11 ГЛАВА

Сподели го ова:

Тогаш во сон видов дека патниците веќе ја поминаа маѓепсаната земја и влегоа во земјата Красна (Исаија 62:4), каде што воздухот беше многу сладок и пријатен. Бидејќи патот водеше преку неа, тие седнаа малку да се одморат. Тука постојано го слушаа пеењето на птиците и секој ден гледаа како цвеќето се појавуваше на земјата и го слушаа гласот на гугутката (Песна 2:12). Во оваа земја сонцето деноноќно светеше. Беше многу далеку од Долината на Смртната сенка и од дофат на Џинот Очајник, а ниту тврдината Сомнителка не можеше повеќе да се види. Но дофат на погледот беше градот кон кој патуваа. Тие исто така сретнаа некои од неговите жители. Во тој крај доаѓаа ангели, бидејќи се наоѓаше на границата на небото. Во таа земја се обновуваше заветот меѓу невестата и младоженецот. Како што младоженецот и се радувал на невестата така Бог нив им се радува (Исаија 62:5). Тука не им недостигаше жито и вино, бидејќи овде имаше се што им недостасуваше на патот (Исаија 62:8) Ги слушнаа гласните гласови како повикуваа од небото: „Кажете и на ќерката Сионова: твојот Спасител иде; наградата Негова е со Него, а отплатата Негова пред Него.“ Тука сите жители на таа земја ги нарекоа „свет народ, откупен од Господа”, „баран народ.“ (Исаија 62:11, 12).

Одејќи преку оваа земја се радуваа повеќе отколку на било кој друг предел низ којшто минаа дотогаш. А бидејќи се повеќе се приближуваа до градот, изгледаше се поубаво. Беше изграден од бисери и скапоцени камења, а улиците му беа поплочени со злато, така што Христијанинот, заради природниот сјај на градот и одблесоците на сончевата светлина, скоро се разболе од желбата да стигне на ова место. И Надољуб ги негуваше истите чувства. Затоа малку прилегнаа и повикаа од болка: „Ако го сретнете мојот возљубен, каже те му дека изнемоштувам од љубов“ (Песна 5:8).

Кога малку се одморија и можеа да ја поднесат сопствената состојба, тргнаа понатаму. Кога стигнаа поблизу, се најдоа меѓу овоштарници, лозја и прекрасни градини чии врати беа отворени кон патот. Така го сретнаа градинарот кого го прашаа:

–           Чии се овие убави градини и лозја? Тој им одговори:

–           Му припаѓаат на царот и се посадени заради Негово уживање и утеха на патниците (5. Мојсева 23:24). Потоа ги внесе во лозјето и ги послужи со овошје. Им ги покажа царските шеталишта и местата каде што Тој сакаше да седи. Тука останаа одредено време и заспаа.

Тогаш во сон видов дека многу повеќе зборуваат во сон отколку што беше случај во минатото за време на нивното патување. И бидејќи се зачудив, градинарот ме запраша:

–           Што се чудиш? Плодот на овие лозја прави да зборуваат усните на оние што спијат (Песна 7:9).

Тогаш видов дека се разбудија и се подготвуваа да влезат во градот. Но, како што реков, блесокот на сонцето беше толку силен (градот беше од чисто злато) што не можеа да го погледнат со голо око, туку преку некоја направа која беше специјално направена за тоа (2. Коринтјаните 3:18). Видов дека сретнаа двајца луѓе во облеки кои светеа како злато. И нивните лица исто така светеа. Ги запрашаа патниците од каде се, каде ноќевале и на какви тешкотии, опасности, утехи и задоволства наишле на патот. Тие се им раскажаа.

–           Ви остануваат уште две тешкотии и потоа ќе влезете во градот рекоа двајцата.

Тогаш Христијанинот и неговиот другар ги замолија да ги следат. Тие се согласија. Но рекоа мора да го стекнете градот преку сопствената вера. Потоа видов како сите заедно одеа додека не ги здогледаа градските порти. Тогаш забележав дека меѓу нив и портите се наоѓа река на која немаше никаков мост. Реката беше многу длабока. Кога ја видоа водата, патниците се вознемирија. Но, луѓето кои ги следеа им рекоа:

–           Мора да поминете, бидејќи не постои поинаков пат за да влезете низ портите. Тогаш патниците запрашаа дали постои некој друг приод до портите, на што двајцата им одговорија:

–           Постои, но само двајца Илија и Енох од настанувањето на светот одеа по нив и никој друг не може да го направи тоа се додека не се јави последната труба (1. Коринтјаните 15:52).

Тогаш патниците, особено Христијанинот, паднаа со духот и гледаа на сите страни, но не можеа да најдат пат по кој би ја заобиколиле реката. Тогаш запрашаа:

–           Дали водата е насекаде длабока?

–           Не! Колку ќе биде длабока зависи од вашата вера во Царот кој владее со градот.

Премин

Тогаш дојдоа до реката и загазија во неа. Но, Христијанинот почна да тоне и повика кон својот добар пријател Надољуб:

–           Тонам во длабока вода и брановите ме покриваат (Јона 2:4).

–           Охрабри се, брате! Го чувствувам дното под нозете и многу е добро возврати Неговиот пријател.

–           Но, брате, рече Христијанинот ме обзема смртна тага! Нема да ја видам земјата во која тече мед и млеко.

Голема темнина и страв го обзедоа Христијанинот, така што не можеше веќе да гледа пред себе. Во голема мера ги изгуби своите чувства, што не можеше да се сети ниту да зборува за слатките утехи што ги најде на своето патување. Сите зборови што ги изговараше укажуваа на тоа дека во неговиот ум и во неговата душа беше влегол страв дека ќе умре во реката и дека никогаш нема да влезе нив портите. Оние што го набљудуваа, видоа дека многу го измачуваат сеќавањата на гревовите што ги беше направил пред и за време на самото патување. Виделе дека го вознемируваат духовите, а тоа го потврдува со сопствените зборови. Надољуб имаше големи маки да му ја држи главата над водата. Понекогаш целосно се губеше под водата, а потоа полумртов повторно се јавуваше над неа. Надољуб се обидуваше да го утеши:

–           Брате, дали ги гледаш портите кои чекаат да те примат?

–           Тебе те чекаат, бидејќи ти си Надољуб откако те познавам одговори Христијанинот.

–           И ти беше таков му рече на Христијанинот.

–           Ох, брате кога би бил исправен, Тој сигурно би дошол да ми помогне; но поради моите гревови ме доведе во тешка опасност и тука ме остави.

–           Брате, си го заборавил стихот кој зборува за безбожниците: „Зашто не страдаат, нивните тела се цврсти и јадри. Немаат маки како другите, човечки неволји не ги засегаат“ (Псалм 73:4, 5). Тешкотиите и неволјите низ кои поминуваш во оваа вода не се знак дека Бог те оставил, туку служат како проба за да покажат дали ќе се сетиш на неговата добрина која досега си ја примил и живееш во Него во својата неволја.

Тогаш видов како Христијанинот малку се замисли. Надољуб му рече:

–           Охрабри се! Исус Христос те исцелува! На тоа Христијанинот извикна:

–           Сега повторно го гледам и Тој ми зборува: „Преку води ли ќе минуваш Јас сум со тебе; преку реки ли тие нема да те потопат“ (Исаија 43:2).

Тогаш двајцата се охрабрија, а непријателот се скамени додека не поминаа на другата страна. Христијанинот наскоро можеше да ја допре тврдата земја и согледа дека до другиот брег водата беше многу плитка. Така поминаа.

Патот до врвот

На другиот брег повторно здогледаа две сјајни суштества кои ги чекаа на тоа место. Кога излегоа од реката, тие ги поздравија со зборовите:

–           Ние сме служители, пратени да им служиме на оние кои ќе го наследат спасението (Евреите 1:4). Тогаш тргнаа кон портите.

Сега треба да знаете дека градот стоеше на една висока гора, но патниците многу лесно се качија на него бидејќи тие двајца ги држеа за раце. Својата смртна облека ја оставија во реката. Иако загазија во неа, тие излегоа без неа. Лесно и брзо се искачија, иако темелот на градот беше повисок од облаците. Оделе како по воздух, слатко разговарајќи во утехата што ја добија со поминување на реката и што се најдоа во едно прекрасно друштво. Нивниот разговор со светлите суштества главно се водеше за славата на ова место. Рекоа дека неговата убавина и слава се неизкажливи.

–           Сега пристапивте кон Сионската гора во градот на живиот Бог, во небесниот Ерусалим, исполнет со илјадници ангели, свечени поворни… и совршени праведници (Евреите 12:22-24). Сега влегувате во Божјиот рај каде што ќе го видите дрвото на животот и ќе јадете од плодовите кои никогаш не венеат. Кога ќе влезете, ќе ви дадат бели облеки и секој ден ќе одите и ќе разговарате со Царот низ целата вечност. Нема да ги видите работите кои сте ги гледале долу на земјата како што се тагата, болестите, неволјите и смртта, бидејќи старото помина (Откровение 22:5, Исаија 65:16, 17). Сега одите кај Аврам, Исак, Јаков и пророците луѓе кои Бог ги спаси од злото кое ќе дојде и почиваат на своите постели и одат во праведност. (Исаија 57:1, 2).

Тогаш патниците запрашаа:

–           Што ќе правиме кога ќе стигнеме на ова свето место. Тие одговорија:

–           Таму ќе примите утеха за својот труд и радост за сета ваша жалост. Ќе го пожнеете она што сте го посеале, односно плодот на вашите молитви, солзи и маки кои сте ги претрпеле на патот заради царот (Галатите 6:7). Таму ќе носите златни круни и постојано ќе уживате гледајќи на Светиот Бог, бидејќи ќе го видите онаков каков што е (Јован 3:2). Таму постојано ќе го почитувате, ќе му благодарите и ќе воскликнувате на Оној на кого сте му служеле на земјата, иако сте биле оптоварени со слабостите на своите тела. Очите и ушите ќе ви се радуваат поради убавиот глас на Семоќниот. Повторно ќе бидете со пријателите кои пред вас отишле од земјата и со радост ќе ги дочекате сите оние кои ве следеле. Таму ќе се облечете во слава и величие, во облека која е достојна за средба со Царот на славата. Кога ќе дојде на облаците со трубен глас, на крилјата на ветрот, вие ќе седите покрај него. И кога ќе им суди на сите кои прават беззаконие, на ангелите и луѓето, вие ќе имате право на глас во ова судска постапка, бидејќи тие биле Негови и ваши непријатели. А кога повторно ќе се врати во градот, вие ќе одите со Него со звукот на трубата и вечно ќе останете во Неговото присуство (Јуда 14; Даниел 7:9, 10; 1. Коринтјаните 6:2, 3; 1.Солунјаните 4:13-17)

Кога се приближија до портите, во пресрет им излезе целата небесна војска. Сјајните суштества им рекоа:

–           Тоа се оние кои го љубеа нашиот Господ додека живееја на светот и кои оставија се поради Неговото свето име. Ги прати да ги доведеме. До тука ги следевме на нивното патување за да може со радост да влезат и да го гледаат Искупителот лице в лице.

Тогаш небесната војска силно извика:

–           Блажени се оние кои се повикани на свадбената вечера на Јагнето (Откровение 19:9). Потоа излегоа да ги дочекаат Царевите трубачи облечени во бела и сјајна облека. Тие силно затрубиле и целото небо татнеше. Трубачите го поздравија Христијанинот и неговиот пријател со илјадници повици за добредојде кое беше проследено со воскликнување и звуци од трубите.

–           Потоа ги опкружија од сите страни, некои одеа напред, некои позади, некои од десната а некои од левата страна (како да ги чуваа во овие горни краишта). Додека одеа, постојано трубеа. На двајцата им се чинеше како целото небо да се симнало да ги пречека. Одејќи и трубејќи, со погледи и знаци покажуваа дека многу се радуваат. Бидејќи веќе беа меѓу ангелите, овие двајца се чуствуваа како да се на небото. Со уживање ги слушаа нивните милозвучни песни. Сега веќе можеа да го видат градот и им се чинеше дека сите ѕвона ѕвонат во знак на добредојде. Но најубави беа топлите и радосни мисли за тоа дека секогаш ќе престојуваат во ова друштво. Кој јазик и перо би можел да ја опише нивната радост?

Наскоро стигнаа до портата. На неа пишуваше со златни букви: „ Блажени се оние што ги исполнуваат Неговите заповеди, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите“ (Откровение 22:14)

Потоа во сонот видов дека сјајните суштества им рекоа да затропаат кај портата. Така и направија. Набрзо се појавија Енох, Мојсеј, Илија и другите на кои ангелите им рекоа:

–           Овие патници стигнуваат од градот Пропаст, од љубовта која ја негуваат кон царот на ова место. Потоа патниците ги дадоа своите сведоштва што ги примија на почетокот на патот. Тие му ги предадоа на Царот кој ги прочита и рече:

–           Каде се овие луѓе?

–           Чекаат пред портите му одговорија. Тогаш Царот заповеда да се отвори портата за „да влезе праведниот народ,“ рече Тој, „кој ја држи вистината.”

Влегување низ портите

Во сон видов како двајцата влегоа. Тогаш се преобразија и се облекоа во облеката која сјаеше како злато. Ги дочекаа со харфи кои им биле дадени за да може да го прославуваат Бога и им дадоа круна во знак на почест. Тогаш слушнав како сите ѕвона во градот повторно одекнуваат од радост. „Влезете во радоста на својот Господар“. А потоа ги слушнав патниците како почнаа да пеат со силен глас:

Благослов, чест и слава во сите векови на Оној кој седи на престолот и на Јагнето“ (Откровение 5:13).

Кога портите се отворија за да ги примат, погледнав внатре и видов дека градот сјаеше како сонце. Сите улици беа поплочени со злато. Многу луѓе со круни на главите, со палми и харфи во рацете го славеа Бога. Некои имаа крилја и постојано пееја едни на други: „Свет, свет, свет е Господ Бог Седржителот“ (Откровение 4:8). Потоа портите се затворија и, кога го видов тоа, посакав и јас да бидам со нив.

Крајот на Незнајко

Додека ја гледав оваа сцена, се свртев и погледнав назад гледајќи го Незнајко како пристапува до реката. Лесно

и без мака помина. Имено тука беше еден човек кој управуваше со фериброд по име Лажнанадеж. Тој го префрли со својот чамец. Сам се качи на гората до портата. Никој не излезе да го охрабри. Кога дојде до вратата, погледна што пишува над влезот и почна да тропа, мислејќи дека веднаш ќе биде примен. Но однатре го прашаа.

–           Кој си ти и што бараш?

–           Јадев и пиев во присуство на Царот, Тој поучуваше по нашите улици одговори Незнајко.

Тогаш му побараа сведоштво, но овој не можеше да го покаже.

–           Што, зар немаш сведоштво го прашаа однатре. Тој занеме. Тогаш му јавија на Царот, но Тој не сакаше да му излезе во пресрет, туку им заповеда на двете сјајни суштества кои ги следеа Христијанинот и Надољуб во градот, да излезат и да му ги врзат рацете и нозете. Тогаш го фатија и го одведоа низ воздухот до портата што ја видов на гората и го фрлија на тоа место. Така видов дека во пеколот може да дојде и од небесните порти, исто како и од градот Пропаст. Потоа се разбудив и видов дека сето тоа беше само сон.

Сподели го ова:

Слични објави