2 ГЛАВА

Сподели го ова:

Тогаш Христијанинот се спреми да оди назад. Евангелистот го бакна, му се насмевна и му посака добар пат. Христијанинот продолжи со брзи чекори и со никого на патот повеќе не разговараше. Дотолку повеќе, кога некој нешто ќе го запраша, тој не одговараше. Одеше како низ забрането подрачје и не можеше да се чувствува безбедно се додека не стигна на патот од кој скршна кога го послуша советот на Световно Мудриот. На тој начин, по одредено време стигна до портата. Над вратата пишуваше: „Чукајте и ќе ви се отвори“ (Матеј 7:7). Тој затоа затропа, повеќе од еднаш или двапати, велејќи:

Може ли да влезам овде? Дали Тој одвнатре ќе ми се сожали и ми отвори,

И покрај тоа што бев незаслушен бунтовник?

Тогаш јас нема да пропуштам да му пејам Нему слава на висините.

Разговор со Доброволја

Конечно дојде еден човек со сериозно лице по име Доброволја и го запраша кој е, од каде доаѓа и што бара. Христијанинот одговори:

–           Јас сум беден и обременет грешник. Одам од градот Пропаст кон гората Сион за да се спасам од гневот кој доаѓа. Кажи ми господине, дали ќе ме пуштиш, бидејќи ми рекоа дека патот води преку оваа врата.

–           Од цело срце, рече Доброволја и ја отвори вратата. Христијанинот штотуку се подготвуваше да влезе, кога овој нагло го повлече внатре.

–           Што значи ова? се изненади Христијанинот, а овој му одговори:

–           Недалеку одовде се наоѓа една голема тврдина во која владее Велзевул. Оттаму тој и неговите поданици ги гаѓаат со стрели оние кои приоаѓаат кон оваа врата, како не би погинале пред да влезат.

Патникот пред вратата

–           Целиот треперам од радост! рече Христијанинот. Тогаш Доброволја го запраша кој го прати на ова место.

–           Евангелистот ми рече да дојдам на оваа врата и да затропам. (Јас тоа и го направив) Ми рече дека ти треба да ми кажеш што треба понатаму да правам.

–           Пред тебе е отворена вратата и никој не може да ја затвори, рече Доброволја.

–           Сега почнувам да ја жнеам ползата од своите опасности.

–           Но зошто дојде сам на ова место? продолжи да прашува Доброволја.

–           Затоа што никој од моите соседи не ја согледа опасноста како мене.

–           Дали некои од нив знае дека си тргнал на ова место?

–           Да, одговори Христијанинот најпрвин ме видоа жената и децата и ме повикуваа да се вратам. Некои од соседите викаа по мене да се вратам, но јас ги затворив ушите со прсти и го продолжив својот пат.

–           Зар никој не тргна по тебе за да те наговори да се вратиш? запраша Доброволја.

–           Да, тоа беа Тврдоглав и Свитлив. Кога видоа дека не можат да ме наговорат, откако почна да ме исмејува, Тврдоглав се врати, а Свитлив одредено време одеше со мене, одговори Христијанинот.

–           Тогаш зошто не дојде со тебе?

–           Убаво се согласувавме се додека не стигнавме до мочуриштето Очај. Одненадеш паднавме во него. Тоа го бесхрабри мојот сосед Свитлив, така што не сакаше повеќе да продолжи. Затоа се извлече од онаа страна кон неговата куќа и ми рече самиот да продолжам да ја барам земјата за која му зборував. Така тој тргна по својот пат, а јас по својот. Тој тргна по Тврдоглав а јас до оваа врата.

–           Колку ли беден човек! рече Добраволја. Зар небесната слава толку малку вреди сметајќи дека не му се исплати да претрпи опасност од неколку неволји за да ја придобие?

–           Ти ја кажав целата вистина за Свитлив, но ако ја кажам вистината за мене, ќе изгледа дека јас не сум подобар од него, бидејќи и јас скршнав на патот кој води во смрт, затоа што бев убеден од телесниот аргумент на Световно Мудриот.

–           Што, зар западна во неговите раце? рече Добраволја. Сигурно ти кажа да побараш олеснување кај господин Легалност. И едниот и другиот се измамници. Дали го послуша неговиот совет?

–           Го послушав додека се осмелував. Отидов да го барам господин Легалност се додека не ми се пристори дека гората пред неговата куќа ќе ми падне на глава. Затоа морав да застанам рече Христијанинот.

–           Таа гора на многумина им донела смрт, а тоа ќе го направи и со мнозина други; добро направи што избега од таму, додека истото не те распарчи додаде Доброволја.

–           Навистина не знам што ќе ми се случеше ако не го сретнав Евангелистот. Се наоѓав во голем очај, но Бог преку Својата милост го прати кај мене. Во спротивно никогаш не би стигнал на ова место. Сега дојдов онаков каков што сум. Иако заслужував да доживеам смрт под она брдо, а не разговор со својот Господ, многу се радувам што ми беше дозволено да влезам на ова место се радуваше Христијанинот.

–           Ние никому не му префрламе за она што го направил пред да дојде ваму рече Доброволја. Ако некој дојде нема да биде исфрлен надвор. Туку, тргни по мене малку, добар Христијанину, па ќе ти го покажам патот по кој треба да одиш. Погледни пред тебе, дали го гледаш тој тесен пат? Тоа е патот по кој мораш да одиш. Него го разгазиле патријарсите, пророците, Христос и апостолите. Патот е прав како да е направен од линијар и треба по него да се движиш.

–           Зар таму нема никакви скршнувања и кривини каде што човек би можел да заталка? запраша Христијанинот.

–           Постојат многу криви и широки патишта кои се вкрстуваат со овој пат. Но добриот пат лесно се препознава бидејќи тој е прав и тесен (Матеј 7:13) рече Доброволник.

Потоа во својот сон видов како Христијанинот го прашува дали може да му помогне да го симне товарот од плеќите, бидејќи се уште го носеше, а без помош не можеше никако да го симне.

–           Стрпи се уште малку додека не стигнеш до местото на избавување рече Доброволја, таму товарот ќе ти падне од грбот од себеси.

Христијанинот тогаш почна да се подготвува да го продолжи патот. Доброволја му рече дека, кога ќе се оддалечи од вратата, ќе стигне во куќата на Толкувачот каде што треба да затропа. Тој ќе му покаже прекрасни нешта. Потоа Христијанинот се поздрави од својот пријател кој му посака добар пат.

Христијанинот продолжи да оди додека не стигна до куќата на Толкувачот. Тука зачука неколку пати. Наскоро некој се појави и праша кој чука.

–           Јас сум патник кого еден познаник на господарот на оваа куќа го прати на ова место за да слушнам некои корисни работи рече христијанинот.

Тој го повика домаќинот на куќата кој по кратко време дојде и го запраша Христијанинот што сака.

–           Јас патувам од градот Пропаст и одам кон гората Сион. На почетокот на овој пат, чуварот на вратата ми рече да наминам на ова место, бидејќи тука ќе ми бидат покажани прекрасни работи кои многу ќе ми помогнат на патот раскажа Христијанинот.

–           Влези внатре рече Толкувачот и ќе ти покажам корисни работи.

Седум видни работи

Тој го повика Христијанинот да го следи и му рече на својот слуга да запали една свеќа и да ја отвори вратата во една соба. Тој тоа го стори и Христијанинот таму здогледа слика на еден многу сериозен човек која висеше на ѕидот. Сликата претставуваше човек чиишто очи беа подигнати кон небото. Во раката ја имаше најдобрата книга, на усните му беше запишан законот на вистината, а светот се наоѓаше зад неговиот грб. Стоеше како да апелираше до луѓето, додека над главата му висеше златна круна.

–           Што значи ова? запраша христијанинот. Толкувачот му одговори.

–           Човекот на сликата е еден во илјада. Тој може да роди деца, (1. Коринтјаните 4:15), да биде при тоа во родилни маки (Галатите 4:19) и самиот да ги негува кога се родени. А тоа што очите му се насочени кон небото, во раката ја држи најдобрата книга, а на усните му е запишан законот на вистината, значи дека негова задача е да ги запознае грешниците и да им го открие она што е темно. Тоа што гледаш како да апелира до луѓето, светот да е зад неговиот грб а круната му лебди над главата, тоа покажува дека ги омаловажува и ги презира работите на овој свет (Филипјаните 3:13) поради љубовта кон службата на својот Господар. Тој е сигурен дека на оној свет го очекува слава како награда. Најпрвин ти ја покажав оваа слика, бидејќи тој човек е единствениот кого Господарот на местото каде што патуваш го ополномоштил да ти биде водач во сите тешки ситуации што ќе ги доживееш на патот. Затоа внимавај на тоа што ти го покажав и добро запамети се што виде за да не се сретнеш со луѓе кои зборуваат дека ќе те поведат по добар пат, но всушност нивниот пад води кон смрт.

–           Тогаш го зеде за рака и го поведе во една многу голема соба која беше полна со прашина, бидејќи никој не ја чистеше. Откако малку погледна наоколу, толкувачот повика еден човек да ја измете. Кога овој почна да ја чисти со метла, се крена толку голема прашина која за малку ќе го задушеше Христијанинот. Тогаш Толкувачот и заповеда на една девојка што стоеше во непосредна близина да донесе малку вода и да попрска низ собата. Кога го направи тоа, собата беше изметена и исшистена во угодност.

–           Што значи ова? запраша Христијанинот.

–           Оваа соба е човековото срце кое никогаш не било просветено со милата благодат на евангелието. Прашината е првобитниот грев и внатрешната изопаченост која го извалкала целиот човек. Оној што отпрво ја чистеше е Законот, а девојката што донесе вода за да се испрска собата е Евангелието. Виде колкава прашина леташе на сите страни кога тој запошна да мете. За малку не се задуши во неа, но сепак собата не можеше да биде исчистена од негова страна. Тоа значи дека законот, наместо да го исчисти (преку своето делување) срцето од гревот, тој го заживува и засилува гревот во душата (Римјаните 5:20; 7:5, 6, 9; 1. Коринтјаните 15, 56). И покрај тоа што го открива и забранува гревот, не дава сила за негово потчинување. Виде како девојката ја испрска собата и со угодност ја исчисти. Тоа покажува дека, кога ќе дојде евангелието, тоа го врши своето благо и драгоцено влијание на срцето. Како што девојката ја исчисти собата прскајќи ја со вода, така и гревот се победува и совладува. Душата се чисти преку вера и така е подесна во неа да се всели Царот на славата. (Јован 15:3; Ефесјаните 5:26; Јован 14:21-23)

–           Потоа видов како Толкувачот го одведе Христијанинот за рака во една мала соба каде што седеа две деца на своите столчиња. Постарото се викаше Страст, а помладото Трпение. Страст беше многу незадоволен, а Трпение беше мошне смирен. Тогаш Христијанинот запраша:

–           Зошто Страст е толку незадоволен?

–           Нивниот старател сака тој најубавите работи да ги сочека до другата година, меѓутоа, тој сака сега да добие се. За разлика од него Трпение е подготвен да чека одговори Толкувачот.

Тогаш здогледав како некој му приоѓа на Страст носејќи полна торба со богатство кое му го истури пред нозете. Овој се израдува и го грабна богатството со потсмев и исмевање кон Трпение. Но за кратко време видов како се растури, така што му останаа само партали. Тогаш Христијанинот му рече на Толкувачот:

–           Објасни ми малку подобро!

–           Двете момчиња се две слики. Страст ги претставува луѓето на овој свет, а Трпение ги претставува луѓето на светот што треба да дојде. Како што гледаш, Страст сака сега да ужива во своето богатство, што значи на овој свет. Такви се луѓето на овој свет, тие уште сега мора се да имаат. Не можат да се стрпат до следната година, односно до другиот свет, за да ја примат својата награда. Изреката која вели дека е подобро едно врапче во раката, отколку две на гранката има повеќе авторитет кај нив отколку сите божествените сведоштва за доброто на светот што треба да дојде. Но, како што виде, за брзо време тој сето тоа го растури и останаа само партали. Така ќе биде и со ваквите луѓе на свршетокот на овој свет.

–           Сега гледам дека Трпение е помудар од повеќе причини рече Христијанинот. Прво, беше подготвен да ги чека подобрите работи. Второ, тој ќе ја прими својата награда кога сите останати ќе имаат само партали.

–           Но, би можел да додадеш и дека славата на оној свет никогаш нема да пропадне (1. Петрово 5:4), додека славата на овој свет за миг ќе исчезне (1. Коринтјаните 7:31). Затоа Страст немаше многу причини да му се смее на Трпение кога тој го прими своето богатство, а Трпение со право ќе може да му се смее на Страст кога на крајот ќе го прими своето богатство. Бидејќи првото мора да му го отстапи местото на последното. Тоа има свое време, но последното не мора никому да му го отстапува местото, бидејќи по него нема што друго да дојде. Оној што прв го добива својот дел, тој брзо ќе го потроши, но оној што последен го прима својот дел, во него вечно ќе ужива. Затоа за богаташот се вели: „Синко, сети се дека ти ги прими своите блага додека беше жив, а Лазар злото! Сега тој се утешува тука, а ти се измачуваш“ (Лука 16:25).

–           Гледам дека не е добро да копнееме по сегашните работи, туку многу подобро ќе биде да го чекаме она што ќе дојде рече Христијанинот.

–           Вистината ја зборуваш, се согласи Толкувачот, бидејќи видливите работи се привремени, а невидливите се вечни (2. Коринтјаните 4:18). Иако е така, бидејќи сегашните работи се поблиски до нашите телесни желби, а работите кои треба да дојдат се оддалечени од нашиот телесен разум, заради тоа првото ги привлекува нашите срца, а кој второто постои толкава оддалеченост. (Римјаните 7:15-25)

Потоа во сонот видов како Толкувачот го води Христијанинот за рака на едно место каде што гореше оган покрај ѕидот. Еден човек стоеше покрај огнот и постојано истураше вода за да го изгасне, но тој се посилно се распламтуваше.

–           Што значи ова? запраша Христијанинот.

–           Тој оган е делото на благодатта остварено во срцето објаснуваше Толкувачот. Оној што ја истура водата за да го изгасне е ѓаволот. Но ќе ти покажам зошто огнот уште посилно гори.

Го одведе на другата страна на ѕидот каде што виде еден човек со сад во раката од кој постојано скришум истураше масло на огнот.

–           Што значи тоа?

–           Тоа е Христос кој постојано со маслото на својата благодат го поддржува делото кое е започнато во душата. Така и покрај се што прави ѓаволот, душата на Неговиот народ и понатаму останува во благодатта. Човекот што го одржуваше огнот стоеше зад ѕидот, што значи дека оној кој доаѓа во искушение тешко може да сфати како делото на благодатта се одржува во неговата душа (2. Коринтјаните 1:9).

Потоа видов како Толкувачот го води за рака на едно прекрасно место каде што се наоѓаше еден прекрасен дворец. Христијанинот многу се израдува на тоа. Забележа како некои се шетаат по ѕидините на дворецот облечени во злато, па затоа запраша:

–           Дали смееме да влеземе? запраша Христијанинот.

Потоа толкувачот го одведе до вратата на дворецот

пред која стоеше мноштво народ. Сите сакаа да влезат, но

не се осмелуваа да го сторат тоа. Малку подолу, од вратата на една маса, седеше човек со книга, перо и мастило и ги запишуваше имињата на оние кои сакаа да влезат. Исто така забележа дека пред портата се наоѓаа многу стражари во оклоп кои настојуваа да им направат какво и да можат зло на оние коишто сакаа да влезат. Христијанинот малку се збуни. На крајот, кога сите отстапија поради страв од наоружаните стражари, Христијанинот забележа еден човек со храбар израз на лицето како му пристапи на оној што ги запишуваше имињата во книгата и му рече: „Запиши го моето име, господине“. Потоа го извлече мечот, го стави шлемот на глава и полета кон портата пред која беа наоружаните стражари. Овие жестоко навалија на него, но човекот не се обесхрабри, туку почна огнено да сече и да удира. Бидејќи се здоби со рани но им зададе и многу на оние кои сакаа да го држат настрана од вратата, си проби себеси пат помеѓу нив и се проби во дворецот. При тоа се слушна угоден глас на луѓето кои се наоѓаа внатре и шетаа по ѕидовите на дворецот. Тие пееја:

Ој влези внатре, влези ај,

Ќе стекнеш вечна слава, рај!

Бидејќи влезе, ја прими истата облека како нив. Христијанинот се насмевна и рече:

–           Мислам дека знам што значи ова. Те молам пушти ме да одам таму.

–           Почекај рече толкувачот додека не ти покажам уште нешто, а потоа можеш да продолжиш по твојот пат.

Повторно го фати за рака и го воведе во една мрачна соба каде што седеше еден човек во железен кафез. Човекот беше многу тажен. Седеше со погледот наведнат кон

земјата, со скрстени раце и воздишки кои изгледаа дека ќе му го препукнат срцето. Тогаш Христијанинот запраша:

–           Што значи ова?

Толкувачот му рече самиот да поразговара со човекот. Тогаш, Христијанинот го запраша човекот во кафезот:

–           Кој си ти?

–           Јас сум оној што повеќе не е она што некогаш бев

–           одговори човекот.

–           А што беше?

–           Јас своевремено бев ревен и просперитетен исповедач на евангелието како во моите очи така и во очите на другите. Мислев дека бев подесен да го наследам небото и се веселев на помислата дека ќе стигнам таму продолжи човекот.

–           А што си сега?

–           Сега сум очајник. Затворен сум во очај, претставен со овој челичен кафез. Не можам да излезам, не можам!

–           извика човекот.

–           Па, како дојде во таква состојба запраша Христијанинот.

–           Престанав да внимавам и да се воздржувам. Ги испуштив уздите на сопствените страсти. Згрешив против светлината на Речта и Божјата добрина. Го ожалостив Духот и Тој ме остави. Го искушував ѓаволот и тој дојде кај мене. Го предизвикав Божјиот гнев, и тој ме напушти. Срцето ми се скамени, така што не можам повеќе да се покајам.

Тогаш Христијанинот му се обрати на Толкувачот:

–           Зар за таквиот човек нема никаква надеж?

–           Прашај го него рече Толкувачот.

–           Тогаш рече Христијанинот, Зар нема надеж да излезеш од челичниот кафез на очајот?

–           Нема никаква надеж рече човекот.

–           Но, зошто, Божјиот Син е многу милостив, возврати Христијанинот.

–           Јас Него повторно го распнав (Евреите 6:6), го презирав Него и Неговата праведност (Лука 19:14). Неговата смрт ја сметав за нечиста и погрешив кон Духот на благодатта (Евреите 10:29). Со тоа се исклучив од сите ветувања и повеќе не ми остана ништо друго освен закани, страшни и ужасни закани за неминовниот суд и огнениот Божји гнев кој ќе ме проголта како непријател.

–           Зошто се доведе во таква состојба запраша Христијанинот.

–           Поради страстите, задоволствата и ползата на овој свет. Си ветував себеси големи задоволства, но сега сите тие работи ме гризат како огнен црв (Исаија 66:24; Марко 9:24) рече Очајникот.

–           Па, зошто не се покаеш и не се обратиш?

–           Бог ми го одрече покајанието. Неговата реч не ми дава никакво охрабрување да верувам. Напротив, Тој ме затвори во овој кафез, така што сите луѓе на овој свет не можат да ме ослободат од него. О вечност, вечност, како ќе ја поднесам мизеријата која ми е судена за вечност.

Тогаш Толкувачот му рече на Христијанинот:

–           Добро запомни ја бедата на овој човек и таа вечно нека ти служи како опомена.

–           Тоа е навистина страшно! рече Христијанинот. Бог нека ми помогне да бидам внимателен, да се воздр-

жувам и да се молам за да го избегнам она што ја причинила мизеријата на овој човек. Дали е дојдено време да продолжам понатаму?

–           Чекај да ти покажам уште една работа, а потоа ќе го продолжиш твојот пат одговори Толкувачот.

Го зеде Христијанинот за рака и го одведе во една соба каде што еден човек стануваше од креветот. Додека се облекуваше, целиот трепереше и се тресеше. Тогаш Христијанинот запраша:

–           Зошто овој човек толку се тресе? Толкувачот му рече на човекот да му објасни на Христијанинот што му се случува. Овој започна со зборовите:

–           Ноќеска додека спиев, сонив сон во кој видов како небото многу се замрачи (Откровение 6:12). Имаше толку молњи и грмотевици што многу се исплашив. Погледнав и видов како облаците невообичаено брзо се движат, а слушнав и силен трубен звук (Матеј 24:31; Јован 5:28,29; 1. Коринтјаните 15:52; 1. Солунјаните 4:16). Тогаш видов еден човек кој седеше на облакот со илјадници небесни суштества околу себе. Сите светлеа како и самото небо (2. Солунјаните 1:8; Даниел 7:10-13). Потоа слушнав глас како зборува: „Мртви, станете на суд!“ Тогаш карпите се развалија, гробовите се отворија а мртвите излегоа. Некои од нив многу се радуваа и гледаа нагоре. Некои се обидуваа да се скријат под гората (Откровение 5:15, 16). Тогаш видов како човекот, кој седеше на облакот, ја отвора книгата и го повикува светот да му се приближи (Откровение 20:1113). Но заради силниот оган што излегуваше пред Него, имаше големо растојание помеѓу нив и Него, онака како што прилега на судијата и обвинетите. Потоа слушнав како на оние кои служеа пред Оној што седеше на облакот им беше речено: „Соберете ги каколот, трњето и плевата и фрлете ги во огненото езеро“ (Матеј 3:12; 13:30). Потоа се отвори бездната на местото каде што стоев. На сите страни со огромна бучава од бездната излегуваа чад и вжарен јаглен. Потоа повторно се слушна гласот што им зборуваше на служителите: „Соберете ја мојата пченица во житниците!“ (Лука 3:17) Потоа многумина без земени и однесени на облаците, додека мене ме оставија (Еремија 8:20; 1. Солунјаните 4:16, 17; Матеј 24:40, 41). Се обидов да се сокријам, но не можев бидејќи човекот што седеше на облакот постојано ме гледаше. Се сетив на сопствените гревови, додека совеста ме обвинуваше на сите страни. Потоа се разбудив.

–           Но, зошто толку се исплаши?

–           Па, мислев дека дојде денот на судот, а јас не бев подготвен. Но, најмногу ме исплаши фактот што ангелите одведоа некои луѓе а мене ме оставија, додека бездната на пеколот го отвори своето јадро токму таму каде што стоев. Совеста ме вознемируваше и ми се чинеше дека Судијата со сопствените очи и лицето исполнето со гнев насекаде ме следи. Човекот што трепереше потоа заврши.

Тогаш Толкувачот му рече на Христијанинот:

–           Дали го разбра ова?

–           Разбрав, но тоа во мене создава надеж и страв.

–           Добро запомни ги овие работи за да те поттикнуваат напред на патот по кој одиш. Тогаш Христијанинот почна да се подготвува за натамошниот пат. Меѓутоа, Толкувачот му рече:

–           Утешителот секогаш нека биде со тебе, добар Христијанину и нека те води по патот кој води во Небесниот

град. Тогаш Христијанинот го продолжи својот пат со следните зборови:

Тука видов работи ретки и корисни,

Пријатни, но и страшни; нешта да ме направат стабилен

По патот по кој тргнав.

Помогни ми секогаш да размислувам на нив

За тоа што тие значат и да ти бидам секогаш

благодарен, 

О добар толкувачу.

Сподели го ова:

Слични објави