9. ДЕНОВИ НА БОРБА
Уште од своите најрани години еврејското дете било опкружено со барањата на рабините. Биле пропишани крути правила за секоја постапка, до најситните детали во животот. Учителите во синагогите ги поучувале младите на безбројни прописи на кои, како правоверни Израелци морале да се придржуваат. Но Исуса не го интересирале тие работи. Тој уште од Своето детство постапувал независно од рабинските закони. Стариот Завет бил предмет на Неговото постојано проучување, а зборовите „така вели Господ“ постојано биле на Неговите усни. {КВ 84.1}
Кога почнал да ја сфаќа состојбата во која се наоѓал народот, Исус видел дека барањата на општеството и Божјите прописи биле во постојан судир. Луѓето се оддалечувале од Божјата Реч и ги издигнувале теориите што самите ги измислиле. Тие ги извршувале традиционалните обреди, кои немале никакво значење. Нивната служба била само низа обреди светите вистини, кои тие обреди требале да ги прикажат, биле скриени од верниците. Исус видел дека тие не можат да најдат мир во таа служба без вера. Тие не ја познавале слободата на духот што би ја стекнале, кога вистински би му служеле на Бога. Исус дошол да ја објасни смислата на обожавањето на Бога и не можел да го прифати мешањето на човечките барања со божествените прописи. Тој не ги напаѓал прописите или постапките на образованите учители, но кога бил укоруван поради Своите едноставни навики, Тој укажувал на Божјата Реч за да ги оправда Своите постапки. {КВ 84.2}
Љубезно и покорно, Исус смирено се трудел да им угоди на оние со кои Доаѓал во допир. Затоа што бил толку љубезен и ненаметлив, книжниците и старешините мислеле дека со своето учење лесно ќе влијаат на Него. Тие барале од Него да ги прими сфаќањата и традициите пренесени од дамнешните рабини но Тој барал тоа да го потврди Светото Писмо. Го слушал секој збор, кој Доаѓал од Божјите усни, но не можел да се покорува на она што го измислиле луѓето. {КВ 84.3}
Се чинело дека Исус го познава Светото Писмо од почеток до крај и Тој го презентирал во неговата вистинска смисла. Рабините биле засрамени што ги поучува едно Дете. Тие тврделе дека толкувањето на Светите Списи е нивна должност, а Негово е да го прифати нивното толкување. Тие негодувале што Тој им се спротивставувал на нивните зборови. {КВ 85.1}
Рабините знаеле дека во Светото Писмо не може да се најде оправдување за нивните традиции. Тие сфатиле дека Исус во духовното разбирање бил далеку пред нив. Сепак, биле гневни, затоа што Тој не ги слушал нивните наредби. Бидејќи не успеале да го убедат, тие ги побарале Јосиф и Марија и им кажале за Неговата несоработка. Затоа Исус бил изложен на прекор и осуда. {КВ 85.2}
Уште од најраните денови, Исус почнал сам да го обликува Својот карактер; дури ни почитта и љубовта кон Неговите родители не можеле да го одвојат од послушноста кон Божјата Реч. „Пишано е“ била Неговата причина за секоја постапка, која се разликувала од семејните обичаи. Меѓутоа, рабините со своето влијание му го загорчувале животот. Уште во Својата младост Тој морал да учи тешка поука на молчење и трпелива истрајност. {КВ 86.1}
Неговите браќа како што биле нарекувани – Јосифовите синови – застанале на страната на рабините. Тие тврделе дека традициите мора да се почитуваат, како тоа да се Божји барања. Тие дури повеќе ги ценеле човечките одредби од Божјата Реч и им било многу непријатно Неговото јасно проникнување во разликувањето на лажното и вистинското. Тие го осудувале Неговото строго покорување на Божјиот Закон и го сметале за тврдоглавост. Биле изненадени од знаењето и мудроста што ги покажувал Тој во давањето одговори на рабините. Тие знаеле дека Тој не примил образование од мудрите луѓе, но Сепак увиделе дека Тој ним им бил учител. Сфаќале дека Неговото образование е повозвишено од нивното. Меѓутоа, не увиделе дека Тој има пристап кон дрвото на животот извор на знаењето што тие не го познавале. {КВ 86.2}
Христос не се издвојувал од другите и Тој особено ги навредил фарисеите со тоа што во овој поглед отстапил од нивните строги правила. Тој наишол на домен на религија оградена со високи ѕидови на издвојување, како премногу света за секојдневниот живот. Тој ги срушил тие ѕидови на поделби. Доаѓајќи во допир со луѓето не прашувал: „Кои се твоите верувања? На која црква и припаѓаш?“ Тој ја користел Својата спасоносна сила за доброто на сите на кои им била потребна помош. Наместо да се повлече во некоја осамена ќелија за да го покаже Својот небесен карактер, работел сесрдно за човештвото. Го проповедал начелото дека библиската вера не се состои во измачување на телото. Учел дека чистата и неизвалкана вера не важи само за одредени моменти и посебни прилики. Секогаш и на секое место покажувал интерес за луѓето и зрачел со светлина на ведра побожност. Сето тоа претставувало прекор за фарисеите. Сето тоа покажувало дека верата не се состои во себичност и дека нивната морбидна посветеност на личниот интерес е далеку од вистинската побожност. Ова довело до нивно непријателство кон Исуса, така што сакале да го принудат на прилагодување кон нивните прописи. {КВ 86.3}
Исус се трудел да ги олесни неволјите на секој што страдал. Имал малку пари за давање, но често се откажувал од храната, за да им помогне на оние, кои биле во поголема неволја од Него. Неговите браќа виделе дека Неговото влијание многу се спротивставувало на нивното. Тој поседувал тактичност, која ниту еден од нив ја немал, ниту пак ја посакувал. Кога биле груби кон сиромашните, деградирани луѓе, Исус ги барал токму таквите и им упатувал зборови на охрабрување. На оние, кои имале потреба, Тој би им подал чаша свежа вода и мирно го ставал во нивните раце Својот оброк. Кога ги ублажувал нивните страдања, вистините што ги проповедал биле поврзани со Неговите дела на милосрдие и така биле врежувани во сеќавањето. {КВ 87.1}
Сето тоа не им се допаѓало на Неговите браќа. Бидејќи биле постари од Него, тие сметале дека Тој треба да се покори на нивните наредби. Постојано го обвинувале дека се издига над нив и го покорувале дека се воздига над нивните учители, свештениците и народните управители. Често му се заканувале и се обидувале да го заплашат, но Тој не обрнувал внимание на тоа, туку делувал единствено според Писмото. {КВ 87.2}
Исус ги љубел своите браќа и постапувал кон нив со непоколеблива љубезност. Меѓутоа, тие биле љубоморни на Него и покажале најрешителна недоверба и презир. Тие не можеле да го сфатат Неговото однесување. Во Исуса им се откривале големи противречности. Тој бил Божји Син, а Сепак, едно беспомошно дете. Бил Творец на световите, Земјата е Негова сопственост, а Сепак сиромаштијата го обележувала секој Негов чекор во животот. Неговото достоинство и Неговата личност немале ништо заедничко со земната горделивост и вообразеност. Тој не се стремел кон световна големина и бил задоволен дури и со најниска положба. Тоа ги лутело Неговите браќа. Тие не можеле да си ја објаснат Неговата постојана ведрина и покрај тешкотиите и сиромаштијата. Тие не знаеле дека заради нас станал сиромашен и дека „со Неговата сиромаштија ние се збогативме”. (2. Коринтјаните 8:9) Тие не можеле да ја разберат тајната на Неговата мисија, исто како што и пријателите на праведниот Јов не можеле да го разберат неговото понижување и страдање. {КВ 87.3}
Браќата не го разбрале Исуса, бидејќи Тој не бил сличен на нив. Неговите мерила не биле и нивни мерила. Надевајќи се во луѓето тие се оддалечиле од Бога и Божјата сила не се манифестирала во нивниот живот. Надворешните знаци на верата за кои тие се придржувале не можеле да го преобразат карактерот. Тие давале „десеток од нане, копар и ким,“ но ги запоставиле „поважните работи во Законот: правдата, милоста и верата”. (Матеј 23:23) Исусовиот пример постојано ги иритирал. Тој, во овој свет мразел само едно – тоа бил гревот. Не можел да биде сведок на некое лошо дело, а да не доживее болка, која не можела да се сокрие. Постоела јасна разлика помеѓу формалистите, чијашто надворешна светост ја прикривала љубовта кон гревот и карактерот во кој ревноста за Божјата слава секогаш била на прво место. Исусовиот живот го осудувал злото и затоа наидувал на спротивставување и во семејството и надвор од него. За неговата несебичност и чесност се зборувало со потсмев. Неговата трпеливост и неговата добрина биле нарекувани кукавичлук. {КВ 88.1}
Од сите страдања што човештвото мора да ги поднесува, немало ниту еден дел во кој Исус немал удел. Имало и такви што се труделе да го изложат на потсмев заради Неговото раѓање; уште во детството бил изложен на нивните презриви погледи и зли дошепнувања. Кога би одговорил со нетрпелив збор или поглед, кога би попуштил на Своите браќа со само една погрешна постапка Тој не би бил совршен пример. На тој начин Тој не би можел да го спроведе во дело планот за нашето спасение. Кога само би признал дека за гревот може да постои оправдување, сатаната би триумфирал, а светот би бил загубен. Затоа сатаната се трудел Исусовиот живот да го направи колку што е можно потежок, за да го наведе на грев. {КВ 88.2}
Меѓутоа, на секое искушение Тој одговарал: „Пишано е”. Тој ретко ги укорувал Своите браќа поради каква и да е лоша постапка, но им зборувал од Божјата Реч. Бидејќи одбивал да учествува со нив во некоја забранета постапка, често го обвинувале дека е страшливец, но Тој одговарал; „Пишано е: Стравот Божји е мудрост и одбегнувањето на злото е разум”. (Јов 28:28) {КВ 88.3}
Имало и такви, кои сакале да бидат во Негово друштво, чувствувајќи се спокојни во Негово присуство, но многумина го избегнувале, бидејќи Неговиот беспрекорен живот претставувал укор за нив. Младите другари го повикувале да го прави тоа што го правеле и тие. Бил ведар и радосен; тие се радувале во Негово присуство и ги прифаќале Неговите предлози. Меѓутоа, тие биле нетрпеливи кон уверувањата на Неговата совест, па тврделе дека е тесноград и ограничен. Исус одговарал, „Пишано е: Како ќе го очисти младичот својот пат? Внимавајќи на Твоите зборови! Во срцето свое ја затворив Речта Твоја, за да не ти грешам”. (Псалм 119:9,11) {КВ 89.1}
Често го прашувале: „Што сакаш да постигнеш со тоа што си толку необичен, толку различен од сите нас?“; „Пишано е,“ рекол Тој, „Блажени се оние чиј пат е непорочен, кои одат според Господовиот закон. Блажени се оние, кои ги пазат Неговите сведоштва и кои го бараат Него со цело срце. Кои не прават беззаконие, туку одат по Неговите патишта”. (Псалм 119:1-3) {КВ 89.2}
Кога го прашале зошто не учествува во забавите на младината од Назарет, рекол, „Пишано е: Се радувам на патот на Твоите прописи, повеќе отколку на сето богатство. Ќе размислувам за Твоите повелби и заповеди и ќе внимавам на Твоите патишта. Ќе се насладувам во Твоите наредби, и нема да ги заборавам Твоите зборови”. (Псалм 119:14-16) {КВ 89.3}
Исус не се борел за Своите права. Често имал непотребни тешкотии во работата, бидејќи бил пресретлив и не се жалел. Сепак не се откажал, ниту бил обесхрабрен. Тој живеел над тие тешкотии, како во светлината на Божјото лице. Не возвраќал, кога постапувале грубо со Него, туку трпеливо ги поднесувал навредите. {КВ 89.4}
Често го прашувале: „Зошто поднесуваш толку злобно однесување дури и од Твоите браќа?“ „Пишано е,“ одговарал Тој, „Сине мој, не го заборавај Мојот закон и срцето твое нека ги чува Моите заповеди, зашто ќе ти донесат многу денови, долг живот и мир. Нека не те оставаат милоста и вистината; стави си ги себеси околу вратот и напиши ги на плочата на своето срце. Така ќе стекнеш милост и добро разбирање и пред Бога и пред луѓето”. (Изреки 3:1-4) {КВ 89.5}
Од времето кога родителите го нашле Исуса во храмот, Неговото однесување за нив било тајна. Не влегувал во судир со никого, но Неговиот пример бил постојана лекција. Изгледало дека е одвоен од другите. Најсреќни моменти за Него биле оние, кога Тој бил сам со природата и со Бога. Секогаш кога имал можност, заминувал во природа за да размислува во зелените долини, да одржува заедница со Бога на планинските падини или среде шумските дрвја. Раното утро често го затекнувало на некое осамено место како размислува, како ги истражува Писмата или се моли. Од овие тивки мигови Тој се враќал во Својот дом за повторно да ги преземе Своите должности, за да пружа пример на трпелива работа. {КВ 89.6}
Во Христовиот живот се забележувале љубов и почит кон мајка си. Марија верувала дека светото Дете родено од неа е одамна ветениот Месија, но не се осмелувала да ја изрази својата вера. Во текот на целиот Негов живот на Земјата, таа учествувала во Неговите страдања. Со болка била сведок на искушенијата на кои бил изложен во Своето детство и во младоста. Одобрувајќи го она што го сметала како правилно во Неговиот начин на живот и самата била изложена на неволји. Сметала дека правилниот однос меѓу домашните и нежната мајчинска грижа за децата се од животно значење за формирање на детскиот карактер. Јосифовите синови и ќерки го знаеле тоа и користејќи ја нејзината загриженост, се обидувале да ги коригираат Исусовите постапки според своите мерила. {КВ 90.1}
Марија често му приговарала на Исуса и го повикувала да се покори на обичаите на рабините. Но Тој не дозволувал да биде разубеден и да ги измени Своите навики на размислување за Божјите дела и настојувањата да ги ублажи страдањата на луѓето, па дури и на немите животни. Кога свештениците и учителите побарале од Марија да им помогне да го контролираат Исуса, таа била многу вознемирена, но мирот се вратил во нејзиното срце, кога Тој и ги покажал местата во Светото Писмо, кои зборувале во прилог на Неговите постапки. {КВ 90.2}
Понекогаш таа се колебала помеѓу Исуса и Неговите браќа, кои не верувале дека Тој е пратен од Бога, но многу факти го потврдувале Неговиот божествен карактер. Таа видела како Тој несебично се жртвува за доброто на другите. Неговото присуство внесувало почиста атмосфера во домот и Неговиот живот делувал како квасец среде елементите на општеството. Добронамерен и непорочен, Тој се движел меѓу непромислените, крутите, неучтивите; меѓу неправедните цариници, лекомислените расипници, неправедните Самарјани, незнабожечките војници, грубите селани и најразновидно мноштво народ. Овде или онде би изговорил некој збор на сочувство, кога би здогледал уморни луѓе, луѓе кои се принудени да носат тешки товари. Тој го делел товарот со нив и им ги повторувал поуките што ги научил од природата – поуките за љубовта, за љубезноста и за Божјата добрина. {КВ 90.3}
Тој ги учел сите да се сметаат себеси за надарени со драгоцени таленти, кои можат да им обезбедат вечни богатства ако правилно се искористат. Суетата целосно ја искоренил од животот и со Свој пример покажувал дека секој момент од времето ќе донесе вечни резултати, дека секој миг мора да се смета како драгоцен и да се употреби за свети цели. Ниту едно човечко суштество не го сметал за безвредно, туку се трудел на секоја душа да го примени спасоносниот лек. Во какво друштво и да се наоѓал, Неговите поуки биле во согласност со времето и околностите. Се трудел да влее надеж на оние, кои биле најгруби и кои не ветувале, уверувајќи ги дека можат да станат беспрекорни и добронамерни и да постигнат карактер, кој очевидно ќе покаже дека се Божји деца. Често се среќавал со оние, кои паднале под сатанска власт и кои немале сила да се оттргнат од неговата стапица. На таквите луѓе обесхрабрени, болни, искушувани и паднати Исус им упатувал зборови на најнежно сочувство, зборови, кои им биле потребни и кои можеле да бидат сфатени. Сретнувал и такви, кои воделе непосредна борба со непријателот на душите. Таквите ги храбрел да истраат, уверувајќи ги дека ќе победат, бидејќи Божјите ангели се на нивна страна и ќе им дадат победа. Оние на кои им помогнал на тој начин, биле уверени дека Тој бил Некој на Кого можат со целосна доверба да се надеваат. Знаеле дека Тој нема да ги издаде тајните што му ги довериле и кои Тој со разбирање ги примил. {КВ 91.1}
Исус бил Исцелител на телото и на душата. Тој обрнувал внимание на секој облик на страдање на кое наидувал и на секој страдалник му пружал олеснување, бидејќи Неговите љубезни зборови делувале како мелем. Никој не би можел да каже дека тогаш направил чудо; меѓутоа силата и исцелувачката моќ на љубовта се излевала од Него на сите болни и унесреќени. Така, Тој ненаметливо се залагал за луѓето од самото Свое детство. Затоа многумина радосно го слушале, кога започнал со Својата јавна служба. {КВ 92.1} Сепак, Исус сам минувал низ детството, младоста и зрелата возраст. Во Својата чистота и верност, Тој сам го газел виното во бочвата и никој од луѓето не бил со Него. Го носел страшниот товар на одговорност за спасување на душите. Знаел дека сите ќе бидат загубени, доколку решително не дојде до промена во начелата и целите на човечкиот род. Тоа било бреме на Неговата душа и никој не можел да го цени товарот што почивал врз Него. Исполнет со цврста решителност, Тој ја остварувал целта на Својот живот Тој Самиот да биде светлина на светот. {КВ 92.2}