34. Еремија
Меѓу оние кои се надевале на трајно духовно оживување како резултат од реформацијата предводена од Јосија бил и Еремија, кого Бог го повикал за пророк додека бил сеуште млад, во тринаесеттата година од владеењето на Јосија. Како член на левитското свештенство, Еремија уште од детството бил подготвуван за света служба. Во тие среќни години на подготовка тој малку сфаќал дека уште од раѓањето бил одреден да биде “пророк до сите народи;” и кога божествениот повик пристигнал, тој бил преплавен со чувство за сопствената безвредност. “О, Господе, Боже”, воскликнал тој, “не умеам да говорам, зашто сум дете.” (Еремија 1:5, 6).
Во младиот Еремија, Бог видел некој кој ќе и биде верен на својата должност, и кој ќе застане на страната на доброто против големата опозиција. Тој во детството докажал дека е верен; а сега требал да се справи со тешкотијата, како добар војник на крстот. “He вели: дете сум,” му рекол Бог на Својот одбран гласник; “зашто до сите, до кои ќе те испратам, ќе одиш, и се, што ќе ти заповедам, ќе кажеш. He се плаши од нив; зашто Јас сум со тебе, за да те избавам.” “А ти препаши ги бедрата свои и стани, та кажи им се, што ќе ти заповедам; не биди малодушен пред нив, за да не те поразам пред очите нивни. И ете, Јас те поставив денес како утврден град, како железен столб и како бакарен ѕид против сите цареви јудини и кнезовите на целата таа земја, против свештениците негови и против народот на таа земја. Тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат; зашто Јас сум со тебе, за да те избавувам.” (Стихови 7, 8; 17-19).
Четириесет години Еремија требал да стои пред народот како сведок за вистината и праведноста. Во времето на најстрашното отпадништво тој, со животот и карактерот, требал да биде пример за служењето на единствениот вистински Бог. За време на страшната опсада на Ерусалим, тој требал да биде претставник на Јехова. Тој требал да го претскаже падот на Давидовиотдом и уништувањето на прекрасниотхрам изграден од Соломон. А кога бил затворен поради своите бестрашни зборови, тој сеуште требал јасно да зборува против гревот на високите места. Презрен, намразен, отфрлен од луѓето, тој конечно требал да биде сведок на буквалните исполнувања на сопствените пророштва за осудата што доаѓа, и да ги сподели страдањата и жалоста кои настапиле по уништувањето на градот осуден на пропаст.
Сепак, среде општото пропаѓање во кое се наоѓал народот, на Еремија често му било дозволено да погледне зад страшните слики на сегашноста во славниот напредок во иднината, кога Божјиот народ ќе биде избавен од непријателската земја и повторно населен на Сион. Тој го претскажал времето кога Господ ќе го обнови заветниот однос со нив. “И душата нивна ќе им биде како градина напоена со вода, и веќе нема да се измачуваат.” (Еремија 31:12).
За својот повик за пророчката мисија, самиот Еремија запишал: “И ја протегна Господ раката и се допре до устата моја; И ми рече Господ: Ете, Јас ги ставив Моите зборови во устата твоја. Гледај, Јас те поставив денес над народи и царства, за да искоренуваш и разурнуваш, да погубуваш и да разрушуваш, да ѕидаш и да насадуваш.“ (Еремија 1:9,10).
Фала Му на Бога за зборовите “да ѕидаш и да насадуваш”. Овие зборови го увериле Еремија во Божјата намера да обнови и да излекува. Строги биле пораките што требал да ги пренесе во годините што следеле. Пророшвата за неизбежната казна требале да бидат бестрашно пренесени. Од Синарските полиња “злото” требало да навлезе “врз сите луѓе што живеат на земјата.” “И ќе го изречам судот Свој врз нив”, изјавил Господ, “за сите нивни беззаконија, затоа што Me оставија.” (Стихови 14 и 16). Но пророкот требал да ги обедини овие пораки со уверување дека сите кои што ќе се одвратат од своите зла ќе добијат прошка.
Како мудар градител, Еремија уште од самиот почеток на своето животно дело се трудел да ги охрабрува луѓето во Јудеја да ги поставуваат темелите на својот духовен живот широко и длабоко, со искрено дело на покајание. Премногу долго, народот градел со материјали кои апостол Павле ги нарекол дрво, кал и слама, а самиот Јеремија троскот. “Ќе ги наречат лажно сребро”, му објавил тој на непослушниот народ, “зашто Господ ги отфрли.” (Еремија 6:30). Сега тие биле охрабрувани да градат мудро и за вечноста, отфрлајќи го ѓубрето на отпадништвото и неверието, користејќи чисто злато како материјал за темелите и префинето сребро, скапоцени камења – вера, послушност и добри дела – единствените прифатливи нешта во очите на светиот Бог.
Господовиот збор упатен на Неговиот народ преку Еремија гласел: “Врати се, отстапнице, Ќерко Израелева… и Јас нема да го излијам врз вас Мојот гнев; зашто Јас сум милостив, вели Господ, нема вечно да негодувам. Признај ја само вината своја: зашто отстапи ти од Твојот Господ Бог… вратете се, деца отстапници, вели Господ, зашто Јас се соединив со вас.” “Ти ќе Me нарекуваш твој Отец и нема да отстапиш од мене.” “Вратете се, синови одметници: Јас ќе го излекувам вашето одметништво.” (Еремија 3:12-14; 19, 22).
Како додаток на овие прекрасни повици, Бог му ги дал на Својот грешен народ и самите зборови со кои тој можел да се врати кај Hero. Тие требале да кажат: “Еве, ние идеме при Тебе, зашто Ти си Господ, Бог наш. Навистина, напразно се надевавме на ридовите и на многуте гори; навистина во нашиот Господ Бог, е Израилевото спасение… Ние лежиме во својот срам, и нашиот срам не покрива, зашто грешевме пред нашиот Господ Бог – ние и татковците наши уште од младите години наши дури до овој ден – и не го слушавме гласот на Господа, нашиот Бог.” (Стихови 22-25).
Реформацијата спроведена од Јосија ја исчистила земјата од идолопоклонските жртвеници, но срцата на мнозина не биле обратени. Семето на вистината кое изртило нагоре и ветувало добра жетва, било задушено од трње. Уште едно такво одвојување од Господа би било фатално; па Бог одлучил да го освести народот за опасноста во која се наоѓа. Само ако покажеле дека се верни на Јехова, тие можеле да се надеваат на божествената благонаклонетост и на напредок.
Еремија постојано го свртувал нивното внимание на советите дадени во Петтата книга Мојсеева. Тој ги потенцирал учењата на Мојсеевиот закон повеќе од сите други пророци и покажал како тие можат да донесат најголем духовен благослов за народот и за секое срце. “Распрашајте за дамнешните патишта, каде е добриот пат, врвете по него, и ќе најдете спокојство на душите свои” (Еремија 6:16).
Во една пригода, по Божја наредба, пророкот застанал пред еден од главните влезови во градот и укажувал на важноста од празнувањето на светиот саботен ден. Жителите на Ерусалим биле во опасност дека ќе ја заборават светоста на саботата и биле свечено предупредени против извршувањето на своите световни работи во тој ден. За послушноста бил ветен благослов: “И, ако Me послушате, вели Господ, да не носите товар во саботен ден низ портите на овој град и саботата да ја сметате за света, во тој ден не вршејќи никаква работа, тогаш низ портите на овој град ќе влегуваат цареви и кнезови, кои ќе седат на Давидовиот престол, кои ќе се возат во коли и ќе јаваат на коњи, тие и кнезовите нивни, Јудејци и ерусалимски жители, тогаш овој град ќе биде вечно населен.” (Еремија 17:24, 25).
Ова ветување за напредок како награда за послушност било проследено со пророштво за страшна осуда која ќе го снајде градот доколку неговите жители се покажат како неверни на Бога и Неговиот закон. Доколку не го послушаат предупредувањето да се покорат на Господа Бога на нивните татковци и да го празнуваат Неговиот саботен ден, градот и неговите палати ќе бидат целосно уништени со оган.
На тој начин пророкот цврсто застанал на страната на здравите принципи на правилниот начин на живот кои се толку јасно прикажани во книгата на законот. Но состојбата во Јудеја била таква што промената можела да се изврши единствено со најодлучни мерки; затоа тој најискрено работел за непокајаните. “Изорајте си нови ниви и не сејте меѓу трње,” повикувал тој “Измиј го злото од срцето свое, Ерусалиме, за да се спасиш.” (Еремија 4:3, 14).
Но мнозинството од народот не го послушало повикот за покајание и реформа. По смртта на добриот цар Јосија, оние кои владееле со народотсе покажале како недостојни за својата работа и мнозина завеле од вистинскиот пат. По Јоахаз, кого египетскиот цар го симнал од престолот, дошол Јоаким, постариотсин на Јосија. Од почетокот на владеењето на Јоаким, Јеремија не се надевал многу дека ќе ја спаси својата сакана земја од уништување, а народот од ропство. Па сепак, не му било дозволено да молчи додека на царството му се заканувало целосно уништување. Оние кои Му останале верни на Бога требале да бидат охрабрени да истрајат на добриот пат, a грешниците, доколку било можно, морале да се наведат да се одвратат од беззаконието.
Кризата барала јавни и далекусежни напори. Бог му наложил на Еремија да застане во предворјето на храмот и да им зборува на сите Јудејци кои би влегувале или излегувале од него. Тој не смеел да премолчи ниту збор од пораката што му била дадена, за да грешнците во Сион ја имаат најголемата можност да слушнат и да се одвратат од своите зли патишта.
Пророкот се покорил; Тој стоел на портите на домот Господов и таму го подигал својот глас кој предупредувал и преколнувал. Вдахновен од Семоќниот, тој изјавил:
“Чујте го словото Господово, сите Јудејци, што влегувате низ таа врата да Му се поклонувате на Господа. Така вели Господ Саваот, Бог Израилев: исправете ги вашите патишта и вашите дела, и Јас ќе ве оставам да живеете на тоа место. He се надевајте на лажливите зборови: ова е храмот Господов, храмот Господов, храмот Господов. Но ако ги исправите наполно вашите патишта и вашите дела, ако верно извршувате суд меѓу човекот и ближниот негов, ако не угнетувате странец, сирак и вдовица, не пролевате невина крв на тоа место и не тргнете по други богови за ваше зло, Јас ќе ве оставам да живеете на ова место, во оваа земја, што им ја дадов на татковците ваши од века до века.” (Еремија 7:2-7).
Тука е јасно покажана неволноста на Господа да казнува. Тој ги одложува Своите казни за да може да ги повика непокајаните. Оној кој покажува “милост, суд и праведност на земјата” копнее по Своите заблудени деца; Тој на секој можен начин се труди да ги научи на патиштата на вечниот живот. (Еремија 9:24). Тој ги извел Израелците од ропство за да можат да Му служат Нему, на единствениот вистински и жив Бог. Иако тие долго талкале во идолопоклонство и се оглушиле од Неговите предупредувања, Тој сепак и сега ја покажува Својата подготвеност да ја одложи казната и да им даде уште една можност за покајание. Тој јасно укажува на фактот дека само со најкоренита реформација на срцето може да се поништи казната која ги очекува. Залудно ќе биде вербата што тие би можеле да ја покажат во храмот и неговите служби. Службите и обредите не можат да го простат гревот. И покрај нивното повикување на тоа дека се Божји избран народ, единствено реформацијата на срцето и на животните навики може да ги спаси од неизбежните последици на постојаното грешење.
Така се случило “по градовите на Јуда и по ерусалимските улици” пораката на Јеремија за Јудејците да биде: “слушајте ги зборовите на овој завет и исполнувајте ги” (Ер.11:6). И тоа е пораката што ја пренесувал додека стоел во предворјето на храмот на почетокот на владеењето на Јоаким.
Накусо биле изложени искуствата на Израелот од времето на Излегувањето од Египет. Божјиот завет со нив гласел: “Слушајте го Мојот глас, и Јас ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ, и одете по оној пат, по кој ќе ви заповедам, за да ви биде добро”. Овој завет бил бесрамно и постојано прекршуван. Избраниот народ “живееше по желбите и по закоравеноста на своето лошо срце, и Ми свртеа грб, а не лице.” (Еремија 7:23, 24).
“Зошто”, се прашува Бог, “се свртил овој народ ерусалимски и скита упорно и непрекратно? (Еремија 8:5). Според јазикот на пророкоттоа е затоа што тие не го послушале гласот на Господа и одбиле да бидат поправени (Види Еремија 5:3). “Ја снема вистината”, лелекал пророкот, “таа е одземена од устата нивна.” “И штркот под небото ги знае своите определени времиња; гугутката, ластовицата и жеравот го пазат времето кога мораат да се вратат, а Мојот народ, не знае за судот Господов.” “Зар нема да ги посетам, вели Господ? Нема ли да се одмазди душата Моја на таков народ, како овој?” (Еремија 7:28; 8:7; 9:9).
Било дојдено време за длабоко преиспитување на срцето. Додека Јосија бил нивни владетел, народот имал некаква основа за надеж. Но тој веќе не можел да посредува во нивна полза, затоа што паднал во битка. Гревовите на народот биле толкави што времето за посредување било одамна поминато. “И ми рече Господ: да беа застанале пред лицето Мое дури Мојсеј и Самоил, душата Моја пак немаше да се приклони кон тој народ; отерај ги од пред лицето Мое, нека си одат. Ако, пак, те прашаат: каде да одиме? – кажи им: вака вели Господ – кој е за смрт, нека оди во смрт; и кој е за меч – под меч; кој е, пак, за глад – на глад; и кој е за ропство – во ропство.” (Еремија 15:1, 2).
Одбивањето да се отповика на поканата за милост што Бог сега му ја нудел, ќе му ја донесе на непослушниот народ казната која го затекла северното царство на Израел пред повеќе од еден век. Сегашната порака за нив била: “ако не Me послушате, и не одите по Мојот закон, што ви го дадов, и не ги примате зборовите на Моите слуги, пророците, кои ги праќам при вас, а ги праќам од рано утро, и кои вие не ги слушате – тогаш со овој дом ќе го направам истото што и со Силом, и овој град ќе го предадам на проклетството на сите земни народи.” (Еремија 26:4-6).
Оние кои стоеле во предворејето на храмот слушајќи го излагањето на Еремија јасно разбрале дека неговите зборови се однесувале за Силом, и за времето на деновите на Илија кога Филистејците го победиле Израел и го зеле ковчегот на заветот.
Гревот на Илија бил во тоа што лесно преминувал преку непослушноста на своите синови на светата должност, и преку злата кои владееле низ целата земја. Тоа што пропуштил да ги исправи овие зла му донело страшна мака на Израелот. Неговите синови паднале во битка, Самиот Илија го загубил својот живот, Божјиот ковчег бил однесен од израелската земја, биле погубени триесет илјади луѓе – и сето тоа затоа што на гревот му било дозволено непречено и неукорено да цути. Израилот напразно мислел дека и покрај своите грешни постапки, присуството на ковчегот ќе им обезбеди победа над Филистејците. На сличен начин, во времето на Еремија, жителите на Јудеја се залажувале дека строгото придржување кон божествено уредените служби во храмот ќе ги сочува од праведната казна за лошиот пат по кој што тргнале.
Каква поука е ова за луѓето кои денес се на положба во Божјата Црква! Каквосвеченопредупредувањеда имаатверен однос кон грешките кои ја обесчестуваат целта на вистината! Никој од оние кои се чувари на Божјиот закон не смее да се залажува дека обличјето што однадвор го имаат во однос на заповедите ќе ги заштити од божествениот праведен суд. Никој не смее да одбие да биде укорен за злото, ниту да ги обвини Божјите слуги дека се премногу ревни и упорни во чистењето на логорот од злото. Бог, Кој го мрази гревот, ги повикува оние кои тврдат дека го држат Неговиот закон да се отстранат од секакво беззаконие. Ако пропуштат да се покајат и доброволно да Му бидат послушни, мажите и жените ќе ги трпат сериозните последици, како и древниот Израел. Постои граница зад која судот на Јехова веќе не може да се одложува. Опустошувањето на Ерусалим во деновите на Јеремија е свечено предупредување за модерниот Израел, дека советите и предупредувањата кои му се дадени преку одбрани орудија не можат неказнето да се отфрлаат.
Пораката на Јеремија упатена до свештенството и народот кај мнозина разбудила антагонизам. Тие бучно го обвинувале: “Оти пророкуваш во името на Господа, и велиш – овој дом ќе стане како Силом, и овој град ќе запустее и ќе остане без жители? И сиот народ се собра околу Еремија во домот Господен.” (Еремија 26:9). Свештениците, лажните пророци и луѓето се разгневиле против оној кој не сакал да им кажува убави зборови и лажни пророштва. На тој начин, Божјата порака била презрена, а на Неговиот слуга му се заканувале со смрт.
Гласот за зборовите на Еремија стасал до кнезовите на Јудеја и тие поитале од палатата кон храмот за самите да се уверат за што станува збор. “Тогаш свештениците и пророците вака им рекоа на кнезовите и на сиот народ: Овој човек заслужува смрт, затоа што пророкува против овој град; а тоа го чувте со ушите свои.” (Стих 11). Но Еремија смело стоел пред кнезовите и народот, изјавувајќи: “Господ ме прати да пророкувам против овој дом и против овој град со сите зборови, што ги чувте; па така, исправете ги патиштата и делата ваши и послушајте го гласот на Господа, вашиот Бог, и Господ ќе го одмени злото, што го изрече против вас. А што се однесува до мене, еве, јас сум во ваши раце; правете со мене, што сметате дека е добро и право; само знајте добро, дека, ако ме убиете, ќе земете невина крв врз себе, и врз овој град и врз жителите негови, оти навистина, Господ ме прати при вас да ви ги кажам сите овие зборови во ушите ваши.” (Стихови 12-15).
Доколку заканувачкиот однос на луѓето со висок авторитет го заплашил пророкот, неговите зборови ќе немаа никаков ефект, а тој ќе го загубел животот; но храброста со која го изнел ова свечено предупредување заслужувала почит кај народот и ги завртела израелските кнезови на негова страна. Тие преговарале со свештениците и лажните пророци, укажувајќи им дека екстремните мерки за кои тие се залагаат би биле неразумни и нивните зборови довеле до реакција во умовите на луѓето. Така Господ подигнал бранители за Својот слуга.
И старешините се обединиле во протест против одлуката на свештениците во врска со судбината на Еремија. Тие го изнеле примерот на Михеј, кој пророкувал осуда над Ерусалим со зборовите: “Сион ќе биде изоран како нива, а Ерусалим ќе стане куп урнатини, и гората на овој дом како шумовит рид. Па зар го уби заради тоа Јудејскиот цар Езекиј и целата Јудеја? Па зар не се уплаши тој од Господа, и Господ го одмени злото, што беше го изрекол против нив; а треба ли ние сега да навлечеме такво големо зло врз душите свои?”(Стихови 18, 19)
Поради заложбата на овие влијателни луѓе животот на пророкот бил поштеден, иако многу од свештениците и лажните пророци, неможејќи да ја поднесат страшната вистина што тој ја изнесувал, со задоволство би го виделе погубен поради бунтовништво.
Од денот кога бил повикан, до крајот на својата служба, Еремија стоел пред Јудејците како “кула и тврдина”, против која гневот на луѓето бил немоќен. “Тие ќе војуваат против тебе,” го предупредил Бог Својот слуга, “но нема да те победат, бидејќи Јас сум со тебе, за да те спасувам и да те избавувам, вели Господ. И ќе те спасам од рацете на лошите и ќе те избавам од рацете на насилниците.” (Еремија 6:27; 15:20, 21).
По природа кроток и повлечен, Еремија копнеел за мир и спокојство во повлечен живот, во кој нема да треба да сведочи за постојаните беззаконија на својот сакан народ. Срцето му се стегало од помислата за уништувањето кое гревот ќе го донесе. “О, да мојата глава беше вода и очите мои – извор на солзи,” лелекал тој: “За да плачам ден и ноќ за убиените на ќерката на мојот народ. О, да имав престојувалиште во пустињата за да го оставев својот народ и да отидев далеку од нив.” (Ер. 9:1, 2).
Сурови биле потсмевањата што требал да ги поднесе. Неговата чувствителна душа била повторно и повторно прободувана од стрелите на исмејувањата од страна на оние кои ги презирале неговите пораки и настојувањата да ги обрати. “Станав потсмев за сиот народ мој,” изјавил тој: “И секојдневна нивна песна.” “Јас секој ден станувам за потсмев, секој се исмејува со мене.” “Сите, што живееја со мене во мир, сега ме демнат, нема ли некаде да погрешам: можеби, велат, тој ќе се улови, и ние ќе го победиме и ќе му се одмаздиме.” (Плач Еремин 3:14; Еремија 20:7,10).
Но верниотпророксекојдневно добивал сила да истрае. “Но со мене е Господ како страшен јунак,” тој објавил во вера; “Затоа моите гонители ќе се сопнат и нема да ме победат; многу, многу ќе се засрамат заради поразот, заради незаборавениот вечен срам.” “Пејте Му на Господа, фалете Го Господа, зашто Тој ја спасува душата на бедниот од рацете на злодејците.” (Еремија 20:11,13).
Искуствата што Еремија ги доживеал во деновите на својата младост, но и во подоцнежните годни од својата служба, го научиле дека: “Патот на човекот не зависи од него, дека не е во власта на оној кој оди, за да ги управува стапките свои.” Тој научил да се моли: “Казни ме Господи, но со правда, не во гневот Свој, за да не ме сотреш.” (Еремија 10:23, 24).
Кога бил повикан да пие од чашата на неволји и страдања, и доведен во искушение да каже: “Ја снема силата моја и надежта моја од Господа,” тој се потсетил на се што Бог направил во негова полза, и победоносно извикал: “По милоста на Господа не загинавме наполно, бидејќи милосрдието Негово не е пресекнато; тоа се обновува секое утро; голема е Твојата верност. Господ е мој дел, ми вели душата, затоа на Hero ќе се надевам. Добар е Господ кон оние, кои се надеваат на Hero, кон душата, која Го бара. Добро е за оној човек, кој се надева и трпеливо го очекува спасението од Господа.” (Плач Еремин 3:18; 22-26).