17. Повикот на Елисеј

Сподели го ова:

Бог му наредил на Илија да помаже друг за пророк наместо себе. “Елисеја, Сафатовиот син, од Авел-Маул, помажи го за пророк место себеси” (1. Царства 19:16), му рекол Господ, и Илија, послушувајќи ја заповедта, тргнал да го побара Елисеј. Патувајќи кон север, Илија посматрал како природата била променета за многу кратко време. Пред тоа земјата била исушена, нивите необработени, затоа што три години и шест месеци немало ниту роса ниту дожд. Сега растенија растеле на сите страни, како да сакаат да надоместат за она време на суша и глад.
Елисеевиот татко бил имотен земјопоседник, чие домаќинство припаѓало на бројот на оние кои во времето на општиот отпад не ги свиткале колената пред Ваал. Во нивниот дом се почитувал Бог, и верноста на верата на стариот Израел било нивно животно правило. Во таква средина протекло Елисеевото рано детство. Во смирение на селски живот, со поучување на науката за Бога, природата, и дисциплината на корисната работа, Елисеј се здобил со навика на едноставност и послушност кон своите родители и Бога, што го подготвило за големата положба која подоцна требало да ја завземе.
Елисеј бил повикан додека со слугите на својот татко ја орал нивата. Тој се зафатил со работата која лежела најблиску. Елисеј ги поседувал и способностите за водач и кротоста на еден кој е подготвен да служи. Иако смирен и со пријатен карактер, се држел енергично и постојано. Неговите особини биле почит и верност, љубов и страв Божји. Вршејќи ги доследно своите секојдневни должности стекнал сила на намерата и благодарност на карактерот, развивајќи се непрестано во благодатта и знаењето. Соработувајќи со татка си во должностите на домашниот живот, научил да соработува со Бога.
Исполнувајќи верност во малите нешта, Елисеј се подготвил за позначајни должности. Тој се подготвувал за пошироко, повозвишено дело стекнувајќи од ден на ден практично искуство. Научил да служи, а со тоа да поучува и да води. Оваа поука е за сите. Никој не може да знае каква е Божјата цел во дисциплината; но сите можат да бидат сигурни дека верноста во малите работи претставува доказ на способноста за вршење на поголеми должности. Секоја постапка во животот го открива карактерот, и само оној кој ќе се покаже во малите должности “како работник кој нема од што да се срами” (2. Тимотеја 2:15), Бог може да го почести со повозвишена служба.
Човекот кој смета дека не е важно како ги извршува малите должности, покажува дека не е достоен за повозвишена положба. Тој себеси се смета способен за поголеми должности, но Бог гледа подлабоко од површината. По пробите и искушенијата на таквиот човексе изрекува пресудата: “Измерен си на мерила и си се нашол лесен.” Тој ги трпи последиците на своето неверство, не успева да придобие благодат, снага и сила на карактерот кои се плод на безусловна послушност.
Со оглед на тоа што не учествуваат непосредно во некоја верска работа, мнозина сметаатдека животот им е бескорисен, дека ништо не прават за напредокот на Божјото царство. Како ли тие со задоволство би се фатиле за некој голем потфат! Меѓутоа, бидејќи можат да послужат само во ситни работи, сметаат дека се оправдани ако не работат ништо. Во тоа грешат. Човек може активно да му служи на Бога ако врши обични секојдневни должности – ако сече дрва, раскопува почва или ора со плуг. Мајката која ги одгледува своите деца за Христа работи за Бога токму како проповедникот од проповедална.
Мнозина копнеат за посебна дарба со чија помош би можеле да извршат посебно дело, а ги запоставуваат непосредните должности кои би им го разубавиле животот. Таквите треба да се фатат за работа која се наоѓа непосредно на нивниот пат. Успехот не зависи толку од дарбата, колку од енергијата и добрата волја. Нашата служба ќе биде прифатена ако совесно ги извршуваме секојдневните должности, ако поседуваме задоволен дух и ако искрено и сесрдно се заложуваме за доброто на другите, а не ако само поседуваме сјајна дарба. Вистинското совршенство може да се најде и во најсмирениот живот. Најскромните должности исполнети со вера и љубов се прекрасни во Божјите очи.
Барајќи наследник по Божјето упатство, Илија проаѓајќи крај нивата која Елисеј ја орал, го прекрил момчето со наметката на посветувањето. Во периодот на глад, на семејството Сафатово му биле познати делата и мисијата на Илија и сега Божјиот дух му го открил на срцето на Елисеј значењето на пророковата постапка. За него било тоа знакдека Бог го повикал да стане Илиев наследник.
“Тогаш Елисеј ги остави воловите и почна да трча по Илија и рече: Дозволи ми да ги бакнам татко ми и мајка ми, и ќе тргнам по тебе.” “Оди, врати се,” беше одговорот на Илија, “зошто, што ти направив?” Тоа не било одбивање, туку искушување на верата. Елисеј мора да размисли, мора сам да одлучи дали ќе го прифати или одбие повикот. Ако неговите желби се врзани за неговиот дом и користа која од тоа произлегува – може слободно да остане таму. Меѓутоа, Елисеј го разбрал значењето на повикот. Знаел дека повикот е од Бога и не се двоумел да послуша. За ништо на светот не би ја пропуштил можноста да стане Божји гласник, ниту пак би ја жртвувал можноста да биде во друшто со Неговиот слуга. Тој “зеде рало волови, ги закла и, откако го запали плугот на воловите, го испече месото нивно и им го раздели на луѓето, и тие јадеа. А самиот тој стана и тргна по Илија и почна да муслужи.”(1. Царства 19:20, 21) Без никакво колебање го напуштил домот во кој уживал љубов за да би можел да му помага на пророкот во неговиот живот полн со неизвесности.
Елисеј да го запрашал Илија што од него се очекува – што ќе биде негова работа – одговорот би гласел: Бог знае, Тој ќе ти разјасни. Доколку чекаш на Господа, Тој ќе одговори на секое твое прашање. Можеш да појдеш со мене ако си убеден дека те повикал Бог. Самиот мораш да знаеш дека Бог стои позади мене и дека тоа е Неговиот глас што го слушаш. Ако сметаш дека ништо не е поважно од стекнување благонаклоност Божја, тогаш тргни.
Сличен на повикот на Елисеј, бил одговорот кој Христос му го дал на момчето кога ова го запрашало: “Какво добро да направам за да имам живот вечен?” Христос му одговорил: “Ако сакаш да бидеш совршен, оди продај се што имаш и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото, и тргни по Мене.” (Матеј 19:16, 21).
Елисеј го прифатил повикот за служба не осврнувајќи се на задоволствата и угодностите кои ги остава. Кога ги слушна Спасителовите зборови, момчето “отиде жалосно; зашто беше многу богат.” (Стих 22) Тој не сакал да направи жртва. Љубовта кон богатството кај него била поголема од љубовта кон Бога. Одбивајќи да се одрече од се заради Христа, тој се покажал недостоен за место во Господовата служба.
На секој човек му се упатува повик сите нешта да ги стави на олтарот на службата. Од нас можеби не се бара да служиме како што Елисеј правел, ниту да продадеме се што поседуваме; но Бог бара Неговата служба да биде на прво место во нашиот живот, да не пропуштиме ниту еден ден нешто да направиме за напредокот на Неговото дело на земјата. Тој не бара од сите ист вид служба. Некој може да биде повикан да работи во некоја странска земја, друг пак да ги даде своите средства за помагање на евангелско дело. Бог ја прифаќа и едната и другата служба. Потребно е посветеност на животот и сите животни цели. Оние кои ќе се посветат на ваков начин, ќе го чујат и послушаат повикот од небото.
На секој кој станува учесник во Неговата благодат, Господ му одредува дело во полза за другите. Секој од нас мора поединечно да стане и да рече: “Еве ме мене, прати ме мене.” Било да е проповедник на Словото или лекар, трговец или земјоделец, чиновник или механичар, секој има своја должност. Нашата работа мора на другите да им го открива евангелието за спасението. Секој наш потфат мора да биде сретство за остварување на таа цел.
Во почетокот од Елисеј не е барано никакво големо дело; тој извршувал обични животни должности. Запишано е дека на својот учител Илија му ги полевал рацете со вода. Бил спремен да прави се што Господ ќе му нареди и на секој чекор ги прифаќал поуките на понизност и служба. Како личен пророков следбеник тој и понатаму бил верен во малите работи, посветувајќи се секојдневно се повеќе на мисијата, која Бог му ја наменил.
Елисеевиот живот, бидејќи се придружил на Илија, не течел без искушенија. Имал многу потешкотии, но во секоја неволја се потпирал на Бога. Доаѓал во искушение да размислува за домот кој го напуштил, но не попуштал на тоа искушение. Бидејќи ја ставил раката на плугот, бил решен да не се враќа, и во сите проби и искушенија се покажал достоен за довербата.
Службата на проповедање опфаќа многу повеќе од само проповедање на Речта. Таа значи обучување на млади луѓе – како Илија што го подготвувал Елисеј – одвојувајќи ги од нивните секојдневни обврски, давајќи им одговорности во Божјотодело, – најнапред мали а потоа се поголеми, како што се здобивале со сила и искуство. Во проповедничката служба има верни и побожни луѓе кои можат да речат: “Она што беше од почетокот, она што го чувме, она што со очите свои го видовме, што го разгледавме и што рацете наши го опипаа, за Словото на животот… она што го видовме и чувме, за тоа ве известуваме.” (1. Јованово 1:1, 3). Младите неискусни работници треба да бидат подготвувани учествувајќи во работата со тие искусни Божји слуги. Така ќе научат да носат товар.
Оние кои така ги обучуваат младите работници вршат благородна служба. Самиот Господ соучествува во нивните напори. На младите луѓе на кои им е упатен светиот повик, кои имаат предност да соработуваат со ревносни и побожни работници, мораат во најголема мерка да ја искористат можноста која им се дава. Бог им направил чест што ги избрал за своја служба и ставајќи ги во најповолна положба да се подготватза истата. Така, тие мораатда бидатпонизни, верни, послушни и желни да поднесат жртви. Ако се потчинат на Божјата дисциплина, ако се држат до Неговите упатства, ако бараат совети од Неговите слуги, тие ќе се развијат во праведни, во начелата непоколебливи луѓе, на кои Бог може да им довери на носење одговорности.
Кога евангелието ќе се проповеда во сета своја чистота, луѓето ќе бидат повикувани од плуговите и од обичните животни занимања кои во голема мера го оптоваруваат умот, за да се образуваат во соработка со искусни луѓе. Тие силно ќе ја објавуваат вистината кога ќе се научат на делотворна работа. Благодарение на чудесното делување на божественото провидение, планините и тешкотиите ќе бидат отстранети и фрлени во море. Луѓето ќе чујат и ќе ја разберат веста која е од големо значење за жителите на земјата, и ќе дознаат што е вистина. Делото се повеќе и повеќе ќе се шири се додека не се предупреди целата земја, и тогаш ќе дојде крајот.
По повикувањето на Елисеј, Илија и тој работеле заедно повеќе години, и така Елисеј од ден на ден се повеќе се оспособувал за својата задача. Илија бил Божјо оружје за искоренување на страшното зло. Најпосле било сопрено идолопоклонството кое го поддржувале Ахав и незнабожечката Језавела, а со кое и народот бил заведен. Биле погубени Вааловите пророци. Длабока преобразба се зачнала во цел Израел и луѓето започнале повторно да му служат на Бога. Елисеј како Илиев наследник имал задача со разумно и трпеливо поучување да го поведе Израел на сигурен пат. Неговото време поминато со Илија, најголемиот пророк после Мојсеја, го подготвило за делото кое наскоро морал сам да го превземе.
Илија во тие години на нивната заедничка работа бил од време на време повикуван остро да истапи против гнасните зла. Кога безбожниот Ахав го присвоил лозјето на Навутеј, Илиевиот глас изрекол осуда и врз него и врз неговиот дом. A кога Охозија по Ахавовата смрт го оставил Бога и му пришол на Велзевул, боготакаронски, уште еднаш се слушнал Илиевиот глас на строг укор.
Во текот на годините одбележани со отпадништво во Израел, дошло до пропаст на пророчките училишта кои ги основал Самуил. Илија ги обновил овие училишта, така што младите луѓе можеле во нив да стекнуваат образование кое ги оспособувало да го подигнат угледот на законот, и да му обезбедат почитување. Во историјата се споменувааттри вакви училишта – во Галгал, Ветил и Ерихон. Илија токму пред своето вознесение ги посетил заедно со Елисеј овие центри на образование. Пророкот во таа прилика ги повторил поуките кои им ги дал во претходните посети. Особено подвлекол дека нивна посебна должност е да бидат верни на небесниот Бог. Исто така ги поучил дека целокупното нивно образование мора да носи печат на едноставност. Само на таков начин тие ќе можат да го примат карактерот на небото и да одат да работат според Господовите патишта.
Илија чувствувал радост во срцето гледајќи ги резултатите од работата на овие училишта. Делото на реформацијата сеуште не било завршено, но тој приметил дека во целото царство се потврдуваат зборовите: “Но сепак меѓу Израилците си имам оставено седум илјади мажи; сите тие не ги свиткувале колената пред Ваала” (1. Царства 19:18).
Додека го гледал пророкот на неговото пастирско патување од училиште во училиште, Елисеевата вера и одлучност биле неколку пати искушувани. Пророкот му наложил да се врати кога стигнале во Галгал, а потоа истото тоа се повторило во Ветил и Ерихон. “Остани ти овде”, му рекол Илија, “зашто мене Господ ме праќа во Ветил.” Но Елисеј, кој порано орал земја, научил дека не треба да се откажува и да изгуби храброст; затоа ни сега, кога должноста го повикала да ора поинаква земја, не сакал да се откаже од својата цел. He сакал да се одвои од својот учител се додека му се давала можност крај него да се подготви за службата. Илија не знаел дека откровението за неговото вознесение им било дадено на учениците во пророчките училишта, а посебно на Елисеј. Така овој испробан слуга на Божјиот човек цврсто се држел до својот учител. Кога и да му речел Илија да се врати, тој одговарал: “Жив бил Господ и така жива да биде душата твоја, нема да те оставам.”
“Така отидоа обајцата… А тие обајцата се запреа крај брегот на Јордан. И ја зема Илија наметката своја, ја превитка и удри со неа по водата, а таа се раздели наваму и натаму, та поминаа двајцата суви. А кога поминаа му рече Илија на Елисеј: кажи што сакаш да направам за тебе, додека сеуште не сум земен од тебе.”
Елисеј не сакал да стекне светска слава ниту висока положба меѓу големите луѓе на земјата. Копнеел да добие во што поголема мерка Дух, кој Бог така обилно му го подарил на човекот кој наскоро требал да ја доживее таа чест да биде вознесен. Знаел дека ништо освен Духот кој почивал над Илија нема да го оспособи да го изврши она дело во Израел за кое Бог го повикал, па така побарал: “Те молам нека двојно повеќе од Духот твој биде во мене.”
Одговарајќи на ова негово барање, Илија рече: “Бараш нешто многу тешко; ако видиш, како ќе бидам земен од тебе, така ќе ти биде; ако, пак, не видиш, нема да ти биде. Како што одеа и си разговараа по патот, наеднаш се појави огнена кола и огнени коњи, и ги раздвоија еден од друг, и Илија се понесе во виорот кон небото.” (2. Царства 2:1-11).
Илија бил претставник на оние светии кои ќе живеат на земјата во времето на второто Христово доаѓање и кои ќе се “променат одеднаш, во еден миг, при последната труба” (1. Коринтјаните 15:51, 52), не вкусувајќи смрт. Како нивни претставник Илија заедно со Мојсеј стоел покрај Спасителот на гората на преображението при крајот на Христовата служба на земјата. Во овие прославени луѓе учениците го гледале во минијатура царството на искупените. Го виделе Исуса облечен во небесна светлина и слушнале “глас од облаците” (Лука 9:35), кој потврдил дека Тој е Син Божји; го здогледале Мојсеја претставникот на оние кои ќе бидат подигнати од мртвите при второто доаѓање, а покрај него стоел Илија како претставник на оние кои на крајот од историјата на светот ќе бидат преобразени од смртност во бесмртност и ќе бидат вознесени на небото не вкусувајќи смрт.
Во пустината, во еден час на осаменост и обесхрабрување, Илија рекол дека е сит од животот и молел да умре. Но Господ во својата милост не ја вослишил молитвата. Пред Илија стоела голема задача, а кога ќе ја изврши, не требал да падне во очајание и осаменост. He требало да се симне во гроб, туку да се вознесе со Божјите ангели и да биде сведок на Неговата слава.
“А Елисеј гледаше и извика: Оче мој, оче мој, кола на Израелот и негова коњаница! И веќе не го виде. Па ја фати облеката своја, и ја раскина на две парчиња. И ја крена тој наметката на Илија, што беше паднала од него, па се врати и се запре крај брегот на Јордан; ја зеде наметката на Илија, што беше паднала од него, удри со неа по водата, и рече: Каде е Господ, Бог Илиев? И удри по водата, а таа се раздели на две страни, и Елисеј помина. И видоа од далеку синовите пророчки, што беа во Ерихон и рекоа: Илиевиот дух слезе врз Елисеја. Му излегоа во пресрет и му се поклонија до земја.” (2. Царства 2:12-15).
Кога Господ во своето провидение ќе најде дека е неопходно од своето дело да ги повлече оние на кои им подарил мудрост, Тој им помага и ги крепи Неговите следбеници, само ако овие сакаат да побараат помош од Hero и да одат по Неговите патишта. Тие дури можат да бидат помудри од своите претходници, затоа што можат да се ползуваат со нивните искуства и да учат на нивните грешки.
Од тој момент Елисеј го завзел Илиевото место. Тој се покажал верен во најмалото и му било наменето да се покаже верен и во најголемото.

Сподели го ова:

Similar Posts