7 Измамите на сатаната во последните денови

Сподели го ова:

Под закрила на христијанството

Се приближуваме кон крајот на историјата на оваа Земја и сатаната се труди повеќе од било кога порано, сакајќи да завладее со христијанскиот свет. Со ревност која восхитува, тој работи со помош на своите лажни чуда. Писмото го претставува како лав кој рика и оди наоколу, барајќи некого да проголта. Тој би сакал со својот заговор да го опфати целиот свет. Сокривајќи ја својата изопаченост под закрилата на христијанството, тој поприма обележја на христијанин и тврди дека е самиот Исус Христос. (8MK стр. 346)

Божјата Реч изјавува дека сатаната, кога тоа ќе им одговара на неговите намери, преку своите орудија, под закрила на христијанството, ќе покаже таква моќ „за да ги заблуди, ако е можно, и избраните.“ (Матеј 24,24) (Мѕ 125)

Бидејќи демоните ќе зборуваат дека веруваат во Библијата и ќе покажуваат почитување кон институциите на Црквата, нивното дејствување ќе биде прифатено како откровение на божествена сила. (GC стр. 588)

Најсилна поддршка на порокот во нашиот свет не му дава развратниот живот на грешникот или пропаднатиот отфрленик; Тоа го прави животот кој инаку делува скромно, чесно и благородно, но во кој се негува еден грев, му се попушта не еден порок… Генијалноста, талентот, учеството, па дури и великодушните и љубезни постапки на тој начин можат да станат мамец на сатаната со кој ги наведува душите да паднат во бездната на пропаста. (Ed стр. 150)

Дури и во Адвентистичката црква

Ние имаме далеку повеќе причини да се плашиме од оние во Црквата отколку од оние надвор од Црквата. Во самата Црква се поставуваат многу поголеми пречки за јакнење и успешност од пречките кои доаѓаат од светот. Од оние кои тврдат дека ги почитуваат Божјите заповеди и дека ја имаат верата Исусова, неверниците со полно право очекуваат повеќе од било која друга група, со својот доследен живот, својот побожен пример и со своето активно влијание, да придонесат за успехот и угледот на делото што го претставуваат. Меѓутоа, колку пати таканаречените бранители на вистината се покажале како најголема пречка за нејзиното напредување! Попуштањето на неверноста, изразувањето сомнежи, ширењето темнина, сето тоа ја повикува присутноста на злите ангели и ја зголемува успешноста на стапиците на сатаната. (1SM стр. 122)

Лажливите духови се спротивставуваат на Писмото

Светите мораат да се здобијат со темелно разбирање на вистината за сегашното време и да го оддржуваат со проучување на Писмата. Треба да се запознаат со состојбата на мртвите, зашто ќе им се јавуваат ѓаволски духови, тврдејќи дека се нивни мили пријатели и роднини, велејќи дека денот за одмор е сменет и изнесувајќи и други небиблиски доктрини. (EW стр. 87)

Овие лажливи духови, јавувајќи се во облик на апостолите, ќе му противречат на она што апостолите, вдахновени од Светиот Дух, го пишувале додека оделе по Земјата. Тие ќе го одречуваат божественото потекло на Библијата. (GC стр. 557)

Со помош на две големи заблуди, заблудата за бесмртност на душата и заблудата за светост на неделата, сатаната ќе успее со своите измами да ги зароби луѓето. Додека првата поставува темел за спиритизмот, втората овозможува врска на пријателство со Рим. (GC стр. 588)

Ќе се појават луѓе кои ќе тврдат дека се Христос и ќе ги бараат почестите и обожувањето кои Му припаѓаат на Откупителот на светот. Тие ќе прават чуда на исцелување и ќе зборуваат дека од Небото добиле откровенија кои противречат на сведоштвата од Писмото…

Меѓутоа, Божјиот народ нема да биде измамен. Учењата на тој лажен Христос нема да бидат во согласност со Светото Писмо. Тој ќе им го искажува својот благослов и на почитувачите на ѕверот и неговата икона токму на оние за кои Библијата вели дека врз нив ќе се излее неразблажениот Божји гнев. (GC стр. 624, 625)

Лажни пробудувања

Видов дека Бог има свои искрени деца помеѓу номиналните адвентисти и во паднатите цркви, па пред излевањето на седумте зла проповедниците и верниците ќе бидат повикани да излезат од тие цркви и радосно да ја прифатат вистината. Сатаната го знае тоа; И пред да одекне гласниот вик на третиот ангел, тој ќе предизвика возбудување во тие верски заедници така што оние кои ја отфрлиле вистината ќе помислат дека Бог е со нив. (EW стр. 261)

Пред Бог конечно да го посети светот со Своите судови, во Неговиот народ ќе дојде до такво будење на првичната побожност до какво не дошло уште од времето на апостолите… Непријателот на душите сака да го спречи тоа дело па пред да отпочне тоа, ќе се обиде да го оневозможи по пат на своите лажни движења. Во оние цркви кои ќе успее да и ги покори на својата измамничка власт, ќе прави да изгледа како Бог врз нив да излеал свој посебен благослов; Во нив ќе дојде до големо верско будење…

Силното чувствително возбудување, мешавина на вистината со лага, најуспешно ги заведува луѓето. Меѓутоа, никој не мора да биде измамен. Во светлината на Божјата Реч воопшто не е тешко да се препознае вистинската природа на тие движења. Секогаш кога луѓето ги отфрлаат сведочењата на Библијата, секогаш кога ги отфрлаат тие едноставни вистини, кои навлегуваат во душата, кои бараат самооткажување и отфрлање на светот, тогаш можеме да бидеме сигурни дека Божјиот благослов нема да биде излеан. (GC стр. 464)

Музиката стана стапица

Она што опишавте дека се случува во Индијана*, ќе се случува, така ми покажа Господ, и непосредно пред крајот на времето на милоста. Секакви претерувања ќе дојдат до израз. Ќе има викања, удирања во тапани, ќе има музика и танцување. Чувствата на разумните луѓе ќе бидат толку пореметени што тие нема да бидат во состојба да донесуваат правилни одлуки…

Лудата бучава ги потресува сетилата и го изопачува она што би можело да биде на благослов кога правилно би се употребувало. Влијанијата на сатанските сили се мешаат со викотниците и бучавата и се претвораат во карневал, и сето тоа се нарекува делување на Светиот Дух… Се што се случило во минатото, ќе се повтори и во иднината. Сатаната ќе направи музиката да стане стапица, поради начинот на кој се изведува. (2ЅМ стр. 36, 38)

Да не им даваме место на необични активности, кои во реалноста го одвратуваат умот од позитивните влијанија на Светиот Дух. Божјото дејствување секогаш е одбележано со смиреност и достоинство. (2ЅМ стр. 42)

Лажен дар на јазици

Некои ги прогласуваа фанатизмот, лажното возбудување, лажното зборување јазици и бучните активности за дарови кои Бог ги дал на Својата Црква. Се мамеа во тоа. Родовите на сите тие појави не беа добри. „По плодовите нивни ќе ги познаете!“ Фанатизмот и бучавата ги сметаа за посебни докази на верата. Не беа задоволни со богослуженијата се додека не би доживеале возбудливи и среќни мигови. Тие работеа на тоа и навистина доживуваа чувствителни возбудувања. Меѓутоа, влијанието на таквите богослуженија не беше полезно. Кога ќе исчезнеше блаженото вознесување на чувствата, тие потонуваа уште подлабоко отколку пред состанокот, затоа што нивната среќа не доаѓа од вистинскиот извор.

* Овој коментар бил даден во врска со движењето на таканареченото „свето тело“, кое се појавило на еден состанок под шатори во Индијана 1890. Година. Повеќе поединости за тоа во 2ЅМ стр. 31-39.

Најполезни состаноци за духовно напредување се оние кои се одбележани со свеченост и длабоко испитување на срцето, кога секој настојува да се запознае себеси и сериозно, во длабока понизност се обидува да учи од Христа. (1Т стр. 412)

Злите ангели се појавуваат како човечки суштества

Сатаната ќе ја искористи секоја можност да ги заведе луѓето и да ги одврати од верност кон Бога. Тој и неговите ангели, кои паднале заедно со него, ќе се појавуваат на Земјата како луѓе, обидувајќи се да измамат некого. И Божјите ангели ќе се појавуваат како луѓе и ќе се служат со сите расположиви средства за да ги оневозможат намерите на непријателот. (8MR стр. 399)

Злите ангели во облик на верници ќе делуваат во нашите редови за да внесат силен дух на неверство. Дури ни тоа да не не разочара, туку да го наведе секое искрено срце да ја побара Господовата помош во борбата против сатанските сили. Тие сили на злото ќе се собираат на нашите богослуженија, не за да добијат благослов, туку да се борат против влијанието на Божјиот Дух. (2MCP стр. 504,505)

Појавување на ликови на мртвите

На злите ангели не им е тешко да се претстават и како умрени светци и како умрени грешници, и да го прават тоа видливо за човечки очи. Тие манифестации ќе бидат се почести; Како што се приближуваме кон крајот на времето, ќе се случуваат појави кои се повеќе ќе ги изненадуваат луѓето. (Ev стр. 604)

Тоа е најуспешната и најпривлечната измама на сатаната пресметана да ги искористи чувствата на оние кои положиле во гроб некои од своите мили. Злите ангели се појавуваат во ликовите на тие сакани суштества и раскажуваат настани од нивните животи, прават нешта што тие ги правеле додека биле живи. На тој начин ги наведуваат луѓето да поверуваат дека нивните мртви пријатели станале ангели кои лебдат над нив и разговараат со нив. Тие зли ангели, кои се претставуваат како умрените пријатели, уживаат некој вид идолопоклоничко почитување и мнозина нивните зборови ги ценат повеќе отколку Божјата Реч. (ЅТ 26.08.1889)

Сатаната има моќ да се појавува пред луѓето во ликовите на нивните умрени пријатели. Имитирањето е совршено: Познат изглед, зборови, боја на глас сето тоа е прикажано со совршена точност… Мнозина ќе се соочат со ѓаволски духови, кои ќе се појавуваат како нивни мили роднини или пријатели, убедувајќи ги во најопасните лажни учења. Тие посетители ќе се обидуваат да делуваат на нивните најнежни чувства и ќе прават чуда за да ги потврдат своите тврдења. (GC стр. 552,560)

Сатаната ќе Го имитира Христа

Непријателот се подготвува да го прелаже целиот свет со неговата чудотворна сила. Тој ќе се појавува во лик на ангел на светлината, во облик на Исуса Христа. (2ЅМ стр. 96)

Ако луѓето сега лесно паѓаат како жртви на заблудата, како ќе се одржат тогаш кога сатаната ќе се појавува во ликот на Исуса Христа и кога ќе прави чуда? Кој нема да се поколеба тогаш поради неговите лажни прикажувања кога ќе се претставува како Христос, иако ќе биде само сатана во Христовиот лик, кој навидум ги прави Христовите дела? (2SM стр. 394)

Сатаната ќе излезе на бојното поле и ќе Го претставува Христа, Тој погрешно ќе претставува, погрешно ќе примени и ќе изопачи се што ќе му биде можно. (ТМ стр. 411)

Силите на темнината ќе се трудат да ги претстават последните големи сцени од вселенската драма сатаната кој доаѓа како Христос и работи со сета измамничка сила на неправдата во оние што се поврзале во тајни друштва. (8Т стр. 28)

Сатаната го имитира Христа во секој детал

Постои граница која сатаната не може да ја помине и тогаш тој ја повикува на помош измамата и го имитира делото кое не може навистина да го изврши. Во последните денови тој ќе се појавува на таков начин што луѓето ќе веруваат дека станува збор за Христос Кој по втор пат дошол на светот. Тој навистина ќе се преобрази во ангел на светлината. Меѓутоа, иако во секој детал ќе потсетува на Христа, барем што се однесува на надворешниот изглед, со тоа ќе ги измами само оние што, како некогаш фараонот, сакаат да и се спротивстават на вистината. (5Т стр. 698)

Како завршно дело во големата драма на измамата, самиот сатана ќе се појави како Христос. Црквата веќе долго зборува дека го очекува доаѓањето на Спасителот како исполнување на своите надежи. Сега големиот измамник ќе направи да изгледа дека Христос навистина дошол. Во разни краеви на светот сатаната ќе се појавува меѓу луѓето како величествено суштество со блескав сјај, многу слично со описот на Божјиот Син кој Јован ни го оставил во Откровението (Откровение 1,13-15). Славата што ќе го опкружува ќе надмине се што окото на смртникот некогаш видело. Низ воздухот ќе одекнуваат победнички извици: „Христос дојде! Христос Дојде!“

Луѓето ќе паѓаат ничкум пред него, обожувајќи го, додека тој ги подига своите раце и ги благословува, како што Христос ги благословувал Своите ученици додека бил на Земјата. Неговиот глас ќе биде нежен и благ, многу мелодичен. Со милозвучен, сочувствителен тон ќе ги изнесува истите прекрасни небесни вистини кои ги изговарал Спасителот; Ќе лекува болести меѓу луѓето и тогаш, и натаму претставувајќи се како Христос, ќе изјави дека денот за одмор го преместил во недела и ќе им заповеда на сите да го празнуваат денот што го благословил. (GC стр. 624)

Сатаната се преправа дека ги вослишува молитвите на светите

Сатаната гледа дека наскоро ќе ја загуби битката, дека не може да го привлече целиот свет на своја страна. И затоа го вложува последниот, очајнички напор со измама да ги совлада верните. Се појавува во ликот на Исуса Христа. Се облекува во царската облека која толку јасно беше прикажана во Јовановите виденија. Тој има моќ да го стори тоа. Тој ќе се појави пред своите заведени следбеници, пред христијанскиот свет кој не негува љубов кон вистината, туку се радува на неправдата, кршењето на законот како Христос кој доаѓа по втор пат.

Тој се прогласува за Христос и луѓето навистина веруваат дека Тој е Христос, прекрасно, достоинствено суштество облечено во величество, со тивок глас и пригодни зборови, со слава која надминува се што очите на смртникот некогаш виделе. И тогаш неговите заведени, измамени следбеници победнички извикуваат: „Христос дојде по втор пат! Христос дојде! Тој ги подигна своите раце како што правеше додека беше на Земјата и не благослови!”..

Светите изненадено набљудуваат што се случува. Ќе бидат ли и тие измамени? Дали и тие ќе му се поклонат на сатаната? Божјите ангели се околу нив. Се слуша јасен, цврст, музикален глас, кој вели: „Подигнете го погледот!”

Само една цел стои пред очите на оние што се молат конечно и вечно спасение на нивните души. Таа цел е постојано пред нив вечниот живот им е ветен на оние што ќе издржат до крај. О, колку искрени и усрдни беа нивните желби! Судот и вечноста се на повидок.

Нивните очи во вера го набљудуваат блескавиот престол, пред кој треба да стојат светите, облечени во бело. И тоа им помогна да не попуштат пред гревот…

Уште еден напор, и сатаната се служи со своето последно средство. Тој ги слуша постојаните молитви Христос да дојде, Христос да ги спаси Своите свети. И негова последна измама е појавување во ликот на Исуса Христа и обид да ги наведе светите на помисла дека нивните молитви се конечно вослишени. (Мѕ 16)

По што се разликува имитацијата од оригиналот

На сатаната не му е дозволено да го имитира начинот на Христовото доаѓање. (GC стр. 625)

Сатаната… ќе се појави во ликот на Исуса Христа, правејќи големи чуда. Луѓето ќе паѓаат ничкум и ќе се поклонуваат пред тоа суштество како пред Исуса Христа. И ние ќе добиеме заповед да му се поклониме на тоа суштество кое целиот свет ќе го слави како Исус Христос. Што ќе сториме? Ќе им кажеме на сите дека Христос не предупредил за непријателот кој ќе се претставува како Бог, дека вистинскиот Христос, кога ќе се појави, ќе дојде во сила и голема слава, следен од десетици илјади и илјадници илјади Свои ангели и дека, кога ќе дојде, ќе Го препознаеме Неговиот глас. (6BC стр. 1106)

Сатаната се труди да ја искористи секоја предност… Преоблечен во ангел на светлината, ќе поминува низ светот како чудотворец. Со прекрасни зборови ќе опишува благородни чувства; Ќе изговара големи зборови и ќе прави големи дела. Ќе се претставува како Христос. Меѓутоа, ќе се гледа една голема разлика сатаната ќе ги одвраќа луѓето од Божјиот закон! Кога не би било тоа, тој толку совршено би ја имитирал праведноста што, кога тоа би било можно, би ги измамил и избраните. Крунисани глави, претседатели, властодршци на високи положби, ќе се поклонат пред неговите лажни теории. (FE стр. 471,472)

Ќе се случуваат чуда

Болни ќе оздравуваат пред нашите очи. Ќе се случуваат на повидок чуда пред нас. Дали сме подготвени за пробата што не очекува кога лажните чуда на сатаната целосно ќе се покажат? (1Т стр. 302)

Под влијание на злите духови луѓето ќе прават чуда. Тие прво ќе фрлаат клетви врз луѓето за да се разболат, а потоа ќе ги симнуваат клетвите, наведувајќи ги гледачите да мислат дека болните се излекувани на чудесен начин. Сатаната веќе многу пати го направил тоа. (2SM стр. 53)

Наскоро ќе се појават чудесни сцени, со кои сатаната ќе биде тесно поврзан. Божјата Реч објавува дека сатаната ќе прави чуда. Тој ќе предизвика луѓето да се разболат, а потоа одеднаш ќе ги ослободува од својата сатанска сила. Луѓето ќе мислат дека се излекувале. … (2ЅМ стр. 53)

Сатаната може, со својата измамничка сила, да прави дела кои изгледаат како вистински чуда. Тој очекувал дека на тој начин ќе ги искуша Израелците во времето на нивното избавување од Египет. (2SM стр. 52)

Оган од небото

Ние не смееме да се потпреме врз тврдењата на луѓето. Тие можеби ќе тврдат, као што Христос објаснил, дека на чудесен начин можат да лекуваат луѓе. Зарем би требале да се чудиме на тоа, кога знаеме дека зад нив стои големиот измамник, чудотворецот кој ќе направи и оган да падне од небото пред очите на луѓето? (2ЅМ стр. 49)

Токму измамничките ѓаволски чуда ќе го заробат светот; Ѓаволот ќе направи и оган да паѓа од небото пред очите на луѓето. Тој ќе прави чуда, и таа чудесна чудотворна сила ќе го обземе целиот свет. (2ЅМ стр. 51)

Сатаната ќе се обиде да ги измами, ако биде можно, и самите избрани. Тој ќе тврди дека е Христос, ќе се појави претставувајќи се како голем здравствен мисионер. Тој ќе направи и оган да паѓа од небото пред очите на луѓето, докажувајќи со тоа дека е Бог. (MM стр. 87, 88)

Божјата Реч објавува дека непријателот ќе работи преку луѓето кои заталкале од верата и кои, навидум, ќе бидат во состојба да прават чуда, дури да постигнат и оган да паѓа од небото пред очите на луѓето. (2ЅМ стр. 54)

„И правеше големи чуда, така што и оган симнуваше од небото на земјата пред луѓето. Тој ги заведуваше жителите на земјата со чудата што му беа дадени да ги прави пред Ѕверот, велејќи им на жителите на земјата, да направат лик на Ѕверот, кој имаше рана од меч и остана жив.“ (Откровение 13,13.14) Тука не се проречени обични измами. Луѓето ќе бидат измамени со вистински чуда, кои сатанските орудија навистина ќе можат да ги прават, а не со оние кои само ќе се преправаат дека ги прават. (GC стр. 553)

Сатаната ќе биде обожуван како Бог

Во тоа време Антихристот ќе се појави како вистински Христос и Божјиот закон ќе биде потполно отфрлен помеѓу народите на нашиот свет. Бунтот против Божјиот свет закон ќе го достигне својот врв. Меѓутоа, вистинскиот водач на севкупниот бунт ќе биде сатаната, преоблечен во ангел на светлината. Луѓето ќе бидат измамени, ќе го подигнат на Божјото место и ќе го обожуваат како Бог. Меѓутоа, Семожниот ќе се вмеша и над тие отпаднати цркви ќе биде изречена пресудата: „Затоа во еден ден ќе дојдат нејзините зла: помор, тага и глад; и ќе биде изгорена со оган; зашто е силен Господ, Кој ја суди;“ (Откровение 18,8) (ТМ стр. 62)

Како што се приближува второто доаѓање на нашиот Господ Исус Христос, така и сатанските сили избиваат на површина. Сатаната нема да се појавува само како човечко суштество, туку и како Исус Христос; Светот кој ја отфрлил вистината ќе го прифати како Господар над господарите и како Цар над царевите. (5ВС стр. 1105, 1106)

Чудата не докажуваат ништо

Излезете пред Господа, молете се за божествено просветлување, така што ќе можете со сигурност да знаете што е вистина, и во мигот кога ќе се појави чудотворна сила која прави исклучителни чуда да бидете во состојба да ја согледате разликата помеѓу вистинските Божји дела и лажните дела на силите на темнината.

Христос работел така што ја проповедал Речта и ги олеснувал страдањата на луѓето со чудесни дела на излекување. Меѓутоа, мене ми е кажано дека ние сега не можеме да работиме на тој начин, затоа што и сатаната ќе ја покажува својата сила правејќи чуда. Божјите слуги денес нема да работат правејќи чуда, затоа што ќе се случуваат и лажни дела на излекување, кои ќе бидат прогласувани за божествени. (2ЅМ стр. 54)

Божјиот народ нема повеќе да ја бара својата сигурност во чудата, зашто сатаната ќе може да ги имитира чудата што ќе се случуваат. (9Т стр. 16)

Чудата нема да бидат померодавни од Библијата

Ако оние што лекуваат, потпирајќи се врз тие излекувања, се склони да се изговараат за тоа што го занемаруваат Божјиот закон или што продолжуваат да бидат непослушни, без оглед на тоа колкава сила имаат, не можеме да сметаме дека таа доаѓа од Бога. Наспроти тоа, можеме да бидеме сигурни дека во прашање е чудотворната сила на големиот измамник. (2ЅМ стр. 50, 51)

Чудесните појави никогаш не можат да бидат померодавни од Библијата. Вистината мора да се проучува, таа мора да се бара како сокриено богатство. Прекрасните просветлувања никогаш нема да бидат дадени независно од Библијата или за да ја заменат Библијата. Држете се за Речта, примајте ја изделканата Реч која ќе ве направи мудри за спасение! (2ЅМ стр. 48)

Наскоро ќе дојде на ред последната голема измама. Антихристот пред наши очи ќе прави чудесни дела. Имитацијата ќе биде толку слична на оригиналот што никој нема да може да ја препознае, освен со помош на Светото Писмо. Со сведоштвото на Писмото ќе мора да се проверува секоја изјава и секое чудо. (GC стр. 593)

Измамата ќе биде речиси сеопшта

Денес се бараат сериозни, вредни мажи и жени, кои ќе се трудат околу спасението на ближните, зашто сатаната како моќен војсководач излегол на бојното поле, настојувајќи овие последни, останати мигови да ги искористи со сите расположиви средства да ги затвори сите премини преку кои Бог би сакал да му упати на Својот народ зраци на светлина. Тој го прибира целиот свет во своите редови и ќе му се спротивстават единствено ретки поединци кои им останале верни на Божјите барања. Тој ќе се обиде да ги совлада дури и нив. (3SM стр. 389)

Според итрите планови на сатаната, ќе се појавуваат сеништа на мртвите и мнозина ќе се поврзат со оној кој ја сака лагата и прави лага. Ги предупредувам нашите верници дека токму некои помеѓу нас ќе се одвратат од верата и ќе ги послушаат лажливите духови и науките ѓаволски и дека поради нив ќе зборуваат лошо за вистината.

Ќе биде направено чудесно дело. Проповедници, правници, доктори, кои дозволиле тие лаги да завладеат со нивниот ум и расудување, и самите ќе станат измамници, обединувајќи се со измамените. Духовното пијанство потполно ќе ги обземе. (UL стр. 317)

Сподели го ова:

Слични објави