9 ГЛАВА

Сподели го ова:

Повторно заспав и сонив сон во кој ги видов двајцата патници како слегуваат низ планината кон градот. Во подножјето на овие гори, малку полево се наоѓа земјата Вообразена. Од таа земја води една тесна и крива патека до патот по кој одеа патниците. Таму сретнаа едно пргаво момче кое доаѓаше од оваа земја. Се викаше Незнајко. Христијанинот го праша од каде е и каде оди.

–           Се родив во земјата која се наоѓа малку лево, а одам во Небесниот град рече Незнајко.

–           Но, како мислиш да влезеш низ вратата? Ќе наидеш на потешкотии запраша Христијанинот.

–           Ќе влезам како сите други.

–           Но што имаш да покажеш при портата за таа да ти биде отворена реќе Христијанинот.

–           Јас ја познавам волјата на мојот Господар и добро сум живеел. На секој човек му го плаќам она што е негово. Јас се молам, постам, давам десеток и дарови и ја напуштив мојата земја за онаа кон која одам рече Незнајко.

–           Но, не влезе на тесната врата на почетокот на патот, забележа Христијанинот. Ти си влегол низ една крива па-

тека и затоа се плашам, без разлика на високото мислење кое го имаш за себе, на денот на судот ќе бидеш обвинет како крадец и разбојник, наместо да бидеш примен во Небесниот град.

–           Господа рече Незнајко јас воопшто не ве познавам. Вие држете се до религијата на вашата земја, а јас ќе ја следам религијата на мојата. Се надевам дека се ќе биде во ред. Што се однесува до вратата која ја споменувате, цел свет знае дека таа е многу далеку одовде. Колку што ми е познато, никој во нашите краишта не го знае патот до неа ниту, пак, се грижи за тоа, бидејќи како што гледате постои убава и зелена патека која води од нашиот град до овој пат.

Кога Христијанинот виде дека човекот мисли за себе дека е мудар, му прошепоти на Надољуб:

–           Поголема надеж има за безумниот отколку за него! (Изреки 26:12) и „По каков и да било пат да оди глупавиот, кај него секогаш недостига разум, и пред секого тој ќе се покажува дека е неразумен“ (Проповедник 10:3). Дали се уште да разговараме за него или да го оставиме да размислува за она што досега го слушнал, а потоа да почекаме и да видиме дали може малку по малку да му направиме некое добро?

Тогаш Надољуб рече:

Нека Незнајкото сега размислува малку,

За она што го рече и нека не одбие,

Добар совет да прифати, за да не остане,

Во незнаење за она што е најголема добивка.,

Бог реце дека оние кои немаат разбирање,

И покрај тоа што Тој ги создаде, нив нема да ги спаси.

–           Ми се чини дека не е е добро се да му кажеме одеднаш продолжи Надољуб.

–           Да одиме малку понапред, па малку подоцна, ако сака да слуша, ќе му кажеме.

Отпадникот од градот Отпад

Тие двајца тргнаа напред, додека Незнајко заостануваше. Набрзо влегоа во една многу мрачна клисура во која сретнаа човек кој беше врзан со седум јажиња од седум ѓаволи кој го носеа назад до вратата која ја видоа на падините на гората (Матеј 12:14; Изреки 5:22). Добриот Христијанин почна да трепери, а исто така и неговиот сопатник Надољуб. Кога ѓаволите го одведоа, Христијанинот се сврте да види дали го познава овој човек. Си помисли дека е еден Одметник од градот Отпад. Но, не можеше добро да му го види лицето, бидејќи ја беше наведнал главата како крадец кога ќе биде фатен на дело. Но, кога помина, Надољуб го погледна одзади и видел како на грбот му пишува: „Лажлив проповедник и проклет отпадник.”

Случајот на Маловерникот

Тогаш Христијанинот му рекол на својот другар:

Сега се сеќавам на она што ми го раскажаа за еден добар човек од овие краишта. Се викаше Маловерник, беше многу добар и живееше во градот Искрен. Вака се одвиваа работите:

На влезот на овој пат има една патека која слегува од Широката врата која се наречува Мртовечки пат. Така се вика поради убиствата кои многу често се случуваат на тоа место. Кога Маловерникот тргнал на пат како нас, седнал на тоа место и заспал. Токму во тоа време се случило од тоа место да поминуваат три закоравени крадци кои доаѓале од Широката врата. Тоа биле браќа со имиња Малодушен, Потсмевач и Кривичко. Го здогледале Маловерникот како лежи и побрзале кај него. Тој штотуку се разбудил од сон и се подготвувал да продолжи, кога овие го стигнале и со страшни закани му наредиле да застане. Маловерникот пребледел како крпа и не можел ниту да се брани, ниту да бега. Тогаш Малодушниот рекол:

–           Дај ни ја кесата, но овој не брзал премногу да му ја предаде (му било жал за парите). Потсмевачот брзо дотрчал, му ја завлекол раката во џебот и извлекол кеса со сребро. Тога човекот извикал: „Крадци! Крадци!“ но Кривичко го удри во глава со едно железо кое го држал во раката и го срушил на земја целиот во крв. Се чинело дека ќе умре поради губиток на крв. Крадците го гледале одредено време, но кога слушнале дека некој доаѓа, плашејќи тоа да не е Милосрдник до градот Надевање, побегнале колку што ги држеле нозете, оставајќи го самиот да се снаоѓа. Малку потоа Маловерник се освести, стана и се обиде да продолжи понатаму. Тоа се случувало во оваа приказна.

–           Дали му зеле се што имал праша Надољуб.

–           Не, не успеале да откријат каде ги крие своите скапоцености рече Христијанинот. Но, рекоа дека многу жали за она што го изгубил, бидејќи крадците му ги зеле скоро сите пари кои ги имал за трошење. Но, како што реков, не му ги зеле драгоценостите, и малку пари кои не му биле доволни за патот. Ако не се лажам, морал да

проси по патот за да има од што да живее, бидејќи скапоценостите не сакал да ги продаде. Но иако се обидел и работел се што можел, поголемиот дел од патот одел со празен стомак (1. Петрово 4:18).

–           Нели е чудно што не му го зеле сведоштвото со кое се влегува низ небесната врата рече Надољуб.

–           Чудно е! Не го зеле, но не поради неговата итрина. Бидејќи, кога го пронашле, толку се исплашил што немал сила ниту време нешто да сокрие. Тоа било поради Божјето провидение а не поради неговите сопствени напори (2. Тимотеј 1:4; Тит 1:9).

–           Сигурно многу се утешувал што не му ги зеле скапоценостите рече Надољуб.

–           Кога би ги користел како што треба, можел да најде утеха во нив рече Христијанинот. Но оние кои му го раскажале ова, велат дека не ги користел премногу во продолжение на патот, поради тоа што му било жал за изгубените пари. Говорејќи ја вистината, тој целосно заборавил на нив. Кога помислувал на нив, малку се утешувал, но веднаш би се сетил на своите губитоци и црните мисли целосно би го совладале.

–           Сиромашкиот човек, рече Надољуб не е чудно што толку се ожалостил.

–           Да, тоа била голема жалост се согласи Христијанинот. Зар и ние не би се ожалостиле така кога би поминале како него, односно кога би биле ограбени и ранети во непознато место! Чудно е што не умрел од жалост. Ми рекоа дека по целиот пат жалосно и горко ја оплакувал својата судбина. На сите кои го стигнувале на патот им раскажувал дека бил ограбен од лоши луѓе, губитоците

кои ги поднел, раните кои ги добил и како едвај извлекол жива глава.

–           Кога веќе дошол во ваква ситуација зошто не се сетил да продаде нешто од своите скапоцености или пак да ги даде во залог, за да има со што да ги купи работите што му биле потребни на патот.

–           Што велиш извика Христијанинот. Како можел да ги продаде или да ги даде во залог? Во целиот крај каде што бил ограбен, овие скапоцености немале никаква вредност, ниту можел на тоа место да пронајде олеснување кое му било потребно. Покрај тоа, добро знаел дека ако дојде до вратата на Небесниот град без своите скапоцености, би бил исфрлен од него, а тоа било многу полошо отколку да бил ограбен од илјадници крадци.

–           Брате мој, зошто си толку лут рече Надољуб. Исав го продал своето првенство и тоа за една чинија леќа (Евреите 12:16), а тоа првенство му било најголема драгоценост. Ако тој можел да го стори тоа, тогаш зошто не би го направил Маловерникот?

–           Вистина, Исав го продал своето првенство како и многу други кои работат и ги губат најголемите благослови како тој неранимајко. Но, би требало да правиш разлика меѓу Исав, Маловерникот и нивниот имот. Првенството на Исав било симболично, но не и скапоценостите на Маловерникот. Стомакот бил бог за Исав, но не и на Маловерникот. Маната на Исав била во неговите телесни желби. Исав сакал само да ги задоволи своите телесни желби. „Еве, јас умирам, па што ќе ми е тоа првородство?“ (1. Мојсеева 25:32) Но, Маловерникот иако имал само малку вера, сепак со својата вера се чувал од претераноста и повеќе ги ценел своите скапоцености од Исав кој го

продал своето првенство. Никаде не пишува дека Исав имал барем малку вера. Затоа не треба да не чуди што на местото каде што преовладува телото (односно каде што не постои вера да му се спротивстави) првенството и душата му се продаваат на ѓаволот. Таквите луѓе се како магарето кое кога ќе му влезе нешто во глава не може да се одврати од таа мисла (Еремија 2:24). Кога ќе им попуштат на страстите тие не сакаат да слушаат за други работи. Но, маловерникот бил поинаков, тој ги барал небесните работи. Мислел на духовното и она што се наоѓа горе на небото. Тогаш, зошто ваков човек би ги продал своите скапоцености (кога би имало некој да ги купи) за да го наполни својот ум со празни работи? Дали човекот може да даде еден грош за да го наполни стомакот со сено? Кој ќе го натера гулапчето да се храни со мрша како гавранот? Оние кои немаат вера заради телесните желби можат да продадат или да дадат во залог се што имаат. Може да се дадат и самите себе. Но, оние кои имаат вера која спасува, макар била мала, тоа не може да го сторат. Значи, брате мој, тука се наоѓа твојата грешка.

–           Признавам рече Надољуб. Но, твоето строго судење скоро ме налути.

–           Зошто? Само те споредив со некои брзи птици кои трчаат лево-десно по непристапните патеки со лушпа врз нивните глави. Но, да го оставиме тоа и да погледнеме на она што го започнавме. Така ќе може повторно да се согласиме.

–           Христијанине, ми се чини дека овие тројца биле кукавици, инаку не би побегнале кога слушнале дека некој доаѓа. Зошто Маловерникот не се охрабрил малку повеќе? Можел барем да се брани кога бил во неволја па дури потоа да се предаде.

–           Многумина за нив рекле дека се кукавици, но малку од нив зборуваат така кога неволјата доаѓа рече Христијанинот. Што се однесува до храброста, Маловерникот воопшто не ја поседувал. Кога тебе би те нападнале, верувам дека и ти малку би се бранел, односно веднаш би избегал. Така се чувствуваш кога си далеку. Кога би ти пристапиле како што му пристапиле нему, тогаш поинаку би мислел. Немој да заборавиш дека тие се платени крадци кои му служат на царот на бездната кој рика како лав и може да им помогне во секоја ситуација (1. Петрово 5:8). И јас се борев со ваквите како Маловерникот. Беше навистина страшно. Сите тројца навалија на мене и кога почнав да се бранам како Христијанинот тие едноставно повикаа и нивниот господар веднаш им пристапи во помош. Мојот живот не би вредел скршена пара кога не би бил милостивиот Бог да ми даде заштитинички оклоп. И покрај тоа што бев толку опремен, тешко можев да се одбранам. Никој не знае што не чека во таа борба, ако самиот не помине низ неа.

–           Добро, но гледам дека побегнале штом дошол Милосрдникот.

–           Вистината ја кажуваш. Кога тој ќе се појави тогаш бегаат заедно со нивниот газда рече Христијанинот. Воопшто не ме чуди, бидејќи тој е царев војвода. Но барем признаваш дека меѓу Маловерникот и Царевиот војвода постои разлика. Сите цареви поданици не се војводи, ниту, пак, можат да прават такви јуначки дела. Дали со право може да мислиме дека малото дете може да го победи Голијат како Давид што го направил тоа? Или малото царче ја има силата на еден вол? Некои се силни, некои се слаби. Овој бил од послабите и затоа попуштил.

–           Штета што Милосрдникот не дојде порано!

–           Да, навистина, тој би имал полни раце работа. Морам да кажам дека, и покрај тоа што Милосрдникот добро знае да ракува со оружјето и може добро да помине со мечот во раката, тешко би се спротивстваил кога еден од нив тројца би го соборил на земја. Знаеш, кога човекот ќе падне, тој не може долго да издржи.

Кој ќе го погледне Милосрдникот в лице, ќе забележи рани и лузни кои го потврдуваат тоа што го зборувам. Еднаш слушнав како еден човек рече (додека се бореше со некого): „Не сум повеќе сигурен за својот живот“ (2. Коринќаните 1.8). Дали се сеќаваш на лошите луѓе кои го довеле Давид да вика, тагува и воздивнува? Еман и Езекил, иако во свое време биле јунаци, морале добро да се напрегнат кога тројцата ги нападнале, па и покрај тоа добро ги намачиле. И Петар во една пригода сакал да покаже што може, но и покрај тоа што некои велат дека бил прв меѓу апостолите, со него постапувале на тој начин што на крајот се исплашил од една слугинка.

Нивниот цар е на дослушок на нивната свирка, и ако дојде до збрка, тој секогаш ќе им помогне. За него се пишува: „Кој меч ќе се допре до него, не издржува; не издржува ни копје, ни кратко копје, ни стрела. Железото за него е како слама, бакарот како гнило дрво. Удар од стрела нема да го подгони; камењата од праќата во плева се претвораат за него. Боздоганот за него е како сламка; над пиштењето од копјето тој се смее.“ (Јов 41:26-29). Што може човекот да направи? Кога човекот би го имал коњот на Јов но и неговата вештина и храброст за јавање, тој би правел чудесни дела. Тој не се плаши како скакулецот: „Треперењето на нострите негови е ужас. Ја рови со нога земјата и и се восхитува на силата своја; оди спроти орузје. Се смее на опасноста и не се плаши и не се отстранува од меч. Торба со стрели звечка на грбот негов, болскаат копјето и топусот; од немир и јарост голта земја и не може да стои при трубен. Штом Ќе засвири трубата, тој вришти и оддалеку ја претчуствува битката, громкиот глас на војводите и викот“ (Јов 39:20-25).

Но, ваквите пешаци како нас подобро никогаш да не се сретнале со непријателот. Кога ќе слушнеме како другите ги фатиле, би било подобро да не се фалиме дека ние подобро би поминале. Не треба да се гордееме мислејќи на својата храброст, бидејќи фалбаџиите најлошо поминуваат. Не треба да се воздигнуваме мислејќи на својата храброст, бидејќи таквите најлошо поминуваат. Петар нека ти послужи како пример. Тој многу се фалел дека ќе биде подобар од другите и никогаш нема да го предаде Господа, но кога овие крадци го нападнале, тој жалосно се одрекол.

Значи, кога ќе слушнеме дека на Царскиот пат се случуваат вакви разбојништва, би требало да направиме две работи:

1)         Да го земеме оклопот и секогаш да го носиме штитот, бидејќи оној кој се борел со Левијатан не можел да го победи затоа што немал штит (Исаија 27:1). Ако немаме штит, тој воопшто нема да се плаши. Добро ни е речено: „А над се, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете сите вжештени стрели на лукавиот“ (Ефесјаните 6:16).

2)         Треба од царот да бараме заштита или уште подобро самиот Тој да оди со нас. Поради тоа Давид се радувал кога минувал низ Долината на Смртната

Сенка (Псалм 23:4). И Мојсеј попрво сакал да умре отколку еден чекор понатаму да помине без Бога (Излез 33:15). Драги брате, ако Тој оди со нас, зар треба да се плашиме од десетиците илјади непријатели кои стануваат против нас? (Псалм 3:7) Но, без него горделивите паѓаат меѓу убиените.(14) (Исаија 10:4)

Што се однесува до мене, веќе бев во оваа борба и со Божјата милост останав жив. Но, како што гледаш, не можам да се фалам со својата мажевност. Би сакал да не наидувам на вакви потешкотии, но се плашам дека не сме одвоени од ваквите опасности. Бидејќи лавот и мечката се уште не ме изеле, се надевам дека Бог ќе не избави од следниот необрезан Филистинец.

Тогаш Христијанинот запеа:

Сирот Маловерник, зар во раце на крадци падна,

Дали беше ограбен? Имајте го на ум ова

Кој верува и придобива повеќе вера, ќе биде победник

Над десет илјади; или инаку одвај над тројца.

Фатени во мрежата на Ласкавецот

Додека Незнајко ги следеше, тие го продолжија својот пат. Потоа дојдоа до едно место каде што патот се раздвојуваше. Патот кој се делеше изгледаше прав како нивниот. Не знаеше по кој пат да појдат, бидејќи двата им изгледаа прави. Затоа застанаа да размислат. Додека размислуваа за тоа намина еден човек со црна кожа облечен во светла облека. Се приближи и ги праша зашто стојат тука. Му одговорија дека одат во Небесниот град, но дека се двоумат по кој пат да тргнат.

–           Појдете по мене рече човекот бидејќи и јас одам таму. Така тргнаа по патот кој се одвојуваше и кој свртуваше подалеку од градот во кој одеа. Поради тоа тргнаа во сосема спротивен правец. Но, се уште одеа по него. Наскоро видоа дека тој ги води во мрежа во која толку се заплеткаа, што не знаеја што да прават. Тогаш на црниот човек му падна белата облека. Кога видоа што им се случува, почнаа да плачат. Беспомошно лежеа не можејќи да се извлечат. Тогаш Христијанинот му рече на својот сопатник:

–           Сега гледам дека згрешив! Зар пастирите не ни рекоа да се пазиме од ласкавеци. Добро ни рече мудрецот: „Човек кој му ласка на пријателот, поставува стапица за нозете негови“ (Изреки 29:5).

–           Ни дадоа опис на патот за да може посигурно да одиме, дополни Надољуб, но ете, заборавивме да читаме и не успеавме да го избегнеме безбожничкиот пат. Давид бил помудар од нас кога рекол: „За делата на другите; поради зборовите на устата Твоја јас го одбегнував патот на насилниците“ (Псалм 17:4).

Лежејќи во мрежата и плачејќи, здогледаа човек со сјајно лице како им се приближува со камшик во рацете. Кога целосно се доближи, ги праша од каде се и што прават. Му рекоа дека се бедни патници кои одат на Сион и дека ги завел еден црн човек во бела облека, откако им рекол да го следат. Тогаш човекот со камшикот рекол:

–           Тоа е Ласкавецот, лажниот апостол кој се претворил во ангел на светлината (Изреки 29:5; Даниел 11:32; 2. Коринтјаните 11:13,14). Потоа ја искина мрежата и ги ослободи со зборовите:

–           Одете по мене и ќе ве изведам на правиот пат. Ги поведе назад на патот по кој тргнаа со Ласкавецот. Тогаш ги запраша:

–           Каде спиевте синоќа?

–           Кај пастирот на гората Милина.

–           Дали пастирите ви дадоа некакви упатства?

–           Да!

–           Дали застанавте да ги прочитате?

–           Не!

–           Зошто?

–           Заборавивме му рекоа. Потоа ги запраша дали пастирите им рекле да внимаваат на Ласкавецот. А тие му одговорија:

–           Да, но не се сетивме дека овој фин господин може да биде Ласкавецот (Римјаните 16:18).

Тогаш во сонот видов дека им заповеда да легнат, потоа добро ги камшикува со својот камшик за да ги научи да се држат до вистинскиот пат (5. Мојсеева 25.2), а додека ги казнуваше им велеше:

–           „Оние што Јас ги сакам, нив ги карам и воспитувам. И така, биди искрен и покај се“ (Откровение 3:19; 2. Дневникот 6:26,27). Тогаш им рече да продолжат и добро да внимаваат на останатите совети на пастирите. Тие му заблагодарија и тргнаа понатаму пеејќи:

Дојдете, вие кои цекорите по патот,

За да видите како си поминуваат патниците кои заталкуваат,

Тие се фатени во заплеткувачка мрежа,

Бидејќи добриот совет лесно го заборавија.

Нависшина, шие беа спасени, но еше сепак Гледаш Тие се казнеШи добро и нека Шоа биде Швое предупредување.

Безбожниот Атеист

По некое време во далечината здогледаа човек кој им одеше во пресрет. Потоа Христијанинот му рече на својот другар:

–           Гледај доаѓа човек од правец на Сион како ни се приближува!

–           Го гледам, рече Надољуб но внимавај и тој да не биде како Ласкавецот!

Овој брзо им се приближи. Се викаше Атеист и кога им се доближи ги праша каде одат.

–           Одиме на гората Сион, рече Христијанинот, на што Атеистот слатко се изнасмеа.

–           Зошто толку се смееш?

–           Затоа што сте толку луди што без никаква причина сте тргнале по еден толку тежок пат.

–           Што! Зар нема да не примат се изненади Христијанинот.

–           Ма што зборувате! На овој свет воопшто не постои местото за кое толку сонувате!

–           Да, но постои на другиот свет рече Христијанинот.

–           Додека бев дома во мојата земја, јас ги слушав истите разговори па тргнав да видам и еве веќе дваесет години го барам тој град, но никако да го најдам рече Атеистот (Еремија 17:15; Проповедник 10:15).

–           Христијанинот: Ни двајцата сме слушнале и веруваме дека постои такво место.

–           Атеистот: Доколку кога бев дома и јас не поверував немаше до овдека да барам, но откако не најдов (И сепак требаше да го најдам затоа што јас отидов подалеку од вас на патот) сега се враќам назад и ќе настојувам да се освежам себеси со нештата кои ги отфрлив со надез за она кое сега не го гледам.

Тогаш Христијанинот му рече на својот другар Надољуб:

–           Дали е вистина тоа што го зборува овој човек?

–           Внимавај, тој е сличен на Ласкавецот рече Надољуб. Сети се колку скапо го плативме советот на еден таков човек. Како би можело да ја нема гората Сион кога ја видовме нејзината врата од Гората Милина? Покрај тоа, зар не треба да одиме со вера. Да појдеме напред додека не не пристигнал Оној со камшикот (2. Коринќаните 5:7). Би требало да ми го кажеш она што јас ќе ти го кажам: „Немој, синко, да слушаш совети што те отстрануваат од зборовите на разумни“ (Изреки 19:27). Ти велам брате, престани да го слушаш него и да веруваме за спасение на душата.

–           Брате, јас не ти поставив прашање затоа што се сомневам, туку да ја испробам твојата вера и да наберам плод од чесноста на твоето срце рече Христијанинот. А, што се однесува до овој човек, знам дека тој е заслепен од богот на овој свет. Туку ајде со сигурност да тргнеме напред, знаејќИ дека веруваме на вистината и дека ниедна лага не доаѓа од вистината. (1. Јованово 2:21).

–           Сега се радувам во надежта на Божјата слава. (Римјаните 5:2) рече Надољуб, а потоа го оставија човекот кој смеејќи се го продложи својот пат.

Патот низ Маѓепсаната земја

Видов дека дојдоа во една земја каде што воздухот го опиваше оној кој не беше навикнат на него. Надољуб го фати голема дремка, па му рече на Христијанинот:

–           Толку ми се спие што едвај можам да гледам. Ајде да прилегнеме и малку да задремеме.

–           Никако извика Христијанинот зашто ако заспиеме може и никогаш повеќе да не се разбудиме.

–           Зошто запраша Надољуб. На уморните луѓе добро им доаѓа сонот. Ќе ни биде многу полесно ако дремнеме малку.

–           Зар не се сеќаваш дека еден од пастирите ни рече да внимаваме на маѓепсаната земја? Сакаше да каже да внимаваме да не заспиеме. „И така, да не спиеме како и другите, туку да бидеме будни и трезни“ (1. Солунјаните 5:6).

–           Признавам дека згрешив. Кога би бил сам, сигурно би дошол во искушение да заспијам со смртен сон рече Надољуб. Гледам дека Мудрецот многу добро рече: „Подобро им е на двајца отколку на еден“ (Проповедник 4:9). Досега твоето друштво претставуваше Божја милост за мене и ти ќе ја примиш добрата награда за твојот труд.

–           За да не ни се приспие повторно, ајде да разговараме за нешто корисно рече Христијанинот.

–           Со цело срце!

–           Каде да започнеме?

–           Таму каде што Бог започна со нас рече Надољуб но можеш ти прв да почнеш. Дали ќе сакаш?

–           Христијанинот: Најпрвин ќе ти отпеам една песна:

Кога на светиите им се спие, нека дојдат тука

И слушнат како овие двајца патници зборуваат заедно

Нека научат од нив на било кој начин

Така да ги држат своите успиени очи отворени.

Доброто заедништво на светиите

Ги држи будни и тоа без оглед на пеколот.

Потоа Христијанинот почна да зборува:

–           Најпрвин ќе ти поставам едно прашање. Како се сети да тргнеш по овој пат?

–           Мислиш како најпрвин сум се сетил да барам спасение за мојата душа?

–           Да, токму тоа го мислам рече Христијанинот.

–           Долго уживав во она што гледав дека се продава на саемот. Работи за кои сега мислам дека би ме упропастиле кога би продолжил да уживам во нив.

–           Какви се тие работи?

–           Цело богатство на овој свет. Уживав во кавгите, скитањето, пијанчењето, пцуењето, лажењето, нечистотијата, кршењето на саботата и уште многу други работи кои ми ја уништуваа душата. Но, размислувајќи за божествените работи кои ги слушнав од тебе и милиот Верко кој загина за својата вера и добриот живот на саемот Суетник, открив дека крајот на сите работи е смртта (Римјаните 6:21) И заради тие нешта Божјиот гнев доаѓа на непокорните синови. (Ефесјаните 5:6).

–           Дали бргу после тоа дојде до убедување за овие работи праша Христијанинот.

–           Се уште не бев подготвен да го признаам злото на гревот и осудата која го следи. Кога Речта почна да влијае на моите мисли, се обидував да ги затворам очите пред тоа светло.

–           Но, зошто така се однесуваше кон првичното дејствување на Божјиот благословен Дух?

–           Причините беа следни: 1) Не знаев дека тоа е Божје дело кое се одвива во мене. Не занев дека Бог го започнува обратувањето на грешникот со тоа што во него буди чувство за гревот. 2) Гревот се уште ми беше сладок и ми беше жал да го оставам. 3) не знаев како да се одвојам од моето старо друштво. Нивното присуство ми беше мило исто како и нивните дела. 4) Часовите кога бев свесен за сопствените гревови ми беа многу неподносливи и тешки. Имав мака во срцето и едвај ја поднесував. Сеќавањето на нив ми беше многу гадно.

–           Значи, понекогаш се ослободуваше од тие неволји запраша Христијанинот.

–           Да, но кога повторно се сеќавав на нив, ми беше уште полошо од порано.

–           Што те потсетуваше на твојот грев?

–           Повеќе работи рече Надољуб како, на пример:

1)         Кога би сретнал добар човек на улица,

2)         Кога би слушнал дека се чита Библијата,

3)         Кога почнуваше да ме боли глава,

4)         Кога некој ќе ми речеше дека некој од моите соседи е болен,

5)         Кога би слушнал ѕвона на нечиј погреб,

6)         Кога би слушнал дека некој изненадно умрел,

7)         Кога помислував дека ќе умрам,

8)         Но најмногу кога би се сетил дека наскоро ќе мора да излезам на суд.

–           Дали можеше лесно да се ослободиш од чувството на вина кое те измачуваше?

–           Не рече Надољуб затоа што тие работи многу влијаеја на мојата совест и кога би помислил да се вратам во гревот (иако одлучив да бидам против него) двојно повеќе се мачев.

–           Што правеше во тие моменти?

–           Мислев дека треба да го поправам својот живот, бидејќи бев сигурен дека сигурно ќе пропаднам.

–           Дали се обидуваше да се поправиш?

–           Да, и бегав не само од гревот, туку и од старото друштво рече Надољуб. Се занимавав со побожни работи како што се молитвата, читањето на Светото писмо, оплакувањето на гревот и објавувањето на вистината на моите соседи. Тоа го работев, но и многу други работи на кои не се сеќавам.

–           Дали поради тоа подобро се чувствуваше запраша Христијанинот.

–           Едно време, да, но и покрај желбата да се поправам, ми се вратија сите мои неволји.

–           Како, кога си го поправил твојот живот?

–           Имаше повеќе работи кои придонесоа рече Надољуб. Особено кога слушнав дека пишува: „Сета наша праведност е како извалкана облека“ (Исаија 64:6) и „човекот не се оправдува со делата на законот“ (Галатите 2:16), потоа „Ние сме слуги бесполезни, зашто го извршивме она што бевме должни да го извршиме’“ (Лука

17:10) и уште многу такви зборови. Тогаш почнав вака да размислувам: Ако цела моја праведност е како нечиста облека и ако човекот не се оправдува со делата на законот, сепак, кога се ќе направи како некорисниот слуга, тогаш е неразумно да се обидува да стигне на небото преку законот. Помислив и на следното: Ако човекот му долгува на трговецот сто фунти, а после го плаќа сето она што ќе го купи, сепак во книгите на трговецот постои стариот долг за кој може да го тужи и ако не плати да го фрли во затвор.

–           Како го примени тоа на себе запраша Христијанинот.

–           Вака размислував: Јас со своите гревови многу се бев задолжил. Сето тоа е запишано во Божјите книги. Никакво мое поправање нема да го отплати овој долг. Затоа во моите обиди требаше да се прашам: Како да се ослободам од вината која ја навлеков на себе поради моите претходни престапи?

–           Добро зборуваш рече Христијанинот само продолжи!

–           Второ, она што ме вознемируваше откако почнав да се поправам беше тоа што гледав дека гревот постојано се меша со моите најдобри напори. Така дојдов до заклучок дека и покрај сите мои претходни дела, сторив доволно гревови кој би ме пратиле во пекол, макар порано живеел и без мана.

–           Тогаш, што направи?

–           Направив? Не знаев што да правам се додека не се посоветував со Верко, бидејќи со него бевме добри познаници. Тој ми рече доколку немам праведност на човек

кој никогаш не погрешил, ниту мојата ниту правдата на целиот свет не може да ме спаси.

–           Дали тоа ти звучеше како вистина?

–           Кога би ми зборувал така кога бев задоволен со моите обиди да се поправам, би му рекол дека е будала. Но, сега кога ја гледам сопствената немоќ и гревот кој ги следи моите најдобри напори, присилен сум да се сложам со него.

–           Но, што мислеше, кога ти рече дека постои Човек за кој со право може да се каже дека никогаш не направил грев?

–           Морам да признаам дека во почетокот звучеше многу чудно, но разговарајќи со него бев потполно убеден во тоа рече Надољуб.

–           Дали праша кој е тој Човек и како можеш преку Него да се оправдаш?

–           Прашав и тој ми рече дека тоа е Господ Исус Христос кој седи од десната страна на семоќниот (Евреите 10:12). Мораш, рече тој, преку него да се оправдаш и да имаш доверба во сето она што Тој го направил во она време кога бил во телото и страдал кога висел на дрвото. Го прашав како може Неговата праведност да биде делотворна и другите да ги оправда пред Бога. Тој ми рече дека Исус е моќен Бог. Тој го направил тоа. Умрел со страшна смрт не за Себе туку за тебе и Неговата достојност ми се засметува доколку верувам во Него.

–           Тогаш, што направи праша Христијанинот.

–           Изнесов докази зошто не верувам дека Тој сака да ме спаси.

–           Што ти одговори Верко на тоа?

–           Ми рече да одам кај Него. Јас му одговорив дека тоа би изгледало како наметнување. А тој рече: „Не е, затоа што си повикан“ (Матеј 11:28). За да ме охрабри слободно да пристапам, ми даде една книга за Исус и Неговите учења . Ми рече дека секој збор во неа е поцврста од небото и земјата (Матеј 5:18). Тогаш го прашав: „Што да правам кога ќе дојдам кај него?“ Тој ми рече на колена да се молам со цело срце и цела душа за да ми го открие Таткото (Псалм 95:6; Еремија 29:12; Даниел 6:10). Тогаш го прашав како да му се молам. Тој ми рече: „Оди и ќе видиш како седи на престолот на благодатта каде постојано им простува на оние кои доаѓаат кај него“ (Излез 25:22; Евреите 4:16). Му реков дека не знам што да му кажам кога ќе дојдам кај него. Тој ме упати да кажам нешто во оваа смисла:

“Боже, смилувај се на мене грешникот (Лука 18:13) и направи да го познаам иу верувам во Исуса Христа, бидејќи гледам дека без Неговата праведност би бил целосно отфрлен. Господе, слушнав дека си милостив Бог и дека си одредил твојот Син Исус Христос да биде Спасител на светот, но и покрај тоа си подготвен да му го подариш на грешникот како мене (навистина сум грешник). Господе, искористи ја оваа можност и прослави ја твојата милост преку спасенито на мојата душа преку твојот Син, Исус Христос. Амин!”

–           Дали тогаш постапи според неговите упатства?

–           Да, и тоа неколку пати.

–           Дали Таткото ти го откри Синот?

–           Не првиот, вториот, третиот, четвртиот, петтиот, ниту шестиот пат.

–           Тогаш, што направи?

–           Што?! извика Надољуб. Повторно не знаев што да направам.

–           Дали помисли да престанеш да се молиш?

–           Стотици пати ми падна на памет рече Надољуб.

–           А зошто не се откажа?

–           Верував дека тоа што ми го рекоа е вистина, т.е. без Христовата праведност целиот свет не би можел да ме спаси и затоа помислив ако престанам дека ќе умрам. Но, тоа може да го направам единствено кај престолот на милоста. Тогаш се сетив на зборовите: „па, и ако се забави, чекај го, зашто ќе наиде и нема да забави“ (Авакум 2:3); така продолжив да се молам додека Таткото не ми го откри својот Син.

–           Како ти го откри испитуваше Христијанинот.

–           Не го видов со своите телесни очи туку со мојот разум (Ефесјаните 1:18). Вака се случи: Еднаш бев многу тажен. Никогаш во животот не сум бил потажен поради новото сознание за големината и одвратноста на мојот грев. Очекувајќи го пеколот и вечното проклетство на мојата душа, одеднаш ми се причини дека гледам како Господ Исус Христос гледа надолу кон мене и зборува: „Поверувај во Господа Исуса Христа и ќе бидеш спасен“ (Дела 16:30, 31).

–           Но, јас одговорив: „Господе, јас сум многу голем грешник“. А Тој ми рече: „Доволна ти е мојата благодат“ (2. Коринќаните 12:9). Тогаш го прашав: „Господе, што значи да веруваш?“ Тогаш веднаш се сетив на зборовите: „кој доаѓа кај Мене, нема да огладне и кој верува во мене никогаш нема да ожедне“ (Јован 6:35). Согледав дека верувањето и доаѓањето е едно исто и дека оној кој доаѓа и со цело срце и душа го бара Христа, тој навистина верува во Него. Тогаш очите ми се наполнија со солзи и продолжив да се молам: „Господе, дали може голем грешник како мене да биде примен и спасен од Твоја страна?“ Го слушнав како одговара: „Кој доаѓа кај Мене, нема да го избркам надвор“ (Јован 6:37). Тогаш му реков: „Дали треба моето надевање да го положам врз Тебе?“ Тој ми рече: „Исус Христос дојде на светот за да ги спаси грешниците“ (1. Тимотеј 1:15). „Христос е Свршеток на законот, за оправдување на секој кој верува“ (Римјаните 10:4). Тој умре за нашите гревови и воскресна заради наше оправдување. „Тој не возљуби и изми од нашите гревови преку Својата крв“ (Откровение 1:5). Тој е посредник меѓу Бога и нас. Тој е секогаш жив за да посредува за нас. (Евреите 7:25). Од сето тоа заклучив дека морам да барам праведноста во Него и откупувањето од гревовите во неговата крв. Примајќи ја казната и со послушност кон Татковиот закон Тој го сторил тоа за оние кои сакаат со благодарност да го примат Неговото спасение. Тогаш срцето ми се наполни со радост, во очите имав солзи а во срцето љубов кон името и патиштата на Исуса Христа.

Тоа било вистинско откривение на Христа во твојот живот рече Христијанинот. Кажи ми те молам, како тоа влијаеше на твојот дух?

Видов дека целиот свет се наоѓа под осуда и покрај Неговата праведност рече Надољуб. Увидов дека Бог Таткото покрај тоа што е праведен може да ги оправда грешниците кои доаѓаат кај Него. Ми беше срам поради мојот дотогашен распуштен живот и бев збунет заради чуството на моето незнаење бидејќи никогаш порано не сум размислувал така во своето срце за убавината на Исуса Христа. Тоа направи да го засакам светиот живот и копнеев да направам нешто за чест и слава на Господ Исус. Ми се чинеше дека ако имав илјада литри крв во своето тело, целата би ја пролил за Господа Исуса.

Сподели го ова:

Слични објави