8 Божјиот печат и жигот на ѕверот

Сподели го ова:

Само две групи

Можат да постојат само две групи. Секоја група е јасно обележана, или со печатот на живиот Бог или со жигот на ѕверот и неговата икона. (RH 30.01.1900)

Во големиот судир помеѓу верата и неверието ќе биде вовлечен севкупниот христијански свет. И секој ќе мора да се определи. Сепак, ќе се чини дека некои не се ниту на една страна. Ќе се чини дека не станале против вистината иако нема да се осмелуваат смело да застанат на Христовата страна, од страв да не го загубат имотот или да не претрпат понижување. Меѓутоа, сите такви ќе бидат вброени помеѓу Христовите непријатели. (RH 0702.1893)

Како што ќе се приближуваме кон крајот на времето, линијата на разделување помеѓу децата на светлината и децата на темнината ќе биде се појасна. Помеѓу нив ќе се забележува се поголема разлика. Таа разлика Исус ја опишува со поимот „новороден“ наново создаден во Христа, мртов за светот, жив за Бога. Тоа се ѕидовите на разделување кои го одделуваат небесното од земското, кои ја опишуваат разликата помеѓу оние кои му припаѓаат на светот и оние кои се издвоени од него, кои се избрани, скапоцени во Божјите очи. (Special Testimony to the Battle Creek Church, Ph 155, 3)

Членови на семејството ќе бидат разделени

Оние што биле членови на исто семејство сега се разделени. Печатот е ставен на праведните. „Мои ќе бидат, Моја печалба говори Господ над воинствата. Во денот што го подготвувам ќе бидам милостив на синот, кој Ми служи“. (Малахија 3,17) Оние што биле послушни на Божјите заповеди ќе се соединат со четата свети во светлината. Тие ќе влезат низ вратата во градот и ќе имаат право на дрвото на животот. „Еден ќе се земе!“ Неговото име ќе стои во книгата на животот, додека оние со кои се дружел ќе добијат жиг на вечно одвојување од Бога. (ТМ стр. 234, 235)

Оценети според светлината што сме ја добиле

Мнозина кои не ги имале предимствата што ние ги добивме ќе влезат во Небото пред оние кои имале голема предност, но не чекореле според неа. Мнозина живееле во целосна согласност со светлината што ја добиле и според тоа и ќе бидат оценети. (Letter 36)

Сите мораат да го чекаат одреденото време, се додека предупредувањето не се објави во сите делови на светот, се додека на секоја душа не и бидат дадени доволно светлина и докази. Некој ќе добие помалку светлина од другите, но секој ќе биде оценет според светлината што ја примил. (Мѕ 77)

Нам ни беше дадена голема светлина во врска со Божјиот закон. Тој закон е мерило на карактерот. На тој закон човекот сега мора да му се прилагоди, по тој закон ќе му биде судено во последниот голем ден. Во тој ден кон луѓето ќе се постапува во согласност со светлината што ја примиле. (GH 01.01.1901)

Оние кои примиле голема светлина, а не ја почитувале, се наоѓаат во потешка положба од оние кои не добиле толкави предимства.

Таквите се воздигнуваат себеси, а не Господа. Казната, одредена за човечките суштества, во секој случај ќе биде одмерена според срамот што Му го нанеле на Бога. (8MR стр. 168)

Секој ќе добие онолку светлина колку му е доволно за да донесе промислена одлука. (GC стр. 605)

Намерно останување во незнаење

Никој нема да биде осуден затоа што не ја прифатил светлината или не го применил знаењето што никогаш не го добил и никогаш не можел да го стекне. Меѓутоа, мнозина одбиваат да ја послушаат вистината што им е објавена преку Христовите амбасадори, затоа што сакаат да се прилагодат кон световните мерила. Затоа на судот ќе ги осуди вистината која допрела до нивниот разум, светлината која ја осветлила нивната душа. (5ВС стр. 1145)

Оние што имаат можност да ја слушнат вистината и не вложуваат никакви напори за да ја слушнат или разберат, мислејќи дека нема да бидат одговорни за она што не го знаат, ќе бидат осудени пред Бога на истиот начин како да ја чуле и отфрлиле вистината.

Нема да има никаков изговор за оние кои одлучиле да останат во заблуда иако можеле да дознаат што е вистина. Со Своите страдања и смртта, Исус овозможил помирување за сите гревови направени во незнаење, но нема помирување за намерното останување во незнаење.

Ние нема да бидеме повикани на одговорност за светлината која не допрела до нашите сетила, туку за онаа на која сме и се спротивставиле и која сме ја отфрлиле. Човекот не е во состојба да ја оцени вистината што никогаш не му ни била објавена, па затоа не може ни да биде осуден поради светлина што никогаш не ја ни имал. (5ВС стр. 1145)

Важноста на великодушноста на дело

Одлуките во последниот ден ќе се темелат на нашата великодушност покажана на дело. Секоја добродетел Христос ја признава како да Му е направена Нему. (TM стр. 400)

Кога народите ќе се соберат пред Него, ќе постојат само две групи на луѓе, а нивната вечна судбина ќе биде одредена со она што го направиле или занемариле да го направат за Него во личноста на сиромашните и страдните…

Помеѓу незнабошците има такви кои незнаејќи Го обожуваат Бога, такви до кои светлината никогаш не допрела преку човечки орудија. Тие нема да пропаднат. Иако не го познаваат Божјиот пишан закон, Го чуле Неговиот глас како им зборува во природата и го правеле она што законот го бара. Нивните дела потврдуваат дека Светиот Дух ги допрел нивните срца и Бог ги препознал како Свои деца.

Колку ќе се изненадат и радуваат најмалите помеѓу народите и помеѓу незнабошците кога од усните на Спасителот ќе слушнат: „Ако сте му го направиле тоа на еден од овие мои најмали браќа, Мене сте ми го направиле!“ Колку ќе биде радосно срцето на Бесконечната Љубов кога на Неговите зборови на одобрување Неговите следбеници со изненадување и радост ќе го подигнат својот поглед. (DA стр. 637,638)

Побудите го одредуваат карактерот на делата

На денот на судот некои ќе се повикуваат на ова или она добро дело како причина да ја добијат наградата. Тие ќе речат: „Упатив едно момче во работата. Дадов пари за отворање на болница. Ја ублажив немаштијата на вдовиците и сиромасите ги примав во мојот дом“ Да, но твоите побуди биле толку извалкани со себичност што твоите дела не можеле да Му бидат угодни на Господа.

Во се што си правел секогаш си го истакнувал своето Јас! (Мѕ стр. 53)

Побудите им даваат карактер на нашите дела, ставајќи врз нив печат на срамот или на висока морална вредност. (DA стр. 615)

Што е Божји печат?

Штом припадниците на Божјиот народ ќе го добијат печатот врз своите чела кој не е никаков знак или печат кој би можел да се види, туку утврдување во вистината, и интелектуално и духовно, така што никој нема да може да ги поколеба штом припадниците на Божјиот народ ќе бидат запечатени и подготвени за решетање, тоа ќе дојде; Всушност, тоа е веќе почнато. (4ВС стр. 1161)

Печатот на живиот Бог се става на оние кои совесно ја држат Господовата Сабота.* (7ВС стр. 980)

Оние кои би сакале да го имаат Божјиот печат на своите чела мораат да го држат денот за одмор според четвртата заповед. (7ВС стр. 970)

Вистинското празнување на Саботата е знак на верност кон Бога. (7ВС стр. 981)

Единствено четвртата од сите десет заповеди го содржи печатот на големиот Законодавец, Создателот на небото и земјата. (6Т стр. 350)

Празнувањето на споменот на Господа, денот за одмор кој е втемелен во Едем, седмиот ден од седмицата, Саботата, е вистинската проба на нашата верност кон Бога. (Letter 94)

Врз секој припадник на Божјиот народ се става знак исто како што се ставал на вратите од еврејските домови за да ги сочува нивните жители од општата пропаст. Бог изјавува: „им ги дадов и Своите саботи, како знак меѓу Себе и нив, нека знаат дека Јас сум Господ Кој ги осветува“ (Езекиел 20, 12). (7ВС стр. 969)

* Оваа изјава како и сличниШе на неа Шреба да се набљудувааШ единсШвено во свеШлинаШа на циШаШиШе дадени на почеШокоШ на оваа Глава кои зборувааШ дека БоГ Ги смеШа луѓеШо за одговорни сразмерно со знаењеШо шШо Го сШекнале или шШо можеле да Го сШекнаШ.

Сличност со Христа по карактер

Печатот на живиот Бог ќе биде ставен единствено на оние кои се слични на Христа по карактер. (7ВС стр. 970)

Оние што ќе го примат печатот на живиот Бог и ќе бидат заштитени во времето на големата неволја ќе мораат во полна мерка да го одразуваат Исусовиот лик. (EW стр. 71)

Божјиот печат никогаш нема да биде ставен на челото на некој нечист маж или жена. Никогаш нема да биде ставен на челото на некој честољубив маж или жена, кои го сакаат светот. Тој никогаш нема да биде ставен на челото на некој маж или жена со лажлив јазик или измамничко срце. Сите кои го примаат печатот мораат да бидат без дамка пред Бога кандидати за Небото. (5Т стр. 216)

Љубовта се изразува со послушност, а совршената љубов го изгонува секој страв. Оние кои Го љубат Бога имаат Божји печат на своите чела и прават Божји дела. (SD стр. 51)

Оние кои ги победуваат светот, телото и ѓаволот ќе ја имаат таа предност да го примат печатот на живиот Бог. (ТМ стр. 445)

Дали со сета сила што сме ја добиле од Бога се трудиме да ја достигнеме височината на растот на мажи и жени во Христа? Дали се стремиме кон Неговото богатство, дали посегнуваме кон се повисоки и повисоки цели, трудејќи се да го постигнеме совршенството на Неговиот карактер? Кога Божјите слуги ќе ја постигнат таа цел, ќе бидат запечатени на своите чела. Ангелот записничар ќе изјави: „Се сврши!“ И така ќе бидат совршени во Оној Кому Му припаѓаат и по создавање и по откупување. (ЗЅМ стр. 427)

Сега сме во времето на запечатување

Во нашата земја има живи луѓе кои дочекале длабока старост. Природна последица од нивната одмината зрелост е јасно изразената изнемоштеност. Меѓутоа, тие веруваат во Бога и Бог ги сака. Божјиот печат е врз нив и тие ќе бидат во бројот на оние на кои Господ им рекол: „Блажени се мртвите кои отсега умираат во Господа!“ (7ВС стр. 982)

О, кога Божјиот печат би бил ставен и врз нас!

Уште само малку и секое Божјо дете ќе го добие Неговиот печат. О, кога тој би можел да биде ставен и на нашите чела! Кој би можел да ја поднесе помислата дека ќе биде заобиколен кога ангелот ќе излезе да ги запечати Божјите слуги на нивните чела? (7ВС стр. 969, 970)

Ако верата на оние кои веруваат во вистината не е во состојба да ги окрепи во ова помалку или повеќе мирно време, што ќе ги крепи кога ќе дојде големата проба и кога ќе биде издадена наредба против сите оние кои не сакаат да му се поклонуваат на ѕверот ниту да го примат неговиот жиг на своето чело или на својата рака? Тоа сериозно време не е далеку. Наместо да стануваат послаби и понеодлучни, припадниците на Божјиот народ би требало да собираат сила и храброст за времето на неволји. (4Т стр. 251)

Што е жиг на ѕверот?

Јован бил повикан да види народ поинаков од оние кои му се поклонуваат на ѕверот или неговата икона со тоа што го празнуваат првиот ден во седмицата. Празнувањето на тој ден е жиг на ѕверот. (ТМ стр. 133)

Жигот на ѕверот е папскиот ден за одмор. (Ev стр. 234)

Кога ќе дојде пробата, јасно ќе се покаже што е жиг на ѕверот. Тоа е празнувањето на неделата. (7ВС стр. 980)

Знакот или печатот Божји се открива во празнувањето на седмиот ден, Саботата, Господовиот спомен на создавањето… жигот на ѕверот е спротивен на тоа тоа е празнување на првиот ден во седмицата. (8Т стр. 117)

„И направи на сите мали и големи, богати и сиромашни, слободни и робови да им се даде ознака на десната рака или на челото.“ (Откровение 13,16) Не само што луѓето нема да смеат да работат со своите раце во недела, туку и со својот ум ќе мораат да ја признаат неделата како ден за одмор. (Special Testimony to Battle Creek Church, Рh 86 6,7)

Кога ќе биде ставен жигот на ѕверот?

Сеуште никој не го примил жигот на ѕверот. (Ev стр. 234)

Празнувањето на неделата сеуште не станало жиг на ѕверот и нема ни да стане се додека не биде издадена наредба која од луѓето ќе бара да го празнуваат тој идолски ден за одмор. Ќе дојде време кога тој ден ќе стане проба, но тоа време сеуште не е дојдено. (7ВС стр. 977)

Бог на луѓето им ја дал Саботата како знак помеѓу Него и нив, како мерило на нивната верност. Оние кои, примајќи сознание за Божјиот закон, ќе продолжат со непослушноста и ќе ги издигнуваат човечките закони над Божјите во големата криза која е пред нас, ќе го примат жигот на ѕверот. (Ev стр. 235)

Саботата ќе биде голема проба на верноста, бидејќи таа точка на вистината е најизложена на особени напади. Кога луѓето ќе бидат ставени на конечната проба, тогаш ќе биде повлечена линијата на разделување помеѓу оние кои Му служат на Бога, и оние кои не Му служат.

Додека празнувањето на лажниот ден за одмор, во согласност со државните закони и спротивно на четвртата заповед, ќе биде изјава на покорност на силата која Му се противи на Бога, празнувањето на вистинскиот ден за одмор од послушност кон Божјиот закон, ќе биде доказ за верност на Создателот. Додека едната група, прифаќајќи го знакот на покорност на земските сили, ќе го прими жигот на ѕверот, другата, определувајќи се за залогот на верноста на божествениот авторитет, ќе го прими Божјиот печат. (GC стр. 605)

Наметнување на празнувањето на неделата е проба

Никој нема да биде осуден додека не ја прими светлината и не ги согледа обврските од четвртата заповед. Но кога ќе излезе наредбата која ќе го наметнува лажниот ден за одмор и кога гласниот вик на третиот ангел ќе ги предупреди луѓето да не им се поклонат на ѕверот и неговата икона, тогаш ќе биде повлечена јасна линија помеѓу лагата и вистината. Тогаш оние кои ќе останат во престапот ќе го примат жигот на ѕверот. (Ev стр. 234,235)

Кога празнувањето на неделата ќе биде наметнато со закон и кога светот ќе дојде до јасно сознание за задолжителноста на празнувањето на вистинскиот ден за одмор, тогаш сите оние што ја кршат Божјата заповед за да го послушаат прописот зад кој не стои поголем авторитет од авторитетот на Рим, со тоа ќе покажат дека повеќе го почитуваат папството отколку Бога. Тие ќе им оддаваат чест на Рим и на силата која ќе ја наметнува институцијата зад која стои Рим. Тие ќе се поклонуваат на ѕверот и неговата икона.

Кога луѓето така ќе ја отфрлат институцијата за која Бог рекол дека претставува знак на Неговиот авторитет и наместо неа ќе ја прифатат онаа која Рим ја одбрал како доказ за својата превласт, ќе го прифатат и знакот на покорност кон Рим „жигот на ѕверот“. И дури кога ова прашање ќе им биде јасно изнесено на луѓето и кога тие ќе бидат наведени да изберат помеѓу Божјите заповеди и човечките заповеди, дури тогаш оние кои ќе истрајат во престапот ќе го примат „жигот на ѕверот“. (GC стр. 449).

Сподели го ова:

Слични објави