35. Пропаста наближува

Сподели го ова:

Првите години од владеењето на Јоаким биле исполнети со предупредувања за наближувањето на пропаста. Божјиот збор, изговорен од пророците, требало да се исполни. Асирската сила од север, која толку долго била надмоќна, веќе не владеела со народите. Египет, од југ, во чија што моќ јудејскиот цар залудно се надевал, наскоро требал да прими силен удар. Сосем неочекувано, нова светска сила, вавилонското царство, се издигала на исток и бргу ги засенувала сите други народи.
За неколку куси години, Вавилонскиот цар ќе биде употребен како средство на Божјиот гнев врз непокајаната Јудеја. Повторно и повторно, Ерусалим ќе биде опколуван од војската на Навуходоносор која често навлегувала во градот. Група по група – отпрвин само неколкумина, но подоцна илјадници и десетици илјади – ќе бидат одведени во ропство во Синарската земја, за таму да живеат во прогонство. Јоаким, Јоахин и Седекија – сите овие јудејски цареви еден по еден станувале вазали на вавилонскиот владетел, но тие еден по еден се побунувале. Построги и уште построги казни требале да го снајдат непокорниот народ, додека конечно целата земја не опустоши, Ерусалим разурнат и изгорен, храмот што го изградил Соломон требал да биде уништен, а јудејското царство да падне за никогаш повеќе да не се здобие со своето поранешно влијание меѓу земските народи.
Овие времиња на промени, толку исполнети со опасност за израелската нација, биле одбележани со многу пораки од небото преку Еремија. На тој начин Господ му дал на јудејскиот народ јасна можност да се откаже од својот опасен сојуз со Египет и на тој начин да го одбегне судирот со вавилонскиот владетел. Како што заканувачката опасност наближувала, тој го поучувал народот со низа соодветни параболи, надевајќи се дека така ќе го разбуди кај нив чувството за обврската што ја имаат кон Бога, но и охрабрувајќи ги да одржат пријателски односи со вавилонската влада.
За да ја прикаже важноста од целосното покорување на Божјите барања, Еремија собрал неколку синови на Рехав во една од просториите на храмот и ги послужил со вино, поканувајќи ги да пијат. Како што можело да се очекува, тој се соочил со одлучно одбивање. “Ние вино нема да пиеме,” одлучно изјавиле синовите на Рехав, “бидејќи нашиот татко Јонадав, син Рехавов, ни заповедал, велејќи – вино не пијте ни вие, ниту децата ваши довека.”
“И би слово Господово до Еремија: вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: оди, кажи им на луѓето Јудини и на жителите ерусалимски – зар нема да извлечете поука од ова за себе, па да ги послушате зборовите Мои, вели Господ. Се исполнуваат зборовите на Јонадава, синот Рехавов, кој им заповеда на синовите свои да не пијат вино, и тие до ден денес не пијат, бидејќи му се покоруваат на заветот што му го дале на својот татко.” (Еремија 35:6; 12-14).
На тој начин Бог сакал да ја покаже острата спротивност помеѓу послушноста на Рехавовите синови со непослушноста и непокорноста на Својот народ. Синовите на Рехав се покориле на барањето на нивниот татко и сега одбиле да бидат вовлечени во престап. Но јудејскиот народ не сакал да ги послуша зборовите на Господа, и како последица на тоа сега требал да ги претрпи Неговите најстроги казни.
“Јас, пак, постојано ви зборував од рано утро, а вие не Me послушавте. Ги испраќав Јас при вас сите Мои слуги – пророците ги праќав од рано утро, и велев – повратете се секој од својот лош пат и исправете го поведението свое и не одете по други богови, за да им служите, па ќе живеете во оваа земја, која ви ја дадов вам и на татковците ваши; но вие не го приклонивте увото и не Me послушавте. Бидејќи синовите на Јонадава, синот Рехавов, ја исполнуваат заповедта на својот татко, што беше им ја дал, а овој народ Мој Мене не Me слуша, затоа, вака вели Господ, Бог Саваот, Бог Израилев – еве, Јас ќе го испратам врз Јудеја и врз сите жители ерусалимски сето она зло, што го изреков врз нив, зашто Јас им зборував, а тие не слушаа, им викав, а тие не одговараа.” (Стихови 14-17).
Кога срцата на луѓето ќе омекнат и ќе му се покорат на благотворното дејство на Светиот Дух, тие ќе можат да бидат советувани; но кога ќе се одврататод предупредувањата додека срцето не им стврдне, Господ дозволува да бидат заведени од други влијанија. Отфрлајќи ја вистината, тие прифаќаат лага, која станува стапица што ги уништува самите.
Бог ја повикувал Јудеја да не го предизвикува Неговиот гнев, но тие не сакале да слушаат. Конечно, над нив била изречена казна. Тие требале да бидат одведени во ропство во Вавилон. Халдејците требале да бидат искористени како средство со кое Бог ќе го казни Својот непослушен народ. Страдањата на Јудејците требале да бидат сразмерни со светлината што ја имале и со предупредувањата што ги презреле и отфрлиле. Бог долго ја одложувал Својата осуда, но сега ќе го упати Своето незадоволство кон нив, како последен напор да бидат запрени во нивните грешни патишта.
Врз домот на синовите на Рехав бил изречен постојан благослов. Пророкот објавил: “Бидејќи го послушавте заветот на вашиот татко Јонадава и ги пазите сите негови заповеди и во се постапувате, како што ви заповедал, затоа, вака вели Господ Саваот, Бог Израилев – никогаш нема да недостига од Јонадава, синот Рехавов, човек што ќе претстои пред лицето Мое во сите дни.” (Стихови 18 и 19). На тој начин Бог го поучил Својот народ дека верноста и послушноста ќе и се вратат на Јудеја како благослов, како што синовите на Рехав биле благословени поради послушноста на заповедта на нивниот татко.
Поуката е за нас. Ако треба да ги почитуваме барањата на добриот и мудар татко, кој се потрудил на најдобар можен начин да го сочува своето потомство од злото на неумереноста, сигурно е дека кон Божјиот авторитет треба да се однесуваме со поголема почит, бидејќи Тој е посвет од човекот. Нашиот Создател и нашиот Заповедник, бескраен во Својата моќ, страшен во Својот суд, со сите средства се труди да ги наведе луѓето да ги согледаатсвоите гревови и да се покајат. Тој, преку устата на Своите слуги, ја претскажува опасноста од непослушноста; упатува предупредувачки пораки и верно укорува за гревот. Неговиот народ бил одржуван во напредок само поради Неговата милост, и будната стража на Неговите избрани слуги. Тој не може да воздигнува и чува народ кој ги отфрла Неговите совети и ги презира Неговите укори. Може за одредено време да го одложи Својот суд; но тој не може вечно да биде задржан.
Децата на Јуда се вбројувале меѓу оние за кои Бог изјавил: “Вие ќе Ми бидете царство на свештеници и народ свет.” (2. Мојсеева 19:6). Никогаш, за време на својата служба, Еремија не ја загубил од предвид виталната важност од посветеноста на срцето во разните животни односи, а особено во службата на највисокиот Бог. Тој јасно го предвидел пропаѓањето на царството и распрснувањето на јудејскиот народ меѓу другите народи; но со окото на верата гледал зад сето тоа, во времињата на обнова. Во неговите уши одѕвонувало божественото ветување: “И ќе го соберам остатокотод Моето стадо, од сите земји каде што ги бев изгонил, и ќе ги вратам во трлата нивни… Еве, настапуваат дни, вели Господ, и ќе му издигнам на Давида праведна фиданка, и ќе се зацари Цар, Кој ќе постапува мудро и ќе суди праведно на земјата. Во дните Негови Јуда ќе се спаси, и Израелот ќе живее безопасно; и еве – Неговото име со кое ќе Го именуваат е ГОСПОД – НАША ПРАВЕДНОСТ!” (Еремија 23:3-6).
Така, пророштвата за судот кој наближувал биле измешани со ветувања за конечното и славно избавување. Оние кои ќе одберат да се помират со Бога и да живеат свет живот меѓу мноштвото кое е во отпад, ќе добијат сила за секое искушение и ќе можат со голема моќ да сведочат за Hero. A нивното избавување кое претстоело во вековите што доаѓале, ќе биде повеличествено од ослободувањата на децата Израилеви од Египет; Преку Својот пророк Господ објавил дека ќе дојдат дни кога “веќе нема да се зборува: Господ живее, Кој ги изведе синовите Израилеви од земјата Египетска, туку: да е жив Господ Кој го изведе и Кој го доведе племето на домот Израилев од северната земја и од сите земји, каде што ги беше изгонил; и тие ќе живеат во земјата своја.” (Стихови 7, 8). Такви биле прекрасните пророштва изречени од Еремија за време на последните години од историјата на јудејското царство, кога Вавилонците станувале владетели на светот, и ги кревале своите војски против ѕидовите на Сион.
Овие ветувања за избавување биле како најубава музика за оние кои биле истрајни во својата служба на Јехова. Во домовите на големите и малите, каде сеуште се почитувале советите на Бога и Неговиот завет, зборовите на пророкот одново и одново се повторувале. Тоа делувало силно дури и на децата и оставило трајна трага во нивните млади и приемчиви умови.
Совесното држење на заповедите од Светото Писмо им дало на Даниел и неговите другари за време на службата на Еремија можност да го воздигнат вистинскиот Бог пред земските народи. Упатствата кои овие еврејски деца ги примиле во своите домови, од нивните родители, ги направиле силни во верата и постојани во нивната служба на живиот Бог, Создателот на небото и земјата. Кога, во правите години од владеењето на Јоаким, Навуходоносор за прв пат го опколил и го покорил Ерусалим и ги одвел Даниел и неговите другари, со уште некои посебно одбрани за служба во вавилонскиот двор, верата на еврејските заробеници била најсилно искушана. Но оние кои научиле да ја положуваат својата доверба во Божјите ветувања, откриле дека тоа е доволно за сите искуства низ кои биле повикани да поминат за време на нивниот престој во туѓата земја. Писмото за нив било докажан водич и поткрепа.
Како интерпретатор на значењето на казните кои почнале да ја снаоѓаат Јудеја, Еремија цврсто стоел во одбрана на Божјата правда и на Неговата милостдури и во времето на најстрашните казни. Пророкот работел неуморно. Сакајќи да допре до сите класи, тој го проширил кругот на своето делување надвор од Ерусалим во околните подрачја, често посетувајќи разни делови од царството.
Во своите сведоштва до црквата, Еремија постојано се навраќал на учењата од книгата на законот која била толку многу почитувана и воздигана за време на владеењето на Јосија. Тој повторно ја нагласил важноста од одржување на заветна врска со милостивото и сочувствително Суштество, Кое на врвот на Синај ги изговорило правилата на Декалогот. Предупредувачките и повикувачки зборови на Еремија допреле до секој дел од царството и сите добиле можност да ја дознаат Божјата волја за неговиот народ.
Пророкот јасно ставил до знаење дека нашиот небесен Отец дозволува да дојде до Неговите казни: “за да разберат незнабошците дека се луѓе” (Псалм 9:20). “Ако, пак, и потоа тргнете настрана и не ме послушате,” Бог го предупредил Својот народ, “И јас… ќе ве растурам меѓу народите, и ќе ве истреби мечот што ќе доде; земјата ваша ќе биде пуста и градовите ваши разрушени.” (3. Мојсеева. 26:21, 28, 33).
Во истото време кога пораките за наближувачкото уништување биле испраќани со кнезовите и народот, нивниот владетел, Јоаким, кој требал да биде мудар духовен водач, предводник во признавањето на гревовите и реформацијата за добри дела, го поминувал своето време во себични задоволства. “Ќе си направам голема куќа и широки одделенија” – планирал тој; а таа куќа, “обложена со кедар и бојадисана со црвена боја” (Еремија 22:14), требала да биде направена со пари и работна сила добиени со измама и насилство.
Гневот на пророкот се разгорел и тој бил вдахновен да изрече суд над неверниот владетел. “Тешко му на оној, кој гради своја куќа со неправда, и свои соби со беззаконие,” објавил тој: “кој го тера ближниот свој да работи без награда и не му дава плата… Мислиш ли да станеш цар, откако си се оградил со кедар? Татко ти јадеше и пиеше, но вршеше суд и правда, па затоа му беше добро. Тој го разгледуваше делото на беден и на сиромав, и затоа му беше добро. Зар не значи тоа, да Me познаваш Мене? – вели Господ. Но твоите очи и твоето срце се свртени само кон користсамо за себеси, и за пролевање невина крв, за да притеснуваш и присилуваш.
“Затоа, вака вели Господ за Јоакима, синот на јудејскиот цар Јосија: нема да го оплакуваат – О брате! – или О сестро!, нема да го оплакуваат: О, господаре! или О, неговото величие! Како осел тој ќе биде погребен; ќе го изнесат и ќе го фрлат далеку од ерусалимските порти.” (Стихови 13-19).
Овој страшен суд требал да му се случи на Јоаким за неколку години; но Господ прво го известил непокајаниот народ за Својата намера. Во четвртата година од владеењето на Јоаким “пророкот Еремија зборуваше пред сиот јудејски народ и пред сите жители ерусалимски,” укажувајќи на тоа повеќе од дваесет години, “од тринаесеттата година на јудејскиот цар Јосија… па до денес,” тој сведочел за Божјата желба да спаси, но дека неговата порака била презрена (Еремија 25:2, 3). А сега, зборот Господов до нив гласел:
“Затоа вака зборува Господ над војските: Поради тоа што не ги послушавте зборовите Мои, еве, Јас ќе пратам и ќе ги земам сите северни племиња, вели Господ, и вавилонскиот цар Навуходоносор, Мојот слуга, и ќе ги доведам против оваа земја и против жителите нејзини и против сите соседни народи; и наполно ќе ги истребам и ќе ги направам за ужас, за потсмев и за вечна запустеност. И ќе го прекратам во нив гласот на радост и гласот на веселба, гласот на младоженец и гласот на невеста, звукот од воденичен камен и светлината од светило. И целата таа земја ќе стане запустеност и ужас; и тие народи ќе му служат на вавилонскиот цар седумдесет години.” (Стихови 8-11).
Иако казната што ќе ги уништи била јасно објавена, народот можел само нејасно да го разбере нејзиниот целосен ужас. За да може да се постигне подлабок впечаток, Господ сакал да го илустрира значењето на изговорените зборови. Тој го повикал Еремија да ја спореди судбината на народот со чаша исполнета со Божјиот гнев. Помеѓу првите кои ќе пијат од таа чаша требал да биде, “Ерусалим и јудејските градови и нивните цареви.” И други требале да се напијат од истата чаша – “Фараонот – египетскиот цар – и неговите слуги, како и неговите кнезови и сиот негов народ”, и многу други земски народи – додека целосно не се исполни Божјата намера. (Види Ере. 25)
За уште подобро да ја илустрира природата на казната која бргу наближувала, пророкот бил повикан да “земе од старешините на народот и од старешините на свештениците; и да оди во долината на синот Еномов”, а таму, откако ќе го изнесе отпадништвото на Јудеја, требал да скрши на парчиња “глинена стомна” и да објави во името на Јехова, чиј што слуга бил:”Вака ќе го скршам овој народ и овој град, како што кога ќе се крши глинен сад, тој не може повторно да се состави.”
Пророкот направил како што му било наложено. Потоа, враќајќи се во градот, тој застанал во предворјето на храмот и пред целиот народ објавил: “Вака вели Господ на војските, Бог Израилев: еве, ќе испратам врз овој град и врз сите нивни градови секакво зло, што го изреков против него, бидејќи тие ги закоравија своите вратови за да не ги слушаат зборовите Мои.” (Еремија 19:15).
Зборовите на пророкот наместо да доведат до признавање и покајание, го разбудиле гневот на оние со висок авторитет, и како последица на тоа на Еремија му била одземена слободата. Затворен, и фрлен во темница, пророкот сепак продолжил да ги кажува небесните пораки на оние кои биле во близина. Неговиот глас не можел да се замолкне со прогонување. Зборот на вистината, изјавил тој “беше во моето срце како распален оган, затворен во коските мои, и се измачував да го задржам – но не можев.” (Еремија 20:9).
Некаде во ова време Господ му наложил на Еремија да почне да ги запишува пораките што тој сакал да ги однесе кај оние за чие што спасение на срцето постојано понизно молел. “Земи си книга”, го повикал Господ Својотслуга, “Напиши ги во неа сите зборови, што ти ги кажав за Израелот, за Јуда и за сите народи од оној ден, откако почнав да ти кажувам, од дните на Јосија па до денес; можеби домот Јудин ќе чуе за сето зло што мислам да му го направам, па тие да се повратат секој од својот лош пат, и Јас да им ги простам беззаконијата и гревовите нивни.” (Еремија 36:2, 3).
Во послушност на таа наредба, Еремија повикал на помош верен пријател, писарот Варух, и ги диктирал “сите Господови зборови, што му ги беше кажал Тој.” (Стих 4). Тие биле грижливо запишани на свиток од пергамент и претставувале јасен укор за злото, предупредување за неизбежните последици од постојаното отпадништво, и искрен повик за отфрлање на секое зло.
Кога записот бил готов, Еремија, кој сеуште бил затвореник, го испратил Варух да го прочита свитокот на масите кои се собрале во храмот по повод националниот ден на пост, “во петтата година на јудејскиот цар Јоаким, синот Јосиев, во деветтиот месец.” “Можеби,” рекол пророкот, “тие ќе упатат смирена молба пред лицето Господово и ќе се повратат секој од својот лош пат; оти голем е гневот и негодувањето, кое Господ го изрече против овој народ.” (Стихови 9, 7).
Варух послушал, па свитокот бил прочитан пред целиот јудејски народ. Потоа писарот бил повикан пред кнезовите за да им ги прочита зборовите и на нив. Тие слушале со голем интерес и ветиле дека ќе го известат царот за се што чуле, но го советувале писарот да се сокрие, бидејќи се плашеле дека царот ќе го отфрли сведоштвото и ќе сака да ги погуби оние кои ја подготвиле и објавиле пораката.
Кога царот Јоаким слушнал од кнезовите што прочитал Варух, тој веднаш наредил свитокот да се донесе пред него и да му се прочита. Еден од царските дворјани, кој се викал Јудија, го донел свитокот и започнал да ги чита зборовите на укор и предупредување. Била зима, па царот и неговите содружници – јудејските кнезови – биле собрани пред отворен оган. Бил прочитан само мал дел, кога царот, ни малку исплашен поради опасноста која се надвила над него и неговиот народ, го грабнал свитокот и разгневен го “сечеше со писарско ноже, и еден по еден ги фрлаше парчињата во мангалот, се додека не беше уништен целиот свиток во огнот, што го имаше во мангалот.” (Стих 23).
Ниту царот ниту неговите кнезови не биле исплашени “и не ги раскинаа облеките свои”. Сепак, некои од кнезовите, “го молеа царот да не го гори свитокот книжен, но тој не ги послуша.” Кога записот бил уништен, гневот на безбожниот цар се разгорел против Еремија и Варух и тој испратил да му ги доведат; “Но Господ ги сокри.” (Стихови 24-26).
Свртувајќи го вниманието на оние кои се молеле во храмот, како и на кнезовите и царот, кон запишаните укори од вдахновениот свиток, Бог милостиво сакал да ги предупреди Јудејците за нивно добро. “Можеби,” рекол Тој, ’’домот Јудин ќе чуе за сите беди што мислам да му ги направам, па тие да се повратат секој од својот лош пат, и Јас да им ги простам беззаконијата и гревовите нивни.” (Стих 3). Бог ги сожалува луѓето кои се борат во слепилото на изопаченоста; Тој сака да го просветли помраченото разбирање испраќајќи укори и закани, смислени да ги предизвикаат највозвишените да го почувствуваат своето незнаење и да ги исправатсвоите грешки. Тој настојува да им помогне на самоуверените да станат незадоволни од својот суетен живот, и да побараат духовен благослов преку тесна врска со небото.
He е Божја намера да испраќа гласници кои ќе ги задоволуваат грешниците и ќе им ласкаат; Тој не испраќа мировни пораки за да ги увери непосветените во нивната телесна сигурност. Напротив, тој поставува тешки бремиња врз совеста на грешникот и ја прободува неговата душа со остри стрели на осведочување. Службените духови, ангелите, му ги предочуваат страшните Божји осуди, за да го зајакнат чувството на потреба и да предизвикаат повик за помош: “Што треба да направам, за да се спасам?” (Дела 16:30). Но раката која претвора во прав, го укорува гревот, и ги посрамува гордоста и амбицијата, е и рака која ги издигнува покајаниот и унижениот. Оној, Кој дозволува да се случат најстрогите казни, прашува со најдлабоко сочувство, “Што сакаш да направам за тебе?”
Кога човекот згрешил против светиот и милостив Бог, не може да направи поблагородно дело отколку искрено да се покае и да ги признае своите грешки во солзи и со огорченост во душата. Тоа Бог го бара од него; Тој не прифаќа ништо помалку од скршено срце и скрушен дух. Но царот Јоаким и неговите благородници, во својата ароганција и гордост, ја одбиле поканата од Бога. Тие нема да го послушаат предупредувањето и да се покајат. Прекрасната можност која им се укажала во времето кога го запалиле светиот свиток, била последна можност за нив. Бог објавил дека доколку и овој пат одбијат да го послушаат неговиот глас, тој ќе ги погоди со страшна казна. Тие одбиле да послушаат, и Тој ја изрекол Својата конечна пресуда над Јудеја, и со посебен гнев ќе се справи со оној кој горделиво се кренал себеси против Семоќниот.
“Поради тоа, вели Господ, за јудејскиот цар Јоаким: ќе нема од него човек што ќе седи на Давидовиот престол, и трупот негов ќе биде фрлен на дневниот припек и на ноќниот студ. Па ќе го посетам него, и племето негово, и слугите негови за неправдите нивни, и ќе ги испратам врз нив и врз ерусалимските жители, и врз луѓето на Јуда, сето она зло, што го искажав врз нив.” (Еремија 36:30, 31).
Со палењето на свитокот не дошло крај на сето тоа. Било полесно да се уништат пишаните зборови отколку укорите и предупредувањата што тие ги содржеле, како и казната за која Бог изјавил дека бргу доаѓа над бунтовниот Израел. Но дури и пишаниот свиток бил обновен. “Земи си пак друг свиток”, му заповедал Господ на Својот слуга, “И напиши ги во него сите поранешни зборови, што беа во првиот свиток книжен, кои јудејскиот цар Јоаким ги изгори.” Записот за пророштвата кои се однесувале на Јудеја и Ерусалим бил претворен во пепел; но зборовите се уште живееле во срцето на Еремија, “како разгорен оган,” и на пророкот му било дозволено повторно да го направи она што човечкиот гнев сакал да го уништи.
Еремија земал друг свиток и му го дал на Варух, “и тој ги напиша во него од устата на Еремија сите зборови од оној свиток книжен, што го изгори во оган јудејскиот цар Јоаким; а додаде кон нив и уште многу други, слични на нив, зборови.” (Стихови 28, 32). Човечкиот гнев сакал да ја спречи работата на Божјиот човек; Но токму оние средства со кои Јоаким сакал да го ограничи влијанието на слугата на Јехова, уште повеќе го овозможиле појаснувањето на божествените барања.
Духот на спротивставување на укорите кој довел до прогонување и затворање на Еремија постои и денес. Мнозина одбиваат да ги послушаат повторените предупредувања, претпочитајќи да ги слушаат лажните учители кои ласкаат на нивната суета и не ги забележуваат нивните лоши дела. Во времето на неволја, таквите нема да имаат сигурно засолниште, ниту помош од небото. Божјите одбрани слуги треба храбро и трпеливо да се соочат со неволјите и страдањата кои ќе ги снајдат заради префрлување, занемарување и погрешно разбирање. Тие треба да продолжат верно да ја исполнуваат задачата што Бог им ја наменил, секогаш имајќи на ум дека старите пророци и Спасителот на човештвото и Неговите апостоли исто така преживеале навреди и прогонувања поради Божјата реч.
Божја намера била Јоаким да ги послуша советите на Еремија и на тој начин да се здобие со наклоноста на Навуходоносор и да се спаси од многу страдања. Младиот цар се заколнал на покорност на вавилонскиотвладетел и, доколку му останел верен на своето ветување ќе се здобиел сопочитување од незнабожците, што ќе довело до скапоцена можност за обраќање на душите.
Отрфлувајќи ги овие извонредни можности што биле ставени пред него, јудејскиот цар своеволно го следел патот што самиот го одбрал. Го прекршил чесниот збор што му го дал на вавилонскиот владетел и се побунил. Тоа го довело него и неговото царство во многу тешка положба. Против него биле испратени “мноштво Халдејци, и многу Сиријци, и многу Моавци, и многу Амонити”, па тој бил немоќен да го спречи покорувањето на земјата од страна на овие ограбувачки чети. (2. Царства 24:2). За неколку години тој го завршил своето несреќно владеење во срам; отфрлен од Небото, несакан од својот народ и презрен од владетелите на Вавилон чија што доверба ја изневерил – a сето тоа како последица од неговата фатална грешка, одвратување од Божјата намера која му била откриена преку Неговиот назначен слуга.
Јоахин, (познат и како Јехонија и Хонија), синот на Јоаким, седел на престолот само три месеци и десет дена, кога се предал на халдејската војска која, поради побуната на јудејскиот владетел, повторно го запоседнала осудениот град. Во оваа пригода Навуходоносор “го пресели Јехонија во Вавилон, исто така и мајка му на царот, и жените на царот, и неговите дворјани и моќните на земјата,” на број неколку илјади, заедно со “уметници и ковачи илјада.” Заедно со нив, вавилонскиот цар ги зел “сите ризници на домот Господов и ризниците на царскиот дом.” (2. Царства 24:15, 16, 13).
На јудејското царство, со скршена моќ и оставено без луѓе и богатство, сепак се уште му било дозволено да постои како посебна управа. На чело на оваа управа Навуходоносор го поставил Матанија, помладиот син на Јосија, сменувајќи му го името во Седекија.

Сподели го ова:

Слични објави