4 ГЛАВА

Сподели го ова:

Но кога остана сам во Долината на Понизноста, сиротиот Христијанин доживеа многу маки. Само што тргна, здогледа еден зол демон како му доаѓа в пресрет. Тоа беше Аполион (Откровение 9:11). Тогаш Христијанин се исплаши и не знаеше дали да стои во место или да се врати. Но, се сети дека нема оклоп на својот грб, така што, ако му го сврти грбот на Аполион, овој лесно ќе може да го прободе со своите стрели. Затоа се одлучи да не се повлекува затоа што си мислеше дека дури и да не мисли на повеќе освен да го спаси својот живот, најдобро ќе биде да не се повлекува.

Тогаш тргна напред и се сретна со Аполион. Беше страшно да гледа во ова чудовиште. Имаше крлушки како риба (со нив многу се гордееше), а крилјата му беа како змеј; нозете му беа како на мечка, а од грлото му излегуваше пламен и чад а устата му беше како на лав. Кога му пристапи на Христијанинот, презриво го погледна и почна да го прашува: Од каде доаѓаш и каде си тргнал?

Одам од градот Пропаст кој е исполнет со секакви зла и патувам кон градот Сион.

–           Значи дека си еден од моите поданици, бидејќи целата земја ми припаѓа мене. Таму јас сум кнез и бог рече Аполион. Тогаш, зошто побегна од својот цар? Кога не би се надевал дека на повеќе служба од тебе, со еден удар би те кутнал на земјата.

–           Навистина се родив во твоето царство, возврати Христијанинот, но твојата служба беше тешка, така што од платата не можеше да се живее, бидејќи плата за гревот е смрт (Римјаните 6:23). Така кога преминав во зрели години и барав да ја поправам својата состојба како што прават и другите разумни луѓе.

–           Не постои кнез кој туку така би ги пуштил своите поданици, така што ни јас тебе нема да те пуштам. Но, бидејќи се жалиш на условите и платата, врати се дома а јас ти ветувам дека ќе ти дадам колку што може повеќе да даде тоа место рече Аполион.

–           Но, јас веќе му се дадов себеси на Царот на Царевите. Тогаш како би можел да се вратам со тебе? рече Христијанинот.

–           Ти си како што вели поговорката: „Паднат од лошо кон полошо“. Тоа обично се случува кај оние кои тврдат дека се Негови слуги кои по кратко време ќе му го свртат грбот и ќе се вратат кај мене. Тогаш дојди и се ќе биде во ред.

–           Јас му се дадов Нему преку вера и положив заклетва на верност кон Него рече Христијанинот. Како би можел сега да се откажам. Зар не би заслужил да бидам обесен како предавник?

–           Мене ме изневери на тој начин, но јас сум подготвен да ти простам, само ако ми се вратиш.

–           Тебе ти се заколнав во незрелост. Сметам дека кнезот на кого сега му служам може да ме ослободи од заклетвата и да ми го прости она што го правев во деновите кога те слушав тебе. Покрај сето тоа, разорувачу Аполионе, сакам да ти кажам една вистина: ја сакам Неговата служба, Неговата плата, Неговите слуги, Неговата власт, Неговото друштво и Неговата земја повеќе отколку твојата. Затоа престани да ме наговараш. Јас сум Негов слуга и Него ќе го следам возврати Христијанинот.

–           Освести се малку и размисли што те чека на патот по кој си тргнал. Ти знаеш дека Неговите слуги лошо поминуваат, бидејќи се престапници на моите патишта. Колкумина од нив досега срамно загинале! Ти велиш дека повеќе ја сакаш Неговата служба отколку мојата, но Тој никогаш не се симнал од местото на кое се наоѓа да им помогне на оние кои му служат. Што се однесува до мене, целиот свет знае колку пати сум ги ослободил од Него и Неговите слуги оние кои со сила или измама верно ми служеле. На таков начин и тебе ќе те ослободам рече Аполион.

–           Засега тој се воздржува да ги ослободи, бидејќи сака да ја испроба нивната љубов и да види дали ќе му останат верни до крајот. Што се однесува до злото кое постојано ги следи, тоа сепак ќе им биде засметано во нивните славни заслуги, бидејќи тие не се надеваат многу на сегашното ослободување. Трпат заради вечна слава која ќе ја примат кога Нивниот Цар ќе дојде во Својата и славата на ангелите.

–           Ти веќе си го изневерил. Како мислиш дека ќе примиш плата?

–           Во што сум бил неверен Аполионе?

–           Се поколеба штом тргна на патот кога за малку ќе се удавеше во мочуриштето Очај почна да клевети

Аполион. Ти се обиде на погрешен начин да се ослободиш од товарот, наместо да бидеш трпелив додека твојот Кнез не го симне од твоите плеќи. Заспа со погрешен сон и го изгуби она што ти беше најдрагоцено. За малку не се врати кога ги погледна лавовите. Кога зборуваш за патот и се што виде и слушна, ти се фалиш со тоа во своето срце.

Сето тоа е вистина рече Христијанинот но има многу други работи кои ги заборави, така што Кнезот на кого му служам и кому му оддавам чест е милостив и подготвен да прости. Освен тоа, овие слабости се наоѓаа кај мене додека бев во твојата земја, токму таму ги стекнав. Под нив стенкав, но се покајав и примив простување од мојот Кнез.

Борба со Аполион

Тогаш Аполион се разбесна и рече:

–           Јас сум непријател на тој Кнез, го мразам Него, Неговите закони и Неговиот народ. Кај тебе дојдов да ти се спротивставам.

–           Аполионе, пази што правиш, бидејќи одам по патот на Царот, на патот на светоста. Затоа, внимавај што правиш.

Тогаш Аполион се испречи преку целиот пат и рече:

–           Јас не се плашам заради тоа. Подготви се да загинеш, затоа што се колнам во мојот пекол дека нема да мрднеш понатаму. Овде ќе ти ја погубам душата.

Кога го рече тоа, фрли огнена стрела кон градите на Христијанинот, но, тој го подигна штитот што го држеше в раце и со него ја одби стрелата. Потоа го извади мечот

од кориците, бидејќи виде дека ќе треба да се бори. Аполион фрли дожд од стрели на него, та иако Христијанинот огнено се бранеше, некои сепак го погодија во главата, рацете и нозете. Христијанинот малку се повлече, така што Аполион уште пожестоко навали на него. Христијанинот се охрабри, јуначки се бореше колку што можеше. Оваа жестока борба траеше околу половина ден. Христијанинот беше речиси целосно исцрпен поради здобиените рани, така што неговата сила се повеќе слабееше.

Кога Аполион го виде тоа, ја искористи можноста да продолжи одблизу да го напаѓа. Христијанинот падна и го испушти мечот од рацете.

–           Сега си мој рече Аполион и навали и скоро да го згмечи поради што Христијанинот очајуваше за својот живот. Но, додека Аполион го подготвуваше својот последен удар, Христијанинот, според Божјата волја, брзо го дофати мечот, го подигна и рече:

–           Немој да се радуваш непријателу мој. Ако паднав, ќе станам! (Михеј 7:8) и му зададе смртен удар, така што овој се повлече како некој кој има примено смртоносна рана. Кога го виде тоа Христијанинот навали и рече: „Но во се ова победуваме надмоќно преку Оној, кој не возљуби“ (Римјаните 8:37-39).

Потоа Аполион ги рашири своите змејови крилја и одлета, така што Христијанинот повеќе не го виде одредено време.

Никој не може да замисли ваква борба, доколку не ја доживеа како мене лично. Аполион за сето време на борбата врескаше и гнасно рикаше; тој зборуваше како змеј. Од друга страна, Христијанинот воздивнуваше и стенкаше. Колку што забележав, ниеднаш не се насмевна се до моментот кога виде дека со својот меч со две острици не го прободе Аполион. Христијанинот тогаш погледна кон небото. Тоа беше нешто најстрашно што некогаш сум видел.

Така кога борбата заврши, Христијанинот рече: „Тука му благодарам на Оној кој ме избави од устата на лавот; на Оној кој ми помогна против Аполион.“ И потоа исто така рече:

Велзевул, кнезот на овој ѓавол,

Ја замисли мојата пропаст и заради тоа,

Го испрати овој наоружан демон,

И тој со пеколен гнев, жестоко ме нападна,

Но благословениот Михалјо во помош ми пријде,

И јас заради мојот меч, набрзо на бег го приморав, Заради тоа Нему јас ќе му одавам многу пофалба,

И секогаш ќе му блаѓодарам и благословувам Неговото свето име.

Излекуван и закрепнат

Тогаш видов како кон него се подава некоја рака со лисја од дрвото на животот. Христијанинот ги зеде овие лисја, ги превитка раните што ги доби во борбата, така што тие беа веднаш излекувани. Потоа седна да касне малку леб и да се напие вино од матарката што пред малку му беше дадена. Кога закрепна, тргна по својот пат со извлечениот меч во раката и рече: „Не знам дали овде има и други непријатели.“ Но до крајот на оваа долина Аполион повеќе не го напаѓаше.

Долината на смртната сенка

На крајот на долината, се простираше друга која се викаше Долина на Смртната Сенка. Бидејќи патот во Небесниот град водеше преку неа, Христијанинот мораше да помине од тоа место. Оваа долина беше многу пуста. Пророкот Еремија ја опишал како: „пустина, пуста земја, едвај проодна, по сува и мрачна земја, по земја низ која никој не поминува (освен Христијанинот), ниту пак некој се населува.“ (Еремија 2:6)

На ова место Христијанинот го снаоѓаат уште поголеми маки отколку борбата со Аполион. Ќе видиме што се случуваше.

Двајца на патот

Кога Христијанинот дојде до влезот во Долината на Смртната Сенка, во сонот видов како го сретнаа двајца луѓе. Тоа беа синови на оние што ги пренесоа лошите гласови за добрата земја и се брзаа да се вратат назад. Христијанинот им се обрати со следните зборови:

–           Каде одите?

–           Назад! Ако се грижиш за својот живот или мир подобро и ти да тргнеш со нас му рекоа луѓето во брзање.

–           Зошто?

–           Зошто? Ние одевме по овој пат по кој и ти одиш, се додека имавме смелост. Малку фалеше да не се вратиме, бидејќи, ако отидевме уште малку понатаму, никогаш повеќе не би можеле да се вратиме за да ти го јавиме тоа.

–           Што ви се случи праша Христијанинот.

–           Скоро бевме стигнати во Долината на Смртната Сенка, но за среќа погледнавме напред и видовме какви опасности не чекаат.

–           А што видовте?

–           Што видовме! Целата долина е црна како ноќ. Видовме џуџиња, изроди и змејови од бездната; слушнавме викање и лелекање, како луѓето оковани со железо да се мачат во неопишани маки. Над долината се надвија облаци на очајување и збрка. Над неа смртта ги раширила своите крилја (Јов 3:5; 10:22). Со еден збор, тоа е ужасно место во голема збрка зборуваа преплашените луѓе.

–           Според ова што го кажувате, гледам дека токму тука води патот до пристаништето во кое сакам да стигнам (Еремија 2:6).

–           Ти можеш да продолжиш, но ние повеќе нема да одиме по тој пат му рекоа луѓето.

Во долината

Така се разминаа а Христијанинот го продолжи патот се уште со голиот меч во раката, во страв некој да не го нападне.

Потоа во сон видов како по должината на целата долина покрај патот лежи една длабока јама (Псалм 69:14, 15). Тоа е јама во која со векови слепите ги воделе слепите и заедно паднале во неа (Матеј 15:14). Од левата страна се наоѓаше едно многу опасно мочуриште во која, ако падне некој добар човек, нема да наиде на тврда подлога под нозете. Царот Давид еднаш паднал во тоа мочуриште и сигурно би се удавил кога Оној, кој е моќен да спаси, не би го извадил од него (Псалм 69:14).

На ова место патеката беше многу тесна, а тоа на Христијанинот му задаваше големи маки. Кога сакаше да се одржи во оваа црна темнина и да не падне во јамата од едната страна, малку фалеше да не пропадне во мочуриштето од другата страна. Кога сакаше да ја избегне калта, лесно би паднал во јамата кога не би бил доволно внимателен. На тој начин многу полека одеше понатаму. Го слушнав како тешко воздивнува, бидејќи и покрај споменатите опасности, патеката на тоа место беше толку мрачна што често пати не знаеше каде да ја спушти ногата при следниот чекор.

Среде долината, покрај патот, ја здогледав устата на пеколот, која беше на работ на патеката. „Што да правам?“ си помисли Христијанинот. Оган, чад и искри од време на време со страшна бучава излегуваа нагоре. Тука Христијанинот не можеше да направи ништо со својот меч кој му помогна во борбата со Аполион и затоа го врати на место и се фати за едно друго оружје молитвата (Ефесјаните 6:18). Го слушнав како гласно вика:

О Господе, те молам спаси ја мојава душа! (Псалм 116:4) Така одеше некое време, но огнените јазици постојано го досегнуваа. Слушаше страшни гласови и удари, мислејќи дека ќе го растргнат и ќе го изгазат како калта по улиците. Тоа траеше голем дел од патот. Кога дојде до местото каде што му се причини дека слуша како му се приближува непријателска чета на демони, застана за момент и размисли како да постапи. Помисли да се врати назад, но тогаш се сети дека можеби изминал повеќе од половина пат. Се присети како надвладеа многу опасности и дека би било поопасно да се врати назад, отколку да оди напред. Затоа одлучи да го продолжи патувањето.

Но, демоните се повеќе му се приближуваа. Кога му се приближија, тој со силен глас извика: „Јас одам во силата на Господа Бога!“ (Псалм 71:16) Тие веднаш отстапија и не продлжија понатаму.

Но има нешто што не смеам да го испуштам. Имено, забележав дека Христијанинот толку се збуни, така што не можеше да го препознае својот сопствен глас. Токму кога дојде до близина на јамата што гореше, еден од злобниците му се приближи зад грбот и на уво почна дошепнувајќи да му сугерира лоши богохулни работи. На Христијанинот му се причинуваше дека тоа се неговите сопствени мисли. Ова го збуни повеќе од се друго што му се случи, та многу се зачуди што го проколнува Оној кој дотогаш толку многу го сакаше. Кога би можел тој не би го направил тоа, но тој немаше таква сила да ги стопре своите уши ниту пак да знае од каде доаѓаа таквите богохулија.

Зора

Додека Христијанин така обесхрабрено одеше некое време, му се причини дека слуша глас на човек што одеше пред него и зборуваше: „Кога би одел по долината на смртната сенка, нема да се плашам, бидејќи Ти си со мене“ (Псалм 23:4).

Тогаш се израдува од следните причини:

Прво, затоа што дојде до заклучок дека во долината има уште некој кој се плаши од Бога. Второ, затоа што сфати дека, иако патува низ темнина и доживува стравотии, Бог е со него. „Зошто да не биде со мене?“ си помисли „иако не гледам јасно заради неволјите кои ме опкружуваат!“ (Јов 9:11). Трето, затоа што се надеваше дека, ако го стигне човекот што одеше пред него, ќе има друштво по патот. Затоа одеше понатаму и го повикуваше оној што беше пред него. Но бидејќи и другиот мислеше дека е сам, тој не се одѕиваше. Наскоро зазори и христијанинот извика: „Тој ја претвора смртната сенка во утро!“ (Амос 5:8)

Бидејќи дојде утрото, тој погледна назад, не со желба да се врати, туку на дневна светлина да види низ какви опасности поминал во ноќта. Можеше јасно да ја види бездната од едната страна, мочуриштето од друга страна и тесната патека што водеше меѓу нив. Ги виде изродите, сеништата и змејовите од бездната, но сега оддалеку, бидејќи на дневна светлина не смееја да му се приближат. Јасно го согледа она што го пишува во Светото Писмо: „Тој ги открива темнините на длабочините и смртната сенка ја изведува на светлина“ (Јов 12:22).

Втората половина од патот

Христијанинот многу се радуваше што се избави од сите опасности што го следеа на пустата патека. Сега опасностите од кои толку се плашеше можеше појасно да ги види, бидејќи ги осветлуваше светлината на денот. Во исто време излезе сонцето, што за Христијанинот беше уште една укажана милост. Имено, треба да знаете дека првиот дел од Долината на Смртната Сенка беше опасен, додека вториот низ кој требаше да помине беше уште поопасен. Од местото каде што се наоѓаше, па се до крајот на долината, целата патека беше испреплетена со стапици и мрежи што висеа озгора, а на самиот пат се наоѓаа јами, бездни и дупки, така што, кога би поминал по овој дел од

патот ноќно време, илјада пати би ја изгубил својата душа. Но, како што реков претходно, сонцето изгреваше: Тогаш тој рече: „Неговиот светилник свети над мојата глава, а Неговата светлина ме водеше низ темнината“ (Јов 29:3).

Незнабошко и Папа

Во таа светлина стигна до крајот на долината. Сега во сонот видов дека на крајот на долината имаше крв, коски, пепел и смачкани тела на патници кои претходно оделе по овој пат. Додека размислував за тоа, напред видов една мала пештера каде што во старо време живееа два џина, Незнабошко и Папа. Овие двајца многу патници измачувале до смрт и затоа на тоа место се наоѓаше крв, пепел и коски. Но, Христијанинот помина покрај тоа место без голема опасност. Тоа многу ме зачуди. Подоцна дознав дека Незнабошко одамна умрел, а другиот бил се уште жив, но поради борбите што ги водел во младоста веќе бил изнемоштен и стар, зглобовите му се вкочаниле, така што не можел ништо друго да прави, освен да седи пред својата пештера исмевајќи им се на патниците што минувале и гризејќи ги ноктите поради тоа што не можел да ги дофати.

Го видов Христијанинот како оди по својот пат. Но кога го здогледа старецот пред пештерата, не знаеше што да мисли за него, особено затоа што тој му се закануваше, бидејќи не можеше лично да го дофати:

–           Нема да се поправите додека повеќемина од вас не бидат запалени!

–           Но, Христијанинот не се вознемируваше поради тоа и мирно замина понатаму. Потоа Христијанинот запеа:

О, свет на чудеса (не можам да кажам помалку),

Да јас бидам спасен во оваа неволја,

Со која овде се сретнав.

Благословена да биде раката која ме избави.

Опасности во темнина, демони, пекол и грев ме опкружија, додека бев во оваа долина.

Да, клопки, јами и стапици и мрези лежеа на мојот пат За јас недостојниот и глупак бидам фатен, заплеткан, Но, бидејќи јас живеам, нека Исус ја носи круната.

Сподели го ова:

Слични објави