7. Јеровоам

Сподели го ова:

Десетте племиња Израелеви кои се побуниле против домот Давидов, го довеле на престолот Јеровоам, некогашниот Соломонов слуга. Тој бил во состојба да спроведе мудри реформи во областа на управата и религијата. За време на владеењето на Соломон тој покажал дека поседува способности и здраво расудување, а искуството кое го стекнал во годините на верна служба го оспособило да биде разумен владетел. Меѓутоа, Јеровоам не барал потпора во Бога.
Јеровоам најмногу стравувал од тоа владетелот на престолот Давидов во даден момент да не ги придобие срцата на своите поданици. Тој сметал дека доколку би дозволил десетте племиња почесто да ја посетуваат престолнината на израелското царство, каде сеуште се вршела службата во храмот како во времето на Соломон, мнозина би посакале да потпаднат под власта во Ерусалим. Советувајќи се со своите кнезови, Јеровоам се одлучил на едно дрско дело, колку што тоа било можно, да ја осуети побуната на своите поданици. Решил во границите на своето ново царство да подигне две нови светилишта, едно во Ветил а друго во Дан. Во тие места, наместо во Ерусалим, десетте племиња би требало да се собираат на богослужение.
Во текот на изведувањето на овој план, Јеровоам се досетил дека на Израелевата фантазија повеќе ќе влијае ако и даде видлива претстава која би симболизирала присуство на невидливиот Бог. Наредил да се направат две златни телиња и да се постават на олтари во места кои се одредени за служба. Јеровоам со оваа своја желба да го претстави Бога, ја престапил јасната Божја заповед: “He прави за себе си идол… Немој да им се поклонуваш ниту да им служиш.” (2. Мојсеева 20:4, 5).

Јеровоам толку силно сакал десетте племиња да ги одвои од Ерусалим, што не ја увидел слабоста на својот план. He го земал во предвид фактот дека со прикажувањето на Бога преку идоли ќе го изложи во голема опасност народот чии претци за време на своето долго робување во Египет биле идолопоклоници. Тој пред тоа живеел во Египет и можел да заклучи колкава лудост би била да се постави пред народот таква незнабожечка претстава. Но тој сакал по секоја цена да ги одврати северните племиња од годишните посети во Светиот Град и тоа го навело на непромислената изјава: “Премногу е за вас да одите во Ерусалим”, рекол тој, “еве ги твоите богови, Израеле, кои те изведоа од земјата египетска.” (1. Царства 12: 28). Така Израел бил наведен да се поклонува на златните ликови и да прифаќа туѓи облици на обожување.
Царот се обидел некои Левити кои живееле во неговата држава да ги наговори да служат како свештеници во новоподигнатите светилишта во Ветил и Дан, но тоа не му тргнало од рака. Заради тоа бил приморан да постави свештеници “од народот” (Стих 31). Исплашени од помислата што им се приготвува, многу верници, а меѓу нив и голем број Левити, побегнаа во Ерусалим, каде богослуженијата можеле да се вршат според Божјите прописи.
“Јеровоам востанови празник во осмиот месец на петнаесеттиот ден од месецот, сличен на оној празник, каков што имаше во Јудеја, и принесуваше жртви на жртвеникот: тоа го направи и во Ветил, жртвувајќи им на телињата, што ги направи; таму постави и свештеници на високите места што ги подигна.” (Стих 32).
Ова дрско противење на Бога и престапување на божествените одредби не можело да помине без укор. Токму кога се вршело обред и горело темјан при посветување на туѓиот олтар кој го подигнал во Ветил, се појавил еден Божји човек од Јудејското царство, пратен да го укори царот што се дрзнал да воведе нови облици на богослужение. “И пророкот повика кон жртвеникот…, велејќи: Жртвенику, жртвенику! Вака вели Господ: Ете, во Давидовиот дом ќе се роди син по име Јосија, тој ќе ги принесе врз тебе во жртва идолските свештеници, што кадат врз тебе и ќе изгори врз тебе човечки коски.
И во оној ден тој покажа знак, велејќи: а, еве, знак, дека Господ го рекол тоа: овој жртвеник ќе се урне, и пепелта што е на него ќе се развее”. И веднаш потоа “жртвеникот се урна и пепелта од жртвеникот се развеа, според знакот, даден од Божјиот човек преку словото Господово” (1. Царства 13:2, 3, 5).
Кога го видел тоа, Јеровоам се исполнил со гнев кон Бога и се обидел да го замолчи оној кој ја објавил веста. Во гневот ја пружи раката од жртвеникот и рече: Фатете го!”,
Но неговата жестокост била брзо казнета: “Тогаш раката негова, што ја беше пружил кон него, се здрви и не можеше да ја тргне кон себе си.” Вџашениот цар се обратил кон пророкот за тој да се заземе за него кон Бога. “Умилостиви го лицето на Господа, твојот Бог, и помоли се за мене, па да ми се поврати раката.” (1. Царства 13:4, 6).
Напразен бил трудот на Јеровоам посветувањето на туѓиот олтар да го претвори во свеченост: почитувањето кон тој олтар би довело до непочитување на правилното богослужение во Ерусалимскиот храм. Веста на пророкот требала да го наведе израелскиот цар да се покае и да се одрече од своите безбожнички намери кои би го одвратиле народот од вистинската служба за Бога. Но неговото срце закоравело и тој одлучил да продолжи по својот пат кој самиот го избрал.
За време на свеченоста во Ветил, Израилевите срца сеуште не биле сосема закоравени. Мнозина сеуште биле под влијание на Светиот Дух. Господ имал намера оние кои тргнале во отпадништво да ги запре пред да биде доцна. Го пратил својот гласник да ја прекине идолопоклоничката свеченост и да му укаже на царот и народот какви ќе бидат последиците ако продолжи понатамошниот развој на тоа отпадништво. Распаѓањето на олтарот било знак на Божјето негодување заради гадостите кои се правеле во Израел.
Господ сака да спасува, а не да уништува. Тој се радува на спасението на грешникот. “Животот ми мој, вели Господ Бог: Јас не ја сакам смртта на грешникот.” (Езекиел 33:11). Тој ги опоменува и преколнува заталканите да престанат да чинат зло, да се обратат кон Hero и да живеат. Тој на Своите избрани гласници им подарува света смелост, за оние што ќе ги слушнат да почувствуваат страв и да се покајат. Колку само одлучно Божјиот човек го укорил царот! Но тоа било неопходно, бидејќи злото на било кој друг начин не можело да се спречи. Господ му дал смелост на својот слуга така што неговите зборови оставиле траен впечаток на слушателите. Божјите гласници никогаш не треба да стравуваат пред човечко лице, туку мораат непоколебливо да застанат на страната на правдата. Се додека се потпираат на Бога, не мора да се плашат затоа што тој кој им ја одредува должноста исто така им ветува и своја заштита.
Откако ја објавил веста, пророкот сакал да се врати, кога Јеровоам му рече: “Дојди со мене дома да се поткрепиш: ќе ти дадам да јадеш и ќе ти дадам подарок.” “Да ми дадеш и половина од домот свој”, одговори пророкот, “нема да дојдам со тебе, нема да јадам леб и нема да пијам вода во тоа место зашто така ми е заповедано преку словото Господово: “He јади таму леб, не пиј вода и не се враќај по патот, по кој си одел.” (1. Царства 13:7-9).
За пророкот би било добро да останел во својата намера да се врати во земјата Јудејска без одложување. Враќајќи се дома по другиот пат, го сретнал постар човек кој лажно се претставувал до човекот Божји, велејќи му: “И јас сум таков пророк како тебе и ангелот ми говореше преку словото Господово и рече: врати го во домот свој: нека касне леб и нека пие вода.” Тој постојано му ја повторувал оваа лага и го наметнувал својот повик се додека Божјиот човек не го убедил да се врати.
Бидејќи пророкот скршнал од патот на својата должност, Бог дозволил да биде казнет за својот престап. Додека пророкот и оној кој го повикал да се врати во Ветил заедно седеле на масата се излеал Светиот Дух на лажниот пророк “и тој изговори кон Божјиот човек, што беше дошол од Јудеја, и рече: Вака вели Господ: затоа што не се покори на устата Господова и не ја запази заповедта, што ти ја беше дал Господ Богтвој…телото твое нема да влезе во гробницата на татковците твои.” (Стихови 18-22).
Тоа пророштво набрзо се остварило доследно. “Откако јадеше леб и се напи вода, тој го оседла оселот за пророкот што го беше вратил. И пророкот си замина. На патот го сретна лав и го умртви. Телото му лежеше испружено на патот: Оселот пак стоеше до него, а лавот стоеше до телото. И ете, минувачите го видоа телото, испружено на патот … и отидоа та раскажаа во градот, во кој живееше стариот пророк. Откако го чу тоа пророкот, што го беше вратил од патот, рече: тоа е оној човек Божји што не ја послуша устата Господова…” (Стихови 23-26).
Казната што го снашла неверниот гласник претставувала уште еден доказ дека е вистинито пророштвото изречено над олтарот. Ако пророкот го продолжел безбедно својот пат, оглушувајќи се на речта Господова, царот би го искористил тој факт како оправдување за својата непослушност. Во урнатиот олтар, здрвената рака и страшната судбина на човекот кој се осудил да не ја послуша изричната заповед на Јехова, било потребно Јеровоам да обрне внимание како гневот на навредениот Бог брзо ги стигнува непослушните, а казните да ги разбере како опомена и да не прави нови зла. Но, далеку од тоа да се покае Јеровоам “продолжи да поставува идолски свештеници од народот: кого сакаше него го посветуваше, и тој стануваше идолски свештеник.” Така не само што правеше и големи гревови, туку и “го наведе во грев Израелот,” и “тоа го водеше и Јеровоамовиот дом во грев, кон пропаст и кон истребувањето негово од лицето на земјата.” (Стихови 33, 34; 14:16)
Пред крајот на своето мачно владеење кое траело дваесет и две години, Јеровоам претрпел ужасен пораз во војната со Ровоамовиот наследник Авијон. ”И Јеровоам веќе не се совзеде во дните на Авија. Господ го порази, и тој умре.” (2. Летописи 13:20).
Отпадништвото кое започнало за време на Јеровоамовото владеење станувало се повпечатливо додека конечно не дошло до потполна пропаст на Израеловото царство. Уште пред смртта на Јеровоам, Ахиј, стар пророк од Силом, кој многу години порано прорекол дека Јеровоам ќе дојде на престолот рекол: “И Господ ќе го порази Израелот, и тој ќе биде како трска, која се лула во водата, и ќе ги исфрли Израелците од оваа убава земја, што им ја даде на татковците нивни, и ќе ги расфрли зад реката, заради тоа што си направија ашери и го гневеа Господа: И ќе го изостави Господ Израелот поради гревовите на Јеровоама, што сам си ги направи, и со кој го наведе во грев Израелот.” (1. Царства 14:15,16).

Меѓутоа, Господ не го напуштил Израел а претходно да не направи се што може да се направи за да ги врати на патот на послушноста. Во текот на многуте мрачни години, додека царевите еден по друг смело му се противеле на небото и го воделе Израелот се подлабоко во идолопоклонство, Бог на својот отпаднички народ постојано му праќал опомени. Тој преку своите пророци им давал можности да го сопрат бранот на отпадништво и да Му се вратат. Во годините кои му претходеле на распаѓањето на царството, живееле и работеле Илија и Елисеј: потоа во земјата се чуле нежните повици на Осија, Амос и Авдиј. Никогаш Израеловото царство не било без благородни сведоци кои потсетувале на Божјата сила која спасува од грев. Некои дури и во најмрачните периоди останале верни на божествениот Владетел и помеѓу идолопоклонството живееле беспрекорен живот пред очите на светиот Бог. Тие верни луѓе се вбројувале во добриот остаток преку кои конечно ќе се исполни вечната цел на Јехова.

Сподели го ова:

Слични објави