8. Отпадништвото на народот

Сподели го ова:

Од смртта на Јеровоам па се додека Илија не се појавил пред Ахав, израелскиот народ во духовен поглед постојано назадувал. Водени од луѓе кои не се боеле од Јехова и кои прифатиле туѓи облици на богослужение, мнозина заборавиле на должноста дека му служат на живиот Бог и попримале идолопоклонички обичаи.
Синот на Јеровоам Надав, се наоѓал на израелскиот престол само неколку месеци. Неговото злобно царување било одненадеж прекинато со диверзија која ја сковал еден од неговите војсководци, Васа – зада можепотоасамдазавладее. Надав бил убиен заедно со сите свои роднини кои би можеле да го наследат, “по зборовите Господови, кои ги кажа преку слугата свој, Ахија Силомецот, за гревовите Јеровоамови кои ги чинел и со чии гревови го навел и Израел да греши.” (1. Царства 15: 29, 30)
Така домот Јеровоамов пропаднал. Идолопоклонството кое го вовел тој навлекло казна од Небото за престапникот: a сепак подоцнежните владетели – Васа, Ила, Зимриј и Амриј – во период од околу четириесет години продолжувале по истиот кобен пат на зло.
Скоро за целото време на отпад во Израел, во царството Јудино владеел Аса. Многу години “го вршеше она, што беше добро и угодно пред очите на својот Господ Бог: тој ги премавна жртвениците на туѓите богови и идолските светилишта, ги скрши статуите и ги исече ашерите: им заповеда на Јудејците да го бараат Господа, Бога на татковците нивни, да го исполнуваат законот Негов и заповедите: ги премавна од сите градови Јудини идолските светилишта и статуите на сонцето. и царството негово беше спокојно.” (2. Летописи 14:2-5). Асовата вера била ставена на проба кога неговото царство го нападнал “Зарај, Етиопјанинот, со илјада илјади војска и триста коли, и стигна до Мариса.” (Стих 9). Во таа неволја Аса не се потпрел на “тврдите градови во земјата Јудина”, каде што соѕидал “ѕидови и кули и порти и предворја.” (Стихови 6-8), ниту на храбрите војници од својата грижливо обучена војска. Царот се потпрел на Господа над војските со чие име Израел чудесно се ослободувал во старо време. Поставувајќи ја својата војска во борбени редови, тој побарал помош од Бога.
Противничките војски стоеле една кон друга. Тоа бил момент на проба и искушение заониекои мусужеле на Господа. Дали секој грев бил исповедан? Дали луѓето Јудејци верувале во потполност дека Бог ќе ги ослободи? Вакви мисли се нижеле во главите на војсководците. Гледано од човечка перспектива, изгледало дека огромната етиопска војска ќе уништи се што и стои на пат. Но, Аса за време на мир не се оддавал на задоволства и забави, туку се подготвувал во случај на неволја. Неговата војска била подготвена за борба, а тој настојувал својот народ да го помири со Бога. И така, и покрај тоа што неговата војска била послаба од непријателската, неговата вера во Оној, во кого до тогаш се потпирала, не попуштила.
Царот го барал Бога во време на благосостојба и со тоа во време на неволја можел да смета на Негова помош. Неговите молитви докажуваат дека не му била непозната чудесната Божја сила. Повика Аса кон Господа, својот Бог, и рече: “Господи, за тебе е ништо да му помогнеш на силниот или слабиот? Помогни ни нам, Господи, Боже, наш, зашто ние на Тебе се потпираме и во Твое име излеговме против ова множество. Господи, ти си наш Бог: нека човек не преовлада против Тебе,” се молел тој. (Стих 11).
Асовата молитва е таква што може да ја изговори секој верник. Ние учествуваме во војна која не се води против тело и крв, туку против началствата и силите, против духовните сили на злобата под небото. (Види Ефесјаните 6:12). Ние во животната борба мораме да им се спротиставиме со сите оние сили кои војуваат против правдата. Нашата надеж не е во човек, туку во живиот Бог. Мораме со својата сила и со својата вера да се надеваме дека Тој со Својата семоќ ќе се придружи на напорите на човечкото орудие кое се бори за слава на Неговото име. Облечени во оклопот на неговата праведност, можеме да се здобиеме со победа над секое непријателство.
Верата на царот Аса била богато наградена. “И Господ ги порази етиопјаните пред Аса и пред Јуда, и Етиопјаните избегаа. Аса, пак, и народотсо него ги гонеше до Гедор: Етиопјани толку паднаа, што ниеден не остана жив, зашто беа поразени пред Господа и пред Неговата војска. и собраа прилично голем плен.” (2. Летописи 14:12,13).
А кога победничката војска Јудина и Венијаминова се враќала од Ерусалим “Тогаш Духот Божји слезе врз Азарија, синот Ададов. Тој излезе да го пресретне Аса и сите Јудејци и Венијаминовци, и им рече: Послушајте ме, Аса и сите Јудејци и Венијаминовци: Господ е со вас, кога сте вие со Hero: и ако Го барате, ќе го најдете: ако, пак, Го оставите, и Тој ќе ве остави. Но, држете се цврсто, и рацете ваши да не ослабнуваат, зашто ќе има награда за делата ваши.” (2. Летописи 15:1, 2, 7).
Охрабрен од овие зборови, Аса наскоро извршил уште една реформа во Јуда.“… ги премавна незнабожечките гнасотии од целата земја Јудејска и Венијаминова, и од градовите на Ефремовата гора, што ги беше презрел, го обнови и жртвеникот Господов, што беше пред Господовиот трем.
Тогаш ги собра сите Јудејци и Венијаминци и преселените од Ефрема, Манасија и Симеона, кои живееја со нив: зашто многу Израелци преминаа кон него, откако видоа, дека Господ, неговиот Бог, е со него. И се собраа во Ерусалим во третиот месец на петнаесеттата година од царувањето на Аса. Во тој ден му принесоа жртва на Господа од пленот, што го донесоа: од крупниот добиток седумстотини и од ситниот – седумдесет илјади. Склучија заветда Го бараатГоспода, Бога на татковците свои, од се срце и од сета душа.” “И Го најдоа. Тогаш Господ им даде спокојство од сите страни.” (Стихови 8-12,15).
Во долгиот извештај за верната служба на Аса има и неколку темни места. Погрешил неколку пати, и тоа кога заборавил целосно да се потпре на Бога. Кога во една прилика царот Израилев влегол во Јудиното царство и ја зазел Рама, утврден град на пет милји од Ерусалим, Аса се обидел да се ослободи склопувајќи сојуз со сирскиот цар Вен- Адад. Пророкот Ананиј остро го осудил Аса што во тој тежок момент не се потпрел на Бога, и се појавил пред царот со пораката:
“Бидејќи ти се потпре на сирскиот цар, а не си се надевал на Господа, Твојот Бог, затоа се спаси од рацете твои војската на сирскиот цар. Етиопците и Ливијците не беа ли со поголема сила и со многу повеќе коли и коњаници? Но штом ти се надеваше на Господа, и Тој ги предаде во раката твоја, зашто очите Господови ја гледаат целата земја, за да им помагаат на оние, чие што срце наполно Му е предадено Нему. Ти сега постапи неразумно: затоа од сега ќе имаш војни.” (2. Летописи 16: 7-9).
Наместо да се понизи пред Бога заради својата грешка, Аса “се разгневи на пророкот, и го фрли во темница, зашто се разгневи на него заради тоа што му го кажа. Во тоа време Аса угнети и некои од народот.” (Стих 10).
“Во триесет и деветтата година од царувањето свое Аса се разболе во нозете, и болеста негова се прошири до горните делови на телото: но во болеста своја не Го побара Господа, туку лекари.” (Стих 12). Царот умрел во четириесет и првата година од своето владеење и го наследил неговиот син Јосафат.
Две години по Асината смрт во Израелевото царство почнал да владее Ахав. Неговиот татко Амриј, основачот на Самарија, “чинеше што е зло пред Господа, и постапуваше полошо од сите свои претходници.” (1. Царства 16: 25). Меѓутоа, Ахавовите гревови биле поголеми. Тој “правеше она што го лутеше Господа, Бога Израелев повеќе од сите израелски цареви што беа пред него,” чинејќи “како да му не беше доволно што западна во гревовите на Наватовиот син Јеровоама.” (Стихови 33, 31) He се задоволил само со тоа да наметне облици на верска служба какви што постоеле во Ветил и Дан, туку дрско го повел народот во најголемо безбожништво, отфрлајќи го обожувањето на Јехова заради служба на Ваал.
Бидејќи се оженил за “Језавела, ќерката на сидонскиот цар Етвал”, и Вааловиот првосвештеник, Ахав “му служеше на Ваал и го обожуваше. И тој му подигна жртвеник за Ваал во Вааловиот храм, што го беше изградил во Самарија.” (Стихови 31, 32)
He само што Ахав вовел служба на Ваал во престолнината туку и под влијание на Језавела подигнал незнабожечки олтари на многу “високи места” каде под засолниште на околните шумички свештениците и останатите кои ги празнувале заводливите облици на идолопоклонство, го ширеле своето злокобно влијание, додека сиот Израел не пошол по Ваал. “Уште немало таков како Ахава, што се оддава да го врши она што е неугодно пред очите на Господа, за кое го советуваше жена му Језавела: тој постапуваше многу гнасно, следејќи ги идолите, како што правеа Аморејците, кои Господ ги изгони од пред лицето на Израилевите синови.” (1. Царства 21:25, 26).
Ахав не поседувал морална сила. Неговата брачна врска со жена која била идолопоклоник, одлучна и со силна волја, му донела неволја и нему и на самиот народ. Бидејќи бил човек без цврсти начела и високи морални мерила, тој лесно потпаднал под влијание на енергичната Језавела. Бил себичен и со тоа не бил во состојба да ја цени милоста која Бог му ја укажал на Израел, а ни својата должност како чувар и водач на избраниот народ.
Ахавовото владеење многу лошо влијаело врз Израел кој се одвоил од живиот Бог и тргнал по погрешен пат. Луѓето со текот на годините се повеќе го губеле стравопочитувањето кон Бога и веќе изгледало дека никој не се осмелувал јавно да го жигоса нивниот начин на живот, спротивставувајќи се на богохулењето кое се повеќе земало замав. Темната сенка на отпадништво ја прекривала целата земја. Насекаде можело да се видат кипови од Ваала и Астарта. Идолопоклоничките храмови се множеле и посветените шумички каде што луѓето ги обожувале делата на раце човечки. Воздухот бил затруен со димот од жртвите кои се принесувале на лажните богови. Бреговите и долините одекнувале од пијани гласови на незнабожечките свештеници кои принесувале жртви на сонцето, месечината и ѕвездите.
Језавела и нејзините безбожнички свештеници го учеле народот дека подигнатите идоли се божества и кои со своите мистични сили владеатсо елементите – земјата, огнот и водата. Сите благодети од небото – потоците кои жуборат, реките со жива вода, благата роса, дождот кој ја натопува земјата и полињата за да донесат богат род – биле припишувани на Ваал и Астарта, а не на Оној кој ги дава сите добри и совршени дарови. Народотзаборавил дека ридовите, долините и изворите се во рацете на живиот Бог, дека Тој владее со сонцето, облаците небесни и силите во природата.
Господ преку верните гласници повеќе пати ги предупредувал безбожниот цар и народот, но сите зборови на укор биле залудни. Залудно Божјите гласници го потврдувале правото Господово да биде единствен Бог во Израел, залудно ги истакнувале законите кои Тој им ги доверил. Опкружени со величествени и фасцинантни обреди на идолопоклониците, народот се повел по примерот на царот и неговиот двор и се оддал на пијанство и унижувачките задоволувања на страственото обожување. Во својата заслепеност и лудило луѓето го отфрлиле Бога и престанале да Му служат. Светлината која толку милостиво им била дадена се претворила во темнина. Златото го изгубило својот сјај.
Како исчезнала славата Израилева! Никогаш порано избраниот народ не паднал толку длабоко во своето отпадништво. Имало “четиристотини и педесет Ваалови пророци и четири стотини пророци од ашерите.” (1. Царства 18:19). И само чудотворната Божја сила можела да го спаси народот од потлолно уништување. Израел своеволно се одвоил од Господа, но Господ во својата милост сепак сакал да ги спаси оние кои паднале во грев, и одлучил да им прати еден од своите најсилни пророци преку кој мнозина ќе се вратат кон Богот на своите татковци.

Сподели го ова:

Similar Posts