12 Христовото доаѓање

Сподели го ова:

Седмо зло и посебно воскресение

Настанува страшен земјотрес, „каков никогаш не бил, откако се луѓето на Земјата; таков земјотрес, толку силен“ (Откровение 16,17.18). Се чини дека небото се отвора и повторно се затвора, како славата од Божјиот престол да заблескала за миг. Планините се тресат како трска на ветерот, а остри камења се тркалаат на сите страни… Целата Земја се подига и спушта како бранови во морето. Нејзината површина пука. Како и самите нејзини темели да попуштаат. Планински вериги потонуваат. Населени острови исчезнуваат. Морските пристаништа, слични на Содом по својата расипаност, стануваат плен на разјарената водена стихија… Големи камења за градба, секое „како глава“, го извршуваат своето разурнувачко дело (Откровение 16,19.21)…

Гробови се отвораат и „мнозина од оние кои спијат во правот земски: стануваат едни за вечен живот, а други за вечен срам и прекор“ (Даниел 12,2). Сите кои умреле со вера во веста на третиот ангел излегуваат од своите гробови преобразени да го слушнат Божјиот завет на мир со оние кои го држеле Неговиот закон. „И оние што Го прободоа“ (Откровение 1,7), оние што се подбивале на Христовите предсмртни маки, што Го исмевале, и најогорчените противници на Неговата вистина и Неговиот народ, стануваат да Го видат во целата Негова слава, да ја видат честа што им се укажува на верните и послушните. (GC стр. 636,637)

Бог го објавува времето на Христовото доаѓање

Темни, тешки облаци надоаѓаа и меѓусебно се судираа. Атмосферата се отвораше и повторно се затвораше. И тогаш низ отворениот простор можевме да го видиме Орион, од каде доаѓаше Божјиот глас. (EW стр. 41)

Наскоро го слушнавме Божјиот глас како глас на многу води, кој ни го објави денот и часот на Христовото доаѓање. Живите свети, 144 000 на број, го препознаа и разбраа гласот, додека безбожните мислеа дека тоа бил гром или земјотрес. (EW стр. 15)

Објавувајќи го денот и часот на Исусовото доаѓање и вечниот завет со Својот народ, Господ изговори една реченица, а потоа застана, додека зборовите одекнуваа низ Земјата. Божјиот Израел стоеше, со очите вперени кон небото, ги слушаше зборовите кои доаѓаа од Господовите усни и одекнуваа по Земјата како удари на најсилен гром. Мигот беше мошне свечен. На крајот на секоја реченица, светите извикуваа: „Слава! Алилуја!“ Нивните лица беа осветлени од славата Божја и блескаа како лицето на Мојсеј кога се вратил од Синај. Безбожните не можеа да ги гледаат поради таа слава. И кога вечниот благослов беше изречен над оние кои Го почитувале Бога празнувајќи го Неговиот ден за одмор, се слушна силен извик на победа над ѕверот и неговата икона. (EW стр. 285,286)

Немам ни најмалку сознанија за денот и часот кои ги најави Божјиот глас. Слушнав кога беше најавен часот, но воопшто не се сеќавам на објавеното време по видението. Сликите, така возбудливи и сериозни што ниту еден јазик не може точно да ги опише, се нижеа пред моите очи. Сето тоа за мене беше жива стварност, бидејќи веднаш потоа се појави и голем бел облак на кој седеше Синот Човечки. (1SM стр. 76)

Ужасот на загубените

Кога Земјата ќе се ниша како пијан човек, кога небото ќе трепери, кога ќе дојде големиот ден Господов, кој ќе може да опстане? Со страв и ужас, треперејќи со целото тело, тие гледаат нешто од што најмногу би сакале да избегаат, но не можат. „Ене, иде на облаците и ќе Го види секое око!“ (Откровение 1,7) Загубените и упатуваат вџашени повици на глувата природа нивниот бог; гори и карпи „паднете врз нас, и сокријте не од лицето на Оној Кој седи на престолот!“ (Откровение 6,16) (TMK стр. 356)

Кога Божјиот глас ќе го ослободи од ропство Неговиот народ, дури тогаш оние кои во големата борба на животот загубиле се потполно ќе се освестат… Се што печалеле во текот на целиот живот пропаднало во еден миг. Богатите плачат зашто се уништени нивните прекрасни палати, зашто е расеано нивното злато и сребро… Безбожните се полни со жалење, не затоа што грешеле запоставувајќи Го Бога и своите ближни, туку затоа што Бог победил. Тие плачат затоа што исходот е таков каков што е, но не се кајат поради својата расипаност. (GC стр. 654)

Исус доаѓа во сила и слава

Наскоро на исток се појавува мал црн облак, двојно помал од човечка тупаница. Тој облак Го опкружува Спасителот и оддалеку изгледа како да е обвиткан со темнина. Божјиот народ знае дека тоа е доаѓањето на Синот Човечки. Во свечена тишина сите набљудуваат како Тој приоѓа се поблиску до Земјата, станувајќи се посветол и пославен, се додека не се претвори во голем бел облак, во чија основа е слава слична на оган што голта, а над него виножитото на заветот. Исус доаѓа како моќен победник…

Пеејќи небесни химни, светите ангели непрегледно, неброено мноштво, Го следат на Неговиот пат. Небесниот свод изгледа како да е полн со блескави суштества „десет илјади по десет илјади, и илјада илјади“. Ниедно човечко перо не е во состојба да ја опише таа глетка, ниеден смртен ум не е во состојба да го сфати нејзиниот сјај…

Царот над царевите се спушта на облак, облечен во огнен пламен. Небото се свиткува како книга, Земјата трепери пред Него и секоја планина и секој остров се помрднуваат од своето место. (GC стр. 640-642)

Реакцијата на оние што Го прободоа

Оние што имале најистакната улога во Христовото отфрлање и распнување сега излегуваат да Го видат како што е“; и оние што Го отфрлиле Христа стануваат и ги гледаат светите прославени; Токму во тој миг светите се преобразуваат во еден миг, одеднаш, и се креваат во пресрет на својот Господ на облаците. Истите оние што му ставиле скерлетен плашт врз плеќите и трнлива круна на главата и оние што ги заковале клиновите во Неговите раце и нозе, Го гледаат и плачат. (9MR стр. 252)

Се сеќаваат како ја презирале Неговата љубов и ја злоупотребувале Неговата милост. Размислуваат за тоа како Варава, убиец и разбојник, бил избран наместо Него, како Исус бил крунисан со трње, камшикуван и распнат, како во миговите на Неговата агонија на крстот свештениците и властодршците Го исмевале, велејќи: „Нека слезе сега од крстот и ќе Му поверуваме! Другите ги спаси, а Самиот Себе не може да се спаси!“ (Матеј 27,42) Сите навреди и пакости, упатени на Христа, сите страдања, нанесени на Неговите ученици, ќе бидат исто толку јасни во нивното сеќавање како и тогаш кога тие сатански дела биле направени. Гласот што толку често го слушале додека ги повикувал и убедувал, сега повторно ќе одекнува во нивните уши. Секој звук на нежно повикување и сега ќе одѕвонува во нивните уши исто така јасно како и во времето кога Спасителот зборувал во синагогите и на улиците. Тогаш и оние „што Го прободоа“ ќе ги повикуваат карпите и камењата да паднат врз нив да ги сокријат од лицето на Оној Кој седи на престолот и од гневот на Јагнето. (Letter 131)

Ти што спиеш разбуди се и стани!

Облаците почнаа да се повлекуваат; Слично на книжен свиток кој се свиткува се покажа блескавиот, јасен знак на Синот Човечки. Божјите деца знаеја што значи тој знак. Се слушнаа звуци на музика и додека облакот се приближуваше, гробовите се отвораа и мртвите стануваа. (9MR стр. 251,252)

„Не чудете се на тоа, зашто доаѓа час во кој сите, кои се во гробовите, ќе го чујат Неговиот глас и ќе излезат од нив, кои правеле добро, ќе воскреснат за живот; а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување.“ (Јован 5,28.29) Тој глас наскоро ќе одекне низ сите држави на смртта и секој свет, кој почива во Исуса, ќе стане и ќе ја напушти својата темница. (Мѕ стр. 137)

Скапоцените мртви од Адам па се до последниот посветен човек што ќе умре, ќе го слушнат гласот на Божјиот Син и ќе излезат од гробот во бесмртен живот. (DA стр. 606)

Среде тресењето на земјата, блесокот на молњите и трескотот на громовите, гласот на Синот Божји ги повикува заспаните праведници. Тој ги гледа гробовите на светите и потоа, подигнувајќи ги рацете кон небото, извикува: „Разбудете се, разбудете се вие што спиете во правот и станете!“ По целата дожина и широчина на Земјата мртвите ќе го слушнат овој глас и оние што ќе го слушнат ќе оживеат. И целата Земја ќе одекнува од чекорите на бескрајната војска од секој народ и секое племе, колено и јазик. Тие излегуваат од темнината на смртта, облечени во славата на бесмртноста и извикуваат: „Смрт, каде ти е осилото? Гробу, каде ти е победата?“ (1. Коринтјаните 15,55) И живите праведници и воскреснатите свети ги соединуваат своите гласови во долг, радосен, победнички восклик. (GC стр. 644)

Од пештери, јами и темници

Во планинските утврдувања, во пештерите и во јамите на земјата, Спасителот ја открива Својата присутност и Својата слава.

Уште малку, мошне малку, и ќе дојде Оној што треба да дојде; Тој нема да се колеба. Неговите очи како огнен пламен продираат во цврсто затворените зандани, ги изведуваат сокриените свети, бидејќи нивните имиња се запишани во книгата на Јагнето. Очите на Спасителот се над нас, околу нас, ја забележуваат секоја тешкотија, ја забележуваат секоја опасност и нема место каде Неговите очи не можат да допрат, нема жалост и страдање на Неговиот народ кои Христовото сочувство не може да ги ублажи…

Божјото дете прво ќе биде обземено со страв кога ќе Го здогледа величеството на Исуса Христа. Ќе помисли дека не може да живее во Неговата света присутност. Но, како и на Јован, ќе му биде упатена пораката: „Не плаши се!“ Исус ја ставил Својата десница врз Јован и го подигнал од земјата на која лежел. Тој ќе го стори тоа и со оние кои Му се верни и кои Му веруваат. (TMK стр. 360,261)

Наследниците Божји дојдоа од поткровја, од колиби, од зандани, од клади, од пустини, од пештери во земјата, од морските длабочини. (GC стр. 650)

Од океанските длабочини, рудници и планини

Кога Христос ќе дојде да ги собере оние што Му биле верни, ќе одекне последната труба и ќе се слушне по целата Земја, од врвовите на највисоките планини до најниските засолништа во најдлабоките рудници. Умрените праведни ќе го слушнат гласот на последната труба и ќе излезат од своите гробови да се облечат во бесмртност и сретнат со својот Господ. (7BC стр. 909)

Со задоволство размислувам за воскресението на праведниците кои ќе дојдат од сите краишта на светот, од планинските пештери, од зандани, од јами во земјата, од морските длабочини. Никој нема да биде заборавен. Сите ќе го слушнат неговиот глас. Ќе излезат победнички, торжествено. (Letter 113)

Какви сцени ќе се одигруваат на овие планини и брегови (во Швајцарија) кога Исус, Давателот на животот, ќе ги повика мртвите да станат! Тие ќе излезат од пештери, од зандани, од длабоките врутоци во кои лежеле нивните тела. (Letter 97)

Безбожниците ќе бидат убиени

Во дивиот судир на распалени страсти и во страшното излевање на Божјиот непомешан гнев паѓаат безбожните жители на Земјата свештеници, властодршци и народ, богати и сиромаси, угледни и презрени. „Во оној ден ќе бидат истепани од Господа од едниот крај на светот до другиот. По нив никој не ќе тажи, ниту некој ќе ги собере и погребе; ќе останат како гној по земјата.“ (Еремија 25,33)

При Христовото доаѓање безбожните ќе бидат истребени од лицето на целата Земја запалени од здивот на Неговата уста и уништени од сјајот на Неговото доаѓање. Христос го води Својот народ во Божјиот град и Земјата останува без нејзините жители. (GC стр. 657)

За гревот, каде и да се најде, „Бог наш е оган што гори“. Во сите што ќе се покорат на Неговата сила, Божјиот Дух ќе го изгори гревот. Но, ако луѓето цврсто се држат за гревот, тие ќе се поистоветат со него. Тогаш Божјата слава која го уништува гревот, мора да ги уништи и нив. (DA стр. 107)

Славата на Неговата појава која за праведниците е живот, за злите ќе биде оган што гори. (DA стр. 600)

Уништувањето на безбожните е дело на милост

Зарем оние чии срца се исполнети со омраза кон Бога, кон вистината и светоста, би можеле да им се придружат на небесните жители и заедно со нив да пеат песни на благодарност? Зарем би можеле да ја поднесат славата на Бога и на Јагнето? Не, не; Години на времето на милоста им беа ставени на располагање да изградат карактер за Небото; Но тие никогаш не се потрудиле да ја засакаат непорочноста; Никогаш не го научиле јазикот на Небото, а сега веќе станало премногу доцна. Животот исполнет со бунт против Бога ги направил неплодни за Небото. Тие не би можеле да ги поднесат чистотата, светоста и мирот на Небото; Божјата слава би им била како оган што изгорува. Би копнееле да избегаат од тоа свето место. Одвај би чекале уништување за да можат да се сокријат од лицето на Оној Кој умрел за да ги откупи. Судбината на безбожните е запечатена со нивна одлука. Нивното исклучување од Небото е доброволно, што се однесува до нив, а праведно и сомилосно, што се однесува до Бога. (GC 542,543)

Одиме дома!

Живите праведници се преобразени „одеднаш, во еден миг“. Тие се прославени на Божјиот глас; Сега станале бесмртни и заедно со воскреснатите свети земени на облаците „во пресрет на Господа на небото“. Ангелите ги собираат Неговите избрани „од четирите ветра, од крајот до крајот на небото”. Ангелите ги носат малите деца во прегратките на мајките. Пријателите кои смртта толку долго ги разделила сега се соединети за веќе никогаш да не се разделат и со радосни песни заедно се качуваат кон Божјиот град. (GC стр. 745)

Сите заедно влеговме во облак и седум дена се качувавме кон стакленото море. (EW стр. 16)

И додека колата се искачуваше кон Небото, тркалата пееа: „Свет!” И крилјата, додека се движеа: „Свет!” И колоната свети ангели околу облакот: „Свет, свет, свет е Господ Бог Седржителот!” И светите на облакот извикуваа: „Слава! Алилуја!” (EW стр. 35)

О, колку ќе биде славно кога ќе Го видиме Исус и кога ќе бидеме дочекани како Негови откупеници! Веќе долго чекаме, но нашата надеж не смее да ослабне! Кога само би можеле да Го видиме Царот во сета Негова убавина, би биле засекогаш благословени. Ми се чини дека морам гласно да воскликнам: „Одиме дома!” (8Т стр. 253)

Ангелите пеат дека Христос победил

Во тој ден откупените ќе одблеснуваат со славата на Отецот и Синот. Ангелите, удирајќи во своите златни

харфи, ќе Го поздрават Царот и трофеите на Неговата победа оние кои се испрани и избелени во крвта на Јагнето. Песната на победата ќе одекнува, исполнувајќи го целото Небо. Христос победи. Тој влегува во небесните дворови, следен од откупените, кои сведочат дека Неговата мисија на страдања и жртва не била залудна. (9Т стр. 285,286)

Со неискажана љубов Исус ги поздравува Своите верни и ги повикува да влезат во радоста на нивниот Господ. Спасителот се радува што во Своето царство на слава ги гледа оние кои се спасени благодарение на Неговата агонија и Неговото понижување. (GC стр. 647)

Тогаш во успехот на Своето дело, Христос ќе ја прими наградата за Својот труд. Во тоа големо мноштво, кое никој не може да го изброи, кое е непорочно и радосно стои „пред Неговата слава“ (Јуда 24), Оној чија крв не откупила и чиј живот не поучувал, „заради страдањата на Својата душа ќе види светлина и ќе се насити“. (Исаија 53,11) (Ed стр. 309)

Светите добиваат круни и харфи

На стакленото море стоеја 144 000 формирајќи совршен четириаголник. Некои од нив имаа многу сјајни круни, додека круните на другите не беа толку сјајни. Некои круни беа полни со ѕвезди, додека на другите ги имаше само по неколку. Но, сите беа совршено задоволни со своите круни. (EW стр. 16,17)

Круните на животот ќе бидат повеќе или помалку сјајни, ќе блескаат со мноштво ѕвезди, или ќе имаат само по неколку скапоцени камчиња, во согласност со нашите дела. (6BC стр. 1105)

Сите круни на спасените на Небото ќе имаат барем по една ѕвезда. Ако влезете во Небото, тоа ќе значи дека барем една душа се нашла во дворовите на славата благодарение на вашето посредување. (ЅТ 06.06.1892)

Пред влегувањето во Божјиот Град, Спасителот на Своите следбеници им дели обележја на победата и им ги дава знаците на нивното царско достоинство. Блескавите редови се поставени во вид на четириаголник околу својот Цар… На главите на победниците Самиот Исус со Својата десна рака става круни на славата… Во сите раце се победнички палми и сјајни харфи. И тогаш, на знак на ангелот заповедник, секоја рака со умешни потези удира во жиците, измамувајќи прекрасни звуци, богати и мелодични акорди… Пред четите откупени стои светиот град. Исус широко ги отвора бисерните врати и народот кој ја одржал верата почнува да влегува. (GC стр. 645,646)

Сподели го ова:

Similar Posts