн клас со зрна“ (Марко 4:28). Пророкот Осија кажува за Израел дека ќе „процути како крин… ќе раѓа како жито и ќе цути како винова лоза“ (Осија 14:5,7). Исус ни заповеда: „Погледнете ги лилјаните како растат“ (Лука 12:27). Растенијата и цвеќето не растат сами од себе, со своја грижа и напор, туку примајќи го она што им го приготвил Бог да им служи за животот. Детето не може со никаков свој напор или сила да го зголеми својот раст. Така ни вие не можете со свој напор или грижа да си го осигурите своето духовно растење. Растението, детето, растат примајќи го од околината она од што им зависи животот – воздух, сончева светлина и храна. Она што тие дарови на природата се за животното и за растението, тоа е Христос за оние што се надеваат во Него. Тој е нивно „вечно видело“, „сонце и штит“ (Исаија 60:19; Псалм 84:11). Тој ќе му биде како „роса на Израел“. „Ќе слезе како дожд на покосена ливада“ (Осија 14:5; Псалм 72:6). Тој е живата вода, „Божјиот леб…кој слегува од небото и му дава живот на светот“ (Јован 6:33). {ПХ 67.3}

Со ненадминливиот дар на Својот Син, Бог го опкружил светот со атмосфера на благодат исто така вистинска како што е воздухот кој кружи околу земјината топка. Сите кои ќе решат да ја вдишуваат таа животодавна атмосфера ќе живеат и ќе израснат до висината на растот човечки во Исуса Христа. {ПХ 68.1}

Како што цветот се врти кон сонцето, за блескавите зраци да можат да му помогнат во усовршувањето на убавината и симетријата, така и ние мораме да се свртиме кон Сонцето на праведноста за да може небесната светлина да нè осветли и да го развие нашиот карактер по примерот на Христа. {ПХ 68.2}

Истото тоа го кажал Исус кога рекол: „Бидете во Мене и Јас ќе бидам во вас. Како што прачката не може да роди род сама од себе ако не биде на лозата, така и вие ако не бидете во Мене… зашто без Мене не можете да правите ништо“ (Јован 15:4.5). За да можете да живеете свет живот, зависите од Христа како што прачката зависи од лозата – родител за да расте и да донесе род. Одвоени од Него вие немате живот. Немате сила да му се спротивставите на искушението или да растете во благодат и светост. Опстојувајќи во Него, можете да напредувате. Црпејќи живот од Него, нема да се исушите и да останете без родот свој. Ќе бидете слични на дрво кое е засадено крај поток. {ПХ 68.3}

Многумина сметаат дека еден дел од работата можат да ја извршат сами. Тие му се довериле на Христа за да добијат простување на гревот, но сега се трудат да живеат праведно со свои напори. Меѓутоа секој таков напор е залуден. Исус вели: „Без Мене не можете да направите ништо!“ Нашето растење во благодатта, нашата радост, нашата корисност – сето зависи од нашето единство со Христа. Само тогаш, ако секој ден и секој час сме во заедница со Него – само ако живееме во Него, ќе можеме да растеме во благодатта. Тој не е само „Зачетник“ туку и „Извршител“ на нашата вера! Христос е прв, последен и секогаш. Тој мора да биде со нас не само на почетокот и на крајот на нашиот пат, туку и на секој чекор во животот. Давид вели: „Господ ми е секогаш пред очите. Тој ми е од десната страна да не паднам“ (Псалм 16:8). {ПХ 69.1}

Дали се прашувате: „Како треба да живеам во Христа?“ – На ист начин како што сте Го примиле на почетокот. „Значи, како што го примивте Господа Исуса Христа, онака и живејте во Него!“ „А праведникот ќе живее преку вера“ (Колосјаните 2:6; Евреите 10:38). Вие себеси сте му се предале на Бога да бидете потполно Негови, да Му служите и да Го слушате, и сте го прифатиле Христа како свој Спасител. Вие не сте можеле сами да ги окаете своите гревови или да го промените своето срце; но вие себеси сте се предале на Бога, верувајќи дека Тој поради Христа, сето тоа го сторил за вас. Со вера сте станале Христови, и со вера треба да растете во Него – давајќи и земајќи. Вие треба да дадете сè – своето срце, својата волја, својата служба – себеси да му се предадете Нему и да бидете послушни на сите Негови барања; вие морате и да земете сè – Христа, полнината на сите благослови, да живее во вашето срце, да биде ваша сила, ваша праведност, ваш вечен Помошник – да ви дарува моќ да бидете послушни. {ПХ 69.2}

Наутро посветете му се на Бога; тоа нека ви биде прва работа. Вашата молитва нека ви биде: Земи ме, о Господе, потполно да бидам твој! Сите мои планови ги ставам пред Твоите нозе. Употреби ме денес во Твоја служба. Биди со мене и целото мое дело нека се врши во Тебе! Така треба да биде секој ден. Секое утро посветувајте му се себеси на Бога за тој ден. Изнесете му ги сите свои планови со цел Неговото провидение да покаже дали треба да ги оствариме или отфрлиме. И така, од ден на ден, својот живот ќе го предавате во Божјите раце; така вашиот живот ќе се обликува да биде сè посличен на Христовиот живот. {ПХ 70.1}

Животот во Христа е живот исполнет со спокојство. Можеби во него нема да има занес на чувствата, но ќе има постојана, спокојна доверба. Вие не се надевате во себе туку во Христа! Вашата слабост е соединета со Неговата сила, вашето незнаење со Неговата мудрост, вашата кревкост со Неговата издржливост. И така не треба да гледате на себе, не треба да се занимавате со себе, туку гледајте на Христа! Вашите мисли нека се занимаваат со Неговата љубов, убавина и совршенство на Неговиот карактер. Христос во своето самооткажување, Христос во своето понижување, Христос во својата чистота и светост, Христос со својата неспоредлива љубов, е тема за која треба да размислувате. Сакајќи го Него, следејќи го Него, целосно потпирајќи се на Него, вие ќе се преобразите и ќе му станете слични Нему. {ПХ 70.2}

Исус вели: „Бидете во Мене!“ Тие зборови ја содржат мислата за одмор, постојаност и доверба. И повторно Тој повикува: „Дојдете кај Мене,… и Јас ќе ви дадам одмор!“ (Матеј 11:28). Зборовите на псалмистот ја изразуваат истата мисла: „Потпри се на Господа и надевај се на Него!“ Исаија нè уверува: „Во мирот и во надевањето лежи вашата сила“ (Псалм 37:7; Исаија 30:15). Овој одмор не се состои од некаква неактивност, зашто во повикот на Спасителот ветувањето за одмор е поврзано со повик за работа: „Земете го Мојот јарем на себе… и ќе најдете спокојство за своите души“ (Матеј 11:29). Срцето кое најпотполно почива во Христа, ќе биде најсериозно и најтрудољубиво во работата за Него. {ПХ 71.1}

Кога сме опседнати со себе, нашиот ум се одвраќа од Христа, Изворот на силата и животот. Затоа сатаната постојано се труди да го одврати вниманието од Спасителот и така да го спречи единството и врската на душата со Христа. Задоволствата на светот, грижите, не- сигурноста и жалостите на животот, маните на другите, или вашите сопствени мани и недостатоци – тоа се предмети на кои тој, на еден од нив или на сите заедно, сака да ги сврти вашите мисли. Не дозволувајте да ве залажат неговите лукавства! Мнозина кои се навистина свесни и кои сакаат да живеат за Бога, тој многу често ги наведува да се занимаваат со своите мани и слабости, и така, одвојувајќи ги од Христа, се надева дека ќе постигне победа. Ние не смееме самите себеси да станеме центар и потоа да се грижиме и да се плашиме дали ќе бидеме спасени. Сето тоа нè оддалечува од Изворот на нашата сила. Препуштете му ја на Бога грижата за себе и имајте доверба во Него. Разговарајте и мислете за Исуса. Нека вашето „јас“ се загуби во Него. Отфрлете го секој сомнеж; оттргнете го својот страв. Кажете со апостол Павле: „А јас не живеам повеќе, туку во мене живее Христос. А животот што сега го живеам во телото, го живеам преку вера во Божјиот Син, Кој ме возљуби, и се предаде Себеси за мене“ (Галатјаните 2:20). Потпрете се на Бога. Тој може да го сочува она што сте Му Го довериле. Ако се препуштите во Негови раце, Тој ќе ви помогне надмоќно да победувате во Оној што ве љуби (Римјаните 8:37). {ПХ 71.2}

Кога Христос ја зел човечката природа, се поврзал со човечкиот род со врска на љубовта којашто никаква сила, освен самиот човек, никогаш не ќе може да ја раскине. Сатаната постојано ќе ни ги подметнува своите стапици за да нè наведе да ја прекинеме таа врска – намерно да се одвоиме од Христа. Токму тука е потребно да се чуваме, да се трудиме, да се молиме ништо да не нè наведе да одбереме друг господар; бидејќи тоа секогаш зависи од нашата слободна волја. Но нека нашите очи секогаш бидат вперени во Христа, и Тој ќе нè чува. Гледајќи го Исуса, ние ќе бидеме сигурни. Ништо не може да нè оттргне од Неговата рака. Гледајќи го секогаш Него „ние се преобразуваме во истиот лик од слава во слава, како што го прави тоа Господовиот Дух“ (2. Коринтјаните  3:18). {ПХ 72.1}

Токму на тој начин првите ученици му станале слични на својот сакан Спасител. Кога тие ученици ги чуле Исусовите зборови, почувствувале потреба за Него. Тие Го барале, Го нашле и Го следеле. Биле со Него дома, крај трпеза, в клет, в поле. Биле со Него како ученици со Учителот, секој ден примајќи од Неговите усни поуки за светата вистина. Гледале во Него како слуги во својот господар, да ја дознаат својата должност. Тие ученици биле луѓе „подложни на слабости како и ние“ (Јаков 5:17). И тие морале да водат иста борба со гревот. Им била неопходна истата благодат за да живеат свет живот. {ПХ 72.2}

Дури ни Јован, возљубениот ученик, кој најцелосно го одразувал ликот на Спасителот, по својата природа ја немал таа убавина на карактерот. Тој не само што бил наметлив и желен за чест, туку жесток и лут на оние кои го навредувале. Но, кога се запознал со карактерот на Божјиот Син, станал свесен за своите недостатоци и тоа сознание го направило понизен. Моќта и трпението, силата и нежноста, величеството и кротоста, кои секојдневно ги гледал во животот на Божјиот Син, го исполниле со восхит и љубов. Од ден на ден Христос сè повеќе го привлекувал неговото срце, сè додека на крајот не се загубил себеси од вид, исполнет со љубов кон својот Учител. Неговиот гневлив, честољубив темперамент дошол под влијание на Христовата сила која преобразува. Препородувачкото влијание на Светиот Дух го преродило неговото срце. Силата на Христовата љубов го преобразила неговиот карактер. Тоа е сигурна последица од соединувањето со Исуса. Кога Христос живее во срцето, се менува целата природа. Христовиот Дух, Неговата љубов, го омекнува срцето, ја скротува душата, ги воздигнува мислите и желбите кон Бога и Небото. {ПХ 73.1}

Кога Христос се вознесе на Небото, Неговите следбеници чувствуваа како Тој и понатаму да е со нив; дека е лично присутен, полн со љубов и светлина. Исус, Спасителот кој одел и разговарал со нив, се молел за нив, им ги кажувал зборовите на надеж и утеха на нивните срца, бил однесен од нив на Небото, и од облакот на ангелите што го опкружиле одекнал звук на Неговиот глас: – „И еве Јас сум со вас во сите дни до крајот на светот!“ (Матеј 28:20). Тој се вознел на Небото во лик на човек. Тие знаеле дека Тој се наоѓа пред престолот Божји и дека останал нивни Пријател и Спасител, дека Неговата љубов останала непроменета, дека Тој и понатаму се изедначува со напатеното човештво. Тој ги изнесува пред Бога заслугите на својата скапоцена крв, ги покажува своите ранети нозе и раце, потсетувајќи на цената што ја платил за спасените. Знаеле дека се вознел на Небото да им приготви место и дека повторно ќе дојде да ги земе кај себе. {ПХ 73.2}

Кога се собрале по вознесението, силно посакувале своите молби да му ги изнесат на Отецот во Исусово име. Исполнети со светa стравопочит, се наведнале на молитва повторувајќи го ветувањето: „Сè што ќе посакате од Отецот во Мое име, ќе ви даде. Досега ништо не сакавте во Мое име; барајте и ќе примите за радоста ваша да биде исполнета”. (Јован 16:23.24). Ја издигнувале раката на верата сè повисоко и повисоко, со моќно образложение: „Исус Христос, кој умре, па уште и воскресна, кој е од десната страна на Бога и се моли за нас“ (Римјаните 8:34). Денот Педесетница им го донел присуството на Утешителот, за кој Христос рекол дека „ќе биде во вас“. Освен тоа додал: „Подобро е за вас Јас да одам, зашто ако јас не одам, Утешителот нема да дојде кај вас, а ако одам, ќе го испратам кај вас“ (Јован 14:17; 16:7). Од тогаш Христос требало постојано да живее со Духот во срцето на своите деца. Нивната врска со Него сега била потесна отколку кога Тој лично бил со нив. Од нив светела светлината, љубовта и силата на Христа кој живеел во нив, така што луѓето гледајќи ги нив, „се восхитуваа и знаеја дека тие беа со Исуса“ (Дела 4:13). {ПХ 74.1}

Сè што Христос бил за своите ученици, Тој сака да биде и за своите деца денес; имено, Тој во својата последна молитва, опкружен со малечката чета свои ученици, рекол: „Не молам само за нив, туку и за оние што ќе поверуваат заради нивните зборови“ (Јован 17:20). {ПХ 75.1}

Исус се молел за нас и барал и ние да бидеме соединети со Него како што Тој е соединет со својот Отец. Каква е таа заедница! Спасителот рекол за себе: „Синот не може да прави ништо сам од себе; Отецот кој пребива во Мене, Тој ги прави делата“ (Јован 5:19; 14:10). Според тоа, ако во нашето срце живее Христос, Тој ќе делува во нас „да сакаме и да правиме како што му е угодно“ (Филипјаните 2:13). Ние ќе правиме како што правел и Тој; ќе покажеме ист дух. И така, љубејќи го Него и живеејќи во Него, ние „во сè ќе израснеме во Него, кој е глава, Христос“ (Ефесјаните 4:15). {ПХ 75.2}

Сподели го ова:

Similar Posts