Вистински Христови следбеници
„Ако е некој во Христа, тој е ново создание; старото помина, и ете, сè ново настана“ (2. Коринтјаните 5:17). {ПХ 57.1}
Некој можеби не ќе може да го наведе точното време и место на своето обратување, или сите околности кои довеле до него; но тоа не докажува дека не се обратил. Христос му рекол на Никодима: „Ветрот дува каде што сака. Му го слушаш шумот, но не знаеш ниту од каде доаѓа ниту каде оди. Така е со секој кој е роден од Духот“ (Јован 3:8). Како невидливиот ветер, чие делување јасно се гледа и се чувствува, така и Божјиот Дух работи на човечкото срце. Таа обновувачка сила, која ниедно човечко око не може да ја види, зачнува нов живот во човекот; создава нов лик по Божјиот облик. Иако делото на Духот е нечујно и незабележливо, последиците се видливи. Ако срцето е обновено со трудот на Божјиот Дух, животот тоа ќе го потврди. Иако ние самите не можеме ништо да сториме да го промениме своето срце, или пак себеси да се доведеме во склад со Бога, иако не смееме да се потпираме на себеси или на своите добри дела, нашиот живот ќе покаже дали Божјата благодат пребива во нас. Ќе се види промена во карактерот, навиките и стремежите. Ќе се види јасна разлика меѓу она што тие биле и она што се сега. Карактерот не се открива со случајни добри или лоши дела, туку со склоности кои се покажуваат во вообичаените зборови и постапки. {ПХ 57.2}
Вистина е дека луѓето можат наизглед беспрекорно да се однесуваат и без Христовата обновувачка сила. Желбата за влијателност во општеството и за почит од другите може да го поттикне некого да живее уреден живот. Самопочитувањето може да нè натера привидно да се чуваме од злото. И себичното срце може да прави великодушни дела. На кој начин тогаш можеме да заклучиме на чија страна сме? {ПХ 58.1}
Кому му припаѓа нашето срце? Кому му се посветени нашите мисли? За кого сакаме да разговараме? Кому му ги подаруваме нашите најтопли чувства и нашата најдобра сила? Ако сме Христови, тогаш нашите мисли се со Него, најслатко ни е да размислуваме за Него. Сè што имаме и што сме, Нему му е посветено. Ние копнееме да го носиме Неговиот лик, да дишеме со Неговиот Дух, да ја исполнуваме Неговата волја, во сè да му угодуваме Нему. {ПХ 58.2}
Оние кои стануваат нови суштества во Исуса Христа ќе донесуваат и плодови на Духот: „љубов, радост, мир, долготрпеливост, внимателност, добрина, вера, кротост и воздржаност“ (Галатјаните 5:22,23). Тие веќе нема да се поведуваат по некогашните страсти, туку со верата на Божјиот Син ќе одат по Неговите стапки, отсјајувајќи го Неговиот карактер, чистејќи се како и Тој што е чист. Она што некогаш го мразеле, сега го сакаат, а она што некогаш го сакале сега го мразат. Горделивите и наметливите сега стануваат кротки и понизни. Суетните и дрските сега стануваат сериозни и скромни. Пијаниот станува трезен, а разузданиот чист. Суетните обичаи и световни стилови се отфрлени настрана. Христијаните нема да копнеат по „надворешното украсување“, туку по „скриениот човек на срцето, непропадливиот украс на кроткиот и мирен дух“ (1. Петрово 3:3,4). {ПХ 58.3}
Нема никаков доказ дека покајанието е искрено ако не донесе реформа. Ако грешникот го обнови заветот, го врати она што го одзел, ги признае своите гревови, и почне да го сака Бога и своите ближни, може да биде сигурен дека преминал од смрт во живот. {ПХ 59.1}
Кога како заблудени грешни суштества ќе дојдеме кај Христа и ќе добиеме простување и благодат, љубовта се раѓа во нашето срце. Секој товар ни е лесен; бидејќи е лесен јаремот што го нуди Христос. Должноста станува уживање, а жртвата задоволство. Патот кој порано ни се гледаше мрачен, сега е осветлен со зраците на Сонцето на Праведноста. {ПХ 59.2}
Милноста на карактерот Христов ќе се види и кај Неговите следбеници. Нему му беше задоволство да ја исполнува Божјата волја. Љубовта кон Бога, ревнувањето за Неговата слава, тоа е силата што управувала со животот на нашиот Спасител. Љубовта ги разубавила и облагородила сите Негови постапки. Љубовта е од Бога. Таа не може да се зачне во непосветено срце, не може да се создаде. Таа се наоѓа единствено во срцето во кое владее Исус. „Ние имаме љубов кон Него, зашто Тој прво нè возљуби нас“ (1. Јованово 4:19). Во срцето кое е обновено со Божјата благодат, љубовта е правило на однесување. Таа го менува карактерот, управува со мотивите, владее со страстите, го отстранува непријателството, ги облагородува чувствата. Оваа љубов ако се негува во срцето, го разубавува животот и насекаде околу себе шири благородно влијание. {ПХ 59.3}
Постојат две заблуди од кои Божјите деца – особено оние кои само што почнале да се потпираат на Неговата благодат – посебно мораат да се чуваат. Првата, за која веќе се зборуваше, е гледањето на своите дела, верување во она што тие дела можат да сторат за да нè доведат во склад со Бога. Оној што се обидува да стане свет со своите дела, со држење на Законот, се обидува да стори нешто што е невозможно. Сè што би можел човекот да направи без Христа е извалкано со себичност и грев. Само Христовата благодат, преку вера, може да нè стори свети. {ПХ 59.4}
Втората, не помалку опасна крајност е заблудата дека верувањето во Христа го ослободува човекот од држењето на Законот; и дека, нашите дела немаат никакво влијание врз нашето спасение бидејќи само со вера ја добиваме Христовата благодат. {ПХ 60.1}
Меѓутоа, да обрнеме овде внимание на фактот дека послушноста не е само некое формално покорување, туку служење од љубов. Божјиот закон е израз на Неговата вистинска природа; тој е олицетворение на големото правило на љубовта и според тоа темел на Неговото владеење на Небото и Земјата. Ако нашите срца се обновени според ликот на Бога, ако Божјата љубов е всадена во нашата душа, нема ли и Божјиот закон да се остварува во нашиот живот? Ако начелото на љубовта е всадено во срцето, ако човекот е обновен по ликот на Оној што го создал, тогаш е исполнето и новозаветното ветување: „Ќе ги ставам Моите закони во нивните срца и ќе ги напишам во нивните мисли“ (Евреите 10:16). А ако Законот е впишан во срцето, зарем тој нема да го обликува животот? Послушноста, служењето и верноста од љубов, се вистински знак дека сме Негови ученици. Така и Писмото вели: „Зашто ова е Божјата љубов, да ги држиме Неговите заповеди”. „Оној што тврди дека го познава, а не ги држи Неговите заповеди, е лажливец и во него нема вистина“ (1. Јованово 5:3; 2:4). Наместо да нè ослободи од послушноста, токму верата, и само верата нè прави учесници во Христовата благодат, што нè оспособува да бидеме послушни. {ПХ 60.2}
Ние не го заслужуваме спасението со нашата послушност, бидејќи спасението е бесплатен Божји дар кој се прима со вера. Меѓутоа послушноста е плод на верата. „И знаете дека Тој се јави да ги земе нашите гревови, а во Него нема грев. Секој што стои во Него не греши; секој што греши не го видел, ниту го познал“ (1. Јованово 3:5,6). Еве го вистинскиот доказ! Ако бидеме во Христа, ако Божјата љубов биде во нас, нашите чувства, нашите мисли, нашите намери, нашите постапки ќе бидат во согласност со Божјата волја која е изразена во прописите на Неговиот свет Закон. „Дечиња, никој да не ве лаже: оној што твори праведност е праведник, како и Тој што е праведен“ (1. Јованово 3:7). Праведноста е опишана со мерилото на Божјиот свет Закон кој е објавен во десетте начела (заповеди) дадени на Синај. {ПХ 61.1}
Онаа таканаречена вера во Христа која тврди дека го ослободува човекот од должноста да му биде послушен на Бога, не е вера туку дрскост. „Зашто сте спасени со благодатта преку верата”. Меѓутоа „верата, ако нема дела, е мртва по себе“ (Ефесјаните 2:8; Јаков 2:17). Пред да дојде на Земјата, Исус рекол за себе: „Мило ми е да ја творам волјата Твоја, Боже мој, и Законот Твој е во моето срце“ (Псалм 40:8). Непосредно пред своето повторно заминување на Небо, Тој објавил: „Јас ги запазив заповедите на мојот Отец и останувам во Неговата љубов“ (Јован 15:10). Писмото вели: „Ние знаеме дека го познаваме ако ги држиме Неговите заповеди… Кој тврди дека пребива во Него, и тој треба да живее така како што живеел Тој“ (1. Јованово 2:3-6). „Зашто и Христос пострада за нас и нам ни остави пример да одиме по Неговите стапки“ (1. Петрово 2:21). {ПХ 61.2}
Условот за вечен живот и сега е ист каков што бил секогаш – онаков каков што бил во рајот пред паѓањето на нашите прародители – совршена послушност на Божјиот закон, совршена праведност. Кога вечниот живот би можел да се добие под било кој друг услов освен овој, би била доведена во опасност среќата на целата вселена. Би се создала можност гревот со сета своја несреќа и беда да стане бесмртен. {ПХ 62.1}
Пред падот, Адам можел со послушност на Божјиот закон да оформи праведен карактер. Но тој тоа не го сторил, па поради неговиот грев и нашата природа станала грешна, и ние не сме во состојба себеси да се направиме праведни. Затоа што сме грешни, несвети, ние не можеме да му бидеме совршено послушни на светиот Закон. Ние немаме некоја своја предност со која би можеле да ги задоволиме барањата на Божјиот закон. Меѓутоа Христос ни овозможи решавање на проблемот. Тој живеел на Земјата соочен со истите неволји и искушенија со кои и ние се соочуваме. Живеел навистина безгрешен живот. Умре за нас и сега се нуди да ги земе нашите гревови а нам да ни ја даде својата праведност. Ако Му се предадете Нему и ако Го прифатите за свој Спасител, заради Него ќе бидете прогласени за праведни без оглед на сета грешност од поранешниот живот. Христовиот карактер ќе застане на местото на вашиот карактер и вие ќе бидете прифатени пред Бога како никогаш да не сте грешеле. {ПХ 62.2}
И повеќе од тоа, Христос го менува срцето. Тој со вера живее во вашето срце. Со вера и постојано потчинување на својата волја на Христа треба да ја одржувате оваа врска со Него; и сè додека го правите тоа, Тој ќе делува на вас да го сакате и да го правите она што Му е пријатно. И така можете да кажете: „А животот што сега го живеам во телото, го живеам преку вера во Божјиот Син, Кој ме возљуби, и се предаде Себеси за мене“ (Галатјаните 2:20). Така Исус им рекол на Своите ученици: „Зашто нема да зборувате вие, туку од вас ќе зборува Духот на вашиот Отец“ (Матеј 10:20). И тогаш, кога Христос работи во вас, вие ќе покажете ист дух и ќе правите исти дела – дела на праведност и послушност. {ПХ 62.3}
Според тоа, во себе немаме ништо со што би можеле да се фалиме. Немаме никаква причина да се воздигнуваме себеси. Единствена основа на нашата надеж е Христовата праведност што ни е дадена, и тоа што Неговиот Дух го прави во нас и преку нас. {ПХ 63.1}
Кога зборуваме за верата, мораме да имаме на ум една разлика. Имено, постои еден вид верување кое целосно се разликува од верата. Постоењето на Бога и Неговата моќ, вистината на Неговите зборови, сето тоа се факти што ни сатаната и неговата војска не можат сериозно да ги негираат. Библијата вели дека и ѓаволите веруваат и се тресат, но тоа не е вера. Таму каде што постои не само верување во Божјото слово, туку и прифаќање на Неговата волја, каде што срцето му се потчинило Нему, чувствата се насочиле кон Него, таму е верата – верата која работи низ љубовта и ја чисти душата. Со таа вера во срцето се обновува Божјиот лик. А срцето, кое во својата непрепородена состојба не се потчинило на Божјиот закон, а не ни можело, сега ужива во неговите свети прописи, извикувајќи заедно со псалмистот: „Колку го љубам Твојот Закон! По цел ден мислам за него“ (Псалм 119:97). И праведноста на Законот се исполнува во нас, „кои не живееме според телото, туку според Духот“ (Римјаните 8:1). {ПХ 63.2}
Има и такви кои ја запознале Христовата љубов што простува, и кои навистина сакаат да бидат Божји деца, но се свесни за несовршенството на својот карактер, за грешноста на својот живот, па затоа се сомневаат дека Светиот Дух навистина го обновил нивното срце. На таквите би им рекла: Не повлекувајте се обземени со очај! Ние ќе мораме често да паѓаме пред нозете на Исус и да плачеме поради своите недостатоци и грешки, но не смееме да се обесхрабруваме! Дури и ако непријателот нè надвладеал, Бог не нè отфрла, не нè заборава и не нè напушта! Не! Христос се наоѓа од десната страна на Бога, и самиот се залага за нас. Саканиот Јован вели: „Ова ви го пишувам да не грешите; а ако некој згреши, имаме застапник кај Отецот, праведникот Исус“ (1. Јованово 2:1). Немојте да ги заборавите Христовите зборови: „Зашто самиот Отец има љубов кон вас“ (Јован 16:27). Тој копнее да ве врати кај Себе, да види како Неговата чистота и светост се покажува во вас. И само ако сакате да му се потчините Нему, Тој, кој го започнал доброто дело во вас, ќе го продолжи сè до денот на Исуса Христа. Молете се посрдечно, верувајте поцелосно! Кога ќе се посомневаме во својата сила, да се потпреме на силата на својот Спасител и тогаш ќе го прославиме Оној, кој е здравје на нашето Создавање. {ПХ 64.1}
Колку повеќе му се приближувате на Исус, толку повеќе ќе изгледате грешни во своите очи; погледот ќе ви биде појасен па ќе ја видите острата и одредена разлика меѓу своето несовршенство и Неговата совршена природа. Тоа ќе биде доказ дека измамите на сатаната ја загубиле својата сила и дека во вас делува оживотворувачкото влијание на Божјиот Дух. {ПХ 64.2}
Никаква длабоко вкоренета љубов кон Исуса не може да живее во срцето кое сè уште не ја сфатило својата грешност. Човекот кој е преобразен со Христовата благодат ќе му се воодушевува на Неговиот божествен карактер; но ако сè уште не ја гледаме својата морална изопаченост, тоа е сигурен доказ дека не сме ја согледале Христовата убавина и Неговото совршенство. {ПХ 65.1}
Колку помалку се цениме себеси, толку повеќе ќе ја цениме бескрајната чистота и убавина на својот Спасител. Погледот кон нашата грешност нè гони кон Оној кој може да ни прости; и кога душата, откако ќе ја сфати својата беспомошност, ќе посегне по Христа, Тој ќе се открие во сила. Колку повеќе свеста за сопствената немоќ нè гони кон Него и кон Божјото слово, ќе имаме сè повозвишени погледи за Неговиот карактер и поцелосно ќе го одразуваме Неговиот лик. {ПХ 65.2}