51. Духовно оживување

Сподели го ова:

Доаѓањето на Ездра во Ерусалим дошло во вистинско време. Тука се чувствувала голема потреба за негово присуство. Неговото доаѓање влеало сигурност и надеж во срцата на мнозина кои што долго работеле под потешкотии. Многу работи биле остварени од враќањето на првата група на заробеници под водство на Зоровавел и Исус, пред повеќе од седумдесет години. Храмот бил довршен а градските ѕидови делумно поправени. При сето тоа, уште многу останало недовршено.
Меѓу оние кои што во раните години се вратиле во Ерусалим, имало многу кои што му останале верни на Бога целиот свој живот. Но значителен број Израелци и нивни деца ја изгубиле од вид светоста на Божјиот закон. Дури и некои луѓе на одговорни позиции живееле во грев. Нивниот начин на живот во голема мерка го отежнувал напорот на оние кои што се труделе да го напреднат Божјото дело, затоа што небесниот благослов не можел да почива на народот се додека се дозволувало отворено престапување на законот.
Божјата волја била оние кои што се вратиле со Езра да имаат време посебно одредено за да го бараат Господа. Искуствата со кои што неодамна се здобиле на патот од Вавилон, кога не ги штитела ниедна човечка сила, им пружиле обилни духовни поуки. Многумина се уцврстиле во верата, и кога дошле во допир со обесхрабрените и рамнодушните во Ерусалим, нивното влијание станало моќно орудие во реформата која што набрзо била спроведена.
Четвртиот ден по доаѓањето, благајниците ја предале ризницата со сребро и злато, заедно со садовите за службата во храмот, во рацете на црковни достоинственици, пред сведоци и со најголема точност. Секој предметбил испитан “според број и според тежина.” (Езра 8:34).

Заробениците кои што се вратиле со Езра “принесоа жртва паленица на Израелевиот Бог,” како жртва за грев и како знак на благодарност за заштитата на светите ангели по патот. “И ги предадоа царските повелби на царските намесници и управители отаде Реката, и тие го помогнаа народот и Божјиот Дом.” (Стихови 35, 36).
Набргу после тоа неколку Израелеви поглавари му пристапиле на Ездра со сериозна жалба. Некои од “Израелевиот народ, свештениците и Левитите” до толку не ги почитувале заповедите Господови што ги земале ќерките на околните народи. “Ги земаа ќерките нивни за себеси и синовите свои,” го известиле Езра, “па се помеша светото семе со земските народи, а кнезовите и владетелите биле први во тој престап.” (Езра 9:1, 2).
Проучувајќи ги причините кои што довеле до вавилонското робство, Езра заклучил дека отпадништвото на Израел во голема мерка е последица на нивното мешање со незнабожечките народи. Тој согледал дека Израелците би биле поштедени од многу жални и понижувачки искуства доколку ја послушале Божјата заповед и би се одвоиле од околните народи. Сега срцето му се кинело кога осознал дека луѓето на одговорни позиции, и покрај поуките од минатото, се осмелувале да ги прекршат законите кои што им биле дадени како обезбедување против отпадништво. Тој размислувал за Божјата добрина, која на Својот народ повторно му дала наследство во родната земја, и бил обземен со праведен гнев и жалост заради нивната неблагодарност. “Кога го чув тоа,” вели тој, “ја раскинав облеката своја и наметката своја, и ја искорнав косата од главата своја и брадата своја, и седнав запрепастен.
“И се собраа крај мене сите кои се боеја од зборовите на Израелевиот Бог за престапите на оние кои што дојдоа од робство, а јас седнав тажен до вечерната жртва.” (Стихови 3,4).
Во времето на вечерната жртва Езра станал и раскинувајќи ја повторно својата облека и наметката, паднал на колена и ја излеал тежината на својата душа молејќи за милост. Ширејќи ги рацете кон Господа, извикал: “Боже мој! се срамам и поцрвенет сум да ги подигнам очите кон тебе, Боже мој; зашто беззаконијата наши се намножија до врвот на главата и вината наша порасна до небото.
“Од времето на татковците свои до денес,” продолжил Езра, “под голема вина сме, и за беззаконијата свои сме предадени ние и царевите наши и свештениците наши во рацете на земските цареви под меч, во ропство, во грабеж и срам, како што се гледа денес. Но сега за кратко време, ни направи милост нашиот Господ Бог, па ни остави остаток и ни даде клин во светото место Свое, за да ги просветли очите наши нашиот Бог и ни дал малку да здивнеме во ропството свое. Зашто ние бевме робови, но не не остави во нашето ропство нашиот Бог, туку најдовме милост пред царевите Персиски давајќи ни да здивнеме да подигнеме дом за својот Бог и да го поправиме неговиот пустош, и давајќи ни заштита во Јудеја и Ерусалим.
“Сега значи што да речеме, Боже мој, после тоа? зашто ги оставивме Твоите заповеди, кои што ги заповеда преку Твоите слуги пророците… И после се што дојде на нас за нашите зли дела и за големата наша вина, затоа што, Боже наш, си не искарал помалку отколку што заслужуваат нашите гревови, и си ни дал ваков остаток, повторно ли би ги прекршиле твоите заповеди, спријателувајќи се со гнасотиите на овие народи? He би ли се повторно разгневил врз нас додека не не сотреш целосно и ниеден да не остане и да не се исцели? Господе Боже Израелев! Ти си праведен, зашто останавме остаток, како што се гледа денес. Еве ние сме пред Тебе со вината своја, заради која не можеме да стоиме пред Тебе.” (Стихови 6-15).
Жалењето на Езра и неговите другари заради злото кое лукаво се вовлекло во срцето на Божјото дело, довело до покајание. Мнозина грешници биле во срцата допрени. “И народот плачеше многу.” (Езра 10:1). Луѓето барем до некаде почнале да увидуваат колку е страшен гревот и со каква одвратност гледа Бог на него. Ја разбрале светоста на законот кој бил изречен на Синај и мнозина затрепериле сеќавајќи се на своите престапи.
Еден од присутните, по име Сеханија, признал дека Езра говори вистина. “Ние Му згрешивме на својот Бог,” рекол тој, “што земавме жени туѓинки од земските народи; но сеуште има надеж за Израел.” Сеханија предложил сите кои што згрешиле да направат завет со Бога дека ќе го остават гревот, и да им се суди “според законот.” “Стани,” му извикал на Езра, “зашто ова е твоја работа; а ние ќе бидеме покрај тебе; биди храбар.” “Тогаш стана Езра, и ги заколна свештеничките поглавари и Левитите и целиот Израел да направат така.” (Стихови 2-5).
Така започнала една чудесна реформација. Езра и неговите помошници со бескрајно трпение, имајќи обѕир кон секој поединец, се труделе да ги изведат на прав пат покајаните во Израел. Езра најповеќе од се бил учител на законот и тој го испитувал секој случај, трудејќи се да им укаже на луѓето за светоста на законот и на благодатта која што произлегува од послушноста.
Каде и да работел Езра, луѓето почнале повторно да го проучуваат Светото писмо. Поставувал учители да го поучуваат народот; и законот Господов бил воздигнат и прославен. Луѓето ги проучувале пророчките книги и мнозина исплашени и уморни црпеле надеж и утеха од оние места каде што се говорело за доаѓањето на Месијата.
Поминале преку 2000 години од она време кога Езра “го управи срцето свое да го истражува Господовиотзакон и да го извршува,” но тоа време не ја намалило убедливоста на неговиотпримерза побожност. (Езра 7:10). Записотза неговиот посветен живот вдахновило мнозина “да го истражуваат законот Господов и да го извршуваат.”
Мотивите на Езра биле возвишени и свети; секоја негова постапка била задвижена со длабока љубов кон душите. Сожалувањето и нежноста кои што ги покажувал кон грешниците, било свесно или несвесно, треба да биде пример на сите оние кои што сакаат да спроведат реформација. Божјите слуги мораат да бидат цврсти како карпа кога се во прашање начелата, но исто така мораат да имаат сочувство и воздржпивост. Слично како Езра, и тие треба да ги поучуваат грешниците на патот кон животот всадувајќи ги во нивните души начелата кои што го сочинуваат темелот на правичноста.
Во денешно време, кога сатаната преку своите многубројни помагачи се труди да ги заслепи луѓето за да не ја разберат неопходноста од држењето на Божјиот закон, потребни се луѓе кои што ќе наведат мнозина да “треперат од заповедтта на нашиот Бог.” (Езра 10:3) Потребни се вистински реформатори кои што ќе им укажат на луѓето за големиот Законодавец, и ќе ги поучат дека “законот Господов е совршен, ја преобразува душата.” (Псалм 19:7). Потребни се луѓе кои што добро го познаваат Светото писмо, кои со секој свој збор и постапка ќе го прослават Јеховиниот закон и ќе тежнеат да ја подигнат верата. Потребни се многу учители кои ќе ги вдахноват срцата со стравопочитување и љубов кон Светото писмо.
Широкораспространетите беззаконија кои што денеска преовладуваат во голем степен се должат на занемареноста на луѓето да го проучуваат Светото Писмо и да му се покоруваат, затоа што кога Божјата Реч е ставена настрана, таа повеќе нема сила да ги заузди злите желби на непосветеното срце. Тогаш тие сеат во тело, а од него излегува расипаност.
Со занемарувањето на Библијата дошло и до отфрлање на Божјиот закон. Учењето дека не треба да се покоруваме на Божјиот закон ја ослабело силата на моралните прописи и ги отворило уставите на беззаконието во светот. Беззаконијата, развратот и расипаноста навалуваат како страшна поплава. Насекаде се среќава завист, зли сомнежи, лицемерство, оттуѓување, караници, предавство на светите одговорности, попуштање на желбите. Цел систем на религиозни начела и учења, кој би требало да претставува темел и костур на друштвениот живот, како да е залулан и готов да се сруши.
Гласот кој што говорел на Синај говори и во последните денови на историјата на светот: “Немој да имаш други богови освен Мене.” (2. Мојсеева 20:3). Човекот со својата волја се спротивставил на Божјата волја, но не може да ја замолчи речта на заповедта. Човечкиот дух не може да се ослободи од своите обврски кон вишата сила. Луѓето можат да креираат теории и мудрости колку што сакаат, можат да се обидат преку науката да се спротивстават на откровението, за да го обессилат Божјиот закон, но секогаш се посилно ќе се слуша заповедта: “На Господа својот Бог поклонувај му се и Нему единствено служи му.” (Матеј 4:10).
Законот на Јехова не може ни малку да се засили или да се обессили, туку останува онаков каков што е. Тој секогаш бил и ќе биде свет, праведен и добар, сам по себе совршен и не може да се отповика ниту да се измени. “Да се почитува” или “да не се почитува,” тоа се само човечки зборови.
Помеѓу човечките закони и заповедите на Јехова ќе дојде последниот конфликт во борбата помеѓу вистината и заблудата. Ние сега влегуваме во таа битка која што не се води помеѓу црквите кои што се борат за превласт, туку помеѓу религијата на Библијата и религијата базирана на легенди и традиции. Сите сили кои што се соединиле против вистината ревносно работат. Луѓето ја поттценуваат Божјата Реч која што ни се сочува по толку голема цена, по цена на страдање и пролевање крв. Малку се луѓето за кои што таа претставува закон на животот. Неверството преовладува во голема мерка, и тоа не само во светот туку и во црквите. Мнозина се одрекуваат од учењето кое што претставува главен столб на христијанската вера. Голем дел од христијаните ја отфрлаат вистината за создавањето како што тоа го прикажале вдахновените писатели, за човековиот пад, помирувањето, неминливоста на законот. Мнозина кои што се фалат со своето знаење, сметаат дека потполната доверба во Библијата е знак на слабост, а дека доказ на ученост претставува ако во Светото писмо пронаоѓаат грешки и ги обессилуваат неговите најважни вистини објаснувајќи ги во спиритистички смисол.
Христијаните мораат да се подготвуваат за она што ненадејно ќе наиде во овој свет, а подготовката треба да се состои од проучување на Божјата Реч и во напорите својот живот да го сообразат со нејзиното учење. Решавањето на вечните прашања од огромно значење, бара од нас нешто повеќе од привидна религија, зборови и форми кои што вистината ја потиснуваат во надворешниот трем. Бог не повикува да започнеме нов живот и да се рефомираме. Од проповедална треба да се слушаат само библиски зборови. Меѓутоа, на Библијата и се закинува нејзината сила, и како резултат на тоа духовниот живот закржлавува. Во многу денешни проповеди ја нема онаа божествена манифестација која што ја буди совеста на луѓето и и дава живот на душата. Слушателите не можат да речат: “He гореше ли нашето срце во нас кога ни говореше по патот и кога ни го објаснуваше писмото?” (Лука 24:32). Има многу луѓе кои што викаат по живиот Бог, копнеејќи за божественото присуство. Нека Божјата Реч му говори на срцето. Нека оние кои што досега слушале само за традиции, човечки теории и учења, го слушнат гласот на Оној кој што може да ја обнови душата за вечен живот.
Голема светлина некогаш била пренесувана преку патријарсите и пророците. Величествени зборови биле говорени преку Сион – Божјиот град. Господ исто така сака светлината и денес да се излее преку неговите следбеници. Кога светите луѓе од стариот завет можеле да пружат таков блескав пример на верност, зарем оние кои што ги осветлува со векови собирана светлина нема да пружатуште поблескаво сведоштво за силата на вистината? Славата на пророштвата ја излеваат својата светлина на нашата патека. Симболот и неговото остварување се сретнале на крстот, при смртта на Божјиот Син. Христос станал од мртвите и објавил над отворениот гроб: “Јас Сум воскресние и живот.” Потоа го пратил Утешителот за да ни го напоменува сето ова. Со чудотворна сила ја сочувал сета пишана Реч низ вековите. (Јован 1:25).
Реформаторите заради и чии протести и сме го добиле името протестанти, чувствувале дека Бог ги повикал да му ја откријат на светотсветлината на Евангелието. И во настојување тоа да го направат, биле подготвени да го жртвуваатсвојот имот, слободата, па дури и самиот живот. Во очи на прогонството и смртта, Евангелието било секаде проповедано. Речтта Божја била дадена на народот и сите слоеви, високи и ниски, богати и сиромашни, образовани и необразовани желно ја проучувале Божјата Реч. Дали сме и ние во овој последен конфликт на големата борба исто така верни и дали ги исполнуваме своите должности, како што тоа биле првите реформатори?
“Трубите во труба на Сион, наредете пост и објавете свечен собир. Соберете го народот, свикајте собор, соберете ги старците, соберете ги децата… помеѓу тремот и олтарот нека плачат свештениците, слугите Господови, и нека речат: прости му Господи на народот свој, и не давај го наследството свое на срам.” “Обратете се кон Мене со сето свое срце во пост, плачење и ридање. Раскинете ги срцата, а не своите облеки! Обратете му се на Бога, вашиот Бог, зашто тој е милослив и жалостив, спор на гнев и обилен со милосрдие и сожалува за злото. Кој знае не ќе ли се сожали пак, и остави благослов зад Себе!” (Јоил 2:15-17, 12-14).

Сподели го ова:

Слични објави