24. „НЕЛИ Е ОВОЈ СИН НА ДРВОДЕЛЕЦОТ?”
Оваа поглавје е засновано на Лука 4:16-30.
Над светлите денови на Христовата служба во Галилеја се надвива една сенка. Луѓето од Назарет го отфрлиле. „Нели е Овој син на дрводелецот?“ (Матеј 13:55) рекле тие. {КВ 236.1}
За време на Своето детство и Својата младост Исус го обожувал Бога заедно со Своите браќа во синагогата во Назарет. Откако ја започнал Својата јавна работа, Тој не бил со нив, но тие знаеле што се случува со Него. Кога Исус повторно се појавил меѓу нив, нивниот интерес и нивните очекувања достигнале кулминација. Тука бил опкружен од пицата на оние што ги познавал од детството. Тука биле Неговата мајка, Неговите браќа и сестри и сите погледи биле насочени кон Него, кога во сабота влегол во синагогата и го зазел Своето место помеѓу останатите обожувачи на Бога. {КВ 236.2}
Во редовната дневна служба, старешината читал од пророците и го повикал народот сѐ уште да се надева на доаѓањето на Оној, Кој со Себе ќе донесе славно царство и ќе го протера секое угнетување. Тој настојувал да ги охрабри своите слушатели, повторувајќи ги доказите за тоа дека доаѓањето на Месијата е близу. Опишувал колку величествено ќе биде Неговото доаѓање, истакнувајќи дека ќе се појави на чело на војската за да го избави Израел. {КВ 236.3}
Кога рабинот се наоѓал во синагогата, од него се очекувало да одржи проповед, а секој Израелец можел јавно да прочита дел од пророштвата. Таа сабота било побарано од Исуса да учествува во службата. Тој „станал да чита. И му ја дадоа книгата на пророкот Исаија”. (Лука 4:16,17) Стиховите што ги прочитал биле оние, кои луѓето ги разбрале дека се однесуваат на Месијата: {КВ 236.4}
„Господовиот Дух почива врз Мене,
зашто Тој Ме помаза да го проповедам евангелието на сиромасите;
Тој ме испрати да ги исцелам скрушените по срце,
да им проповедам ослободување на заробените,
и враќање на видот на слепите,
да ги ослободам угнетените,
да ја објавам благопријатната Господова година”. {КВ 237.1}
„Потоа го завитка свитокот, му ја врати на служителот… и очите на сите во синагогата беа насочени кон Него… И сите Му посведочија и им се восхитуваа на благодатните зборови што излегоа од Неговата уста”. (Лука 4:18-22) {КВ 237.2}
Исус стоел пред народот како жив толкувач на пророштвата што се однесувале на Него. Објаснувајќи ги зборовите што ги прочитал, Тој зборувал за Месијата, како за олеснувач на угнетените, ослободител на заробените, исцелител на болните, како Оној што ќе им го врати видот на слепите и ја открива светлината на вистината на светот. Неговото достоинствено држење и величественото значење на Неговите зборови ги возбудиле слушателите со сила каква што никогаш дотогаш не искусиле. Плимата на божественото влијание ја рушела пред себе секоја препрека. Како некогаш Мојсеј, и тие го гледале Невидливиот. Бидејќи Светиот Дух влијаел на нивните срца, тие огнено одговарале „амин“ и упатувале пофалби на Господа. {КВ 237.3}
Меѓутоа, кога Исус објавил „Денес се исполни ова Писмо во вашите уши,“ одненадеж биле поттикнати да размислуваат за себе и за тврдењата на Оној, Кој им зборувал. Тие, Израелци, Авраамови деца, биле прикажани како робови. Биле именувани како заробеници, кои треба да бидат ослободени од силите на злото, како народ кој се наоѓа во темнина и кому му е потребна светлината на вистината. Нивната горделивост била повредена, а нивните стравувања поттикнати. Исусовите зборови навестувале дека Неговото дело за нив целосно ќе се разликува од она што тие го сакале. Можеби нивните дела ќе бидат премногу строго испитувани. И покрај тоа што строго се придржувале за надворешните обреди, тие се плашеле од испитувањето на тие бистри, проникливи очи. {КВ 237.4}
„Кој е овој Исус?“ се прашувале тие. Оној, Кој полагал право на славата на Месијата бил син на еден дрводелец и го работел занаетот со Својот татко Јосиф. Тие го гледале како напорно работи одејќи нагоре и надолу по ритчињата, му ги познавале браќата и сестрите и знаеле за Неговиот живот и работа. Виделе како од дете преминува во момче и од момче во зрел човек. Иако Неговиот живот бил беспрекорен, тие не верувале дека Тој е Оној Ветениот. {КВ 237.5}
Каква спротивност помеѓу Неговото учење во поглед на новото царство и она што го слушале од својот старешина! Исус не зборувал ништо за нивното избавување од Римјаните. Тие слушнале за Неговите чуда и се надевале дека Тој ќе ја употреби Својата моќ во нивна полза, но не виделе никакво навестување за таква намера. {КВ 238.1}
Кога ја отвориле вратата на сомнежот, нивните срца се стврднале многу повеќе, затоа што за момент биле омекнати. Сатаната бил одлучен слепите очи тој ден да не прогледаат и душите оковани во Ропство да не бидат ослободени. Тој со сите сили се трудел да ги окова со неверие. Тие не обрнувале никакво внимание на знакот што веќе им бил даден, кога биле поттикнати со уверување дека Тој што им се обраќа е нивниот Спасител. {КВ 238.2}
Тогаш Исус им пружил доказ за Своето божество со тоа што им ги открил нивните скриени мисли. Тогаш им рече: Сигурно ќе ми ја раскажете оваа приказна: Лекару, излекувај се самиот себеси! Како што слушнавме, сѐ што си сторил во Капернаум, стори го и овде во Својот роден крај. И тој им рече: Навистина ви велам, ниту еден пророк не е примен во својот роден крај. Исто така, ви велам, во времето на Илија, кога небото беше затворено три години и шест месеци и кога завладеа голем глад во сета земја, во Израел имаше многу вдовици, но Илија не беше испратен кај ниту една од нив, освен кај вдовицата во Сарепта Сидонска. И во времето на пророкот Елисеј во Израел имаше многу лепрозни, но не се очисти ниту еден од нив, освен Сириецот Нееман”. (Лука 4:23-27) {КВ 238.3}
Со ова прикажување на настаните од животот на пророците, Исус одговорил на прашањата на Своите слушатели. На слугите, кои Бог ги избрал за едно специјално дело, не им било дозволено да се заложуваат за оние што имаат тврдо срце и што не веруваат. Меѓутоа, на оние што имале срце да почувствуваат и вера да веруваат, укажана им е посебна благонаклонетост, па преку пророците ги виделе доказите за Божјата сила. Во времето на Илија, Израел се одвоил од Бога. Тие цврсто се држеле за своите гревови и ги отфрлале опомените, кои Духот им ги давал преку Господовите гласници. На тој начин си го пресекле каналот по кој можел да им дојде Божјиот благослов. Господ поминал покрај домовите на Израелците и засолниште за Својот слуга нашол во една незнабожечка земја, кај една жена, која не му припаѓала на избраниот народ. На таа жена и е укажана благонаклонетост, бидејќи ја следела Светлината што ја примила, а нејзиното срце било приемчиво за поголема светлина, која Бог и ја испратил преку Својот пророк. {КВ 238.4}
Од истата причина, во времето на Елисеј израелските губавци биле одминати. Меѓутоа Нееман, еден незнабожечки благородник, бил верен на она што сметал дека е исправно и ја чувствувал својата голема потреба од помош. Тој бил во состојба да ги прими даровите на Божјата милост. Не само што бил очистен од лепрата, туку и примил благослов да го познае вистинскиот Бог. {КВ 239.1}
Нашата положба пред Бога не зависи од количината на светлина што сме ја добиле, туку од начинот на кој го употребуваме она што го имаме. Така, дури и незнабошците, кои ќе го изберат она што е право, колку што можат тоа да го разликуваат, се во поповолна положба од оние, кои добиле голема светлина и тврдат дека му служат на Бога, но ја запоставуваат светлината и во својот секојдневен живот работат спротивно на она што го исповедаат. {КВ 239.2}
Зборовите што Исус им ги упатил на Своите слушатели во синагогата удриле во коренот на нивната самоправедност, укажувајќи им на горчливата вистина дека се оддалечиле од Бога и го изгубиле правото да бидат Негов народ. Секој збор сечел како нож, кога им се укажало на нивната вистинска состојба. Сега тие ја презирале верата со која Исус ги воодушевувал на почетокот. Не сакале да признаат дека Оној, Кој потекнува од сиромашен и низок слој, може да биде нешто друго, освен обичен човек. {КВ 239.3}
Неверието прераснало во злоба. Сатаната загосподарил со нив и во својот бес, тие викале против Спасителот. Тие му свртеле грб на Оној, чија мисија била да исцелува и обновува и почнале да ги манифестираат особините на уништувачот. {КВ 239.4}
Кога Исус ги споменал благословите дадени на незнабошците, се разбудила национална горделивост кај Неговите слушатели и вревата на луѓето ги задушила Неговите зборови. Тие луѓе горделиво истакнувале дека го држат законот, но сега, кога нивните предрасуди биле повредени, биле подготвени да извршат убиство. Собирот се растурил и тие положиле раце на Исуса, го истуркале од синагогата и го избркале од градот. Сите изгледале дека желно го посакувале Неговото уништување. Го одвеле на работ на една провалија, сакајќи да го турнат долу. Извици и проклетства го исполнувале воздухот. Некои фрлале камења на Него, но Тој одненадеж исчезнал од нивната средина. Небесните гласници, кои биле покрај Него во синагогата биле со Него и среде тоа разбеснето мноштво. Тие го штителе од Неговите непријатели и го одвеле на сигурно место. {КВ 240.1}
Така ангелите го заштитиле Лот и го извеле на безбедно од среде Содом. Така го штителе Елисеј во малиот планински град. Кога околните планини биле полни со коњи и кочии на сирискиот цар и со голема војска на неговите вооружени војници, Елисеј видел како блиските планински падини се прикриени со Божји војски огнени коњи и кочии го опкружувале Господовиот слуга. {КВ 240.2}
Така во сите векови ангелите биле близу верните Христови следбеници. Големиот сојуз на злото истапува против сите оние што сакаат да победат, меѓутоа, Христос сака да го подигнеме погледот кон она што е невидливо, кон небесните војски што се улогоруваат околу оние, кои го љубат Бога, за да ги избават. Никогаш нема да дознаеме од какви опасности, видливи и невидливи, сме биле запазени, сѐ додека во светлината на вечноста не ги согледаме Божјите провиденија. Тогаш ќе знаеме дека целото небесно семејство се грижело за семејството овде долу и дека гласниците од Божјиот престол ги следеле нашите чекори од ден на ден. {КВ 240.3}
Кога Исус во синагогата читал од пророштвото, Тој запрел пред завршниот опис во поглед на делото на Месијата. Откако ги прочитал зборовите: „Да ја објавам благопријатната Господова година,“ ја изоставил фразата „и денот на одмазда на нашиот Бог”. (Исаија 61:2) Тоа било исто толку вистинито, како и првиот дел од пророштвото и со Своето молчење Исус не ја негирал вистината. Меѓутоа, токму за тој последен израз Неговите слушатели размислувале со задоволство и сакале да се исполни. Тие искажувале суд против незнабошците, не увидувајќи дека нивната вина е многу поголема од вината на другите. Ним во најголема мера им била потребна милост од која тие толку сакале да ги лишат незнабошците. Тој ден во синагогата, кога Исус се наоѓал меѓу нив, им се пружила можност да го прифатат повикот од Небото. Оној, Кој „наоѓа задоволство во милоста“ (Михеј 7:18), со задоволство би ги спасил од пропаста, која ја повикувале нивните гревови. {КВ 240.4}
Не можел да се откаже од нив, не упатувајќи им уште еден повик на покајание. Кога Неговата служба во Галилеја се ближела кон крајот, повторно го посетил родниот крај од Своето детство. Откако го отфрлиле оттаму, прочуеноста за Неговото проповедање и Неговите чуда ја исполнила земјата. Сега никој не можел да негира дека Тој поседува сила што е поголема од човечката. Назареќаните знаеле дека Тој одел правејќи добро, лекувајќи ги сите што сатаната ги угнетувал. Околу нив имало цели села во кои веќе ниту во еден дом не се слушале воздишки на болест, бидејќи Тој поминал покрај нив и ги исцелил сите нивни болни. Милоста, која се покажала во секој чин на Неговиот живот сведочела за Неговото божествено помазание. {КВ 241.1}
Слушајќи ги повторно Неговите зборови, Назареќаните биле под влијание на божествениот Дух. Меѓутоа, дури ни тогаш не сакале да признаат дека тој Човек, Кој растел со нив, е поинаков или поголем од нив. Сѐ уште ги измачувал горчливиот спомен дека Тој, тврдејќи за себе дека е Ветениот, им го оспорувал местото во Израел, бидејќи им покажал дека биле помалку достојни за Божјата наклонетост од кој било незнабожец, без оглед дали е маж или жена. Поради тоа, иако се прашувале: „Од каде му се на овој Човек оваа мудрост и силни дела?“, Сепак не сакале да го примат како Божји Христос. Заради нивното неверие, Спасителот не можел меѓу нив да изврши многубројни чуда. Само малку срца биле отворени за Неговиот благослов и неволно заминал, за никогаш повеќе да не се врати. {КВ 241.2}
Неверието откако еднаш било негувано, продолжило да владее со срцата на луѓето во Назарет. Тоа владеело и со Синедрионот и со целиот народ. Кај свештениците и народот, првото отфрлање на манифестирањето на Светиот Дух било почеток на крајот. За да покажат дека нивното прво противење било исправно, тие оттогаш па натаму секогаш приговарале на Христовите зборови. Нивното отфрлање на Духот кулминирал на Голготскиот крст, во уништување на нивниот град и во раселувањето на нацијата во сите насоки на светот. {КВ 241.3}
О, колку Христос копнеел на Израелците да им ја отвори драгоцената ризница на вистината! Меѓутоа, нивното духовно слепило било толкаво, што било невозможно да им се откријат вистините, кои се однесуваат на Неговото царство. Цврсто се држеле за своите верувања и за своите некорисни церемонии, додека небесната вистина попусто чекала да биде прифатена. Трошеле пари на безначајни работи, иако на дофат им бил лебот на животот. Зошто не ја побарале Божјата Реч и не истражувале вредно, за да видат дали се во заблуда? Книгите на Стариот Завет јасно го опишуваат секој детаљ за Христовата служба и Тој често цитирал од пророците, додавајќи: „Денес се исполни ова Писмо во вашите уши”. Кога искрено би го истражувале Писмото и би ги проверувале своите теории врз основа на Божјата Реч, Исус не би морал да го оплакува нивното непокајание. Не би морал да објави: „Еве, ви се остава пуст вашиот дом”. (Лука 13:35) Тие би се запознале со доказите за Неговото Месијанство и тогаш би се спречила пропаста, која го претворила нивниот горд град во урнатини. Меѓутоа, умот на Евреите станал ограничен поради нивните неразумни предрасуди. Христовите поуки ги откривале недостатоците на нивниот карактер и барале покајание. Кога би го прифатиле Неговото учење, би морале да го изменат својот начин на живот и да се откажат од надежите што ги негувале. За да ја стекнат честа од Небото, би морале да ја жртвуваат честа од луѓето. Кога би ги послушале зборовите на тој нов Рабин, би морале да дојдат во судир со мислењата на големите мислители и учители на тоа време. {КВ 241.4}
Вистината била непопуларна во Христово време. Таа е непопуларна и во наше време. Таа била непопуларна од оној момент, кога сатаната создал одвратност кон неа, изнесувајќи измислици, кои наведувале на самовозвишување. Зар и денес не наидуваме на теории и доктрини кои немаат основа во Божјата Реч? Луѓето се држат исто толку цврсто, како што Евреите се држеле до своите традиции. {КВ 242.1}
Еврејските водачи биле исполнети со духовна гордост. Нивната желба за лично прославување се манифестирала дури и во службата во светилиштето. Тие ги сакале највисоките места во синагогите. Сакале луѓето да им се поклонуваат на пазарите и биле задоволни, кога би го слушнале звукот на своите титули од усните на луѓето. Како што вистинската побожност опаѓала, тие биле пољубоморни за своите традиции и церемонии. {КВ 242.2}
Бидејќи умот им бил помрачен од себични предрасуди, не можеле да ја сообразат силата на убедливите Христови зборови со понизноста на Неговиот живот. Не го сфатиле фактот дека на вистинската големина не и е потребно надворешно експонирање. Сиромаштијата на овој човек им изгледала неспоива со Неговото тврдење дека е Месија. „Ако навистина е тоа што тврди дека е, зошто тогаш е толку скромен?“ се прашувале тие. Ако Тој е задоволен да биде без вооружена сила, што ќе биде со нивната нација? Како можат силата и славата, кои толку долго ги очекувале, да ги доведат сите народи под власта на градот на Евреите? Зар свештениците не поучувале дека Израел треба да владее над целата земја? Зар е можно големите верски учители да биле во заблуда? {КВ 242.3}
Меѓутоа, Евреите не го отфлиле Исуса само затоа што во Неговиот живот немало надворешен сјај. Тој бил олицетворение на чистота, а тие биле нечисти. Живеел меѓу луѓето како пример на беспрекорна чесност. Неговиот беспрекорен живот фрлил светлина врз нивните срца. Неговата искреност ја откривала нивната неискреност. Таа ја манифестирала празнотијата на нивната наводна побожност и им ги открила нивните беззаконија во нивната одвратност. Таквата светлина била непожелна. {КВ 243.1}
Кога Христос би го привлекол вниманието кон фарисеите и би го фалел нивното знаење и побожност, тие би го поздравиле со радост. Но, кога за небесното царство зборувал како за период на милост за целокупното човештво, со тоа Тој презентирал еден аспект од религијата што тие не сакале да го толерираат. Нивниот личен пример и учење никогаш не биле такви за да ја направат службата кон Бога пожелна. Кога виделе дека Исус им се обраќа токму на оние, кои тие ги мразеле и отфрлале, во нивните горделиви срца се разбудиле најлошите страсти. Наспроти нивното фалење дека под „Лавот од племето на Јуда“ (Откровение 5:5), Израел ќе се издигне над сите народи, тие полесно можеле да го поднесат разочарувањето за нивните славољубиви надежи, отколку да го поднесат Христовото укорување на нивните гревови и прекорот што го чувствувале од присуството на Неговата чистота. {КВ 243.2}