44. Даниел во лавовска јама

Сподели го ова:

 Ова поглавје се базира на Даниел 6 глава
Kora Дариј Мидјанинот го преземал престолоткој пред тоа припаѓал на вавилонските владетели, тој веднаш пристапил кон преуредување на власта. Тој “постави над царството сто и дваесет управители;… а над нив тројца старешини, од кои еден беше Даниел, на кого управителите ќе му даваат сметка за да не биде оштетен царот. А тој Даниел ги надминуваше старешините и управителите, зашто во него имаше извонреден дух и царот мислеше да го постави над целото свое царство.” Почестите кои со кои Даниел бил опсипуван предизвикале злоба кај водечките луѓе во царството, па барале прилика за да го обвинат, но не можеле “зашто беше верен, и не се наоѓаше во него погрешка ниту мана.”
Даниеловото беспрекорно однесување уште повеќе предизвикало завист кај неговите непријатели. Тие биле принудени да признаат: “Нема да најдеме кај тој Даниел ништо, ако не најдеме против него нешто во законот на неговиот Бог.” Најпосле старешините и кнезовите се посоветувале помеѓу себе и смислиле план да го уништат пророкот. Одлучиле да побараат од царот да потпише заповед која ќе ја подготват тие и според која на секое лице во царството му се забранува да помоли било што од Бога или од некој човек, освен од царот Дариј. Во случај некој да ја прекрши оваа наредба, ќе биде фрлен во лавовска јама.
Потоа поглаварите ја составиле заповедта и ја однеле кај Дариј на потпис. Сметајќи на неговата суета, го убедиле дека спроведувањето на таквиот налог во голема мерка ќе го подигне неговиот углед. He проникнувајќи во скриената намера на старешините, царот не го воочил злото во предложената заповед, па попуштајќи на нивното ласкање го дал својот потпис.
Даниеловите непријатели си заминале од кај царот, надевајќи се во стапицата во која сега сигурно ќе се фати Господовиот слуга. Сатаната играл посебна улога во тој заговор. Пророкот заземал голема позиција во царството и злите ангели стравувале дека неговото влијание ќе ја ослабне нивната власт над старешините. Всушност тие сатански помагачи поттикнале завист кај поглаварите. Тие дале иницијатива за планот како да го уништат Даниел, а кнезовите, играјќи улога на орудие на злото, го спровеле тој план во дело.
Пророковите непријатели сметале на Даниеловата приврзаност кон начелата и биле сигурни во успехот на својот план. И не се излажале во проценката на неговиот карактер. Даниел веднаш проникнал во нивната подмолна цел која што ја имале при составувањето на таа заповед, но воопшто не го сменил својот став. Зошто да престане да се моли сега кога молитвата му е најпотребна? Побрзо би се одрекол од животот отколку од надежта од Божјата помош. Тој спокојно ја извршувал својата должност како старешина на поглаварите. А кога ќе дојдел часот за молитва, тој заминувал во својата соба, и отворајќи ги прозорците во правец на Ерусалим, според својот секојдневен обичај, упатувал молитва кон небесниот Бог. Тој не се обидувал да ја прикрие својата постапка. И покрај тоа што знаел какви последици ќе има заради верноста кон Бога, неговиот дух не се поколебал. Пред оние кои му ја кроеле неговата пропаст, тој не дозволил дури ни да изгледа дека неговата врска со небото е прекината. Даниел би се покорил во сите прашања во кои царот имал право да заповеда; но ни царот ниту неговата заповед не можеле да го натераат да отстапи од својата верност кон Царот над царевите.
Така пророкот смело, а сепак мирно и понизно изјавил дека никаква земска сила нема право да се поставува помеѓу душата и Бога. Опкружен со идолопоклоници, тој бил верен сведок на оваа вистина. Неговата бестрашна верност на правдата претставувала зрак на блескава светлина во моралната темнина на незнабожечкиот двор. Даниел на денешниот свет дава достоен пример на христијанска храброст и верност.
Кнезовите целиот ден го набљудувале Даниела. Виделе дека три пати отишол во својата соба и три пати слушнале како неговиот глас се дига во срдечна молитва кон Бога. Следното утро тоа го доставиле до царот. Даниел, неговиот најпочитуван и најверен државник, пркоси кон царската заповед! Тие го потсетиле: “Нели даде заповед, дека кој и да се помоли на бог или на човек во рок од триесет дена, освен на тебе, царе, да се фрли во лавовска јама?”
Царот одговорил: “Така е според законот на Мидија и Персија кој што не се менува.”
Тие радосно го известиле Дариј за однесувањето на неговиот најверен советник. “Даниел,” истакнале тие, “кој е помеѓу робовите Јудини, не се грижи за тебе, царе, ниту за забраната која ја напиша, туку се моли трипати на ден со своја молитва.”
Кога царот ги слушнал тие зборови, веднаш ја приметил стапицата која била поставена за неговиотверен слуга. Сфатил дека споменатата заповед ја предложиле не затоа што им дошло до царевата слава и чест, туку од омраза кон Даниел. Царот многу се ожалостил заради своето учество во овој подол план, и “се трудеше до заоѓањето на сонцето” да го избави својот пријател. Предвидувајќи дека царот така ќе постапи, кнезовите се обратија кон Дарија со зборовите: “Знај, царе, дека според законот на Мидјаните и Персијанците никаква забрана и наредба која што ќе ја постави царот, не се менува.” И покрај тоа што била составена набрзина, заповедта била неизменлива и морала да се спроведе во дело.
“Тогаш царот рече па го доведоа Даниел и го фрлија во лавовската јама; и царот проговори и му рече на Даниел: “Богот твој, на кого непрестано му служиш, ќе те избави.” На влезот од јамата бил поставен камен, и царот лично “го запечати со својот прстен и со прстените на своите кнезови, и ништо да не се измени за Даниел. Тогаш отиде царот во својот двор, и преноќи не јадејќи ниту допуштајќи да му се донесе нешто што ќе го развесели, и не можеше да заспие.”
Бог не ги спречил Даниеловите непријатели да го фрлат во лавовска јама. Тој им дозволил на злите ангели и расипаните луѓе до таа мерка да си ги исполнат желбите, но само заради оа, што повеќе да се истакне избавувањето на својот слуга a поразот на непријателите на вистината и неправдата да го направи потполн. “И бесот на човекот ќе те прославува Тебе,” (Псалм 76:10) посведочил псалмистот. Храброста на овој човек, кој одлучил порадо да оди по правиот пат отколку да попушти, му донел пораз на сатаната, а слава и чест на Божјото име.
Царот Дариј утредента рано побрзал до јамата и “повикнал со жалостен глас,” “О Даниел, слуго на живиот Бог, дали Богот твој, на кого му служиш без престан, можеше да те избави од лавовите?”
А пророкот одговори: “Царе, да си жив довека! Мојот Бог го прати ангелот Свој и ги затвори устите на лавовите, па не ми напакостија, зашто се најдов чист пред него, а ни тебе, царе, не ти направив зло.”
“Тогаш царот многу се израдува на тоа, и заповеда да го извадат Даниела од јамата. И го извадија Даниела од јамата, и не се најде рана на него, зашто веруваше во својот Бог.
Потоа заповеда царот, па ги доведоа луѓето кои беа го обвиниле Даниела, и ги фрлија во лавовската јама нив, децата нивни и жените нивни; и уште не дојдоа до дното на јамата, a лавовите ги грабнаа и сите коски им ги скршија.”
Царот на незнабошците тогаш издал нова наредба во која го величел Даниеловиот Бог како вистински Бог. “Царот Дариј им напиша на своите народи и племиња и јазици што живееја во својата земја: Мирот да ви се умножи. Од мене е заповедта секој да се бои од страшниот Бог на Даниел во моето царство, зашто Тој е живиот Бог, кој останува до века, и Неговото царство нема да се растури, и Неговата власт ќе биде до крајот; Тој избавува и спасува, и чини знаци и чудеса на небото и на земјата, кој го избави Даниела од силата на лавовите.”
Така целосно биле уништени безбожниците кои се бореле против Даниел. “Даниел напредуваше во времето на Дариевото царување и за време на царувањето на Кир Персијанецот.” Тој со својот живот ги навел овие незнабожечки цареви да признаат дека неговиот Бог е “живиот Бог, кој останува до века, и Неговото царство нема да се растури.”
Од овој извештај за Даниеловото избавување можеме да научиме дека Божјите деца во неволја и во тешки моменти треба да останат такви какви што биле кога животот им блескал со надеж и кога имале се што сакаат. Даниел во лавовската јама бил ист оној Даниел кој стоел пред царот како прв министер во државата и како пророк на Највозвишениот. Човекот чие срце се потпира на Бога, ќе биде истиот во часот на своето најголемо искушение, како и во просперитет, кога го осветлувала светлината и благонаклонетоста Божја како и човечката љубов. Верата достигнува до невидливото и го разбира она што е навистина вечно.
Небото е многу блиску за оние кои страдаат заради праведноста. Христос Своите интереси ги поистоветува со интересите на Својот верен народ; Тој страда во лицата на Своите светии, и оној кој ги навредува Неговите избраници, го навредува Hero. Силата која е во можност да не спаси од физичко зло и неволји може да не избави и од поголемо зло, затоа што му овозможува на Божјиот слуга да го запази својот интегритет под сите околности, и да однесе победа преку божествена благодат.
Искуството кое што Даниел го имал на вавилонскиот и медо-персискиот двор како државник, ни ја открива вистината дека човекот во јавниот живот не мора да биде човек кој што ќе прикрива лукави замисли или планови во своја полза или кој ќе работи за свој материјален интерес, туку може да биде човек кого го води Бог во секој негов чекор. Даниел, премиерот на најголемото земско царство, бил истовремено и Божји пророк, кој примал небесна вдахновена светлина. И покрај тоа што бил човек со истите слабости какви што се и нашите, Духот на пророштвото го опишува како човек без мана. Дури и непријателите кои највнимателно го испитувале секој негов чекор во деловниот живот, морале да признаат дека бил беспрекорен во се. Тој дава пример каков би можел да стане секој деловен човек ако неговото срце е обратено и посветено, а мотивите да се чисти во Божјите очи.
Ако потполно се покоруваме на барањата на небото, ќе добиеме и земски и духовни благослови. Непоколеблив во својата верност кон Бога, благороден, достоинствен, доследен на своите начела, Данило уште во своите млади години “најде благонаклоност и љубов” кај дворјаните кои воделе грижа за него. (Даниел 1:9). Тој истите овие особини ги покажал и во подоцнежниот живот. Брзо се воздигнал до прв државник во царството. Тој служел на еден по друг владетели. Го доживеал падот на едното и воспоставувањето на друго светско царство, но таква била неговата мудрост и државништво, толку совршено неговото однесување, толку љубезен и добар во срце, така верен на своите начела, што дури и неговите непријатели биле принудени да признаат дека “не можат да му најдат никаква мана, зашто бил верен.”
Додека луѓето му укажувале почитување доверувајќи му ги одговорните државни работи и тајните кои се однесувале на судбината на целото царство, Бог го почестил Даниел избирајќи го за Свој претставник и откривајќи му многу тајни во делечната иднина. Чудесните пророштва, кои сам ги забележал од седмата до дванаесетата глава во книгата која го носи неговото име, не ги разбрал во потполност ниту тој самиот. Но пред да се заврши неговиот земски пат, му било дадено прекрасно ветување дека “при свршетокот на деновите” – во завршниот период од земската историја – нему повторно ќе му биде доделено да стане и да го добие својот дел. Нему не му било дадено потполно да го разбере сето она што Бог му го открил за Своите намери. “Затвори ги овие зборови и запечати ја оваа книга, до последното време,” му било заповедано во врска со неговите пророчки списи. “Оди, Даниеле,” го упатил уште еднаш ангелот верниот Господов гласник, “зашто се затворени и запечатени овие зборови до последното време… Оди си по својот крај; и ќе почиваш и ќе останеш на делото свое до свршетокот на деновите.” (Даниел 12:4, 9, 13).
Бидејќи се приближуваме кон крајот на историјата на овој свет, мораме да посветиме посебно внимание на пророштвата кои ги запишал Даниел, затоа тие се однесуваат на времето во кое што живееме. Со тоа треба да се поврзат и зборовите од последната книга од Новиот Завет. Сатаната успеал мнозина да ги наведе на мислата дека пророчките делови во споменатите книги на пророкот Даниел и апостолот Јован, не можатда се разберат. Меѓутоа, ние имамејасно ветување дека од проучувањето од овие пророштва произлегува посебен благослов. “Разумните ќе разберат” (Даниел 12:10), било речено за Даниеловото пророштво, кое треба да се отпечати во последните денови. А за Откровението кое што Христос го дал на својотслуга Јован, да послужи како патоказ на Божјиот народ низ сите векови, врзано е ветувањето: “Блажен е оној кој чита и блажени се оние кои ги слушаат зборовите на пророштвото и го пазат напишаното во него, зашто времето е блиску.” (Откровение 1:3).
Издигањето и пропаста на народот, како што е откриено во книгата на Даниел и Откровението, треба да не поучи колку е ништожна надворешната светска слава. Вавилон, со целата своја сила и слава каква што светот повеќе не видел, со силата и славата кои луѓето на таа доба ги правеле непоминливи и вечни, потполно исчезнале! Поминале како “цвет од трева.” (Јаков 1:10). Така пропаднало и Медо-Персиското, Грчкото и Римското царство. А така ќе пропадне и се она што нема свој темел во Бога. Ќе остане само она што служи на Неговите цели и го изразува Неговиот карактер. Божјите начела се единствено трајни вредности за кои светот знае.
Грижливото проучување за остварувањето на Божјите намери во историјата на народот и откровението на она што ќе дојде, ќе ни помогне видливо и невидливо да проценуваме според вистинските вредности и да разбереме која е вистинската цел на животот. Анализирајќи ги минливите работи во светлината на вечноста, ние како Даниел и неговите другари ќе живееме за она што е вистинско, благородно и неминливо. Учејќи се во овој живот за начелата на царството на нашиот Господ и Спасител, за тоа благословено царство кое ќе трае засекогаш и до века, ќе се подготвиме заедно со Hero да го наследиме.

Сподели го ова:

Слични објави