78. ГОЛГОТА
Оваа поглавје е засновано на Матеј 27:31-53; Марко 15:20-38; Лука 23:26-46; Јован 19:16-30
„И кога дојдоа на местото, наречено Голгота, таму Го распнаа Него”. {КВ 741.1}
„За да го освети народот со Својата крв,“ Христос „настрада надвор од градските порти”. (Евреите 13:12) Поради престапот на Божјиот закон, Адам и Ева биле истерани од Едем. Христос, нашиот Заменик, требало да страда надвор од ѕидините на Ерусалим. Умрел надвор од градот, на местото каде што се погубувани злосторниците и убијците. Многу се значајни зборовите: „Христос не откупи од проклетството на законот, станувајќи проклетство место нас”. (Галатјаните 3:13) {КВ 741.2}
Огромно мноштво Го следело Исуса од судницата до Голгота. Гласот за Неговата пресуда се проширил низ цел Ерусалим, па луѓе од сите општествени слоеви и сите професии тргнале на местото на распнување. Свештениците и поглаварите биле врзани со ветувањето дека нема да ги малтретираат Христовите следбеници доколку Тој им биде предаден, па учениците и верниците од градот и околината му се придружиле на мноштвото што го следело Спасителот. {КВ 741.3}
Кога Исус поминал низ портата на Пилатовата судница, на Неговите ранети и крвави плеќи бил ставен крстот, кој бил подготвен за Варнава. Двајцата другари на Варнава требало да бидат распнати истовремено со Исуса, па и ним им биле натоварени крстови. Носењето товар било претешко за слабиот и измачен Спасител. Од пасхалната вечера со Своите ученици, Спасителот ниту јадел, ниту пиел. Во Гетсиманската градина бил во агонија борејќи се со сатанските сили. Ја поднел болката на предавство и видел како Неговите ученици го напуштаат и бегаат. Го однеле кај Ана, потоа кај Кајафа и конечно кај Пилат. Пилат Го испратил кај Ирод и потоа повторно бил вратен кај Пилат. Навреди по навреди, подбивања по подбивања, двапати камшикуван сѐ што се случувало таа ноќ било од карактер да ја искуша човечката природа до крајност. Сепак, Христос не попуштил. Не изговорил ниту еден единствен збор со кој не би Го прославил Бога. За време на судењето кое било срамна фарса Тој се држел цврсто и достоинствено. Но кога по второто камшикување врз Него бил ставен крст, Неговата човечка природа веќе не можела да издржи. Паднал под товарот, губејќи свест. {КВ 741.4}
Мноштвото што одело по Спасителот ги видело Неговите слаби и тетеравечки чекори, но не покажало сожалување. Му се потсмевале и Го навредувале затоа што не можел да Го носи тешкиот крст. Повторно го ставиле товарот на Него и повторно паднал онесвестен на земјата. Неговите мачители сфатиле дека Тој не е во состојба понатаму да го носи Својот крст. Биле загрижени да најдат некој кој би се согласил да го носи тој понижувачки товар. Евреите тоа не можеле да го направат, бидејќи со тоа би се оскверниле и не би можеле да ја празнуваат Пасха. Дури ниту од џганот кој одел по Него никој не сакал да се понизи и да го понесе крстот. {КВ 742.1}
Во тоа време некој странец, Симон од Кирина, кој се враќал од полето, го сретнал мноштвото. Ги слушнал подбивањата и простачките навреди на мноштвото, слушнал како со презир ги повторуваат зборовите: „Направете пат за еврејскиот Цар!“ Застанал вчудовиден од оваа сцена и бидејќи покажал сожалување, го фатиле и му го ставиле крстот на неговите плеќи. {КВ 742.2}
Симон слушал за Исуса. Неговите синови верувале во Спасителот, но тој самиот не бил ученик. Носењето на крстот до Голгота претставувало благослов за Симон и тој секогаш потоа бил благодарен за тоа провидение. Тоа го навело доброволно да го земе Христовиот крст и секогаш радосно да стои под неговиот товар. {КВ 742.3}
Голем број жени оделе по Невиниот, на Неговиот пат во сурова смрт. Нивното внимание било сосредоточено на Христа. Некои од нив Го виделе и порано. Некои Му ги донесувале своите болни и несреќни. Некои и самите биле излекувани. Сега раскажувале за тие настани. Се чуделе на омразата на мноштвото кон Оној, за Кого нивните срца биле допрени и готови да препукнат. Тие жени покажувале израз на сочувство и покрај постапките на избезуменото мноштво и гневните зборови на свештениците и поглаварите. Тажно заплакале, кога Исус паднал без свест под товарот на крстот. {КВ 742.4}
Тоа било единствено нешто што го привлекло Христовото внимание. Иако бил напатен со страдања, носејќи ги гревовите на светот, Тој не останал рамнодушен кон изразите на болка. Со нежно сочувство ги гледал тие жени. Тие не верувале во Него; знаел дека не Го оплакуваат како Божји пратеник, туку биле поттикнати од чувството на човечка сомилост. Тој не го презрел нивното сочувство, туку тоа во Неговото срце разбудило уште подлабоко сочувство кон нив. „Ќерки ерусалимски,“ рекол Тој, „не плачете за Мене, туку плачете за себе и за своите деца”. Од сцената пред Него, Христос гледал кон времето на уништувањето на Ерусалим. Во тие страшни настани требало да пропаднат заедно со своите деца многумина од оние, кои сега плачеле по Него. {КВ 743.1}
Од разурнувањето на Ерусалим, Исусовите мисли преминале на еден поголем суд. Во пропаста на градот кој не сакал да се покае, Исус го видел симболот на конечна пропаст, која ќе го снајде светот. „Тогаш ќе почнат да им зборуваат на горите: Паднете врз нас! А на бреговите: Покријте не! Зошто, ако се постапува вака со зеленото дрво, што ќе биде со сувото?“ Со зеленото дрво Исус се прикажал Себеси, невиниот Откупител. Бог дозволил гневот заради престапот да падне врз Неговиот сакан Син. Христос морал да биде распнат поради гревот на луѓето. Какви страдања тогаш мора да поднесе грешникот кој продолжува да живее во грев? Сите оние кои нема да се покајат и не сакаат да веруваат, ќе доживеат жалост и беда, кои не можат да се опишат со зборови. {КВ 743.2}
Во мноштвото кое Го следело Спасителот до Голгота имало многумина кои Го дочекале со радосни извици на пофалба и мавтале со палмини гранчиња, кога триумфално јавајќи влегувал во Ерусалим. Но од многу усни, кои тогаш извикувале повици на пофалба, затоа што тогаш сите го правеле тоа, сега се разлевал извикот: „Распни Го, распни Го!“ Кога Христос влегувал во Ерусалим, надежите на Неговите ученици достигнале кулминација. Се туркале околу Својот Учител, знаејќи колкава чест е да се биде поврзан со Него. Сега, во Неговото понижување, Го следеле оддалеку. Биле исполнети со тага и биле скршени поради разачораните надежи. Колку се обистиниле Исусовите зборови: „Сите вие, уште оваа ноќ, ќе се соблазните поради Мене, зашто е напишано: Ќе го удрам пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат”. (Матеј 26:31) {КВ 743.3}
Кога стигнале на губилиштето, ги врзале затворениците на орудијата за мачење. Двајцата разбојници се обидувале да се истргнат од рацете на оние кои ги ставале на крст; меѓутоа, Исус не пружал никаков отпор. Исусовата мајка, која Јован, саканиот Исусов учител, ја придружувал, Го следела својот Син до Голгота. Видела кога се онесвестил под товарот на крстот и сакала да Му ја придржи болно ранетата глава, да ја избрише потта од челото, кое некогаш почивало на нејзините гради. Меѓутоа, не и било дозволено тоа тажно предимство. Таа заедно со учениците сѐ уште се надевала дека Исус ќе ја манифестира Својата сила и ќе се ослободи од Своите непријатели. Меѓутоа, нејзиното срце се стегало од болка при сеќавањето на зборовите со кои Тој ги претскажал сцените што сега се случуваат. Додека ги врзувале злосторниците за крстот, Го набљудувала во мачно исчекување. Дали Оној, Кој воскреснувал мртви, ќе дозволи да Го распнат? Дали Божјиот Син ќе дозволи толку свирепо да Го убијат? Треба ли да се откаже од Својата вера во Него како Месија? Мора ли да биде сведок на Неговиот срам и болка, без некаква можност да Му помогне во Неговата мака? Ги видела Неговите раце раширени на крстот, видела кога донеле чекан и клинови. А кога клиновите го пробивале Неговото нежно тело, скршените ученици ја тргнале Исусовата мајка, која ја губела свеста, за да не ја гледа таа сурова сцена. {КВ 744.1}
Спасителот со ниту еден збор не мрморел, ниту се жалел. Лицето Му останало мирно и ведро, но на челото Му се појавиле крупни капки пот. Не се нашла ниту една милостива рака да ја избрише смртната пот од Неговото лице, не се слушнале зборови на сочувство и непоколеблива верност, кои би му дале поддршка на Неговото човечко срце. Додека војниците ја извршувале својата ужасна работа, Исус се молел за Своите непријатели: „Татко, прости им, зашто не знаат што прават”. Неговиот Дух преминал од сопствените страдања на гревот на Неговите прогонувачи и на ужасната казна, која ќе ги снајде. Не им упатил клетва на војниците, кои толку свирепо постапувале со Него. Никаква одмазда не била повикана над свештениците и поглаварите кои ликувале затоа што ја оствариле својата цел. Исус ги сожалувал заради нивното незнаење и вина. Само благо прошепотил молитва за да им се прости, „зашто не знаат што прават”. {КВ 744.2}
Кога би знаеле дека Го мачат Оној, Кој дошол да го спаси грешниот род од вечна пропаст, би ги обзело грижа на совеста и ужас. Меѓутоа, нивното незнаење не ја намалило нивната вина, бидејќи имале можност да Го запознаат и прифатат Исуса како свој Спасител. Некои од нив подоцна го сфатиле својот грев, се покајале и се обратиле. Некои не сакале да се покајат, па Христовата молитва за нив не можела да биде услишена. Меѓутоа, Божјиот план сепак го постигнал своето исполнување. Исус стекнал право да биде застапник на луѓето пред Таткото. {КВ 744.3}
Христовата молитва за Неговите непријатели го опфатила целиот свет. Го опфатила секој грешник, кој живеел или кој ќе живее, од почетокот до крајот на времето. На сите почива вина што Божјиот Син бил распнат. На сите им се нуди бесплатно простување. „Секој кој сака“ може да има мир со Бога и да наследи вечен живот. {КВ 745.1}
Кога Исус бил прикован, силни луѓе го подигнале крстот и со голема сила Го спуштиле на место подготвено за тоа. Тоа предизвикало најсилна болка за Божјиот Син. Потоа Пилат на еврејски, грчки и латински јазик напишал еден натпис и го ставил на крстот над Исусовата глава. на него пишувало: „Исус од Назарет, Царот на евреите”. Овој натпис ги разлутил Евреите. Во Пилатовата судница тие викале: „Распни Го!“ „Ние немаме друг цар освен ќесарот”. (Јован 19:15) Изјавувале дека предавник е секој што признава друг цар. Пилат го напишал она што тие го изразиле со својот став. Не бил споменат никаков престап, освен дека Исус е еврејски Цар. Тој натпис ја признавал поданичката покорност на Евреите кон римската сила. Тој покажувал дека секој кој за себе ќе тврди дека е Цар на Израел, тие ќе го осудат на смрт. Свештениците си напакостиле себеси. Кога ковале план како да Го убијат Исуса, Кајафа рекол дека е подобро еден човек да умре за да се спаси сиот народ. Сега се открило нивното лицемерие. За да Го уништат Христа, тие биле подготвени да го жртвуваат дури и опстанокот на својот народ. {КВ 745.2}
Сфаќајќи што направиле, свештениците побарале од Пилат да го измени натписот. Рекле: „Не пишувај ‘Цар Јудејски,’ туку дека Тој сам рече: ‘Јас сум Цар Јудејски’.“ Меѓутоа, Пилат, лут на самиот себе поради својата поранешна слабост и чувствувајќи одвратност кон љубоморните и лукавите свештеници и поглавари, студено одговорил: „Што напишав, напишав”. {КВ 745.3}
Една повозвишена сила од Пилат и од злите Евреи, одредила овој натпис да стои над Исусовата глава. Според Божјото провидение, тој требало да поттикне на размислување и проучување на Светото Писмо. Местото на кое Христос бил распнат се наоѓало во близина на градот. Тогаш, во Ерусалим престојувале илјадници луѓе од разни земји, па така натписот со кој Исус од Назарет бил прогласен за Месија ќе го привлече нивното внимание. Тоа била жива вистина, напишана од раката која ја водел Бог. {КВ 745.4}
Во Христовото страдање на крстот се исполнило пророштвото. Со векови пред распнувањето, Спасителот претскажал како ќе се постапува со Него. Тој рекол: „Ме опколија кучиња, Ме опкружи џган злосторнички. Ми ги прободоа рацете и нозете, можам да ги избројам сите Мои коски, а тие Ме гледаат и зјаат во Мене. Облеката Моја ја делат меѓу себе и за наметката моја фрлаат ждрепка”. (Псалм 22:16-18) Пророштвото што се однесувало на Неговата облека се остварило без совет или мешање на пријателите или непријателите на Распнатиот. Облеката им била дадена на војниците, кои Го приковале на крстот. Христос слушнал како тие се караат додека ја делеле Неговата облека. Неговата наметка била исткаена без ниту еден раб и затоа рекле: „Да не ја кинеме, туку да фрлиме за неа ждрепка кому ќе му припадне”. {КВ 746.1}
Во едно друго пророштво, Спасителот изјавил: „Подбивањето Ми го скрши срцето и се истоштив; чекав некој да Ме сожали, но не се најде; и некој да Ме утеши, но не го најдов. Ми дадоа жолчка да јадам и во жедта Моја Ме напоија со оцет”. (Псалм 69:20, 21) На оние кои биле осудени на смрт на крст било дозволено да им се даде некое опојно средство за да се намали болката. Тоа му Го понудиле и на Христа, но Тој, откако вкусил, Тој го одбил тоа. Не сакал да земе ништо што би Му го поматило разумот. Неговата вера морала цврсто да се држи за Бога. Тоа била Неговата единствена сила. Да се дозволи умот да се помрачи, би значело да му се даде предност на сатаната. {КВ 746.2}
Додека Исус висел на крстот, Неговите непријатели го излевале својот гнев на Него. Свештениците, поглаварите и книжевниците му се придружиле на мноштвото кое Му се подбивало на Спасителот, Кој умирал. При Неговото крштевање и преобразување се слушнал Божји глас, Кој објавил дека Христос е негов Син. Повторно, непосредно пред Христос да биде предаден, Таткото проговорил, потврдувајќи ја Неговата божествена природа. Меѓутоа, сега не се слушал глас од небото. Не се слушнало никакво сведоштво во Негова полза. Целосно сам Го поднесувал малтретирањето и исмејувањето на безбожните луѓе. {КВ 746.3}
„Ако си Син Божји,“ рекле тие „слези од крстот”. „Нека се спаси Самиот Себеси, ако е Тој Христос, Божји избраник”. Во пустината на искушението, сатаната рекол: „Ако си Син Божји, кажи овие камења да станат лебови”. „Ако си Син Божји, фрли се долу“ од врвот на Храмот. (Матеј 4:3,6) Покрај крстот, во човечки облик бил присутен и сатаната со своите ангели. Сатаната и неговата војска соработувале со свештениците и поглаварите. Учителите на народот го поттикнале неукото мноштво против Христа, иако, многумина од нив никогаш не Го виделе сѐ до моментот кога ги повикале да сведочат против Него. Свештениците, поглаварите, фарисеите и закоравениот џган се соединиле во сатанска избезуменост. Верските поглавари, обединети со сатаната и неговите ангели, ги извршувале неговите налози. {КВ 746.4}
Исус во претсмртни маки го слушнал секој збор што го изговориле свештениците: „Спаси други, а Себеси не може да се спаси. Христос, Царот Израелев, нека слезе од крстот, за да видиме и да поверуваме”. Христос можел да се симне од крстот, но Неговата мисија не била да се спасува Себеси, туку на грешникот да му даде надеж за простување и Божја наклонетост. {КВ 749.1}
Потсмевајќи Му се на Спасителот, луѓето кои се сметале како толкувачи на пророштвата ги повторувале токму оние зборови за кои Вдахновението претскажало дека ќе ги изговорат во оваа прилика. Меѓутоа, во тоа слепило не забележале дека го исполнуваат пророштвото. Оние, кои со презир и потсмев ги изговарале зборовите: „Се надеваше во Бога, нека Го избави сега ако навистина Му е по волја, зашто Самиот рече: ‘Јас сум Син Божји’,“ не помислувале дека нивното сведоштво ќе одекнува низ вековите. Иако изговорени со презир, тие зборови ги навеле луѓето да го истражуваат Светото Писмо како никогаш порано. Мудрите луѓе слушнале, а потоа истражувале, размислувале и се молеле. Имало и такви, кои никако не можеле да се смират, сѐ додека со споредба на некои цитати не ја сфатиле смислата на Христовата мисија. Знаењето за Исуса никогаш не било толку широко распространето како тогаш, кога висел на крстот. Светлината на вистината блеснала во срцата на многумина кои ја гледале сцената на распнување и ги слушнале Христовите зборови. {КВ 749.2}
Додека Исус во огромни маки висел на крстот, се појавил еден зрак на утеха. Тоа била молитвата на разбојникот што се каел. Разбојниците распнати со Исуса прво го навредувале, а еден во своите страдања станувал уште поочаен и подрзок. Но неговиот другар бил поинаков. Овој човек не бил закоравен злосторник, туку само бил заведен од лошо друштво и тој бил помалку виновен од многумина што стоеле покрај крстот и го навредувале Спасителот. Тој и порано Го видел и слушнал Исуса, па бил уверен во вистинитоста на Неговото учење, но свештениците и поглаварите го одвратиле од Него. Трудејќи се во себе да ја задуши новата светлина, тој сѐ подлабоко и подлабоко паѓал во грев, така што на крајот бил уапсен, обвинет како разбојник и осуден да умре на крстот. Тој бил со Исуса во судницата и на патот кон Голгота. Слушнал кога Пилат рекол: „Јас не наоѓам никаква вина кај Него”. (Јован 19:4) Го забележал Неговото божествено држење и Неговото милостиво простување на Неговите мачители. Од крстот видел како многумина религиозни луѓе се натпреваруваат во подбивањето и навредувањето на Господа Исуса Христа. Тој видел како тие презриво мавтаат со главите. Слушнал како неговиот другар ги прифаќа зборовите на осуда: „Ако Ти си Христос, спаси се себеси и нас”. Слушнал како многумина од минувачите Го бранат Исуса. Слушнал како тие ги повторуваат Неговите зборови и зборуваат за Неговите дела. Во него повторно се појавило осведочувањето дека тоа е Христос. Обраќајќи му се на другиот злосторник, рекол: „Зар не се боиш од Бога, кога и ти си исто така осуден?“ Злосторниците пред смрт не морале повеќе да стравуваат од луѓето. Меѓутоа, кај едниот од нив се појавило убедување дека постои Бог од кого треба да се бои, иднина, пред која треперел, бидејќи историјата на неговиот живот, извалкана од грев, се ближела кон крајот. „Ние сме праведно осудени,“ рекол тој, „зашто примаме заслужена казна за она што сме го сториле. Но Овој не сторил никакво зло”. {КВ 749.3}
Сега веќе немало прашања. Нема сомнежи, нема прекори. Кога бил осуден за своите лоши дела, злосторникот најнапред ја изгубил надежта и бил очаен, но сега му се појавиле необични, нежни мисли. Се сетил на сѐ што слушнал за Исуса, како ги лекувал болните и ги простувал гревовите. Ги слушнал зборовите на оние кои верувале во Исуса и плачејќи оделе по Него. Го видел и го прочитал натписот над главата на Спасителот. Слушнал како минувачите го повторуваат, некои во жалост со треперливи усни, а други во шеги и подбивање. Светиот Дух го осветлувал неговиот ум и малку по малку синџирот на докази се поврзал. Во ранетиот, исмеван и прикован Исус на крст, тој го видел Божјото Јагне, Кое на Себе ги зема гревовите на светот. Со глас кој истовремено изразувал надеж и болка, оваа беспомошна душа, која била пред смрт му се доверила на Спасителот: „Сети се на мене, Господи“ рекол тој, „кога ќе дојдеш во Твоето царство”. {КВ 750.1}
Одговорот бргу дошол. Гласот бил мек и милозвучен, а зборовите полни со љубов, сожалување и сила: „Вистина ти велам денес, ќе бидеш со Мене во рајот”. {КВ 750.2}
Во текот на долгите часови на агонија, до Исусовите уши допирале зборови на навреда и потсмев. Додека висел на крстот, до Него сѐ уште допирале звуци на потсмев и пцости. Со копнеж во срцето очекувал некој израз на вера од Своите ученици, но Ги слушнал само тажните зборови: „А ние се надевавме дека Тој е Оној што треба да го ослободи Израел”. Колку благодарен бил Спасителот за изразот на вера и љубов од разбојникот кој умирал! Додека водачите на еврејскиот народ се откажувале од Него, па дури и учениците се сомневале во Неговата божествена природа, сиротиот разбојник, на работ на вечноста, го нарекува Исуса Господ. Многумина биле подготвени да Го наречат Господ додека правел чуда и подоцна, кога воскреснал од гробот, но никој не Го признавал додека умирал висејќи на крстот, освен покајаниот разбојник, кој бил спасен во единаесеттиот час. {КВ 750.3}
Посматрачите слушнале како разбојникот Го нарекол Исуса Господ. Нивното внимание го привлекол тонот со кој покајникот го кажал тоа. Оние, кои во подножјето на крстот се расправале околу Христовата облека и кои фрлале ждрепка за Неговата наметка, застанале да слушаат. Нивните гневни гласови замолкнале. Со воздржан здив Го набљудувале Христа и очекувале одговор од тие усни што умираат. {КВ 751.1}
Додека Христос ги изговарал зборовите на ветување, еден блескав и жив зрак се пробил низ облакот со кој бил обвиткан крстот. Разбојникот што се покајал стекнал совршен мир, бидејќи Бог го прифатил. Христос се прославил во Своето понижување. Тој бил Победник, иако во очите на сите останати изгледал како победен. Бил признат како Оној, Кој ги земал на Себе гревовите на светот. Луѓето можат да имаат власт над Неговото човечко тело. Можат да Ги ранат Неговите свети слепоочници со трнов венец. Можат да му ја соблечат облеката и да се препираат околу неа. Меѓутоа, не можат да му ја одземат моќта да простува гревови. Умирајќи, Тој сведочел за сопственото божество и за славата на Својот Татко. Неговото уво не отежнало за да не може да слушне, ниту Неговата рака се скусила за да не може да спаси. Негово царско право е целосно да ги спаси оние кои преку Него доаѓаат кај Бога. {КВ 751.2}
„Вистина ти велам денес, ќе бидеш со Мене во рајот”. Христос не му ветил на разбојникот дека токму тој ден ќе биде со Него во рајот. И самиот Тој не заминал истиот ден во рајот. Тој спиел во гробот, а она утро, кога воскреснал, изјавил: „Сѐ уште не се вознесов кај Мојот Татко”. (Јован 20:17) Меѓутоа, на денот на распнувањето, на денот на привидниот пораз и темнина, било дадено ветувањето. „Денес,“ додека умира на крст како злосторник, Христос уверува еден сирот грешник: „Ќе бидеш со Мене во рајот”. {КВ 751.3}
Разбојниците распнати со Исуса биле поставени „од едната и од другата страна, а Исус во средината”. Тоа е направено според упатството на свештениците и поглаварите, Христовата положба меѓу двајца злосторници требала да покаже дека Тој е најголем злосторник од сите тројца. Така се исполнило пророштвото: „Тој беше вброен меѓу злодејци”. (Исаија 53:12) Меѓутоа, свештениците не ја сфатиле целосно смислата на својата постапка. Како што Христос, распнат со разбојниците, бил „во средината,“ така Неговиот крст бил поставен сред светот што лежи во грев. А зборовите на простување, упатени на разбојникот што се каел, запалиле светлина, која ќе блесне до најдалечните краеви на Земјата. {КВ 751.4}
Ангелите со воодушевување ја набљудувале бескрајната љубов на Спасителот, Кој иако се наоѓал во најтешки телесни и душевни маки, мислел само на другите и ја поттикнувал душата што се кае да верува. Во Своето понижување, Тој како пророк им се обратил на ерусалимските ќерки, како свештеник и застапник се заземал кај Таткото да им прости на Неговите убијци, како Спасител полн со љубов ги простил гревовите на злосторникот кој се покајал. {КВ 752.1}
Додека со поглед минувал низ мноштвото кое го опкружувало, една прилика го привлекла Неговото внимание. Во подножјето на крстот стоела Неговата мајка, потпирајќи се на ученикот Јован. Таа не можела да издржи да остане далеку од Својот Син, и Јован, знаејќи дека крајот е близу, повторно ја довел до крстот. Во претсмртниот час, Христос се сетил на Својата мајка. Набљудувајќи го нејзиното од болка измачено лице, а потоа и Јован, Тој и рекол: „Жено, еве ти син!“ Потоа му се обратил на Јован: „Еве ти мајка!“ Јован ги сфатил Христовите зборови и ја прифатил таа доверба. Веднаш ја одвел Марија во својот дом и од тој момент нежно се грижел за неа. О, колку милостив и полн со љубов Спасител; среде сите телесни и душевни страдања, Тој се грижел за Својата мајка! Тој немал пари за да и обезбеди удобен живот, но престојувал во Јовановото срце и затоа му ја предал Својата мајка како драгоцено наследство. Така и го дал она што и е најпотребно нежна љубов на оној кој ја љубел, затоа што таа Го љубела Исуса. Прифаќајќи ја како света доверба, Јован примил голем благослов. Таа постојано го потсетувала на неговиот сакан Учител. {КВ 752.2}
Совршениот пример на Христовата љубов кон мајката блеска со светлина, која маглата низ вековите не можела да ја замрачи. Во текот на речиси триесет години Христос со Својата секојдневна работа придонел да и се олеснат товарите на домашниот живот. Дури и сега, во Своите последни претсмртни маки, Тој се сетил да се погрижи за својата ожалостена, мајка, вдовица. Секој ученик на нашиот Господ ќе манифестира таков дух. Христовите следбеници ќе сметаат дека почитувањето на родителите и грижата за нив е составен дел од нивната вера. Од срцето во кое се негува Христова љубов, таткото и мајката никогаш нема да престанат да примаат грижа и нежно сочувство. {КВ 752.3}
Сега Господ на славата умирал како откуп за човечкиот род. Победоносната радост не Го поддржувала Христа додека го принесувал на жртва Својот драгоцен живот. Го обвиткувала и притискала темнина. Не го оптоварувал стравот од смртта. Маките и срамниот крст не биле причина за Неговата неискажана агонија. Тој бил најголем маченик; но Неговата болка произлегувала од тоа што знаел колку гревот е страшен и колку човекот во допир со злото станал слеп за одвратноста на гревот. Христос видел колку гревот има цврсто упориште во човечкото срце, колку е мал бројот на оние кои се подготвени да ја скршат неговата моќ. Знаел дека без Божја помош, човештвото мора да пропадне и видел како илјадници и илјадници пропаѓаат на дофат на изобилната помош. {КВ 752.4}
Беззаконијата на сите нас се ставени на Христа, како на наша замена и наша гаранција. Тој бил сметан за престапник, за да не откупи од осудата на законот. Вината на сите Адамови потомци Го притискала Неговото срце. Божјиот гнев заради гревот, страшните знаци на Божјото негодување заради беззаконието ја исполнувале со ужас душата на Неговиот Син. Целиот Свој живот Христос му ја објавувал на грешниот свет добрата вест за Татковата милост и љубов која простува. Спасение за најголемиот грешник била тема на Неговите поучувања. Меѓутоа, сега, под ужасното бреме на вината што ја носел, не можел да го види благонаклоното Татково лице. Повлекувањето на божественото лице од Спасителот во овој час на најголеми маки, го пробило Неговото срце со болка која човекот никогаш целосно нема да ја сфати. Таа болка била толку голема, што Спасителот едвај ги чувствувал Своите телесни маки. {КВ 753.1}
Сатаната со своите жестоки искушенија навалувал на Исусовото срце. Спасителот не можел да го види она што е зад гробот. Надежта не Му зборувала дека ќе излезе од гробот како Победник, ниту за тоа дека Таткото ја примил жртвата. Тој се плашел од помислата дека гревот му е толку одвратен на Бога, па дека нивната разделба ќе биде вечна. Христос ја чувствувал онаа душевна мака, која ќе ја почувствува грешникот, кога милоста веќе нема да се залага за грешниот човечки род. Свеста за гревот кој го навлекол Божјиот гнев на Него како замена за човекот, било она што ја направила толку горчлива чашата која ја пиел и која го скршила срцето на Божјиот Син. {КВ 753.2}
Ангелите со вчудовидување ги набљудувале страшните маки на Спасителот. Небесните војски ги засолниле своите лица од таа ужасна сцена. Неживата природа сочувствувала со својот навреден Творец, Кој умирал. Сонцето не сакало да ја осветли таа ужасна сцена. Неговите силни, блескави зраци, кои ја осветлувале земјата на пладне, одеднаш како да исчезнале. Крстот го обвиткала целосна темнина, како мртовечки покрив. „Настана темнина на сета земја до деветтиот час”. Причина за оваа темнина, која била густа како полноќна темнина без месечина и ѕвезди, не било помрачувањето на Сонцето, ниту некоја друга природна појава. Тоа било чудесно сведоштво кое го дал Бог за да се утврди верата на подоцнежните поколенија. {КВ 753.3}
Во таа густа темнина било скриено Божјото присуство. Темнината била Негово засолниште во кое Тој ја криел Својата слава од очите на луѓето. Бог и Неговите свети ангели биле покрај крстот. Таткото бил со Својот Син. Сепак, Неговото присуство не било откриено. Кога Неговата слава би блеснала од облакот, би биле уништени сите посматрачи. Така, во тој ужасен момент на Христа не можела да Му биде пружена утехата од Татковото присуство. Сам морал да гази во кацата и никој од луѓето не бил со Него. {КВ 753.4}
Бог со густа темнина ја обвиткал последната човечка агонија на Својот Син. Сите оние, кои го виделе Христовото страдање, биле уверени во Неговото божество. Тоа лице, кога еднаш ќе Го здогледаат човечките очи, никогаш не може да биде заборавено. Како што лицето на Каин ја изразувало неговата вина за убиство, така Христовото лице изразувало невиност, спокојство и добрина Божјиот лик. Меѓутоа, Неговите тужители не обрнувале внимание на тој небесен печат. Мноштво подбивачи со часови ја набљудувале Христовата агонија. Сега Божјата наметка милостиво Го сокрила од нивните погледи. {КВ 754.1}
Над Голгота се спуштила гробна тишина. Неискажан ужас го зафатило мноштвото кое се собрало околу крстот. Клетвите и навредите одеднаш замреле на нивните усни. Мажи, жени и деца паднале ничкум на земјата. Од облакот повремено би блеснале остри молњи, осветлувајќи го крстот и распнатиот Спасител. Свештениците, поглаварите, книжевниците, џелатите и џганот сите мислеле дека часот за одмазда кон нив настапил. По извесно време некои почнале да шепотат дека Исус сега ќе се симне од крстот. Други се обиделе во темнина да го најдат патот за назад до градот, удирајќи се во градите и пискајќи од страв. {КВ 754.2}
Во девет часот темнината се повлекла од народот, но сѐ уште го обвиткувала Спасителот. Тоа бил симбол на агонијата и ужасот кои Го притискале Неговото лице. Ниту еден поглед не можел да се пробие низ темнината која го обвиткувала крстот и ниту едно око не можело да продре во уште подлабоката темнина, која ја обвиткувала Христовата душа, која страдала. Изгледало како острите молњи да биле насочени кон Него, додека висел на крстот. Тогаш „Исус извикал со силен глас, велејќи: Елои, Елои, лама савахтани?“ „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави?“ Кога најдлабокиот мрак Го обвиткал Спасителот, многу гласови повикале: Небото му се одмаздува. Врз Него се урнаа громови на Божјиот гнев затоа што тврдеше дека е Божји Син. Многумина кои верувале во него, го слушнале Неговиот очаен извик и надежта ги напуштила. Ако Бог го напуштил Исуса, во што тогаш може да имаат доверба Неговите следбеници? {КВ 754.3}
Кога темнината се подигнала од потиштениот Христов дух, Тој станал свесен за Своите телесни страдања и рекол: „Жеден сум”. Еден римски војник трогнат од сочувство кога ги видел Неговите суви усни, земал сунѓер, го закачил на трска, го намокрил во сад со оцет и Му го понудил на Исуса. Но свештениците се потсмевале на Неговата агонија. Кога темнина ја покрила земјата, ги обзел страв; сега кога мракот попуштил, повторно се исплашиле дека Исус можеби ќе им побегне. Неговите зборови „Елои, Елои, лама савахтани?“, тие погрешно ги протолкувале. Со огорченост, презир и потсмев тие рекле: „Овој го вика Илија”. Ја отфрлиле и последната можност која им се нудела за да Му ги олеснат страдањата. Тие зборувале: „Застанете, да видиме дали Илија ќе дојде да Му помогне”. {КВ 754.4}
Безгрешниот Божји Син висел на крстот; Неговото тело било расечено од камшикувањето; Неговите раце кои толку често биле испружени за да благословуваат, биле приковани за дрвениот крст; Неговите нозе, толку неуморни додека ја извршувал Својата служба на љубов, биле исто така приковани; таа царска глава била ранета од круната од трња; од тие треперливи усни допирала болна воздишка. Сето ова што Тој го поднел крвта која се слевала од Неговата глава, Неговите раце и нозе, страдањата кои го кршеле Неговото тело, неискажаниот душевен страв кој ја исполнил Неговата душа, кога лицето на Неговиот Татко се скрило од Него сето тоа му зборува на секое дете на човештвото, објавувајќи: „Заради тебе Божјиот Син се согласил да го понесе товарот на вината, поради тебе го разрушил царството на смртта и ја отворил вратата на рајот. Оној, Кој ги стивнал бесните бранови и одел по пенливите бранови, од кого ѓаволите трепереле, а болестите бегале, Кој на слепите им ги отворал очите и ги враќал мртвите во живот се принел Себеси како жртва на крстот и тоа од љубов кон тебе. Тој, Носителот на Гревот, го поднел гневот на божествената правда и поради тебе самиот станал грев”. {КВ 755.1}
Присутните немо го набљудувале крајот на таа ужасна сцена. Сонцето блескало, но крстот сѐ уште бил обвиткан во темнина. Свештениците и поглаварите се свртеле кон Ерусалим и виделе како густ облак се надвил над градот и низините на Јудеја. Сонцето на Праведноста, Светлината на светот ги повлекла Своите зраци од некогаш избраниот град Ерусалим. Жестоките молњи на Божјиот гнев биле насочени против осудениот град. {КВ 756.1}
Одненадеж темнината се подигнала од крстот и со јасен, трубен глас Исус извикал: „Се сврши”. „Татко, во Твои раце Го предавам Својот Дух”. Светлина го обвиткала крстот, а лицето на Спасителот блеснало со слава како сонце. Потоа ја спуштил главата на градите и умрел. {КВ 756.2}
Среде страшната темнина, привидно напуштен од Бога, Христос ги испил последните капки од чашата на човечката болка. Во тие ужасни часови Тој се потпирал на доказите кои Таткото дотогаш му ги дал за тоа дека Го прифаќа. Тој го познавал карактерот на Својот Татко. Ја разбирал Неговата правда, милост и Неговата голема љубов. Со вера се потпирал на Бога, Кого секогаш со радост го слушал. Кога покорно се предал на Бога, исчезнало она чувство дека ја изгубил наклонетоста на Таткото. Со вера, Христос бил победник. {КВ 756.3}
Никогаш порано Земјата не била сведок на таква сцена. Мноштвото стоело како стаписано и без здив Го набљудувало Спасителот. Темнина повторно се спуштила на земјата и се слушнал засипнат татнеж како силна грмотевица. Настапил жесток земјотрес. Луѓето од потресот паѓале еден преку друг. Настанала страшна збрка и запрепастување. Распарчените камења од околните планини со тресок се уривале во долините. Гробниците се отворале и мртвите биле исфрлани од своите гробови. Изгледало дека сѐ што е создадено ќе се распадне во атоми. Свештениците, поглаварите, војниците, џелатите и народот неми од ужас лежеле ничкум на земјата. {КВ 756.4}
Кога Христос гласно извикал: „Се сврши,“ свештениците имале служба во храмот. Тоа бил момент на вечерна жртва. Јагнето кое го претставувало Христа требало да биде заклано. Облечен во својата симболична и прекрасна облека, свештеникот стоел со подигнат нож, како што направил Авраам, кога се подготвил да го заколе својот син. Народот набљудувал со најголемо внимание. Меѓутоа, земјата се тресела и треперела, бидејќи Сам Господ се приближувал. Со звук на целење, една невидлива рака ја раскинала внатрешната завеса на храмот од горе до долу, изложувајќи го пред очите на мноштвото местото кое некогаш било исполнето со Божјо присуство. На тоа место пребивала Божјата видлива слава. Тука Бог ја манифестирал Својата слава над поклопецот на милоста. Само првосвештеникот и никој друг смеел да ја подигне завесата што ја одвојувала таа просторија од останатиот дел на храмот. Тука тој влегувал еднаш годишно за да изврши очистување за гревовите на народот. Сега таа завеса била раскината на два дела. Најсветото место во земното светилиште веќе не било свето. {КВ 756.5}
Завладеал ужас и збрка. Свештеникот се подготвувал да ја заколе жртвата, но ножот паднал од неговата изнемоштена рака, а Јагнето побегнало. Симболот нашол свое остварување во смртта на Божјиот Син. Била принесена големата жртва. Отворен е патот во светињата над светињите. За сите е подготвен нов и жив пат. Грешното и тажно човештво веќе не мора да чека на доаѓањето на првосвештеникот. Отсега Спасителот ќе служи како свештеник и застапник во Небото над небесата. Се чинело како некој жив глас да им прозборел на верниците: „Сега им дојде крај на сите жртви за грев. Божјиот Син дојде според Својата Реч: ‘Еве, Доаѓам за Мене е напишано во Книгата да ја вршам Твојата волја, О Боже’”. „Со Својата крв“ Тој влегол „еднаш во светињата, и ни прибави вечен откуп”. (Евреите 10:7; 9:12) {КВ 757.1}