8 ГЛАВА

Сподели го ова:

Тогаш го продолжиле патот кон Гората Милина која припаѓаше на Господарот на гората за кој зборувавме. Се качија на врвот минувајќи низ градини, овоштарници и лозја. Насекаде се гледаа извори. Се напија, се измија а потоа се најадоа од грозјето. На врвот на гората пастирите ги пасеа своите стада. Стоеја покрај самиот пат. Патниците им пристапија и потпирајќи се на своите стапови (како што прават вообичаено уморните патници кога разговараат со некој по патот) ги запрашаа дали тоа е гората Милина и чии се овците што ги пасат.

–           Ова се ридовите во земјата на Емануиел рекоа пастирите и од нив може да се види Неговиот град. Овците се негова сопственост, бидејќи Тој го положил својот живот за нив.

–           Дали овој пат води во небесниот град?

–           Вие сте на добар пат одговорија пастирите.

–           Уште колку има одовде?

–           Предалеку е, освен за оние кои навистина сакаат да стигнат таму рекоа пастирите.

–           Дали понатамошниот пат е опасен се распрашуваше Христијанинот.

–           Тој е сигурен за оние за кои треба да биде сигурен, додека престапниците ќе паднат на него (Осија 14:9).

–           Дали е можно уморните патници малку да се одморат на ова место запраша Христијанинот.

–           Господарот на овие ридови ни заповеда да не ја заборавиме гостопримливоста (Евреите 13:2). Значи, се што ви треба, ви стои на располагање.

Потоа во сонот видов дека пастирите на патниците им поставија разни прашања. Сакаа да знаат од каде се? Како дошле на патот? Како издржале на него итн.?

–           Многу малку се луѓето кои тргнуваат на овој пат а уште помалку кои стигнуваат до овие гори, рекоа пастирите. Но, бидејќи ги слушнаа нивните одговори, тие убаво ги примија со зборовите:

–           Добре дојдовте на Гората милина.

Пастирите со имиња: Знаење, Искуство, Внимателко и Искрен ги фатија за рака и ги поведоа во своите колиби и ги нагостија со се што имаа.

–           Останете малку подолго со нас за да се запознаеме подобро и уживајте во убавините на Гората Милина.

Патниците одговорија дека им е мило што сакаат да останат. Потоа отидоа на спиење, бидејќи веќе беше многу доцна.

Наутро пастирите ги повикаа Христијанинот и Надољуб да прошетаат со нив по горите. Сите излегоа во прошетка и се восхитуваа на погледот што се простирал пред од местото на кое дојдоа. Тогаш пастирите рекоа меѓу себе:

–           Ајде да им покажеме некои чуда!

Така ги одведоа најпрвин на брдото Заблуда кое од другата страна беше многу стрмно. Им рекоа да погледнат надолу. Христијанинот и Надољуб погледнаа и видоа неколку смачкани тела што паднале од врвот.

–           Што значи тоа запраша Христијанинот.

–           Зар не сте слушнале за оние кои згрешиле слушајќи ги советите на Именеј и Филит дека воскресението на телата веќе се случило? (2. Тимотеј 2:17, 18)

–           Сме слушнале му одговорија.

–           Тоа се луѓето кои се смачкани под брдото. Останале незакопани до денешен ден за да бидат пример на другите кои се качуваат на ова место и се навалуваат над бездната.

Потоа видов како ги одведоа на врвот на едно друго брдо кое се викаше Внимателно. Им рекоа да погледнат во далечината. Оттаму видоа некои луѓе како се шетаат меѓу гробовите. Бидејќи постојано се сопнуваа и никако не можеа да излезат од гробиштата, дојдоа до заклучок дека се слепи. Тогаш Христијанинот ги запраша:

–           Што значи ова?

–           Дали гледате дека долу од левата страна на патот има ограда која го одвојува од ливадата?

Тие одговорија дека ја гледаат, но пастирите продолжија:

–           Од таа ограда води една патека до тврдината Сомнителка каде што владее Џинот Очајник. Овие луѓе што ги гледате меѓу гробовите, некогаш патувале како и вие, се додека не стигнале до оградата. Бидејќи патот бил нерамен, решиле да тргнат по ливадата каде што ги фатил Џинот Очајник и ги затворил во тврдината Сомнителка.

Таму ги држел во темница, додека на крајот не им ги извадил очите и ги одвел на гробиштата каде што до денешен ден талкаат за да се исполни мудрата изрека: „Човек кој скршнал од патот на разумот, ќе се насели во собранието на мртвите“ (Изреки 21:16)

Христијанинот и Надољуб се погледнаа а очите им се наполниле со солзи, но не им рекоа ништо на пастирите.

Потоа во сонот видов дека пастирите ги одведоа на друго место, во една долина каде што се наоѓаше една врата на ридот. Ја отворија вратата и им рекоа да погледнат. Внатре беше мрачно и полно со чад. Им се причини дека слушаат горење на оган и викање кое доаѓа од мачениците што ги задушувал сулфурниот мирис. Тогаш Христијанинот запрашал.

–           Што значи ова?

–           Ова е влезот во пеколот во кој влегуваат лицемерите, како оние кои како Исав го продале своето првородство или пак го продале својот Господар како Јуда, или кои хулат на евангелието како Александар или кои лажат и се преправаат како Ананија и Сафира, одговорија пастирите.

–           Гледам дека секој од нив носел знаци дека се патници како нас, зар не забележа Надољуб.

–           Точно рекоа пастирите.

–           До каде стасаа пред да бидат фатени?

–           Некои подалеку а некои ниту до овие гори. Потоа патниците рекоа еден на друг:

–           Би требало да копнееме кон Силниот за сила.

–           Секако, ќе ви треба рекоа пастирите. Потоа патниците посакаа да го продолжат патот а пастирите се

согласија, така што заедно тргнаа кон крајот на планините. Пастирите си рекоа еден на друг:

Ајде да им ја покажеме вратата на Небесниот град, доколку можат да ја видат низ нашиот двоглед.

Тогаш ги одведоа на ридот кој се викаше Јасно и таму им го дадоа двогледот. Овие се обидоа да го употребат, но поради тоа што им го покажаа пастирите претходно, рацете се уште им трепереа, така што не можеа мирно да го држат двогледот. Но сепак успешно фатиле еден поглед на нешто што личело на врата и нешто од славата на тоа место. Тогаш продолжија пеејќи:

Пастирите ни открија тајни,

Што за другите беа сокриени,

Дојдете кај пастирите доколку сакате да видите Нешта длабоки, нешта скриени и тајни.

Кога се подготвија за понатамошниот пат, еден од пастирите им даде упатства да не заталкаат. Другиот им рече да внимаваат на Ласкавецот. Третиот им рече да не спијат во Маѓепсаната земја. Четвртиот им посака среќен пат и Божји благослов. Тогаш се разбудив од сонот.

Сподели го ова:

Слични објави