18. Исцелувањето на водата
Во времето на патријарсите целата долина на Јордан беше “добро наводнувана насекаде,…како градината Господова.” Во таа долина Лот одлучил да се насели преместувајќи ги “своите шатори до Содом.” (1. Мојсеева 13: 10, 12). Ho по уништувањето на градовите во котлината, сите соседни области станале вистинска пустош и оттогаш сочинувале дел од пустината во Јудеја.
Меѓутоа, еден дел од долината останал недопрен, и со своите животворни извори и реки ги веселел срцата на луѓето. Во таа долина, која била покриена со житородни полиња и друго овошје, се улогорила војската Израилева по преоѓањето на Јордан и тука за прв пат ги вкусила плодовите на ветената земја. Пред нив се издигнувале ѕидовите на Ерихон, силно утврден незнабожечки град чии жители ја обожувале Астарота и вршеле најгнасни и најпонижувачки идолопоклонички обреди во цел Ханан. Неговите ѕидини набрзо биле урнати а жителите убиени. Во времето на неговата пропаст се слушнале зборовите на страшна клетва пред целиот Израел: “Проклет да биде пред Господа оној, што ќе го издигне и изгради овој град Ерихон; врз првородениот син свој тој ќе ги положи основите негови и врз најмалиот син свој ќе ги постави портите негови.” (Исус Навин 6:25).
Поминале пет векови. Градот лежел пуст, проколнат од Бога. Од проклетството пресушени биледури и изворите заради кои овој дел од долината бил така погоден за живот на луѓе. Меѓутоа, за време на отпадништвото на Ахав, кога Језавела го обновила култот на Астарота, Ерихон, некогаш центар на овој култ, повторно бил изграден, и покрај тоа што градителот морал да го плати тоа со висока цена. “Ветилецот Ахил го изгради Ерихон: врз првородениот син свој Авирон, тој ги стави основите негови и врз најмалиот син Сегува ги постави портите негови, според словото на Господа.” (1. Царства 16:34).
Ова поглавје се базира на 2. Царства 4.
Недалеку од Ерихон среде убавите овоштарници, се наоѓало пророчкото училиште; тука Елисеј се поучувал по Илиевото вознесение. Додека пророкот живеел помеѓу нив, граѓаните на Ерихон му се пожалија: “Ете, како што гледаш, господару, положбата на овој град е добра; но водата е лоша и земјата е бесплодна.” Изворот кој во минатите години бил чист и животворен и обилно му давал вода на градот и околината, не можел повеќе да се користи.
Елисеј им одговорил на граѓаните на Ерихон: “Дајте ми нова чинија и турете во неа сол.” Бидејќи го доби тоа “тој отиде при изворот на водата, ја фрли во неа солта и рече: вака вели Господ: Јас ги исцелив овие води; и во иднина нема да доаѓа од неа ни смрт, ни бесплодност.” (2. Царства 2:19-21).
Исцелувањето на Ерихонската вода не е извршено со човечка мудрост, туку со чудотворното Божјо посредство. Луѓето кои го обновиле Ерихон не заслужувале милост од небото, но Оној кој “го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите и праќа дожд на праведните и грешните” (Матеј 5:45) сакал со овој чин да покаже дека сака да го излечи Израел од неговите духовни болести.
Ова исцеление не било поминливо: “И водата остана здрава до денес, според зборот, што го кажа Елисеј.” (2. Царства 2:22). Со векови течела вода од изворот и го правела овој дел од долината прекрасна оаза.
Од исцелувањето на водата можат да се извлечат многу духовни пораки. Нова чинија, сол, извор – сето тоа има длабоко симболично значење.
Фрлајќи сол во горчливиот извор, Елисеј им ја дал на луѓето онаа иста поука која многу векови подоцна Спасителот им ја дал на своите ученици, велејќи им: “Вие сте сол на земјата.” (Матеј 5:13). Фрлена во загадениот извор, солта ја исчистила водата и донела живот и благодат таму каде што владееле болест и смрт. Споредувајќи ги своите деца со солта, Господ сакал да им каже дека Неговата цел во тоа што ги прави субјекти на Неговата благодат е за тие да станат инструменти за спасување на другите. Со тоа што пред целиот свет си избрал народ, Бог немал намера само нив да ги прими како свои синови и ќерки; Негова цел била целиот свет преку нив да прими благодат која донесува спасение. Господ не го избрал Авраам само за тоа тој да стане Божји пријател, туку преку него да се излијат посебни благослови на сите народи.
На светот му е потребно да му се даде пример на вистинско христијанство. Отровот на гревот делува во срцето на општеството. Градовите паѓаат се подлабоко во грев и морална расипаност. Светот е полн со болести, страдања и неправди; насекаде гледаме души во беда и неволји, натоварени со чувство на вина како пропаѓаат токму заради недостаток на спасоносно влијание. Тие секогаш го имале пред очи евангелието на вистината, но сепак пропаѓаат, затоа што оние кои со својот пример би требало да им бидат “мирис животен” всушност се “мирис смртен за смрт.” Нивните души пијат горчина затоа што изворите, кои би требало да бидат извори на вода која тече во вечен живот, се затруени.
За да би ја задржала материјата која и е придодадена, солта мора да се измеша со неа, да се измеша и да се стопи со неа. Исто така, луѓето мораат да ја почувствуваат спасоносната моќ на евангелието само по пат на личен допир. Тие не можат да се спасуваат во толпата, туку поединечно. Личното влијание има голема моќ. Тој мора да се поврзе со Христовото влијание, да се подига како Христос што се подига, да всадува во срцето исправни начела и да претставува брана од расипаноста на овој свет. Со личното влијание се шири онаа благодат која само Христос може да ја даде. Тоа треба да го подига и да го разубавува животот и карактерот на другите, и тоа со силата на чистиот пример соединет со срдечна вера и љубов.
За затруениот извор Господ рекол: “Јас ги исцелив овие води; и во иднина нема да доаѓа од неа ни смрт, ни бесплодност.” Загадената вода ја претставува душата која се одвоила од Бога. Гревот не само што одвојува од Бога, туку ја уништува во човечката душа желбата и способноста да го запознае Hero. Гревот предизвикува пореметување во целокупниотчовечки организам, умоте изопачен, имагинацијата е расипана а душевните чувства пропаѓаат. Нема повеќе чиста вера ниту светост на срцето. Силата Божја не довела до преобразба на карактерот. Душата е немоќна, извалкана и понижена, затоа што нема морална сила да победи.
Сето тоа се менува во срцето кое што се исчистило. Преобразувањето на каракетрот му сведочи на светот дека во душата живее Христос. Божјиот Дух влева нов живот во душата, така што мислите и желбите се покоруваат на волјата Христова. Внатрешниот човек се обновува според Божјиот лик. Слабите и заблудени луѓе му покажуваат на светот дека спасоносната моќ на благодатта може да го преобрази карактерот полн со мани така што тој се развива и донесува добар плод.
Срцето кое ја прима Божјата Реч не е извор кој пресушува, ниту разурнат кладенец кој нема вода. Тоа е како планинска река напојувана од непресушни извори чија студена и свежа вода жубори околу карпите, крепејќи ги уморните, жедните и изнемоштените. Тоа наликува на река која секогаш тече, и во својот тек станува се подлабока и поширока, додека на крајот нејзината вода не се разлие низ целата земја. Тоа е река која тече весело и остава зад себе дарови на зеленило и богат род. Тревата на нејзиното крајбрежје е свежо зелена, дрвјата имаат побогати крошни и цвеќиња има многу повеќе. За време на летната суша, кога целата земја ќе се исуши и соголи, една зелена линија го обележува текот на реката.
Така е и со вистинското Божјо дете. Христовата религија се открива како животворна семоќна сила, како жива, делотворна, духовна енергија. Ако срцето се отвори и ја прими небесната сила на вистината и љубовта, овие начела ќе потечат како река во пустина и ќе создадат зеленило таму каде што сега владее суша и пустош.
Ако луѓето, очистени и посветени со познавањето на библиската вистина, сесрдно се посветат на делото за спасување на души, тие навистина ќе станатживотен мирис за живот. Ако пијат секојдневно од непресушниот извор на благодат и знаење, ќе приметат дека срцето им се наполнило до врв со Духот на нивниот Учител, и дека нивната служба на мнозина им донесува телесна, умна и духовна корист. Уморните ќе закрепнат, болните ќе се исцелат, грешните ќе се поправат. Од далечни земји ќе допрат зборови на благодарност од оние кои од своите срца го отстраниле гревот и одлучиле да и служат на праведноста.
“Давајте, и ќе ви се даде” (Лука 6:38) затоа што Господовата реч е “градински извор, кладенец од жива вода, што истечува од Ливан.” (Песна над песните 4:15).