6 ГЛАВА

Сподели го ова:

Бидејќи скоро поминале преку пустината, Верко се свртел, погледнал назад и забележал дека некој ги следи. Брзо го препознал.

–           О, кој ни доаѓа рече Верко.

Христијанинот погледна и извика:

–           Тоа е мојот добар пријател Евангелистот!

–           Тој е и мој добар пријател, рече Верко, бидејќи ме упати на онаа врата.

Евангелистот наскоро ги стигна и ги поздрави:

–           Мир со вас и со сите ваши драги!

–           Добро ни дојде, добар Евангелисту! Кога те гледам веднаш се сеќавам колкава милост ми укажа во минатото и неуморно се трудеше за моето вечно добро, отпоздрави Христијанинот.

–           Илјада пати ти посакуваме добредојде рече Верко.

–           Драг Евангелисту, твоето друштво многу одговара на едни бедни патници како нас.

–           Како поминавте откако се разделивме драги мои пријатели? Што ви се случи и како се снајдовте?

Тогаш Верко и Христијанинот му раскажаа се што им се случи на патот и со какви потешкотии стигнаа на тоа место.

Драго ми е, не затоа што се соочивте со разни неволји, туку затоа што победивте и покрај сите слабости го продолживте патот до ова место. Драго ми е и поради мене и поради вас. Јас посеав, вие пожнеавте, а доаѓа денот кога и оној што сеел и оној што жнеел ќе се радуваат заедно. (Јован 4:36) Но, само ако издржите „бидејќи ќе жнееме во право време ако не се умориме“. (Галатите 6:9) Пред вас се наоѓа непропадливиот венец и вие треба да трчате за да го добиете (1. Коринтјаните 9:24-27). Има луѓе кои ќе тргнат по овој венец и кога ќе поминат одреден дел од патот ќе дојде некој друг и ќе им го одземе венецот. Држете го цврсто она што го имате (Откровение 3:11). Не дозволувајте никој да ви го одземе венецот. Се уште не сте надвор од нишанот на сатаната; „уште не сте се воспротивиле до крв во борбата против гревот“ (Евреите 12:4). Имајте го Божјето царство секогаш пред себе и цврсто верувајте во она што не се гледа. Ништо што му припаѓа на овој свет нека не влезе во вашето срце. Пред се, чувајте се од сопственото срце и неговите желби, бидејќи „поизмамливо од се е срцето, и е страшно грешно.“ (Еремија 17.9). Бидете одлучни како кремен, бидејќи сите сили на земјата и небото се со вас.

Тогаш Христијанинот му заблагодари за охрабрувањето, па го замоли уште малку да им зборува за работите кои би им помогнале во понатамошното патување, затоа што знаат дека тој е пророк и може да им каже за она што може да им се случи на патот. Сакале да дознаат

како да му се спротивстават и да победат. Верко се согласи со нив. Евангелистот започна:

Синови мои, слушнавте во зборовите на вистината на евангелието „дека треба преку многу неволји да се влезе во Божјето царство“ (Дела 14:22), и дека не чекаат окови и неволји по патот. Заради тоа не треба да очекувајте да помине подолго време без истите од еден вид или друг. Самите ја вкусивте вистинитоста на овие зборови но следи и повеќе. Како што може да забележите скоро излеговте од пустината, така што ќе стигнете во еден град кој наскоро ќе го здогледате пред себе. Таму тешко ќе ве нападнат непријателите кои ќе се обидат да ве убијат (Матеј 10:22). Бидете сигурни дека еден од вас а можеби и двајцата ќе мора да го запечатите со крв сведоштвото кое го имате. Но бидете верни до самата смрт и Царот ќе ви го даде венецот на животот (Откровение 2:10). Кој ќе загине таму макар и со неприродна смрт во големи маки, ќе биде во подобра положба од другите. Не затоа што ќе стигне во Божјиот град, туку затоа што ќе избегне многу неволји што ќе ги снајдат другите кои ќе бидат на патот. Но, кога ќе стигнете во градот и кога ќе почне да се исполнува она што ви го реков, сетете се на вашиот пријател и однесувајте се машки со вера предавајќи му ги вашите души на Творецот за чување, како на верен Создател.

Во градот Суетник

Тогаш во сон видов како брзо излегоа од пустината и пред себе здогледаа еден град кој се наречуваше Суетник, и во него се наоѓаше еден саем. Тој се оджува во текот на цела година. Тој се нарекуваше Суетен, бидејќи градот во кој се одржува е поизмамлив од суетата. Се што се

продава или купува во него е суета. Како што вели мудрецот: „се е суета“ (Проповедник 1:2; 2:1,17; Исаија 40:17). Овој саем не е нешто ново, туку потекнува уште од стари времиња. ќе ви кажам како настанал.

Пред околу 5000 години некои патници оделе кон небесниот град како нашиве двајца чесни луѓе. Но, Велзевул, Аполион, Легион (Марко 5:9; Лука 8:30) и нивното друштво кога видоа дека патот на патниците води низ градот Суетник, одлучија да го отворат овој саем на кој ќе се продаваат разни суети и кој ќе работи преку целата година. Затоа на саемот се продава стока како куќи, имоти, занаети, функции, почести, одликувања, титули, земја, царства, похоти, задоволства со разни уживања но и блудници, расипници, жени, мажи, деца, господари, слуги, животи, крв, тела, души, сребро, злато, бисери, скапоцени камења и којзнае што уште не!

И освен тоа, на овој саем во секое време може да се видат жонглирање, измами, игри, глупости, мајмуни, никаквеци и престапници од секаков вид.

На ова место за бадијала може да се гледаат: кражби, убиства, прељуби и проколнување од најлош вид.

Слично како на другите саеми каде постојат неколку реда и улици со своите соодветни имиња каде таква и таква стока се продава така тука има одредени места, редови, улици (имено земји и царства) каде што стоката на овој саем се продава. Тука се наоѓаат улицата британска, француска, италијанска, шпанска, германска и во нив се продаваат многу суети. Но исто како и на другите саеми има еден вид стока која се продава многу повеќе од останатите. Тоа се производите на Рим. Само нашиот англиски народ и уште некои други не ја сакаат таа стока.

Како што реков, патот во небесниот град води низ местото на кое се одржува овој похотен саем. Кој сака во Небесниот град но без да влезе во градот Суетник, „би морал да отиде од светот“. (1. Коринтјаните 5:10; Јован 17:15) Самиот Цар над царевите, кога бил на оваа земја токму на пазарен ден, поминал низ овој град на патот за својата татковина. Ми се чини дека прочуениот сопственик на овој саем Велзевул го повикувал да купи нешто од неговите суетни работи. Мислел да го постави за господар на саемот но под услов да му се поклони додека поминува низ градот. Бидејќи бил ценет гостин, Велзевул го водел од улица до улица покажувајќи му ги сите царства на овој свет, со цел да го измами Благословениот да попушти и да купи некои од неговите суетни работи. Но овој воопшто не се грижел за оваа стока, така што го напуштил градот не трошејќи ни пет пари на суетните работи (Матеј 4:8, 9; Лука 4:5, 7). Значи, овој саем е многу стар и голем а потекнува од древни времиња.

Како што веќе реков, нашите патници мораа да поминат низ градот. Така и направија. Штом влегле во него, сите навалија кон нив и целиот град се возбуди. Тоа се случи од неколку причини.

Прво, патниците беа облечени поинаку од продавачите на саемот. Поради тоа луѓето ги гледаа со зачуденост. Некои зборуваа дека се безумни, некои дека полуделе, а некои дека се обични странци.

Второ, колку што се чудеа на нивната облека, толку беа зачудени и од нивниот говор, бидејќи ретко кој можеше да ги разбере. Тие зборуваа со ханански јазик, а луѓето од тоа место со јазикот на овој свет, така што ги сметаа за туѓинци. Така да оден крај на саемот до друг, тие изгледаа како варвари еден на друг.

Трето, она што најмногу ги зачуди продавачите, беше тоа што патниците не беа заинтересирани за изложената стока. Тие не се гризеа дури ни да гледаат на робата и кога некој ќе навалеше нешто да купат, тие ги затнуваа ушите и викаа: „Одврати ги моите очи да не ја гледаат суетата“ (Псалм 119:37) и ќе погледнеа нагоре како да сакаат да покажат дека нивната стока се наоѓа на небото. (Филипјаните 3:20, 21)

Патниците пред суд

Кога ги виде како се однесуваат, еден потсмешливо им дофрли:

–           Што би сакале да купите? Тие сериозно го погледнаа и му одговориле:

–           Ние ја „купуваме вистината“ (Изреки 23:23).

Поради тоа мноштвото уште повеќе ги презираше.

Некои им се смееја, други им префрлуваа, трети со презир им зборуваа, а четврти ги поттикнуваа останатите да ги тепаат. На крајот се создаде голема збрка, така што дојде до општи нереди. Некој му јави за тоа на господарот на саемот кој брзо пристигна и наименува неколку свои верни поданици да ги приведат луѓето на сослушување заради кој скоро цел саем се преврти. Така тие беа донесени на испитување. Ги прашуваа од каде се, каде одат и што прават во таа чудна облека. Овие им одговорија дека се патници и странци на овој свет и дека одат во својата земја која се нарекува Небесен Ерусалим (Евреите 11:13-16) и дека не им дале никаков повод на граѓаните и трговците да ги злоупотребуваат и да им пречат на патот освен тоа што некој ги прашал што сакаат да купат, а тие одговорија дека ја купуваат вистината. Оние што беа одредени да поведат истрага мислеа дека се лажливци, безумци или бунтовници кој дошле со намера да го растурат саемот. Затоа ги одведоаа, ги камшикуваа, ги намачкаа со кал, а потоа ги затворија во кафез за да може сите да ги гледаат (1. Коринтјаните 4:9; Евреите 10.33). Така лежеа одредено време и беа предмет на исмејување, злоупотребување и презир, додека господарот на саемот се смееше на нивната немоќ.

Но, тие беа трпеливи и не враќаа зло за зло, туку напротив, ги благословуваа оние што ги мачеа, возвраќајќи им со добри зборови и љубезност за нивната грубост. Некои од трговците кои беа помалку расипани од останатите се обидуваа да ги задржат И укорат порасипаните од нив за да не ги угнетуваат сиромашните патници. Но, овие навалија и на нив, сметајќи дека се исто така лоши како и луѓето во кафезот, зборувајќи дека се можеби нивни другари кои би требало да ја поделат истата судбина со нив. Другите зборуваа дека тие луѓе се мирни, сериозни и никому не сакаат да направат лошо, а дека има многу други кои тргуваат на саемот а кои заслужуваат да бидат ставени во кафез и се многу повиновни од луѓето кои сега ги злоупотребуваат.

Бидејќи одредено време се препирале и се карале, додека луѓето во кафезот мудро се однесувале, почнале меѓусебно да се тепаат и едни на други да си нанесуваат тешки повреди. Тогаш двајцата повторно ги изведоа пред судот и ги обвинија за новонастанатата збрка. Немилосрдно ги камшикуваа, ги врзаа со синџири и ги поведоа низ саемот како пример и опомена за сите кои би можеле да зборуваат во нивна одбрана или да им се приклучат. Но

Христијанинот и Верко уште помудро се однесуваа, така што исмевањето и срамот го примија со уште поголема кротост и трпение и со тоа придобија неколку трговци чиј број, во споредба со останатите, сепак беше мал. Ова уште повеќе ги налути останатите, така што решиле овие двајца да ги погубат. Дојдоа до заклучок дека не е доволно да ги држат оковани во кафез, туку треба да бидат казнети со смрт за злото кое го направија мамејќи ги луѓето на саемот. Затоа повторно ги вратија во кафезот оковувајќи им ги нозете во пранги, додека да решат што ќе прават со нив.

Меѓутоа, овие двајца се сетија што им кажа нивниот верен пријател Евангелист и уште повеќе се охрабрија во своите страдања од она што тој им кажа дека ке им се случи. Сега почнаа да се утешуваат еден со друг, бидејќи оној што ќе настрада навистина подобро ќе помине. Затоа двајцата потајно се надеваа дека ќе бидат убиени, но се предадоа во рацете на Оној кој управува со вселената и мирно чекајќи да видат што ќе им се случи на крајот.

Кога дојде време да им судат и да ги казнат, ги изведоа пред судот за да го осудат. Кога времето дојде тие беа обвинети пред нивните непријатели. Судијата се викаше Добромрзец. Иако обвиненијата малку се разликуваа, главно се се сведуваше на исто и гласеше вака: „Тие се непријатели и рушители на трговијата. Создавале врева и правеле поделби по градот. Кон своите опасни идеи привлекле луѓе, во спротивност со законите на нашиот владетел“.

Тогаш Верко почна да одговара дека се противел само на она кое се противело на оној кој е Највозвишен.

–           А што се однесува на збрката, јас не ја направив, бидејќи сум мирен човек (Римјаните 12:18). Оние што ги привлековме на наша страна поминаа кај нас кога ја видоа нашата искреност и невиност. Тие се свртеа од злото кон доброто. Што се однесува до царот за кој зборувате, тој е Велзевул, непријател на нашиот Господар. Јас не се плашам од него и неговите ангели.

Тогаш беше објавено дека, ако има некој да каже нешто за нивниот цар и против обвинетиот, веднаш да излезе и да ги изнесе своите докази. Се појавија тројца сведоци: Завидливко, Суеверко и Итролиско. Ги прашаа дали го познаваат обвинетиот и што имаат да кажат за царот и против нив. Тогаш стана Завидливко и вака проговори:

–           Господине судија, долго време го познавам овој човек и можам под заклетва да посведочам дека тој е …

–           Чекај, рече судијата нека положи заклетва. Тогаш Завидливко се заколна, па продолжи:

–           Господине судија, овој човек и покрај своето убаво име е еден од најлошите луѓе во нашата земја. Не го почитува царот и народот, ниту пак законите и обичаите. Прави најлоши работи за да ги зарази луѓето со некои издајнички идеи кои ги нарекува принципи на верата и светоста. Во една прилика јас лично го слушнав како зборува дека христијанството и обичаите на нашиот град Суетник се во целосна спротивност и дека не може да се помират помеѓу себе. Тој ги осудува сите наши пофални дела, но и нас самите.

–           Имаш ли уште нешто да кажеш праша судијата.

–           Господине судија, рече Завидливко би можел уште многу да зборувам, но не сакам да им додевам на присутните. Сепак, ако треба повеќе информации за да

тој се осуди, би можел уште нешто да додадам кога ќе завршат останатите сведоци.

Му рекоа да се тргне настрана и го повикаа Суеверко за да го погледне обвинатиот. Го прашаа што има да каже за царот и против него. Тогаш положи заклетва и почна да сведочи:

Суеверко

–           Господине судија, овој човек не го познавам многу, ниту пак сакам да го запознаам повеќе. Но ова го дознав од разговорите што ги имав со него пред некој ден. Тој е многу штетен човек. Додека разговаравме ми рече дека нашата вера е ништовна и со неа човекот не може да му угоди на Бога. И самите вие, господине судија, добро знаете што се крие позади ваквите зборови, односно дека нашата вера е залудна, дека живееме во нашите гревови и дека на крајот ќе бидеме осудени. Толку сакав да кажам.

Потоа Итролиско положи заклетва, и го повикаа што има да каже за царот и против обвинетите.

–           Господине судија и сите присутни! Многу долго го познавам овој човек и го слушнав како зборува за работи кои не треба да се споменуваат. Го нагрдуваше нашиот благороден кнез Велзевул и со презир зборуваше за неговите пријатели меѓу кои беа грофот Стар-човек, грофот Похотен Уживач, грофот Луксузовски, грофот Славољуб Празнославен, грофот Блудниковски, грофот Лакомец Ненаситковски и останатите угледни господа. Рече дека кога сите би го делеле неговото мислење не би постоле никој од овие благородни старешини. Не се колебаше и тебе да те навредува, ти кој си поставен да судиш, нарекувајќи те безбожен никаквец и со други одвратни имиња со кои ги осквернуваше останатите господа од градот.

Кога Итролиско заврши, судијата се обрати кон обвинетиот и му рече:

–           Ти, отпаднику, кривовернику и издајнику, дали ги слушна сведоштвата на овие чесни луѓе против тебе?

–           Дозволете ми да кажам некој збор во своја одбрана рече Верко.

–           Гледај никаквецу, се развика судијата. заслужи да не живееш повеќе. Би требало да загинеш на лице место. Но за да видат како човечки се однесуваме кон тебе, дај да слушнеме што имаш да ни кажеш, отпаднику низаеден!

–           Прво, во одговорот на господинот Завидливко, сакам да го кажам следното: Без разлика како правилата, законите, обичаите или народите се противат на Божјата реч, тие се против христијанството. Ако грешам во ова, ве молам, покажете ми ја мојата грешка и јас сум подготвен пред сите вас да го побијам она што го зборував.

–           Второ, што се однесува до господин Суеверко и неговите обвинувања, јас само реков дека е потребна божествена вера за служба на Бога. Но, нема вера без божествено откровение на Божјата волја. Значи, се што ќе додадете на Божјата служба без божествено откровение потекнува од човечката вера која не не води во вечен живот.

–           Трето, околу она што го рече Итролиско, јас велам (избегнувајќи ги лошите зборови кои велат дека ги употребувам) дека кнезот на овој град и целата свита на негови следбеници кои беа споменати од овој господин, заслужуваат повеќе да живеат во пеколот отколку во овој град и земја. Сега, Господ нека ми се смилува.

Тогаш судијата им се обрати на поротниците (кои за цело време стоеја слушајќи и набљудувајќи).

–           Господо поротници, го видовте човекот за кого се подигна толкава врева во нашиот град. Ги слушнавте сведоштвата на овие чесни луѓе против него. Го слушнавте и неговиот говор и признание. Сега вие треба да го осудите или да му го спасите животот. Но, моја должност е да ве потсетам на нашиот закон. За време на владеењето на фараонот, слугите на нашиот кнез прогласија закон, со цел оние кои припаѓаат на друга вера да не се множат и зајакнуваат, односно нивните деца треба да се фрлат во река (2. Мојсеева 1:22). За време на Навуходоносор, кој бил уште еден од Неговите слуги, бил прогласен закон дека секој кој нема да се поклони на Неговиот златен кип да биде фрлен во огнена печка (Даниел 3:6). И за време на Дариј бил прогласен закон дека сите кој во одреден рок ќе повикуваат некој друг бог освен него ќе биде фрлен во лавовска јама (Даниел 6:7). Овој бунтовник ги прекрши овие закони не само во мислите (што не смее да биде дозволено), туку и со зборовите и делата кои уште помалку се дозволени.

–           Законот на фараонот повторно бил донесен да го спречи злото, бидејќи се уште немало злосторства. Што се однесува до вториот и третиот закон, самите гледате дека се противат на нашата вера и поради предавството кое го призна, заслужува смртна казна.

Верко е осуден

Тогаш поротниците отидоа во друга просторија за да ја донесат својата одлука. Тука беа господин Слепчо, господин НеДобар, господин Злонамерко, господин По-

хотовски, господин Живеј Лабаво, Господин Тврдоглавовски, господин Надуенковски, господин Душмановски, Господин Лажговски, Господин Суровски, господин Темнољубовски и господин Непомирлив. Секој од нив го даде својот глас против Верко и еднодушно го прогласија за виновен. Додека разговараа, господин Слепчо кој беше натпоротник рече:

–           Јасно гледам дека овој цовек е еретик. На тоа господин НеДобар рече:

–           Треба да се избрише од лицето на земјата.

–           Така е, се огласи Злонамерко бидејќи не можам повеќе да го гледам.

–           Никогаш не сум можел да го трпам дополни Похотковски.

–           Ниту јас, рече Живеј Лабаво бидејќи постојано ме критикуваше.

–           Обесете го! Обесете го! викаше Тврдоглавовски.

–           Бедник! рече Лажговски.

–           За него би било премногу добро да се обеси реце Суровски

–           Да се ослободиме од него рече Темнољубовски.

–           Тогаш господин Суровски зема збор:

–           За ништо на светот не би се помирил со него. Ајде да му изречеме смртна казна!

Така и направија. Го осудија веднаш да се изведе надвор од градот и да се убие со најстрашна смрт која може да се замисли.

Значи, според нивниот закон, прво го соблекоа и го камшикуваа, потоа го претепаа, па на крајот го избодоа

со ножеви. Потоа го каменуваа и го пресекоа со мечевите. На крајот го врзаа со колец и го запалија. Ете така Верко загина.

Верко однесен во слава*

Видов дека зад мноштвото луѓе се наоѓаше една кола со коњи кои го чекаа Верко. Штом го испратија неговите противници, беше земен во колата и со звук на труби беше одведен по најкраткиот пат преку облаците до небесните порти. Што се однесува до Христијанинот, него не го судеа истиот ден туку го вратија во затворот. Таму остана некое време, додека Оној, кој управува со сите и има власт над нивниот бес, не направи Христијанинот да биде пуштен да го продолжи својот пат. Одејќи по патот тој си потпевнуваше:

О Верко, верно го призна Бога,

Тој ќе те блаѓослови заради тоа,

Кога безбожниците со сите свои суетни задооволства, Викаат заради своите пеколку маки,

Ти, Верко пеј и нека твоето име опстане,

Затоа што иако те убија, ти си сепак жив.

*овој дел не е во согласност со Библијата која учи дека верните кои умираат не заминуваат на небо се до Христовото второ доаѓање.

Сподели го ова:

Слични објави