Живот и работа

Сподели го ова:

Бог е извор на животот, светлината и радоста на целата вселена. Како светлосните зраци од Сонцето, како водената струја што избива од живиот извор, од Него се излеваат благослови на сите Негови созданија. И секаде каде што има живот од Бога во срцата на луѓето, таа ќе се излева врз другите во вид на љубов и благослов. {ПХ 77.1}

Нашиот Спасител својата радост ја наоѓал во воздигнувањето и откупувањето на грешните луѓе. За да го постигне тоа, дури ни својот живот не го сметал за премногу скапоцен, туку го претрпел и крстот без оглед на срамот. Така и ангелите секогаш работат грижејќи се за среќата на другите. Во тоа е нивната радост. Она што себичното срце би можело да го смета за понижувачка служба – служење на оние кои се бедни и во секој поглед пониски од нив по карактер и положба – тоа е дело на безгрешните ангели. Духот на Христовата љубов, која себеси се жртвувала, е дух кој го проткајува Небото и ја сочинува сржта на небесното блаженство. Тоа е духот што ќе го имаат Христовите следбеници, дело кое тие ќе го извршуваат. {ПХ 77.2}

Кога Христовата љубов го исполнува срцето, таа не може да се скрие, како што не може да се скрие слаткиот мирис. Нејзиното свето влијание ќе го чувствуваат сите оние што ќе ги среќаваме. Христовиот дух во срцето е сличен на извор во пустина кој тече да ги освежи сите, а на оние кои се блиску до смртта да им ја разбуди желбата да се напијат од водата на животот. {ПХ 77.3}

Љубовта кон Исуса ќе ја покажеме со желбата да работиме како што Тој работеше на благослов и на воздигнување на човештвото. Таа желба предизвикува љубов, нежност и сочувство за сите суштества за кои се грижи нашиот небесен Отец. {ПХ 77.4}

Животот на Спасителот на Земјата не бил исполнет со безделничење и угодување на себеси; Тој вложувал постојани, сериозни и неуморни напори за да го спаси загубеното човештво. Од јаслите па до Голгота, Тој одел по пат на самооткажување, и не барал да биде ослободен од мачните задачи, тешките патувања, исцрпувачките грижи и работата. Тој рекол: „Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи и да ја даде својата душа за откуп на мнозина“ (Матеј 20:28). Тоа било највозвишената цел на Неговиот живот. Сè друго било помалку важно и му било подредено на тоа. Негова храна и пијалок било да ја исполни Божјата волја и да ја заврши Неговата работа. Во својата работа не се истакнувал Себеси и не барал лична полза од тоа. {ПХ 78.1}

Така и оние кои се соучесници во Христовата благодат ќе бидат подготвени да принесат секаква жртва и за другите, за кои Тој умрел, за да можат да го примат небесниот дар. Тие ќе сторат сè што е во нивна моќ со своето живеење во светот да го направат истиот што подобар. Овој дух е плод на вистински преобразената душа. Кога некој ќе дојде кај Христа, во неговото срце се раѓа желба да им каже на другите каков скапоцен пријател стекнал во Христа: спасоносната и посветена вистина не може да остане затворена во неговото срце. Ако сме облечени во Христовата праведност, ако сме исполнети со радоста на Неговиот Дух кој живее во нас, не ќе можеме да останеме мирни. Ако сме вкусиле и сме виделе дека Господ е добар, ќе имаме за што да говориме. Како и Филип, кога го нашол Спасителот, ќе ги повикаме и другите кај Него. Ќе се трудиме да им ја прикажеме сета Христова привлечност, како и невидливата вистинитост на светот што ќе дојде. Во нас ќе гори желбата да одиме по патот по кој поминал Исус. Длабоко ќе копнееме и другите околу нас да го „видат Божјото јагне, кое ги зема на себе гревовите на светот“ (Јован 1:29). {ПХ 78.2}

Напорите да им бидеме на благослов на другите и нам ќе ни донесат благослов. Токму затоа Бог и ни дал можност да учествуваме во планот на спасението. Тој на луѓето им осигурил предимство да добијат дел во божествената природа и од своја страна да ги шират благословите врз своите ближни. Тоа е најголема чест, најголема радост што можел Бог да им ја даде на луѓето. Оние што на овој начин стануваат учесници во делото на љубовта, доаѓаат во најголема близина на својот Творец. {ПХ 79.1}

Веста на Евангелието и целото дело на службата на љубовта, Бог можел да им ја довери на небесните ангели. Можел да се послужи и со други средства за да ја исполни својата намера. Но во Својата неограничена љубов Тој решил да нè направи свои соработници, Христови и ангелски соработници, за да можеме да ги уживаме благословите, радоста и духовната поткрепа, плодовите на таа несебична служба. {ПХ 79.2}

Ние подобро ќе се разбереме со Христа, ако имаме заедница со Него и неговите маки. Секоја жртва која се принесува за доброто на други, го јакне духот на добродетелство во срцето на дарителот, сè повеќе го доближува до Откупителот на светот кој, „иако богат, заради вас осиромаши, за вие да се збогатите со Неговото сиромаштво“ (2. Коринтјаните  8:9). Ако само на тој начин ја исполнуваме намерата со која Бог нè создал, животот ќе биде благослов за нас. {ПХ 79.3}

Ако почнете да работите онака како што Христос им кажал на своите ученици, ако придобивате души за Него, ќе почувствувате потреба за подлабоко духовно искуство и поголемо духовно знаење и ќе бидете гладни и жедни за праведност. Вие во молитва ќе се борите со Бога, вашата вера ќе зајакне и вие сè пообилно ќе пиете од изворот на спасението. Противењето и неволјите на кои ќе наидувате, ќе ве гонат кон Библијата и молитвата. Вие ќе растете во благодатта и познавањето на Христа, и ќе стекнувате богато искуство. {ПХ 80.1}

Духот на несебична работа за ближните му дава длабочина, стабилност и Христова убавина на карактерот, а на оној што го поседува, му донесува мир и среќа. Стремежите стануваат повозвишени. Нема повеќе место за тромост или себичност. Оние, кои на овој на- чин ги развиваат христијанските доблести, ќе растат и ќе се засилуваат во работата за Бога. Ќе ја имаат способноста за јасно духовно забележување, постојана и сè поголема вера, ќе бидат сè посилни во молитвите. Божјиот Дух делувајќи на нивниот дух, поттикнува во душата света складност како одговор на божествениот допир. Оние, кои така со несебичен напор ќе се посветат за доброто на другите, го градат своето сопствено спасение на најсигурен начин. {ПХ 80.2}

Единствен начин некој да расте во благодатта, е несебично да работи по налогот на Христа – според своите способности да им помага и да им биде на благослов на оние на кои им е потребна нашата помош. Сила се стекнува со вежбање; активноста е основен услов на животот. Оние што се обидуваат да живеат христијански живот пасивно, прифаќајќи ги благословите кои Божјата благодат им ги дава и не правејќи ништо за Христа, едноставно се обидуваат да живеат и да се хранат без труд. А во духовниот исто како и во физичкиот живот, тоа секогаш доведува до дегенерирање и распаѓање. Човекот кој не сака да ги изложува на напор своите екстремитети, набргу ќе ја загуби секоја способност да се служи со нив. Така и христијанинот кој не ја вежба силата што ја добил од Бога, не само што нема да расте во Христа, туку ќе ја загуби и силата што веќе ја има. {ПХ 80.3}

Христовата Црква добила од Бога задача да ги спасува луѓето. Нејзината мисија е Евангелието да му го однесе на светот. Тоа е обврска на секој христијанин. Секој поединец, во склад со даровите и можностите што ги има, треба да го исполни налогот на Спасителот. Христовата љубов што ни е откриена, нè прави должници на сите што не го познаваат Христа. Бог ни ја дал светлината не само за самите нас, туку и за сите нив. {ПХ 81.1}

Кога Христовите следбеници би биле свесни за својата должност, би постоеле илјадници во незнабожечките земји каде што денес има само еден кој го проповеда Евангелието. И сите оние што не би можеле сами да се зафатат со таа работа, сепак би ја подржувале со своите средства, со своето срце и со своите молитви. Освен тоа и во христијанските земји многу посериозно би се работело со луѓето. {ПХ 81.2}

За да работиме за Христа, не ни е потребно да одиме во незнабожечки земји, или пак да го напуштаме кругот на својот дом ако должностите нè врзуваат за него. Ние можеме да работиме во кругот на домот, во црквата, меѓу оние со кои се дружиме, меѓу оние со кои сме во деловни односи. {ПХ 81.3}

Поголемиот дел од Својот живот на Земјата нашиот Спасител го поминал трпеливо работејќи во столарската работилница во Назарет. Ангелите – служители, го придружувале Господарот на животот додека рамо до рамо одел со селаните и работниците кои не го пре- познавале ниту пак му укажувале чест. Тој исто така верно ја вршел својата мисија кога работел како скромен занаетчија, како и тогаш кога ги лекувал болните или кога одел по разбранетото со ветер Галилејско езеро. Според тоа и во најскромните животни задолженија и на најниските позиции можеме да одиме и да работиме со Исуса. {ПХ 81.4}

Апостолот вели: „Секој нека остане пред Бога во она во што е повикан“ (1. Коринтјаните 7:24). Деловниот човек може така да ги води своите работи, за со својата верност да го прослави својот Учител. Ако е вистински Христов следбеник, тогаш својата религија ќе ја внесува во сето она што го прави и на луѓето ќе им го открива Христовиот Дух. Механичарот може да биде вреден и верен претставник на Оној што напорно работел, занимавајќи се со својата скромна животна професија меѓу галилејските ритчиња. Сите оние што се нарекуваат со Христовото име, треба да работат така, за и другите, гледајќи ги нивните добри дела, да бидат поттикнати да го слават својот Творец и Откупител. {ПХ 82.1}

Мнозина одбиваат да ги искористат своите дарови во Христовата служба наоѓајќи изговор дека другите имаат многу повеќе способности и предимства. Раширено е мислењето дека само од оние кои се особено надарени може да се бара своите способности да им ги посветат на службата за Бога. Мнозина почнаа да мислат дека талантите се дадени само на одредена, одбрана класа, а дека другите се исклучени, па според тоа, не се ни повикани да учествуваат во напорите ниту во наградите. Меѓутоа Христовата парабола не го кажува тоа. Кога господарот од домот ги повикал слугите, секому му дал работа. {ПХ 83.2}

Со дух на љубов и најскромните животни должности можеме да ги извршуваме „како за Господа“ (Колосјаните 3:23). Ако Божјата љубов се наоѓа во срцето, ќе се покаже и во животот. Околу себе ќе шириме пријатна Христова атмосфера и со своето влијание ќе ги облагородуваме другите и ќе им бидеме на благослов. {ПХ 82.3}

Не чекајте посебни можности или исклучителни способности за да почнете да работите за Бога. Не грижете се за тоа што ќе мисли светот за вас. Ако вашиот секојдневен живот сведочи за чистотата и искреноста на вашата вера, ако вашите блиски се сигурни дека сакате да им бидете на благослов, вашите напори никогаш нема да бидат залудни. {ПХ 83.1}

Најскромните и најсиромашните Исусови ученици можат да бидат на благослов на другите. Можеби нема да бидат свесни дека прават нешто посебно добро, но со своето несвесно влијание ќе поттикнат бранови на благослови што ќе се шират и продлабочуваат, и сè до денот на конечната пресметка тие нема ни да знаат за нивните благословени последици. Тие не чувствуваат ниту пак знаат дека прават нешто големо. Од нив не се бара да се мачат себеси со грижата околу успехот. Треба само мирно да одат напред, верно извршувајќи го своето дело кое им го доделило Божјото провидение и нивниот живот нема да помине залудно. Нивната душа ќе станува сè послична на Христа; тие се Божји соработници во овој живот и на тој начин се подготвуваат за повозвишена работа и непоматена радост во животот кој ќе дојде. {ПХ 83.2}

Сподели го ова:

Слични објави