ПРЕДГОВОР

Сподели го ова:

Како настана оваа книга

Децении пред физиолозите да почнеле да се занимаваат и да ја проучуваат блиската врска, која постои помеѓу исхраната и здравјето, Елена Г. Вајт во своите списи јасно ја истакнува врската помеѓу храната што ја јадеме и нашето физичко и духовно здравје. Во своите предавања и списи од 1863 и подоцна, таа често пишувала за важноста на храната и адекватната исхрана. Овие совети, онака како што се сочувани во разни брошури, книги, по страниците на црковните списанија, како и во нејзините лични сведоштва, извршиле силно, преобразувачко влијание на диететските навики кај адвентистите на седмиот ден, како и на општите животни навики кај пошироката јавност.

Списите на сестра Вајт што се однесуваат на здравата исхрана биле собрани во компилација во 1926. година во вид на учебник за студентите по диететика и медицина на Универзитетот Лома Линда во Калифорнија. Првото издание кое носело наслов „Посведочени проучувања за исхраната“ било набрзина распродадено.

Ново и проширено издание се појавува во 1938. година со наслов: „Совети за животот и исхраната“. Ова издание познато како второ, било создадено под управа на Одборот за чување на списите на Елена Г. Вајт. Третото издание, печатено во помал формат за да одговара на барањата на серијата „христијанска домашна библиотека“, излегло од печат во 1946-тата. Денешното издание е четврто по ред без било каква промена во текстот или означување на страниците.

Уникатна компилација

При собирањето на материјалот за оваа книга, беше водено сметка да биде вклучен цел дијапазон на совети од перото на Елена Вајт по овој предмет. Оваа компилација е поинаква од сите други нејзини книги, затоа што советите се подредени тематски но сепак не на начин за тоа да биде едно континуирано градиво.

Секој одсек во оваа книга претставува потполна расправа на одредена тема. Не е изоставено ништо што би можело да биде од суштински допринос. Меѓутоа, многу упатства за здравјето често се обработуваат заедно во еден параграф, па затоа може да се стекне впечаток дека поедини ставови и мисли непосредно се повторуваат. Со внимателно користење на вкрстени извори на податоци, овие повторувања се сведени на минимум.

Иако ограниченоста на просторот и напорот да се избегнат повторувања прави невозможно да биде вклучен секој цитат по прашање на исхраната, сепак е постигнато да се направи една комплетна и целовита презентација на учењата на Елена Г. Вајт.

Опасности на вадење делови од целината

Фактот што оваа книга е направена во вид на енциклопедија, издвојувајќи ги поважните презентации и групирајќи ги тематски, ја прави погоден прирачник. Но таквиот нејзин дизајн ја прави погодна и за злоупотреба. Со цел да се спознае намерата на авторот како и да се почувствува целосното влијание од нејзините учења, императив е книгата да се проучи во целост.

Читателот треба да има на ум дека еден единствен цитат од Елена Вајт на одредена тема од областа на исхраната може да биде далеку од нејзината вистинска намера и разбирање за хранливата вредност што му е потребна на телото. На пример, во реченицата која е запишана на страна (? 311 стр) од оваа книга, а е земена од Сведоштва за црквата вол. 2 стр. 352, таа вели: “Житарките и овошјето подготвени без животински масти и во што поприрода состојба, треба да бидат храна на трпезите на сите оние кои што тврдат дека се подготвуваат за преобразување.” Во светлината на други нејзини цитати, јасно се гледа дека таа немала намера да каже дека исхраната на оние што се подготвуваат за на Небо треба да се сведе само на „житарки и овошје”. Овој цитат запишан во 1869. година кога таа советувала да се избегнува користењето на месна исхрана, всушност значи дека под поимот “житарки и овошје” се мисли на немесна исхрана. Во овој цитат не се споменати зрнестите плодови, зеленчукот ниту пак млечните продукти, за кои Елена Вајт вели дека се исто така важни за една урамнотежена нутритивна програма.

Уште еден цитат од истата страна (311), напишан околу дваесет години подоцна, во кој е претставена исхрана која има за цел да му даде издржливост и сила на умот, се споменуваат „овошјето, житарките и зеленчукот“ подготвени во комбинација со „млеко или павлака“. Овде зрнестите плодови не се споменуваат. На следната страна во еден друг параграф напишан 1905, „житарките, зрнестите плодови, зеленчукот и овошјето“ се набројани како замена за месото. Во овој цитат е изоставено млекото. Сепак млекото се споменува во нејзиниот цитат од 1909-та кој е запишан на страна (354): „Зеленчукот треба да биде вкусно приготвен со малку млеко или павлака, или со нешто слично на нив…. Воздржуваќи се од млеко, јајца и путер некои не успеале да го обезбедат организмот со соодветни хранливи материи и како последица на тоа станале слаби и неспособни за работа. На тој начин здравствената реформа ја бие лош глас.“

Постојат и неколку други слични примери како погоре цитираните каде што Елена Вајт во својот цитат не ги набројува сите елементи потребни за една адекватна исхрана. Мораме да бидеме внимателни за да ја сватиме целосната нејзина мисла по било кој предмет. Нејзините цитати не смеат да се употребуваат изолирано, и да се вадат како делови од целината.

Сите се повикани да проучуваат

Намерата на Елена Вајт не била нејзините списи по предметот на исхраната да ја исклучат потребата од искрено проучување со цел да се пронајде најдобрата и најсоодветна исхрана, користејќи се со предноста на растечкото знаење, и со искуствата и истражувањата на другите. Таа напишала:

„Наше животно тежнеење треба да биде одржување на телото во здрава состојба, со цел сите органи од живиот организам да можат совршено да работат.“ (стр. 12)

„Заради тоа што законите на природата се закони Божји, јасно е дека нашата должност е да се посветиме на грижливо проучување на тие закони. Ние треба да ги проучуваме нивните барања во однос на своето тело и да постапуваме во согласност со нив. Непознавањето на тие нешта претставува грев.“ (стр. 12)

Јасно може да се види дека сестра Вајт чувствувала дека секој треба добро да биде информиран, користејќи ја предноста на напредокот на науката во поглед на нутритивните истражувања, се додека заклучоците се во согласност со вдахновените совети.

Опасности од крајности

Елена Вајт не се двоумела да ги посочи опасностите од претерување, невнимание или слабост во обезбедувањето на соодветна исхрана за семејството. Овој факт е прикажан преку цитат каде мајката „со лошо подготвената, нездрава храна“ всушност може „да ги спречи, па дури и да ги упропасти способностите на возрасните, но и развојот на децата.“ (стр. 471) Во истиот цитат таа повикува да се „обезбеди храна која ќе биде прилагодена на потребите на телото, а истовремено привлечна и вкусна.“

Иако причините за вклучување на некои млечни продукти во една урамнотежена, соодветна исхрана не биле целосно разбрани, Елена Вајт зборувала со одобрување за тоа, па дури повикувала на претпазливост против нивно отстранување. Денес во светлината на знаењето дека одредени видови на безначајни хранливи состојки се витални за телесните функции, имаме поголемо разбирање. Некои од овие хранливи состојки, иако наизглед не се присутни кај сите видови на вегетаријанска исхрана, можат да се најдат во соодветна количина кај лакто-ово- вегетаријанската исхрана. Ова е од посебно значење за децата чиј што правилен развој според Елена Вајт може да биде попречен со „лошо подготвената, нездрава храна“.

При крајот на XIX век Елена Вајт почнала да пишува дека заради зголемената појава на болести кај животинскиот свет целокупната храна од животинско потекло, вклучуваќи го и млекото, со текот на времето ќе треба да биде оставена (види стр. 354, 355). Но сепак истовремено постојано предупредува против превземање предвремени чекори во овој правец така што во 1909 изјавила дека ќе дојде време кога таквите чекори ќе бидат неопходни, но се залагала против создавање на забуна преку „предвремени и екстремни рестрикции“. Таа советувала „почекајте додека околностите тоа не го наложат тоа и додека Господ за тоа не го подготви патот“ (стр. 355- 359).

Токму лакто-ово-вегетаријанската исхрана ја одржувала Елена Вајт за време на нејзината активна служба и осумдесет и осумте години живот.

Употреби здрави начела во проучувањето

Одредени здрави начела мора секогаш да се употребуваат при проучувањето на советите за исхрана во оваа книга. Сите поуки од оваа книга треба да се проучуваат со отворен ум, како дел од една постојана и добро избалансирана целина. Треба да се води грижа да се чита целиот цитат на дадена тема. Потоа за да се осознае комплетната мисла на авторот, потребно е да се споредува цитат со цитат. Доколку еден цитат изгледа дека не се слага со друг, би било добро проучувачот барем едниот од нив, а може и двата, да ги разгледа изворно.

Проучувачот исто така би требало да го следи примерот на Елена Вајт во препознавање на три основни начела:

  1. „Здравствената реформа треба да биде прогресивна“ МН 320.
  2. „Ние во исхраната не одредуваме некаков прецизен пат по кој што треба да се оди“ 9Т 159
  3. „Себеси не се сметам за ничие мерило“ Leter 45, 1903.

Препорака за здравствена реформа

Вистинската здравствена реформа се препорачува самата себе заради нејзиниот добар смисол. Нејзиниот плод ќе се види во доброто здравје, силата, слаткиот здив и општото добро чувство. Дури и духовниот живот може да биде потпомогнат со добрите здравствени навики. Задоволство е да се посведочи, што преку големиот напредок на науката, целосно се докажуваат многу драгоцени принципи па дури и најситни точки на совети што им се откриени на адвентистите на седмиот ден преку вдахновеното перо на Елена Вајт.

Наша најискрена желба е оваа книга да му помогне на секој нејзин читател да се стекне со подобро физичко и духовно здравје.

Старателите на наследството на Блена Г. Вајт

Вашингтон, Д, Ц. 17 септември, 1976

Сподели го ова:

Similar Posts