1 ГЛАВА

Сподели го ова:

Одејќи по пустината на овој свет, дојдов до едно место каде што имаше пештера и легнав малку да одморам. Додека спиев сонував еден сон. Во сонот видов еден човек во партали кој стоеше на едно место со грбот свртен кон својот дом, со книга во рацете и тешко бреме на плеќите (Исаија 64:6, Лука 14:33, Псалм 38:4). Погледнав и видов како ја отвора книгата и почнува да чита. Читајќи плачеше и трепереше. Бидејќи не можеше повеќе да издржи, извика со жалосен глас: „Што треба да направам за да се спасам?“ (Дела 2:37; 16:30; Римјаните 7:24).

Несфатен од своите домашни

Во ваква несреќна состојба се врати дома, воздржувајќи се колку може подолго за неговата жена и деца да не ја забележат неговата вознемиреност. Но, не можеше долго да молчи бидејќи неговата неволја се зголемуваше. На крајот го отвори своето срце на жената и децата и им се обрати со следните зборови:

Драга моја жено, изусти, и вие, деца, произлезени од моите бедра, јас, вашиот мил пријател, имам голем немир во срцето поради товарот што силно ме притиска. Дознав и дека нашиот град ќе биде запален со оган од небото. Во оваа страшна ситуација јас и ти, моја жено, и вие, мои слатки дечиња, ужасно ќе пропаднеме доколку не пронајдеме пат (кој засега не го гледам) по кој би можеле да се спасиме.

Неговите многу се зачудија, не затоа што веруваа во она што им го зборува, туку затоа што помислија дека нешто му удрило во глава. Бидејќи почнало да се стемнува и надевајќи се дека мислите ќе му се смират ако се наспие, веднаш го натерале да легне во кревет. Но, ноќта му била мачна исто како и денот. Затоа, наместо да спие, ноќта ја поминал воздивнувајќи со солзи. Кога зазорила зората, тие сакале да видат во каква состојба се наоѓа. Тој им рекол:

Се полошо и полошо, повторно почнал да им зборува, но тие не сакале да го слушаат. Мислеле дека ќе ја отстранат неговата тага ако грубо и неучтиво се однесуваат кон него. Понекогаш го исмејувале, понекогаш го навредувале а понекогаш многу го игнорирале. Поради тоа, почнал да се повлекува во својата соба, за да се моли за нив и да ги сожалува а себеси да се теши за својата мизерија. Понекогаш шетал по полињата, понекогаш читал а понекогаш се молел. Така поминал неколку дена.

Вознемирена совест

По својот обичај го видов како шета по полињата и чита една книга во лошо расположение. Читајќи повика како и претходно: „Што треба да направам за да се спасам?

Евангелист

Потоа видов како се врти на една, па на друга страна, како да имаше намера да побегне. Но сепак стоеше на истото место и, како што ми се изгледаше, не знаеше по кој пат да тргне. Погледнав и го видов човекот по име Евангелист како му приоѓа и го прашува:

–           Зошто толку се жалиш?

–           Пријателу, од оваа книга што ја држам во рацете гледам дека сум осуден на смрт и дека по смртта треба да излезам на суд (Евреите 9:27). Но, јас не сакам да умрам (Јов 16:21, 22), ниту да се покажам на судот (Езекиел 22:14).

Тогаш Евангелистот му кажа:

–           Зошто не сакаш да умреш кога овој свет е исполнет со толку многу неволји?

–           Затоа што се плашам бремето на моите плеќи да не ме одвлече подлабоко од гробот за да пропаднам дури до пеколот (Исаија 30:33). Пријателу, кога не меам да одам во затвор, уште помалку би одел на суд, а оттаму на губилиште. Солзи ми доаѓаат на очи кога ќе помислам на сите тие работи, одговори човекот.

–           Кога е таква работата, зошто стоиш во место, рече Евангелистот.

–           Затоа што не знам по кој пат да појдам. Тогаш Евангелистот му даде свиткан лист од пергамент на кој пишуваше: „Бегајте од гневот кој доаѓа“. (Матеј 3:7). Кога човекот го прочита текстот, погледна во Евангелистот со загрижен израз на лицето и запраша:

–           Каде да бегам?

Тогаш Евангелистот покажа со прстот преку едно широко поле и рече:

–           Дали ја гледаш онаа тесна врата? (Матеј 7:14)

–           Не ја гледам, одговори човекот.

–           Дали ја гледаш онаа светлина?

–           Ми се чини дека ја гледам рече човекот.

–           Не ги тргнувај очите од тоа видело и оди право кон него; таму ќе видиш една порта, а кога ќе чукнеш на неа ќе ти биде кажано што треба да правиш, рече Евангелистот.

Бегањето и настојувањето да го одвратат

Во сон видов како човекот почна да трча. Не се оддалечи многу од куќата, кога го забележаа жената и децата и почнаа да го викаат да се врати назад. Но човекот ги затвори ушите со своите прсти и почна да трча што подалеку викајќи:

–           Живот! Живот! Вечен живот! не се вртеше туку трчаше право кон рамнината.

Надвор излегоа и соседите за да видат како трча. Некои му се потсмеваа, некои му се закануваа а некои го повикуваа да се врати. Меѓу оние кои го повикуваа, се наоѓаа двајца кои одлучија да го вратат со сила. Еден се викаше Тврдоглав, а другиот Свитлив. За тоа време човекот доста се оддалечи, но тие беа решени да го стигнат. Потрчаа по него и го стигнаа. Тогаш човекот им рече:

–           Соседи, зошто тргнавте по мене?

–           Да те наговориме да се вратиш со нас! му рекоа.

–           Тоа не е можно рече човекот. Вие живеете во градот Пропаст, во кој самиот јас се родив. Гледам дека е така. Порано или подоцна ќе умрете и ќе пропаднете подлабоко од гробот, до местото кое гори со оган и сулфур. Драги соседи, подобро ќе биде да тргнете со мене.

–           Што! викна Тврдоглав, зар да ги оставиме своите пријатели и сите удобности што ги уживаме?

–           Да, одговори Христијанинот (бидејќи така му беше името). Се што ќе оставите, ни во најмала мера не може да се спореди со она што јас го барам. Ако тргнете со мене и ако издржите, ќе се чувствувате исто како што се чувствувам и јас. Таму каде што одам има се во изобилство. Тргнете со мене и ќе се уверите дека ја зборувам вистината.

–           А што е тоа што го бараш, и, за да го задобиеш, зад себе го оставаш целиот свет? запраша Тврдоглав.

–           Барам чисто и непропадливо наследство, кое не венее и е сочувано на небото, (1. Петрово 1:4; Евреите 11:6) кое во последното време ќе им се открие на оние кои ревносно го бараат рече Христијанинот. Ако сакаш можеш да прочиташ за тоа во мојата книга.

–           Тргни ми ја твојата книга! возврати Тврдоглав. Дали се враќаш со нас или не?

–           Никако! рече Христијанинот, бидејќи своите раце веќе ги ставив на плугот. (Лука 9:62)

–           Тогаш, пријателу Свитлив, да тргнеме дома без него; има многу такви будали на кои ќе им влезе нешто во главата и се замислуваат дека се помудри од седум паметни луѓе. (Изреки 26:16)

На тоа Свитлив му одговори:

–           Немој да го исмејуваш! Ако Христијанинот ја зборува вистината, тогаш тој бара нешто много подобро од она што ние го имаме. Моето срце е наклонето кон тоа да појдам со својот сосед.

–           Зар полуде? се изненади Тврдоглав. Слушај ме мене, се враќаме назад! Кој знае во што ќе те вовлече збрканиот. Опамети се и врати се.

–           Не, но дојди ти дојди со твојот сосед Свитлив, рече Христијанинот таму ќе го најдеш она за што ти зборував и многу други поблескави работи од опишаното. Ако мене не ми веруваш, тогаш погледни што пишува во книгата. Што се однесува до вистинитоста на напишаното во неа, нејзе ја потврдува крвта на Оној кој го зборува тоа (Евреите 9:17, 19, 21).

–           Соседу Тврдоглав, морам да се одлучам. Би сакал да појдам со овој човек и да ја делам неговата судбина. Тогаш му се обрати на Христијанинот: Добар мој патнику, дали го знаеш патот кон тоа посакувано место?

–           Еден човек по име Евангелист ми рече да побрзам кон тесната врата која е пред нас, а таму ќе добијам упатства како да продолжам, одговори Христијанинот.

–           Тогаш, ајде, добар соседу, да тргнеме заедно.

Тогаш тие тргнаа заедно.

–           Јас ќе си се вратам дома, рече Тврдоглав. Зошто да се дружам со вакви заблудени и изгубени луѓе.

Во сон видов како Тврдоглав се заврте а Христијанинот и Свитлив тргнаа преку полето и почнаа да разговараат за следното:

–           Како е пријателу? рече Христијанинот. Мило ми е што реши да тргнеш со мене. Кога Тврдоглав би согледал како мене колку страшно е она што се уште не се гледа, не би ни го свртил грбот толку лесно.

–           Ајде сега, пријателу, Христијанине, бидејќи останавме сами, кажи ми уште нешто за работите што не очекуваат на тоа место и на кој начин ќе уживаме во нив.

–           Полесно ми е да ги замислам отколку да ги опишам, одговори Христијанинот. Но, кога веќе сакаш да знаеш, ќе ти прочитам за тоа од мојата книга.

–           Дали зборовите од оваа книга се сигурно вистинити? запраша Свитлив.

–           Се разбира, бидејќи ги напишал Оној кој не може да лаже. (Тит 1:2).

–           Добро, тогаш што не очекува?

–           Бескрајно царство и вечен живот со кој засекогаш ќе може да живееме во таа земја, одговори Христијанинот (Јован 10:28; 1. Тимотеј 6:12).

–           Тоа е прекрасно, има ли уште?

–           Ќе добиеме славни круни и облеки во кои ќе блескаме како сонцето на небото (2. Тимотеј 4:8; Откровение 22:5; Матеј 13:43).

–           Каква убавина, има ли уште?

–           Таму нема да има ни солзи ни тага рече Христијанинот бидејќи Оној што владее таму ќе ја отстрани секоја солза од нашите очи (Исаија 35:10; Откровение 7:16,17; 21:4).

–           Кого ќе сретнеме таму? се интересираше Свитлив.

–           Таму ќе бидеме со серафимите и херувимите. Тоа се созданија кои не може да ги погледнеме поради светлината која излегува од нив. Ќе сретнеме илјадници и десетини илјади луѓе кои пред нас стигнале на тоа место (Откровение 5:11). На тоа место никој не прави зло, бидејќи сите се свети и исполнети со љубов. Сите одат пред Божјето лице, бидејќи засекогаш се примени во Неговото присуство. Со еден збор продолжи Христијанинот ќе ги видиме старешините со нивните златни круни (Откровение 4:4), светите девици со своите златни харфи (Откровение 14:1-5) и луѓето кои светот ги искасапил, кои биле спалени, фрлени на дивите ѕверови и удавени во морето поради големата љубов која ја имале кон Господарот на ова место (Евреите 11:35-37). Сите тие ќе бидат здрави и облечени во бесмртни облеки (2. Коринтјаните 5:2; Откровение 3:5).

–           Слушајќи го ова, срцето ми прескокнува од милина се радувал Свитлив. Но дали сето тоа може навистина да го доживееме? Како да станеме учесници?

–           Господ, Владетелот на таа земја, запишал во оваа книга во која вели дека ако навистина сакаме да го примиме, тоа ќе биде дадено бесплатно (Јован 6:37; Откровение 21:6; 22:17; Јаков 1:6; Исаија 55:1,2).

–           Добар пријателе, толку ми е мило што слушам за ова рече Свитлив. Ајде, да побрзаме.

–           Би сакал да одам побрзо, но ми пречи товарот што го носам на грбот одговори Христијанинот.

Не внимавајќи, двајцата паднале во кал

Во сон видов како, додека разговараа за овие теми, дојдоа до едно мочуриште кое се протегаше среде полето. Бидејќи не внимаваа, двајцата се најдоа во калта. Мочуриштето се викаше Очај. Едно време газеа по калта, додека целите не се извалкаа и поради товарот што го носеше, Христијанинот почна да тоне во калта. Тогаш Свитлив рече:

–           О, пријателе Христијанин, каде си сега?

–           Право да ти кажам рече Христијанинот ни самиот не знам.

Свитлив се извлече

Свитлив се соблазни заради тоа и гневно му возврати на својот сопатник:

Зар ова е среќата за која пред малку ми зборуваше? Кога толку лошо напредуваме на почетокот, што би можеле да очекуваме до крајот на патувањето? Би сакал само жив да се извлечам одовде! Тебе нека ти остане убавината на таа непозната земја, а јас ќе се вратам дома.

Со овие зборови и голема мака се извлече од мочуриштето на онаа страна што беше поблиску до неговата куќа. Си замина и Христијанинот, и повеќе не го виде. Така Христијанинот остана сам да се бори во мочуриштето Очај. Тој се бореше да излезе на страната која беше подалеку од неговата куќа и поблиску до целната врата. Тоа и го стори, но не можеше целосно да се извече од калта поради големиот товар што го носеше на грбот.

Помошник

Во сонот видов како му приоѓа еден човек по име Помошник, кој го праша што прави на ова место.

–           Пријателу рече Христијанинот еден човек по име Евангелист ме упати по овој пат за да стигнам до вратата и да побегнам од гневот што доаѓа. Одејќи по тој пат, западнав во ова место.

–           Зошто не одеше по камењата кои се поставени во мочуриштето? запраша Помошникот.

–           Стравот многу ме притискаше и затоа тргнав по најкраткиот пат. Затоа дојдов до ова место, одговори Христијанинот.

–           Дај ми ја раката!. Помошникот му ја подаде раката и го извлече на тврдо тло. Потоа го упати да го продолжи патот.

Помошникот го објаснува мочуриштето

Тогаш му пристапив на Оној што го извлече и му реков:

–           Пријателу, со оглед на тоа што од градот Пропаст па се до вратата треба да се помине по овој пат, зошто овој дел од патот не се поправи, за да може кутрите патници со сигурност да го поминат?

–           Ова мочуриште воопшто не може да се затрупа рече Помошникот. На ова место постојано се слева тиња и ѓубре кои ја пратат свесноста за гревот. Поради тоа ова мочуриште се нарекува Очај, бидејќи, кога грешникот ќе се разбуди и кога ќе ја согледа својата грешна состојба, во душата му се будат многу стравови, сомневања и обесхрабрувачки грижи од она што доаѓа. Сите тие заедно се слеваат и заседнуваат на ова место. Токму затоа теренот е многу лош. Не е царска волја ова место да остане такво. Неговите работници управувани од царските градежници работат на него веќе илјада и шестотини години (пишувано во 1678 год.) за да го затрупаат ова мочуриште (Исаија 58:12). Колку што ми е познато, ова мочуриште веќе проголтало околу 20.000 приколки, милиони поучни упатства кои се донесувале во сите времиња од сите места на територијата на Царот. Оние што се разбираат велат дека тоа се најдобри материјали за поправање на ова место. Но, мочуриштето Очај и понатаму постои, и ќе продолжи да постои и откако ќе биде направено се што се може за да се поправи. Навистина, Законодавецот наредил да се постават големи камења среде мочуриштето, но кога има многу кал и кога времето се менува, тогаш тие едвај може да се видат. Или ако луѓето, поради својата вртоглавица, зачекорат настрана и покрај поставените

камења тие ќе се извалкаат. Но, штом ќе влезете низ онаа врата, патот понатаму е добар.

Свитлив се враќа дома

Тогаш во сон видов дека Свитлив веќе стигнал дома, така што соседите почнаа да го посетуваат. Некои му велеа дека е многу мудро што се вратил, а некои дека е луд што воопшто тргнал во неволја со Христијанинот. Други го исмеваа поради плашливоста. Тие му зборуваа: „Кога ние би тргнале на тој пат, не би биле толку бедни па да се откажеме заради неколку потешкотии на патот“. На тој начин тој потиштено седел меѓу нив. Но, на крајот сепак дошол при себеси и тие го сменија ставот и започнале да му се потсмеваат на кутриот Христијанин. Толку за Свитлив.

Христијанинот слегол од патот

Додека христијанинот одеше сам, во далечината здогледа еден човек како му се приближува преку полето. Бидејќи патиштата им се вкрстуваа, тие наскоро се сретнаа. Човекот се викаше Световно Мудар и живееше во местото Телесна Политика. Тоа беше еден многу голем град кој се наоѓаше недалеку од местото каде што потекнува Христијанинот. Овој човек веќе имал нешто слушнато за него, зашто неговото заминување од градот Пропаст многу се разгласило не само во неговото место, туку и во многу други места. Кога човекот го здогледа Христијанинот и кога забележа дека тешко се движи, воздивнува и залипнува, започна разговор со него.

–           Каде си тргнал, драг пријателу со толку голем товар? запраша Световно Мудриот.

–           Да, рече Христијанинот, навистина ми се чини дека никој претходно не влечел толкав товар. А бидејќи ме прашуваш каде сум тргнал, ќе ти кажам. Одам кон онаа врата бидејќи ми беше речено дека на тоа место ќе дознаам како може да се ослободам од овој тежок товар.

–           Дали имаш жена и деца?

–           Имам, но толку сум оптоварен што не можам да уживам во нив како порано. Ми се чини како да ги немам возврати Христијанинот.

–           Ако ме послушаш, ќе ти дадам еден добар совет рече Световно Мудриот.

–           Ако е добар ќе го послушам, бидејќи токму таков совет ми е потребен.

–           Јас би ти препорачал што поскоро да се ослободиш од тој товар почна да го советува Световно Мудриот бидејќи, додека не го сториш тоа, нема да најдеш мир во срцето, ниту пак ќе можеш да уживаш во благословите што Бог ти ги подарил.

–           Токму тоа го барам, да се ослободам од овој товар му рече Христијанинот. Но, никако не можам да го отстранам, бидејќи и во нашиот крај не постоеше некој кој би можел да ми го симне. Затоа тргнав наваму, за да се ослободам од него.

–           Кој ти рече да тргнеш по овој пат за да се ослободиш од товарот? го запраша Световно Мудриот.

–           Еден човек кој ми изгледаше многу мудар и благороден. Колку што се сеќавам се вика Евангелист одговори Христијанинот.

–           Не му посакувам добро заради неговиот совет! му рече Световно Мудриот. Не постои полош и понапорен пат од оној по кој те испратил. Ако го следиш неговиот совет и самиот ќе го согледаш тоа. Како што гледам веќе ти се случило нешто. Ми изгледа дека си се извалкал во мочуриштето Очај. Но тоа е само почеток на неволјите кои ги демнат сите оние кои одат по тој пат. Послушај ме како постар, на патот по кој одиш ќе ти се случат уште многу неволји: умор, болки, глад, опасности, голотија, меч, лавови, змејови, темница и кратко речено смрт и што уште не. Тоа е вистина бидејќи многумина сведочат за тоа. Зошто некој толку невнимателно да пропадне слушајќи ги советите на еден непознат човек?

–           Е мој господине, товарот на моите плеќи ми е потежок од сето тоа што ми го наброи. Мене ми се чини дека е сеедно што ме чека на патот, само да можам да се ослободам од овој товар.

–           А од каде ти е товарот запраша Световно Мудриот.

–           Од читање на оваа книга што ми е во раката.

–           Така и мислев продолжи Световно Мудриот. Тебе ти се случило истото како и на другите слабаци кои се мешаат во она што не го разбираат и поради тоа запаѓаат во такви неволји. Овие неволји не само што го обесхрабруваат човекот, како што ми се чини дека ти се случило, туку го наведува на разни опасности за да стекнат не знам какви работи.

–           Јас знам што барам! Барам ослободување од овој товар.

–           А зошто бараш олеснување таму каде што демнат многу опасности рече Световно Мудриот. Кога би имал трпение да ме сослушаш, би ти објаснил како да го најдеш

она што го бараш и без опасностите со кои ќе се соочиш на овој пат. Да, лекот се наоѓа при рака. Покрај тоа, морам да дополнам дека наместо опасности ќе најдеш сигурност, пријателство и задоволство.

–           Те молам господине, откриј ми ја таа тајна! воскликна Христијанинот.

–           Таму, во она село, почна Световно Мудриот кое се вика Моралност, живее еден човек по име Легалност. Тој е многу разборит човек, на добар глас, кој има способност да ги симне товарите на луѓето од нивните рамења. Колку што ми е познато, тој на многумина веќе им помогнал. Дури може да ги излечи оние кои малку забудалеле поради товарот кој го носат. Подобро оди кај него за да ти помогне. Куќата не е многу оддалечена од ова место. Ако не го најдеш дома, тој има многу убав син по име Учтивност, кој е исто така многу вешт како стариот господин. Таму ќе се ослободиш од товарот. Ако немаш намера да се вратиш во стариот крај, како што и јас не би ти препорачал, би можел да пратиш абер по жената и децата да дојдат, бидејќи таму има многу празни куќи кои може да се добијат по многу евтини цени. Таму животот е евтин и пријатен, и постојат нешта кои животот ќе ти го направат посреќен а покрај тоа ќе имаш и многу чесни соседи.

–           Христијанинот сега се нашол во недоумица, но сепак брзо одлучил. „Ако е вистина тоа што ми го зборува овој човек, најпаметно би било да го послушам“. Затоа рече:

–           Господине, а како да дојдам до куќата на овој добар човек?

–           Дали го гледаш она брдо?

–           Го гледам!

Мораш да тргнеш преку тоа брдо. Првата куќа на која ќе наидеш е неговата, му рече Световно Мудриот.

Под брдото

Така Христијанинот скршна од својот пат за да побара помош од господинот Легалност. Но кога се приближи до брдото, тоа му се причини толку големо и надвиснато над патот, што предизвика страв кај Христијанинот дека истото ќе му падне на глава. Затоа застана и не знаеше што да прави. Сега товарот му изгледаше уште потежок од моментите кога го носеше по својот пат. Од гората почнаа да севаат молњи (Излез 19:16; Евреите 12:18-21), така што Христијанинот се исплаши дека може да загине. Почна да се поти и да трепери. Колку само се каеше што го послуша советот на Световно Мудриот. Потоа го здогледа Евангелистот како му се приближува и целиот поцрвене од срам. Евангелистот му приоѓаше се поблизу, и кога целосно се доближи, остро и со ужас го погледна и му рече:

–           Откаде ти на ова место, Христијанине? На тие зборови тој не знаеше што да одговори, бидејќи пред него остана без збор. Тогаш Евангелистот продолжи:

–           Зар не си истиот оној човек што го пронајдов надвор од градот Пропаст како плаче?

–           Да, драг господине, јас сум тој призна Христијанинот.

–           Зар не те упатив да појдеш кон тесната врата?

–           Да, драг пријателе.

–           Тогаш како толку брзо скршна од патот? Сега си надвор од патот рече Евангелистот.

–           Штом излегов од мочуриштето Очај, сретнав еден човек кој ме убеди дека во она село ќе најдам еден човек кој ќе ме ослободи од овој товар му рече Христијанинот.

–           Кој беше тоа?

–           Изгледаше како господин и многу ми зборуваше се додека не се согласив и на крајот не се упатив на ова место. Но, кога го здогледав ова брдо и видов како се надвиснува над патот, веднаш застанав за да не ми падне врз главата.

–           Што ти рече тој човек? запраша Евангелистот.

–           Ме праша каде одам и јас му одговорив.

–           И што ти кажа потоа?

–           Тој ме запраша дали имам семејство и јас му одговорив. Но, реков јас, толку сум обременет со товарот кој е на мојот грб, така да не можам да најдам задоволство во нив како порано.

–           А што ти рече потоа?

–           Ми рече што побрзо да се ослободам од овој товар. Јас му одговорив дека токму тоа сакам да го направам и затоа одам кон вратата каде што можам да добијам понатамошни упатства како да дојдам до местото на избавување. Тој ми рече дека ќе ми покаже подобар и пократок пат на кој не постојат толку опасности како на овој на кој ти ме испрати, мој пријателу. „По овој пат“ рече тој „ќе дојдеш до куќата на еден човек кој знае да ослободува од вакви товари.“ Јас му поверував и застранив наваму за да најдам ослободување од сопствениот товар. Но кога стасав ваму и кога видов како е, во страв од опасноста застанав и сега не знам што да правам.

–           Застани малку и ќе ти ги покажам Божјите зборови рече Евангелистот. Христијанинот стоеше треперејќи, а Евангелистот продолжи:

–           „Гледајте да не Го одбиете Оној Кој зборува! Зашто, ако не избегаа оние, кои Го одбија Оној Кој предупредуваше на земјата; уште помалку ќе избегаме ние, ако се отстраниме од Оној Кој зборува од небесата!“ (Евреите 12:25) „А Мојот праведник ќе живее од верата, ако ли се повлече, Мојата душа нема да благоволи во него“ (Евреите 10:38; Римјаните 1:17). Потоа вака ги протолкува овие зборови: Ти си тој кој трчаш во пропаст. Почна да ги отфрлуваш советите на Семоќниот и да скршнуваш од патот на мирот, така што се наоѓаш во опасност да пропаднеш.

Тогаш Христијанинот падна како мртов на земјата и извика:

–           „Тешко мене, пропаднав“ (Исаија 6:5). Кога Евангелистот го виде тоа, го фати за раката и му рече:

–           „Секој грев и хула ќе им се прости на луѓето“ (Матеј 12:31; 1. Јов. 5:16). Не биди неверен, туку верен (Јован 20:27).

Христијанинот малку закрепна и треперејќи застана пред Евангелистот. Евангелистот продолжи:

–           Слушај ме внимателно што ќе ти речам. Сега ќе ти кажам кој те измами и кој е човекот кој те прати ваму. Човекот што го сретна се вика Световно Мудар. Тоа име добро му стои, најпрвин затоа што се грижи само за учењето на овој свет (1. Јованово 4:5). Затоа секогаш доаѓа во црква во градот Моралност и најмногу го сака тоа учење, бидејќи го спасува од крстот (Галатите 6:2). Бидејќи оди по телесниот пат, тој сака да го расипе и мојот, иако тоа е вистински пат. Постојат три работи во неговото учење од кои треба целосно да се одвратуваш:

  1. Тој те одвлече од вистинскиот пат,
  2. Се трудеше крстот да ти стане одбивен,
  3. Ги сврте твоите нозе на патот кој води до смртта.

–           Прво, треба да се згрозиш од тоа што те одвлече од патот и од твојата согласност на тоа. Со тоа го отфрли Божјиот совет и ги следеше упатствата на Световно Мудриот. Господ вели: „Борете се да влезете низ тесната врата, зашто ви велам: мнозина ќе настојуваат да влезат, но не ќе можат“ (Лука 14:26; Матеј 7:13, 14). Овој лош човек те одврати од тесната врата и од патот кој води натаму, така што за малку не те одведе во пропаст. Значи, треба да жалиш што го послуша.

–           Второ, чувај се од неговата намера крстот да ти стане одбивен, бидејќи тој треба да ти биде посладок од сето египетско богатство (Евреите 11:25, 26). Покрај тоа, Царот на славата ти рекол дека тој кој сака да со спаси својот живот ќе го загуби, и дека оној кој доаѓа при Него, а не ги намрази: татка си и мајка си, и жена си, и децата, и браќата и сестрите, па и својата сопствена душа, не може да биде Негов ученик“ (Марко 8:35, Матеј 10:39, Лука 14:26; Јован 12:25). Значи ти велам дека треба да се гнасиш од тоа кога некој те наговара дека ќе биде на твоја пропаст она без кое Вистината вели дека не можеш да имаш вечен живот.

–           Трето, чувај се да не ги заведе твоите нозе на патот кој води во смрт. Сети се каде те праќал, бидејќи тој човек не може да те ослободи од твоето бреме. Оној кај што беше испратен се вика Легалност. Тој е син на една робинка која заедно со своите деца се уште се наоѓа во ропство. Таа ја претставува гората Синај за која стравуваше дека ќе ти падне на глава. Значи, ако таа и нејзините деца се во ропство, на кој начин ќе можат тебе да те ослободат? (Галатјаните 4:22, 25) Легалност не може да те спаси од твојот товар. Никој досега не бил ослободен од него ниту тоа ќе се случи во иднина, бидејќи „не може да се оправдате со делата на законот.“ Со делата на законот никој не може да се ослободи од својот товар. Господинот Световно Мудар е непријател, а господинот Легалност измамник. Што се однесува до неговиот син Учтивност, без оглед на неговиот насмеан изглед, тој е лицемер и не може да ти помогне. Верувај ми, овие несреќници се трудат со своите празни зборови да ти го украдат спасението и да те одвлечат од патот на кој те испратив.

Потоа Евангелистот гласно се помоли Бог да го потврди она што го рече. На тоа се слушна глас и почна да светкаат молњи од гората под која се наоѓаше кутриот Христијанин. По оваа случка, морници го полазија по целото тело. Се слушнаа следните зборови: „Сите оние што се од делата на законот се под клетва, зашто е пишано: ‘Проклет да е секој, кој не исполнува постојано се што е напишано во Книгата на Законот.’“ (Галатјаните 3:10).

Во вакви околности Христијанинот посака да умре, така што горко заплака, проколнувајќи го моментот кога го сретна господинот Световно Мудар. Илјада пати се нарекуваше будала што го послуша Неговиот совет. Му беше срам, бидејќи советите на овој господин кој потекнуваа од телото, надвладејаа врз него и причинија да се одвлече од вистинскиот пат. Потоа се сврте кон Евангелистот и му рече:

–           Што мислиш, господине? Дали се уште има надеж? Дали може да се вратам и да го продолжам патот до тесната врата? Дали поради ова ќе бидам отфрлен и вратен назад во срамота? Жал ми е што го послушав советот на тој човек, но дали мојот грев може да биде простен?

Евангелистот му рече:

–           Многу згреши, бидејќи направи две зла. Скршна од вистинскиот пат за да одиш по забранети патеки, но чуварот на вратата сепак ќе те прими, бидејќи тој е исполнет со добра волја кон сите луѓе. Само внимавај повторно да не скршнеш и да не загинеш ако неговиот гнев и малку се разгори.

Сподели го ова:

Similar Posts