3 Кога ќе биде тоа?
Учениците го прашуваат Исуса за Неговото враќање
Христовите зборови (Матеј 24,2) се изговорени пред голем број слушатели, но кога останал сам, додека седел на Маслинската гора, Му пристапиле Петар, Јован, Јаков и Андрија и рекле: „Кажи ни кога ќе биде тоа? Каков е знакот на Твоето доаѓање и крајот на векот?”
Исус на Своите ученици не им одговорил разделувајќи го разурнувањето на Ерусалим од големиот ден на Неговото доаѓање. Тој ги здружил описите на овие два настани. Ако им ги откриел на Своите ученици идните настани онака како што Самиот ги согледувал, тие не би биле во состојба да ја поднесат таа глетка. Во Својата милост кон нив, Тој ги здружил описите на овие две големи кризи, препуштајќи им на учениците самите да го одредат значењето на Неговите зборови. (DA стр. 628)
Времето на Христовото доаѓање не е познато
Не е наше да го знаеме точното време на излевањето на Светиот Дух и Христовото доаѓање… Зошто Бог не ни го дал тоа сознание? Затоа што не би го употребиле правилно кога би ни го дал! Состојбата која би настанала помеѓу нашите верници како последица на тоа сознание многу би го уназадила Божјото дело на подготвување на луѓето да опстанат во големиот ден што ќе дојде. Ние не смееме да живееме во постојана возбуда поради тој датум…
Вие нема да можете да кажете дека Тој ќе дојде за една, две или пет години, ниту смеете да го одложувате Неговото доаѓање, велејќи дека тоа ќе биде за десет или дваесет години. (RH 22.03.1892)
Ние се приближуваме кон големиот Божји ден. Знаците се исполнуваат. Сепак, не сме добиле порака која би ни го кажала денот и часот на Христовото доаѓање. Господ мудро го сокрил тоа сознание од нас за секогаш да бидеме во состојба на исчекување и подготовка за второто доаѓање на нашиот Господ Исус Христос на небесните облаци. (Letter 28)
Точното време на доаѓањето на Синот Човечки е Божја тајна. (DA стр. 633)
Не е наше да одредуваме време
Ние не му припаѓаме на друштвото кое одредува колку точно време ќе помине пред Исус повторно да се појави во сила и голема слава. Некои одредувале време, и кога тоа поминало, нивниот вообразен дух не го прифатил укорот, туку поставувал се нови и нови датуми. Меѓутоа, многуте последователни грешки ги обележале како лажни пророци. (FE стр. 335)
Бог никому не испратил порака дека ќе поминат пет години или десет години или дваесет години до завршувањето на историјата на оваа планета. Тој не би сакал на ниту едно живо суштество да му даде изговор да ја одложува својата подготовка за Неговото доаѓање. Тој не би сакал било кој да рече, како што тоа го сторил неверниот слуга: „Нема мојот господар уште долго да дојде!” Тоа би довело до немарно запоставување на можностите и предимствата што ни се дадени за да се подготвиме за тој голем ден. (RH 2711.1900)
Одредувањето време наведува на неверување
Бидејќи одредуваните датуми изминувале еден по друг, светот останал, барем што се однесува до скорото Христово доаѓање, во уште поцврсто неверување отколку порано. Луѓето со презир ги гледаат промашувањата на оние кои одредувале време и токму затоа што биле така мамени, ја отфрлаат вистината што ја изнесува Божјата Реч, дека крајот на се е пред вратата. (4T стр. 307)
Слушнав дека братот Е.П. Даниелс наводно одредувал време, велејќи дека Господ ќе дојде најдоцна за пет години. Сега само се надевам дека нема да се прошири впечатокот дека ние поставуваме датуми. Немојте да давате такви изјави. Тие не донесуваат ништо добро. Немојте да се трудите да предизвикате пробудување на таков начин, туку секој збор изговарајте го со соодветно внимание, така што на фанатиците нема да им дадете можност да предизвикаат возбудување и така да го ожалостите Господовиот Дух.
Ние не сакаме да ги доведеме до превирање човечките страсти, така што чувствата ќе завладеат со принципите. Сметам дека мораме да бидеме внимателни во се, бидејќи сатаната работи и вложува крајни напори да предизвика зло со своите лукавства и методи. Мораме да се чуваме од се што би можело да предизвика превирање, возбудувања на погрешна основа, бидејќи тоа сигурно ќе доведе до реакција. (Letter 34)
Секогаш ќе има лажни и фанатични движења во црквата, кои ќе ги предводат луѓе што ќе тврдат дека Бог ги води луѓе кои ќе трчаат иако никој не ги испратил и ќе одредуваат денови и датуми за исполнување на неисполнетите пророштва. Непријателот е радосен кога тие го прават тоа, бидејќи нивните последователни промашувања и наведување на погрешни заклучоци, предизвикуваат забуна и недоверба. (2SM стр. 84)
Христос можел да дојде и порано
Ми беше прикажана групата присутна на конференцијата. Ангелот ми кажа: „Некои ќе бидат храна за црвите, некои ќе поминат низ седумте последни зла, некои ќе бидат живи и ќе останат на Земјата да бидат земени при Исусовото доаѓање.” (1T стр. 131,132)
Бидејќи времето е кратко, треба да работиме вредно, со удвоена енергија. Нашите деца можеби никогаш нема да отидат на повисоки училишта. (3T стр. 159)
Ќе дојде часот и не е далеку кога некои меѓу нас, кои сега веруваат, уште ќе живеат на Земјата, ќе видат дека пророштвото се исполнува и ќе го слушнат гласот на архангелот и трубата Божја која одекнува по планините и низините и морињата и се слуша се до краевите на Земјата. (RH 31.071888)
Времето на проба е токму пред нас, бидејќи гласниот вик на третиот ангел веќе почнал со откривањето на праведноста на Христос, Откупителот Кој ги простува гревовите. (1ЅМ стр. 163)
Одлагањето објаснето
Долгата темна ноќ е напорна, но утрото е милостиво одложено, зашто Учителот, кога би дошол сега, мнозина би нашол неподготвени. (2Т стр. 194)
Полни четириесет години неверството, мрморењето и духот на бунтовноста го одвојувале стариот Израел од хананската земја. Истите гревови го одложиле влегувањето на современиот Израел во небесниот Ханан. Во ниту еден од овие два случаи не можеме да ги обвиниме Божјите ветувања. Неверството, световноста, непосветеноста и кавгите меѓу оние кои се сметаат за Божји народ, не задржаа толку години во овој свет на грев и страдање. (Ev стр. 695,696)
Доколку Христовата Црква ја извршеше својата одредена работа онака како што тоа Господ и го наложил, целиот свет до сега би бил предупреден и Господ Исус во сила и голема слава би дошол на нашата Земја. (DA стр. 633,634)
Божјите ветувања се дадени под услов
Во пораките што им ги објавуваат на луѓето Божјите ангели зборуваат дека времето е многу кратко.* Така и мене секогаш ми било претставувано. Вистина е дека времето потраја подолго отколку што ние очекувавме во првите денови од објавувањето на оваа вест. Нашиот Спасител не се појави толку бргу колку што ние очекувавме. Но, дали Божјата Реч изневерила? Никогаш! Треба да имаме на ум дека и Божјите ветувања и заканите се еднакво дадени под услов…**
Можеби поради непокорност ќе мораме уште многу години да останеме на ова место, како што се случило со синовите Израилеви, но, заради Христа, Неговиот народ не треба врз гревот да додава грев, обвинувајќи Го Бога за последиците од својот погрешен пат. (Ev стр. 695,696)
Што чека Христос
Христос со голем копнеж чека да се покаже во Својата Црква. Кога Христовиот карактер совршено ќе се обнови во припадниците на Неговиот народ, Тој ќе дојде да ги земе како Свои.
Предимството на секој христијанин не е само да го очекува доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос туку и да го забрза. Кога сите оние што го признаваат Неговото име би донеле род на Негова слава, колку бргу целиот свет би бил засеан со семето на Евангелието! Бргу би созреала последната голема жетва и Христос би дошол да го собере скапоценото зрно. (COL стр. 69)
* Види Римјаните 13,11.12; 1. Коринтјаните 7,29; 1. Солуњаните 4,15.17; Евреите 10,25; Јаков 5,8.9; 1. Петрово 4,7; Откровение 22,6.7;
** Види Еремија 18,7-10; Јона 3,4-10!
Објавувајќи го Евангелието на светот, ние можеме да го забрзаме доаѓањето на нашиот Господ. Ние не треба само да го очекуваме, туку и да го забрзаме доаѓањето на Божјиот ден (2. Петрово 3,12). (DA стр. 633)
За да го уништи гревот и неговите последици, Тој Го жртвувал Својот Најмил и нам ни дал моќ, во соработка со Него, да и ставиме крај на таа слика на беда. (Ed стр. 264)
Божјото трпение е ограничено
Бесконечниот Бог со непогрешлива точност и сега ја води книгата на пресметки со сите народи. Се додека Неговата милост повикува на покајание, оваа сметка ќе остане отворена, но кога бројките ќе достигнат одредена големина, која Бог ја утврдил, тогаш ќе почне да делува Неговиот гнев. (5Т стр. 208)
Бог води книга на пресметка со народите. Бројките од страната на нивните долгувања постојано растат, а кога ќе биде прогласен закон дека кршењето на првиот ден од седмицата мора да се спречува со казни, тогаш нивната чаша ќе се преполни. (7BC стр. 910)
Бог води книга на пресметка со народите… Кога во потполност ќе дојде време беззаконието да ги достигне границите што му ги поставила Божјата милост, Божјото поднесување ќе престане. Кога натрупаните бројки во извештаите од небесните книги ќе означат дека се исполнила мерката на беззаконијата, гневот ќе се излее. (5T стр. 524)
Иако Божјата милост долго го поднесува престапникот, постои граница на гревот која луѓето не смеат да ја пречекорат. Кога таа граница ќе се достигне, тогаш престануваат понудите на милоста и почнува службата на судот. (РР 162,l63)
Доаѓа време кога во своите измами и дрскости луѓето ќе дојдат до линијата што Господ нема да им дозволи да ја пречекорат и тогаш ќе научат дека постојат и граници на Божјото трпение. (9T стр. 13)
Постои граница зад која Господовите судови веќе не можат да се одлагаат. (PK стр. 417)
Беззаконието речиси ја достигнало границата
Ќе помине уште само малку време додека жителите на Земјата не ја наполнат чашата на своето беззаконие. И тогаш ќе се разбуди Божјиот гнев, кој толку долго дремеше, и оваа земја на светлината ќе ја испие чашата на Неговиот неразблажен гнев. (1T стр. 363)
Чашата на беззаконието е речиси полна и Божјата одмаздничка правда наскоро ќе ги стаса виновниците. (4T стр. 489)
Злобата на жителите на светот речиси ја исполнила мерката на нивното беззаконие. Оваа Земја речиси ја достигнала границата по која Господ ќе му дозволи на разурнувачот да ги изврши „советите” на својата волја. (7T стр. 141)
Престапите речиси ја достигнале границата. Во светот завладеа поматување, и голем ужас наскоро ќе ги обземе човечките суштества. Крајот е многу блиску. Ние кои ја знаеме вистината треба да се подготвуваме за она што наскоро ќе го снајде светот како големо изненадување. (8Т стр. 28)
Треба да го имаме на ум големиот Божји план
Мораме да се навикнеме постојано да размислуваме за големите сцени на судот кој непосредно ни претстои. Имено, кога сцените на големиот Божји ден постојано ќе ни бидат пред очите и кога се ќе ни биде откриено, тоа силно ќе влијае врз нашиот карактер. Еден брат ми рече:
„Сестро Вајт, што мислиш, дали Господ ќе дојде во текот на следните десет години?”
„Дали нешто ќе се смени ако Тој дојде за две, четири или десет години?”
„Мислам дека, барем делумно, би се однесувал поинаку кога би знаел дека Господ ќе дојде за десет години!”
„Што би правел?” го прашав.
„Па, би го продал целиот свој имот и би почнал сериозно да ја истражувам Божјата Реч за да се оспособам да ги предупредувам луѓето да се подготват за Неговото доаѓање. Освен тоа, би се молел на Бога да ми помогне да се подготвам за средбата со Него.”
Тогаш го запрашав: „А кога сигурно би знаел дека Господ нема да дојде во текот на следните дваесет години, дали тоа би влијаело врз твојот живот?” „Мислам дека би влијаело!” одговори тој.
Колку себично звучеа зборовите дека би живеел со поинаков живот кога би знаел дека Христос нема да дојде уште десет години! Зошто, па Енох чекорел со Бога триста години! Тоа е поука и за нас дека треба да чекориме со Бога секој ден, и дека нема да бидеме сигурни се додека не почнеме да стражариме и да чекаме. (Мѕ 10)
Краткоста на времето
Господ да не им даде одмор ни дење ни ноќе на оние кои сега се безгрижни и рамнодушни во делото и работата за Господа. Крајот е блиску. Тоа е она што Исус би сакал секогаш да го имаме на ум времето е кратко! (Letter 97)
Кога ќе стоиме со откупените на Стакленото море со златни харфи и круни на славата и кога пред нас ќе се протега неизмерната вечност, дури тогаш ќе сфатиме колку кусо било чекањето во текот на времето на пробата. (10MR стр. 266)