Радосни во Господа
Божјите деца се повикани да бидат Христови претставници откривајќи ја добрината и милоста на Господа. Како што Христос нам ни го откри вистинскиот карактер на Отецот, така и ние мораме да му го откриеме Христа на светот кој сè уште не ја запознал Неговата нежна и милостива љубов: „Како што ме прати Ти мене во светот“ – кажува Исус – „и јас ги пратив нив во светот“. „Јас во нив и Ти во мене… да познае светот дека Ти ме прати“ (Јован 17:18,23). Апостол Павле им кажал на Исусовите ученици: „Кои се покажавте дека сте Христо- во послание, што го познаваат и го читаат сите луѓе“ (2. Коринтјаните 3:3,2). Во секое свое дете Исус му праќа послание на светот. Ако сте и вие Христов следбеник, Тој во вас му праќа писмо на семејството, на местото, улицата во која живеете. Исус, кој живее во вас, сака да им проговори на срцата коишто не Го познаваат. Можеби тие не ја читаат Библијата, или не го слушаат гласот кој им зборува од нејзините страници; тие во Божјите дела не ја гледаат Неговата љубов. Но, ако сте вие вистински Исусов претставник, може да се случи преку вас да сфатат барем дел од Неговата добрина и да бидат придобиени да Го сакаат и да Му служат. {ПХ 115.1}
Христијаните се поставени да бидат светлоносци на патот кон Небото. Тие треба да сјаат кон светот со светлината со која Христос ги осветлил. Тие треба да живеат таков живот и да развиваат таков карактер, така што другите гледајќи ги нив, да стекнат правилно мислење за Христа и Неговата служба. {ПХ 115.2}
Ако навистина го претставуваме Христа, тогаш нашата служба што Му е посветена нему ќе биде вистински привлечна. Христијаните чијашто душа е полна со тага и меланхолија, кои се жалат и приговараат, погрешно го прикажуваат Бога и христијанскиот живот пред своите ближни. Тие оставаат впечаток дека на Бога не му е мило Неговите деца да бидат среќни и со тоа лажно сведочат против нашиот небесен Отец. {ПХ 116.1}
Сатаната ликува кога ќе ги наведе Божјите деца на неверство и малодушност. Тој ужива кога ќе види дека немаме доверба во Бога, кога се сомневаме во Неговата готовност и сила да нè спаси. Нему му е драго кога ќе нè наведе на мислата дека Бог со делата на своето провидение ќе ни нанесе штета. Сатаната се труди Господа да го претстави како суштество без сомилост и милосрдие. Тој ја искривува вистината за Бога. Нашите мисли ги заробува со погрешни мисли за Бога; и наместо да се занимаваме со вистината за нашиот небесен Отец, многу често својот ум го ангажираме со она што сатаната го измислил за Него и го срамиме Бога со својата недоверба и зборување против Него. Сатаната постојано се обидува верскиот живот да го направи мрачен. Тој би сакал да го прикаже како мачен и тежок; па кога христијанинот во својот живот прикажува таква религија, тој со своето неверство ја поддржува лагата на сатаната. {ПХ 116.2}
Мнозина, одејќи по својот животен пат, се занимаваат со своите грешки, неуспеси и разочарувања и нивните срца се полни со болка и обесхрабрување. Уште додека престојував во Европа, ми пиша една сестра, која токму тоа го правела и била во длабок очај. Бараше да ù упатам еден збор на охрабрување. Ноќта, откако го прочитав писмото, сонив дека се наоѓам во една градина и некој, изгледа сопственикот на градината, ме водеше по нејзините патеки. Берев цвеќе и уживав во неговиот мирис кога таа сестра, која одеше покрај мене, го сврте моето внимание на некои грди трња што ù пречеа при одењето. Поради тоа се жалеше и тажеше. Таа и не одеше по патеката, да го следи водичот, туку низ трњето. „Оф!“ – се жалеше таа – „зар не е жалосно што оваа прекрасна градина е нагрдена со трње?“ Водичот ù одговори: „Остави го трњето на мир, зашто тоа само ќе те ранува! Бери ги трендафилите, криновите и каранфилите!“ {ПХ 116.3}
Зарем во вашето искуство немало и некои светли точки? Зарем не сте доживеале и некои скапоцени моменти кога вашето срце треперело од радост, огласувајќи му се на Божјиот Дух? Кога повторно ќе погледнете на поглавјата на вашето животно искуство, зарем не наидувате и на некои пријатни страници? Зарем Божјите ветувања, слично на миризливото цвеќе, не растат долж вашата патека на секој чекор? Зарем нема да ù дозволите на нивната убавина и милина да го исполни вашето срце со радост? {ПХ 117.1}
Трњето само ќе ве ранува и жалости; и ако го берете и им го покажувате на другите само тоа, зар нема на тој начин да ја презрете не само Божјата добрина, туку и другите околу себе да ги спречите да одат по патеката на животот? {ПХ 117.2}
Не е мудро да се собираат сите непријатни спомени од минатиот живот – неправди и разочарувања – да разговараме за нив и да се жалиме на нив сè додека не нè совлада обесхрабрување. Обесхрабрената душа е полна со темнина, таа ја отфрла Божјата светлина од срцето и фрла сенка врз патот на другите. {ПХ 117.3}
Да му заблагодариме на Бога за блескавите сцени што ни ги пока- жал. Да ги собереме сите благословени докази на Неговата љубов, така што постојано ќе можеме да ги гледаме: Божјиот Син како го напушта престолот на својот Отец, облекувајќи ја својата божестве- на природа со човечка, за да може да го избави човекот од силата на сатаната; Неговата победа заради нас, која на човекот му го отворила небото и на човечкиот поглед му овозможила да ѕирне во просторите во кои живее Божеството и ја открива Својата слава; грешниот род издигнат од бездната на пропаста во која го турнал гревот и повторно доведен во врска со бескрајниот Бог, и откако ја издржал божествената проба со вера во нашиот Откупител, облечен во Христовата праведност и издигнат на Неговиот престол – тоа се сцени за кои Бог сака да размислуваме! {ПХ 118.1}
Кога оставаме впечаток дека се сомневаме во Божјата љубов, дека немаме доверба во Неговите ветувања, го срамиме Бога и го жалостиме Светиот Дух. Како би се чувствувала мајката, кога нејзините деца постојано би се жалеле против неа, како таа да не им сака добро, а таа во текот на целиот свој живот се трудела да ги заштити нивните интереси и да ги опкружи со удобност? Да си претпоставиме тие да се посомневаат во нејзината љубов – тоа би го скршило нејзиното срце! Како би се чувствувал кој и да е родител, кога децата така би постапувале со него? А што може да мисли нашиот небесен Отец за нас кога немаме доверба во Неговата љубов, која го навела да го жртвува Својот единороден Син за ние да имаме живот? Апостолот пишува: „Кој не го поштеди својот Син, туку го предаде за сите нас, тогаш како со Него да не ни подари сè?“ (Римјаните 8:32). А сепак колку има такви кои кажуваат, ако не со зборови тогаш со своите дела: „Со тоа Бог не мислел на мене. Можеби Тој ги сака другите, но не ме сака мене!“ {ПХ 118.2}
Сето тоа ù нанесува штета на вашата душа; бидејќи со секој сомнежлив збор го повикувате сатаната да ве искушува; таквиот збор ја јакне склоноста кон сомневањето, а со неа ги разжалостувате ангелите кои ви служат. Кога сатаната ве искушува, немојте да из- говорите ниту еден сомнежлив или мрачен збор. Ако одлучите да ја отворите вратата за неговото дошепнување, вашиот ум ќе биде исполнет со недоверба и со бунтовни сомневања. Ако ги изразите своите чувства, секое сомневање што сте го изговориле не само што остава трага врз вас, туку станува семе што ќе ’рти и ќе донесува род во животот на другите, и можеби никогаш не ќе може да се поништи влијанието на вашите зборови. Можеби вие сами ќе успеете да закрепнете од нападите на искушенијата и да се извлечете од стапиците на сатаната, но другите, кои се поколебале под вашето влијание, можеби не ќе можат да му се спротивстават на неверството со кое сте ги вдахнале. Колку е тогаш важно да го зборуваме само она што влева духовна сила и живот! {ПХ 119.1}
Ангелите внимателно го слушаат она што вие му го зборувате на светот за својот небесен Учител. Затоа зборувајте за Него како за Оној, кој живее за да ве застапува пред Отецот. Кога се ракувате со пријателот, од вашите усни и од вашето срце нека се слушне фалење на Бога. Тоа неговите мисли ќе ги насочи кон Исуса. {ПХ 119.2}
Сите имаат неволји, болки кои тешко се поднесуваат, искушенија на кои тешко се спротивставуваат. Немојте за своите тешкотии да им кажувате на смртниците како што сте и вие, туку изнесете сè пред Бога во молитва. Придржувајте се кон правилото никогаш да не изговарате ниту еден збор на сомневање или обесхрабрување. Со своите зборови на надеж и на света радост, вие можете многу да сторите да го разведрите животот на другите и да ги подржите во нивните напори. {ПХ 119.3}
Многу храбри луѓе се болно притиснати од искушението, речиси се во опасност да потклекнат во борбата со себеси и со силите на злото. Немојте да ги обесхрабрувате во нивната тешка борба. Разведрете ги со зборови на охрабрување и надеж што ќе им дадат сила да тргнат напред. На тој начин од вас ќе зрачи Христовото видело. „Ниеден од нас не живее за себеси“ (Римјаните 14:7). Со нашето несвесно влијание, другите можат да бидат охрабрени и засилени, или обесхрабрени и оттурнати од Христа и од вистината. {ПХ 120.1}
Мнозина имаат погрешна претстава за животот и карактерот на Христа. Тие мислат дека на Христа му недостасувала ведрина и топлина, дека бил смуртен, строг и невесел. Во многу случаи целото верско искуство е обоено со вакви мрачни погледи. {ПХ 120.2}
Често се зборува дека Исус плачел, а дека не е познато дека некогаш се насмевнал. Нашиот Спасител навистина бил човек на болката, запознат со тагата, затоа што срцето му било отворено за сите човечки страдања. Но иако Неговиот живот бил исполнет со самооткажување, засенет со болки и грижи, Неговиот Дух не попуштил. Неговото лице не изразувало болка и незадоволство, туку смирена ведрина. Неговото срце било извор на живот; и секаде каде што одел, донесувал одмор и мир, радост и веселба. {ПХ 120.3}
Нашиот Спасител бил окупиран со длабоко размислување и необично сериозен, но никогаш не бил мрачен и нерасположен. Оние што го следат Него, ќе бидат обземени со постигнувањето на својата животна цел; длабоко ќе бидат свесни за својата одговорност. Лекомисленоста ќе биде совладана; нема да има незауздана забава, неучтиво подбивање, зашто Исусовата религија дава мир што тече како река. Таа не ја задушува светлината на радоста; не ја ограничува веселбата, не навлекува облаци врз блескотното, насмеано лице. Христос не дошол да му служат, туку да служи; и ако во нашето срце е присутна Неговата љубов, ние ќе го следиме Неговиот пример. {ПХ 120.4}
Ако во своите мисли првенствено се занимаваме со нељубезните и неправедни дела на другите, ќе биде невозможно да ги сакаме онака како што Христос нè сака нас; но ако нашите мисли почиваат на прекрасната љубов и милосрдие кое Христос го има кон нас, истиот дух и ние ќе го покажеме кон нашите блиски. Ние треба меѓусебно да се сакаме и почитуваме, и покрај очигледните грешки и мани. Мораме да се учиме на понизност, да учиме да не се потпираме на себе и да имаме нежно трпение кон грешките на другите. Сето тоа ќе ја оттргне тесноградата себичност и ќе нè направи великодушни и дарежливи. {ПХ 121.1}
Псалмистот вели: „Надевај се во Господа и прави добро! Тогаш ќе останеш во својата земја и ќе ги уживаш нејзините добра“ (Псалм 37:3). „Надевај се во Господа!“ Секој ден има свој товар, свои грижи и недоумици; и кога ќе се сретнеме, зошто веднаш сме готови да раскажуваме за нашите тешкотии и неволји? Толку непотребни грижи нè оптоваруваат, толку стравови нè мачат, за такво бреме на маки зборуваме, што некој би можел да помисли дека немаме милостив, нежен Спасител, готов да ги чуе нашите молби и веднаш да ни укаже помош кога ќе ни затреба. {ПХ 121.2}
Некои постојано се плашат и измислуваат неволји. Секој ден се опкружени со доказите на Божјата љубов; секој ден уживаат во даровите на Неговото Провидение; но тие не ги примаат благословите со кои се опсипани. Нивниот ум постојано се занимава со непријатностите за кои се плашат дека ќе ги снајдат; но ако се најде некоја вистинска тешкотија, таа иако мала, толку ги заслепува нивните очи што не го гледаат мноштвото дарови за кои би требало да искажат благодарност. Тешкотиите со кои се соочуваат, наместо да ги приближат до Бога, единствениот извор на помош, тие ги оддалечуваат од Него, бидејќи будат немир и незадоволство. {ПХ 121.3}
Дали правиме добро со тоа што сме толку неверни? Зошто би требало да бидеме неблагодарни и неповерливи? Исус е наш пријател; целото Небо е заинтересирано за наше добро. Не би требало да им дозволиме на недоумиците и грижите на секојдневниот живот да ни ги нагризуваат мислите и да го муртат нашето чело. Ако тоа го дозволиме, секогаш нешто ќе ни пречи и ќе нè вознемирува. Ние не смееме да им се препуштиме на грижите кои само ќе нè исцрпуваат, а нема да ни помогнат да ги поднесеме неволјите. {ПХ 122.1}
Можеби имате тешкотии во работата, можеби вашите изгледи се сè помрачни и помрачни, можеби ви се заканува загубa; но немојте да се обесхрабрувате; фрлете му ги вашите грижи на Бога и останете смирени и расположени. Молете се за мудрост и разумно управувајте со работите и така ќе ja спречите загубaта и пропаста. Сторете сè од своја страна за да постигнете поволни резултати. Исус ветил своја помош, но дури кога вие ќе вложите напор. Кога сте сториле сè што сте можеле, потпирајќи се на нашиот Помошник, радосно при- фатете го исходот. {ПХ 122.2}
Бог не сака Неговиот народ да биде преоптоварен со грижи. Меѓутоа нашиот Господ не лаже. Тој не ни вели: „Не бојте се, нема опасности на вашиот пат!“ Тој знае дека постојат неволји и опасности и затоа со нас постапува отворено. Тој не се занимава со мислите дека својот народ ќе го извлече од овој свет полн со зла и гревови, туку го покажува најсигурното засолниште. Тој се молеше за Своите ученици: „Не те молам да ги земеш од светот, туку да ги сочуваш од злото!“ Тој вели: „Во светот ќе имате неволји; но не плашете се, оти Јас го победив светот!“ (Јован 17:15; 15:33). {ПХ 122.3}
Во своите проповеди на Гората, Христос на Своите ученици им дал скапоцени поуки за неопходноста од доверба во Бога. Тие поуки се дадени со цел да ги охрабрат Божјите деца на сите векови, а стигнале и до наши дни носејќи ни бројни совети и утехи. Спасителот Своите следбеници ги потсетил на птиците во воздухот, кои ги пееле своите пофални песни, неоптоварени од никакви грижи, зашто „не сеат ниту жнеат“, а сепак големиот Отец ги задоволува нивните потреби. Спасителот прашува: „Зар вие не вредите многу повеќе од нив?“ (Матеј 6:26). Големиот Старател на луѓето и животните ја отвора својата рака и ги снабдува сите Свои созданија. Птиците во воздухот не се недостојни за Негово внимание. Тој не става храна во нивните клунови, но се грижи за сите нивни потреби. Тие мораат да ги собираат зрната што Тој ги растурил за нив. Тие самите мораат да собираат материјал за своите малечки гнезда. Мораат да ги хранат своите млади. Тие пеејќи одат на својата работа, зашто „вашиот небесен Отец ги храни“. А „зар вие не вредите многу повеќе од нив?“ Зар вие, како интелигентни, духовни суштества, не сте многу поважни од птиците во воздухот? Зар Зачетникот на нашето суштество, Одржувачот на нашиот живот, Оној што нè создал според Својот божествен лик, нема да се погрижи за сите наши потреби само ако се потпреме на Него? {ПХ 123.1}
На Своите ученици Исус им укажал на полското цвеќе што израснало во сјај и раскош, болскотејќи со својата едноставна убави- на што му ја дал небесниот Отец, како израз на својата љубов кон човекот. Рекол: „Погледнете ги криновите во полето како растат!“ Убавината и едноставноста на тие цветови, какви што ги наоѓаме во природата, далеку го надминуваат Соломоновиот сјај. Најубавата облека, што ја прави уметникот со својата вештина, не може да го издржи споредувањето со природната милност и со блескавата убавина на цвеќето што го создал Бог. Исус прашал: „Ако Бог така ја облекува полската трева, која денеска постои, а веќе утре се фрла во печка, тогаш колку повеќе вас, маловерни?!“ (Матеј 6:28,30) Ако божествениот уметник, Бог, на едноставното цвеќе што пропаѓа за еден ден, му дава нежни и различни бои, колку повеќе ќе се грижи за оние што ги создал според Својот лик? Оваа Христова поука е прекор за загрижената помисла, за забуната и за сомневањето на неверното срце. {ПХ 123.2}
Господ би сакал сите Негови деца, синови и ќерки да бидат среќни, спокојни и послушни. Исус вели: „Мир ви оставам, Својот мир ви го давам. Не ви давам како што дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се плаши!“ „Ова ви го кажав за радоста моја да биде во вас и радоста ваша да биде потполна“ (Јован 14:27; 15:11). {ПХ 124.1}
Среќата што се бара со себични мотиви, надвор од патот на должноста, е несигурна, непостојана и минлива, исчезнува оставајќи во душата чувство на самотија и тага; меѓутоа службата Божја донесува радост и задоволство; христијанинот не е оставен да оди по несигурни патишта; не е препуштен на бесполезни жалости и разочарувања. Ако немаме наслада во овој живот, сепак можеме да бидеме радосни очекувајќи го идниот. {ПХ 124.2}
Меѓутоа, дури и овде христијаните можат да ја уживаат радоста на заедништвото со Христа; тие можат да ја имаат светлината на Неговата љубов, постојана утеха во Неговата присутност. Секој чекор во животот може да нè доведе поблизу до Исуса, може да ни даде подлабоко искуство во Неговата љубов и може за чекор да нè доближи до блажениот дом на мирот. Затоа да не ја отфрлиме нашата доверба, да бидеме сосема сигурни, посигурни од кога и да е. „До овде ни помогна Господ“ (1. Самоилова 7:12) и Тој ќе ни помага сè до крај! Да ги погледнеме монументалните столбови, потсетниците на она што го сторил Господ за да нè утеши и да нè спаси од рацете на уништувачот. Живо да си припомнуваме за секое дело на нежното милосрдие што ни го сторил Бог – за солзите што ни ги избришал, за болките што ни ги ублажил, за грижите што ни ги отстранил, за стравот што ни го растерал, за потребите што ни ги задоволил, за благословите што ни ги излеал – и со тоа да се засилиме за сè што нè очекува во текот на остатокот од нашиот поклонички пат. {ПХ 125.1}
Судирот што е пред нас може да ни донесе само нови неволји, но на она што се случило во минатото како и на она што ќе се случи во иднината можеме да гледаме и да кажеме: „До овде ни помогна Господ!“ „Додека траат твоите денови, ќе трае и твојата сила“ (Второзаконие 33:25). Неволјите никогаш нема да ја надминат силата, која ни е дадена за да ја поднесеме неволјата. Затоа, да ги прифатиме своите должности таму каде што ќе ги најдеме, верувајќи дека без оглед на сето она што доаѓа, ќе добиеме доволно сила да ја поднесеме не- волјата. {ПХ 125.2}
Набргу, вратите на Небото ќе се отворат да ги примат Божјите деца, а од усните на Царот на славата, како најубава музика, ќе одекнат зборовите на благослов: „Дојдете, благословени на мојот Отец; примете го царството што ви е приготвено од создавањето на светот!“ (Матеј 25:34). {ПХ 125.3}
И тогаш откупените ќе бидат пречекани со добредојде во домот што Христос им го подготвува. Таму нема да им прават друштво земните расипници, лажливците, идолопоклониците, расипаните, неверните, туку ќе се дружат со оние кои го совладале сатаната и преку Божјата благодат изградиле совршен карактер. Секоја грешна наклоност, секое несовршенство, што ги мачеле овде, отстранети се со Христовата крв и тие се облечени во совршенството и сјајот на Неговата слава што далеку го надминува сјајот на Сонцето. Моралната убавина, совршенството на Христовиот карактер, зрачи од нив, далеку надминувајќи ја вредноста на надворешната блескавост. Тие се без мани пред големиот бел престол, уживајќи го достоинството и предимствата на ангелите. {ПХ 126.1}
Гледајќи го ова славно наследство, кое би можело да му припадне, „каков откуп ќе даде човекот за својата душа?“ (Матеј 16:26). Иако можеби е сиромашен, сепак во себе има достоинство и богатство, кое светот никогаш не би можел да му го даде. Душата откупена и исчистена од гревот, која сите свои благородни способности ги ставила во служба на Бога, има непроценлива вредност; и кога една душа ќе се спаси, радоста на Небото во присуство на Бога и светите ангели се изразува со песни на свето победоносно славење. {ПХ 126.2}