10. ГЛАС ВО ПУСТИНАТА

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Лука 1:5-23, 57-80; 3:1-18; Матеј 3:1-12; Марко 1:1-8.

Меѓу верните во Израел, кои долго го очекувале доаѓањето на Месијата, се појавил Христовиот предвесник. Остарениот свештеник Захарија и неговата сопруга Елисавета „двајцата беа праведни пред Бога,“ и во нивниот тивок и свет живот светлината на верата светела како ѕвезда во темнината на тие зли денови. На овој побожен брачен пар му било дадено ветување дека ќе добие син, кој „ќе оди пред Господа, за да ги приготви Неговите патишта”. {КВ 97.1}

Захарија живеел во „планинскиот крај на Јудеја“, но дошол во Ерусалим за да служи една седмица во храмот, што било должност на секој свештеник двапати годишно. „Еднаш, кога тој служеше пред Бога по својот ред, според свештеничкиот обичај нему му падна ждрепка да влезе во храмот Господов и да покади”. {КВ 97.2}

Тој стоел пред златниот олтар на светото место во светилиштето. Пред Бога се издигнувал облак од темјан со молитвите на Израел. Одненадеж, станал свесен за божественото присуство. Господов ангел „стоел од десната страна на олтарот”. Положбата на ангелот означувала благонаклонетост, но Захарија не обрнал внимание на тоа. Со години се молел за доаѓање на Откупителот; сега Небото испратило свој гласник да објави дека тие молитви скоро ќе бидат услишени. Меѓутоа, Божјата милост му се чинела преголема за да може да поверува. Бил исполнет со страв и со самоосудување. {КВ 97.3}

Меѓутоа, му било дадено радосно ветување: „Не бој се Захарија, зашто е услишена твојата молитва. Жена ти Елисавета ќе ти роди син, а ти ќе му дадеш име Јован. Ќе бидеш радосен и весел и многумина ќе се зарадуваат на неговото раѓање. Тој ќе биде голем пред Господа. Нема да пие ниту вино, ниту опивни пијалаци и ќе се исполни со Светиот Дух… и многу Израелеви синови ќе ги врати кај Господ нивниот Бог. И тој ќе оди пред Него во духот и во силата на Илија за да ги врати срцата на татковците кон децата, а непокорните кон разумот на праведните, да му приготви на Господа народ подготвен. Тогаш Захарија му рече на ангелот: ‘По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а жена ми е во поодминати години’”. {КВ 98.1}

Захарија добро знаел дека на Авраам во староста му е дадено дете, затоа што верувал во Оној, Кој му дал ветување. Меѓутоа, стариот свештеник за миг своите мисли ги свртел на слабоста на човечкиот род. Заборавил дека Бог е во состојба да го исполни она што ќе го вети. Каква спротивност меѓу ова неверување и чистата детска вера на Марија, девојката од Назарет, која на чудесната вест на ангелот одговорила: „Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според твоите зборови”. (Лука 1:38) {КВ 98.2}

Раѓањето на синот на Захарија, како и раѓањето на Авраамовото дете и детето на Марија, требало да го поучи светот на големата духовна вистина, вистина која ние тешко ја сфаќаме и која често ја забораваме. Ние сами по себе сме неспособни да направиме нешто добро. Но, она што ние не можеме да го направиме, ќе го направи Божјата сила во секоја душа што ќе се покори и верува. Со вера е подарено ветеното дете. Со вера се раѓа духовен живот и ние се оспособуваме да вршиме праведни дела. {КВ 98.3}

На прашањето на Захарија, ангелот рекол: „Јас сум Гаврил, кој стојам пред Бога и пратен сум да зборувам со тебе и да ти ја донесам оваа радосна вест”. Петстотини години порано Гаврил го известил Даниел за пророчкиот период, кој ќе трае до Христовото доаѓање. Сознанието дека крајот на тој период е близу, го поттикнало Захарија да се моли за доаѓање на Месијата. Сега истиот тој гласник преку кого било дадено пророштвото, дошол да го објави неговото исполнување. {КВ 98.4}

Зборовите на ангелот: „Јас сум Гаврил, кој стојам пред Бога“ покажуваат дека тој се наоѓа на положба од голема чест во небесните дворови. Во времето кога му ја донел веста на Даниел, тој рекол: „Нема никој друг кој ќе ми помогне во тоа, освен вашиот кнез Михаел”. (Даниел 10:21) Спасителот зборува за Гаврил во Откровението велејќи: „И Тој го покажа тоа преку Својот ангел, Кој му го испрати на Својот слуга Јован”. (Откровение 1:1) Ангелот му рекол на Јован: „Јас сум слуга како и ти и твоите браќа пророците”. (Откровение 22:9) Величествена е мислата ангел, кој стои во чест до Божјиот Син е избран на грешниот човечки род да му ги открие Божјите намери. {КВ 99.1}

Захарија се посомневал во зборовите на ангелот. Тој нема да проговори сѐ додека тие не се исполнат. Ангелот рекол: „И ете, ќе онемеш… до оној ден додека не се исполни тоа, затоа што не им поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време”. Должноста на свештеникот во оваа служба била да се моли за простување на јавните и за народните гревови и за доаѓање на Месијата; но, кога Захарија се обидел да го направи тоа не можел да изговори ниту еден збор. {КВ 99.2}

Кога излегол да го благослови народот „тој им објаснуваше со знаци, но остануваше нем”. Тие долго чекале и почнале да се плашат дека тој паднал под осуда на Божјиот суд. Но, кога излегол од светилиштето, лицето му светело од Божјата слава „и разбраа дека имал видение во храмот”. Захарија ги известил за она што го видел и слушнал, „и кога поминаа деновите на неговата служба, тој се врати дома”. {КВ 99.3}

Набргу по раѓањето на ветеното дете, на таткото му се враќа моќта на говорот, „па зборуваше и го фалеше Бога. И страв ги обзеде сите жители во околината и во сиот планински крај на Јудеја се зборуваше за сето ова, па сите што слушнаа го зедоа тоа при срце велејќи: „Какво ли ќе биде ова дете?“ Сето тоа требало да го сврти вниманието на доаѓањето на Месијата, за кого Јован требало да го подготви патот. {КВ 99.4}

Светиот Дух почивал врз Захарија и тој со овие прекрасни зборови ја претскажал мисијата на својот син: {КВ 100.1}

„А ти дете, ќе се наречеш пророк на Севишниот,

Зашто ќе одиш пред лицето на Господа да ги подготвиш Неговите патишта;

На Неговиот народ да му дадеш сознание за спасение,

Преку проштавање на гревовите нивни,

Благодарение на нежната милост на нашиот Бог,

Со која не посети Зората од висините,

Да им даде светлина оние што седат во темнина и во смртна сенка;

Да ги упати нашите нозе на патот на мирот”. {КВ 100.2}

„А детето растеше и се засилуваше со духот и беше в пустина до денот кога му се покажа на Израел”. Пред раѓањето на Јован, ангелот рекол: „Тој ќе биде голем пред Господа и нема да пие ниту вино, ниту опивни пијалаци и ќе се исполни со Светиот Дух”. Бог го повикал синот на Захарија за големо дело, најголемото дело кое некогаш му било доверено на човекот. За да го изврши тоа дело, Господ морал да работи со него. А Божјиот Дух ќе биде со него, доколку се придржува кон упатствата на ангелот. {КВ 100.3}

Јован требал да биде Јеховин гласник, носејќи им на луѓето светлина од Бога. Тој морал да даде нов правец на нивните мисли. Морал да им укаже на светоста на Божјите барања и на нивната потреба за Неговата совршена праведност. Таквиот гласник мора да биде свет. Тој мора да биде храм, во кој ќе престојува Божјиот Дух. За да ја исполни својата мисија, тој мора да има здрава телесна конституција и умствена и духовна сила. Затоа било неопходно тој да владее над своите желби и страсти, за да може меѓу луѓето да стои како карпа и како планина во пустината, непокренат од околностите. {КВ 100.4}

Во времето на Јован Крстителот биле многу распространети алчноста кон богатството, љубовта кон раскошот и надворешното покажување. Сетилните задоволства, гозбите и пијанките предизвикувале телесни заболувања и дегенерација, што ги затапувале духовните перцепции и ја намалувале чувствителноста кон гревот. Јован требало да стои како реформатор. Со својот умерен живот и со едноставната облека, тој претставувал укор за неумереноста во тоа време. Затоа ангелот од небесниот престол им дал на Јовановите родители упатства за умереност. {КВ 100.5}

На карактерот најмногу може да се влијае во детството и во младоста. Тогаш треба да се стекне моќта на самоконтрола. Покрај огништето и семејната трпеза се вршат влијанија чии резултати се трајни како вечноста. Повеќе од која било природна дарба, навиките стекнати во раните детски години одлучуваат дали некој ќе биде победник или победен во животната битка. Младоста е време за сеидба. Таа одредува каква ќе биде жетвата за овој и за идниот живот. {КВ 101.1}

Како пророк, Јован требал да „ги врати срцата на татковците кон децата, а непокорните кон разумот на праведните, да му подготви на Господа народ подготвен”. Подготвувајќи го патот за првото Христово доаѓање, тој бил претставник на оние, кои треба да го подготват народот за второто доаѓање на нашиот Господ. Светот се оддал на самоугодување. Насекаде се шират заблуди и лаги. Се намножуваат стапиците на сатаната за уништување на душите. Сите оние, кои сакаат да ја усовршат светоста во Божји страв, мора да ја научат поуката за умереност и самоконтрола. Желбите и страстите мора да се потчинат на повисоките сили на умот. Таа самодисциплина е од суштинско значење за менталната сила и за духовно расудување, кои ни овозможуваат да ги сфатиме и да ги спроведеме во дело светите вистини на Божјата Реч. Од таа причина умереноста има свое значајно место во подготовката за второто Христово доаѓање. {КВ 101.2}

Според природниот редослед, синот на Захарија би бил образуван за свештеничка служба. Меѓутоа, обучувањето во рабинските школи би го онеспособило за неговото дело. Бог не го испратил кај учителите по теологија за да научи како се толкува Светото Писмо. Тој го повикал во пустината за да се запознае со природата и со Творецот на таа природа. {КВ 101.3}

Јован го нашол својот дом во еден осамен крај, среде голи ритчиња, диви клисури и карпести пештери. Тој одлучил да се откаже од уживањето и раскошот и да ја прифати суровата дисциплина на пустината. Тука, околината била поволна за привикнување кон едноставност и самооткажување. Непопречуван од вревата на светот, тој можел да ги проучува поуките од природата, од откровенијата и Провидението. Јовановите богобојазливи родители често му ги повторувале зборовите што ангелот му ги упатил на Захарија. Уште од детството тие му укажувале на неговата мисија и тој ја прифатил светата доверба. Самотијата во пустината му дала можност да побегне од општеството, во кое речиси целосно доминирале сомнежот, неверието и нечистотијата. Тој немал доверба во сопствените сили дека ќе се спротивстави на искушението и затоа избегнувал постојан допир со гревот, за да не го загуби чувството на неговата страшна грешност. {КВ 101.4}

Посветен на Бога уште од своето раѓање како назиреј, тој го прифатил овој завет за сиот свој живот. Неговата облека била облека на старите пророци облека од камилски влакна, опашан со кожен појас. Тој јадел „рогач и див мед,“ кои ги наоѓал во пустината и пиел чиста планинска вода. {КВ 102.1}

Меѓутоа, Јован не го поминал својот живот во безделничење, во испосничка тага или во себична изолација. Од време на време одел во друштво на луѓето и внимателно следел сѐ што се случува во светот. Од своето мирно и тивко засолниште го следел развојот на настаните. Со визија просветлена од божествениот Дух тој го проучувал карактерот на луѓето, за да разбере како да допре до нивните срца со небесна порака. Врз него почивал товарот на мисијата. Во осаменост, размислување и молитва, тој се трудел да ја подготви својата душа за животното дело што било пред него. {КВ 102.2}

Иако бил во пустина, не бил поштеден од искушенија. Колку што било можно, го затворал секој пат по кој сатаната би можел да влезе, а Сепак бил изложен на нападите од искушувачот. Но, неговите духовни перцепции биле јасни; развил сила и одлучност на карактерот, па со помош на Светиот Дух бил во состојба да го забележи приодот на сатаната и да се спротивстави на неговата сила. {КВ 102.3}

Во пустината Јован пронашол своја школа и свое светилиште. Како и Мојсеј среде мадијанските планини, се наоѓал во Божјо присуство и бил опкружен со знаците на Неговата сила. Нему не му паднало во дел, како на големиот водач на Израел, да живее во величествената осаменост на планините; но моавските височини биле пред него, од другата страна на Јордан, зборувајќи за Оној, Кој ги поставил планините и ги опашал со сила. Мрачниот и ужасниот изглед на природата во пустината јасно ја прикажувал состојбата на Израел. Родното Господово лозје станало необработена пустелија. Меѓутоа, над пустината се издигнувало сјајното и прекрасно небо. Темните облаци биле надвиснати од виножитото на ветувањето. Така, над изопаченоста на Израел блескала ветената слава на царството на Месијата. Облаците на гневот биле растерани од виножитото на Неговата заветна милост. {КВ 102.4}

Сам во тивката ноќ, го читал Божјото ветување дадено на Авраам за потомството безбројно како ѕвездите. Светлината на зората, позлатувајќи ги моавските планини, зборувала за Оној, Кој ќе биде како „утринска светлина, кога ќе изгрее сонцето, како утро без облак”. (2. Самоилова 23:4) А во пладневната светлина ја гледал величественоста на Неговата појава, кога „ќе се јави славата Господова и ќе ја види секое тело”. (Исаија 40:5) {КВ 102.5}

Со дух полн со стравопочит, но и со радост, ги истражувап пророчките свитоци на откровенијата за доаѓањето на Месијата ветеното семе што ќе и ја рани главата на змијата; Шајло, „Дарител на мирот,“ Кој требал да се појави пред да снема цар на Давидовиот престол. Сега дошло тоа време. Во палатата на гората Сион седел еден римски владетел. Врз основа на сигурната Божја Реч, Христос веќе бил роден. {КВ 103.1}

Деноноќно ги проучувал прикажувањата на Исаија за славата на Месија на таа Шиблинка од коренот на Есеј; на Царот, Кој ќе владее во праведност, „Кој на кротките ќе им суди според правдата“ и Кој ќе биде „како засолниште од ветер… како сенка од голема карпа во жедна пустелија”. Израел веќе нема да се нарекува „Оставен,“ ниту неговата земја „Пустош,“ туку Господ ќе го вика „Своја милина,“ а неговата земја „Мажена”. (Исаија 11:4; 32:2; 62:4) Срцето на осамениот изгнаник било исполнето со величествена визија. {КВ 103.2}

Тој го набљудувал Царот во неговата убавина и неговото „јас“ било заборавено. Ја гледал величественоста на светоста и се чувствувал недоволен и недостоен. Бидејќи гледал на Божествениот, бил подготвен да појде меѓу луѓето како небесен гласник, без да чувствува ниту малку страв. Можел да стои простум и бестрашно во присуство на земните владетели, бидејќи длабоко се поклонувал пред Царот на царевите. {КВ 103.3}

Јован не ја сфатил потполно природата на царството на Месијата. Се надевал дека Израел ќе биде ослободен од своите национални непријатели, но најголема цел на неговата надеж била доаѓањето на Царот во праведност и воспоставувањето на Израел како свет народ. Верувал дека со тоа ќе се исполни пророштвото дадено при неговото раѓање: {КВ 103.4}

„Да се присети за Својот свет завет…

За ние избавени од рацете на непријателите,

Да му служиме без страв

Во светост и праведност пред Него во сите наши дни”. {КВ 103.5}

Видел дека неговиот народ е заведен, самозадоволен и успиен во своите гревови. Копнеел да го разбуди за посвет живот. Веста, која Бог му ја дал да ја објави, требало да го разбуди од неговата летаргија и да го наведе да затрепери заради својата голема безбожност. Пред семето на евангелието да пронајде место, почвата на срцето мора да се обработи. Пред да побараат исцелување од Исуса, мораат да станат свесни за опасноста од раните на гревот. {КВ 103.6}

Бог не испраќа гласници за да му ласкаат на грешникот. Тој не испраќа вест на мир, за со кобна сигурност да ги успие непосветените. Тој става тешки товари на совеста на престапникот и ја прободува душата со стрели на убедување. Ангелите служители му укажуваат на грешникот на ужасните Божји казни, за да поттикнат во него чувство на потреба и да го наведат да извикне: „Што треба да направам за да се спасам?“ Тогаш Раката, Која го понизила до прав го подига покајникот. Гласот што го укорувал гревот, и ја засрамил горделивоста и амбицијата, прашува со најнежно сочувство: „Што сакаш да ти направам?“ {КВ 104.1}

Кога почнала Јовановата служба, кај народот владеело возбуда и незадоволство, кои се граничеле со бунт. Бидејќи Архелај бил симнат од престолот, Јудеја дошла непосредно под контрола на Рим. Тиранијата и изнудувањето од страна на римските гувернери и нивните настојувања да воведат незнабожечки симболи и обичаи предизвикале бунт, кој бил задушен со крвта на илјадници најхрабри Израелци. Сето ова ја засилило омразата на народот кон Рим и копнежот да се ослободи од неговата сила. {КВ 104.2}

Среде неслогата и кавгите, се слушнал глас од пустината, глас кој бил застрашувачки и строг, а Сепак исполнет со надеж: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно”. Тој глас со некоја нова, необична сила влијаел на народот. Пророците го прикажувале Христовото доаѓање како настан во далечна иднина, но овој глас навестувал дека Тој е тука. Невообичаениот изглед на Јован будел кај слушателите сеќавања на старите пророци. Со своето однесување и облекување, Јован прилегал на пророкот Илија. Со силата и духот на Илија, тој ја осудувал расипаноста на народот и ги укорувал гревовите кои преовладувале. Неговите зборови биле јасни, директни и убедливи. Многумина сметале дека тој е еден од пророците, кој воскреснал од мртвите. Кај целиот народ постоела силна возбуда. Мноштво луѓе Доаѓале во пустината. {КВ 104.3}

Јован го објавувал доаѓањето на Месијата и го повикувал народот на покајание. Како симбол на очистувањето од гревот, тој крштевал во реката Јордан. Така, на разбирлив симболичен начин, покажал дека гревот ги извалкал оние, кои тврдат дека се Божји избран народ и дека не можат да имаат дел во царството на Месијата, доколку не го очистат своето срце и својот живот. {КВ 104.4}

Кнезови и рабини, војници, цариници и селани дошле да го слушнат пророкот. Свеченото предупредување од Бога ги вознемирувало за извесно време. Многумина биле доведени до покајание и се крстиле. Луѓе од сите положби се покориле на барањата на Крстителот, со цел да имаат дел во царството, кое тој го објавувал. {КВ 105.1}

Многу книжевници и фарисеи дошле да ги признаат своите гревови и да бараат да бидат крстени. Тие се сметале себеси подобри од останатите луѓе и го наведувале народот да има високо мислење за нивната побожност. Сега биле откриени тајните гревови на нивниот живот. Меѓутоа, Светиот Дух му покажал на Јован дека многумина од тие луѓе немале вистинско осведочување за гревот. Тие само се прилагодувале на нештата од лична корист. Како пријатели на пророкот, тие се надевале дека ќе најдат благонаклонетост кај Кнезот, Кој Доаѓа. Крштавајќи се кај овој млад популарен учител, сметале дека ќе го зацврстат своето влијание кај народот. {КВ 105.2}

Јован ги дочекал со острото прашање: „Породе змиски, кој ви кажа да бегате од гневот што иде? Принесете род, кој одговара на покајание и немојте да зборувате во себе: ‘Наш татко е Авраам’, зашто ви велам, Бог може од овие камења да му подигне деца на Авраама”. {КВ 105.3}

Евреите погрешно го протолкувале ветувањето за Божјата вечна наклонетост кон Израел: „Вака вели Господ, Кој го дава Сонцето да свети дење, а Месечината и ѕвездите да светат ноќе, Кој го покренува морето да бучат неговите бранови, на Кого името му е Господ над војските; Ако некогаш се нарушат тие закони пред Мене, вели Господ, тогаш и потомството Израелево ќе престане да биде народ пред лицето Мое засекогаш. Вака вели Господ: ‘Ако можат да се измерат небесата горе и да се пребараат темелите на Земјата долу, тогаш и јас ќе го отфрлам потомството Израелево, заради сѐ што сторија’, вели Господ”. (Еремија 31:35-37) Евреите сметале дека нивното природно потекло од Авраама им дава право на тоа ветување. Меѓутоа, тие ги превиделе условите што Бог ги поставил. Пред да им го даде ветувањето, Тој рекол: „Ќе го ставам Мојот закон во нивната душа и ќе го напишам во нивното срце и ќе бидам нивен Бог, а тие ќе бидат Мој народ… зашто ќе им го простам нивното беззаконие и на нивните гревови веќе нема да се сеќавам”. (Еремија 31:33, 34) {КВ 106.1}

Неговата благонаклонетост му е осигурена на народот во чие срце е запишан Неговиот закон. Тој е едно со Него. Меѓутоа, Евреите се одвоиле од Бога. Заради своите гревови, страдале под Неговите казни. Ова било причина за нивното ропство на еден незнабожечки народ. Нивните умови биле помрачени поради престапот и бидејќи во минатото Господ бил толку милостив кон нив, тие ги оправдувале своите гревови. Си ласкале себеси дека се подобри од другите луѓе и дека имаат право на Неговите благослови. {КВ 106.2}

Сето ова „се напиша како опомена за нас, кои живееме во последното време”. (1. Коринтјаните 10:11) Колку често, погрешно ги толкуваме Божјите благослови и си ласкаме себеси дека сме во некоја посебна милост заради некоја добрина во нас! Бог не може да го направи за нас она што би сакал да го направи. Неговите дарови се користат за уште повеќе да си служиме себеси и за нашето срце да се стврдне во неверие и во грев. {КВ 106.3}

Јован им објавил на учителите во Израел дека нивната гордост, себичност и свирепост покажуваат дека се змиски пород, смртно проклетство за народот, а не деца на праведниот и послушен Авраам. Со оглед на светлината што ја примиле од Бога, тие дури биле полоши од незнабошците, од кои се чувствувале многу посупериорни. Ја заборавиле карпата од која биле изделкани и длабоката јама од која биле ископани. Бог не зависел од нив за постигнување на Својата цел. Како што го повикал Авраам од еден незнабожечки народ, така можел да повика и други во Својата служба. Можеби срцето на тие луѓе изгледало безживотно, како камен во пустината, но Неговиот Дух може да ги оживее за да ја творат Неговата волја и да го примат исполнувањето на Неговото ветување. {КВ 106.4}

„А сега“ рекол пророкот „секирата е ставена на коренот на дрвото; затоа секое дрво, кое не носи добар плод ќе биде исечено и фрлено во оган”. Вредноста на дрвото не се цени според неговото име, туку според неговиот род. Ако дрвото нема добар род, името нема да го спаси од уништување. Јован им рекол на Евреите дека нивната положба пред Бога ќе зависи од нивниот карактер и живот. Исповедањето на верата нема вредност. Ако нивниот живот и карактер не се во склад со Божјиот закон, тогаш тие не се Негов народ. {КВ 107.1}

Со зборови кои потресуваат и продираат до срцето, тој ги убедил своите слушатели. Тие му приоѓале со прашањето: „Што треба да правиме?“ Тој им одговорил: „Кој има две облеки, нека даде една на оној што нема; и кој има храна, нека прави исто така”. Цариниците ги предупредувал да не прават неправда, а војниците да не бидат насилници. {КВ 107.2}

Сите, кои ќе станат поданици на Христовото царство, ќе дадат доказ за својата вера и покајание. Во нивниот живот ќе се манифестира љубезност, чесност и верност. Ќе им помагаат на страдалниците и ќе принесуваат дарови на Бога. Ќе ги штитат немоќните и ќе даваат пример на доблест и милосрдие. Така, Христовите следбеници ќе пружат доказ за преобразувачката сила на Светиот Дух. Во секојдневниот живот ќе манифестираат Божја правда, милост и љубов. Ако нивниот живот не е таков, тогаш тие се како плевел што се фрла во оган. {КВ 107.3}

„Јас навистина ве крштавам со вода за покајание,“ говорел Јован, „но Оној што Доаѓа по мене е посилен од мене. Јас не сум достоен да му ги понесам ни обувките. Тој ќе ве крсти со Свети Дух и со оган”. (Матеј 3:11) Пророкот Исаија рекол дека Господ ќе го очисти Својот народ од неговите гревови со „Духот, Кој суди и спалува”. Господовата Реч упатена до Израел гласела: „Ќе ја свртам раката Своја над тебе, да го очистам твојот троскот, да ја отстранам од тебе секоја примеса”. (Исаија 4:4; 1:25) За гревот, каде и да се најде „нашиот Бог е оган што го спалува секој”. (Евреите 12:29) Божјиот Дух ќе го уништи гревот во сите што ќе се потчинат на Неговата сила. Но, ако луѓето цврсто се држат до гревот, тогаш тие се идентификуваат со него. Тогаш Божјата слава, која го уништува гревот, мора да ги уништи и нив. Јаков, по својата тешка борба со ангелот, извикал: „Го видов Бога лице во лице и душата моја се избави”. (Создавање 32:30) Јаков бил виновен поради големиот грев што го сторил во своето однесување кон Исав, но тој се покајал. Престапот му бил простен и тој бил очистен од гревот, затоа и можел да го поднесе откровението на Божјото присуство. Меѓутоа, секогаш кога луѓето Доаѓале пред Бога, а намерно негувале зло, биле уништени. При второто Христово доаѓање, безбожниците ќе бидат уништени „со Духот од Неговите усни“ и погубени со „светлината на Неговото доаѓање”. (2. Солунјаните 2:8) Светлината на Божјата слава, која им дава живот на праведниците, ќе ги погуби грешниците. {КВ 107.4}

Во времето на Јован Крстителот, Христос требал да се појави како Оној, Кој ќе го открие карактерот на Бога. Самото Негово присуство ќе им укаже на луѓето на нивните гревови. Тие ќе можат да имаат заедница со Него, само ако се подготвени да се очистат од гревовите. Во Негово присуство можат да останат само оние, кои се со чисто срце. {КВ 108.1} Така Крстителот му ја објавувал на Израел Божјата вест. Многумина ги прифатиле неговите поуки. Многумина жртвувале сѐ за да го послушаат. Мноштво луѓе го следеле новиот учител од место во место и не биле малку оние што негувале надеж дека тој би можел да биде Месијата. Кога Јован видел дека луѓето се свртуваат кон него, ја користел секоја можност да ја насочи нивната вера кон Оној, Кој требало да дојде. {КВ 108.2}

Сподели го ова:

Слични објави