7 ГЛАВА

Сподели го ова:

Тогаш во сон видов дека Христијанинот не продоложи сам, бидејќи имаше еден човек кој се викаше Надољуб (така бил нарецен откако го гледал однесувањето на Христијанинот и Верко на саемот). Сега му се придружи, влезе во братски завет и му рече дека сака да биде негов придружник. Така еден загина сведочејќи за вистината, а друг стана од неговата пепел за да му прави друштво на Христијанинот на неговиот пат. Надољуб му рече на Христијанинот дека постојат уште многумина на саемот кои ќе појдат по нив по одредено време.

Средба со Грабништоможеш

Наскоро откако излегоа од градот Суетник престасаа еден човек кој се викаше Грабништоможеш. Го прашаа од каде е и каде оди. Им рече дека доаѓа од Краснозбор и оди во Небесниот град, но не им кажа како се вика.

–           Од Краснозбор! Дали таму има нешто добро? рече Христијанинот.

–           Веројатно има!

–           Како да те викаме рече Христијанинот.

–           Вие не ме познавате, ниту пак јас вас. Ако одите по овој пат, со задоволство би сакал да одиме заедно. Ако не сакате, ќе одам сам.

–           Слушнав за Краснозбор продолжи Христијанинот. Колку што се сеќавам велат дека е многу богат град.

–           Да, тоа можам да го потврдам. Таму имам многу богати роднини одговори Грабништоможеш.

–           Дали смеам да прашам кои се твоите роднини?

–           Скоро целиот град. Особено би го споменал грофот Вртикапа, грофот Подлизурковски, грофот Красноречивко (го добил името според неговите предци), господин Милзбор, господин Лице-кон-двата-пата, господин Сештовски и градскиот свештеник Двојазиковски кој ми е вујко. Јас спаѓам меѓу префинетите господа, иако мојот дедо бил бродар кој гледал само на една страна, а веслал на другата. Поголемиот дел од мојот имот го стекнав со истиот занает рече Грабништоможеш.

–           Дали си оженет праша Христијанинот.

–           Да, жената ми е многу вредна жена, ќерка на исто така многу вредна госпоѓа. Мајка и се викала Преправачка, што значи дека потекнува од многу угледно семејство. Така е од таков сорт што знае со секого да се постави; со селанецот селски, со господинот господски. Навистина малку се разликуваме по прашањето на религијата од другите кои се малку построги од нас, но тоа се само две мали ситници. Прво, никогаш не одиме спротивно на ветрот и никогаш не весламе спротивно на реката. Второ, многу сме ревни кога верата ќе се облече во сребро, и сакаме да одиме по неа кога при убаво време таа јавно се почитува.

Тогаш Христијанинот дојде кај својот другар Надољуб и му рече:

–           Ми се чини дека тоа е Грабништоможеш од Краснозбор. Ако навистина е така, тогаш имаме за сопатник еден од најлошите неранимајковци од овој крај.

–           Тогаш, прашај го како се вика. Веројатно не се срами од своето име рече Надољуб.

Христијанинот повторно му пристапи и го праша:

–           Ти зборуваш како да го знаеш повеќе од целиот свет. Ако не се лажам, би рекол дека си Грабништоможеш од Краснозбор.

–           Тоа не ми е име туку само прекар кој ми го дадоа оние што не ме поднесуваат. Морам да го носам како прекор, исто како што другите добри луѓе го носеле својот пред мене објасни Грабништоможеш.

–           Зар никогаш не си им дал на луѓето повод да те наречат со тоа име?

–           Никогаш, никогаш! Најлошото што го направив, а што им даде повод на другите, е што секогаш бев подготвен да се прилагодам на духот на времето во кое живеев. А она што го добив од тоа, мислам дека попрво беше благослов отколку прекор од расипаните луѓе кои така ме нарекуваа.

–           Така и мислев, и право да ти кажам, би рекол дека тоа име ти одговара повеќе отколку што би сакал да признаеш рече Христијанинот.

–           Што можам да направам кога вие така мислите, Грабништоможеш слегна со рамениците. Ако ме примите, ќе видите дека сум добро друштво.

–           Ако сакаш да одиш со нас ќе мораш да одиш низводно и спротивно на ветрот, иако ми се чини дека немаш

таков обичај. Верата мора да ја следиш и во моментите кога ќе се појави во партали како и во сребрени влешки. Да стоиш во неа кога тоа побарува окови како и кога е прифатена и аплаудирана низ улиците рече Христијанинот.

–           Не смеете да ми заповедате или да господарите над мојата вера реше Грабништоможеш. Оставете ми ја слободата, па ќе тргнам по вас.

–           Ни чекор понатаму, ако не го прифатиш она што ти го рековме строго рече Христијанинот.

–           Никогаш нема да ги оставам своите стари погледи, бидејќи се безопасни и корисни. Ако не можам со вас, ќе одам како порано и сам ако треба додека не најдам некој кој со задоволство ќе ми прави друштво.

Грабништоможеш има ново друштво

Тогаш видов како го оставија и продолжија да одат пред него. Еден од нив се сврте и здогледа тројца како одат по Грабништоможеш. Кога го стигнаа тој ниско им се поклони а тие го пофалија. Тие се викаа господин Држисветовски, господин Среброљуб и господин Циција кои беа негови бивши познаници. Како деца заедно оделе во училиштето кај господин Зграбувач, кој беше учител во Љубов кон Профит, мало село во покраината Посакувачка на север. Тој учител ги учел како да стекнуваат, преку или насилство, лаги, ласкање, измами или побожно преправање. Овие четворица многу научиле од својот учител, така што можеле и самите да отворат такво училиште. Кога се поздравиле господин Среброљуб го запраша Грабништоможеш:

–           Кои се тие луѓе кои одат пред нас на патот (Христијанинот и Надољуб се уште се гледале во далечината).

–           Тоа се луѓе од некоја далечна земја кои според својот обичај одат на поклоничко патување одговори Г рабниш томожеш.

–           Зошто не не почекаа да одиме заедно запраша Среброљуб па и ние одиме во истиот правец.

–           Така е се сложи Г рабништоможеш но тие луѓе се многу строги и се држат толку многу до своите мислења, без да водат сметка за мислењето на другите. Колку и да бидеш побожен ако не се согласиш со нивното мислење, тие воопшто нема да се дружат со таквиот.

–           Тоа не е добро, но читам дека има луѓе кои се претерано праведни и поради својата строгост освен себе ги осудуваат сите други луѓе додаде Циција Туку кажи ми те молам во што се состоеја разликите меѓу вас?

–           Тие се многу нетрпеливи и мислат дека треба да патуваат и по време и по невреме одговори Грабништоможеш. Јас бев за тоа да чекаме поволен ветар. Тие жртвуваат се за Бога, а јас ја користам секоја можност да си го обезбедам животот и имотот. Тие се држат до своите погледи без разлика што сите им се спротивставуваат. Јас сум за онаа вера која го дозволува моето време и сигурност. Тие се за вера која би се облекла дури и во партали и презир, додека јас посакувам вера која ќе биде облечена во злато и при дневно сонце се покажувва пред луѓето.

–           Држи се до твојата вера рече Држисветковски. Од моја страна го сметам за будала секој оној кој има слобода да задржи се што има, но тој во својата лудост го отфрлува тоа. Да бидеме мудри како змии. Тревата треба да се коси кога времето е убаво. Гледајте како пчелата се одмора цела зима и излегува само кога може лесно да работи во своја корист. Бог некогаш праќа дожд а понекогаш сонце. Ако тие се неразумни да одат по дожд, ние ќе се држиме до нашето убаво време. Што се однесува до мене, јас ја сакам таа религија во која за сигурност ги имаме Божјите добри благослови кон нас. Кој разумен човек би замислил дека Бог не би сакал ние да ги задржиме добрите работи кои Тој ни ги дал во овој живот. Ние треба да ги задржиме заради Него. Аврам и Соломон се збогатиле во религијата, а Јов вели дека добриот човек си акумулира злато на земјата (Јов 22:25). Но, не треба да бидеме како луѓето кои си заминаа, кои предмалку ги опиша.

–           Мислам дека сите се сложуваме во ова и нема што повеќе да дополниме рече Циција.

–           Да, навистина не треба ништо да додадеме, бидејќи кој не верува ни во Светото писмо и на здравиот разум (а како што гледате и едното и другото се на наша страна), тој не се грижи за својата слобода ниту ја бара својата сигурност рече Среброљуб.

–           Браќа, како што гледате, сите одиме по истиот пат и за да го избегнеме она што не чини, дозволете ми да ви поставам едно прашање рече Грабништоможеш. Да претпоставиме дека на човекот, проповедникот или трговецот ќе му се укаже можност да стекне некое богатство од овој свет, до кое не може да стигне по друг пат освен по пато на голема ревност за некое прашање на верата во кое дотогаш не се мешал. Зар не би требало така да постапи за да ја оствари својата цел, а сепак да остане чесен човек?

–           Веќе гледам што сакаш да кажеш рече Среброљуб Ако ми дозволат останатите, ќе се обидам да ти одговорам. Прво, да ти одговорам во врска со праведниците. Да

претпоставиме дека еден проповедник, способен човек, кој има многу мала плата, слушне за некоја далеку попривлечна функција. Му се дава можност да ја добие, но само ако биде поревносен, почесто и поогнено проповеда и како што бара природата на неговиот народ, малку да ги измени своите погледи. Од моја страна не гледам зошто не би направил така (ако биде повикан на нешто такво). Зарем со тоа нема да остане чесен? Еве како мислам:

1)         Неговата желба за подобра функција според законот е дозволена (тоа не може да биде негирано), бидејќи тоа го дозволило Божјето провидение. Затоа смее да го земе со мирна совест без да поставува праќања.

2)         Покрај тоа, неговата желба за подобра функција го прави поревносен и повреден проповедник, подобар човек и ги развива неговите способности. Сето тоа му е угодно на Бога.

3)         Што се однесува до фактот дека мора да го ублажи своето мислење за да им угоди на слушателите тоа покажува дека е: а) подготвен на самоодрекување, б) внимателен и способен луѓето да ги привлече кон себе, в) поспособен за проповедничка служба.

4)         Значи, заклучувам дека проповедникот кој заменува малку за многу не треба да се смета за лаком, туку напротив, бидејќи со тоа ги развива своите способности, тој станува поревносен и треба да се смета дека го следел својот повик, односно ја искористил можноста која му се пружила.

Сега ќе се свртам на другиот дел од прашањето кое се однесува на занаетчијата кого го споменавме. Да претпоставиме дека на човекот работата му оди многу лошо,

но ако стане побожен со тоа може да ја подобри својата положба. Да речеме, да земе богата жена или да привлече поимотни муштерии во својата работилница. Јас не гледам никаква причина зошто не би го направил тоа. Еве како:

1)         Да станеш побожен претставува доблест, без разлика на кој начин го правиш тоа.

2)         Да стекнеш богата жена и поимотни муштерии не е противзаконско.

3)         Покрај тоа, човекот кој го постигнува тоа со својата побожност, го прима она што е добро од добрите луѓе поради својата побожност. Самото по себе тоа не е зло. Значи, да станеш побожен поради овие причини е многу добро и корисно.

Така Среброљуб одговори на прашањето на Грабништоможеш. Сите го одобрија и заклучија дека тоа е многу добро и корисно. А бидејќи им се чинеше дека тоа никој не може да го негира, а Христијанинот и Надољуб не беа далеку отидени, решија штом ги стигнат, нив да им го постават ова прашање, бидејќи од претходно тие му се спротивставуваа на Грабништоможеш. Ги повикаа, а тие ги сочекаа. Решија господин Држисветковски да го постави прашањето, бидејќи мислеа дека тие на тој начин ќе одговорат без лутина која претходно се појави кај нив при разидувањето со Грабништоможеш.

Одговорот на Христијанинот

Кога ги стигнаа и ги поздравија, Држисветковски му го постави прашањето на Христијанинот и неговиот другар, и ги замоли да добијат одговор.

Дури и оној кој е бебе во верата може да одговори на десет илјади такви прашања, рече Христијанинот бидејќи ако не е дозволено да го следиме Исуса само поради лебот (Јован 6:26), уште помалку е дозволено од Него и од религијата да се прави параван за да се дојде до богатствата и светските уживања. Ние согледуваме дека само незнабожците, лицемерите, ѓаволите и вештерките имаат такво сфаќање.

1)         Незнабожци: Кога Емор и Сихем фрлиле око на ќерката и добитокот на Јаков и кога согледале дека нема друг начин да дојдат до нив освен преку обрежувањето, тие им рекле на своите сограѓани: „Емор и неговиот син Сихем дојдоа пред вратата на овој град и им зборуваа вака на своите сограѓани: „ако сите наши машки бидат обрезани, како што се и тие обрезани, зарем тогаш нема да бидат наши: добитокот што го придобија и сето нивно богатство?“ (Битие 34:20-23) Тие ја барале неговата ќерка и добиток, а религијата била средство кое сакале да го употребат. Прочитајте ја целата сторија.

2)         Лицемерните Фарисеи припаѓале на оваа вера. Нивните долги молитви биле преправање за да дојдат до куќите на вдовиците и затоа Бог уште повеќе ги осудил (Лука 20:46, 47).

3)         И Јуда, сатанскиот слуга припаѓал на оваа вера. Бил побожен во поглед на ќесето, за да го добие она што било во него. Но, затоа бил изгубен, отфрлен и наречен син на пропаста (Јован 6:70; 13:2; 17:12).

4)         И Симон магионичарот припаѓал на оваа вера, бидејќи го барал Светиот Дух за да стекне пари (Дела 8:18-23). Тогаш Петар му изрекол осуда.

5)         Не можам а да не помислам дека оној кој ја прифаќа побожноста заради љубовта на светот нема порано или подоцна да ја отфрли истата. Бидејќи како што Јуда се одрекол од светот кога ја прифатил верата, исто така го продал своето верување и својот Господ заради светот кој го сакал. Значи, потврдниот одговор, според вашиот пример е нешто незнабожечко, лицемерно, ѓаволско. Наградата ќе ја добиете според вашите дела.

Тие само се погледнаа и не знаеја како да му одговорат на Христијанинот. Надољуб исто така го одобруваше одговорот на Христијанинот, така што сите замолкнаа. Господин Грабништоможеш и неговото друштво малку заостанаа со цел Христијанинот и Надољуб да се оддалечат од нив. Тогаш Христијанинот му рече на својот другар:

Ако овие не може да опстанат на човечкиот суд, како мислат да се одржат на Божјиот? Ако молчат пред нас кои сме земни садови, што ќе направат кога ќе ги дофати пламенот на оганот кој проголтува?

Потоа Христијанинот и Надољуб го продолжија патот додека не дојдоа до една прекрасна рамнина која се викаше Леснотија. Преку неа напредуваа со големо задоволство. Но рамнината не беше широка, така што многу брзо ја поминаа. На другата страна од рамината се наоѓаше еден рид по име Пари, каде што имаше рудник на сребро и кој поради својата реткост бил посетен од одредени патници. Бидејќи патниците премногу се

приближиле до работ, земјата се сронала и тие загинале. Некои останале осакатени за целиот живот.

Наговарањето на Димас

Тогаш во сонот видов дека покрај рудникот, малку подалеку од патот стоеше Димас кој ги повикуваше минувачите да навратат и да го разгледаат рудникот. Тој му рече на Христијанинот и неговиот другар:

–           Скршнете ваму за да ви покажам нешто.

–           Дали вреди да скршнуваме од патот за да го погледнеме тоа запраша Христијанинот.

–           Овде има рудник на сребро, каде што се копа богатство рече Димас. Ако навратите, со малку труд ќе може убаво да се збогатите.

–           Ајде да видиме предложи Надољуб.

–           Јас не одам решително рече Христијанинот. Слушнав за ова место и за многуте луѓе кои загинале тука. Покрај тоа богатството е стапица за оние кои го бараат, бидејќи многу им пречи на патот.

Тогаш Христијанинот му се обрати на Димас:

–           Дали ова место е опасно? Дали многумина ги попречило на патот?

–           Не е многу опасно, само за оние кои не внимаваат. (додека зборувал многу поцрвенел во лицето)

–           Подобро да продолжиме рече Христијанинот.

–           Гарантирам дека Грабништоможеш ќе намине на ова место рече Надољуб.

–           Секако, бидејќи неговите принципи водат по овој пат. Сосема сигурно дека ќе загине. Потоа Христијанинот му се обрати на Димас:

–           Димас, ти си непријател на господарот на овој пат и судијата на неговото царско Величество веќе те осудил затоа што си скршнал од него (2. Тимотеј 4:10). Сега сакаш и нас да не одведеш во вечна пропаст. Ако само за момент навратиме, нашиот Господ и Цар сигурно ќе дознае за тоа и наместо да застанеме храбро пред Него ние ќе се посрамотиме.

Димас повторно повика дека и тој припаѓа на нивното друштво. Ако малку го почекаат, тој ќе им се придружи.

–           Како ти е името запраша христијанинот. Зар не се викаш како што те нареков пред малку?

–           Да, името ми е Димас. Јас сум Аврамов син.

–           Јас те познавам. Гиезиј (2. Царевите 5:20-27) ти бил прадедо а Јуда татко. Ти си одел по нивните стапки. Сега ги користиш стапиците на ѓаволот. Татко ти се обесил како предавник (Матеј 26:14,15; 27:3-5), а ни ти не си заслужил подобро. Биди сигурен, кога ќе дојдеме кај Царот, ние ќе му јавиме за твоите дела. Потоа си продолжија по својот пат.

Грабништоможеш и Димас се согласуваат

Грабништоможеш и неговото друштво веќе стигнаа до ова место и, штом ги виде, Димас ги повика а тие ведаш скршнаа. Не знам дали надвиснаа над бездната и паднаа во неа или, заминаа да копаат или се удавија во маглата која вообичаено се собираше на вакви места. Но едно сигурно знам: Повеќе никогаш не ги видовме на патот.

Грабиштоможеш и Димас се слагаат,

Еден повикува а другиот дотрчува

За да биде соучесник во неговата похот за пари.

Двајцата во овој свет се зафаќаат и понатаму не одат

Лотовата жена

Тогаш видов дека патниците излегоа на другата страна на рамнината, токму кај еден стар споменик кој стоеше покрај патот. Кога го здогледаа, се зачудија бидејќи од чудесноста на неговиот облик будејши им личеше како на жена преобразена во облик на столб. Долго гледаа и не можеа да препознаат за што се работи. На крајот Надољуб над главата забележа натпис на некој непознат јазик. Но, бидејќи не знаеше самиот да го прочита, го повика Христијанинот кој беше добро образован, да го протолкува писмото. Малку запираше, но на крајот откри дека пишува: „Сетете се на Лотовата жена“. Тоа му го прочита на својот сопатник и двајцата заклучија дека тоа е солен камен во кој се претворила Лотовата жена зашто, бегајќи од Содом, скршнала со срцето. Гледајќи ја статуата, со чудење продолжиле да разговараат:

–           Брате мој рече Христијанинот ова дојде во вистинско време. Знаеш дека го одбивме повикот на Димас да го разгледаме брдото Пари. Кога би скршнале како што сакаше, и самите ние би се претвориле во камен, токму како оваа жена и би станале срам за сите останати патници.

–           Жал ми е што бев толку невнимателен и се чудам како не ме снајде истата судбина како Лотовата жена призна Надољуб. Колкава е разликата меѓу нејзиниот и мојот грев! Таа само се свртела, а јас сакав да скршнам. Слава на Бога за неговата милост, а срам за мене поради желбата која се јави во моето срце.

–           Би требало да ја прифатиме поуката што ја примивме на ова место, со цел да ни биде од помош за во иднина рече Христијанинот. Оваа жена избегнала еден

суд, не пропаднала при пропаста на Содом, но пропаднала од вториот суд кога се претворила во солен камен.

–           Така е се согласи Надољуб. Таа може да ни биде опомена и пример. Опомена, за да се чуваме од гревот што го направила, а пример за тоа каква осуда ги чека оние кои нема да ја послушаат. На тој начин Датан, Кореј, Авирон и уште 250 луѓе пропаднале во својот грев и станале знак и пример за другите (Броеви 26:9, 10). Но над се, мене ме чуди како Димас и неговите другари можат самоуверено да го бараат богатството поради кое оваа жена (која само се свртела) се претворила во солен камен, посебно бидејќи судот кој ја стигнал се случил во близина на нивниот поглед каде тие се наоѓаат. Тие можат да ја здогледаат кога само би ги подигнале своите очи.

–           Тоа е навистина чудно рече Христијанинот. Се гледа колку срцата им стврднале. Не знам со што да ги споредам, дали со оние кои крадат пред судијата или со оние кои џепарат кога веќе стојат пред бесилка. И покрај милоста која им била укажана, за луѓето од Содом се вели дека биле големи грешници, затоа што грешеле пред Бога и Неговите очи во содомската земја која тогаш се нарекувала „Едемска градина“ (Битие 13:10-13). Ова уште повеќе го предизвикало и затоа на нив пуштил голем оган. Разумно е да заклучиме дека луѓето кои јавно грешат и покрај примерот кој постојано ги опоменува ги чека најстрога казна.

Ја зборуваш вистината рече Надољуб но Господ навистина е многу мислостив кога Јас и ти не станавме таков пример! Би требало да му заблагодариме на Бога и да живееме во страв да не паднеме, секогаш сеќавајќи се на примерот на Лотовата жена.

Тогаш видов како пристигнаа до една убава река која царот Давид ја нарекол Божја река, (Псалм 65:9), а Јован ја нарекол Река на жива вода (Откровение 22:1; Езекиел 47:1-9). Патот ги водеше до самиот брег, а тие одеа исполнети со радост. Пиеја од слатката река која го оживуваше паднатиот дух. Од двете страни на брегот растеа зелени дрвја со прекрасни овошни плодови. Лијсата на овие дрвја се користеа за лек. Со овошјето се освежуваа, а со лисјата ги ублажуваа болките. Долж брегот се простираше ливада полна со лилјани кои во текот на целата година беа зелени. Легнаа на тревата и се наспаа, бидејќи немаше никаква опасност околу нив (Псалм 23; Исаија 14:30). Кога се разбудија, набраа малку овошје и се напија вода од реката. Потоа повторно легнаа да спијат. Така поминаа неколку денови и ноќи. Тие пееја:

Гледај кристални потоци како течат,

Да утешат патници покрај патот,

Ливади зелени и цвеќе слатко,

Восхитуваат секој што се шета по него.

Кој сака да го купи ова поле прекрасно,

Целиот имот ќе го продаде драговолно.

Кога решија да продолжат понатаму, (бидејќи се уште на беа на крајот на својот пат) тие јадеа и пиеја и потоа заминаа.

Тогаш видов дека не заминаа многу далеку кога патот почна да се одвојува од реката. Им беше жал, но не се осмелуваа да скршат од него. Сега патот стана нерамен, а нозете полни со плускавци поради болното пешачење така да нивниот дух им стана обесхрабрен. Тие продолзија но посакуваа да одат по подобар пат. Малку понапред од левата страна на патот се наоѓаше едно убаво поле на кое можеше да се дојде преку една ограда. Ливадата се нарекуваше Скршнипат. Тогаш Христијанинот му рече на својот другар:

–           Ако оваа ливада се простира долж нашиот пат, да прејдеме на неа. Потоа пристапи до оградата подобро да ја разгледа и виде дека патеката водеше покрај оградата. Токму онака како што замислував. Наваму е полесно. Да одиме Надољуб!

–           Што ако не одведе на погрешна страна запраша Надољуб.

–           Не верувам! Гледај како се протега покрај патот. Надољуб тогаш се согласи и тргна по нив. Кога преминаа на другата страна, им беше многу полесно. Наскоро здогледаа човек кој одеше по истиот пат. Тоа беше Празноверко. Го повикаа и го прашаа каде води овој пат.

–           Во небесниот град рече Празноверко.

–           Гледаш рече Христијанинот зар не ти кажував? Гледаш дека се е во ред.

Заталкани

Така отидоа по овој човек. Но, наскоро се спушти ноќта и страшно се стемни. Го изгубија од вид оној кој одеше пред нив. Бидејќи не можеше да го види патот пред себе, Празноверко падна во една дупка и целиот се смачка, бидејќи кнезот на тие краишта го ископал за да може да ги фати фалбаџиите. (Исаија 9:76)

Христијанинот и неговиот другар слушнаа дека падна. Затоа повикаа во желба да дознаат што се случило,

но не добија никаков одговор. Само слушнаа некакво офкање. Тогаш Надољуб рече:

–           Каде сме сега?

–           Неговиот другар молчеше. Му беше срам што го наведе својот пријател да скршне од вистинскиот пат. Одеднаш почна да паѓа дожд. Секавици и грмотевици имаше насекаде, а водата полека надоаѓаше. Тогаш Надољуб почна да се жали:

–           О, кога би останал на патот!

–           Кој би рекол дека овој пат ќе не одведе на страна! Рече Христијанинот.

–           Јас се плашев од тоа уште од самиот почеток и затоа внимателно те предупредив рече Надољуб. Требаше да бидам порешителен, но ти си постар од мене.

–           Добро, брате, немој да се лутиш рече Христијанинот. Жал ми е што те одведов од вистинскиот пат и те доведов во ваква опасност. Те молам да ми простиш! Немав зла намера.

–           Утеши се, брате! Ти простувам! Биди сигурен дека ова сепак ќе излезе на добро.

–           Драго ми е што имам толку мислостив другар рече Христијанинот. Но, не смееме да останеме овде. Треба да се обидеме да се вратиме.

–           Тогаш јас ќе тргнам напред рече Надољуб.

–           Не, те молам; дозволи ми да одам прв за да ако постои некоја опасност, ја да бида прв, бидејќи заради мене двајцата заталкавме од патот. рече Христијанинот.

–           Никако одоговори Надољуб. Нема ти да одиш напред, бидејќи си вознемирен и можеш повторно да не одведеш по крив пат.

Тогаш на своја радост и охрабрување го слушнаа гласот кој им рече: „Запомни по кој пат одеше и врати се!“ (Еремија 31:21) Но, водата веќе беше многу надојдена, а патот назад стана многу опасен. (Тогаш помислив дека е полесно да останеме на овој пат отколку да се вратиме првобитниот пат). Сепак тргнаа назад. Беше толку мрачно а поплавата брзо навлегуваше така што лесно можеа да се удават девет или десет пати.

И покрај тоа што со сите сили се трудеа, сепак таа ноќ не успеаа да стигнат до оградата. На крајот дојдоа до едно возвишување кое беше засолнето и таму седнаа за да го дочекаат утрото. Но, бидејќи беа многу уморни, сонот веднаш ги совлада.

Џинот Очајник

Недалеку од ова место се наоѓаше тврдината Сомнителка која му припаѓаше на џинот Очајник. Спиеа на неговиот имот и тоа наутро, кога овој тргна да го обиколи својот имот, ги виде Христијанинот и Надољуб како спијат. Со груб и зловолен глас им нареди да станат и почна да ги испитува од каде се и како се нашле на неговиот имот. Му рекоа дека се патници кои заталкале. Џинот им возврати:

Оваа ноќ сте заталкале на мојот имот, сте газеле и лежеле по моите полиња и затоа мора да тргнете по мене.

Мораа де тргнат бидејќи беше посилен. Не можеа да се оправдаат, бидејќи не знаеја што лошо направиле. Џинот ги водеше пред себе и ги фрли на дното на една многу мрачна темница во неговата тврдина. Внатре многу мирисаше и беше гадно. Тука лежеа од среда наутро до

сабота навечер. Не добија ни корка леб, ни капка вода, а ни светло. Никој не ги праша како се чувствуваат и се наоѓаа во една тешка ситуација, далеку од своите пријатели и познаници. Христијанинот многу се јадосуваше затоа што, поради неговиот непромислен совет, западнаа во ваква неволја.

Џинот Очајник имаше жена која се викаше Плашливост. Кога си легна во кревет и кажал на жена си што направи, односно дека фати двајца патници коишто ги фрли во темница бидејќи заталкаа на неговиот имот. Сега се советуваше што да направи со нив. Таа го праша какви се, од каде се и каде одат. Тој и раскажа се за нив. Таа го посоветува наутро немилосрдно да ги истепа. Кога стана, зеде едно дрво слезе во темната зандана. Најпрвин почна да ги нарекува со секакви имиња, како да се кучиња. Тие не возвраќаа. Тогаш страшно ги претепа, така што не можеа повеќе да се бранат ни да се движат. Потоа ги остави самите да се утешуваат и да ги оплакуваат своите неволји. Целиот ден го поминаа во воздивнување и горчливо плачење.

Следната ноќ Џинот и неговата жена повторно разговараа за нив. Кога дозна дека се уште се живи, му предложи на својот маж да ги посоветува самите да си го одземат животот. Кога се раздени, повторно отиде кај нив и гледајќи дека раните што ги беа добиле претходниот ден силно ги печат, им рече дека не постојат шанси да се извлечат живи и дека ќе биде најдобро со бесење или труење самите да си го одземат животот.

Зошто да живеете толку очаен живот им зборуваше Џинот. Но, тие го замолија да ги пушти. Тој луто ги погледна па повторно се нафрли врз нив. Мислеше дека е најдобро самиот да ти дотолчи, но одненадеш го фатила некоја чудна треска (тоа му се случувало кога било многу топло) и одредено време рацете му биле одземени. Затоа замина и ги остави самите да размислуваат што ќе прават. Тие се прашуваа дали е подобро да го послушаат неговиот совет или не. Затоа вака разговараа:

–           Што да правиме, драги брате, запраша Христијанинот. Животот ни е очаен. Јас не знам дали е подобро да живееме на овој начин или да загинеме од сопствената рака. Душата моја сака повеќе да се прекине дишењето, отколку живот и гробот е подобар за мене од оваа зандана. (Јов 7:15). Дали да го послушаме џинот?

–           Нашата положба е навистина лоша и јас попрво би сакал да умрам отколку засекогаш да останам ваков рече Надољуб. Но, да не заборавиме дека господарот на онаа земја во која одиме ни рече: „Не убивај!“ кога не смееме на другите да им направиме такво зло, уште помалку треба да го послушаме неговиот совет и самите себеси да си го одземеме животот. Кој го убива другиот може само телото да му го убие. Ако крене рака на себеси тогаш го убива и телото и душата. Ти зборуваш за олеснување во гробот но го заборави пеколот каде одат сите убијци. Ниеден убиец нема да има вечен живот. Да не заборавиме дека целиот закон не се наоѓа во рацете на Џинот Очајник. Колку што успеав да разберам и други биле фатени, но сепак успеале да побегнат. Кој знае, дали Бог кој го создал светот, нема да дозволи овој Џин да умре? Дали некогаш не заборавил да ја заклучи вратата? Дали можеби повторно ќе добие напад при што ќе му се одземат рацете и нозете? Ако повторно се случи тоа, јас би се осмелил да побегнам. Многу сум луд што не се обидов порано да побегнам. Но,

да бидеме трпеливи и да почекаме уште малку. Можеби ќе се ослободиме. Само да не дозволиме да бидеме убијци на сопствените души.

Со овие зборови Надљуб го смири во тој момент својот брат. Сепак, тој ден останаа во затворот во истата жалосна состојба.

Навечер џинот повторно слезе во темницата за да види дали затворениците го прифатиле неговиот совет. Кога ја отвори вратата, виде дека се живи и многу исцрпени, бидејќи од гладта, жедта и раните што ги беа добиле едвај можеа да дишат. Но, како што реков, ги виде живи и затоа страшно се разбесни. Бидејќи не го послушаа, им се закани дека ќе поминат уште полошо, така што ќе посакаат да не биле родени.

Поради тоа многу се исплашија и ми се чини дека Христијанинот се онесвести. Но, кога малку се поврати, го продолжија разговорот за советот на Џинот. Се прашуваа дали да го послушаат неговиот совет. Христијанинот сакаше, но Надољуб по втор пат одговори:

Драги брате сети се како до сега беше многу храбар. Аполион не можеше да те победи, ниту да те обесхрабрат работите кои ги доживеа во Долината на Смртната Сенка. Низ какви тешкотии, стравови и гнасотии помина! Зар сега само страв имаш во себе? Гледаш дека и јас сум во затвор со тебе, иако по природа сум многу послаб од тебе. Исто како тебе и мене овој џин ми зададе големи рани и ме измачува со глад и жед. И јас копнеам за светлина, но да бидеме уште малку трпеливи. Сети се како јуначки се држеше на саемот Суетник и како не се плашеше од оковите, кафезот и крвавата смрт. Затоа да бидеме трпеливи и да го избегнеме срамот кој не му доликува на еден христијанин.

Кога повторно се спушти ноќта, а џинот и неговата жена заминаа на спиење, таа го праша за затворениците, односно дали го послушале нејзиниот совет. Тој и одговори:

–           Тоа се некои тврдоглави типови, повеќе сакаат да поднесуваат маки отколку самите да се убијат.

–           Утре одведи ги во дворот и покажи им ги коските и черепите на оние кои веќе ги испрати, и дај им на знаење дека до крајот на оваа недела ќе ги растргнеш како нивните претходници.

Според предлогот на својата жена, кога се раздени, џинот повторно отиде кај нив и ги изнесе во дворот за да им ги покаже коските и черепите.

–           Овие некогаш беа патници. Заталкаа како вас на мојот имот. Кога посакав, ги растргнав на парчиња, како што во рок од десет дена ќе го направам истото и со вас. Сега може да се вратите во вашата пештера. И при тоа со тепање ги врати назад.

Целиот саботен ден го поминаа во претходната жалосна состојба. Кога повторно се стемни, госпоѓа Плашливост и нејзиниот маж Очајник легнаа и повторно разговараа за затворениците. Џинот се чудеше што не може со тепање ниту пак со совети да ги дотолчи. Жената му зборуваше:

–           Се плашам дека тие се надеваат дека некој ќе дојде да ги ослободи или кај себе имаат лажни клучеви со помош на кои се надеваат дека ќе избегаат.

Добро се сети, рече Џинот изутрина ќе ги претресам.

Тие во сабота на полноќ почнаа да се молат и така продолжија се до зори. Одеднаш Христијанинот извика со големо чудење:

–           Што ми е? Зар полудев што лежам во оваа темница, а би можел слободно да излезам. Во бедрата имам клуч кој се вика Ветување. Како што ми рекоа, тој може да ја отвори вратата во тврдината Сомнителка.

–           Тоа е добра вест, драги брате. Извади го и пробај се израдува Надољуб.

Тогаш Христијанинот брзо го извади клучот од бедрата и го стави во бравата на ќелијата. Кога ја сврте, бравата се затресе и вратата се отвори. Христијанинот и Надољуб излегоа надвор. Тогаш се приближија до надворешната врата која води во дворот и со истиот клуч ја отворија и другата врата. Потоа пријдоа до железната порта, бидејќи патот водеше преку неа. Со голема мака им успеа да ја отворат и оваа врата. Силно ја турнаа портата со цел што побрзо да избегаат, но таа многу почна да чкрипи и го разбуди Џинот Очајник. Но кога тргна по нив, го фати напад, рацете и нозете целосно му се одзедоа, така што не можеше да оди по нив. Меѓутоа, тие потрчаа и излегоа на царскиот пат над кој Џинот немаше никаква власт.

Бидејќи ја прескокнаа оградата, се прашуваа како може другите да ги опоменат да не паднат во рацете на Џинот. Затоа решија да подигнат еден столб на кој ги напишаа следните зборови: „Преку оваа ограда води патот во тврдината Сомнителка каде што владее Џинот Очајник, кој го мрази царот на Небесната земја и чија намера е да ги уништи сите патници“. Многумина кои подоцна тргнаа по овој пат, читајќи ги овие зборови ја избегнале опасноста. Потоа продлжија по патот пеејќи:

Од патот заталкавме и потоа откривме Што значи да се оди по забранет пат, И нека внимаваат оние кои по нас одат За да невнимателнота не причини да си поминат како и ние За да тие заради тоа станат негови затвореници чија тврдина се вика Сомнителка и неговото име е Очајник.

Сподели го ова:

Слични објави