Исповедање

Сподели го ова:

„Кој ги крие своите престапи, нема да има успех, а кој ги исповеда и остава, наоѓа милост”. (Изреки 28:13). {ПХ 37.1}

Условите за добивање на Божјата милост се едноставни, праведни и разумни. Господ не бара од нас да се изложуваме на маки за да добиеме простување на гревот. Не мораме да одиме на долги и исцрпни поклоненија, или пак да вршиме мачни покори за да му ја препорачаме нашата душа на небесниот Бог или пак да ги окаеме своите престапи, туку оној кој признава и го остава својот грев добива милост. {ПХ 37.2}

Апостолот вели: „Исповедајте си ги грешките еден на друг, и молете се на Бога еден за друг, да оздравите“ (Јаков 5:16). Признајте му ги своите гревови на Бога, кој единствено може да ви прости, а своите грешки еден на друг. Ако сте го навредиле својот пријател или сосед, треба да ја признаете својата вина, а негова должност е од срце да ви прости. Потоа треба да побарате простување и од Бога, бидејќи братот што сте го повредиле е Божја своина, па ранувајќи го него сте му згрешиле и на неговиот Создател и Откупител. Тој случај се изнесува пред единствениот вистински Посредник, нашиот голем Првосвештеник, кој „беше искушан во сè како што сме и ние, освен гревот“, и кој „сочувствува со нашите слабости“ (Евреите 4:15) и може да нè очисти од секоја трага на беззаконието. {ПХ 37.3}

Оние кои не се понизиле пред Бога со признавање на својата вина, не го исполниле ни првиот услов да бидат примени. Ако не се покаеме вистински и неповратно, ако во длабока понизност и потиштеност на срцето не сме си ги признале гревовите, згрозувајќи се од своето беззаконие, ние никогаш навистина не сме по- барале простување на гревовите; а ако никогаш не сме побарале, никогаш не сме нашле мир од Бог. Единствена причина што не сме добиле простување на минатите гревови е нашата неподготвеност да го потчиниме нашето срце и да ги исполниме условите на Словото на вистината. За тоа ни се дадени точни упатства. Признавањето на гревовите, било јавни или тајни, мора да биде дадено од срце и јасно изразено. Тоа не смее да се даде лесно и непромислено, ниту пак смее сосила да се бара од оние што не се свесни за одвратната природа на гревот. Признавањето, поттикнато од длабочината на душата ќе го најде својот пат до Бога кој е полн со бескрајна сомилост. Псалмистот вели: „Блиску е Господ до оние со скрушено срце, и ги спасува смирените по дух“ (Псалм 34:18). {ПХ 37.4}

Вистинското признание е секогаш изрично и се однесува на одредени гревови. Тие се понекогаш од таков карактер што можат да се признаат само на Бога; или пак тоа се зли дела кои мораат да им се признаат и на оние кои поради нив претрпеле штета; или тоа можат да бидат јавни гревови кои треба јавно да се признаат. Сите признанија мораат да бидат јасни и целосни, мораме да ги признаеме токму оние гревови за кои сме виновни. {ПХ 38.1}

Во Самоиловите дни Израелците се оддалечиле од Бога. Ги поднесувале последиците на гревот затоа што ја изгубиле својата вера во Бога, својата способност да ја видат Неговата сила и мудрост во управувањето со народот, како и довербата во Неговата способност да го брани и оправда Своето дело. Го отфрлиле големиот Владетел на вселената и посакале да имаат ист облик на владеење како и околните народи. Пред да стекнат мир го дале ова одредено признание: „Кон своите гревови додадовме зло, посакувајќи си цар!“ (1. Самоилова 12:19). Морале да го признаат токму оној грев за кој биле виновни. Нивната неблагодарност ги тиштела и ги одвојувала од Бога. {ПХ 38.2}

Бог не може да го прифати признанието без искрено покајание и промена. Мора да се видат решителни промени во животот; сè што го навредува Бога мора да биде отфрлено. Тоа ќе биде последица на вистинското жалење поради гревот. Делото што сами мораме да го направиме јасно ни е откриено: „Измијте се, исчистете се, отстранете го злото од делата свои пред очите Мои, престанете зло да правите. Учете се да правите добро, барајте правда, притекнете му на помош на угнетуваниот, дајте му правда на сирачето, заземете се за вдовицата”. (Исаија 1:16;17). „Ако безбожникот го врати залогот, и го врати она што го зел, и ако почне да се владее по уредбите на животот не правејќи беззаконија, навистина ќе живее, нема да умре“ (Езекиел 33:15). Говорејќи за плодот на покајанието Павле вели: „Тоа што се нажаливте по Бога, каква усрдност предизвика во вас, какво извинување, какво негодување, каков страв, каков силен копнеж, каква ревност, какво осветување! Со сè покажавте дека во тоа дело сте чисти“ (2. Коринтјаните  7:11). {ПХ 39.1}

Кога гревот ќе ја умртви моралната чувствителност, оној што прави зло не ги гледа недостатоците на својот карактер и не го разбира ужасот на злото кое го сторил; и ако не се потчини на силата на Светиот Дух, тој ќе остане делумно слеп за својот грев. Неговите признанија не се искрени ниту сериозни. На секое признание на својата вина тој додава оправдување како изговор за своето однесување, велејќи дека никогаш не би го сторил она за што е укорен ако на тоа не го поттикнале одредени околности. {ПХ 40.1}

Бидејќи јаделе од забранетиот плод, Адам и Ева ги исполнило чувство на срам и ужас. Најпрвин размислувале за тоа како да го оправдаат својот грев и да ја избегнат смртната казна од која се ужасувале. Кога Господ ги распрашал за нивниот грев, Адам одговорил, префрлувајќи ја вината делумно на Бога, а делумно на својата другарка: „Жената која ми ја даде Ти, таа ми даде од дрвото, и јас јадев”. Жената ја префрлила вината на змијата велејќи: „Змијата ме измами, и јас јадев“ (Создавање 3:12,13). Зошто си ја создал змијата? Зошто си дозволил да влезе во Едем? Овие прашања биле вклучени во нејзиниот изговор поради направениот грев прогласувајќи го Бога одговорен за нивниот пад. Духот на самооправдување потекнува од таткото на лагата и се има покажано во сите синови и ќерки Адамови. Ваквите признанија не се вдахновени со божествениот Дух и Бог не може да ги прифати. Вистинското покајание го наведува човекот сам да ја понесе својата вина и да ја признае без измама или лицемерие. Како кутриот цариник што не се осмелувал ниту очите да ги подигне кон небото, тој ќе извика: „Боже, биди ми милостив мене грешниот”. Оние коишто ќе ја признаат својата вина ќе бидат оправдани, бидејќи Исус со Својата крв ќе се заложи за покајникот. {ПХ 40.2}

Примерите на вистинско покајание и понизност, запишани во Божјото слово, ни откриваат подготвеност за признавање без изговор за гревот или обид за самооправдување. Павле не се обидел да се оправда; тој го слика својот грев во најтемни бои, не обидувајќи се да ја намали својата вина. Тој вели: „Многумина од светите ги затворав во темница, примајќи власт од главатарите свештенички; и кога ги убиваа давав глас за тоа. И по сите синагоги мачејќи ги често, ги принудував на хулење; и прекумерно разјарен против нив ги гонев дури и до туѓите градови“ (Дела 26:10,11). Не се ни двоумеше да изјави дека „Христос Исус дојде на светот да ги спаси грешниците, од кои јас сум прв“ (1. Тимотеј  1:15). {ПХ 41.1}

Понизното и скршено срце, скротено со вистинското покајание, ќе сфати, иако не целосно, колкава е Божјата љубов и цената на Голгота; и како што синот исповеда на саканиот татко, така и вистинскиот покајник ќе ги изнесе своите гревови пред Бога. Стои напишано: „Ако ги признаеме своите гревови, Тој е верен и праведен да ни ги прости гревовите наши, и да нè очисти од секаква неправда!“ (1. Јованово 1:9). {ПХ 41.2}

Сподели го ова:

Слични објави