32. Манасија и Јосија
На Јудеја и претстои казна
Јудиното царство, кое цветало за време на Езекиевото владеење, повторно паднало ниско во текот на безбожното Манасиево владеење, кога безбожништвото повторно оживеало и мнозина од народот повторно потонале во идолопоклонство. “Манасиј ги заведе Јудејците и Ерусалимците та правеа уште полошо од незнабожците.” (2. Летописи 33:9). Величествената светлина на изминатите поколенија ја заменила темнина на суеверие и заблуда. Се појавиле и рашириле големи зла: тиранија, угнетување и омраза на се што е добро. Правдата била изопачена, а насилството се повеќе земало замав.
Меѓутоа, и тие зли времиња не биле без сведоштво за Бога и правдата. Тешките искуства низ кои Јудиното царство поминало во периодот од Езекиевото владеење, во срцата на мнозина развило цврстина на карактерот, која сега се покажала како тврдина против општото беззаконие. Нивното сведоштво во корист на вистината и праведноста предизвикувало гнев кај Манасија и неговите следбеници кои биле на власт, и кои настојувале да се утврдат во зло, замолкнувајќи го секој глас на укор. “И многу невина крв пролеа Манасиј, така што со неа се наполни Ерусалим од едниот до другиот крај.” (2. Царства 21:16).
Помеѓу првите паднал Исаија, кој повеќе од половина век стоел пред Јуда како избран Господов гласник. “Други доживеаја подигрувања и удари, а покрај тоа и окови и темница; Беа каменувани, со пила резани на две, на искушенија подложувани, умираа од меч, скитаа во овчји кожи; во оскудност, во неволји, во лоши постапувања, оние за кои светот не беше достоен: скитаа по пустините, и по горите, и по пештерите, и по земјените јами.” (Евреите 11:36-38).
На некои од нив кои трпеле прогонство за време на Манасиевото владеење им била доверена должност да објават посебни вести на укор и осуда. Јудиниот цар, говореле пророците, “направи повеќе зла од сите…што беа пред него.” Заради таквото беззаконие на царството му се заканила криза; жителите на таа земја требале наскоро да бидат одведени во ропство во Вавилон, да бидат “плен и грабеж на сите свои непријатели.” (2. Царства 21:11, 14). Меѓутоа, Господ не мислел потполно да ги отфрли и оние кои во туѓа земја ќе Го признаваат како свој Владетел. Тие може да бидат изложени на маки, но Господ ќе ги избави во време и на начини кои сам ќе ги одреди. Безбедно скривалиште ќе најдат сите оние кои потполно ќе се потпрат на Hero.
Пророците и понатаму верно упатувале опомени и повици. Без страв му се обраќале на Манасија и неговиот народ; меѓутоа, тие вести биле отфрлени со презир; отпадничката Јуда не се обѕрнувала на нив. Со желба на народот да му покаже што ќе го снајде ако не се покае, Господ дозволил царот да биде заробен од еден одред асирски војници, кои “го врзаа во двојни железни вериги и го одведоа во Вавилон,” нивната привремена престолнина. Таа неволја го освестила царот: “Се молеше и Бог му се смилува та го послуша неговото просење и го врати во Ерусалим во царството. Тогаш Манасија созна дека Господ е Бог.” (2. Летописи 33:11-13). Но ова покајание, колку и да било значајно, дошло многу доцна за да го спаси царството од изопаченото влијание на долгогодишното идолопоклонство. Мнозина се лизнале и паднале, повеќе никогаш да не се подигнат.
Меѓу оние на чиј што живот поразително влијаело кобното Манасиево отпадништво, се наоѓал и неговиот син кој стапил на престол кога имал дваесет и две години. За царот Амон е запишано: “Во се го следеше патот на својоттатко, им служеше на киповите на кои им служеше и неговиот татко, и им се клањаше. Тој го остави Господа, Бога на своите татковци.” Тој “не се понизи пред Господа како што се понизи татко му Манасиј; туку уште и ги умножи гревовите свои.” На безбожниот цар не му било дозволено долго да владее. Токму во најголемото негово дрско беззаконие, бидејќи поминале само две години откако седнал на престолот, го убиле неговите слуги во дворот, “и на негово место го зацарија сина му Јосиј.” (2. Царства 21:21, 22; 2. Летописи 33:23, 25). Со стапувањето на престолот Јосиј, кој владеел триесет и една година, оние кои ја сочувале чистотата на својата вера почнале да се надеваатдека е сопрено пропаѓањето на царството, затоа што новиот цар, и покрај тоа што имал само осум години, се боел од Бога и уште од самиот почеток “правеше што е добро во Господовите очи, во се одеше по патот на својот татко Давид, не свртувајќи ни десно ни лево.”(2. Царства 22:2). Иако бил син на безбожен цар, иако го напаѓале искушенија да продолжи по патот на својоттатко, иако имал малкумина советници кои би го поттикнувале да истрае на вистинскиот пат, Јосија сепак Му бил верен на Израелевиот Бог. Согледувајќи ги грешките на изминатите поколенија, тој одлучил да врши што е право, наместо да се спушти на ниското ниво на гревот и изопаченоста, како што тоа било случај со неговиот татко и дедо. Тој “не отстапуваше ни десно ни лево”. Како човек на одговорна положба, одлучил да го послуша упатството со кое треба да се раководат израелските владетели. И неговата послушност Му овозможила на Бог да го употреби како сад за чест.
Во времето кога Јосија започнал да владее, а и во текот на подоцнежните години, луѓето со искрени срца во Јуда се прашувале дали ветувањата кои му ги дал Бог на стариот Израел некогаш ќе се остварат. Од човечка гледна точка, изгледало речиси неможно божествените цели во поглед на избраниот народ да се исполнат. Со текот на годините отпадништвото од минатите векови се повеќе зајакнувало. Десетте племиња биле расеани помеѓу незнабошците. Останале само Јудиното и Венијаминовото племе, а и тие сега се наоѓале на работ на национална и морална пропаст. Пророците почнале да прорекуваат потполно уништување на нивниот прекрасен град во кој се наоѓал храмот кој го подигнал Соломон и каде што биле сосредоточени сите нивни земски надежи во поглед на националната големина. Дали е можно Бог да отстапил од Своите намери да им донесе ослободување на оние кои што се надеваат на Hero? Соочени со долготрајното прогонување на праведници и привидниот напредок на безбожниците, дали оние што останале верни можат да се надеваат на подобри денови?
Пророкот Авакум загрижено поставувал вакви прашања. Гледајќи во каква положба се наоѓаат верниците на неговото време, тој товарот на својата душа го изразил со прашањето: “До кога, Господи, ќе викам за помош, а Ти да не чуеш? Да викам кон Тебе насилство! а Ти да не спасиш? Зошто ми ја покажуваш неправдата пред очи? Зошто го гледаш угнетувањето? Грабеж и насилство се пред мене. Расправија и раздор беснеат. Затоа законот ја изгуби силата, а правдата не се појавува ни за миг, да, злосторникот го гони праведникот, затоа судот излегува изопачен.” (Авакум 1:2-4).
Бог ја услишил молитвата на Своите верни деца. Тој преку Своите избрани претставници ја открил Својата намера да го казни народот кој се одвоил од Hero за да им служи на незнабожечки богови. Уште за време на животот на оние кои се прашувале во тоа време каква ќе биде иднината, Тој чудесно раководел со развојот на настаните кај водечките нации на земјата подигајќи ги Вавилонците. Било одредено тој халдејски народ “жесток и страшен,” одненадеж да ја нападне Јудината земја како Божји камшик. (Стих 7) Јудините кнезови и најистакнатите луѓе требало да бидат одведени во ропство во Вавилон, а јудејските градови, селата и нивите да бидат опустошени; ништо не смеело да биде поштедено.
Убеден дека дури и во таа страшна казна Божјата цел за Неговиот народ сепак ќе биде остварена на некој начин, Авакум покорно се приклонил кон откриената Господова волја. “He си ли Ти од вечноста, Господи, Боже мој Светецу?” – извикал тој. Благодарение на верата проникнал низ темнината на непосредната иднина, и држејќи се цврсто за ветувањата кои ја откриваат Божјата љубов кон верните деца, додал: “Ние нема да умреме” (Стих 12). Со овие зборови на вера, тој својата иднина и иднината на своите верни Израелци ја положил во рацете на милосливиот Бог.
Тоа не било единствено изразување на силната вера на Авакум. Во една прилика, размислувајќи за иднината, тој рекол: “Ќе застанам на својата стража, ќе се поставам на кулата, ќе внимавам да видам, што ќе ми рече.” Господ милостиво му одговорил: “Запиши го видението, врежи го врз плочки, та поминувачот да го чита лесно. Зашто видението е сепак за определеното време: брза кон исполнувањето, и нема да излаже; па, и ако се избави, чекај го, зашто навистина тоа ќе дојде и не ќе се забави. Ете, на горделивиот, душата не му е праведна, а праведникот ќе живее преку својата вера.” (Авакум 2:1-4).
Верата која го крепела Авакум и сите свети и праведни луѓе во тие денови на големи искушенија, е онаа иста која денес го крепи Божјиот народ. И во најмрачни часови и под најтешки околности вистинските христијани треба да ја напојуваат душата на изворот на сета светлина и сила. Неговата надеж и храброст секојдневно ќе се обновуваат преку верата во Бога. “Праведникот ќе живее преку својата вера.” Во Божјата служба луѓето не треба да очајуваат, да се колебаат и да стравуваат. Господ и повеќе од тоа ќе ги исполни и најголемите очекувања на оние кои се надеваат во Hero. Тој ќе им подари мудрост која е неопходна за нивните разни потреби.
Апостол Павле децидно сведочи за тоа дека секоја душа во искушение ќе биде поткрепена. Тој добил божествено ветување: “Доволна ти е Мојата благодат, зашто Мојата сила се покажува совршена во слабоста.” Искушуваниот Божји слуга одговара благодарен и охрабрен: “Затоа останувам со добра волја во слабостите, навредите, неволјите, прогонувањата, и притеснувањата заради Христа, зашто кога сум слаб, тогаш сум силен.” (2. Коринтјаните 12:9, 10).
Ние мораме во себеси да негуваме и да развиваме вера за која пророците и апостолите сведочеле – верата која се надева на Божјите ветувања и чека на избавување во време и на начин кој што Тој го одредил. Сигурната пророчка реч конечно ќе се исполни во славното доаѓање на нашиот Господ и Спасител, кој ќе дојде како Цар над царевите и Господар над господарите. Можеби времето на чекање ќе изгледа долго, можеби обесхрабрувачки околности некогаш ќе ја потиснат душата, можеби по патот многумина во кои што сме имале доверба ќе паднат; меѓутоа со пророкот кој што сакал да ја охрабри Јудеја во времето на најголемото отпадништво, мораме доверливо да објавиме: “Господ е во Својот свет храм:
сета земја нека замолчи пред Hero.” (Авакум 2:20) Да ја имаме на ум секогаш радосната вест, “Видението е сепак за определеното време, и ќе зборува на крајот и нема да излаже: па и ако се забави, чекај го; затоа што навистина ќе дојде и нема да забави. . . Праведникот ќе живее преку својата вера.” (Стихови 3, 4)
“О Господи, оживи го делото Свое среде годините, среде годините објави го.
Во гневот спомни си за милост.
“Бог дојде од Теман, и Светецот од планината Фаран.
Неговата слава ги покри небесата, и земјата е полна со фала кон Hero.
Болскотот Му беше како светлина;
зраци светкаа од Неговите раце:
и таму беше скривалиштето на силата Негова.
Пред Hero одеше помор, и жив јаглен излегуваше под Неговите стапки.
Тој застана и ја измери земјата:
Погледа и ги стресе народите.
Тогаш се распаднаа дамнешните планини, вечните ридови пропаднаа:
Патиштата Негови се вечни.”
“Си излегол за спасение на Твојот народ, за спасението на Твојот помазаник.”
“Дури и да не процвета смоквата, а и да нема плод на лозјата, макар и трудот на маслинката да не успее, и полињата да не донесат храна, дури и стадото да е истребено од трлото, и да нема говеда во оборите:
Сепак јас и тогаш ќе се веселам во Господа, ќе се радувам во Бога на моето спасение.
Господ е сила моја.” (Авакум 3:2-6, 13, 17-19)
Авакум не бил единствениот преку кого е дадена веста за блескавата надеж и идната победа, како и веста за сегашната казна. За време на Јосиевото владеење, на Софонија му дошла Господова реч која јасно говорела за последиците на непрекинатото отпадништво и го обрнувала вниманието на верната заедница за прекрасните изгледи во вечноста. Неговите пророштва за казната која ќе ја снајде Јуда исто така се однесува на казната која ќе се излее на непокорниот свет во времето на второто Христово доаѓање:
“Близу е големиот Господов ден, близу е и доаѓа брзо; ќе биде гласот на Господовиот ден: тогаш јунакот горко ќе заплаче.
Тој ден е ден на гнев,
ден на тешкотии и неволји, ден на запустување и затирање, ден на мрак и наоблаченост.
Ден на темнина и маглишта,
ден на трубење и бојна викотница, против утврдените градови, и против високите стражарници.” (Софонија 1:14-16)
“Ќе ги препуштам луѓето на неволји и ќе одат како слепци, затоа што згрешија против Господа; нивната крв ќе се разлее како прав… Ниту среброто нивно ниту златото нивно нема да може да ги избави во денот на Господовиот гнев; и целата земја ќе ја проголта оганот на Неговата ревност; зашто тој ќе ги уништи, и тоа наскоро, сите жители на земјата.” (Ст. 17, 18).
“Соберете се, соберете се,
О, народе непосакуван, пред да излезе судот, и денот пројде како плева,
пред да стигне на вас Господовиот пламнат гнев, пред да стигне на вас денот на Господовиот гнев.
Барајте Го Господа, сите вие кротки на земјата, сите кои ги извршувате Неговите судови; барајте ја праведноста, барајте ја кротоста: за да можеби бидете заштитени, во денот на Господовиот гнев.” (Софонија 2:1-3)
“Еве, во тоа време ќе ги совладам сите твои угнетувачи: ќе ги избавам сите хроми, ќе ги соберам расеаните, ќе ги поставам за име и слава во секоја земја на нивниот срам. Во тоа време Јас ќе ве доведам, и во тоа време Јас ќе ве соберам. Тогаш ќе ви создадам име и пофалба меѓу сите народи на земјата, кога ќе ви ги вратам заробениците пред ваши очи – говори Господ.” (Софонија 3:19, 20).
“Пеј, О ќерко Сионска; воскликувај, О Израел,
Весели се и радувај се од се срце,
О, ќерко ерусалимска.
Господ те ослободи од твојата пресуда, ги отстрани Твоите непријатели!
Господ, Израелевиот Цар, е во твојата средина, нема веќе да се плашиш од зло.
“Во оној ден ќе му се рече на Ерусалим: He бој се; и на Сион, нека не ти се истоштат рацете.
Господ, твојот Бог, е во твојата средина,
Тој е силен, Тој ќе те спаси,
Тој ќе се зарадува над тебе со веселба;
Тој ќе почива во својата љубов,
Тој ќе се весели над тебе пеејќи.”