36. Последниот јудејски цар

Сподели го ова:

На почетокот од своето владеење Седекија ја имал целосната доверба на вавилонскиот цар, а како испробан советник го имал пророкот Еремија. Доколку го задржал чесниот однос кон Вавилонците и им обрнувал внимание на пораките од Господа што ги добивал преку Еремија, тој можел да го задржи почитувањето на мнозина на високи положби и ќе ја имал можноста да им го претстави знаењето за вистинскиот Бог. Тогаш заробениците кои веќе биле во Вавилон ќе се наоѓале во поповолна положба и ќе им биле дозволени многу слободи; а оние кои останале во Јудеја ќе биле поштедени од ужасните неволји кои конечно ги снашле.
Седекија и цела Јудеја, вклучувајќи ги и оние кои биле одведени во Вавилон, биле советувани преку Еремија мирно да му се покорат на владеењето на привремениот освојувач. Особено било важно оние кои биле во ропство да го одржуваат мирот во земјата во која биле одведени. Сепак, тоа било во спротивност со желбите на човечкото срце; и сатаната искористувајќи ги околностите, предизвикал меѓу народот да се издигнат лажни пророци, како во Ерусалим така и во Вавилон, кои тврделе дека јаремот на ропството наскоро ќе биде скршен, а поранешниот престиж на нацијата обновен.
Слушањето на ваквите ласкави пророштва ќе довело до фатални движења од страна на царот и оние кои биле во ропство и би ги нарушило милостивите Божји планови во нивна полза. За да не дојде до побуна и за да се одбегнат големите страдања, Господ му заповедал на Еремија веднаш да се соочи со проблемот, со тоа што ќе го предупреди јудејскиот цар за сигурните последици од евентуалната побуна. И робовите исто така биле предупредени, со пишан збор, да не се залажуваат верувајќи дека нивното избавување е блиску. “Нека не ве мамат вашите пророци, кои се меѓу вас и вашите гатачи,” ургирал тој (Еремија 29:8). Во врска со ова бил спомнат планот на Господа да го обнови Израел кога ќе се навршат седумдесетте години ропство претскажани од Неговите пророци.
Со какво нежно сочувство Бог го известил Својот поробен народ за Своите планови со Израелот! Тој знаел дека доколку лажните пророци ги наведат да очекуваат брзо избавување, нивната положба во Вавилон ќе биде многу тешка. Секоја побуна или движење од нивна страна ќе побуди недоверба и строгост кај халдејските власти кое ќе доведе до понатамошно ограничување на нивните слободи. А тоа ќе резултира со страдања и маки. Тој сакал тие тивко да и се покорат на својата лоша судбина и своето робување да го направат колку што е можно поудобно; Неговиот совет за нив бил: “Правете куќи и живејте во нив, садете градини и јадете ги плодовите нивни; … Грижете се за доброто на градот, во кој ве преселив, и молете Му се на Бога за него; оти, ако му е нему добро, и вие ќе имате мир.” (Стихови 5-7)
Меѓу лажните учители во Вавилон биле и двајца луѓе кои тврделе дека се свети, но чии животи биле расипани. Еремија го осудил лошиот пат на овие луѓе и ги предупредил за опасноста во која се наоѓаат. Разлутени поради укорот, тие сакале да и се спротивстават на работата на вистинскиот пророк, наведувајќи ги луѓето да ги омаловажуваат неговите зборови и да дејствуваат спротивно од Божјиот совет да му се покорат на вавилонскиот цар. Господ преку Еремија посведочил дека овие лажни пророци ќе бидат предадени во рацете на Навуходоносор и погубени пред негови очи. Набргу потоа, ова предвидување било буквално исполнето.
До крајот на времето ќе стануваат луѓе кои ќе создаваат забуна и побуна меѓу оние кои тврдат дека се претставници на вистинскиот Бог. Оние кои пророкуваат лаги ќе ги охрабруваат луѓето да гледаат на гревот како на неважна работа. А кога ќе се покажат ужасните последици од злата што ги правеле, тие ќе сакаат, доколку е тоа можно, да го обвинат за своите потешкотии оној кој верно ги предупредувал, како што Евреите го обвиниле Еремија за својата несреќа. Но со истата сигурност со која зборовите на Јехова се исполнувале во старо време, и денес ќе се потврди вистинитоста на Неговите пораки.
Отпрвин Јеремија верно го следел курсот да советува покорност на вавилонците. Овој совет и бил даден не само на Јудеја, туку и на многу од околните народи. Во раните години од владеењето на Седекија, јудејскиот цар го посетиле пратеници од Едом, Моав, Тир и други народи, за да прашаат кога, според неговото расудување, ќе биде пригодно време за заедничка побуна и дали ќе им се придружи во борбата против вавилонскиот цар. Додека овие пратеници чекале одговор, би слово Господово до Еремија, велејќи: “направи си јажиња и јарем, па стави ги околу вратот. И прати исто такви до идумејскиот цар, до царот на синовите Амонови, до тирскиот цар и до царот на Сидон, по пратеници, што дошле во Ерусалим кај Јудејскиот цар Седекија.” (Еремија 27:2, 3).
На Еремија му било наложено да им посочи на пратениците да ги известатсвоите владетели дека Богги предал сите нив во рацете на Навуходоносор, вавилонскиотцар, идека тие требале да “му служат нему и на синот негов и на внукот негов се додека не дојде времето на земјата негова.” (Стих 7).
Понатаму, пратениците биле упатени да ги известат своите владетели дека доколку одбијат да му се покорат на вавилонскиот цар ќе бидат казнети “со меч, со глад и со помор” додека не бидат истребени. Тие особено требале да се одвратат од учењата на лажните пророци кои можеле да ги советуваат поинаку. “He слушајте ги вашите пророци”, изјавил Господ, “и вашите бајачи, вашите јасновидци, вашите маѓепсници и вашите вражачи, кои велат: Нема да му служите на вавилонскиот цар. Затоа што тие ви пророкуваат лага, за да ве оддалечат од земјата ваша, па Јас да ве изгонам и вие да загинете. А оној народ, што ќе го подведе вратот свој под јаремот на вавилонскиот цар и ќе му служи, ќе го оставам во неговата земја, вели Господ, и тој ќе си ја обработува и ќе живее во неа.” (Стихови 8-11). Најблагата казна со која милостивиот Бог можел да погоди толку непокорен народ била покорноста кон вавилонската управа, но доколку се борат против оваа одлука за робување, ќе ја осетат сета жестина на Неговата казна.
Стаписаноста на собраниот совет немала крај кога Еремија носејќи го јаремот на покорноста околу својот врат, им ја објавил Божјата волја.
Еремија цврсто се залагал за политика на покорност и покрај одлучната опозиција. Помеѓу оние кои тврделе дека пророкуваат според Божјата реч се истакнувал Ананија, еден од лажните пророци против кои народот бил предупреден. Мислејќи да ја освои наклоноста на царот и царскиот двор, тој го кренал својот глас во знак на протест, велејќи дека Бог нему му упатил зборови на охрабрување за Евреите. Тој рекол: “Вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: ќе го скршам јаремот на вавилонскиот цар; по две години ќе ги вратам во ова место сите садови од домот Господен, кои вавилонскиот цар Навуходоносор ги зеде одовде и ги однесе во Вавилон; и јудејскиот цар Јехонија, синот Јоакимов, и сите заробени Јудејци, што отидоа во Вавилон, ќе ги вратам на ова место, вели Господ; бидејќи ќе го скршам јаремот на вавилонскиот цар.” (Еремија 28:2-4).
Еремија, во присуство на свештениците и народот, искрено ги молел да му се покорат на вавилонскиот цар во текот на времето што Бог го одредил. Ги упатил Јудејците на пророштвата на Осија, Авакум, Софонија и други чии што пораки на укор и предупредување биле слични со неговите. Се навратил на настаните кои се случиле како исполнување на пророштвата кои претскажувале казна за непокајаниот грев. Божјите судови во минатото се исполнувале со прецизна точност, онака како што биле откриени преку неговите гласници.
“Ако некој пророк претскажал мир,” заклучил Еремија, “само тогаш тој бил признаван за пророк, навистина испратен од Господа, кога ќе се исполни зборот на тој пророк.” (Стих 9). Доколку Израел одберел да ризикува, идните настани на крајот ќе покажеле кој е вистинскиот пророк.
Зборовите на Еремија кои повикувале на покорност го поттикнале Ананија да се осмели да ја оспори вистинитоста на изнесената порака. Вадејќи го симболичниот јарем од вратот на Еремија, Ананија го скршил, велејќи: “Вака вели Господ – ете, така ќе го уништам јаремот на вавилонскиот цар Навуходоносора по две години, откако ќе го извадам од вратот на сите народи.”
“Тогаш си отиде Еремија по својот пат.” (Стих11). Очигледно, тој не можел да стори ништо повеќе освен да се повлече од местото на конфликтот. Но на Еремија му била дадена уште една порака. “Оди и кажи му на Ананија”, бил повикан тој, “вака вели Господ: ти го скрши дрвениот јарем, но место него направи железен. Зашто така вели Господ Саваот, Бог Израилев: железен јарем ќе им ставам на вратот на сите овие народи, за да му работат на вавилонскиот цар Навуходоносора, и тие ќе му служат…”
“Па му рече пророкот Еремија на пророкот Ананија: слушај, Ананија, Господ не те пратил, и ти лажна надеж му даваш на овој народ. Затоа, вака вели Господ: еве, Јас Ќе те исфрлам од лицето на земјата; уште во текот на оваа година ќе умреш, бидејќи зборуваш против Господа. И умре пророкот Ананија во таа година во седмиот месец.” (Стихови 13-17).
Лажниот пророк го засилил неверувањето на народот во Еремија и во неговата порака. Тој злобно се прогласил себеси за гласник Господов, и како последица на тоа се соочил со смртта. Еремија ја пророкувал смртта на Ананија во петтиот месец, а во седмиоц месец неговите зборови се покажале како точни со тоа што се исполниле.
Немирот предизвикан од претскажувањата на лажните пророци го довел Седекија под сомнеж дека е предавник и само со брза и одлучна акција од негова страна тој можел да продолжи да владее како вазал. Можноста за ваква акција била искористена набргу по враќањето на пратениците од Ерусалим кај околните народи, кога јудејскиот цар го испраќал Сераја, “главниот постелник” на важна задача во Вавилон. (Еремија 51:59). За време на својата посета на халдејскиот двор, Седекија го обновил својот завет на сојузништво со Навуходоносор.
Преку Даниел и други од еврејските заложници, вавилонскиот монарх бил запознаен со силата и надмоќта на вистинскиот Бог; и кога Седекија уште еднаш свечено ветил дека ќе остане верен, Навуходоносор побарал од него да се заколне во тоа ветување во името на Господа, Бог на Израилот. Ако Седекија го почитувал ова обновување на својот завет, неговата лојалност ќе имала длабоко влијание на умот на мнозина кои ги набљудувале оние што тврделе дека го почитуваат името и ја негуваат славата на еврејскиот Бог.
Но јудејскиот цар го загубил од предвид своето скапоцено предимство да го прослави името на живиот Бог. За Седекија е запишано: “И Тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, својот Бог. Тој не се понизи пред пророкот Еремија, кој пророкуваше од Господовата уста, и се одметна од царот Навуходоносор, кој беше зел клетва од него во името Божјо, – се покажа тврдоглав и го ожесточи срцето свое до таму, што не се обрна кон Господа, Бога Израилев.” (2. Летописи 36:12, 13).
Додека Еремија продолжил да го објавува своето сведоштво во јудејската земја, меѓу заложноците во Вавилон бил подигнат пророкот Езекиел, да ги предупредува и утешува заложниците, но исто така и да го потврди Господовиот збор кој бил изречен преку Еремија. За време на преостанатите години од владеењето на Седекија, Езекиел бил многу јасен во врска со неразумноста од верувањето во лажните предвидувања, кај оние кои ги наведувале заложниците да се надеваат на скоро враќање во Ерусалим. Тој исто така бил упатен да ја претскаже, преку различни симболи и свечени пораки, опсадата и целосното уништување на Ерусалим.
Во шестата година од владеењето на Седекија, Господ во визија му открил на Езекиел некои од гнасотиите кои се практикувале во Ерусалим и пред портите од Господовиот дом, па дури и во внатрешниотдвор. Ликови и цртани идоли, “секакви изобразени животни што се влечат, и гнасни животни, и секакви идоли, во домот Израилев, насликани по ѕидовите наоколу;” сето тоа набрзина поминуваше пред зачудените очи на пророкот. (Езекиел 8:10).
Оние кои требале да бидат духовни водачи на народот “старешините на домот Израилев,” седумдесетмина од нив, биле видени како кадат пред идолските кипови кои биле внесени во тајните одаи во светиоттрем на храмот. “He не гледа Господ,” си ласкале Јудејците додека се впуштале во своите незнабожечки навики; “Господ ја остави земјата,” говореле тие хулејќи на Бога. (Стихови 11, 12).
Пророкот требал да види и уште “поголеми гадотии.” На портата што водела од надворешниот кон внатрешниот трем му биле покажани “жени што го оплакуваат Тамуза”, а во “внатрешниот трем од Господовиот дом, …пред вратата на храмот Господен, меѓу тремот и жртвеникот, до дваесет и пет мажи стојат со грбот кон храмот Господен, а со лицето кон исток, и му се поклонуваа на сонцето кон исток.” (Стихови 13-16).
И сега величественото Суштество кое го придружувало Езекиел за време на оваа стаписувачка визија на расипаност на високите места во Јудејската земја, го запрашало пророкот: “Гледаш ли, сине човечки. Малку ли е тоа за домот Јудин, да вршат такви гадотии, какви што се вршат овде? Но тие и земјата ја наполнија со бесчестие, и двојно Me разгневуваат, и, ете, тие принесуваат гранки под носевите свои. Затоа и Јас ќе почнам да дејствувам со јароста; окото Мое нема да зажали и нема да се смилува; па макар тие да викаат со силен глас на ушите Мои – нема да ги чујам” (Стихови 17,18).
Господ преку Еремија им објавил на злите луѓе кои во својата дрскост се осмелиле да застанат пред народот во Негово име: “И пророкот и свештеникот се лицемерни; дури во домотМој им најдов нечесност.” (Еремија 23:11). Во страшното обвинение против Јудеја, кое е запишано во дневникот за завршните години од владеењето на Седекија, ваквото обесчестување на светилиштето се повторувало. “Па,” изјавил светиот писател, “и сите началници над свештениците и над народот грешеа многу, следејќи ги сите гадотии на незнабожците, и го осквернуваа домот на Господа, што Тој го беше осветил во Ерусалим.” (2. Летописи 36:14).
Денот на пропаста на јудејското царство бргу наближувал. Господ не можел пред нив веќе да изнесе надеж дека ќе ги поништи најстрогите од Своите казни. “Па зар вие ќе останете неказнети?” Прашува Тој, “He, нема да останете неказнети.” (Еремија 25:29).
Дури и овие зборови биле примени со потсмев. “Многу денови ќе изминат и секое пророчко видение ќе исчезне,” тврделе непокајаните. Но ваквото оспорување на сигурноста на пророштвото било остро укорено преку Езекиел. “Кажи им”, изјавил Господ, “Ќе ја уништам таа поговорка, и нема веќе тие да ја употребуваат таа поговорка во Израелот; но, кажи им- блиски се деновите и извршувањето на секое пророчко видение. Оти нема веќе да остане попусто ниедно пророчко видение, и ниедно предвестување нема да биде лажно во домот на Израелот. Зашто Јас, Господ, го зборувам ова: и зборот, кој Јас го кажувам ќе се исполни, и нема да биде одложен повеќе; во ваши денови, доме отстапнички, реков збор, и ќе го исполнам, вели Господ Бог.”
“И би слово Господово до мене,” сведочи Езекиел, “Сине човечки, ете, домот Израилев вели: пророчкото видение, што го виде тој, ќе се изврши по многу денови и тој пророкуваше за далечни времиња. Затоа кажи им; вака вели Господ Бог: Ниеден Мој збор нема да биде одложен, но зборот, што ќе го кажам Јас, ќе се изврши, вели Господ Бог.” (Езекиел 12:22-28).
Предводник меѓу оние кои забрзано ја воделе нацијата кон нејзиното уништување бил Седекија, нивниот цар. Сосем отфрлајќи ги советите што Бог му ги давал преку пророците, заборавајќи го она што од благодарност му го должел на Навуходоносор, прекршувајќи го светиот завет на сојузништво даден во името на Господа, Богот Израилев, јудејскиот цар се побунил против пророците, против својот доброчинител и против својот Бог. Во суетноста на сопствената мудрост, тој побарал помош од древниот непријател на напредокот на Израел: “прати свои пратеници во Египет за да му дадат коњи и многу луѓе.”
“Ќе успее ли тој?”прашувал Господ за оној кој така ниско ја издал секоја света доверба; “Може ли да избега оној што прави така? Тој го нарушил сојузот и ќе успее ли? Жив да сум Јас, вели Господ Бог. – Во пребивалиштето на царот, кој го постави за цар и кому му е дадена клетва, тој го презре и го наруши сојузот свој со него. Затоа тој ќе умре при него во Вавилон. Со големата сила и со многубројниот народ Фараонот нема да му помогне во таа војна… Тој ја презре клетвата, за да го наруши сојузот, и ете ја подаде раката своја и го направи сето тоа; тој нема да успее” (Езекиел 17:15-18).
На “непосветениот, престапнички водач Израелов,” му дошол денот на конечната пресметка. “Симни ја од себе круната”, изјавил Господ, “и извади го венецот.” Се додека самиот Христос не го воспостави Своето царство, на Јудеја нема повторно да и биде дозволено да има цар. “Ќе го уништам, ќе го уништам, ќе го уништам,” гласел божествениот указ за престолот на Давидовиот дом; “И нема веќе да го има, се додека, не дојде Оној, Кому тој Му припаѓа, и Нему ќе Му го дадам.” (Езекиел 21:25-27).

Сподели го ова:

Similar Posts