Вера и прифаќање

Сподели го ова:

Кога Светиот Дух ќе ја разбуди вашата совест, ќе разберете нешто од стравотиите на гревот, неговата сила, неговата вина и беда и ќе почнете да се згрозувате од него. Ќе сфатите дека гревот ве одвоил од Бога, дека сте под власт на силите на злото. Колку повеќе се борите да се ослободите, толку повеќе ја согледувате својата беспомошност. Вашите мотиви се грешни, вашето срце нечисто. Ќе разберете дека вашиот живот бил полн со себичност и грев. Ќе копнеете за простување, за очистување, за ослободување. Складност со Бога, сличност со Него – што би можеле да направите за да го постигнете тоа? {ПХ 49.1}

Вам ви е потребен мир – небесно простување и мир и љубов во срцето. Тоа не може да се купи со пари, да се постигне со разум, до тоа не се доаѓа со мудрост; не можете да се надевате дека кога и да е, тоа ќе го обезбедите со своите сопствени напори. Но Бог тоа ви го нуди како подарок, „без пари и без плаќање“ (Исаија 55:1). Сето тоа е ваше ако само ја подадете раката да го земете. Господ вели: „Ако вашите гревови се како скерлет, ќе станат бели како снег, и ако се црвени како пурпур, ќе станат како волна“ (Исаија 1:18). „И ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ставам во вас“ (Езекиел 36:26). {ПХ 49.2}

Вие сте ги признале своите гревови и во срцето сте решиле да ги отфрлите. Сте донеле одлука да му се предадете на Бога. Појдете сега кај Него, молете Го да ги измие вашите гревови и да ви даде ново срце. Потоа верувајте тогаш дека Тој тоа го прави затоа што така ветил. Тоа е лекцијата што Исус ја поучувал додека бил на Земјата; ние мораме да веруваме дека навистина го примаме дарот што Бог ни го ветил и тогаш тој е наш. Исус ги исцелил луѓето од нивните болести кога тие верувале во Неговата моќ; им помагал во она што можеле да го видат, за да ги поттикне да веруваат во она што не можеле да го видат – Тој ги водел да поверуваат во Неговата моќ за простување на гревовите. Тој тоа отворено го изјавил за време на исцелувањето на парализираниот: „Но да знаете дека Синот човечки има власт на Земјата да ги простува гревовите; тогаш му рече на парализираниот: Стани, земи си ја постелата и оди си дома“ (Матеј 9:6). Евангелистот Јован исто така говорејќи за чудата на Христа вели: „А ова е напишано за да верувате дека Исус е Христос, Божји Син, и верувајќи да имате живот преку Негово име“ (Јован 20:31). {ПХ 49.3}

Од едноставните библиски извештаи за тоа како Исус ги лечел болните, можеме да научиме нешто и за тоа како треба да веруваме во Него за да можеме да добиеме простување на гревовите. Да го разгледаме извештајот за парализираниот во Витезда. Сиротиот страдалник бил сосема беспомошен; не се служел со нозете околу триесет и осум години. Сепак Исус му наредил: „Стани земи ја својата постела и оди“ (Јован 5:8). Болниот можел да каже: „Господе, ако ме излечиш, ќе го послушам Твојот збор”. Но, не, тој им верувал на Христовите зборови, верувал дека веќе е излечен и веднаш се обидел да оди; сакал да оди и одел. Го сторил тоа според зборовите на Христа, и Бог му дал сила. Бил излечен. {ПХ 50.1}

И вие како грешници сте во слична положба. Вие не можете да се покаете за гревовите од минатото, не можете да го промените своето срце, не можете себеси да се направите свети. Но Бог ветува дека сето тоа ќе го стори за вас преку Христа. Вие морате да верувате во тоа ветување. Морате да ги признаете своите гревови и да му се предадете на Бога. Мора да сакате да Му служите. И штом го направите тоа, Бог ќе го исполни зборот што ви го дал. Ако верувате во ветувањето – верувате дека гревовите ви се простени и дека сте чисти – Бог така прави; вие сте излечени, исто како што Исус му дал сила на парализираниот да оди кога тој поверувал дека е излечен. Така е штом верувате во тоа. {ПХ 51.1}

Не чекајте да почувствувате дека сте излечени, туку речете: „Верувам, тоа е така, не затоа што јас тоа го чувствувам, туку затоа што Бог така ветил”. {ПХ 51.2}

Исус вели: „Сè што барате во својата молитва верувајте дека го примивте и ќе ви биде“ (Марко 11:24). Со ова ветување е поврзан и услов – да се молиме во согласност со Божјата волја. Меѓутоа, токму Божја волја е да нè исчисти од гревот, да нè направи Свои деца, и да нè оспособи да живееме свет живот. Така ние можеме да се молиме за тие благослови, да веруваме дека ги примаме и да му заблагодариме на Бога што сме ги примиле. Наша привилегија е што одиме кај Исус да се исчистиме и да стоиме пред Законот без срам или грижа на совеста. „Сега нема никаква осуда над оние кои се во Исуса Христа и кои не живеат според телото туку според Духот“ (Римјаните 8:1). {ПХ 51.3}

Затоа не сте свои; купени сте скапо. „Вие не сте откупени со пропадливо сребро и злато … туку со скапоцената крв на Христа како невино и пречисто Јагне“ (1. Петрово 1,18,19). Со овој едноставен чин, верувајќи му на Бога, Светиот Дух зачнал нов живот во вашето срце. Вие како дете сте се родиле во Божјото семејство и Тој ве сака, како што го сака Својот Син. {ПХ 51.4}

Сега кога сте му се предале на Исус, не повлекувајте се, не заминувајте од Него, туку од ден на ден говорете: „Јас сум Христов; јас му се предадов Нему!“ Молете Го да ви го подари својот Дух и да ве поддржува со Својата благодат. И како што сте станале Негово дете, предавајќи се себеси на Бога и верувајќи во Него, така и треба да живеете во Него. Апостолот вели: „Како што го примивте Господа Исуса Христа, онака и живејте во Него!“ (Колосјаните 2:6). {ПХ 52.1}

Некои се чини како да мислат дека мораат да бидат ставени на проба, дека мораат да му докажат на Господа дека се измениле пред да можат да го побараат Неговиот благослов. Но Божјиот благослов тие можат да го бараат и сега. Ним им е потребна Неговата благодат, Христовиот Дух, да им помогне во нивните слабости или не ќе можат да му се спротивстават на злото. На Исус му е мило да дојдеме кај Него онакви какви што сме, грешни, беспомошни, зависни. Можеме да дојдеме со сите свои слабости, свои лудости, со својата грешност и покајнички да паднеме пред Неговите нозе! Нему му е мило да нè земе во прегратките на Својата љубов, да ги завитка нашите рани, да нè очисти од секоја нечистотија. {ПХ 52.2}

И токму овде многумина се лажат: не веруваат дека Исус им простува лично, поединечно. Тие не се потпираат на Божјото слово. Предноста на сите оние кои ги исполнуваат условите е сознанието дека простувањето без ограничување се однесува на секој нивен грев. Отфрлете го сомневањето дека Божјите ветувања се однесуваат и на вас! Тие му се упатени на секој грешник кој се кае. Христос дава сила и благодат што ангелите во службата им ги пренесуваат на секоја душа која верува. Никој не е толку грешен за да не може да најде сила, чистота и праведност во Христа кој умрел за него. Тој чека да му ја соблече облеката извалкана и оскверната со грев и да го облече во бела облека на праведност; Тој го повикува да живее, а не да умре. {ПХ 52.3}

Бог не постапува со нас онака како што смртниците постапуваат еден со друг. Неговите мисли се мисли на милосрдие, љубов и нај- нежно сочувство. Тој вели: „Грешникот нека го остави својот пат и неправедникот своите мисли, и нека се врати кај Господа, и ќе му се смилува, и кај нашиот Бог, зашто простува многу”. „Како магла ги растерав твоите престапи и твоите гревови како облак“ (Исаија 55:7; 44:22). {ПХ 53.1}

„Не ми е мила смртта на оној што умира, зборува Господ Бог; обратете се и живејте“ (Езекиел 18:32). Сатаната е готов да ви го оттргне погледот од Божјите блажени уверувања. Тој сака да ù ја одземе на душата секоја искра надеж и секој зрак на светлина; но вие не смеете да му го дозволите тоа. Не слушајте го, туку кажете: „Исус умрел за да можам јас да живеам. Тој ме сака и не сака да пропаднам. Имам небесен Татко кој сочувствува со мене; иако сум ја злоупотребил Неговата љубов, иако сум ги растурил благословите со кои ме опсипал, ќе станам и ќе отидам кај својот Татко и ќе речам: „Му згрешив на Небото и Тебе и не сум повеќе достоен да се наречам твој син; прими ме како еден од своите наемници”. Приказната ни покажува како и заскитаниот ќе биде примен: „Додека уште беше далеку, татко му го виде и му се сожали та се стрча, го прегрна и го избакна“ (Лука 15:18-20). {ПХ 53.2}

Меѓутоа, дури ни оваа приказна, иако така нежна и трогателна, не успева да го искаже бескрајното сочувство на небесниот Отец. Господ објавува преку својот пророк: „Те љубам со вечна љубов и затоа со љубовна љубезност те привлеков“ (Еремија 31:3). Додека грешникот е уште далеку од Татковата куќа и го расфрла својот имот во туѓа земја, татковото срце копнее по него; и секој пробуден копнеж на душата да му се врати на Бога не е ништо друго туку нежен повик на Божјиот Дух, кој преколнува, усрдно моли, привлекувајќи го загубениот да му се врати на Татковото срце, полно со љубов. {ПХ 54.1}

Знаејќи за овие драгоцени библиски ветувања, можете ли уште да се сомневате? Можете ли да верувате дека Господ немилосрдно би го отфрлил еден грешник кој копнее да Му се врати, да ги отфрли своите гревови и покајнички да падне пред Неговите нозе? Отфрлете ги таквите мисли! Ништо повеќе не може да ù наштети на вашата душа од таквите сфаќања за вашиот небесен Отец, Тој го мрази гревот, но го сака грешникот, и се предал себеси во Христовата личност за сите кои сакаат, да можат да бидат спасени и да уживаат во вечното блаженство, во царството на славата. Кои посилни и понежни зборови би можеле да се најдат од оние кои Тој ги одбрал за да ја покаже Својата љубов кон нас? Тој изјавува: „Може ли жената да го заборави своето доенче, да нема сочувство кон чедото на својата утроба? Ако некоја и би го заборавила, јас тебе нема да те заборавам“ (Исаија 49:15). {ПХ 54.2}

Подигнете го погледот вие кои се сомневате и треперите; бидејќи Исус живее за да посредува за нас. Заблагодарете му на Бога што го дал својот драг Син и молете се Неговата смрт за вас да не биде залудна. Духот ве повикува денес. Дојдете со сето свое срце кај Исуса и барајте го Неговиот благослов! {ПХ 54.3}

Додека ги читате ветувањата, имајте на ум дека тие се израз на неискажана љубов и милосрдие. Големото срце на бескрајната љубов чувствува кон грешникот безгранично сожалување. „Имаме избавување со Неговата крв, и простување на гревот“ (Ефесјаните 1:7). Да, верувајте само дека Бог е ваш помошник. Тој сака во човекот да го обнови својот морален лик. Кога ќе Му се приближите со признавање и каење, Тој ќе ви се приближи вам со милост и простување. {ПХ 55.1}

Сподели го ова:

Слични објави