20. Неман ослободен од лепра

Сподели го ова:

 Ова поглавје се базира на 2. Царства 5.
“Неман, војводата на сирскиот цар, беше голем човек пред господарот свој и почитуван, зашто преку него Господ им беше дал победа на Сирците; и тој човек беше силен и храбар војник, но лепрозен.” (2. Царства 5:1).
Вен-Адад сирскиот цар, ја победил Израилевата војска во борбата во која загинал Ахав. Сирците после тоа постојано воделе погранични војни против Израелците и во еден од тие конфликти одвеле во ропство едно мало девојче кое “служеше на жената на Неман”. Иако била робинка, далеку од својот дом, ова девојче била Божји сведок и несвесно ги извршувала оние задачи кои Бог му ги наменил на Израел како на свој избран народ. Служејќи во незнабожечка куќа, се сожалила на својот господар, и сеќавајќи се на чудесните исцелувања кои ги извршил Елисеј, и рекла на својата господарка: “О, да отидеше мојот господар при пророкот, кој е во Самарија, и тој би го ослободил од лепрата.” (2. Царства 5:3). Знаела дека Елисеј поседува небесна сила и верувала дека тој со таа сила може да го излечи Неман.
Однесувањето на оваа девојка во незнабожечката куќа претставувало силен доказ за силата и важноста на раното домашно воспитување. Грижата за децата и нивното воспитување е највозвишена должност која им е доверена на родителите. Тие ги поставуваат првите основи на навиките и карактерот. Нивниот пример и поука во голема мерка влијаат врз иднината на нивните деца.
Блажени се оние родители кои живеат богоугоден живот, така што ветувањата и заповедите Божји будат кај нивните деца чувство на благодарност и длабоко почитување; родителите кои со својата нежност, праведност и долготрпение им ја укажуваат на децата љубовта, правдата и долгототрпението Божјо; и кои учејќи ги своите деца да ги љубат, слушаат и да им веруваат, ги упатуваат истовремено да го љубат, да му веруваат и да му бидат послушни на својот небесен Отец. Родителите кои што во децата вградуваат таков дар на тој начин им подаруваат богатство подрагоцено од богатството на сите векови, богатство кое ќе трае долго колку и вечноста.
Ние не знаеме нашите деца на кој начин ќе бидат повикани да служат. Можеби животот ќе го поминат во кругот на домот; можеби ќе се посветат на вообичаените занимања, или ќе отидат како учители на евангелието во незнабожечки земји. Меѓутоа, сите деца се повикани да бидат Божји мисионери, проповедници на милоста во светот. Тие треба да се здобијат со воспитување кое ќе им помогне да стојат покрај Христа во несебична служба.
Додека ја учеле ќерката за Бога, родителите на оваа млада Еврејка не знаеле каква ќе биде нејзината судбина. Но тие верно ја завршиле својата доверена должност, така што нивната ќерка во домот на заповедникот на сирската војска можела да посведочи за Бога кого таа научила да го почитува.
Неман ги слушнал зборовите кои девојката и ги упатила на својата господарка. Добивајќи одобрување од царот, тргнал да бара исцелување за својата болест, земајќи со себеси “десет таланти сребро, шест илјади златни сикли и десет свечени облеки.” Исто така го понел и писмото од царот на Сирија за израелскиот цар, со порака: “Еве… ти го праќам својот слуга Неман, за да го излечиш од лепрата.” (2. Царства 5:6). Кога израелскиот цар го прочитал писмото, “ја раскина својата облека и рече: Зар сум јас Бог за да можам да умртвувам и да оживувам, та овој ми праќа кај мене човек за да го излечам од неговата лепра? Гледајте само како бара караница против мене!”
Веста за тоа стигнала и до Елисеј и му порачал на царот: “Зошто ги раскина своите облеки? нека дојде кај мене да познае дека има пророк во Израел.”
“И така Неман стигна со своите коњи и со колите, и застана пред вратата на Елисеевата куќа.” Пророкот преку гласник му порачал: “Оди искапи се седум пати во Јордан, и телото ќе ти биде чисто.”
Неман очекувал да види некое чудесно откритие на небесна сила. “Јас мислев – рекол тој – ќе излезе пред мене, ќе го повика Господа, својот Бог, ќе ја стави раката на болното место и ќе ми ја однесе лепрата.” Кога му било речено да се искапе во Јордан, бил повреден во својата гордост, и потиштено и очајно извикал: “He се ли реките во Дамаск, Авана и Фарфар, подобри од сите израелски води? He можам ли да се искапам во нив за да станам чист? Се сврте и си отиде лут оттаму.” Немановиот возгордеан дух не сакал да се покори на упатствата кои му ги дал Елисеј. Сирскиот војвода ги споменал реките кои ги разубавувале околните места, па мнозина доаѓале на нивните крајбрежја да се поклонуваат на своите идоли. Неман не би почувствувал големо понижување да се искапе во тие реки. Меѓутоа, тој можел да биде исцелен само ако биде послушен на одредените пророкови упатства. Само доброволната послушност може да ги донесе посакуваните резултати.
Немановите слуги почнале да го преколнуваат својот господар да ги послуша Елисеевите упатства: “Да ти одредеше пророкот и нешто потешко,” ургирале тие, “зар не би направил? А камоли кога ти рече: Искапи се, и ќе бидеш чист?” Немановата вера била ставена на проба, додека неговата гордостсе борела за превласт. Но верата победила, горделивиот Сирец се одрекол од гордоста и покорно се приклонил кон откриената Господова волја. Седум пати се нурнал во Јордан “според зборот на Божјиот човек.” Неговата вера била наградена; “телото му стана пак како кај мало дете и тој беше чист.”
Благодарно, “тој се врати кај Елисеј, со сета своја придружба,” со признанието: “Еве, сега знам дека нема Бог во сета земја, освен во Израел.”
Во склад со обичаите во тоа време, Неман му понудил на Елисеј скапи дарови, но пророкот одбил. Тој не можел да земе награда за благословот кој Бог милостиво го подарил. “Жив да е Господ,” рекол тој, “јас нема да примам ништо.” Сирецот “настојуваше за да прими, ама тој не сакаше.”
Тогаш Неман рече: “Добро, кога не сакаш. Но барем дозволи да ми дадат, мене, на твојотслуга, од оваа земја колку што можат да носат две мазги. Зашто твојот слуга нема веќе да им принесува паленици жртви на други богови освен на Господа. А Господ нека му го прости ова на твојот слуга: кога мојот господар ќе отиде во Римоновиот храм за да се поклони таму, па се потпре врз мојата рака, и јас се поклонам во храмот Римонов. Кога јас ќе се поклонам во домот на Римон, нека Господ нека му го прости тој чин на твојот слуга.”
“А тој му рече: Оди си со мир. И тој се оддалечи од него” Елисеевиот слуга Гиезија со години имал можност да развива дух на самоодрекување кој го обележувал животното дело на неговиот господар. Нему му се дала можност да стане благороден знаменосец во Господовата војска. На негов дофат биле најубавите небесни дарови. Но, тој се одрекол и наместо нив го посакувал невредното земско богатство. А сега скриените наклонетости на неговото лакомо срце го навеле да падне во искушение. Тој размислувал во себеси: “Мојот господар го поштеди Немана, Арамеецот, и не прими ништо од она што тој го донесе: но… ќе потрчам по него и ќе земам нешто од него.” И така се случило во тајност да Тиезиј го следи Нееман.”
“Кога Неман го виде дека трча по него, скокна од својата кола во пресрет и го праша: Дали е се добро? Тој одговори: Се е добро.” Тогаш Гиезиј свесно изговорил лага: “Мојотгосподар,” рекол тој, “ме прати да ти речам: Ете, токму сега стигнаа двајца младинци од Ефремовата Гора, двајца од пророчките синови. Дај за нив, те молам, талант сребро и две облеки.” Неман радосно ја задоволил молбата, му предал на Гиезија два таланта сребро наместо еден и “две облеки,” задолжувајќи ги своите слуги да го понесат тоа.
Кога Гиезиј се приближил до Елисеевата куќа, ги отпуштил слугите а среброто и облеките ги ставил во сокровиште. Бидејќи тоа го направил “тој влегол и се јавил пред својот господар;” и за да се заштити себеси од укор, повторно излажал. На пророковото прашање: “Од каде доаѓаш?” Гиезиј одговорил: “Твојот слуга никаде не отиде.”
Тогаш дошле строги зборови на укор кои покажале дека Елисеј знаел се. Тој рече: “Зар срцето мое не те придружуваше, кога оној човек се врати од колата своја да те пресретне? Време ли е да се земе сребро и да се зема облека, или маслинови дрвја и лозја, ситен или крупен добиток, слуги или слугинки? Затоа, Немановата лепра нека се залепи на тебе и на потомството твое засекогаш.” Виновникот набрзо го снашла казната. Тој излезе од присуството на Елисеј “бел како снег од лепрата.”
Искуството на овој човек на кого му биле овозможени возвишени и свети предности содржи сериозна поука. Гиезиевата постапка претставувала камен на сопнување на патот на Неман чиј ум бил расветлен со прекрасна светлина, и кој посакал да служи на живиот Бог. Гиезивата постапка не можела со ништо да се оправда. Тој до својата смрт останал лепрозен, проколнат од Бога и одбегнуван од луѓето.
“Лажливиотсведок не останува без казна, и кој шири лаги, нема да избега.” (Изреки 19:5). Луѓето можат да мислат дека сите свои зли дела ги сокриле од човечките погледи, но тие не можат да го измамат Бога. “И нема создание сокриено за Hero, туку се е голо и откриено за очите на Оној, пред Кого ние ќе одговараме.” (Евреите 4:13). Гиезиј имал намера да го измами Елисеј, но Бог му ги открил на својот пророк зборовите кои Гиезиј му ги упатил на Неман, како и се останато што се случило помеѓу нив двајца.
Вистината е од Бога, а измамата во сите свои многубројни облици потекнува од сатаната; и секој оној кој на било каков начин скршнува од правиот пат на вистината, се предава на силите на злобниот непријател. Оние кои што учеле од Христа не се согласуваат со “бесплодните дела на темнината”. (Ефесјаните 5:11). Тие се едноставни во животот како и во зборовите, чесни и верни, затоа што се подготвуваат за друштво на свети суштества во чии усти не се нашла измама.
Неман се вратил во својот дом во Сирија, телесно исцелен и духовно преобразен; многу векови подоцна неговата вера ја споменал Спасителотпрепорачувајќи ја на сите оние кои тврдат дека служат на Бога. Спасителот рекол: “Исто имаше многу лепрозни во Израел во времето на пророкот Елисеј, но ниеден од нив не беше очистен освен Сирецот Неман.” (Лука 4:27). Бог заобиколил мнозина лепрозни во Израел, затоа што нивното неверство претставувало пречка да им се направи добро. Еден незнабожечки благородник кој бил верен на своите убедувања за правдата, и кој почувствувал дека му е потребна помош, бил во Божји очи подостоен за благослов од сите оние болни во Израел кои го презирале и ги отфрлиле од Бога даденити предности. Бог се застапува за оние кои ја ценат Неговата наклонетост и ја прифаќаат светлината која им се праќа од небото.
И денеска во секоја земја има луѓе чесни во срцето и таквите ги обвиткува небесна светлина. Ако продолжат верно да ги исполнуваат своите должности, тие ќе примаат се повеќе светлина, така што на крајот, како некогаш Неман, ќе бидат наведени на признание дека “нема Бог во целата земја”, освен живиот Бог – Создателот.”
На секоја искрена душа која “оди во темнина без зрак на светлина” упатен и е повик: “Нека се надева на Господовото име, нека се потпре на својот Бог.” “Затоа уште од создавањето на светот, луѓето не слушнаа, ниедно уво не чу, ниедно око не виде, О, Боже, освен Тебе, што имаш подготвено за оние кои се надеваат на Тебе. Се среќаваш со оние кои се радуваат и чинат праведност, оние кои си спомнуваат за Тебе на Твоите патишта.” (Исаија 50:10; 64:4-5).

Сподели го ова:

Слични објави