8. ПОСЕТАТА ЗА ВРЕМЕ НА ПРАЗНИКОТ ПАСХА

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Лука 2:41-51

Кај Евреите дванаесеттата година била година на премин од детството во младоста. Навршувајќи ја таа година, Еврејското Момче било прогласено за син на законот но исто така и Божји Син. Тогаш му биле давани посебни можности за верско воспитување и од Него се очекувало да учествува во светите празници и обреди. Во согласност со тој обичај, Исус, како момче го посетил Ерусалим за време на празникот Пасха. Како сите побожни Израелци, Јосиф и Марија секоја година оделе да присуствуваат на празникот Пасха, а кога Исус наполнил дванаесет години, тие го повеле со себе. {КВ 75.1}

Постоеле три годишни празници: Пасха, Педесетница и празникот Сеници кога сите Израелци биле должни да се појават пред Господа во Ерусалим. Од сите тие празници, на празникот Пасха присуствувале најмногу луѓе. Многумина Доаѓале од други земји во кои Евреите биле расеани. Од секој дел на Палестина Доаѓале многу верници. Патувањето од Галилеја траело неколку денови и патниците се собирале во големи групи заради дружење и безбедност. Жените и постарите луѓе јавале на волови или на магариња низ стрмните и каменливи патишта. Посилните мажи и момчињата патувале пеш. Празникот Пасха паѓал кон крајот на март или во почетокот на април и целата земја била обрасната во цвеќе и одѕвонувала од птичјите песни. По должината на патот се наоѓале знаменити места од историјата на Израел, па татковците и мајките им раскажувале на децата за чудата, кои во минатото ги правел Бог за Својот народ. Патувањето си го олеснувале со песна и музика, а кога конечно на повидок се покажувале ерусалимските кули, сите гласови се здружувале во победоносна песна: {КВ 75.2}

„Еве нозете наши веќе стојат

пред портите твои, О Ерусалиме…

Мир нека владее околу ѕидовите твои,

и просперитет во дворовите твои!”

(Псалм 122:2,7) {КВ 76.1}

Празнувањето на Пасха почнало со раѓањето на еврејската нација. Последната ноќ од нивното ропство во Египет, кога изгледало дека нема никаков знак дека ослободувањето е на повидок, Бог им наредил да се подготват за непосредно ослободување. Тој го предупредил фараонот за конечната казна, која ќе се излее на Египќаните и им наредил на сите Евреи да ги соберат семејствата во своите домови. Откако ги испрскале довратниците со крвта на закланото јагне, истото требало да го изедат, печено, со пресен леб и горчливи Билки. „А јадете го вака,“ рекол Тој, „опашани, со обувки на нозете и со стап во раката. Јадете го набрзина; тоа е Господова Пасха”. (Излез 12:11) На полноќ биле погубени сите првенци на Египќаните. Тогаш царот му испратил порака на Израел: „Станете и одете си од мојот народ… Одете! Послужете му на Господа, како што велевте”. (Излез 12:31) Евреите излегле од Египет како независна нација. Господ наредил Пасха да се празнува секоја година. „И ќе дојде време,“ рекол Тој, „кога ќе ве прашаат вашите деца: ‘Што ви значи овој обред?’ одговорете им: ‘Ова е пасхална жртва во чест на Господа, Кој ги заобиколи куќите на Израелците, кога ги убиваше Египќаните’”. Така од поколение во поколение требало да се повторува историјата за чудесното избавување. {КВ 76.2}

По празникот Пасха следел седумдневниот празник на бесквасни лебови. Вториот ден од празникот му се принесувале на Господа првите плодови од годишната жетва, еден сноп од јачмен. Сите обреди од овој празник биле симбол на Исусовото дело. Избавувањето на Израел од Египет било очигледна поука за откупувањето што празникот Пасха требало да го сочува во сеќавањето. Закланото јагне, бесквасниот леб и снопот на првите плодови го претставувале Спасителот. {КВ 77.1}

Во Христово време, за повеќето луѓе одржувањето на тој празник дегенерирало во формалност. Но, какво значење имал овој празник за Божјиот Син! {КВ 77.2}

Исус за првпат го набљудувал храмот. Видел како свештениците во бели облеки ја вршат својата свечена служба. Ја видел со крв облеаната жртва на олтарот. Тој се наведнал во молитва со останатите поклоници, додека мирисот на темјан се издигнувал кон Бога. Тој бил сведок на импресивните церемонии на пасхалната служба. Од ден на ден сѐ појасно ја сфаќал нивната смисла. Изгледало дека секој чин е поврзан со Неговиот живот. Во Него се буделе нови стремежи. Тивок и замислен, изгледало дека проучува некој голем проблем. Пред Спасителот се отворала тајната на Неговата мисија. {КВ 78.1}

Восхитен од набљудувањето на таа сцена, Христос не останал покрај Своите родители. Тој настојувал да биде насамо. Кога пасхалните служби биле завршени, Тој се задржал во предворјето на храмот, а кога поклониците заминале од Ерусалим, Тој останал сам. {КВ 78.2}

Со оваа посета во Ерусалим, Исусовите родители сакале да го доведат во врска со големите израелски учители. Додека во секоја подробност се покорувал на Божјата Реч, Тој не се придржувал кон рабинските церемонии и обичаи. Јосиф и Марија се надевале дека ќе го наведат да ги почитува рабините и дека вредно ќе се покорува на нивните барања. Меѓутоа, Исус во храмот бил поучен од Бога. Она што го примил, тоа веднаш почнал да го пренесува на другите. {КВ 78.3}

Во тоа време една просторија поврзана со храмот, била одредена за света школа, според примерот на пророчките школи. Тука се собирале водечките рабини со своите ученици и тука се нашол малечкиот Исус. Седејќи покрај нозете на тие сериозни, учени луѓе, Тој ги слушал нивните предавања. Како оној што бара мудрост, Тој ги прашал тие учители за пророштвата и за тогашните настани, кои укажувале на доаѓањето на Месијата. {КВ 78.4}

Исус се претставил како некој, кој е жеден за знаење за Бога. Неговите прашања укажувале на длабоки вистини, кои долго биле замаглени, но кои биле од животно значење за спасението на душите. Секое прашање покажувало колку е ограничена и површна мудроста на тие мудри луѓе и претставувало за нив божествена поука, а вистината ја ставало во нова светлина. Рабините зборувале за чудесното издигнување, кое ќе го донесе доаѓањето на Месијата на еврејскиот народ, но Исус укажал на пророштвото на Исаија и ги прашал за смислата на оние пророштва што укажуваат на страдањата и смртта на Божјото Јагне. {КВ 78.5}

Овие учени луѓе почнале да му поставуваат прашања и биле восхитени од Неговите одговори. Со понизност на дете, Тој ги повторувал зборовите од Светото Писмо, давајќи им длабока смисла, која овие мудри луѓе не ја сфатиле. Кога би била прифатена вистината на која Тој укажувал, би дошло до реформација во тогашната религија. Би се разбудил длабок интерес за духовните вистини и многумина би биле подготвени да го прифатат Исуса. {КВ 78.6}

Рабините знаеле дека Исус не ги посетувал нивните школи, а Сепак Неговото познавање на пророштвата го надминувало нивното. Тие увиделе дека тоа момче од Галилеја многу ветува. Затоа посакале да го придобијат да стане нивен ученик, за да стане учител во Израел. Тие сакале да се грижат за Неговото воспитување, сметајќи според своето убедување дека мора да влијаат на еден толку исклучителен ум. {КВ 80.1}

Исусовите зборови ги поттикнале нивните срца, како што никогаш порано не биле поттикнати со зборови од човечки усни. Бог сакал да им даде светлина на овие израелски старешини и го употребил единственото средство со кое можел да влијае на нив. Во својата горделивост, тие никогаш не би признале дека можат да добијат поуки од кого било. Кога Исус би истапил како да се труди да ги поучи, тие би сметале дека им е под чест да слушаат. Меѓутоа, тие си ласкале себеси дека го поучувале Него или дека барем го проверувале Неговото познавање на Светото Писмо. Исусовата младешка скромност и милност ги распрскала нивните предрасуди. Несвесно, нивните умови се отвориле за Божјата Реч, а Светиот Дух им зборувал на нивните срца. {КВ 80.2}

Тие морале да увидат дека пророштвата не ги поткрепуваат нивните очекувања во поглед на Месијата, но не сакале да се откажат од теориите, кои ласкале на нивните амбиции. Тие не сакале да признаат дека погрешно го сфаќале Светото Писмо, за кое тврделе дека од Него поучувале други. Од еден до друг кружело прашањето: „Како ги познава Овој Писмата, кога не ги учел?“ Виделото светлело во темнината, но „темнината не го сфати тоа”. (Јован 1:5) {КВ 80.3}

Во меѓувреме Јосиф и Марија биле во голема збунетост и вознемиреност. Кога го напуштиле Ерусалим, го изгубиле Исуса од вид и не знаеле дека останал во Ерусалим. Во тоа време земјата била густо населена, а караваните од Галилеја биле многу големи. Кога го напуштале градот, владеел голем метеж. Задоволството што патуваат со пријателите и познаниците целосно го обзела нивното внимание, така што сѐ до ноќта не го забележале Неговото отсуство. Тогаш, кога застанале за да одморат, забележале дека им недостига помошта на нивното дете. Претпоставувајќи дека е со нивното друштво, тие не чувствувале никаква вознемиреност. Иако бил толку млад, тие имале голема доверба во Него, очекувајќи дека ќе им помогне секогаш кога ќе биде потребно, предвидувајќи ги нивните желби, како што тоа го правел секогаш. Меѓутоа, одеднаш тие почнале да стравуваат. Го барале насекаде низ нивното друштво, но попусто. Со ужас се сетиле како Ирод се трудел да го уништи уште во Неговото рано детство. Мрачни претчувства им го исполниле срцето. Горчливо си префрлувале на себеси. {КВ 80.4}

Се вратиле во Ерусалим и продолжиле да го бараат. Следниот ден, кога заедно со другите поклоници влегле во храмот, нивното внимание го привлекол еден познат глас. Не се излажале; ниеден друг глас не бил како Неговиот, толку сериозен и срдечен, а Сепак толку милозвучен. {КВ 81.1}

Го нашле Исуса во рабинската школа. Иако биле среќни, не можеле да ја заборават својата тага и вознемиреност. Кога Исус бил повторно покрај нив, со зборови кои подразбираат укор, мајката рекла: „Сине! Зошто направи така? Еве, татко ти и јас со болка те баравме”. {КВ 81.2}

„Зошто сте ме барале?“ одговорил Исус. „Зар не знаевте дека јас треба да бидам во делото на Мојот Татко?“ Бидејќи изгледало дека не ги разбрале Неговите зборови, Тој покажал кон небото. На лицето му блескала светлина, која ги зачудила. Божеството светнало преку човечката природа. Пронаоѓајќи го во храмот, тие го слушале разговорот помеѓу Него и рабините и биле одушевени од Неговите прашања и одговори. Неговите зборови поттикнале мисли, кои никогаш нема да се заборават. {КВ 81.3}

Прашањето што им го упатил Исус содржи поука: „Зар не знаевте,“ рекол Тој „дека Јас треба да бидам во делото на Мојот Татко?“ Исус бил ангажиран со мисијата за која дошол да ја изврши на овој свет, но Јосиф и Марија го запоставиле своето дело. Бог им укажал голема чест, доверувајќи им го Својот Син. Светите ангели управувале со Јосиф на неговиот животен пат, за да го сочуваат Исусовиот живот. Меѓутоа, во текот на еден ден тие го изгубиле од вид Оној, Кого не смееле да го заборават ниту еден миг. А кога нивната загриженост била олеснета, не се обвиниле себеси, туку вината ја префрлиле на Него. {КВ 81.4}

Било природно што Исусовите родители го сметале Исуса за свое дете. Тој секојдневно бил со нив, Неговиот живот во многу нешта бил сличен на животот на останатите деца, па им било тешко да сфатат дека Тој е Божји Син. Тие се наоѓале во опасност да не го ценат благословот кој им бил даруван во присуството на Откупителот на светот. Болката што ја почувствувале кога се одвоиле од Него и благиот прекор што го содржеле Неговите зборови, биле со цел да им се укаже на светоста на она што им било доверено. {КВ 81.5}

Во одговорот упатен кон Својата мајка, Исус првпат покажал дека ја сфаќа Својата врска со Бога. Пред Неговото раѓање, ангелот и рекол на Марија: „Тој ќе биде голем и ќе се вика Син на Севишниот. И Господ Бог ќе му го даде престолот на Неговиот татко Давид и Тој ќе владее со домот на Јакова довека”. (Лука 1:32,33) За тие зборови Марија размислувала во своето срце. Сепак, иако верувала дека нејзиното дете ќе биде Месија во Израел, таа не ја разбрала Неговата мисија. Ниту пак сега ги разбрала Неговите зборови, но сфатила дека Исус го негирал Своето сродство со Јосиф и дека Тој се изјаснил дека е Божји Син. {КВ 81.6}

Исус не ги презрел Своите односи со Неговите земни родители. Од Ерусалим, Тој се вратил со нив дома и им помагал во нивниот секојдневен живот исполнет со макотрпна работа. Во Своето срце ја криел тајната на Својата мисија, чекајќи покорно да дојде одреденото време да го започне Своето дело. Во текот на следните осумнаесет години, откако Тој сфатил дека бил Син Божји, ја потврдил Својата врска што го поврзувала со домот во Назарет, извршувајќи ја должноста на син, брат, пријател и граѓанин. {КВ 82.1}

Кога во храмот ја сфатил Својата мисија, Исус го избегнувал допирот со мноштвото. Сакал мирно да се врати во Ерусалим, со оние кои ја знаеле тајната на Неговиот живот. Преку пасхалната служба, Бог сакал да го одвои Својот народ од земните грижи и да го потсети на Своето чудесно дело – нивното избавување од Египет. Бог сакал во тоа дело тие да го видат ветувањето за спасението од гревот. Како што крвта на закланото јагне ги заштитила домовите на Израелците, така и Христовата крв требала да ги спаси нивните души, но преку Христа можеле да бидат спасени само доколку по пат на вера го примат Неговиот живот, како свој живот. Симболичната служба имала значење само доколку го насочувала вниманието на верникот кон Христа, како на негов личен Спасител. Бог сакал тие да се поттикнат на проучување со молитва и размислување за Христовата мисија. Меѓутоа, кога поклониците го напуштиле Ерусалим, возбудата поради патувањето и дружењето често го обземала нивното внимание, така што заборавиле на службата на која присуствувале. Спасителот не го привлекувало нивното друштво. {КВ 82.2}

Бидејќи Јосиф и Марија сами со Исуса се враќале од Ерусалим, Исус се надевал дека ќе може да ги насочи нивните мисли кон пророштвата за Спасителот како маченик. Исус и на Голгота се обидувал да ја олесни нејзината мајчинска болка. Сега размислувал за неа. Марија морала да присуствува на Неговата последна агонија и Исус сакал таа да ја сфати Неговата мисија за да зајакне и да ги издржи страдањата, кога нож ќе и ја прободе душата. Меѓутоа, како што Тој сега се одвоил од неа и како што таа три дена загрижено го барала, така повторно ќе биде загубен за неа три дена, кога ќе дојде времето да биде жртвуван за гревовите на светот. И кога ќе воскресне од гробот, нејзината тага повторно ќе се претвори во радост. Меѓутоа, колку полесно би ги поднесувала маките на Неговата смрт, кога би ги сфатила пророштвата на кои Тој настојувал да ги насочи нејзините мисли. {КВ 82.3}

Кога Јосиф и Марија постојано би го насочувале својот ум кон Бога во размислување и молитва, тие би знаеле каква света доверба им е укажана и не би го изгубиле Исуса од вид. Го изгубиле Спасителот поради немарност, која траела еден ден, а го барале три дена во загриженост за да го најдат. Така е и со нас; заради празни разговори, озборувања или занемарување на молитвата можеме во еден ден да го изгубиме присуството на Спасителот, а ќе ни бидат потребни многу денови болно трагање за да го пронајдеме и да го добиеме мирот што сме го изгубиле. {КВ 83.1}

Во нашето меѓусебно дружење, мораме да внимаваме да не го заборавиме Исуса и на тој начин да не ни забележиме дека Тој не е со нас. Кога ќе не обземат земните грижи, така што не помислуваме на Оној, во Кого е сосредоточена нашата надеж во вечен живот, тогаш се оддалечуваме од Исуса и од небесните ангели. Тие свети суштества не можат да се наоѓаат таму каде што присуството на Спасителот не е пожелно и каде што не се забележува Неговото отсуство. Тоа е причината за честата појава на малодушност меѓу оние, кои тврдат дека се Христови следбеници. {КВ 83.2}

Многумина присуствуваат на богослуженијата и Божјата Реч ги освежува и ги теши, но преку запоставување на размислувањето, будноста и молитвата, тие го губат благословот и се чувствуваат посиромашни, отколку пред да го примат. Честопати, мислат дека Бог постапил грубо со нив. Тие не увидуваат дека тоа е нивна вина. Оддалечувајќи се од Исуса, тие се оддалечиле од светлината на Неговото присуство. {КВ 83.3}

Добро би било, кога секој ден би поминувале еден час во размислување за Христовиот живот. Треба да размислуваме за секој миг од Тој живот, за во мислите да го оживееме секој настан, а посебно завршните настани. Додека размислуваме за Неговата голема жртва поднесена заради нас, нашата доверба во Него ќе биде попостојана, нашата љубов ќе зајакнува, а неговиот Дух сѐ подлабоко ќе не исполнува. Ако сакаме на крај да бидеме спасени, мораме да ја научиме поуката за покајанието и за понизноста во подножјето на крстот. {КВ 83.4} Во меѓусебното дружење можеме да бидеме благослов еден на друг. Ако му припаѓаме на Христа, нашите најубави мисли ќе се однесуваат на Него. Кога сакаме да зборуваме за Него и кога едни на други си зборуваме за Неговата љубов, божественото влијание ќе ги омекне нашите срца. Сфаќајќи ја убавината на Неговиот карактер, ние ќе „се преобразуваме во истиот Тој лик, од слава во слава”. (2. Коринтјаните 3:18) {КВ 83.5}

Сподели го ова:

Слични објави