54. Укор против изнудувањето и глобењето

Сподели го ова:

 Ова поглавје се базира на Неемија 5 глава.
Ерусалимските ѕидови сеуште не биле завршени кога тешката состојба на сиромашните слоеви на народот го привлекпо вниманието на Неемија. Покрај несредената состојба во земјата, обработката на земјата во извесна мерка била запоставена. Покрај тоа, се чувствувало немаштија во житарки, затоа што заради себичноста на некои кои што се вратиле во Јудеја, Господовиот благослов не почивал врз нивните ниви.
За да набаватхрана за нивните семејства, сиромашните биле принудени да купуваат на кредит и тоа по исклучително високи цени. Тие исто така биле принудени да позајмуваат пари со камата за да ги исплатат тешките даноци кои што ги креирале персиските цареви. Потешкотиите на сиромашните ги зголемувале и богатите Евреи кои што се користеле со нивната неволја за да стекнат уште поголеми пари.
Господ на Израел му заповедал преку Мојсеја дека секоја трета година треба да собира десеток за сиромашните; што и уште повеќе, обработката на земјата била изоставувана секоја седма година, земјата било оставена да лежи непосеана а она што би родило само од себе го собирале сиромашните. Верноста во давање на дарови за сиромашни и други добротворни акции го освежувало кај народот сознанието дека Бог е сопственик на се, и му давало можност да стане благослов за својата околина. Целта Господова била кај Израел да ја искорени себичноста и да развие ширина и благородност на карактерот.
Бог преку Мојсеја ги дал следниве поуки: “Кога ќе дадеш на заем пари на народот мој, сиромавиот кој што е кај тебе, не постапувај кон него како заемодавач!” “He му позајмувај на својот брат со лихва, ниту пари, ниту храна, ниту нешто друго, што се дава во заем со лихва.” (2. Мојсеева 22:25; 5. Мојсеева 23:19). А на друго место вели: “Ако се најде кај тебе некаков сиромав, некој од твоите браќа, во кој и да град во земјата што Господ, твојот Бог, ќе ти ја даде, не биди со тврдо срце ниту ги затворај своите раце спрема својот беден брат, но отвори ги ширно твоите раце и дај му спремно тоа што му недостига.” “Зашто бедните никогаш не ќе ги снема од земјата, затоа ти заповедам и ти велам: отворај ја раката своја кон братот свој, кон неволниот и сиромавиотсвој во земјата своја.” (5. Мојсеева 15:7, 8, 11).
По враќањето на заробениците од Вавилон, богатите Евреи постапувале сосема спротивно на тие заповеди. Кога сиромашните биле принудувани да платат данок на царот, богаташите им позајмувале, но со огромна камата. Земајќи ја земјата од сиромашните како залог, они тие кутри луѓе постепено ги доведувале до најголема сиромаштија. Мнозина морале да ги продаваат во ропство своите синови и ќерки, и изгледало дека нема никаква надеж за нивната состојба да се подобри, ниту начин да си ги откупат своите деца и земјата. Иднината пред нив полна со неволји, маки и бесконечно робување, а сепак тие припаѓале на ист народ како и нивните поблагословени браќа и биле деца на еден ист завет.
Народот најпосле ја изложил својата состојба на Неемија. “Ете, треба да ги дадеме синовите наши и ќерките свои во ропство, и некои наши ќерки веќе се робинки, а ние не можеме ништо, затоа што нашите полиња и лозја ги држат други,” говореле луѓето.
Душата на Неемија се исполнила со горчина кога слушнал за тоа страшно угнетување. “Се расрдив многу кога го слушнав нивниот плач и тие зборови,” вели тој. Знаел дека мора одлучно да застане на страната на правдата ако сака да го укине тој суров обичај – продавање за долг. Со неговата својствена енергија и одлучност, тој се дал во задача да ја олесни состојбата на своите браќа.
Неемија ниту за момент не го поколебало тоа што заемодавачите биле токму оние богаташи чија помош била драгоцена во обновата на градските ѕидови. Тој остро ги укорил благородниците и кнезовите, а откако собрал големо собрание од народот ги изложил пред нив Божјите барања во тој поглед.
Го потсетил народот на случувањата од времето на царот Ахаз. Ја повторил веста која што Бог ја пратил во тоа време на Израел, осудувајќи ја свирепоста и угнетувањето. Јудините деца биле предадени во рацете на израелскиот народ, нивни браќа кои што уште подлабоко паднале во идолопоклонство. Израелците го задоволувале своето непријателство убивајќи во борбите многу илјадници Јудејци, одземајќи им ги нивните жени и деца, за да направат од нив робови или како робови да ги продадат на незнабошците.
Заради гревовите на Јудејците Господ не го спречил налетот на овие битки, но преку пророкот Одид ја осудил победничката војска заради нејзините свирепи намери: “И уште мислите синовите Јудејски и Ерусалимски да ги натерате да ви бидат робови и робинки; а сепак нели и самите вие згрешивте кон Господа, својот Бог?” (2. Летописи 28:10). Одид го предупредил израелскиот народ дека Господовиот гнев се распламтил против него и дека со своето неправедно и сурово постапување ќе навлече врз себеси Божја казна. Бидејќи ги слушнале овие зборови, војувачите ги отпуштиле заробениците и го ставија пленот пред кнезовите и сето собрание. Тогаш од водачите на племето Ефремово “ги земаа робовите и ги облекоа од ограбеното – ги облекоа, ги обуја, ги нахранија и напоија, и ги помазаа со масло и ги поведоа на ослици сите изнемоштени и ги донесоа во палмовиот град Ерихон, кај нивните браќа.” (Стих 15).
Неемија и останатите ги откупиле Евреите кои што биле продадени на незнабожците и ја споредил оваа постапка со постапката на оние кои што заради земска добивка ги продаваат своите браќа во робови. “He е добро тоа што го правите,” рекол тој; “не треба ли да одите во стравот на нашиот Бог, за да не ни се потсмеваат народите, непријателите наши?”
Неемија објаснил дека и тој самиот, врз основа на овластувањето кое што му го дал персискиот цар, можел да бара давачки за своја лична корист. Меѓутоа, тој не само што не го земал она што му припаѓало со право, туку обилно давал за да ја олесни положбата на сиромашните. Ги повикал еврејските поглавари кои што биле виновни за експлоатација да престанат со тоа лошо дело; да им ја вратат земјата на сиромашните а исто така и камата која што ја изнудиле од нив; и да им даваат заем без камата или залог.
Овие зборови биле изговорени пред целото собрание. Да сакале поглаварите да се правдаат, имале можност за тоа. Но тие не се обиделе. “Ќе им вратиме и нема да бараме ништо од нив,” изјавиле тие, “ќе направиме како што ти велиш.” Тогаш Неемија во присуство на свештениците “ги заколна дека така ќе прават според своето ветување.” “И целото собрание рече: Амин, и го фалеа Господа. И направи народот според тој збор.”
Оваа случка дава значајна поука. “Коренот на сите зла е среброљубието.” (1.Тимотеј 6:10). Желбата за добивка станала најголема страст на нашето поколение. Богатството честопати се стекнува на нечесен начин. Многу луѓе се борат со сиромаштво, принудени да обавуваат тешка работа за мала плата, неспособни да ги обезбедат најнеопходните потреби за живот. Мачната работа и лишувањето, без надеж за нешто подобро, го прават нивниоттовар тежок. Утепани и притиснати, тие не знаат кому да му се обратат за помош, а сето ова се случува само за да можат богатите да си ги задоволат своите претераности или алчноста за натрупување богатство!
Среброљубието и љубовта кон разметнувањето направиле од овој свет гнездо на арамии и крадци. Во Светото писмо е даден опис на алчноста и насилството кои што ќе преовладуваат пред самото второ Христово доаѓање. “Дојдете сега вие богати” пишува Јаков, “собиравте богатство за последните дни. Еве, платата на работниците, кои ги ожнеа вашите ниви, што вие им ја скусивте, вика, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господа над Силите. Вие живеевте на земјата раскошно и разуздано, ги потхранивте своите срца, како за ден на клање. Го осудивте и убивте праведникот; и тој не ви се противеше.” (Јаков 5:1, 3-6).
Дури и помеѓу оние кои што тврдат дека одат во стравот Господов, има луѓе кои го повторуваат она што го правеле благородниците на Израел. Бидејќи имаат моќ така да чинат тие бараат повеќе отколку што е право, и така стануваат угнетувачи. Христовата вера е изложена на презреност затоа што луѓето гледаат грабливост и измама кај оние кои што се нарекуваат со Христовото име, и затоа што црквата ги задржува во своите книги имињата на оние кои што се збогатиле на неправеден начин. Претераноста, измамувањето и изнудувањето ја корумпира верата на мнозина, уништувајќи им го духовниот живот. Црквата во голема мерка е одговорна за гревовите на своите членови. Доколку таа не го подигне својот глас против злото, значи дека го одобрува.
Обичаите на светот не смеат да бидат мерило за христијаните. Тие не смеат да се угледаат на неговото непочитување, измами и изнудување. Секоја неправедна постапка кон ближниот претставува кршење на златното правило. Секоја неправда против Божјите деца истовремено е и грев кон самиотХристос во лицата на Неговите светии. Секој обид да се искористи незнаењето, слабоста и несреќата на другите се запишува како измама во небесните книги. Човекот кој што вистински го љуби Бога ќе се мачи дење и ноќе и ќе го јаде во сиромаштво својот леб, но нема да дозволи среброљубието да го натера да угнетува вдовици и сиромашни или да му скусува на работникот она што му припаѓа.
И најмало скршнување од чесноста ги руши преградите и го прави срцето подготвено за поголеми неправди. Душата на еден човек постанува неосетлива за влијанието на Божјиот Дух во онаа иста мерка во која тој стекнува корист на сметка на другиот. Стекнатата добивка на таков начин претставува всушност страшен губиток.
Сите ние сме биле должници на божествената правда, но не сме имале со што да го платиме овој долг. Тогаш дошол Божјиот Син, се сожалил на нас и ја платил цената на нашето откупување. Тој станал сиромав за да преку Неговото сиромаштво ние се збогатиме. Преку делата на милосрдие кон Неговите сиромаси ние можеме да ја покажеме искреноста на нашата благодарност за милоста која ни е укажана. “Да им правиме добро на сите, а посебно на оние кои што се со нас во верата,” наложува апостол Павле. (Галатјаните 6:10). A неговите зборови се сложуваат со зборовите на Спасителот: “Сиромашните ќе ги имате секогаш покрај вас, и кога што ќе посакате, можете да им правите добро.” “Се што сакате луѓето да ви прават, чинете им го и вие нив; зашто тоа се законот и пророците.” (Марко 14:7; Матеј 7:12)

Сподели го ова:

Слични објави