56. Поучени на Божјиот закон

Сподели го ова:

Ова поглавје се базира на Неемија 8, 9 и 10 глава.
Беше тоа во времето на празникот на Трубите. Во Ерусалим се собрало мноштво на луѓе. Призорот бил тажен и интересен. Ѕидовите околу Ерусалим биле повторно подигнати и портите поставени, меѓутоа поголемиот дел од градот бил сеуште во урнатини.
На платформа од дрва, подигната во една од најшироките улици, опкружен со тажни остатоци од некогашната јудејска слава, стоел Ездра, сега веќе човек во години. Од лева и десна страна се наоѓале неговите браќа Левити. Гледајќи од платформата, имал пред себеси море од глави. Децата на заветот се собрале од сите страни. “И Езра го благослови Господ, великиот Бог, а целиот народ одговори: Амин… па се наведна и Му се поклони на Господа со лицето доземи.”
Но дури и тука се виделе докази за гревовите на Израел. При склопувањето на бракови со лица од други народности, еврејскиот јазик се расипал, и говорниците морале да обрнат внимание законот да го објаснат на јазикот на тамошниот народ, за да би можеле сите да разберат. Некои од свештениците и Левитите заедно со Езра ги објаснувале начелата на законот. “Тие читаа во книгата на Божјиот закон разбирливо, и даваа толкување, и народот го разбираше прочитаното.”
“Ушите на целиот народ беа обрнати кон книгата на законот.” Тие внимателно и со почитување ги слушале зборовите на Севишниот. Додека законот бил објаснуван, тие ја сфатиле својата вина и се ражалостиле заради своите престапи. Меѓутоа, тоа бил ден за славење, ден на радост, свет собор; ден во кој Господ му заповедал на народот да се весели и да се радува. Народот бил повикан да ја совлада тагата и да се радува на големата Божја милост. “Овој ден е свет пред вашиот Господ Бог,” рекол Неемија, “не тажете и не плачете… Одете и јадете мрсни јадења и пијте благо и пратете им дел на оние кои што не подготвиле ништо , зашто овој ден е свет за нашиот Господ. Затоа не бидете тажни, зашто Господовата радост е ваша сила.”
Првиот дел од денот бил посветен на богослужение, a останатото време народот го поминал сеќавајќи се со благодарност на Божјите благослови и радувајќи се на Неговата милост. Сиромашните кои што не биле во состојба сами нешто да подготват, добиле оброци. Кај народот владеела голема радост затоа што ги слушнал и ги разбрал зборовите од законот.
И следниот ден продолжиле да го читаат и толкуваат законот. А во одреденото време – десеттиот ден од седмиот месец, свечени обреди на Денот на Очистувањето биле извршени, според Господовата заповед.
Народот заедно со своите поглавари уште еднаш, како некогаш, го празнувал празникот на Сеници од петнаесеттиот до дваесет и вториот ден од истиот месец. Било објавено “по сите градови свои и во Ерусалим велејќи: одете во гората, и донесете маслинови гранки и гранки од дива маслинка, гранки од миро и палмови гранки, и гранки од другите дрвја со лисја, за да направите сеници, како што е напишано. И народототиде и донесе гранки, и направија сеници, секој на својот кров и на својот трем и во тремот на Божјиот дом… И имаше мошне голема радост. Езра го читаше свитокот на Божјиотзакон секој ден, од првиот ден до последниот.”
Слушајќи ги од ден во ден зборовите на законот, народот сфатил колку згрешил и колку изминатите поколенија го престапувале законот. Сфатил дека Бог престанал да го штити со својата рака затоа што тој се оддалечил од Hero, и дека од тие причини Авраамовите деца биле растурени по туѓи земји. И народот решил да ја бара Неговата милост и да се заветува дека ќе оди по Неговите патишта. Пред да почне свечената служба, која се одржувала вториот ден по завршетокот на празнувањето на Сениците, народотсе одвоил од незнабожците со кои што до тогаш живеел. Луѓето паднале на колена пред Господа, ги признале своите гревови и побарале простување, водачите ги охрабрувале да веруваат дека Бог, им ја услишил молитвата, според Своето ветување. Тие не треба само да тагуваат, да плачат и да се кајат, туку мораат и да веруваат дека Бог им простил. Мораат да ја покажат својата вера сеќавајќи се на Неговата милост и благодарејќи Му за Неговата добрина. “Станете, благословувајте го својот Господ Бог од век до века,” им говореле овие учители.
Потоа насобраното мноштво, подигајќи ги своите раце кон небото, запеало песна:
“Благословено нека е Твоето славно име, возвишено над секој благослов и пофалба.
Ти, Ти си единствен Господи;
Ти си го создал небото, небеса над небесата и сета војска негова, земјата и се што е на неа, морето и се што е во него;
Ти го одржуваш сето тоа, и војската небесна Тебе ти се поклонува.”
Кога бил завршен овој фалбопев, старешините заеднички ја изнеле историјата на Израелците, укажувајќи на тоа колку Бог бил добар кон нив, а колку тие биле неблагодарни. Тогаш целиот собир се заветувал дека ќе ги држи сите Божји заповеди. Тие претпреле казна за своите гревови, признале дека Бог праведно постапил кон нив и се заветувале дека ќе го држат Неговиот закон. А за тоа да биде “цврст завет,” и да биде зачуван во постојана форма, како спомен за обврските кои што ги превземале врз себеси, бил запишан и потпишан од свештениците, Левитите и владетелите. Тоа требало да им служи како потсетник на нивната должност и како одбрана од искушенијата. Луѓето свечено се заколнаа “да одат по Божјиот закон, кој што е даден преку Мојсеја Божјиот слуга, и да ги држат и да ги исполнуваат сите Божји заповеди на својот Господ Бог и законите Негови и уредбите Негови.” Тие тогаш се заколнале и дека нема да склопуваат брачни врски со народите кои што живеат на нивната земја.
Пред да заврши денот на постот, народот уште еднаш покажал решеност да се врати кај Господа со тоа што се заколнал дека нема повеќе да ја обесветува саботата. Неемија ни тогаш а ни подоцна не ја користел својата власт да им забрани на незнабожечките трговци да доаѓаат во Ерусалим; но за да го запази народот од искушенија, побарал од него свечено да се заветува дека нема да го крши законот за саботата купувајќи од тие трговци, надевајќи се на тој начин деки ќе ги обесхрабри трговците и дека тие нема повеќе да доаѓаат во Ерусалим.
Исто така била обезбедена и материјална помош за Божјата служба. Народот се заветувал дека покрај десетокот годишно ќе дава и одредена сума за служба во светилиштето. “И фрливме ждреб,” пишува Неемија “да ги донесуваме првините од земјата своја, и првините од секој род, од секое дрво од година во година во домот Господов; и првенците од своите синови и стоката своја, како што пишува во законот.”
Израел се вратил кај Бога длабоко скрушен заради своето отпадништво. Тој во жалост и солзи ги признал своите гревови. Признал дека Бог бил праведен кон него и се заветувал дека ќе го извршува Неговиот закон. Сега дошло време да покаже вера во Неговите ветувања. Бог го примил покајанието на Израел и народот сега требал да се радува што му биле простени гревовите и што повторно стекнал Божја благонаклоност.
Напорите на Неемија да ја обнови службата на вистинскиот Бог биле крунисани со успех. Се додека народот остане верен на заветот кој го дал, и се додека се покорува на Божјата реч, до тогаш Господ ќе ги исполнува Своите ветувања, излевајќи врз Израел богати благослови.
Овој запис претставува поука и охрабрување за оние кои што сфатиле колку им бил полн животот со гревови и во кои што се разбудило чувството за сопствената недостојност. Библијата верно ги прикажува последиците на отпадништвото на Израел, но исто така го опишува и неговото длабоко понижување и каење, срдечна посветеност и дарежливо пожртвување кои што го обележиле периодот на неговото враќање кај Господа.
Секое вистинско враќање кај Господа донесува трајна радост во животот. Грешникот кој се поттчинува на делувањето на Светиот Дух ја увидува својата вина и грешност за разлика од светоста на големиот Испитувач на срцата. Тој себеси се гледа осуден како престапник. Но заради тоа, тој не треба да паѓа во очајување, затоа што простувањето веќе му е обезбедено. Тој може да се радува за сознанието дека гревовите му се простени благодарение на љубовта на небесниот Отец кој простува. Бог сака да ги прима во прегратките на Својата љубов грешните, покајани човечки битија; да ги превие нивните рани, да ги очисти од нивните гревовите, и да ги облече во облеката на спасението.

Сподели го ова:

Similar Posts