12. ИСКУШЕНИЕ ВО ПУСТИНАТА
Оваа поглавје е засновано на Матеј 4:1-11; Марко 1:12, 13; Лука 4:1-13.
„Исус пак, полн со Свети Дух, се врати од Јордан и Духот го поведе во пустината”. Марко употребува уште позначаен израз. Тој вели: „Веднаш потоа Духот го изведе во пустината. И остана во пустината четириесет дена и сатаната го искушуваше. Таму беше со диви животни”. „И во тие денови Тој не јадеше ништо”. {КВ 114.1}
Кога Исус бил поведен во пустината за да биде искушан, Него го водел Божјиот Дух. Тој не го повикал искушението. Тој отишол во пустината за да биде сам, за да размислува за Својата мисија и дело. Со пост и молитва морал да се подготви за крвавата патека по која морал да помине. Меѓутоа, сатаната знаел дека Спасителот отишол во пустината и сметал дека тоа е најповолен момент за да му пристапи. {КВ 114.2}
Во борбата помеѓу Кнезот на светлината и поглаварот на царството на темнината се работело за прашања од огромно значење за светот. Бидејќи со искушение го навел човекот на грев, сатаната тврдел дека Земјата му припаѓа нему и затоа се нарекол себеси кнез на овој свет. Бидејќи прататкото и прамајката на целиот човечки род ги прилагодил кон својата природа, сатаната имал намера тука да основа свое царство. Тој изјавил дека луѓето го избрале за свој владетел. Со својата власт над луѓето, тој господарел со светот. Христос дошол да го негира ова тврдење на сатаната. Како Син Човечки, Христос ќе остане верен на Бога. На тој начин ќе се покаже дека сатаната не стекнал целосна власт над човечкиот род и дека неговото тврдење за власта над светот е лажно. Сите што сакаат да се ослободат од неговата власт ќе бидат ослободени. Ќе се поврати власта која била изгубена поради Адамовиот грев. {КВ 114.3}
Откако во Едемската градина и било кажано на змијата: „Ставам непријателство меѓу тебе и жената, меѓу семето твое и семето нејзино“ (Создавање 3:15), сатаната знаел дека нема апсолутна власт над светот. Кај луѓето постоела некоја сила, која се спротивставува на неговата власт. Со најголем интерес ги набљудувал жртвите кои ги принеле Адам и неговите синови. Во тие обреди тој јасно го видел симболот на заедништво помеѓу Небото и Земјата. Одлучил да ја спречи таа заедница. Погрешно го прикажувал Бога и погрешно ги прикажувал обредите што укажувале на Спасителот. Луѓето биле наведени да стравуваат од Бога, како од Оној, Кој ужива во нивното уништување. Жртвите, кои требале да ја откријат Неговата љубов, биле принесувани само за да стивне Неговиот гнев. Сатаната поттикнувал лоши страсти кај луѓето, за да ја зацврсти својата власт над нив. Кога била дадена Божјата пишана Реч, сатаната ги проучувал пророштвата за доаѓањето на Спасителот. Од генерација на генерација сатаната работел со цел да ги заслепи луѓето за ова пророштво за тие да го отфрлат Христа при Неговото доаѓање. {КВ 115.1}
При Исусовото раѓање сатаната знаел дека дошол Еден со божествен налог да ја оспори неговата власт. Затоа треперел, кога ја слушнал веста на ангелот, со кој била потврдена власта на новородениот Цар. Сатаната добро знаел каква положба имал Христос на Небото, како Возљубен од Таткото. Тоа што Божјиот Син требало да дојде на Земјата како човек, го исполнувала со вчудовидување и со страв. Тој не бил во состојба да проникне и да ја сфати тајната на таа голема жртва. Неговата себична душа не можела да ја разбере таквата љубов кон измамената раса. Луѓето нејасно ги сфатиле славата и мирот на Небото и радоста од заедницата со Бога, но Луцифер, херувим и засолнувач, тоа добро го знаел. Откако го загубил небото, тој одлучил да се одмаздува, наведувајќи ги другите да учествуваат во неговиот пад. Тоа ќе го постигне ако ги наведува да ги потценуваат небесните добра и ако своите срца ги насочат кон она што е земно. {КВ 115.2}
Небесниот заповедник морал да наидува на пречки додека ги придобивал душите за Своето царство. Од времето кога бил новороденче во Витлеем, Тој постојано бил изложен на напади од страна на сатаната. Божјиот лик се одразувал во Христа, а во советите на сатаната било одлучено дека Исус мора да се победи. Ниту едно човечко суштество не дошло на светот без да ја избегне силата на измамникот. Сите сили на злото сега се здружиле во борба против Него, и ако е можно да го победат. {КВ 116.1}
При крштевањето на Спасителот сатаната бил меѓу сведоците. Видел како славата на Таткото го засенува Неговиот Син. Го слушнал Божјиот глас со Кој било посведочено Христовото божество. Од Адамовиот грев, човечкиот род бил отсечен од непосредната заедница со Бога; врската помеѓу Небото и Земјата се одржувала преку Христа. Меѓутоа, сега, кога Исус дошол „во обличје слично на грешното тело“ (Римјаните 8:3), Таткото лично проговорил. Претходно, Тој општел со луѓето преку Христа; сега Тој општи со човечкиот род во Христа. Сатаната се надевал дека Божјата омраза кон злото ќе доведе до вечно одвојување помеѓу Небото и Земјата. Меѓутоа, сега очигледно се покажало дека врската помеѓу Бога и човекот е обновена. {КВ 116.2}
Сатаната увидел дека или мора да победи или ќе биде победен. Прашањата околу кои се водела борба, биле премногу значајни за да може да се надева во своите ангели сојузници. Тој лично мора да раководи со битката. Сите отпаднички сили се здружиле против Божјиот Син. Христос станал мета на секое пеколно оружје. {КВ 116.3}
Многумина сметаат дека таа борба меѓу Христа и сатаната нема некое особено значење за нивниот сопствен живот и затоа таа малку ги интересира. Меѓутоа, оваа борба се повторува во секое човечко срце. Ниту еден човек не го напушта царството на злото за да му служи на Бога, а да не се изложи на напади од сатаната. Наведувањата на грев на кои Христос се спротивставил, се оние на кои ние тешко се спротивставуваме. Тој бил изложен на искушенија во уште поголем степен, бидејќи Неговиот карактер е посупериорен од нашиот. Носејќи го на себе огромниот товар на гревот на овој свет, Христос му се спротивставил на искушението во поглед на апетитот, љубовта кон светот како и во поглед на љубовта кон надворешното покажување, која води кон дрскост. Тие биле искушенијата кои ги совладале Адам и Ева и кои толку лесно не совладуваат и нас. {КВ 116.4}
Сатаната укажал на Адамовиот грев, како на доказ дека Божјиот закон е неправеден и дека никој не може да му се покорува. Во нашата човечка природа, Христос требало да го откупи Адамовиот пад. Меѓутоа, кога Адам бил изложен на нападот на искушувачот, тој тогаш сѐ уште не бил потчинет на силата на гревот. Располагал со силата на совршена мажевност и со сите сили на умот и телото. Бил опкружен со славата на Едем и секојдневно општел со небесните суштества. Тоа не било случај, кога Исус отишол во пустината за да се соочи со сатаната. Во текот на четири илјади години, телесните, умствените, духовните и моралните вредности на човечкиот род постојано биле намалувани, а Христос ги зел на Себе слабостите на изопачениот човечки род. Само на тој начин можел да го спаси човекот од најголемите длабочини на неговата деградација. {КВ 117.1}
Многумина тврдат дека било невозможно искушението да го совлада Христа. Во тој случај Тој не би можел да биде ставен во Адамова положба, не би можел да ја извојува победата што не ја извојувал Адам. Ако во која било смисла ние имаме потешка борба од Христа, тогаш Тој не би бил во состојба да ни помогне. Меѓутоа, нашиот Спасител ја зел човечката природа со сите нејзини слабости. Тој ја зел човечката природа заедно со можноста да му попушти на искушението. Ние ништо не треба да поднесеме што Тој не поднел. {КВ 117.2}
Кај Христа, како и кај светиот пар во Едем, апетитот претставувал почва за првото големо искушение. Таму каде што бил првиот пад таму мора да започне делото на нашето спасение. Како што Адам, попуштајќи му на апетитот, паднал во грев, така Христос мора да победи, откажувајќи се од таа желба. „И откако Тој постеше четириесет дена и четириесет ноќи, најпосле огладне. Тогаш му пристапи искушувачот и рече: ‘Ако си Божји Син, нареди овие камења да станат лебови’. Исус одговори: Пишано е: ‘Човекот не живее само од лебот, туку од секој збор што излегува од Божјата уста’”. {КВ 117.3}
Од времето на Адам, па сѐ до Христа, попуштањето на сопствените склоности ја зголемувало моќта на апетитот и страстите, така што тие речиси неограничено завладеале. Затоа луѓето паднале ниско, се изложиле на многу болести и било невозможно да се совладаат тие страсти сами од себе. Заради човекот, Христос победил и им одолеал на најтешките искушенија. Неговото самосовладување заради нас било посилно од глад или смрт. Таа прва победа опфаќала и други прашања, кои се вклучени во секоја наша борба со силите на темнината. {КВ 117.4}
Кога дошол во пустината, Исус бил опкружен со Татковата слава. Обземен од заедницата со Бога, Тој се издигнал над човечките слабости. Меѓутоа, славата го напуштила и Христос бил оставен да се бори против искушенијата. Тие навалувале на Него секој момент. Неговата човечка природа треперела пред борбата која му претстоела. Четириесет дена постел и се молел. Слаб и исцрпен од гладот, изморен и измачен од душевни маки, „лицето му беше обезличено повеќе отколку на кој било човек и Неговиот облик повеќе, отколку на синовите човечки”. (Исаија 52:14) Сега настапил мигот на сатаната. Мислел дека дошол моментот кога ќе може да извојува победа и над Христа. {КВ 118.1}
Тогаш на Спасителот, како на одговор на Неговите молитви, му пристапил некој во облик на небесен ангел. Тој тврдел дека по налог добиен од Бога објавува дека Христовиот пост е завршен. Како што Бог му испратил ангел на Авраам и му ја задржал раката да не го жртвува Исак, така Таткото, задоволен од Христовата подготвеност да тргне по крвавата патека, испратил ангел да го избави; тоа била веста што му била донесена на Исуса. Спасителот бил исцрпен од гладот, Тој копнеел по храна, кога сатаната му пристапил. Покажувајќи на камењата кои биле расфрлани низ пустината и прилегале на лебови, искушувачот рекол: „Ако си Божји Син, нареди овие камења да станат лебови”. {КВ 118.2}
Иако се појавил како ангел на светлината, овие први зборови го издале неговиот карактер. „Ако си Божји Син”. Овде лежи навестување на сомнеж. Искушувачот имал намера да го совлада Христа со исти средства, кои со толкав успех го употребувал на човечкиот род во почетокот. Колку вешто сатаната и се приближил на Ева во Едем! „Вистина ли е дека Бог рекол: ‘Не смеете да јадете од секое дрво во градината’?“ (Создавање 3:1) Досега зборовите на искушувачот биле вистинити, меѓутоа, во начинот на кој биле изговорени се наоѓало прикриено омаловажување на Божјите зборови. Имало прикриено негирање, сомневање во божествената вистинитост. Сатаната се обидувал во умот на Ева да ја влее мислата дека Бог нема да постапи така како што рекол, дека задржувањето на тој прекрасен плод е во спротивност со Неговата љубов и сочувство кон човекот. Така и сега искушувачот се трудел да му ги наметне своите сфаќања на Христа. „Ако си Божји Син”. Тие зборови гореле со огорченост во неговиот ум. Тонот на неговиот глас оддавал крајна недоверба. Дали Бог така би постапил кон својот Син, оставајќи го во пустината со диви ѕверови, без храна, без друштво, без утеха? Искушувачот навестува дека Бог немал намера Неговиот Син да се најде во таква состојба. „Ако си Божји Син покажи ја Својата моќ, ослободувајќи се од гладот што те мачи. Заповедај им на овие камења да се претворат во лебови”. {КВ 118.3}
Во ушите на сатаната сѐ уште одѕонувале зборовите од Небото: „Ова е Мојот, Возљубен Син, Кој е по Мојата волја“ (Матеј 3:17), меѓутоа, тој бил одлучен да го наведе Христа да се посомнева во тоа сведоштво. Божјата Реч за Христа била уверување за Неговата божествена мисија. Тој дошол да живее како човек меѓу луѓето и овој Глас ја потврдил Неговата врска со Небото. Сатаната сакал во Него да предизвика сомневање во овој Глас. Кога Христовата доверба во Бога би се разнишала, сатаната знаел дека победата во целокупната борба ќе биде негова. Би можел да го победи Христа. Се надевал дека под притисок на очајот и големиот глад, Христос ќе ја изгуби верата во Својот Татко и ќе изврши чудо во Своја корист. Кога би го направил тоа, планот на спасението би бил осуетен. {КВ 119.1}
Кога сатаната и Божјиот Син прв пат се судриле, Христос бил заповедник на небесните војски и сатаната, водачот на бунтот на Небото, бил исфрлен. Сега изгледало како нивните улоги да се променети, па сатаната настојувал што подобро да ја искористи својата привидна предност. Еден од најмоќните ангели – кажува тој – бил истеран од небото. Исусовата појава покажува дека тој е тој паднат ангел, заборавен од Бога, напуштен од луѓето. Едно божествено суштество би било во состојба со некое чудо да го поткрепи своето тврдење: „Ако си Божји Син, нареди им на овие камења да станат лебови”. Таквиот чин на творечка моќ му зборувал искушувачот би бил убедлив доказ за божествената природа. Со тоа би била завршена борбата. {КВ 119.2}
Исус не можел без внатрешна борба, со молчење да го слуша архи-измамникот. Меѓутоа, Божјиот Син не требало на сатаната да му ја докажува Својата божествена природа, ниту да ги објаснува причините за Своето понижување. Со попуштање на барањата на бунтовникот нема да се постигне ништо за добро на човекот, ниту за слава на Бога. Кога Христос би го прифатил предлогот на непријателот, сатаната Сепак би можел да каже: „Покажи ми некој знак, па да поверувам дека си Божји Син”. Доказот не би бил доволен за да ја уништи силата на бунтот во неговото срце. Христос не требало да ја употреби Својата божествена сила во своја корист. Тој дошол да ги поднесе неволјите, како што и ние мораме да ги поднесуваме и да ни остави пример на вера и покорност. Ниту овде, ниту во кој било друг подоцнежен момент од Својот земен живот Тој не правел чуда заради Себеси. Сите негови чудесни дела имале за цел да бидат за добро на другите. Иако Исус од самиот почеток го препознал сатаната, не сакал да се впушти во расправа со него. Зајакнат од сеќавањето на Гласот од Небото, Тој почивал во љубовта на Својот Татко. Не сакал да преговара со искушувачот. {КВ 119.3}
Исус се спротивставил на сатаната со зборови од Светото Писмо. „Пишано е,“ рекол Тој. Во секое искушение, оружјето на Неговата борба била Божјата Реч. Сатаната барал од Христа чудо, како знак за Неговото божество. Но она што е поголемо од секое чудо, цврстото надевање во „Така вели Господ,“ било знак, кој не можел да се оспори. Сѐ додека Христос се држел до ова, искушувачот не можел да се здобие со предност. {КВ 120.1}
Христос бил изложен на најжестоки искушенија во моментот кога бил најслаб. Сатаната мислел дека така ќе победи. На тој начин ги победувал луѓето. Луѓето кои долго и храбро се бореле за правда, на крај биле победени, кога силата ги издала и волјата ослабнала и кога нивната вера престанала да се надева во Бога. Мојсеј бил уморен од четириесет годишното талкање на Израел низ пустината, кога за момент го напуштила верата во безграничната сила. Се изморил токму на границата на Ветената Земја. Така било и со Илија, кој бестрашно стоел пред царот Ахав, спротивставувајќи се на целиот израелски народ, на чие чело се наоѓале осумстотини и педесет Валови пророци. По оној страшен ден на Кармил, кога биле убиени лажните пророци и кога народот ја изјавил својата верност кон Бога, Илија, за да го спаси својот живот, побегнал од заканите на Езавела. Така сатаната ги искористувал слабостите на луѓето. Тој и понатаму ќе постапува на тој начин. Секогаш, кога човекот е опкружен со облаци, збунет поради околностите или унесреќен од сиромаштија или немир, сатаната е покрај него да го искушува и да го мачи. Тој ги напаѓа слабите точки на нашиот карактер. Тој се труди да го скрши нашето потпирање на Бога, Кој дозволува да постојат такви прилики. Ние сме искушувани за да немаме доверба во Бога, да се сомневаме во Неговата љубов. Искушувачот често ни приоѓа и нам како што му пристапил на Христа, укажувајќи ни на нашите слабости и пропусти. Тој се труди да ја обесхрабри душата и да ја скрши нашата врска со Бога. Тогаш тој е сигурен во неговиот плен. Ако се спротивставиме на сатаната онака како што го направил тоа Исус, би избегнале многу порази. Ако преговараме со непријателот, ние му даваме предност. {КВ 120.2}
Кога Христос му рекол на искушувачот: „Не живее човекот само од леб, туку од секој збор што излегува од Божјата уста,“ Тој ги повторил зборовите кои пред 1400 години му ги упатил на Израел: „Господ твојот Бог те водеше низ пустината во текот на овие четириесет години… Те понизуваше и со глад те мореше, но пак те хранеше со мана за која не знаеше ни ти ни твоите татковци, да ти покаже дека човекот не живее само од леб, туку од секој збор што излегува од Божјата уста”. (Второзаконие 8:2,3) Во пустината, кога се потрошиле сите резервни продукти, Бог му испраќал мана на Својот народ и тоа во доволно количество и постојано. Тоа е направено за да ги поучи дека Бог нема да ги напушти доколку имаат доверба во Него и доколку одат по Неговите патишта. Спасителот сега практично ја применил поуката што им ја давал на Израелците. Божјата Реч била поддршка упатена на израелскиот народ и со истата Реч била пружена поддршка и на Исуса. Тој го чекал Божјото време кое ќе му донесе олеснување. Тој бил во пустината, покорувајќи му се на Бога и не сакал да дојде до храна, слушајќи ги сугестиите на сатаната. Пред цела вселена Исус посведочил дека е помала несреќа ако човекот страда од што и да е, отколку на каков било начин да отстапи од Божјата волја. {КВ 121.1}
„Не живее човекот само од леб, туку од секој збор што излегува од Божјата уста”. Христовиот следбеник често Доаѓа во положба, каде што не може да му служи на Бога и истовремено да ги остварува своите земни цели. Можеби ќе изгледа дека покорувањето на некои од јасните Божји заповеди му оневозможува на човекот да дојде до средства за живот. Сатаната го наведува на размислување дека мора да ги жртвува своите убедувања на совеста. Меѓутоа, единствено средство на светот во кое можеме да се надеваме е Божјата Реч. „Најнапред барајте го Божјото царство и Неговата праведност, и сето ова ќе ви се додаде”. (Матеј 6:33) Дури ни за овој живот не е добро ако отстапуваме од волјата на нашиот Небесен Татко. Кога ја знаеме силата на Неговата Реч, тогаш нема да ги прифаќаме предлозите на сатаната за да добиеме храна или да ги спасиме нашите животи. Ние единствено ќе се прашуваме: Што заповеда Бог? Што ветил Тој? Ако правилно одговориме на овие прашања, ние ќе ги послушаме Неговите заповеди и ќе веруваме во Неговите ветувања. {КВ 121.2}
Во последниот голем судир на борбата со сатаната, оние кои се верни на Бога ќе бидат лишени од секаква земна помош. Бидејќи ќе одбијат да го прекршат Божјиот закон покорувајќи се на земните сили, ним ќе им биде забрането да купуваат и продаваат. На крај, со општ декрет ќе бидат осудени на смрт. (Види Откровение 13:11-17) Но, на послушните им е ветено: „Тој ќе живее во висините; засолниште ќе му бидат непристапните карпи. Ќе му се даде леб и неговата вода нема да пресуши”. (Исаија 33:16) Божјите деца ќе живеат од ова ветување. Тие ќе бидат нахранети, кога Земјата ќе биде опустена од глад. „Нема да се посрамат за време на неволјата и ќе бидат сити во деновите на глад”. (Псалм 37:19) Ова време на неволја го претскажал пророкот Авакум и неговите зборови ја изразуваат верата на црквата: „И покрај тоа што смоквата нема да цути, ниту на лозата ќе има плод; маслинката нема да роди род и полињата нема да дадат храна; овците ќе исчезнат од трлата, во шталите нема да има ниту говеда; Сепак јас ќе се радувам во Господа и ќе се веселам во Бога на моето спасение”. (Авакум 3:17,18) {КВ 121.3}
Од сите поуки кои можат да се научат од првото големо искушение на нашиот Господ, ниту една не е позначајна од поуката што се однесува на владеењето над желбите и страстите. Во сите векови, искушенијата на кои е изложена човечката физичка природа најмногу придонесувале за деградација на човечкиот род. Сатаната се труди со помош на неумереноста да ги уништи моралните и духовните сили, кои Бог му ги подарил на човекот како непроценлив дар. Така човекот ја губи способноста да го цени она што има вечна вредност. Преку сетилни уживања, сатаната се труди да ја избрише од душата секоја трага на сличност со Бога. {КВ 122.1}
Неконтролираното угодување и следствено на тоа болестите и деградацијата, кои постоеле при првото Христово доаѓање, повторно ќе постојат со уште поизразено зло пред Неговото второ доаѓање. Христос вели дека светот ќе се наоѓа во иста состојба, како и во деновите пред потопот и како во деновите на Содом и Гомор. Сите мисли на срцето ќе бидат само зли. Сега ние живееме на прагот на тоа страшно време, затоа треба да извлечеме добра поука од Христовиот пост. Злото што потекнува од неконтролираното попуштање на желбите, можеме да го оцениме само според неискажаните маки што ги преживеал Христос. Неговиот пример не учи дека ние можеме да се надеваме во вечен живот само тогаш, кога нашите желби и страсти и ги потчинуваме на Божјата волја. {КВ 122.2}
Невозможно е со сопствени сили да се спротивставиме на барањата на својата падната природа. Преку тој канал, сатаната ќе се обидува да не доведе до искушение. Христос знаел дека непријателот ќе се приближи на секое човечко суштество за да ја искористи наследената слабост и со лажни сугестии да ги улови оние чија доверба не се темели на Бога. Поминувајќи по патот низ кој морал да помине човекот, Спасителот го подготвил патот за ние да можеме да победиме. Негова волја не е да се најдеме во неповолна положба во судирот со сатаната. Тој сака да не ја изгубиме храброста пред нападите на змијата. „Не плашете се,“ вели Тој, „зашто Јас го надвладеав светот”. (Јован 16:33) {КВ 122.3}
Секој, кој се бори да ја совлада моќта на апетитот, нека гледа на Спасителот во пустината. Да го погледнеме во Неговата агонија на крстот како извикува: „Жеден сум!“ Тој издржал сѐ што можеме и ние да поднесеме. Неговата победа е и наша победа. {КВ 123.1}
Исус се надевал во мудроста и силата на Својот небесен Татко. Тој вели: „Господ ми помага и затоа не се посрамив… и знам дека нема да се посрамам… Ете, Господ, Господ ќе ми помогне”. Укажувајќи на Својот сопствен пример, Тој ни вели: „Кој од вас се бои од Господа… Кој оди во мрак, без светлина? Нека се надева во името Господово и нека се потпре врз својот Бог”. (Исаија 50:7-10) {КВ 123.2}
„Се приближува кнезот на овој свет,“ вели Исус, „И во Мене тој нема ништо”. (Јован 14:30) Во Него немало ништо што би одговорило на вештото лукавство на сатаната. Тој не се согласувал на грев. Не им попуштал на искушенијата, дури ни во своите мисли. Така може да биде и со нас. Христовата човечка природа била соединета со божествената; Тој бил подготвен за борба со помош на Светиот Дух, Кој живеел во Него. Тој дошол да не направи учесници во божествената природа. Додека сме соединети со Него преку вера, гревот нема власт над нас. Бог посегнува кон раката на верата во нас за да ја насочи да се фати за Христовото божество, за да постигнеме совршенство на карактерот. {КВ 123.3} Христос ни покажал како се постигнува тоа. Со што победил Тој во судирот со сатаната? Со Божјата Реч. Само преку Речта можел да се спротивстави на искушението. „Пишано е,“ рекол Тој. И нам ни се дарувани „преголеми и драгоцени ветувања, за преку нив да станеме учесници во божествената природа, ако ја избегнете расипаноста што постои во светот преку похота”. (2. Петрово 1:4) Секое ветување во Божјата Реч ни припаѓа нам. Треба да живееме „од секој збор што излегува од Божјата уста”. Кога ќе надојдат искушенија, не треба да гледаме на околностите или на личната слабост туку на силата на Речта. Целокупната нејзина сила ни припаѓа и нам. „Твојата Реч,“ вели псалмистот, „ја скрив во своето срце за да не грешам против Тебе”. (Псалм 119:11) „Преку Речта од Твоите усни, јас се запазив од патиштата на насилникот”. (Псалм 17:4) {КВ 123.4}